05:54
Одејќи по улицата од „Идадија“ накај „Апче“, некаде после кафеаната „Дебар маало“, насреде улица застана бел автомобил од кој излегоа тројца неуниформирани лица. Претпоставувам дека беше некаде околу 15-20 минути пред 00.00 часот.
Единствениот од тројцата кој носеше значка обесена околу вратот извика „Полиција“ и ми побара лична карта. Вториот во раката држеше светилка, а третиот во устата грицкаше пластична лажичка за мешање кафе и гледаше сеир.
Пред да го извадам пасошот од џебот, го погледнав и го запаметив бројот на значката на полицаецот кој побара да се легитимирам. Претходниот пат кога ме легитимираа навечер си го остварив и правото усно да ми го кажат името и презимето и од која единица се, но овој пат не го сторив тоа, затоа што имав чувство дека тоа ќе предизвика конфликт. Едноставно, дали поради прекрасната вечер, не бев расположен да ја започнам новата година со конфликти со полицијата.
Откако полицаецот со значка бр. 08215 го погледна пасошот, ме запраша како се викам. Смирено му одговорив дека пишува во пасошот. Ја вклучи радиостаницата и се јави погрешно изговарајќи го моето презиме - „Трајановски“, наместо „Трајаноски“. Не реагирав, затоа што не сакав да ги провоцирам.
Следното прашање на полицаецот беше каде живеам. Му одговорив, исто така смирено, дека пишува во пасошот. Третото прашање беше на каде одам.
Во тој момент веќе малку изгубив трпение. Ми се јави чувство на мал гнев од сознанието дека сеуште живеам во тоталитарна држава во која полицијата ги малтретира граѓаните без причина. Наместо да одговорам, го запрашав полицаецот која е причината зошто сум запрен и легитимиран.
(Како борец за човекови права, позната ми беше одредбата од Правилникот за вршење на работите на МВР: „Легитимирањето е службено дејствие што го преземаат овластените службени лица заради утврдување на идентитетот на граѓаните во случаите кога постојат причини, услови или основи за нивно доведување во врска со кривично дело или прекршок како сторители, или кога е тоа потребно за остварување на определени права на други субјекти во пропишана постапка.“)
Видливо беше дека моето прашање го раздразни полицаецот кој претходно гледаше сеир грицкајќи пластично бело лажиче со забите. Со заканувачки и агресивен тон ме предупреди дека ќе ми извршат претрес.
Во тој миг изнервирано изјавив дека воопшто не ми се допаѓа нивниот понижувачки однос, особено тоа што во службено својство ми се обраќа цивилно лице кое не ми покажало службена легитимација (што е спротивно на чл. 28 ст. 2 од Законот за внатрешни работи - пречистен текст).
Во тој момент цивилот се сепна и ми покажа легитимација. Кога со гест изреагирав дека е понижувачки да ти се обраќа полицаец во цивил кој фраерски грицка пластично лажиче во устата, полицаецот го исплука лажичето на тротоарот. Инстинктивно ми дојде да му забележам дека со тоа прави еколошки прекршок, ама се воздржав.
Нервозата на полицаецот видно порасна откако отсечно одговорив дека нема да дозволам да ме претресат без судски налог, потсетувајќи ги на законот. Тогаш, со еден неочекувано брз потег тој ми ја турна капата од главата која падна на шофершајбната од колата. Го вложив сето мое трпение со цел да не изреагирам на оваа агресивна провокација.
Тогаш се уфрли полицаецот со значка бр. 08215 кој рече дека ете, нема да ми извршат претрес, туку преглед, и побара од мене да извадам се што имам од џебовите.
Реков дека немам намера ништо да вадам од џебовите додека не ми ја кажат причината зошто сум запрен и легитимиран. Им укажав дека си ги знам своите права, дека сум магистер по човекови права, и дека имам намера да се жалам на нивниот непрофесионален однос, ако треба, и на највисоки инстанци.
Тогаш полицаецот со значка бр. 08215 ми возврати дека сум му бил сомнителен, на што побарав да ми појасни во која смисла сомнителен. Инсистирав да ми кажат зошто сум сомнителен, убеден дека имам право да ги знам причините зошто сум запрен и легитимиран. Одговорот што го добив беше само - „Сомнителен си!“ - и толку.
Потоа следуваше и некакво спомнување дека ако треба ќе ме води у „Шутка“, дека ќе обезбедат ако треба и судски налог, ама од моја страна немаше никакво отстапување. Реков дека немам намера ништо да вадам од џебовите, и повторно ги предупредив дека ќе се жалам поради нивниот недостоинствен однос. Направив чекор настрана, и погледнав во регистрацијата на нивниот автомобил со цел да ги запомнам бројките на табличката.
Интересно, ама како реакција на моите протести, полицаецот со значка бр. 08215 ја смени тактиката. Со малку посмирен глас ме праша што имам во џебовите. Смиреноста на гласот ме мотивираше да му одговорам дека имам фотоапарат, шал, и некои хартивчиња (ѓубренца кои не ги фрлам на улица во недостаток од корпа за отпадоци).
- „Сигурно немаш ништо недозволено?“ - ме праша полицаецот со значка бр. 08215.
„100%“, му реков.
Направи фаца како демек ми поверува, потоа влезе во автомобилот, и почна нешто да пишува.
Се сеќавам и на тоа дека во меѓувреме го прашав третиот „полицаец“ со светилката во рака (само претпоставувам дека е полицаец, затоа што воопшто не ми покажа службена легитимација) дали сум лишен од слобода, на што ми одговори дека не сум, дека само го проверуваат мојот идентитет. Мојот пасош сеуште беше во рацете на полицаецот со значка бр. 08215 кој пополнуваше некаков формулар во колата.
Откако го пополни формуларот, ми го врати пасошот и ми рече дека сум слободен. Малку беа изненадени кога наместо да фатам џаде, им побарав записник за легитимирањето.
(„За извршеното легитимирање на лице во врска со причините, условите и основите од членот 7 став 1 на овој правилник, овластеното службено лице составува извештај за легитимирањето кој содржи: податоци за легитимираното лице, место, време и причина за легитимирањето и дали по легитимирањето лицето е задржано односно приведено и предадено за натамошна постапка на судските органи.“ (Член 8))
На барањето записник, полицаецот со значка бр. 08215 малку се поднасмеа и рече дека ќе ми го испратат по пошта.
Моето последно прашање до нив беше во која полициска станица да се жалам.
Одговорот беше да се жалам на 92. Пак прашав во која полициска станица да се жалам, пак добив одговор да се јавам на 92. Откако автомобилот замина, погледнав на часовникот на мобилниот. Беше 00.01 часот, 03.01.2007.
Откако пристигнав дома, се јавив на 192, каде што ме префрлија во полициска станица „Центар“. Службеникот кој се јави на телефонот љубезно ме ислуша, рече дека биле „Алфите“ и дека можам да поднесам претставка и утре после 8.30 часот.
Да си признаам, најнапред бев во дилема дали да поднесам претставка. Најпосле, немаше никаков физички контакт помеѓу мене и „Алфите“ (ако се исклучи вештото туркање на капата кое, да си признаам, не ме ни потчукна - иако длабоко ме навреди и изнервира како гест на понижување и непочитување).
Но, едноставно не можам да го пренебрегнам тоа дека бев нељубезно запрен, непрофесионално легитимиран, како и чувството дека бев понижуван на улица без никаква причина.
Моето достоинство е повредено, и ќе барам сатисфакција.
Бесмислено е да ги мотивираш другите луѓе да бараат заштита во случај на повреда на достоинството и човековите права, ако самиот ти ги пренебрегнуваш случаите на повреда на достоинството и твоите права.
39 Responses to "Полициско самоволие: „Алфите“ ме легитимираа и понижуваа без да ми кажат причина"
www.psiholog1.blogspot.com
:-)
Mislam deka ova e vistinska prilika na site da ni odrzhish lekcija od principielnost(dejstvuvanje onamu kade shto si(sme) najkompetentni).Ochekuvam da ne informirash za tekot na celata rashomonijada koja nasetuvam deka mozhe da nastane.Pozdrav!
p.s.vo sprotivno,nema nikogash da ja zadovolam tvojata radoznalost po prashanjeto na REVOLUCIJA ili REFORMI.Taka da znaesh!!!
Верувам дека ќе ја тераш работата до крај. Иако сум скептик дека нешто ќе добиеш, освен нервози и изгубено време.
Мојата поддршка.
Написов заслужува многу поголемо внимание и медиумска покриеност.
Преку твојот случај кој веројатно не е единствен - мора да се сугерира на водството на полицијата ... конечно полицијата да профункционира и да го почитува законот ... законот важи и за нив ...
Народен правобранител ... хм ... мислам дека самиот за себе си поголем правобранител и не ти треба ...
Подршка ... највеќе од се би помогнала медиумска покриеност на настанот. Твојот блог има тежина и веројатно медиумски ке биде покриен настанот ...
Добро би било некој новинар јавно да ја праша министерката за случајов ... Но за да биде се до крај испочитувана процедурата - ке мора преставка до полицијата да направиш ... сега уште едно малтретирање ...
Со тоа ке докажеш дека македонецот во тебе не е расположен да ќути, трпи и трае ...
Самиот ке те подржам со свој пост подршка ...
Нека биде тоа „Водич за граѓанска непослушност“ :-)
Ќе ја прошириме низ блогосферата, улиците, факултетите - онака - фанзински (секој ќе си фотокопира и ќе дели) па ќе се создаде фронт кој со време - полицијата нема да може да го игнорира.
Viva La IT liberta
Милозвучна_солза
Сабајлево веќе бев во ПС „Беко“ каде што најљубезно ме примија и каде што поднесов претставка.
Делот од постот каде што се опишува настанот го искористив како изјава, на која ја приклучив следнава „поплака“:
Поднесувам поплака против припадниците на полицијата кои во периодот од 23.40-00.00 часот, во близина на ресторанот „Дебар Маало“ противзаконито ме легитимираа и сакаа да извршат претрес без налог, заради:
1. Полициска интервенција без основано сомнение за извршено казниво дело (спротивно на чл. 48 од Кодексот)
2. Ненаведување на причините за легитимирањето (спротивно на чл. 7 ст. 1 од Правилникот за вршење на работите на МВР);
3. Непочитување на моето лично достоинство, како и предизвикување на нечовечко и понижувачко постапување;
4. Нелегитимирање на двајца од тројцата полицајци во цивил, како доказ за нивниот полициски статус и професионален идентитет. (спротивно на чл. 46 од Кодексот и спротивно на чл. 28 ст. 2 од Законот за внатрешни работи - пречистен текст);
5. Низок степен на професионализам на неуниформираните припадници кои ме сопреа и легитимираа, без да кажат добровечер, без да се претстават, однесувајќи се напати без никаква почит и крајно непристојно и неслужбено (спротивно на чл. 6 од Правилникот за вршење на работите на МВР)
6. Необезбедување помош и услуга во однос на тоа каде точно можам да поднесам поплака за нивниот непрофесионален однос;
7. Необезбедување на копија од извештајот за легитимирање.
Ете, на ред е сега Секторот за внатрешна контрола.
Една од главните поенти на мојата реакција е дека за да дејствува, полицијата мора да има сомнение дека е извршено казниво дело. Во спротивно, станува збор за самоволие, полициско вознемирување или малтретирање.
Инаку, не би сакал мојов случај да се користи за оцрнување на полицијата во целина, па дури и за оцрнувања на „Алфите“ во целина.
Повеќепати сум имал контакти со полиција, од кои мнозинството релации биле во границите на професионалноста.
И покрај немилиот настан (а и лани бев жртва на сличен инцидент), сеуште верувам дека во полицијата има компетентни и реформски сили кои можат да ја вратат довербата во полицијата.
Прашање е дали и колку ќе имаат политичка поддршка да успеат во тоа.
Котле, идејата за водичот ме бендисува, ама сепак, поинаку би го крстил. Расположен сум да работам на водич за човекови права, ама ако се вклучат барем уште пар доброволци :)
Инаку дел од прекршоците на алфите ги пишав на мој пост а сега ке ги доедитирам од твојот коментар ...
Упорен си како да си дивокоза ... но во овој слушај за доброто на МК граѓанин ...
Секоја чест инаку за Алфите како дел од полицијата кои неретко го ставаат и животот на коцка ... но законот и достоинството на граѓанинот мора а приори да го почитуваат ...
Да бев стручњак за човекови права ке се пријавев за доброволец ... но не сум ...
Ме потсети еднаш пред многу години, кога ме запреа едни андеркавер фаци кога одев на една журка во мкц. Главни беа еден тип и типка двајцата со кратки избланширани коси као демек клабери... и она не запираат и тикава вади значката, оригинал холивудски - ја испукува од рака шлак-шлак, као револвер бре, имаш секунд да ја видиш. И јас така млада бунтовнички расположена почнав да се расправам нешо човекови права ова она (иако за разлика од тебе благе везе немав што зборам), а типкава накрвена мислам ќе ме измлатеше на лице место, тоа психотична фаца убица. Арно шо се најде тој дебелиот бланширан батка така посоземен малку, па фино ми објасни да не прпам многу, зашто ќе не соберат во станица, да дозволиме фино да ни прегледаат ташните/ранците и да си фатиме патот. Јас не бев многу расположена за компромис, но сепак имав уште деве-три другарки со мене на кои и не им беше дојдено до борба за некакви човекови права, туку само сакаа да отидат на журка и да се забављаат. и така, од тоа остана само причата за лудата андеркавер бланширана цајканка, која има многу мерак да си ја покажува значката :)
Муабетов ми е и од ова да не остане само приказната за типот со пластичното лаживче во устата (што на крај заврши како нееколошки отпад).
Но сепак, ако бидне нешто ја имаш и мојата поддршка.
Ако носиш брада и шеташ сам по улица навечер тогаш си ептен сомнителен, нели?
Уште еднаш, во однос на одличниот предлог на Котле, секако ќе напишам неколку поста на таа тема, ама има еден мал хендикеп.
Новиот закон за полиција ќе стапи во сила за 10 месеци (се ова што ми се дешаваше беше според стариот закон), а подзаконските акти кои детално ќе ги регулираат односите на релација граѓанин-полиција допрва ќе се донесуваат.
Како и да е, ќе имам неколку прилози на таа тема.
Финтата да си носиш книже со тебе во кое ти пишува се е одлична, и веќе практикувана од некои борци за човекови права при контакт со полиција.
Не сум правник, но животот ме натера овие шест години да ги читам законите и си ги барам своите права. Но се оди во вода, од мое лично искуство се е поврзано едно со друго и предметот ти заглавува во нечија фиока, а ти/јас, ние се вртиме во круг никогаш не достигнувајќи ја правдината.
Накратко имам поднесено барање за покренување на кривични постапки против полицаец и судија кривичар до Јавно Обвинителство, пред две години, на кои сеуште чекам одговор.
Тужба против ВЕРО(расипан производ установено од санитарен инспектор со записник и лабараториски наод), тепање ученик од професор, и да не редам дома имам една архива ко некој адвокат во канцеларија. Ниту еден случај не е завршен, сите поткрепени со непобитни докази, сите се губат во нечија фиока, одложување поради небитни работи итн.
И јас сум еден од ретките кој секогаш со мене носам УСТАВ и Закони кои се однесуваат на моите права. Но се е џабе, додека не профункционира правна држава само ќе талкаме во правните лаваринти и поврзаноста на власт со судство, иако теоретски е поинаку, но во пракса сосема друго.
Се надевам дека ќе бидеш упорен, истраен, тешко е, нервози, кога гледаш дека некој те прави будала а си потполно во право.
Моја огромна подршка и се надевам дека ќе создадеме една критична маса на борци за човекови права, нивно почитување.
На крај ќе кажам исто како што кажав и во коментарот со автобусот, ЛУЃЕ ЧИТАЈТЕ СИ ГИ СВОИТЕ ПРАВА, НЕ ДОЗВОЛУВАЈТЕ НЕКОЈ МАЈМУНИ ДА ПРАВИ ОД НАС.
Поздрав, извини за подолгиот коментар.
zilievski@gmail.com
За жал, има толку многу невладини организации за човекови права, а толку малку борци за човекови права.
Што да се прави, кога правниот факултет константно едуцира борци за прекршување, наместо за заштита на човековите права...
Успешна борба, пријателе.
Обџекшн!Како и грото генерализации, и оваа е мислидинг, иако мислам дека може да попали маса читачи.
Во основа правниот факултет (нашиот) гледа да едуцира почитувачи и спроведувачи на законите.Иако два промила успева во тоа, Македонија останува крут и формален систем во поглед на правораздавањето и создавањето.Сосема друга ствар е теоретскиот, па дури и филозофски пристап кон ЧП, која правораздавачите не ги ни тангира.
Освен тоа, во твојот случај, најмалку се виновни правниците-пре би рекла целиот систем на кој почива МВР, а и да не се завараваме- секоја полиција во Европа и даље.
И правниот факултет не едуцира првенствено борци за човекови права- ако така ги гледаш адвокатите и судиите...
Иначе поддршка за случајов, иако мислам дека не гаиш илузии дека планини ќе почнат да се рушат (во Беко или било каде) поради твојата поплака. Сепак, и најдолгиот пат започнува и со најмал чекор.Тука, почит за твоите идеали.
АПСОЛУТНО секој граѓанин треба да ги знае своите права, и не само во контактот со полицијата - исто како што треба да ги знае своите обврски. Каде почнуваат едните, а завршуваат другите е еден аспект од поширокиот корпус ЧП што можда ќе не занима мене, тебе и сл, али судијата, а још мање адвокатот, на крај на мозок нема да го стават.
Супорт и за евентуален водич за човекови права- од твоја тастатура ако излезе, не сумњам дека ќе биде одличен текст. Сепак, дисклејмер - во случај на спор , судот покрај фактичката состојба, ќе го цени првенствено и ЗАКОНОТ, односно ПОСТАПКАТА. Затоа интегралните текстови се најважни и најсигурни -и затоа е битен добар адвокат и добар судија.
Секторот за внатрешна контрола е една прозрачна "енглеска кралица" институција, затоа ја рипнав.
Со сиот ризик дека ќе бидам погрешно сфатена - поздрав.:)Колку и да не личи така, на иста страна сме, само со различни методи. :)
Ај, ќе чкртнам нешто и ја за викендов.
Ако се вклучи и нена, можда ќе обели малку образ на правниците од Џастинијан :)
Ova e moment koga blogosferata moze da izleze od anonimnost i ja postigne osnovnata cel, KOREKTOR NA NASHETO OPSHTESTVO.
не дека имам против дечките, напротив се ефективни, статистички е паднат криминалот, но полицијата има кодекс на однесување кој е само за украс, а не е за однесување.
да не праиме муабет за тие од НТШ. тие се СС дивизија. посебно инспекторот Роби.
Шегата на страна, ДА (а и кој би бил против) - за човекови права, само се надевам дека повеќе ќе почнеме да "рецкаме" некои посурови примери на злоупотреби, цензури и автоцензури.
Изгледот те прави сомнителен, или постапките?
„...sekogash treba da se slushne i drugata strana...“
За ова си сосем во право.
Можно е, на пример, „Алфите“ да биле во потрага по лице од потерница кое личело на мене.
Меѓутоа, тоа не го оправдува нивното некултурно и недостоинствено однесување.
Ако контактот не започнува со прописно легитимирање на сите полицајци во цивил, со „Добровечер господине“, и не завршува со „Пријатно господине, извинете што неосновано ве запревме“; ако притоа има провокации од нивна страна и безразложно туркање на капата; тогаш ептен мириса на полициско самоволие и малтретирање.
...па пиши до каде е постапката, е евентуално како ќе се заврши!
п.с. те ставив во листа на пријатели!
фала за поддршката. :)
Ова е најкусата, блогерска верзија:
http://ultras.blog.com.mk/node/38371