Политички манипулации

5/16/2007

Што ми требаше да гледам вести, и тоа на „Сител“. Баш се изнервирав:

„Според сознанија, на Сител, ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да отстапи едно место во Комитетот за сметка на СДСМ, но не и да се промени Анита Кипаризовска – Крстевска, затоа што тоа би значело повреда на Уставот во делот на човековите права. Подготвени се и да се внесе измена во изборниот законик, со кој за следните избори ќе регулира – етничката припадност да се дефинира во моментот на поднесување на кандидатската листа.“ (ДУИ ВО БРИСЕЛ ЌЕ БАРА ПОМОШ ЗА СВОИТЕ БАРАЊА)

„… повреда на Уставот во делот на човековите права“?!? Не ми се верува.

За жал, мора да потсетиме на некои работи кажани претходно:

1) „ Да потсетиме, во Уставот не станува збор за Комитет за односи меѓу припадниците на заедниците, туку за Комитет за односи меѓу заедниците.

Имено, во амандманот XII се претпоставува дека пратениците не се политички претставници на граѓани (независно од етничкото потекло), туку политички претставници на „заедниците“: „Доколку некоја од заедниците нема пратеници, народниот правобранител, по консултации со релевантните претставници на тие заедници, ќе ги предложи другите членови на Комитетот.“

Оттаму, легитимно е оспорувањето на кандидатурата на некој/а пратеник/пратеничка за член на Комитетот за односи меѓу заедниците, врз основа на аргументи дека тој/таа не е релевантен претставник на таа заедница.

Имено, логично е да се постави прашањето како претставникот на таа заедница ќе „разгледува прашања од односите меѓу заедниците“ ако за некој кандидат за претставник на некоја заедница се докаже дека пред неколку месеци воопшто не се изјаснувал како припадник на таа заедница?

Тоа е резултат на тиранијата на етничкиот идентитет, која го девалвираше граѓанскиот идентитет за сметка на етничкиот, и индивидуалните права за сметка на колективните.“ (Консеквенците на тиранијата).

2) Да потсетиме, исто така, на еден „Непристоен“ и опасен предлог од страна на Окси, кој кореспондираше со политиката на ВМРО-ДПМНЕ. За жал, власта не ги сфати сериозно предупредувањата дека узурпирањето на Комитетот за односи меѓу заедниците, и поигрувањето со „Бадентеровото мнозинство“, може да биде погубно за политичките желби на Македонија. Токму затоа стоиме у место цела година, и повторно од нас се бара „политички дијалог“, „политички консензус околу приоритетите“, функционирање на Бадентеровиот механизам – како услов за „меѓународната“ да почне да се занимава со нашите желби – ЕУ и НАТО.

Што да кажам на крај – г-ѓата Анита Кипаризовска – Крстевска може да си се изјаснува како ќе посака – утре, на пример, може да осознае дека е Ескимка – ама тоа не значи дека на тој начин ќе стекне легитимитет да биде политички претставник на заедницата на Ескимите!

Нејзините човекови права нема да бидат прекршени ако се поништи нејзиниот избор, како нелегитимен претставник на Влашката заедница, затоа што со тоа нема да биде прекршено нејзиното човеково право да си ја изразува својата етничката припадност, која и да е!

Со тоа ќе се оневозможат идни злоупотреби со идните кандидати за Комитетот, без да има потреба да се воведува ступидното правило „ етничката припадност да се дефинира во моментот на поднесување на кандидатската листа“ – кое само ќе ја зацврсти тиранијата на етничкиот идентитет!

И дајте луѓе, во Уставот убаво пишува - „Доколку некоја од заедниците нема пратеници, народниот правобранител, по консултации со релевантните претставници на тие заедници, ќе ги предложи другите членови на Комитетот.“

Ама, ниту некој го чита Уставот, ниту пак го играат „другарчињата“ нашиот Народен правобранител, кога станува збор за човековите права.

Што и-сторија на Македонија?

5/15/2007

После подолго време, една мошне контроверзна и страстна колумна на Никола Гелевски: „Една од работите која сериозно не' оддалечува од ЕУ е манипулирањето со историјата.“ (Историјата и политиката).

Посебно ми беа интересни забелешките за „идолатријата спрема Александар Велики“ како и мошне умесните цитати од Хобсбаум: „против грчкото националистичко митотворство и злоупотребата на античка Грција“, и неговата препорака до историчарите – „да стојат настрана од страстите на политиката на идентитетот - дури и кога самите ги чувствуваат.“

Коментарите од читателите се посебен сеир.

Политички парадокс: владата, народот и ЕУ

Ако над 90% од народот сака во ЕУ,

како е тогаш можно:

колку што владата е поблиску до народот,

толку да е подалеку од ЕУ?

Нешто навистина не штима:

или народот не знае што сака,

или сме во илузија дека владата се доближува до народот,

или пак имаме погрешен впечаток дека владата се оддалечува од ЕУ?

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ: Заедно против Македонија?

5/14/2007

(блог колумна)

Работава дојде: СДСМ да те апне, или ВМРО-ДПМНЕ да ти го бапне!

Кога станува збор за приближувањето кон ЕУ, испаѓа дека обете „наши“ „стожерни“ партии неуморно работат во полза на македонската штета. Со едните итаме кон ЕУ со брзина на полжав, со другите трчаме со брзина на желка!

Што аир видовме кога СДСМ беа на власт?

Се искршија кутрите од работа на промоција и имплементација на основните принципи на кои се темели ЕУ. Устите им се испенија зборејќи везден за демократија, владеење на правото, и почитување на човековите права. Ѓоновите им се излижаа од трчање за да изградат систем каде што ќе функционира поделбата на власта и пазарната економија.

Ех, пусти желби наши.

Што видовме, што дочекавме:

Наместо владеење на нашите народни претставници во Собранието, не мелеше теледиригираната „гласачка машина“. Парламентарна дебата се претвори во карикатура - јавниот интерес и заедничкото добро беа девалвирани во монети за партиско поткусурување.

Наместо владеење на правото, владееше невидено партиско самоволие и рамнодушност кон корупцијата, митото и непотизмот во „партиските трла“ и „бачила“.

Наместо борба против дискриминација и донесување закони што ќе обезбедат почитување на човековите права, секојдневно не потресуваа мега-скандали како „Ел Масри“, „Беќиров“, Вранишковски, отпуштања/вработувања по партиска линија, а за последиците од полицискиот башибозук на „Алфите“ ич да не праиме муабет.

Наместо систем на функционална поделба на власта - „политичка оргија“ во која членовите на судската и законодавната власт не можеа да се доберат до прекидачот за да го запалат светлото и да протестираат: „Луѓе - ова веќе нема смисла, дајте да се организираме...“

Наместо функционална пазарна економија - монополистички олигархизам во кој народот го осиромашува кој попрво ќе стигне – најмногу преку арачот за струја, парно, телефон, вода, тв-претплата, градски превоз... Кај го има бре тоа, просечна плата да оди за сметки, а пола од народот воопшто да не зема плата?

Најтрагично од се, неколку месеци пред изборите, самозадоволните државни функционери на СДСМ заборавија дека 2006 е клучна за прием во НАТО и ЕУ, ги занемарија работните обврски и сите свои сили ги вложија во катастрофалната предизборна кампања во која на дело покажуваа дека ич не им е гајле за Македонија, туку само за нивните мрсни фотелји.

Демек, што се битни реформите ако загубат тие – тогаш, нека губи и Македонија!

Поминаа изборите. Дали нешто драстично се промени со промената на власта?

Дојде пролетта, расцутеа дрвјата, а никако да настапи демократската пролет, да почнат да цутат владеењето на правото, и почитувањето на човековите права.

Напротив, дојде сурова зима за малите и идни партии кои отсега прашање е дали ќе можат да се регистрираат. Партиските гласачки машини сеуште ја мелат парламентарната дебата од која никако да испливаат „добрите идеи“ кои треба да ги подржи владата. Затоа ли, кутрата ни Влада, мораше да плаќа дополнителни огласи во медиумите, за да прибере понекоја добра идеја од граѓаните? Кога веќе самата ги нема, мора од некаде да ги бара?

И на оваа влада, како и на претходната, малку и е гајле за тоа што нема партиски консензус во однос на главните политички приоритети: неопходните реформи за влез во НАТО и ЕУ. Демек, што се битни реформите ако загубат тие – тогаш, нека губи и Македонија!

И сега сме сведоци на партиско самоволие и партизирање на администрацијата, на непотизам и „тренирање строгост“ во државните служби сфатени буквално како „партиски трла“. Вистина, оваа влада е далеку побучна на тема „Нулта толеранција кон корупцијата“, ама ако ги игнорираме телевизиските спектакли за наивни гледачи, не се гледаат покрупни резултати.

Наместо сегашнава Влада да предложи закон за анти-дискриминација и да ги почитува меѓународните конвенции за човекови права, и оваа влада продолжи со отпуштања/вработувања по партиска линија, не отвори истрага за „Ел Масри“, не го затвори случајот „Беќиров“, продолжи да го прогонува Вранишковски, а „Алфите“ сеуште претставуваат сериозна закана по сигурноста на граѓаните.

Системот на поделба на власта пак не функционира – иако судскиот совет конечно почна да го чисти од р’ѓа судството, тој сеуште не е докомплетиран. После пет години, власта најпосле призна дека судовите сеуште немаат капацитет да ги судат хашките случаи. Уставниот суд сеуште ни пати од ненадлежност, неодлучност, и од отсуство на било каква иницијатива. Кохабитацијата претседател на влада – претседател на држава „функционира“ погубно за имиџот на Република Македонија - главни влогови во јавните препукувања и дискомуникацијата се токму јавниот интерес и општото добро.

Наместо функционална пазарна економија, уште дивее монополистички олигархизам во кој народот го осиромашува кој попрво ќе стигне – обичниот граѓанин сеуште тешко излегува на крај со основните сметки за струја, парно, телефон, вода, тв-претплата, градски превоз, книги и ужинка за децата... Народот нема пари да се лекува, а се повеќе слушаме за смртни случаи на сиромашни луѓе кои немале ниту сини картони, ниту пари да си платат лекување.

Цените рипаат нагоре, платите стојат во место, а бројот на невработените не се намалува. Никако да ги почувсвуваме ефектите од „успешната“ кампања „Инвестирајте во Македонија“.

Најтрагично од се, челниците на ВМРО-ДПМНЕ како да заборавија дека 2006 и 2007 се клучни за прием во НАТО и ЕУ, и сите свои сили ги вложија во тоа да останат на власт по секоја цена. Дури и по цена да немаат бадентерово мнозинство, неопходно за донесување на клучните реформски закони. Дури и по цена да стане сосем неизвесна речиси сигурната покана за прием во НАТО. Дури и по цена сосем да пресушат позитивните сигнали од Брисел, во отсуство на било какви позначајни чекори напред во агендата за приближување кон ЕУ.

Навистина, која е цената што ја плаќа Македонија за нарцисоидниот Груевски да може да ужива во сопствениот, нереално висок политички рејтинг?

И, најпосле, на што се должи неговиот висок углед кај граѓаните: на реални политички и економски успеси? На нереални политички очекувања од страна на електоратот? На манипулации со јавноста, или на нешто сосем четврто?

Бездруго, Груевски повлече неколку успешни потези кои наидоа на одобрување кај електоратот, меѓутоа, неговиот инает во однос на учеството на ДУИ во власта (без што нема бадентерово мнозинство, ниту стабилност), неговата тврдоглава стратегија - „на мртов претседател нож вади“, проѕирните манипулаци со рамковниот договор, непотребните заострувања на односите со декласиранииот СДСМ, неговата дарба да создава проблеми и онаму каде што најмалку треба (името на аеродромот), инсистирањето на маргинални политички теми сосем небитни за ЕУ-агендата, се се тоа сопки што Груевски самиот си ги поставуваше во неговата посакувана трка во „сто чекори“.

Колкава само политичка енергија се потроши во Собранието за Законот за празниците, за воведувањето на веронауката, за лустрацијата, за сосема маргинални пратенички прашања и одговори, за прибирање кворум, итн. – и тоа во годината каде што секоја собраниска минута требаше да биде испланирана и ефектуирана во функција на реформите што требаше да не доближат до ЕУ и НАТО?

Колку ли само енергија вложи владата за да го поправи „Милениумскиот крст“ и за да воведе веронаука, а сеуште немаме закон со кој ќе се заштитуваат религиозните права и слободи?

Слушам пред некој ден и не ми се верува: после фамозното писмо до директорите, главна тема на владината прес-конференција е новото писмо од премиерот, овојпат за потребата за физичко образование на учениците, со цел да произведеме успешни спортисти кои би требало да не претставуваат на меѓународен план?!?

Можеби оваа влада нема сериозни проблеми во односите со јавноста, ама има ептен сериозни проблеми со приоритетите. Освен ако клучен приоритет не и е перење на мозокот на гласачите.

И покрај сите критики упатени на адреса на Владата, не треба да се пренебрегнува фактот дека мнозинството од народот сеуште верува во оваа Влада.

Дали Груевски ќе знае да го искористи тоа? Досега покажа претходно невидена доблест да признава дел од грешките, некои од нив и веднаш да ги исправа. Се чини, токму од Груевски најмногу зависи дали ќе ги прескокне сопките што самиот си ги постави, и дали ќе создаде политичка клима во која севкупниот интелектуален потенцијал ќе се фокусира на ЕУ-агендата.

Секоја стратегија за купување време е губитничка стратегија, зошто време нема. Одамна помина пет до 12.

За жал, некои се сеуште толку лежерни и се прават како да е 3 и пол!

Увод во тоталитаризам ?

Отворам јавна блог-расправа по повод тоталитарниот Предлог за донесување на закон за прекршоците против јавниот ред и мир со Предлог на закон , во однос на следниве членови :

1) „Кој неовластено отстрани, искине, замачка, оштети или на било кој начин ги изложи на подбив државите симболи на Република Македонија, симболите на припадниците на заедниците или истакне знаме или грб кој не ги содржи обележјата утврдени со закон ќе му се изрече глоба во износ од 600 до 1000 евра во денарска противвредност.“ ( чл. 17)

„Кој на јавно место со малтретирање на друг или со вршење присилба спрема друг, предизвика негодување на граѓаните, или ја загрозува нивната безбедност ќе му се изрече глоба во износ од 200 до 500 евра во денарска противвредност.“ (чл. 9)

Каква е оваа логика : три пати поголема глоба ако се подбивам со знаме, отколку ако малтретирам некого или ја загрозувам неговата безбедност?

2) „Кој на јавно место се оддава на пијанство или во пијана состојба го нарушува јавниот ред и мир ќе му се изрече глоба во износ 100 до 400 евра во денарска противвредност. (член 6)

Со оглед на тоа што јавно место „се смета местото на кое е слободен пристап на неопределен број лица без какви и да било услови“ (член 3), а во кафеана може да влезе кој сака, дали тоа значи дека секој што се пијанчи у кафана може да биде казнет и со 400 евра ?

3) „Кој се оддава на уживање на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори ќе му се изрече глоба во износ од 200 до 500 евра во денарска противвредност.“ (член 19)

Зошто во овој член нема исто „јавно место“ ? Дали тоа значи дека полицијата ќе може да ги глоби и тие што приватно, по дома си уживаат, и тоа според закон за прекршоци против јавниот ред и мир ? И зошто глобата е поголема отколку за оддавање на пијанство, ако се земе предвид дека и алкохолот е дрога ?

4) „Кој дава аудиовизуелни слики и други предмети со порнографска содржина или со изразено насилство на малолетни лица, ќе му се изрече глоба во износ од 100 до 400 евра во денарска противвредност.“ (чл. 21)

Веднаш да се укинат вестите, и мноштвото филмови што се даваат по телевизија и кино.

5) „Кој се затекне да пита ќе му се изрече глоба во износ од 15 до 50 евра во денарска противвредност.“ (чл. 23)

Вака ли Владата ќе се бори против сиромаштијата ?

6) „Кој неоправдано престојува или неоправдано се задржува во заеднички простории (столбиште, подрум, заграден двор) на станбена зграда во која не е населен, во двор или простории на училиште во кое не е ученик или во простории на друга јавна зграда ќе му се изрече глоба во износ од 100 до 400 евра во денарска противвредност (чл. 25)“

Што мислите, дали оваа одредба ќе важи за партиските војници пред избори, кога делат пропагандни материјали од врата до врата ?

7) „Кој оштетува, уништува или осквернува споменик ќе му се изрече глоба во износ од 600 до 1000 евра во денарска противвредност.“ (чл. 16)

„Кој на јавно место физички нападне друго лице ќе му се изрече глоба во износ од 600 до 800 евра во денарска протввредност.“ (чл. 11)

Што е поентата ? Поевтино ти е да маваш по човек отколку по споменик ?

За девијантните појави кај пратениците

5/13/2007

Во НАЈАВАТА НА АКТИВНОСТИ на Собранието на Република Македонија за периодот од 14-17.05.2007 година стои следниов Предлог на дневен ред за четврток:

Разгледување на Извештајот од јавната расправа на Комисијата за образование, наука и спорт, на тема „Девијантните појави кај младите“. (КОМИСИЈА ЗА ОБРАЗОВАНИЕ, НАУКА И СПОРТ) и

Нацрт-извештај за Извештајот за напредокот во 2006 година на поранешната југословенска Република Македонија (2006/2289(ИНИ) од Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент; (КОМИСИЈА ЗА ЕВРОПСКИ ПРАШАЊА).

Ете така, доживеавме и Собранието да ја именува нашата држава како поранешната југословенска Република Македонија !

Ако ова не е девијантна појава, тогаш не знам што е !

блог - з’ш да не?

„Зошто постираш секој ден? Каква смисла има блогирањето?“ – ме запраша пред некој ден син ми.

Читајќи една интересна книга, наидов на неколку редови кои може да послужат наместо одговор на „смртните прашања“:

„Обратниот редослед – првин пишуваш, а потоа сфаќаш за што пишуваш – можеби е чуден, па дури и перверзен, но мислам дека тоа е, барем во повеќето случаи, стандардна постапка во културната антропологија.“ (Клифорд Гирц, „Толкување на културите“)

Ете, така и јас - првин постирам, а потоа дури се обидувам да сфатам за што постирам – тоа е мојата стандардна постапка при блогирањето.

Најчесто пишувам на прва топка, инстинктивно - без колебање и без авторефлексија.

„Од многу мислење глава боли“ – убаво си кажал народот.

„Што е пост?“, Што е блог“ – чуму такви прашања?

Ако добро паметам, еден постар наш философ, честопати споменуваше некој си Журден - човек што цел живот пишувал проза, а не знаел дека пишува проза.

Дали знаењето што е проза воопшто му било потребно за да пишува проза?

Дали ви е потребно да знаете „Што е пост?“, Што е блог“, за да постирате и блогирате?

Паметам, имав една познаничка која цело време решаваше задачи во библиотека. Еден ден, откако решила цела збирка задачи, се доближила до еден колега, и му го поставила следново прашање: „Што значи ова знакчево овде?“

„- Тоа е знак за интеграл“ – одговорил колегата.

Ако можеш да решиш цела збирка задачи со интеграли, без да знаеш што е интеграл, тогаш можеш и да испостираш илјада поста, без да знаеш што е тоа блог.

Ни срам, ни перде! „Ролексот“ на Црвенковски

5/11/2007


Срам да им е на новинарите од „Фокус“.

Прво, затоа што шират непријателска пропаганда меѓу напатениот македонски народ. Мошне е проѕирна нивната намера да го подријат братството и единството на нашиот народ со подметнување на неосновани шпекулации. Демек, нашиот високопочитуван и сакан претседател на Република Македонија, г-нот Бранко Црвенковски, да ти бил љубител на скапи марки часовници, а не скромен човек кој штеди пари од претседателската плата за да му се најдат за хумани донации.

Како бре не ви е срам да пишувате толку лоши работи за претседателот-доброчинител? Зарем толку бргу ја заборавивте великодушноста на нашиот државник кој несебично донираше приватни средства ем за Домот за деца без родители, ем за спортскиот рекреативен центар за корисниците сместени во Специјалниот завод – Демир Капија?

Второ, срам да им е и арам, што го сликале претседателот два пати со иста кравата, а со различни часовници. Па, толку ли мозок имаат новинарите на „Фокус“ што не можат да сфатат дека секој удар по имиџот на нашиот државник е перфиден удар и врз имиџот на нашата држава?

И каква е таа глупост, ич не можам да разберам - да подметнуваш шпекулации („Бранко би можел да носи украден часовник, или купен на старо“) и инсинуации („Може ли Јасна да претрчала до Зелено пазарче и да му купила фалсификуван „ролекс“ на Бранко?“) кога многу убаво се гледа од фотографиите дека човекот е толку скромен што една иста машна си ја носи на два различни состанока.

Трето, срам да им е на новинарите што поставуваат такви ступидни прашања: од каде му е, и зошто му е „Ролекс – Сабмаринер“? До толку ли не можете да сфатите зошто на нашиот претседател му е потребен часовник отпорен на вода до триста метри длабочина? До толку ли не можете да сфатите дека нашиот државник е решен до смрт да го гони „октоподот“, па дури и да е скриен на дното од Охридското езеро, кое не е подлабоко од 294 метри (или 289 метри)?

Наместо да се радуваат што нашиот доброчинител решил да се снабди со најсовремена опрема за бркање на октоподи (па нека е и со судската отштета од Николчета!); наместо да го храбрат нашиот државник за неговата одважност и решеност да го гони „Октоподот“ (ако треба и по дното на Охридското езеро!) - малициозните новинари на „Фокус“ во секој број поставуваат нови и нови барикади додека нашата држава со грчевит напор се обидува да ја добие нерамноправната борба против корупцијата.

Навистина, срам и арам да им е!

Заради нив, можеби нема да не примат ниту во НАТО, ниту во ЕУ.

Прашање е дали заслужуваме, со вакви „државни непријатели“, на кои им е побитно „Колку чини новиот часовник на Црвенковски“, од тоа дали ќе го фатиме конечно „Октоподот“, исполнувајќи со тоа еден од клучните услови за прием во НАТО и ЕУ.

(„Матните“ води на Слатинското езеро, каде што според извори блиски

на комесарот Катани, за последен пат се забележани траги од „Октоподот“)

СЕИР

5/10/2007

Кој е најсеирџиски настан на денот?

1) Спроведувањето на екстрадираната Чочоровска („куќната пријателка на Глигоров“) во „Шутка“, од страна на маскирани лица и со невидено полициско обезбедување;

2) Скромноторипање у тавче на Груевски со Боркица и „искрената“ честитка на Црвенковски;

3) Испрашувањето на заштитениот сведок М 017 на Хашкото судење „зад затворени врати“ на двоецот Бошковски&Тарчуловски;

4) Настапот на „туфнестата“ Каролина на квалификациите за „Евровизија“;

5) Падот на акциите на македонската берза, анализиран од страна на поранешниот брокер, а сегашен премиер.

Или си имате некој свој фаворит?

Покрај толку сеир денеска, кому му е гајле за „гласините“ дека Македонија се' уште не докажала дека е зрела демократија или дека Просечната плата во Хрватска е 615 евра (повеќе од два и пол пати од нашата)?

Македонија: „библиска, но и мултикултурна“ држава?

Со Одбележувањето пред споменикот на Ченто по повод Денот на победата над фашизмот ..., Владата упати јасна порака дека и во македонски контекст, антифашизмот не треба да се поистоветува со „комунизмот“. Поздрави и честитки за потегот.

Сепак, она што ме засмеа, загрижи и замисли се неколку симптоматични фрази од говорот на Никола Груевски:

1) „Македонија која што е библиска, но и мултикултурна и мултиконфесионална држава...“

- „библиска, но и мултикултурна“? Комбинација на соништата. Што е следниот чекор? Теолозите на часовите по веронаука ќе предавааат и мултикултурализам?

2) „Целосната имплементација на правичната застапеност на етничките заедници во државната и јавна администрација...“

Каква бе „правична застапеност на етничките заедници“?

Уставот вели „соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници“ и „соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците“, а не „правична застапеност на етничките заедници“!

3) „Употребата на јазиците на немнозинските заедници...“

После амандманите од 2001, никаде во уставот не се врзува јазикот за заедницата!

Кога станува збор за друг јазик освен македонскиот, се говори за „јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните“, „јазикот и писмото што го користат најмалку 20% од граѓаните“, „јазиците и писмата на кои зборуваат помалку од 20% од граѓаните“.

Ова се основни работи кои треба да ги знае секој ученик од основно училиште, а да не зборуваме за политичар и премиер.

4) „Почитување на правата на сите етнички заедници...“

Во нашиот устав станува збор за индивидулни, а не за колективни права!

Припадниците на заедниците имаат право...“, а не „етнички заедници“!

Вакви гафови во однос на основни одредби од Уставот не би требало да му се случуваат на Претседателот на Владата, особено поради тоа што истиот дава заклетва дека ќе работи согласно Уставот.

Може треба да воведеме услов, откако ќе бидат избрани, вршителите на јавни функции да мора да положат и испит по Уставно право. Ако возачите мора да полагаат возачки испит и прва помош, зошто и функционерите да не полагаат стручен испит?

„Возењето“ на државата да не е случајно помалку опасно од возењето автомобил?

Мојот список со блогови

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Архива на блогот

Footer Widget 1

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Footer Widget 2

Популарни објави

Популарни објави

Popular Posts this month

Popular Posts this week