Македонија: некаде четврта, некаде прва!

9/28/2007

Владата е скромна, или пак не дезинформира:

Светска Банка: Македонија четврта во Источна Европа во спроведување економски реформи ...

Според информацијата на Светската банка, „FYR Macedonia“ е четврта на листата од топ 10 реформатори во светот.

Едно е да си четврт во Источна Европа, сосема друго е да се четврт во светот!

Иако сум крајно скептичен во однос на се што доаѓа од Светската банка, еве му честитам на Груевски и му посакувам да ги продолжи економските реформи.

Но, што станува со политичките реформи? Бива ли економија без судство?

Уште едно незгодно прашање: Дали сме сеуште на прво место на топ-листата од земји со највисока стапка на невработеност?

Сексуална хемија

„Имам читано за тоа во магазините.
Кога си заљубен... тоа е само лачење на хормони... кои ги менуваат сетилните мириси.“ - Чарли Партана (Џек Николсон), во „Честа на Прициеви“


„Љубовта е хемија, сексот чиста физика“ - ми го цитираше Марфи една колешка-блогерка. Но, можна ли е сексуална физика без сексуална хемија?

За да ја победи пенисот силата на гравитацијата, треба да живне либидото. А може ли да се разбуди либидото ако нема размена на хемиски сигнали?


„Очи ширум отворени“

Лас Вегас не е само место каде што луѓето си го прокоцкуваат животот и стапуваат во брак. Лас Вегас е и местото каде што Британскиот физиолог д-р Бриндли му демонстрираше на светот дека либиднината на човештвото е во сексуалната хемија. Сеуште се памети презентацијата на д-р Бриндли на научната конференција во далечната 1983. Бриндли, познат инаку по првите визуелни протези и имплантации на електронски очи, успева ширум да им ги отвори очите на колегите со оригиналната презентација на своето научно откритие.

Во клучниот момент од презентацијата „Вазо-активна терапија за еректилна дисфункција“ д-р Бриндли им објаснил на слушателите дека претходно инјектирал во својот пенис феноксибензамин. Веднаш потоа ги соблекол панталоните пред вџашената публика покажувајќи им го својот еректиран пенис.

Реакциите на неговите колеги се дел од историјата на сексуалната хемија. „Ерекцијата беше навистина за почит“ - изјавил професорот Алварез од Онтарио. „Тоа беше голем пенис, а тој само шеташе околу бината покажувајќи го“ - посведочил д-р Арнолд Мелман. Според д-р Ирвин Голдстајн, д-р Бриндли се симнал кај публиката и им дозволил да го допираат: „Луѓето не можеа да поверуваат дека тоа не е имплант.“

Две години подоцна се случува уште едно интересно откритие. Експериментирајќи со хемиски состојки со намера да ги прошират срцевите артерии, двајца научници ненадејно стануваат сексуални пионери. Нивната дрога успева да го зголеми крвотокот - но, не во срцето, туку во пенисот.

Нова сексуална револуција?

Некои, пак, ги сметаат како пионери на сексуалната хемија алхемичарите, со нивните верувања во сексуални еликсири, талисмани и афродизијаци. Интересно е дека верувањата во афродизијаци опстојуваат и денес, и покрај тоа што наоѓаат малку поткрепа во науката. На пример, иако алкохолот и канабисот нашироко се користат поради нивните афродизијачки моќи, поскоро станува збор за социјални и психолошки „лубриканти“ отколку за супстанци кои го будат либидото. Исто така, и вијаграта не е само плод на научните настојувања за лекување на импотенцијата кај мажите, туку и средство што масовно се користи како афродизијак. И покрај недостатокот на клинички докази дека вијаграта има моќ да ја зголемува сексуалната желба, верувањето во нејзините афродизијачки моќи - слично како и ирационалната вера во господ - може да направи чуда и да покрене цели планини.

Некои пак предвидуваат дека за неколку години вијаграта ќе му дојде нешто како аспирин, во споредба со она што ни го „куваат“ сексуалните (ал)хемичари во нивните „реторти“. Иако вијаграта предизвика своевидна сексуална револуција (во голема мерка благодарение на „пласибо ефектот“), сексуалните хемичари продолжија со потрагата по „светиот грал“. Но, сексуалната револуција не ги засегаше обата пола подеднакво. Вијаграта само ја продлабочи родовата нееднаквост. Затоа потрагата продолжи по хемиска супстанца која ќе ја зголемува сексуалната желба не само кај мажите, туку и кај жените.

На сексуалните хемичари им беше мошне добро познато дека најчестиот сексуален проблем на кој се жалат жените е губењето на сексуалната желба, проблем кој не се решава со вијагра.

Интересно е дека фармацевтската потрага по „женски еквивалент за вијаграта“ не е насочена кон некоја супстанца која ќе го зголемува крвотокот во женските гениталии, туку кон дрога која ќе дејствува врз централниот нервен систем, врз мозочните центри за задоволство. Дали тоа значи дека сексуалните хемичари го сметаат пенисот за сексуален орган кај мажите, а мозокот за сексуален орган кај жените? Секако, не. Современата сексуалната хемија е мотивирана да создаде синтетички афродизијаци кои директно ќе ја зголемуваат сексуалната желба и кај жените и кај мажите. Кога станува збор за либидото, мозокот е побитен од гениталиите.

Сексот е дрога?

Како што видовме, модерните сексуални хемичари настојуваат да пронајдат дрога за зголемување на сексуалната желба - либидото. Но, има ли поголема „дрога“ од сексот?

Навистина, зошто луѓето постојано зборуваат за „секс, дрога и алкохол“, претпоставувајќи дека сексот и алкохолот не можат да бидат видови дрога?

Дека сексот може да биде исто толку опасен колку и хероинот сведочат „сексоманите“ - луѓе навлечени на телесната хемија предизвикана од постојан секс. За тоа сведочат и се поголемиот број здруженија на „анонимни сексахоличари“ кои настојуваат да ја возобноват „сексуалната трезвеност“, според слични принципи како одвикнувањето од алкохол.

Ако по неколу поминати дена без секс добивате тешки „апстиненцијални кризи“, и по секоја цена ви е итно потребна „доза“ секс, тогаш ги имате основните симптоми за сексуален „дрогераш“.

Која е најефикасната терапија против сексуална зависност? Сексуална „детоксификација“ или „супституциона терапија“? Кои хемиски супстанци се најефикасни за лекување на сексуалната зависност?

За жал, од гледна точка на сексуалната хемија, тоа се сеуште прашања кои не заслужуваат одговор што толку ќе одекне во јавноста, како откритието на некој нов сексуален афродизијак.

Macedonia - in a nutshell

9/27/2007

„Кога нема црнила, дува!
- Марко Петрушевски

ДУИ - заложник во Собранието?

Партиската рашомонијада околу собранискиот скандал продолжува.

ДУИ сега го вперува прстот кон полицијата:

„...полицијата ги претресуваше возилата на функционерите на ДУИ, го претресе возилото и го приведе личното обезбедување на претседателот на партијата, кој истовремено е и пратеник, а подоцна претепа граѓани-Aлбанци кои спонтано се собраа пред законодавниот дом во обид да дознаат што се случува внатре.“ (ДУИ во заложништво во Собранието)

Зошто ми е тешко да поверувам во „спонтаниот“ собир на граѓани-Aлбанци?

Што, зарем причината за собирот било тоа што ДУИ биле држени во заложништво во Собранието?

„Додека граѓаните спонтано се собираа за да дознаат што се случува со раководството на ДУИ, кое беше во заложништво во зградата на Собранието, специјалците на МВР интервенираа и брутално ја нападнаа толпата која спонтано се обиде да протестира таму. Како последица, невини граѓани завршија во Ургентниот центар, со здобиени повреди од специјалците.“

Според ДУИ, сите други се виновни, само не тие.

Главен виновник ти бил Вејсели: „ситуацијата ја предизвика Абдулади Вејсели“

Во „невиноста“ на Тачи не се сомневаме: „нападот врз жена е најкукавичкиот чин што може да го стори еден маж“

Виновен е и претседателот на Собранието: „На јавноста и' е јасно колкава радост доживеа спикерот поради инцидентот, па не можеше да се воздржи од еуфоричната реакција пред камерите!“

Виновна е и полицијата што ги малтретирала само членовите на обезбедувањето на ДУИ и нивните „невини“ и „спонтани“ симпатизери, а не и „кондовската банда“.

Сите други се виновни и одговорни - само не ние!

Познато ви звучи, нели?

Истата одбранбена стратегија ја применуваат и другите учесници во скандалот.

А сите се виновни и сите учествуваа во скандалот - помалку или повеќе.

Крајно време е да започне процесот на расчистување со политичките силеџии - не само во ДУИ и ДПА, туку и во сите останати партии.

Крајно време е да започне процесот на расчистување со полициските силеџии.

Ако ја парафразираме патријархалната поента на Ермира, нападот врз новинар е најкукавичкиот чин што може да го стори еден полицаец.

Крајно време е да се расчисти со силеџиското однесување на „Алфите“. („Алфи“ претепаа камерман на Алсат)

Крајно време е да се утврди одговорноста - кривичната и политичката.
И полициската.

Вооружен напад на Собранието?

9/26/2007

Што се случувало вчера вечер пред Собранието?

Дали постоел обид за блокада на собранието (Активисти на ДУИ се обидоа да го блокираат Собранието) или пак станувало збор за остварување на правото на мирен протест (според изјавата на пратеник на ДУИ)?

Кој кого нападнал? Дали „Алфите“ биле први нападнати или пак тие први нападнале?

Според МВР: „...неколку службени лица биле нападнати при обидот да ги спречат да се упатат кон зградата. По преземените мерки, толпата била разбиена...“

Дали за „20-30 лица“ може да се каже дека претставуваат „толпа“?

Дали ви е веродостојно објаснувањето: „...четворица поради повредите кои здобиле при нападот на службените лица се префрлени во клиничкиот центар.“?

МВР тврди дека „кај неколкумина било забележано автоматско и друго оружје“, меѓутоа не е дадена никаква информација какво оружје било пронајдено кај приведените лица. Како да веруваме дека лицата што „избегале во правец на паркот „Жена борец“, ГТЦ и ТЦ „Мавровка““ се вооружени, ако не се пронајдени ниту лицата ниту нивното оружје?

Според МВР, Собранието - кое било чувано од „Алфите“ облечени во цивил - било нападнато од „толпа“ вооружени лица, што било причина за легитимната употреба на сила.

Но, кој воопшто издал наредба Собранието да биде заштитувано од службени лица во цивил (без соодветна заштита) во случај кога група граѓани се собрала да протестира пред него?

Ако случајно се наоѓате пред Собранието, како ќе знаете дека овие лица се припадници на „Алфите“ а не дел од „толпата“ вооружени лица што се обидува да влезе во Собранието?

Зарем вака се брани Собранието од напад на вооружена „толпа“?

Какво е нивото на државната безбедност и ефикасноста на нашата полиција ако „толпа“ вооружени лица се обидела да го нападне Собранието и притоа не е фатено ниту едно вооружено лице?

Што било денес приоритет на полициската акција - фаќање на вооружените лица кои наводно го нападнале Собранието или пак потрага по новинарски снимки и брутално претепување на снимателите?

Латас - најголем борец за геј права?

Предлагам, МАССО да не го прогласува веќе Латас за „најхомофобична личност на годината“, туку за „најголем борец за геј права“!

Зошто?

1) Со своите „ненадминати“ колумни Педерологија и Шупаци и Шупци Латас покажа не само дека не се плаши од „поинаквите“, туку и јавно изјави дека ќе им ги почитува правата на „хомосексуалците од новинарската фела“ ако излезат први од „подрум“ и речат: „јас сум педер, тоа е мое право, и барам разбирање“!

Зарем со тоа не ги охрабри „поинаквите“ колеги да почнат јавно да си ги бараат своите права?

2) Латас изјави дека се согласува со „овдешните големи култури и религии: христијанската, муслиманската и еврејската“ кои „педерастијата ја сметаат за девијантна општествена појава“ и ја осудуваат „како неморална и неприродна“.

Што е крив Латас што е толку културен и религиозен? Како после ова да се занемари неговата улога во идентификувањето на главните извори на хомофобија во Македонија?

3) Со своите јавни „заебанции на рачун на педерите“ („...сум ги заебавал. Па што! А кој не се заебава со нив?!“) и сугестијата дека неговото право да пишува и да се потсмева е над „правата на педерите“, Латас само покажа каква е општата клима во однос на хомосексуалците и нивните права.

Со само две колумни Латас успеа да ја убеди македонската јавност дека хомофобијата и дискриминацијата се прилично сериозен општествен проблем.

Да не постоеше Латас, МАССО требаше да го измисли. Може ли да се замисли подобра промоција на правата на хомосексуалците од симптоматично изведената хомофобична кампања - „иш муво од мојата капа“?

Поради сите овие заслуги не е лошо да се размисли за идејата да се прогласи „недопирливиот легалист“ Латас и за почесен член на МАССО.

Медиумски манипулации: Кој е жртва, а кој насилник?

„Утрински весник“ ја претставува Теута Арифи како најголема жртва: „...најдебелиот крај го извлече пратеничката на ДУИ Теута Арифи“.

Насловната страница на „Вечер“ ја претставува Теута Арифи како најголемиот насилник, импутирајќи и ги зборовите на Латас - „I have a gun“, наместо „I have a dream“.

Војната започнува во медиумите кои настојуваат да создадат конфузија во нашите глави.

Медиумските војници никако да се демобилизираат.

Не настрадаа само новинарите како „колатерална штета“ - туку и слободата на информирањето.

Шеќеринска и Латас - Дупло дно?

9/25/2007

Прашањето е чисто реторичко.
Има ли нешто подосадно од претставата „Маме му ебам, кој прв почна!“?

Во Македонија немало војна?

Зошто упорно го викаат „Охридски договор“, кога е потпишан во Скопје, и се вика Framework Agreement:

„Охридскиот договор е политички акт од внатрешен карактер, со правни консидерации - одредби во деловите за кои е потребно прецизно да се дефинираат. Тој не е меѓународен договор и не е мировен договор.“

(Охридски договор, по стоти пат)

Иако ги прекинал „воените дејства“, договорот не бил мировен бидејќи „...во Македонија немало војна...“:

„Не е мировен, иако има одредби што се однесуваат за прекин на воените дејства и регулирање на последиците од нив, бидејќи во Македонија немало војна ниту воена или вонредна состојба за време на конфликтот.“

Како може да немало војна ако имало „воени дејства“? Ако договорот бил постигнат за да се прекинат „воените дејства“, и успешно ги прекинал, зошто да не се нарекува мировен договор? Дури и да имало само „внатрешен конфликт“, тоа сепак значи дека немало мир - и дека договорот успеал да го постигне.

Најпосле, да потсетам - Како е можно сите овие луѓе да биле во илузија кога зборувале за „Рамковниот договор“ како за мировен договор?

„До крајот на оваа година треба да го спроведеме охридскиот мировен договор...“ (Бранко Црвенковски, како претседателски кандидат, за „Време“)
„Вашите гласачи очекуваат и да ги консолидирате достигнувањата од Охридскиот мировен договор и да донесете траен мир и стабилност во Македонија“ (Хавиер Солана во писмо до Црвенковски, А1)
„Со Дејтонскиот мировен договор, со кумановскиот мировен договор и со охридскиот мировен договор ние немаме трајно решение на балканските проблеми.“ (ЉУБЧО ГЕОРГИЕВСКИ, за „Време“)
„Со Рамковниот Договор пред две години во Охрид му беше дадена навистина голема шанса на мирот и на заедничкото живеење, но и на заедничката одговорност за иднината на нашата заедничка држава, оценува претседателот Трајковски во пресрет на утешните две години од потпишување на Охридскиот мировен договор.“ (А1)
„Точно е дека умерената македонска влада, предводена од Премиерот Бранко Црвенковски и поранешниот лидер на бунтовниците, Али Ахмети, имаше успеси. И двајцата остануваат посветени на Охридскиот мировен договор и единството на државата. Откако тие победија на изборите во 2002 година, политичката реторика беше смирена.“ (Меѓународна кризна група)
„Оваа програма ќе и помогне на ПЈР Македонија во имплементирање на Договорот за Стабилизација и Асоцијација и на Охридскиот рамковен (мировен) договор.“ (Европска агенција за реконструкција)
„Никаде на светот парламентот на државата не преговара за мировен договор од овој тип.“ (ЏЕЈМС ПЕРДЈУ, за „Вест“)
Видете и „Ни лук јал, ни лук мирисал“?, Рамковниот договор - увод во уставна криза.

Кој ја упропасти Матка?

9/24/2007

Има ли нешто потрагично од упропастена природна убавина?

Глупаци ја упропастија Треска - поентира Геровски.

Вчера се симнав откај манастирот Св. Никола, ама кајче не можеше да дојде да ме префрли преку езерцето, кое веќе не личи ни на езерце.

Разочаран - морав да се враќам назад.

А кога ќе се уништи реката - заедно со животните во неа - тешко е враќањето назад.

Мојот список со блогови

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Архива на блогот

Footer Widget 1

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Footer Widget 2

Популарни објави

Популарни објави

Popular Posts this month

Popular Posts this week