Брука невидена!

1/09/2007

Навистина е смешна игноранцијата со која нашиот премиер се обидува да им се потпикне на „Американците“. Погледнете само како политички неукиот Груевски го цитира Томас Џеферсон, инаку општо познат како творец на прочуената фраза „ѕид на поделба помеѓу црквата и државата“:

„Томас Џеферсон, еден од основачите на американската држава рекол: „Ниту една нација досега не постоела, ниту пак била управувана, без постоење на религијата. Ниту пак некогаш ќе биде.“ (Обраќање на претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, на традиционалната новогодишна средба на верските заедници во Македонија.)

Ова е невидена злоупотреба на ликот на Томас Џеферсон, кој мора да се превртува во гроб после изјавата на „црни Грујо“. Доволно е само да кликнете на тетка Вики, да ѕирнете во посебното поглавје „црква и држава“, и да го прочитате следниот познат цитат каде што Џеферсон го демантира Груевски:

„Државните цркви кои ја користат моќта на власта за да се поткрепат себеси и да ги наложат сопствените гледишта на лицата од други вери ги подриваат сите наши граѓански права. Уште повеќе, државната поддршка на црквата го прави свештенството неодговорно во однос на народот и доведува до корупција внатре религијата. Затоа, подигнувањето „ѕид на поделба помеѓу црквата и државата“ е апсолутно суштествено за едно слободно општество.“

Еве уште еден цитат од Томас Џеферсон, борецот против „свештеничката игноранција и суеверие“: „Во секоја земја и во секој период, свештеникот бил мразител на слободата. Тој секогаш бил во сојуз со деспотот, ублажувајќи ги неговите злоупотреби за да добие заштита за возврат.“

Брука невидена!

Симптоматичната фотографија е преземена од Владина страница.

„Александар малик“ - на гомно си налик!


Еве што пишува по повод операцијата „имиња глупи се наоѓаат на аеродромските клупи“ Ѕвездан Георгиевски, во Nomen est omen:

Поддржувајќи ја, значи, во целост иницијативата, нашата авиогордост, аеродромите во Скопје и во Охрид да ги добијат имињата на двата големи Македонци, Александар Македонски и Свети Павле, со што дефинитивно ја покажуваме нашата определба цврсто да зачекориме во прегратките на придобивките на новиот милениум, јасно и гласно покажувајќи ја нашата определба кон источната традиција, имам само една забелешка, која, се надевам дека вие ќе ја прифатите сосема добронамерно – имено, ми пречи што во името на скопскиот аеродром не стои оригиналното презиме на Александар, она Македонски. Лично сметам дека како ни изгледа аеродромот многу посоодветно би било да ја има одредницата „Македонски“, отколку оваа сегашнава „Велики“, која дефинитивно може да биде сфатена како израз на недолична нескромност, особина која на Македонците, уште од времето на спомнатиот Александар, им е сосема непозната.

А и Фрчкоски нешто во сличен тон: „име „Александар Велики“ не може да стои на ШУПА“ (До ближните духом).

Едно не ми е јасно: Зошто постојано се плачеме дека ни се смеат, кога секојдневно од себе правиме карикатура?

И тогаш Бог му рече на Ное...


Во пакетчето на ќерка ми што и го донесе мајка и (подарок од Филозофскиот факултет) неочекувано се најде и една црвена книга: „Мојата прва Библија во слики“ од Кенет Н. Тејлор.

Не ми текнува дали у пакетчињата за време на социјализмот делеа книги за Тито, комунистички манифест, петокраки или нешто слично. Ако некој знае за таков случај, нека пријави.

Нема пак да го тупам со моите ставови за веронаука, кој сака да чита нека клика (Веронаука или сексуално образование?, Ќе ги учиме и на каменување?, Дали сме секуларна држава?, Догми).

Сакав само да споделам две странички од книгата, за да добиете претстава како најмалите деца би учеле веронаука, а патем и зоологија.

Инаку, дури и да воведе веронаука, Владата на Груевски нема да биде пионер во тоа. Уште на почетокот на септември 1944 „Голема дискусија се отвори по вопросот да ли вероучењето да влези во состав на основната настава или не. После искажувањето на сите членови на Президиумот, се реши вероучењето да биди факултативно, но да остане во склоп на основната настава.“

Не е тешко да се антиципираат аргументите: „Кога можеле „комуњарите“ да воведат веронаука, зошто не и ние?“

За да не испаднете смешни - ете затоа!

И тогаш Бог му рече на Ное...

Колку кенгури гледаш?

Македонска геометрија

1/08/2007

Кругот може да биде и малку тркалезен.“ - Милчо Манчевски, режисер

(Се чувствувам како да туркам пијано на Водно)

Ме потсети Милчо на една случка од детството:

На последниот час од годината, во петто-шесто одделение, наставникот по математика вложува крајни напори да му ја поправи единицата на едно другарче.

Прашањето за двојка е: „Каква геометриска фигура е коцката?“

Другарчето со константна единица почнува да мисли, да дума, да пусти... Ваква шанса не се пропушта. После 3-4 минути макотрпно размислување (во училницата гробна тишина), на лицето на другарчето му светнува сијалица. Лицето му зрачи со еурека-насмевка, а од неговите усни излегува незаборавна дума:

„Плочаеста!“

Распнување на аргументите

По се изгледа, далеку сме од било какво Раскрстување со партиско-политичката злоупотреба на христијанската вера и Милениумските глупости.

Сепак, ме радува тоа што нема само закани и клетви како реакција, туку некој се обидува да возврати и со аргументи, како Баждарџијата кој се обидува да ми контрира во постот „Симболичка турлитава“.

Еве го мојот „reply“:

„Фино, фино. Ама да си кажам кај ти чкрипи размислувањето.

„Про и контра миленумскиот крст имаше и кај Вуна и кај Трибун и сето тоа беше пренесено во „Неделно време“, а од вчера има и кај Зомбификација.“

Тука си грешка.

Кај мене имаше расправии за крстот уште во постовите „Ѓаволска“ работа? (29 март 2006), и Крстоносците го возвраќаат ударот? (9 Apr 2006).

Прочитај ги прво тие фермани, па ќе можеш подетално да се запознаеш со моите ставови.

1) Прашањето „А за што ни служи крстот на Водно освен што поттикнува верска нетрпеливост и политички конфликти?“ е сосема истргнато од контекст. Кај мене е поставено во контекст на несоодветната аналогија помеѓу крстот и Ајфеловата кула. Интересно и симптоматично, ти не се обидуваш да дадеш одговор на прашањето, туку истргнато од контекст го третираш како аргумент - што е чиста манипулација.

Патем, со твојата погрешна анализа - „Претпоставката на ова тврдење е: „верските симболи на другите религии на која не припаѓаш те иритираат и предизвикуваат нетрпеливост кон нив““ - ти не оставаш простор човек да не припаѓа на ниедна религија, како што е случај со мене.

Притоа, ја игнорираш можноста дека она што предизвикува нетрпеливост не е крстот како крст, туку токму манипулацијата со верските симболи од страна на политичките партии заради тесно-партиски интереси.

Баш ме интересира дали г-нот кој ја овозможи градбата на крстот во име на МПЦ (и во меѓувреме се пресели менувајќи си ја националноста) ќе оди во црква во новата држава каде што Македонците немаат свои цркви.

2) „Скопје со крстот над него личи на гроб“ - воопшто не е никаков аргумент.

Во еден момент навистина ми заличе така, и се надевам не ми го оспоруваш правото да си го изразам мојот впечаток.

Се согласувам дека крстот е симбол, и дека може најразлично да се интерпретира. Но, колку што знам, крстот не е државен симбол, и токму затоа моите реакции беа главно насочени кон учеството на Владата, односно кон тоа што некои партии ја злоупотребија владата и почнаа да манипулираат со верски симболи за да го зголемат својот опаѓачки рејтинг.“

Милениумска глупост

1/07/2007

„Кога станува збор за Милениумскиот крст, мислам дека нема човек кој може да го „отшрафи““ - му реплицира на Вуна Јован Стефановски - Жан, проектант на Милениумскиот крст, во „Форум плус“.

И повторно крстот се споредува со Ајфеловата кула:

„Земете ја Ајфеловата кула во Париз: 30 години по нејзината изградба постоеле иницијативи таа да се отшрафи! Таква му е судбината и на Милениумскиот крст: ќе мине период на негирање, за да биде прифатен како симбол не само на Скопје и Македонија, туку и на целиот православен и христијански свет.“

Споредбата е милениумска глупост. Ајфеловата кула е изградена во чест на 72 француски научници од страна на конструкторот на Статуата на слободата, а служела и како радио антена и научна лабораторија (благодарение на што стекнала право да биде зачувана како споменик). А за што ни служи крстот на Водно освен што поттикнува верска нетрпеливост и политички конфликти?

Ама, фала ти Жан за тоа што ни ги расчисти дилемите - им ги затна устите на оние што не убедуваа дека крстот не бил православен и христијански симбол, туку „милениумски“ или „цивилизациски“ симбол.

Останува уште петокраката од државниот грб да се замени со крст, за симболички да ја потврдиме христијанската хегемонија.

Сомнително лице

Тоталитарниот менталитет сеуште царува кај нас:

„Штом те прашуваат имаат причина“ - претпоставува еден анонимен коментатор на постот „Полициско самоволие: „Алфите“ ме легитимираа и понижуваа без да ми кажат причина“.

Навистина, во Законот за внатрешни работи кој е во сила, стои само генерална одредба дека „Овластените службени лица имаат право да ги легитимираат граѓаните заради утврдување на нивниот идентитет.“ (чл. 27).

Индикативно е тоа што стои „имаат право“, наместо „имаат овластување“. Токму затоа, во мојата претставка можев да се повикам само на Правилникот за вршење на работите на МВР кој прецизира во кои услови и како може да се изврши службеното дејствие - легитимирање.

Меѓутоа, во новиот Закон за полиција (кој е стапен во сила, но уште не се применува) јасно се прецизирани случаите во кои се врши проверка и утврдување на идентитет на лица, како и тоа дека „Полицискиот службеник е должен да го запознае лицето за причините за проверката на неговиот идентитет“ (чл. 38).

И во српскиот Закон за полиција (чл. 42) постои одредба дека „Овластеното службено лице е должно да го запознае лицето со причината за проверката на неговиот идентитет“, а иста таква одредба постои и во хрватскиот закон (чл. 25): „Полицискиот службеник е должен да ја запознае личноста со причината за проверка на нејзиниот идентитет“.

Значи, откако ќе почне да се применува Законот за полиција (во ноември 2007), полицијата ќе е законски должна да ви ги каже причините за проверка на идентитетот. До ноември 2007, причините за легитимирањето ќе можете да ги дознаете само ако побарате од Народниот правобранител да ви обезбеди копија од извештајот за легитимирање (дури и ако отидете во полиција, ќе ви кажат дека не се должни да ви дадат копија од извештајот).

Значи, до ноември, полицијата ќе „има право“ да сопира и легитимира „сомнителни“ лица, без притоа да дава образложение зошто е извршено сопирањето и легитимирањето.

Како беше тоа - „Штом те легитимираат и прашуваат, сигурно имаат причина“.

Кој ми е крив што не можам да се помирам со фактот дека сум сомнително лице - со самото тоа што носам брада, капа, и шетам сам по улица околу полноќ.

Отиде петокраката?

1/06/2007

На седница на Владата, известува „Дневник“, „Било потенцирано дека е доволно да се исфрли ѕвездата петокрака, што е симбол на комунистичкото минато на земјата и не соодветствува со сегашните процеси и нејзините евроатлантски аспирации.“ (Петокраката ќе падне од државниот грб)
Статијата е илустрирана со грб на сина позадина (
Грбот на страницата на Претседателот) кој драстично се разликува од грбот објавен на страницата на Службен весник. На македонска википедија има сосема поинакво решение на грбот. Останува да лебди прашањето за автентичноста на грбот, за што пишував и во постот Откријте ги разликите!
Она што ме копка е дали промената на грбот ќе предизвика повторно одложување на пасошите. Да потсетам, Џанго веќе ги покажа новите пасоши на чија насловна е стариот грб со петокрака, а во старите пасоши воопшто немавме грб (ако не се рачуна срцевината на печатите на МВР).

Полициска држава

Еве што вика тетка Вики за земјите каде што личните карти се обврзни:

„According to Privacy International, as of 1996, around 100 countries had compulsory identity cards.

The term "compulsory" may have different meanings and implications in different countries. The compulsory character may apply only after a certain age. Often, a ticket can be given for being found without one's identification document, or in some cases a person may even be detained until the identity is ascertained. In practice, random controls are rare, except in police states.“

Значи, според критериумите на Википедија, ние сме ти полициска држава затоа што кај нас е востановена полициска практика да се извршуваат рандом контроли на задолжителните лични карти.

Да потсетиме и на забелешките на МХК во однос на новиот Закон за полиција:

„Наспроти стандардите за податоците кои може полицијата да ги бара, а кои треба да бидат непосредно поврзани со делото кое се истражува, според законот за полиција (чл. 71) во евиденциите покрај личните податоци се запишува: прекар, етничко потекло, пол, личен опис, лична и семејна имотна состојба, образование, занимање, вработување. Посебно загрижува линијата на дејствија која е овозможена со навидум мали поместувања во примената на стандардите:

* Полицијата може да легитимира секого и во секое време под изговор дека лицето СО СВОЕТО ОДНЕСУВАЊЕ ПРЕДИЗВИКУВА СОМНЕВАЊЕ дека е сторител на кривично дело или прекршок или дека дека има намера да стори такви дела

* Со проверката на идентитетот лицето влегува во евиденциите на полицијата (чл. 70)

* Во таа евиденција се чува две години

Тоа значи дека: ако се однесуваш на начин кој кај некој полицаец ќе предизвика сомневање дека би можел да сториш прекршок, ќе ти бидат земени лични и други податоци и ќе бидеш две години во евиденцијата на полицијата.“

(Прилог кон расправата за Законот за полиција)

Во наредниот пост ќе следува компаративна анализа на нашите законски решенија во врска со легитимирањето на лице и решенијата на некои соседни држави.

Бурек да, а богами и ајвар!

1/05/2007

Конечно добра вест: Бурекчилниците во Скопје ќе работат нонстоп.

Една причина помалку за внатрешно емигрирање во Охрид.

Што се однесува до конкурсот - Нови имиња за старите улици, мојот предлог е две улици што се сечат да бидат крстени „Бурек“ и „Ајвар“, а еден плоштад „Сарма“.

Јади бурек, мачкај ајвар, и не лапај сарма - македонска карма!

Мојот список со блогови

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Архива на блогот

Footer Widget 1

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Footer Widget 2

Популарни објави

Популарни објави

Popular Posts this month

Popular Posts this week