CSI: Прашања на кои треба да добиеме одговор!

6/08/2011

Истрагата за случајот на насилната смрт на скопскиот плоштад при прославата на изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ треба да одговори на следниве прашања:

1) Дали убиството е извршено „на свиреп или подмолен начин“ (за што следува казна затвор најмалку десет години или доживотен затвор)? Зошто никој не ја обезбедил потенцијалната „crime scene“ откако медицински лица констатирале смрт, и кој и зошто го одвлечкал телото на починатиот од сцената на злосторството?

2) Дали имало помагање во извршување на кривичното дело? Според Кривичниот законик (КЗ), за помагање се смета и „...однапред ветено прикривање на кривичното дело на сторителот, на средствата со кои е извршено кривичното дело, на трагите на кривичното дело...“.

3) Кои лица се одговорни за „Непријавување на кривично дело или сторител“? Во моментот кога било сторено кривичното дело, во близина имало голем број на службени лица и други очевидци. Според КЗ, „Службено лице кое свесно ќе пропушти да пријави кривично дело за кое дознало во вршењето на својата должност, ако за тоа дело според законот може да се изрече казна затвор од пет години или потешка казна, а делото се гони по службена должност, ќе се казни со парична казна или со затвор од една до три години.“ (чл. 364.)

4) Дали имало „Помагање на сторител во извршено кривично дело“? Според КЗ, „Тој што ќе скрие сторител на кривично дело за кое гонењето се презема по службена должност или со прикривање на орудијата, трагите, предметите или на друг начин ќе му помогне да не биде откриен... ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.“ Но, „Тој што ќе му помогне на сторител на кривично дело за кое е пропишана казна доживотен затвор, ќе се казни со затвор од една до десет години.“ Во случајов, постојат повеќе индиции дека имало прикривање на убиство на свиреп и подмолен начин, кривично дело за кое е предвидена казна доживотен затвор. Оттаму, сите што помагале свирепото убиство да биде „заташкано“ цели 40 часа, треба да бидат осудени и да добијат затворска казна од една до десет години. Кои се мотивите на прикривањето на свирепото убиство, кое се случило пред да бидат објавени резултатите од страна на ДИК? Зошто кривичното дело е „признаено“ од страна на МВР дури откако е објавен извештајот на набљудувачите на ОБСЕ и по бурните граѓански протести?

5) Кои одговорни лица од МВР им дадоа на медиумите лажни информации на 06.06 дека не е сторено кривично дело убиство, туку дека на момчето „му се слошило“, и кои одговорни лица во МВР соопштија лажни информации дека „првични траги на насилство нема“?

6) Кои одговорни медицински лица констатирале смрт кај жртвата, и зошто истите не пријавиле дека смртта настапила како резултат на тешки телесни повреди?

7) Дали сторителот на убиството е дел од обезбедувањето на премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, и дали во тоа време дејствувал во насока на обезбедување на премиерот или на други службени лица присутни на партиската прослава?

8) Дали апсењето на Љубе Бошковски е на некој начин поврзано со обидите да се прикрие свирепото убиство, односно, дали спектакуларното апсење и објавувањето на видео снимки од аспењето е обид да се пренасочи вниманието на јавноста од свирепото убиство на плоштадот додека ВМРО-ДПМНЕ ја прославуваше победата на изборите?

9) Кои одговорни лица издадоа наредба да се спречи продолжувањето на мирниот протест на група граѓани со поставување на полициска барикада пред зградата во која наводно живее премиерот и зошто портпаролот на МВР упорно ја дезинформираше јавноста дека некој „повикуваа на насилни протести“?

10) Дали во случајов имаме „злосторничко здружување“ на лица кои се организирале за да прикријат тешко кривично дело кое се случило на партиска прослава (и други со него поврзани кривични дела), со цел да се заштити ликот и делото на претседателот на партијата кој е истовремено и премиер на Република Македонија? Кои лица вршеле притисок кај родителите на жртвата и со какви мотиви?

In vitro veritas

5/27/2011

Го прашуе синот таткото:

„Тато, што си праел ти на 5-ти јуни у 2011, кога се уривала диктатурата на груевистите?“

- Сине, тато мораше да собере 30 потписи, за мајка ти да може да оди на in vitro оплодување.

Батали го Никола!

5/17/2011

Ако сака Бранко дуел, ќе мора да кликне like на „Слушни се со Никола“, „Сретни се со Никола“, „Прашај го Никола“.
Штета што нема копче: „Батали го Никола“.

Груевски без Македонија - Македонија без Груевски!

5/16/2011


Обраќање на премиерот Никола Груевски по повод советот на подмладокот на Европската народна партија (YEPP), чиј домаќин од 02 до 05 декември 2010 беше УМС на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје.

Среде Скопје, Груевски без Македонија. Под неговото име и презиме нема воопшто „Македонија“. Тоа ли е „разумен компромис“?
„- Изборите се добиваат и се губат. Образот и честа само еднаш се губат...“ - рече Груевски.
Крајно време е Македонија да зачекори во иднината - без Груевски.

Фалење

4/28/2011

На насловната страница на „Дневник“ бил објавен следниов наслов: „И Баба Вељаница го фали Груевски“.

Следниот ден, Баба Вељаница напишала писмо до главниот уредник:

„Почитуван уредник, еми вистина имам кажано „Видете колку е личен Грујо“, ами тоа беше пред две години, на свадбата на внук ми од прва брачеда, кој се вика Грујо.“

http://www.okno.mk/vic

Полемиката околу „Дневник“ продолжува

4/27/2011

По реакцијата „Силно светнал „Дневник“!“ следува одговор „Убиство на „Дневник“ со умисла“.

Да не се збуните, „Убиство на „Дневник“ со умисла“ не е мој наслов, туку на главниот и одговорен уредник на „Дневник“.

Во овој контекст, интересно е да се прочита последната колумна на Ивица Боцевски „Епитаф за една ненајавена смрт“.

Полемика: Силно светнал Дневник!

Почитуван г-не главен и одговорен „погребник“ на „Дневник“. Aј да не се правиме сега „луди за во пензија“. Каква врска има ова што Вие му го правите на „Дневник“ со професионалното новинарство? Има ли поочебиен доказ за феноменот „расипан мегафон“ од ударните наслови во последните броеви на „Дневник“? Гебелсовските наслови, „портокаловите“ текстови и оцрнувачките кампањи сведочат за „преродбата“ на „Дневник“ во огледалце на „пастирот“, во гласник на „Министерството на вистината“ и во билтен на „Големиот братучед“.

Каква врска со професионално новинарство има ударниот наслов „Руфи Османи го фали Груевски“, кој веднаш по Вашето писмо е демантиран како тенденциозен и „чиста дезинформација“? Каква врска со професионално новинарство има одлуката да се менуваат насловите на колумните без согласност на авторите? Дали сте информирани дека се водат судски процеси против колумнисти на „Дневник“, меѓу другото, и за насловите и поднасловите на колумните? Досега имам објавено преку 160 колумни во „Дневник“ и ниту еден наслов не ми беше сменет од други уредници. Како е можно, по три и кусур години успешна соработка, одеднаш само Вам да ви текне дека ниту наслов на колумна не можам да си определам по своја волја?

Аман, ви се молам, немојте никого да казнувате поради „идеолошка или партиско-политичка интервенција“. Критичките новинари во „Дневник“ се доволно казнети со тоа што Вие сте им главен и одговорен уредник кој со „идеолошка или партиско-политичка интервенција“ го претвора „Дневник“ во „Глас на ДПМНЕ. Неодамна случајно сретнав неколку новинари и ги поздравив: „Ај, честито нов главен уредник“. Во ист стил ми отпоздравија: „Да ти се врати“. И ете, брзо ми се врати. Баш ме интересира, дали и Вие би се согласиле на себепонижување ако преку електронска порака ви го одземат правото на наслов, наднаслов и поднаслов, и притоа ви ја намалат платата за „само“ 62.5 проценти?

Велите, мојата забелешка дека некој „рони солзи по директори на агенции за разузнавање“ била „благо речено непристојна“. Но, тоа е непобитен факт. Да ве потсетам, токму Вие роневте солзи по поранешната директорка на агенцијата за разузнавање, која беше аболирана поради скандалот со прислушкување на новинари. Во кои тоа слободни медиуми новинарските петли ронат солзи по полициски лисици?

Се правите „на Тошо“: „Каков „голем братучед“ и какви „култови на личност“?“ Да ви појаснам. Најавив идна соработка со „Дневник“ кога ќе има други уредници „кои нема да ронат солзи по директори на агенции за разузнавање (прочуени по прислушкување на новинари) и кои нема да градат култови на личност кон „големиот братучед“. Вие манипулирате:„директорот на агенцијата за разузнавање не е никаков „голем братучед““ (?!) Но, никој не тврдеше дека сте ронеле солзи по „големиот братучед“, туку по „директори на агенции за разузнавање“! Да ве потсетам на Вашите „стихови“: „Во Скопје се стркала солза... Една македонска фиданка испушти душа.“

Од друга страна, да, „од месечината се гледа“ дека градите култ кон „големиот братучед“ (неговиот „пастир “ се подразбира). Ако не ви е јасно кој е „големиот братучед“, прочитајте ја колумната „Бомбица во вискито на г. Мијалков“. Колумнистот прашува: „Во кое својство е поканет шахот на „тајните служби“ Lt. Mumbly - на прослава на еден весник - една тврдина на плурализмот и демократските процеси во Македонија?“ И сугерира „елегантно одбивање на еден перфиден танц во кој тотално антимузикално треба да играат служба и весник.“ А Вие јасно си кажавте по чии ноти танцувате во своите писанија.

Тажно е ова што му се случува на „Дневник“. „Тврдината на плурализмот“ ја претворате во бастион на груевистичка пропаганда. Колку време мислите да опстанете со таков понижувачки однос кон колумнистите, новинарите и читателите?

Има ли поголема хипокризија од вашето повикување на слободата на изразувањето? Молчевте или се ситевте додека мечката играше пред портата на комшијата. Сега молчите и не прашувате од каде им се парите на „груевистите“ за прескапите негативни кампањи кои ги оцрнуваат не само неистомислениците, туку и „Дневник“.

Слободата на изразувањето најмногу требаше да се брани кога „груевистичките“ мегафони им се закануваа со ликвидација на сите критички новинари и колумнисти. Се гордеам што бев на „барикадите“ кога слободата на изразувањето беше најмногу на удар. Тужбата за клевета од страна на „ликвидаторот“ ја сметам за најголем комплимент. На која страна од „барикадите“ сте вие? Критичките медиуми и новинари се на удар, а вие ги честите со „сиктер кафе“ најчитаните и најкоментирани колумнисти (двајца од нив добитници на награда за проминентен став, токму како колумнисти на „Дневник“).

Една активистка за човекови права најсликовито ја опиша медиумската стратегија на „груевистите“: „Едни ќе ги поткупиш, други ќе ги купиш, трети ќе ги ставиш во затвор, четврти само ќе ги стегнеш за јајца. Резултатот е, Македонија ја покри медиумски мрак“. Но, бргу ќе дојде денот кога ќе се сетиме што сме напишале во химната: „Горите Македонски шумно пеат, нови песни, нови весници! Македонија слободна, слободнo живее!“ Затоа, „Пробудете се морни, новинари и новинарки!“. Зората да зазори, да го испие медиумскиот мрак. Повторно да разгласиме: „Силно светнал Дневник“!

Одговор од главниот и одговорен уредник на „Дневник“

4/26/2011

„Почитуван г. Трајановски,
Во професионалното новинарство не постои такво правило насловот кој го предложил новинарот или соработникот кој го пишува текстот, да мора да оди во печат. Насловите и опремата на текстовите - меѓунаслови, поднаслови, наднаслови и сл. секогаш се редакциски! Без исклучок!
Ако има идеолошка или партиско-политичка интервенција во Вашиот текст, наслов или поднаслов тогаш можеме да разговараме и однапред длабоко Ви се извинувам ако дошло до таква интервенција без Ваша консултација!
Истовремено. Ве информирам дека тој што направил таква (идеолошка, партиска, политичка) интервенција во Вашиот текст (наслов) ќе биде соодветно казнет!
Но г. Трајановски, мислам дека Вашата забелешка дека уредниците не ја почитуваат Вашата слобода на изразувањето е скандалозна, лажна, измислена и подметнувачка! Вие имате комплетна слобода да пишувате што сакате, се додека сум јас главен и одговорен уредник на „Дневник“. И тоа одлично го знаете! Дали на Вашите ментори им одговара да пишувате во „Дневник“, тоа е друго прашање. Ако Вие сте се определиле за БОЈКОТ, не можам да Ви помогнам. Тоа е Ваш избор!
Вашата забелешка дека некој „рони солзи по директори на агенции за разузнавање“ е благо речено непристојна.
Каков „голем братучед“ и какви „култови на личност“?
Башка, директорот на агенцијата за разузнавање не е никаков „голем братучед“. За Ваша информација неговото презиме е Боцинов, а колку што е познато, тој не е ничиј „голем братучед“.
Кога ќе добиете повеќе информации за директорите, за братучедите, за новинарството и за професионализмот, за уредувачката политика на медиумите и сл. Ви стојам на располагање за ТВ дуел, на која сакате телевизија - Вие и Вашите партиско-политички пајташи, јас САМ!
Зоран Димитровски,
главен и одговорен уредник на „Дневник““

(одговоров е ископиран како што го добив на mail. Во печатената верзија на „Дневник“ „Трајановски“ е коригирано во „Трајаноски“)

Читајќи го „Отчетот“

Kупив „Дневник“ и ми дадоа „Отчет“ со грб на ВМРО-ДПМНЕ 1893-1990. А бе, „преродбеници“, нели лани славевте 20-годишнина?

Читам, и не ми се верува: „Затоа ни се потребни избори што ќе одлучат дали ќе се враќа Македонија во минатото или ќе се движи кон иднината“. Па, зарем не ни беше цела „преродба“ „враќање во минатото“? Одеднаш, ќе ги заборавиме наколните Македонци, неолитските Македонци, античките Македонци, римските Македонци пред владата и восочните Македонци од музејот на ВМРО?

Страшна работа. „Преродбениците“ исполниле 98% од ветеното. Уште малку фали до 99.102%. Треба само уште да ја намалат сиромаштијата, да го зголемат животниот стандард, да ја намалат невработеноста, да не внесат во НАТО и да започнат преговори со ЕУ. Замислете, не биле завршени само 1.33% од проектите, а 0.56% немало да бидат спроведени „заради изнаоѓање на подобра алтернатива за реализација на истите“. Значи, тука некаде се - 99.102% J

Каква манипулација во одделот „Автопати“. Има само четири потточки, од кои единствената реализирана е „Обиколница на Скопје“, проект кој се градеше 2002-2009. Како може во книгата „што остваривме...“ да се внесуваат проекти кои воопшто не се остварени, и кои не се ни започнати (делница Демир Капија - Смоквица)? Најголеми патни успеси на „преродбениците“ се трета лента на Плетвар и „клучката Прдејци“?!

Луѓе мои, одделот „железничка инфраструктура“ е научна фантастика. Таму се спомнува како успех земање кредити, изразботување физибилити-студии и тендерски документации... Срамотилаци живи, барем да ја тргнеа нереализираната локомотива од интернет страницата на ДПМНЕ, која е најилустративна за какви лажговци се работи.

Како може за успех да се смета „поднесени се кривични пријави...“? Па, секој може да поднесе кривична пријава... Дали е успех и тоа што Миленко ми поднесе мене кривична пријава?

Каква лага: „Просечната нето-плата во Република Македонија е зголемена за 61%“. Пишува: „Нето платата во 2006 изнесуваше 12.600..“. Лага: Според завод за статистика, во јануари 2006 просечна нето плата е 13.228, во јули 2006 е 13.430, а во декември 2006 е 13.854 (плус пат и храна кои подоцна ги вклучија во нето-платата). Исказот дека нето-платите се зголемени за 61% е бесрамна лага+статистичка манипулација.

И ова е за фалење? - „За 26% е зголемен износот на социјалната помош!“ (од 1.700 на 2.140 денари).

Машала: „Отворени се 36 народни куни од 2006 до 2010 година“. Го остварија пророштвото на Министерот за труд и социјална политика Стевче Јакимовски при отворањето на народната кујна во Велес во 2006: „Во иднина да ве има и во поголем број.“

Еве што ти е енергетски успех, после толку промашени тендери: „Се преземаат мерки за реализација на проектот ХЕЦ Чебрен и Галиште“. Алал вера, нема што!

Не потпишале ниту договор за градба, а се фалат дека го спроведуваат проектот „Македонско село“.

Читам, читам, ама во делот за високо образование никаде не пишува: „Ја укинавме автономијата на универзитетите“.

Замислете, дури и ова е успех на „Преродбата“: „Воведена е услугата преносливост на броеви“.

Е, ова не сум го знаел. Преродбениците ја контролираат и зголемуваат македонска Википедија: „Кога се потпиша меморандумот, на Википедија имаше 16.000 македонски единици. Моментално има повеќе од 40.000.“

Леле, верувале или не, „преродбениците“ ги изработиле „првите македонски кирилични фонтови“ (?!)

Во делот за здравството им фали еден многу битен проект: „Уништување на бубашвабите во болничките соби.“

Најмногу „капитални проекти“ има во областа на археологијата.

Е, ова е веќе трагикомично: „Беше изготвена и проектна програма за ревитализација на Калето со цел враќање на посетителите на оваа атрактивна културна знаменитост.“ Да не беше дел од програмата и изградбата на „црква-музеј“?

Ќе беше навистина оригинално решение ако „Отчетот“ го поделеа во шише - во 750.000 примероци.

И јас не сум „Дневник“!

Моето проштално писмо до „Дневник“, кој се „прероди“ во огледалце на „Пастирот“, гласник на „Министерството на вистината“ и билтен на „Големиот братучед“:

Почитувани уредници и новинари на „Дневник“,

Имам обврска да ви соопштам само една информација.
Ми беше мило што соработувавме цели три години и неколку месеци.
Посебно ми беше мило што ниту еден мој наслов не беше изменет, освен последниот (и тоа без моја согласност).
Се надевам дека ќе ја продолжиме соработката во подобри услови и со други главни уредници. Уредници кои ќе ја почитуваат слободата на изразувањето, кои нема да ронат солзи по директори на агенции за разузнавање (прочуени по прислушкување на новинари) и кои нема да градат култови на личност кон „големиот братучед“.

Поздрав, и секое добро

Жарко Трајаноски (без в, иако на крај упорно ме преименувавте, и покрај моите укажувања).

Мојот список со блогови

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Архива на блогот

Footer Widget 1

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Footer Widget 2

Популарни објави

Популарни објави

Popular Posts this month

Popular Posts this week