Се прикажуваат објави со етикета човекови права. Прикажи ги сите објави
Се прикажуваат објави со етикета човекови права. Прикажи ги сите објави

Седум навраќања кон мотивот „лустрација“ (1)

4/23/2007

Како десетта точка на дневниот ред на четириесет и втората седница на собранието на Република Македонија (закажана за 07.05.2007) се наоѓа ревидираниот Предлог на закон за определување дополнителен услов за вршење јавна функција (популарниот „Закон за лустрација“).

Иако досега нашироко беше пишувано за „лустрацијата“, се одлучив во неколку наврати повторно да укажам на некои нови (и стари) моменти, со цел да ја продолжиме критичката дебата во блогосферата (и пошироко) во пресрет на собраниската расправа.

Веднаш штом видно ревидираниот текст на предлог-законот беше доставен на јавен увид, уследија и првите жестоки критики, на кои ќе се осврнеме, со оглед на тоа што создаваат неверојатна конфузија во јавноста:

„Овој закон не може да направи целосна лустрација. Не може да направи проветрување како што се тврди дека ќе направи. Овој закон може да спречи некои луѓе кои се огрешиле во минатото да не можат да вршат јавни функции во рок од пет години. И толку. Значи, треба да постои кај некој намера да се кандидира за јавна функција, да постои желба да се биде активен во државата и дури тогаш ја потпишува таа изјава. Доколку тој човек избере да не се кандидира за јавна функција, тоа значи дека нема да има никакви проблеми. Ако пак, тој човек реши пет години да не биде активен, по пет години повторно нема да има никакви проблеми. Значи, нема ништо од проветрувањето на општеството што се нудеше како потреба. Односно, целосна лустрација со овој закон не е можна.“ (Исо Руси, Лустрацијата што ја турка Андов е шарена лага)

Колку и да звучи рационално и бунтовно, поентата на Исо Руси, дека „Со овој закон ќе настрадаат само одреден број луѓе кои ќе бидат луди да почнат да се кандидираат за јавни функции“ формално нема основа во ревидираниот текст на предлог законот. Всушност, Исо Руси го чита предлог-законот само како „ставање вето“, но не и како „лустрација“ – чистење на постоечките носители на функции. Но, текстот на предлог-законот јасно укажува дека со него се опфатени не само лицата кои се кандидати за носители на јавна функција, туку и носителите на јавна функција (чл. 2). Значи, периодот од пет години, за кој зборува Руси, може да биде искористен за тивко „провлекување“ само од оние кои не се носители на никаква функција и кои немаат намера да станат, од моментот кога законот ќе стапи на сила. Носителите на функции формално ќе бидат опфатени со законот и ќе мора да потпишат писмена изјава дека не биле тајни соработници, издавачи на наредби, или корисници на информациите од тајниот соработник, „со коишто се кршени или ограничувани основните права и слободи на граѓаните од политички или идеолошки причини...“ (чл. 6). Формално е така, но Руси открива една можна „дупка“ за лицата кои се опфатени со законот. Имено, ако некој знае дека бил таен соработник, издавач на наредби или корисник на информациите, слободно може да си даде оставка од лични или не знам какви било други причини (на пр. приватен бизнис), и после пет години (кога законот ќе престане да важи) повторно да се појави како кандидат за носител на јавна функција. Со други зборови, споменатата „дупка“ остава можност практично да добиеме Закон за лустрација, ама да нема ич „лустрирани“. Оттаму, Исо Руси може и да е делумно во право кога тврди дека таквиот закон „Не може да направи проветрување како што се тврди дека ќе направи“, со оглед на тоа што законот ќе ги опфати само тие кои „ќе бидат луди“ да се кандидираат за јавна функција и тие кои нема превентивно да дадат оставка.

Останува да лебди прашањето „Кој е овде луд?“ – дали предлагачот кој божем ги игнорира критичките забелешки на Хелсиншкиот комитет прогласувајќи ги за „контрадикторно мислење“ (?!? - стр. 27), а делумно ги вградува во текстот, или пак критичарите од „Хелсиншкиот“ кои одеднаш сега се за „тврда лустрација“, но без конкретни препораки како да се воспостави транзициска правда во Република Македонија (Закон за лустрација или Закон за амнестија).

Веронаука за човекови права?

4/22/2007

Дебатата околу воведувањето на веронауката не стивнува.

Што поентира Најчевска во најновата колумна:

Одлучено е „Македонија да ја напушти класичната школа на развој на едукацијата за човековите права и да воведе посебен предмет: веронаука за човекови права и слободи. Според владините аналитичари, оригиналното внесување на Божјата казна, пеколот и судниот час, ќе му ја даде на концептот за човековите права цврстината која очигледно му недостига.“ (Ништо без веронаука?!)

Нејзината поента и не е без основа ако се прочита образложението на измените на Законот за основно образование: „Воведувањето на верското образование во основните училишта ќе придонесе за изградба на систем на вредности чиј темел се почитувањето на човековите слободи и права, еднаквост, солидарност, толеранција, социјална правда и правичност.“

Има ли нешто поапсурдно од воведувањето на веронаука во име на човековите права?

Погледнете ја само дефиницијата на човековите права во Википедија, па ќе ви стане јасно:

„Human rights refers to universal rights of human beings regardless of jurisdiction or other factors, such as ethnicity, nationality, or religion.“ („Човековите права упатуваат на универзалните права на луѓето без оглед на јурисдикцијата и други фактори, како што се етницитетот, националноста, или религијата“.)

Значи, факторот религија е експлицитно исклучен од факторите кои се суштински за човековите права. Исто толку е апсурдно да се зборува за „христијански/муслимански човекови права“ како и за „македонски човекови права“ (било во етничка или во национална смисла).

Следствено, верското образование во основните училишта не може да придонесе за изградба на систем на вредности чиј темел се почитувањето на човековите слободи и права, еднаквост, толеранција... Напротив, историјата на религиите покажува дека религиозните догми се извор на нетолеранција, дискриминација, социјално исклучување и непочитување на елементарните разлики.

Современиот концепт за човекови права опфаќа право на абортус, право на еднаквост на жените и мажите, право на избор на сексуалната ориентација, забрана на ропство, забрана на секаков вид дискриминација, право на различно мислење итн. Дали верското образование ќе ги промовира сите овие права и слободи? Дали верското образование ќе го промовира и правото на абортус и правото да се практикуваат не-хетеросексуални односи и правото да се користи кондом и други средства за заштита од полово преносливи болести и несакана бременост?

Слободата на религијата и верувањето се дел од концептот на човековите права и слободи. Дали верското образование ќе го промовира правото да се промени религиозното уверување и верската припадност? Дали верското образование ќе го промовира актуелниот принцип „една црква/верска заедница – една религија“ кој ја ограничува слободата на религијата и верувањето?

Се надевам дека барем дел од прашањава заслужуваат одговор, пред да се воведе програма за верско образование.

Доколку во изготвувањето на програмите за верско образование не бидат вклучени и експерти за човекови права, лесно може да се случи верското образование во основните училишта да придонесе за изградба на систем на вредности чиј темел се непочитувањето на човековите слободи и права, нееднаквост и нетолеранција.


„Славна“ годишнина

2/26/2007

Во услови на медиумска „еуфорија“ - 10 години од „славните“ студентски демонстрации, да потсетиме на уште една „славна“ годишнина:
„Десет години по нашето ратификување на европската Конвенција за човекови права, се уште го чекаме денот кога некој судија ќе се осмели да ја примени Конвенцијата во практика.“ (
интервју: Суад Мисини, извршен директор на Истражувачкиот центар за граѓанско општество: Неодговорноста и неказнивоста се главни причини за трагичните состојби во судството).
И после, некои сеуште ќе продолжат да се чудат зошто ЕУ не сака да почне преговори за членство со нас.
Се прашувам, уште колку години ќе им требаат на „победниците“ на изборите за да сфатат дека успешна демократска приказна не подразбира функционирање само на извршната, туку и на судската и законодавната власт?

Мојот список со блогови

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Архива на блогот

Footer Widget 1

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Footer Widget 2

Популарни објави

Популарни објави

Popular Posts this month

Popular Posts this week