Македонската Алиса

12/31/2008

Не ми е јасно зошто толку дрвја и камења се фрлија по туристичкиот спот на Милчо Манчевски и проектот „Македонија - вечна“. Ем го обвинија авторот за плагијат ем за „заборавени“ рефлектори, па и за „нерамковно“ претставување, а уште малку ќе го обвинат и за игнорирање на последиците од светската економска криза по нивото на Преспанското Езеро. Има ли смисла толку мани да се наоѓаат кога уметникот убаво си се одбрани дека неговото дело е своеобразна реплика на „Алиса во земјата на чудата“? Е, сега, ако славното дело на Луис Керол е клучот за дешифрирање на македонската Алиса во земјата безвременска, милитаристички настроените критичари се чини стрелаат во сосем погрешна мета.

„Алиса во земјата на чудата“ (во првобитната верзија „Алиса во земјата на андерграундот“) не е само приспивна приказна за мали и исплашени девојчиња, туку книга преполна со парадокси, политички алузии, симболи, математички и лингвистички референци, и пародирање на лекциите што требало да ги учат напамет британските ученици. Оттаму, ако спотот на Манчевски го гледаме со жанровски очила како „литературен нонсенс“ (жанрот на кој припаѓа делото на Луис Керол), тоа може да ни отвори нови „врати на перцепцијата“.

Главната разлика помеѓу британската и македонската Алиса е тоа што првата веднаш пропаѓа низ зајачка дупка во „земјата на чудата“, а нашата ја започнува „авантурата“ без да излезе од спалната, сеирџиски уживајќи во оживувачките илустрации од чудотворната книга, седната покрај татка си. Разбира се, клучната дилема е како ќе ја толкуваме „земјата на чудата“. Во книгата на Луис Керол, Wonderland е подземје („андерграунд“) пренаселено со бизарни ликови. Сите се под власт на „слепата фурија“ - Кралицата срце (карикатура на кралицата Викторија), која сите нејзини проблеми ги решава со издавање една единствена наредба: „Исечете им ги главите!“

И македонската Алиса, листајќи ги страниците од книгата на нејзиното културно созревање, се соочува со мноштво бизарни историски (архе)типови. Некои од нив изгледаат навистина застрашувачки: ослепениот Самуилов војник, 40-те маченици, па и св. Марина која држи некакво си дијаболично монструмче во раката. Сепак, најексплицитната закана доаѓа од „рунтавиот Македонец“ со боздоганот кој (според еден блог-коментатор од под „Марку-Куле“) како да испраќа недвосмислена порака до посакуваните туристи: „Само дојдете, ви ебавме мамата!“

Ако спотот на Манчевски го читаме како што некои критичари ја читаат „Алиса во земјата на чудата“, тогаш раскажувањето на официјалната приказна преку листање на страниците на Македониумската сликовница би било само една страна на паричката. Другата страна почнува да изгрева кога ќе почнеме внимателно да го расткајуваме платното, проникнувајќи во геометриските парадокси (загатнати во орото и велешката архитектура, во „Големата мајка“ од Маџари, во серпентините близу Крушево...), во лингвистичките и музичките референци, во симболичката исполнетост на доматот и лубеницата како узреано сонце...

Несомнено, најконтроверзно ќе биде исчитувањето на политичките референци и (пре)пораки, пред се' ритуалното испивање вино од страна на античко-македонскиот војник и поклопувањето на чашата со симболот на сонцето од Кутлеш, ископана на Самуиловата тврдина во Охрид. Бездруго, ова меѓународно перчење со симболот на Македон ископан на наша територија ќе биде искористено како поткрепа на грчките аргументи дека и ние пет пари не даваме за „Привремената спогодба“. Но, ако сакаме да направиме вистинска винско-туристичка дистинкција помеѓу античките Македонци и Елините, тогаш во некој од идните спотови мора да се нагласи дека вистинските Македонци го пијат виното непомешано со вода и строго во машко друштво, за разлика од неиздржливите Елини кои обичале да го пијат како „шприцер“ и во друштво на сомнителни „кафански певаљки“.

Кога сме веќе кај историско-политичките пораки и парадокси, најмногу ме бендисаа две пораки на сајтот „Македонија - вечна“. Првата е дека „Наспроти турбулентното минато, денешниот народ на Македонија е мирољубив, пријателски и оптимистички за заедничката иднина меѓу големата Европска фамилија од нации“. Несомнено, тоа го покажавме не само во 2001, туку и на последните избори, а нашата мирољубивост традиционално ја докажуваме и со фрлање експлозивни направи за време на свадби, прослави и новогодишни празници. А за тоа какво ни било „турбулентното минато“, сведочат линковите од „Њујорк тајмс“. Првиот линк сведочи за настан од 1874, кога двајца селски големци од едно „тивко македонско село“ решиле „џентлменски“ да го решат спорот околу воденицата ползувајќи го традиционалниот метод кој најблиску може да се опише со зборот „касапана“. (Секаква сличност со последните избори е случајна.)

Втората порака која ја испраќа „Сенка филм“, од име на Владата на Република Македонија, е преку линкот Nation Master Encyclopedia (прв линк на страницата „Историја“). Во одредницата за „Култура на Македонија“ експлицитно се тврди дека „традиционалното грчко население или се населило на југ или изумрело со времето како што било заменувано од мнозинскиот словенско-македонски етницитет.“ Се надевам дека нема да бидам обвинет за ширење непријателска пропаганда затоа што цитирам енциклопедии што ги препорачува нашата влада.

Парадоксално или не, како и за секое друго уметничко дело, и за спотот на Манчевски важи дека „Вистината е во окото на набљудувачот“. Моето десно око ја гледа Алиса како среќно заспива откако ќе се загуби во древните митови на Македонија. За неа митот станува реалност, каква што може да стане и за туристите намерници. За левото око архео-историските митови се само животни пречки што мора да ги помине нашата Алиса, во процесот на нејзиното културно освестување и созревање. Пречки, како и „дамата срце“ и останатите монструозни ликови од подвижниот шпил карти на „земјата на чудата“.

Апокалипса

12/24/2008

Паметам кога еден познат колумнист радосно објави дека му се остварила желбата од времето на комунизмот: „Еден ден ќе живееме во држава во која луѓето нема да ги казнуваат за изразено мислење“. Ех, пусти желби колумнистички! Еден убав ден, можеби и ќе живееме. Дотогаш, мора да го преживееме политичкиот лов на непослушни новинари и колумнисти за „хуманитарни цели“. Чудна е нашата ловократија: некои животни воопшто не смеат да се ловат, некои можат само во ловна сезона, но сезоната на „хуманитарен“ лов на новинари трае 24 часа, 365 дена во годината!

Барем децата без родители не треба да се плашат за својата иднина, се' додека нашите „независни“ судии експресно ги осудуваат „клеветниците“ штитејќи го ликот и делото на другарите Бане и Никола. Несомнено, обајцата можат да се пофалат со ретки ловечки „трофеи“. Првиот, со едно чифте улови два зајака - ем пресуда од 25.000 евра за клевета од познат уредник ем судски докажа дека немал сметки во швајцарски банки. Вториот улови уште побогат плен, а притоа и судски докажа како станал премиер: „...благодарение на угледот и честа јас уживам доверба кај граѓаните, на таа основа станав и премиер.“

Но, дали (и како) беа повредени угледот и честа на почитуваниот Груевски, толку што судот изрече драконска казна од над 100 просечни плати? Дали можеби поранешниот министер Груевски бил наклеветен со изразеното мислење дека „Одговорност треба да се бара за премиер, министри и претседател на Собрание“ за неспроведување на одлука на Уставниот суд? Дали, пак, со укажувањето дека „во правна држава одлука на Уставен суд има сила на уставна норма и над неа е само Господ“? Или, можеби, клевета е да поставиш прашање „дали е склучен штетен договор и дали е тоа направено од глупост, корупција или двете заедно“?

Секој што има малку познавање на човековите права знае дека правото на слобода на изразување ужива врвно ниво на заштита од судот во Стразбур. Особено за теми од општ интерес, како што се почитувањето на принципот на владеењето на правото или борбата против корупцијата. Слободата на печатот се штити дури и кога објавените фактички искази се невистинити - ако публикацијата има легитимна цел, ако прашањето е од јавен интерес и се прават разумни напори за верификување на фактите.

Да потсетиме, новинарската легенда Менде Петковски беше осуден на 4 месеци затвор (2 години условно) за клевета поради текстот „Димитар Црномаров му го одзеде „фордот“ и на апелацискиот судија Неџат Ајро“, иако статијата имаше легитимна цел: „Во сообраќајот сите сме еднакви - од шефот на државата до најобичниот граѓанин. Затоа во Битола никој не смее да вози автомобил без таблички.“ Новинарот беше осуден за бенигна пропуст: „фордот“ не бил одземен, иако возилото било исклучено од сообраќај и била поднесена прекршочна пријава за возење автомобил без таблички!

И оспорената колумна имаше легитимна цел, но во јавноста се доби впечаток дека авторот е осуден за бенигни фактички пропусти. За колумната битно е кој е одговорен за непочитување на одлуката на Уставниот суд (Владата на Георгиевски и Владата на Црвенковски!), а споредно дали сегашниот премиер бил тогаш министер за финансии или министер за економија. Главната интенција е да се отвори „сериозна дебата за лоцирање на политичката и правна одговорност на сторителите“. Споредно е дали министерот за економија тогаш потпишал анекс-договор или две писма (со статус „виша сила“, кои можат да се најдат во анексот на пресудата Мамидоил в. Окта објавена на интернет).

Во случајов, суштествено е дали судот зел предвид дека колумнистот истапува и во својство на „стручен консултант на подготвителните седници на Уставниот суд“ за споменатата одлука. Оваа околност значително го подигнува нивото на заштита на правото на слобода на изразување, како и околноста дека станува збор за професор по човекови права и нивни бранител.

За високиот степен на заштита на слободата на изразување сведочи и пресудата на судот од Стразбур против Словачка, во случајот на радиото „Твист“. Радиото било казнето за објавување телефонски снимки на функционер, со кои наводно му биле повредени честа и угледот. Судот заклучил дека репутацијата на засегнатиот функционер не била повредена со емитувањето на снимките (кои биле незаконски добиени), затоа што истиот набрзо бил избран како судија на Уставниот суд. По аналогија, и нашиот суд требаше да заклучи дека репутацијата на Груевски не беше повредена со објавувањето на колумната, откако беше реизбран за премиер, освојувајќи значително повеќе гласови од претходните избори.

За разлика од нашите судови, судот во Стразбур многу помалку ја цени репутацијата на политичарите од слободата на изразување. За тоа сведочи случајот на еден австриски уметник, кој бил судски казнет со 1.450 евра поради излагање на уметничкото дело „Апокалипса“ во кое биле портретирани 34 јавни личности, голи и во сексуални пози. Инаку, бил тужен од еден пратеник, прикажан на сликата како „му го стиска ејакулирачкиот пенис на господинот Јерг Хајдер, истовремено допиран од други двајца политичари, и како ејакулира врз Мајка Тереза“. Укажувајќи дека сатирата е намерно провокативна форма на уметнички израз, која ја преувеличува и извртува реалноста, судот заклучува дека казната не била нужна во едно демократско општество. Имено, сликата не го засегала приватниот живот на политичарот, туку неговиот јавен статус како политичар!

Накусо, колку и да е сатирична колумната „Окта“ вис-а-вис Кољо Дијамантот“, таа не го засега приватниот живот на Груевски, туку неговиот јавен статус како министер инволвиран во случајот „Окта“. Ама, прозните дела од Стразбур се' уште не ги тангираат нашите судии кои уште ги рецитираат фамозните стихови од песната „Уз маршала Тита“: „Тко друкчије каже, тај клевеќе и лаже!“


Политички кондоми

12/17/2008

Деновиве се потсетив на легендарната народна изрека „Што би рекол Панта Реи, се' тече, се' се менува“. Се' тече, се' се менува, освен политичката глупост која изгледа кај нас е вечна. Џабе властодршците протекуваат и се менуваат како „еколошки чистата“ вода од санитарното казанче. Политичкиот менталитет на неотчетност и нетранспарентност му одолева на изборниот млаз како употребен кондом фрлен во клозетска шолја. Пуштај вода, брате мили, колку сакаш, ама кондомот канализацијата не го прима - и не го прима! Да беше случајно жив Хераклит мрачниот (алијас Панта Реи), сигурно пак ќе не' просветлеше: „Во една иста клозетска шолја двапати не можеш да стапиш, освен ако не си политички употребен кондом!“

Јасно ни е што се случи со политичарите што навлекоа розови кондоми во 2004, сакајќи да се заштитат од „некои прашања“ кои не заслужуваа одговор. Оние што тогаш не' убедуваа дека „и неизјаснувањето е начин на изјаснување“, наскоро си добија транспарентен одговор на изборното изјаснување. Но, како залудно да протекоа, како залудно да се сменија - нивните наследници веднаш ги навлекоа веќе употребените розови кондоми! Ако пред четири години некои прашања не заслужуваа одговор, сега повеќето прашања не заслужуваат одговор. Некои прашања човек не смее ни да ги постави, освен ако не сака веднаш да биде прогласен за еден од „грчките платеници и предавници“.

„Колку чинат кампањите со кои катадневно не бомбардира нашата влада?“ - е едно од незгодните прашања со години упорно поставувно од здруженијата на граѓани, новинарите, опозиционерите, граѓаните. За чинењето на „букефалистичкиот“ спот од кампањата „Ти си Македонија“, премиерот изјави пред новинарите: „Точната сума не ја знам, но утре можам да ви ја кажам“. Сумата ја дознавме „утре сабајле“. И пратеничкото прашање до министерот за финансии за тоа кој и колку се офајдил од сите владини кампањи тековнава година се' уште стои во графата „прашања што не заслужиле одговор“. Министерот пред некој ден јавно изјави: „Во моментот не располагам со таква бројка“. Веројатно и тој ќе ни ја каже утре. Утре сабајле.

Во меѓувреме, Владата најави уште една кампања за борба против корупцијата. Како да и' веруваме дека искрено сака да ја зголеми свеста за борбата против корупцијата? Како да и' веруваме дека скапите кампањи не се облик на корупција на медиумите кога Владата не сака да издаде патриотска фискална сметка колку пари се потрошени во кампањата, на кои македонски производи и од кои буџетски ставки? Се' додека Владата си ги крие нозете, ниту ќе престанат шпекулациите за потрошените пари (од 20 до 50 милиони евра годишно?!), ниту ќе престанат сомневањата дека со скапите кампањи се перат ем граѓански мозоци ем државни пари.

Основани сомненија за начинот на трошењето буџетски средства се појавија и во однос на предвидената ставка од околу 9 милиони евра за изградба на споменици во општина Центар за 2009. Тоа што прво паѓа в очи е дека најмногу од спомениците (нарачани од Владата) ќе се градат во Паркот на жената-борец, а меѓу дваесетмината на кои општината на Аларова решила да им подигне споменик нема ниту една жена! Се обидувам да се воздржам од коментарот дека најголема пречка за родова еднаквост се токму политичарките на власт, ама тешко ми оди.

Додека цивилизираниот свет се обидува да се справи со економската криза воведувајќи ригорозно штедење, ние ако треба и тикви без корен ќе јадеме, ама споменици ќе градиме. Изградбата на енормно скапи споменици во зло време не е само симптом за идентитетска криза, туку и за недостиг од политичка култура. Бесмислено е во име на културата општината да троши 20 пати повеќе пари на споменици отколку на културни манифестации (според програмата за 2008). Неразумно е на споменици да се трошат 60 пати повеќе пари отколку на финансирање здруженија на граѓани (од кои најмногу средства, замислете, добила „граѓанската“ организација- МПЦ храм „Св. Пророк Илија“ - Говрлево). Автодеструктивно е во името на културата да се трошат речиси 25 пати повеќе пари на споменици отколку на јавна чистота плус одржување локални патишта.

Додека се давиме во сопственото ѓубре, плашејќи се да не изгинеме во некои дупки, општинските политички некрофили ќе си распределуваат високи хонорари криејќи се зад славни имиња. Како што изгледа, не само што се' тече туку и се' може да помине од име на“борбата за зачувување на нашиот идентитет“. Лично, од сите овие транзициски споменици на неотчетноста, нетранспарентноста и корупцијата, најмногу ме радува долгоочекуваниот импозантен споменик на Александар Македонски во центарот на Скопје. Конечно, ќе добиеме достоен симбол на нашиот древен бисексуален идентитет.

Несомнено, преродбеничката приказна за нашиот милениумски идентитет воопшто не е евтина прикаска. Главата почнува да боли од есапот за потрошените десетици милиони евра за споменици, спотови, огласи, восочни фигури, музеи на вода и на земја, археолошки ископувања, спортско-патриотски проекти... Но, од вртоглавите суми некои нешта стануваат појасни. Станува појасно зошто економскиот раст се' уште не резултира со зголемување на животниот стандард на граѓаните и намалување на сиромаштијата, зошто Македонците се најнесреќни во Европа и зошто одвај чекаат да избегаат од нашите политичари. Станува појасно и зошто властодршците обичаат розови кондоми - за да се заштитат од непријатните прашања кои не заслужуваат одговор наместо од коруптивно преносливи инфекции.

Ден на човекови права

12/11/2008

Еве што напишав лани:
„Зошто сум против ден на човекови права?
Затоа што на тој ден им се пружа прилика да си ја смират совеста оние кои останатите 364 дена во годината не направиле ништо за промоција и заштита на човековите права.
Секој ден од годината е ден на човековите права!“

Еве и дел од вчерашната изјава за Шпиц:
„Аналитичарот Жарко Трајановски вели дека луѓето во Македонија малку си ги знаат правата, па затоа има и малку поплаки за нивно кршење.
- Државните институции имаат обврска за промоција на човековите права, но потфрлаат во таа нивна обврска за да не си отворат дополнителна работа со постапки за кршење на правата - вели тој.“

Еве и уште неколку необјавени поенти кои му ги укажав на новинарот:

Во Македонија е бесмислено да се зборува за уставна заштита на човековите права, затоа што само граѓанинот има право на уставна заштита.

Исто, само граѓанинот има право да биде запознаен со човековите права.

Практично, уставот ги редуцира правата на човекот во права на граѓанинот.

Човековите права се претвораат во карикатура, кога механизмите за нивна заштита се непознати и/или неефикасни.

Танталови маки

12/10/2008

Дефинитивно, времето ќе продолжи да работи за Груевски, се' додека нашиот мајстор за спектакли се дружи со харизматичниот беловременски патник Паско Кузман. Деновиве сме сведоци на спектакуларно реактивирање на временската машина на Паско во Градиште, која сега и на обичните смртници ќе им овозможи „да патуваат низ времето, од словенството, преку римското време, се' до праисторијата, во крајот на железното и почетокот на бронзеното време“. Навистина, што толку запнале нашите неблагодарни граѓани да патуваат без визи во здодевната ЕУ кога имаат несекојдневна можност за возбудливо патување низ времето во новоотворениот Музеј на вода?

Најнапред нашиот премиер-кустос ја прероди Владата во антички музеј редејќи обезглавени статуи, за да видат странците „дека оваа држава има корени и дека, како што вели народот, не сме ние тиква без корен, нели!“. По изградбата на музејскиот комплекс „Македонска борба“, Груевски продолжи пополека да го преродува во историски музеј и остатокот од (античка) Македонија. Разбира се, ударнички му помага и неговиот коалициски партнер кој ја прифати „преродбеничката“ програма и почна да отвора музеи среде територијата на античка Дарданија. Со секој отворен музеј, македонската влада освојува нови „територии“ од своето славно минато, а народецот македонски станува посвесен за својот антички, железен, бронзен и праисториски идентитет. Најновото историско освестување што ни го овозможува Музејот на вода е „за почетоците на формирањето и препознавањето на племињата во етничка смисла“, односно, за нашата етничка поврзаност со Бригите кои си го смениле името во Фриги откако се преселиле во Мала Азија, некаде „меѓу 1.200 и 700 година пред нашата ера“. Навистина, што мајка бараме да се интегрираме во ЕУ, кога таму ги искоренија древните и славни племиња? Зошто да се интегрираме во ладната „Европа“, а не во топлата Мала Азија, каде што нашите племенски сродници си формирале држава пред неколку илјади години?

Според некои историски извори, и митскиот лик Тантал потекнувал од Фригија. Во некои од митовите Тантал е изложен на невидени маки затоа што направил „касапана“ од својот син и искасапените парчиња им ги понудил како жртва на боговите. Танталовата казна е позната како облик на мачење кое поттикнува силни желби што никогаш не можат да се задоволат. Наводно, над базенот со вода во кој стоел Тантал имало многу сочни овошки, ама штом Тантал ќе подал рака кон нив, гранките се подигнувале и плодовите му се измолкнувале од рака. Водата ненадејно се повлекувала штом Тантал ќе подадел рака за да се напие, а над неговата глава висел огромен камен, заканувајќи се секој момент да падне и да го згмечи.

По невидената „касапана“ на преуранетите пролетни избори и Република Македонија е изложена на Танталови маки. Укинувањето на визите од ЕУ е сочна овошка на дофат на нашата рака, но штом посегнеме по неа, овошката постојано ни се измолкнува. „Европската“ вода ненадејно се повлекува, штом нашите жедни политичари ќе подадат рака за да се напијат од неа. Преговорите (или разговорите?) околу именувањето (или преименувањето?) ни висат над главите како огромен камен, кој се заканува секој момент да падне и да не згмечи „како шлепер жаба“.Тантал бил казнет затоа што им понудил несоодветна жртва на разлутените богови. И Македонија е сега казнета од „ЕУ-боговите“ затоа што ги жртвуваше слободните и фер избори заради „кеширање“ на политичкиот рејтинг на Груевски.

Може ли Македонија „да се развива и забрзано да чекори кон прогресот и подобрата иднина“, ако политичката енергија се троши на јакнење на античката, железната, бронѕената и праисториската перспектива, наместо на јакнење на „европската“ перспектива? Ситуацијата со нашите државно-интегративни капацитети нема да се подобри „ниту за милиметар“ ако политичката енергија се троши за реконструкција на славното племенско минато наместо за конструкција на „европска“ иднина. За лошиот имиџ на Македонија како резерват на „опасни животни“ опседнати со своето племенско минато подеднакво е одговорна и визната политика на „тврдината Европа“ и „преродбеничката“ политика на праисторискиот „аквариум“ Македонија.

Има ли спас од нашите Танталови маки? Како што забележа еден аналитичар, Барак Обама победи токму благодарение на тоа што „инспирира надеж во една нова политика за иднината“. И Груевски победи инспирирајќи надеж за прогрес и подобра иднина во 100 преродбенички чекори. Затоа, крајно време е Груевски да зачекори кон иднината реализирајќи ја ветената „политика за иднината“. Шиткањето евтини историски прикаски не само што ја продлабочува кризата на националниот идентитет туку и ги расипува односите со нашите ЕУ соседи. Наместо водење деконструктивен политички „дијалог“ со историското минато, од премиерот се очекува да ги прекине возбудливите патувања со временската машина на Паско Кузман и да се фокусира на решавање на сегашните политички приоритети од кои зависи иднината на Македонија. Дури тогаш времето ќе почне да работи и за нас, а не само за временскиот патник Груевски.

Македонската борба

12/03/2008

Македонската борба е мртва. Нема ни трошка сомнеж во нејзината безживотност. Прашање е само кога го има испуштено последниот здив. Непоправливите песимисти тврдат дека испуштила душа уште на првиот Илинден 1903 (кога се' уште беше жива идејата за целокупна Македонија) или во Букурешт 1913. За поумерените, смртта настапила по вториот Илинден, со политичката елиминација на Ченто, или со Титовото „не“ на Сталин 1948. Потенцијални симптоми за смртта се и југоносталгичарското референдумско прашање 1991, откажувањето од уставното име и знаме при приемот во ОН 1993, трампањето на сонцето од Кутлеш 1995, рамковниот мировен договор 2001, неуспешниот референдум 2004, дебаклот во Букурешт 2008...

Сепак, симболичката смрт на македонската борба настапува со одлуката на Владата да изгради историски музеј „Македонска борба“! Со почетокот на изградбата на музеите на ВМРО и на жртвите на „комунизмот“ македонската борба дефинитивно заминува во историјата, претворајќи се во восочна фигура. Дали следната фаза од „историската“ борба ќе биде изградба на музеј на жртвите на ВМРО?

Нашиот премиер може колку сака да не' убедува дека борбата продолжува - за уставното име и „нашиот идентитет“ или за што и да е друго. Џабе му е. Ахмети уверливо му докажа дека македонската борба е мртва, за разлика од албанската борба. Не случајно, на Денот на независноста на Албанија, тој го отвори музејот на ОНА („Музеј на слободата“) „токму во главниот град на Дарданија“ - Скопје. Колку за потсетување, античкото име Дарданија е заштитен знак на неофицијалното знаме на Косово дизајнирано од Ибрахим Ругова, како и на „печатот на претседателот на Косово“. Токму грчката „македонска борба“ го застапуваше аргументот дека Скопје е во Дарданија, надвор од територијата на античка Македонија.

Но, не сме ние „параноични Грци“, па веднаш да дигаме џева дека употребата на името Дарданија подразбира територијални претензии. Не сме ние толку параноични да веруваме дека ѕвездичките на официјалното косовско знаме се проекција на некоја идна Косовска унија. Бездруго, секаква реакција би била хистерична во време кога претседателот на косовскиот парламент „добронамерно“ се заканува со обединување на Косово со Албанија. Нема место за никаква загриженост ниту кога нашите „неекстремни“ аналитичари искрено и добронамерно го поставуваат прашањето „Зошто да живееме во пет држави ако можеме во една?“

Независно од молкот на „борбениот“ премиер, церемонијалното отворање на „Музејот на слободата“ во „главниот град на Дарданија“ поттикнува неколку интересни прашања: Што, кого и од кого ослободувала во 2001 армијата што имаше иста кратенка како и косовската УЧК? Зошто ВМРО-ДПМНЕ не го обвини Али Ахмети како предавник на државните интереси, иако и тој застапува слични ставови како Грците? Ако Скопје е навистина „главниот град на Дарданија“, зошто не му предложиме на Нимиц „рамковно“ решение на маратонскиот спор со формулата Република Македонија (Дарданија)? Најпосле, ако музеите придонесуваат за надминување на конфликтите, зошто Груевски не го отвори Музејот на ВМРО во Солун, како „Музеј на слободата“ во „главниот град на Македонија“?

Јасно е дека премиерот ниту може ниту, пак, сака да го направи тоа. На Груевски му е многу поважна борбата со Црвенковски и коалицијата со Ахмети отколку македонската борба. Инаку, „македонската борба“ немаше да ја претвори во излитена пропагандна флоскула ползувана за дискредитирање на партиските противници.Разбира се, и Црвенковски и Груевски имаат многу повеќе сличности отколку што може на прв поглед да се претпостави. Обајцата ја претпочитаат меѓусебната борба и партиските интереси за сметка на македонската борба и државните интереси. И едниот и другиот грчовито се борат за политичка амнестија по заедничкиот дебакл во Букурешт.

Ете, и Црвенковски почна да не' убедува во прикаската дека ни Вашингтон не очекувал таков исход во Букурешт. Очигледно, претседателот не бил информиран за сведочењето на Даниел Фрид пред сенатскиот Комитет за надворешни работи од 11 март 2008. Фрид јасно укажува дека спорот „се заканува на НАТО-кандидатурата на Македонија“ и дека „без решение на овој проблем, Грција рече дека ќе ја блокира поканата за Македонија да му се придружи на НАТО“. Наспроти проценката на Црвенковски, не беше Грција ставена во или-или ситуација - или да прифати наше членство со референцата, или да прифати „Република Македонија (Скопје)“. По Букурешт ние бевме и сме ставени во или-или ситуација - или да изнајдеме заемно прифатливо решение со Грција, или да се откажеме од желбата за членство во НАТО.

Залудни се изјавите на политичарите дека сме морални победници. Ако им беше битен моралот, не требаше да бараат членство во воен сојуз одговорен за тешки кршења на хуманитарното право. НАТО никогаш не бил клуб на морални луѓе. Впрочем, тоа се гледа не само од наметнувањето дополнителен услов за наше членство туку и од тврдењето дека прашањето за името не е НАТО-прашање. Што друго ни преостанува, освен да се думаме зошто зад дополнителниот услов сега застануваат сите членки на алијансата?

Не можејќи да ја прифатиме народната „кај што има сила нема правдина“, побаравме правда во Хаг. На сите им е јасно дека, и во случај на позитивна пресуда, Грција може повторно да ја ескивира привремената согласност од 2005, која не е обврзувачка за НАТО. Проблемот го одложивме на неодредено време, коцкајќи се со нашата иднина.

Во меѓувреме, божемната македонска борба за „уставното име“ продолжува со нов преговарач, без да се отповикуваат претходните. Ако досега имавме симптоми на двојна личност, отсега ќе го манифестираме христијанскиот парадокс на троединството (народски кажано - „три во едно“). И пак станува актуелен вицот за тројцата Македонци, во следнава варијанта: Ако едниот е комита, а другиот војвода, кој од нив е кодошот?

Мојот список со блогови

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Архива на блогот

Footer Widget 1

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Loading...

Footer Widget 2

Популарни објави

Популарни објави

Popular Posts this month

Popular Posts this week