Колку за потсетување

3/08/2009

Нашите борци против дискриминација
Неговата „проминенција“ Фрчкоски!
Профилот на ФИРОМ-џијата
Дволичност, „драги мои"
„Ни лук јал, ни лук мирисал"?
Фрчкоски и „Квислинзите“
Уште еден бисер на „експертот“!
Нетолеранција и игноранција

Македонското харикири

Мошне контроверзна колумна на Димитар Димитров, која фрла дополнителна светлина врз нашата промашена „борба за идентитетот“.
1) Преродбата како „одродба“:
„Ако пред еден век грчката теорија за нашето потекло од античките Македонци била во функција на освојување и етничко чистење/погрчување на реална Македонија, прифаќањето на сегашната „наша“ варијанта на таа теорија би значело освојување и вршење етничко чистење на една виртуелна Македонија, од која би се протерале одамна починатите Грци, но и живите Македонци од славјанско потекло. Би се реконструирала чиста античка Македонија на чисти антички Македонци, какви што би се самопрепознале поминувајќи курс на одродба, препишан од Каравангелис.
2) Букефализацијата како македонско харикири:
„Ваквата археолошка, етнолошка и историска дигресија од правно-политичкиот спор за името на државата, објективно би претставувала харикири на таа наша држава и на нејзиното мнозинско славјанско население.“
3) „Клоновите на Александар“ во служба на „грчкото етничко чистење на Македонија од Славјаните“:
„Грчкото етничко чистење на Македонија од Славјаните од пред еден век, сега би го продолжиле живите „антички“ Македонци, разбудени од милениумскиот славјански сон како клонови на Александар, во кои го положуваат својот идентитет и ја повикуваат нацијата тоа да го браниме пред светот со правото на идентитет.“ (
Името и идентитетот)
Наместо клонови, го претпочитам зборот зомби!
За мене, букефализацијата е зомбификација.

Каква изолација?

3/07/2009

Пред неколку месеци, на претседателските „Дијалози за Македонија“, на тема „Интеграција или изолација“, ја ставив под прашање следнава претпоставка: Демек, досега не сме биле изолирани, а отсега ќе бидеме изолирани.
Моите поенти беа дека политиката на еквидистанца (на Глигоров) беше изолационистичка политика, како што сведочи и популарната синтагма „оаза на мирот“. Зборот оаза подразбира дека се околу нас е пустина, и дека само ако си седиш мадро дома ќе ти биде убаво.
Да не должам, како показател дека и денес сме изолирани, го посочив фактот дека може да патуваме без визи само во една африканска земја. Укажував и дека европската перспектива подразбира отвореност кон соседите, надминување на непријателствата и проблемите, и перманентно зајакнување на добрососедските односи.
Навистина, што е поентата на кандидатот на СДСМ кога тврди дека „Сиромаштијата во која не носи оваа власт е тешка, но уште потешка е изолацијата во која не носат“ (А1)? Зарем досега и сега не сме изолирани?
Ако сака политички да профитира на тема „изолација“, СДСМ мора прво да побара прошка за про-југословенската изолационистичка политика на Глигоров. Второ, мора да објасни што подразбира под политика на „изолација“ и „себеизолација“.
Од аспект на обичен граѓанин, ние сме изолирани во егзотичната балканска „зоолошка градина“ од осамостојувањето, а не последниве неколку години.
Граѓаните не се плашат од зборот „изолација“, како што не се плашат и од зборот „криза“. Предолго сме изолирани и во криза за да не тангираат овие зборови.
Поентата на Фрчкоски и Црвенковски дека допрва некој не води во изолација е имплицитно себеамнестирање за досегашната изолационистичка политика во која активно партиципираше и СДСМ.

Преродбенички космодиск

3/06/2009

Се што ќе кажеш и напишеш може да те удри по глава. Тоа многу добро му е познато на колумнистот Фрчкоски.
Ете, некни Фрчко си пукаше во нога со силеџиската изјава „...ние на 22 март мораме да им ја скршиме ногата". Само му даде повод Груевски (кој „остварува“ 24/7 за Иванов) реторички да го избоксира претставувајќи го како силеџија.
Ако метафората со лифтот логички го заглави, метафората со космодискот му ја скрши кичмата на Иванов: „Ако некому му е потребен космодиск, тоа е на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ да си ја поткрене кичмата од сервилноста кон својот партиски шеф, кој на овој начин ја изразува комплетно нивната конфузија околу решението, само пренесена е во неговите ставови", изјави Фрчкоски. (А1)
Фрчко почна да пука и кон Грујо, кој секој ден фрла лопати на камен-темелници. Фрчко „обвини дека Груевски е единствениот политичар кој во Судот во Лондон сведочел против интересите на државата, а во корист на „ОКТА“, по што Македонија беше осудена да плати 17 милиони долари“ (А1).
Очигледно, темата кој е поголем македонски предавник и грчки платеник максимално ќе се експлоатира на овие избори.
А каква е врската помеѓу космодискот и преродбата?
Само прочитајте ја рекламата: „Откако го купивме Космодискот и го носам, јас сум преродена.“

Иванов и Бог

Во следните неколку поста ќе ја анализирам програмата на Иванов. За почеток, еве неколку проповеднички извадоци на претседателскиот кандидат од „библиската и апостолска македонска земја“:
„Бог сакаше мојот син да се роди само неколку дена по прогласувањето на независноста на Република Македонија.“
„Се раѓаме по милоста Божја.“
„Бог нека ја благослови Македонија!“
„...ќе покажеме дека ја делиме истата човечност и верба во праведниот Бог кој сака мир меѓу своите поданици.“
„Животот на село подразбира напорна работа, силна заедница, верба во Бога и приврзаност кон земјата. “
„Македонскиот град ја има традицијата на вредни луѓе, деловна чесност, мултикултура и верба во Бога. “
„Сите имаат право да го живеат својот живот даден од Бога без чувство дека се заборавени, отфрлени или дискриминирани. “
„Верувам во идеите на правдата и меѓусебното разбирање помеѓу луѓето во светот кој заеднички го проектираме и градиме укрепувани и водени од Бога.“
Каде исчезна христијанската скромност, да не се спомнува Бог залудно?

Грујо лаже, спот не лаже?

3/05/2009


- Никогаш не сум терал никого да зема кредит, ниту млекарите, ниту кој било друг. (Груевски ги отфрли обвинувањата на Заев за кризата во „Сведмилк“)

„- Се работи за приватна компанија и однос меѓу два приватни субјекти.“

А еве што викаат од Сведмилк, во спотот на ВМРО-ДПМНЕ за „Преродбата продолжува“:

„Не повикаа на разговор, летото 2006 и оттогаш ја имаме нивната целосна поддршка во сите наши чекори“.
„Она што сега го правиме е да обезбедиме извоз и заради тоа тесно соработуваме со владата“.

„Македонската салата“ на Иванов

Еве како се доживува себеси човекот „еден за сите“ во интервјуто за Дојче Веле: „претседателот да ги претставува сите слоеви од општеството, сите структури и едноставно сето општество да биде преку претседателот претставено.“

Следнава изјава и самиот би ја потпишал – многу слична критика на политиката на „еквидистанца“ дадов и самиот во претседателските „Дијалози за Македонија“:

„Досега имавме однос кон соседите кој го дефиниравме како еквидистанца, значи еднаква оддалеченост од сите. Јас го промовирам концептот на еднаква отвореност и еднаква блискост со сите, затоа што тие ни се соседи, не можеме да ги менуваме и затоа треба да најдеме начин на живот со нив.“

Еве, како Иванов зборува за компромисот со Грција:

„...во историјата на меѓународните односи такви проблеми не се решаваат, меѓутоа се наоѓа начин да се живее со тој проблем и да се постигне некој компромис кој нема да биде на штета ни на едната ни на другата страна.“

Иванов вешто ги користи познатите метафори за Македонија како „мозаик“ и „македонска салата“: „..во секоја енциклопедија, во секоја анализа, секојпат Македонија е синоним за нешто што не може да се раздели, да се подели. Тоа е еден мозаик на различни нешта, различни етнички групи, јазични, религиозни заедници, односно наједноставно сликовито кажано она што Французите го нарекуваат „македонска салата“.“

Најизненадувачки за мене – и Иванов се приклучи на друштвото љубители на празната фраза „Македонија нема друга алтернатива“, предводено од Црвенковски: „Македонија нема друга алтернатива. Македонија е дел од Европа, од европскиот простор. Македонија има потреба од НАТО. Тоа е нашата генерална стратешка определба. Од тоа ние не отстапуваме.“

Тука Иванов најексплицитно истакнува дека „Македонија е дел од Европа“.

Претходно кажа дека „Европскиот идеал е и македонски идеал“ дека „Во суштината на македонските вредности и идентитет се европските вредности“.

Е, сега, ако „Македонија е дел од Европа“, тогаш е бесмислено да се зборува за „Патот кон Европа“: „Патот кон Европа е и пат за македонскиот идентитет и култура, јазик, а од нив нема откажување - посочи Иванов.“ (Македонскиот идеал е европски).

Иванов ќе мора да се откаже од нешто: или од тоа дека сме дел од Европа, или од тоа дека сме на пат кон Европа. Да не се откаже само од логиката.

СДСМ и македонскиот национален идентитет

Погледнете ги само десетте програмски определби на СДСМ:

1. Сочувување на македонскиот национален идентитет

2. Политичка стабилност на Македонија

3. Членство во ЕУ, членство во НАТО

4. Вистински економски прогрес

5. Повисок животен стандард и намалување на сиромаштијата

6. Квалитетно образование достапно за секого

7. Здравство за сите

8. Пензии за достоинствен живот

9. Европско и профитабилно земјоделство

10. Подигнување на квалитетот на животот на секој човек

Обични апстрактни фрази.

Дали некаде ги забележавте зборовите – демократија, владеење на право, човекови права?

Верувале или не, приоритет број 1 е „сочувување на македонскиот национален идентитет“. Значи, и СДСМ верува дека најмногу политички поени носи приказната дека идентитетот е загрозен.

А што „бранителите на идентитетот“ од СДСМ подразбираат под „македонскиот национален идентитет“?

Аман веќе, престанете да ни го браните идентитетот.

И Иванов за Европска Македонија

3/04/2009

Еве како Груевски си го замислува Иванов:
„Човек, кој што ќе знае како да одговори на уцените и притисоците што и се прават на Република Македонија. И кога станува збор за борбата за нашето име, за нашиот идентитет, човек кој нема на едно место да збори едно, а на друго место да збори друго“, истакна Груевски. (Иванов: Македонија место на успешни луѓе)
Вчера, на ТВ-дебатата, на исто место, Иванов збореше и едно и друго. Ем беше за копромис, ем не беше за копромис. Ем беше против антиквизацијата, ем беше за антиквизацијата.
Еве што вика денеска: „Наша цел е европска Македонија, но треба да влеземе во неа како Македонци, рече пред жителите на Кочани, кандидатот за претседател Ѓорге Иванов.“
Албанците веќе реагираа на изјавата на Груевски „Македонија има само Македонци...“ (Груевски: Сите сме Македонци).
Што подразбира Груевски под „нашиот идентитет“?
Чија ќе биде Европска Македонија - на македонските граѓани (независно од етничкото потекло) или на етничките Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и други?

Ќесе имам, пари немам!

Има ли разлика помеѓу филмската лента и Македонија? - Има. Филмската лента се развива.
Несомнено, за да се истрпи оваа кисела шега потребно е широко срце. Но, човековиот развој не се мери со срцето. Ако сакате да го чуете ритамот на развојот, не си го отворајте џабе срцето. Отворете си го ќесето. Тука лежи крунскиот доказ дека Македонија не се развива.
Каква песна ни пее отвореното ќесе? - „Не стој Доне Донке, не гледај ме, од гледање Донке, фајде нема“. Отвореното ќесе зјае и предупредува: стоиме во место, тапкаме во место, летаме во место. Отвореното ќесе е показател дека ниту се движиме ниту се развиваме. Оти движењето подразбира промена на местото. Движењето подразбира повеќе пари во ќесето.
Не е потребна ниту макроекономија ниту виша математика за да се согледа овој непобитен факт. Доволно е да се направи едноставна споредба. Одземете ја од сегашната просечна нето-плата потрошувачката кошница од двесте евра. Можностите за индивидуален развој лежат токму во таа разлика. Потоа, споредете ја добиената сума со состојбата од пред неколку години. Помалку или повеќе, ќе добиете сличен резултат - пет-шеесет евра! Ете, толку имаме потенција(л) за „развој“, откако ќе ги задоволиме основните месечни потреби за преживување.
Што попрво да се купи со тие пет-шеесет евра месечно (или со две евра дневно)? Која дупка попрво да се закрпи? - тоа е секојдневната дилема на просечниот македонски граѓанин.
Очигледно, нашата „преродбеничка“ влада, која посветено и неуморно арчи од државното ќесе, нема вакви „развојни“ дилеми. Вчера прочитав дека Владата ќе издвои 20 милиони евра за археолошки ископувања - цели 100.000 потрошувачки кошници! Покривањето на „срамот на демократијата“ ќе не' чинело 17 милиони евра - десетина нови училишта. Само за спомен-обележјето „Паднатите херои за Македонија“ нашите власти се подготвени да поарчат цели шеесет милиони денари! Хероите што со последни сили ја преживуваат македонската транзиција - меѓу кои има над триста илјади невработени - никој не ги есапи. Побитни се спомениците и восочните фигури.
Споменатите десетици милиони евра изгледаат како безначајни трошки леб во споредба со предизборниот „сомун“ од цели 8 милијарди евра! Уште не сме ги исплатиле пеналите од тајванската „милијарда на Циле“, а веќе влегуваме во нова политичка авантура на нуклеарен погон - осумте милијарди на Грујо. И потоа некои ќе клеветат, Егејците ми ти биле скржави! Ете уште еден доказ дека вицовите немаат врска со реалноста. Ако им дадете на нашите политичари да ви причуваат гуштери, тие ќе ви ги вратат како диносауруси.
Докажаните експерти по неолит и антика покажаа дека ги бидува и за научна фантастика. Ни предочија што се' ќе се направи со фамозните 8 милијарди евра, единствено остана непознато од каде ќе се соберат. Некои аналитичари (кои не сакаат да пијат нафта од Овче Поле) веќе почнаа да го бараат одговорот во култната книга „Баронот Минхаузен“ - омилено предизборно четиво. Нејсе, ми се чини дека одговорот лежи во еден друг детски предизборен класик - „Чудните доживувања на Петер Шлемил“. Осум милијарди евра теоретски може да се соберат само од волшебното ќесе што не се празни - ќесето што Петер Шлемил го „ќарува“ откажувајќи се од сопствената сенка! Ни фалат само уште чизмите од седум милји, па успешно да продолжиме со митската преродба во сто чекори.
Додека арчиме пари и време во изборната минхаузенијада, економската криза полека не' гази. И покрај тоа, песната „Три месеци криза се спрема, а владата гајле си нема“ не допира до големото уво на владејачката партија. Со скапите техники на масовна хипноза властодршците упорно се обидуваат да не' убедат дека „Денес Македонија не стои... Денес Македонија се движи!“ Но, и ако 8 милијарди пати ни повторат на увце дека „Македонија не стои... Македонија се движи...“, тоа не значи дека ќе се придвижиме од место.
Утешната приказна што ни се продава е дека не сме стоеле без борба и залагање како порано. Приказната што ни го изгоре ќесето не дава одговор на две клучни прашања: Каде се движиме? За што се бориме? Да повторам, движењето подразбира промена на местото. А ние, со пет-шеесет евра месечно, упорно шлајфуваме во политичката кал на неостварените ветувања. Оние што дојдоа на власт ветувајќи зголемување на животниот стандард и намалување на невработеноста и сиромаштијата немаат со што да се пофалат. Им останаа за фалење само проѕирните пропагандни бајки и епската приказна за херојската „борба за уставното име и нашиот идентитет“.
Малку и да се пофалам. Како што предвидов, стануваме се' посвесни дека сме жртви на промашената борба, на големата манипулација. Ете, дури и „бескомпромисниот“ борец за уставното име почна да зборува за достоинствен компромис. Некои го обвинуваат затоа што постојано доцнел, најмалку половина час. Во случајов, ако нашиот премиер не доцнеше неколку години, навреме ќе го фатевме возот за НАТО и за ЕУ.
Неколкугодишното доцнење ни го изгоре ќесето. Како што идат работиве, ќе си останеме ем без уставно име ем со празно ќесе. Се зголемува само бројот на граѓани што нестрпливо го очекуваат падот на шенгенскиот ѕид за да ја напуштат државата.А еве го и мојот предизборен слоган кон моите сограѓани: Не менувајте ја државата. Сменете ги политичарите што доцнат!

Мојот список со блогови

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Архива на блогот

Footer Widget 1

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Footer Widget 2

Популарни објави

Популарни објави

Popular Posts this month

Popular Posts this week