Го чита ли некој Уставот на Република Македонија? - „Кој устав?“

3/31/2007


(блог-колумна)

„Република Македонија уставно е дефинирана како мултиетничка држава на еднакви граѓани...“ – вели Азис Положани, пратеник од ДУИ и поранешен министер во владата на Република Македонија. (Зошто влада со двојно мнозинство?
)
Го отворам
Уставот на Република Македонија и упорно „барам, баарам, ама неема“ – никаде нема „мултиетничка“ држава!
Во чл. 1 пишува дека „Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава.“ И толку. Во другите членови нема ни трага од зборот „мултиетничка“.
Навистина, кој устав го читал г-нот Азис Положани? Почна да ме фаќа параноја дека министрите и политичарите си имаат некој посебен устав, кој е сосема различен од уставот објавен на страницата на собранието.
Чекај, си велам, дај да видам што устав е објавен на страницата на владата, оти г-нот Азис Положани беше министер, па можеби во уставот на владата пишува дека „Република Македонија е мултиетничка држава на еднакви граѓани...“. Ја отворам владината страница, и што да видам, во тамошниот
„Устав-Рамковен“ (без амандмани!) стварно си пишува дека „Мултиетничкиот карактер на македонското општество мора да се сочува и да најде свој одраз во јавниот живот“. А нели, државава ни е република, а републиката е „јавна работа/ствар“ (рес-публика)? Логично, нели?
Што е крив г-нот Азис Положани затоа што верува дека „Република Македонија уставно е дефинирана како мултиетничка држава на еднакви граѓани...“ кога
„Уставот-Рамковен“ на владата навистина дава основа за такво верување?
Одеднаш, почна да ме мава посилна параноја. Ако собранието си има еден устав, а владата си има друг (поточно
„Устав-Рамковен“), тогаш нашиот претседател сигурно си има трет устав – логично заклучив, и нестрпливо кликнав на страницата на нашиот претседател (пардон – „пресидент“). Но, џабе кликав на линкот на владината страница, кога „е-кохабитацијата“ не функционираше – претседателот не беше достапен. (Ако сеуште ве интересира како претседателот си направи своја верзија на Уставот, кликнете на Пофалби за Претседателот!).
Ајде, си реков, можеби уставот објавен во
Службен весник на Република Македонија ќе разјасни која од овие верзии е вистинската? Кога, верувале или не, и оваа институија си има своја верзија – „УСТАВ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА СО АМАНДМАНИТЕ НА УСТАВОТ I, II, III, IV, V, VI, VII, VIII, IX, X, XI, XII, XIII, XIV, XV, XVI, XVII, XVIII, XIX, XX, XXI, XXII, XXIII, XXIV, XXV, XXVI, XXVII, XXVIII, XXIX и XXX“ (и тука амандманите не се на крајот на уставот, туку после секој изменет член).
На крај, спасоносна идеја ми мина низ главата. Чекај, трк да видам според кој устав пресудува Уставниот суд – дали според уставот на собранието, според уставот на владата, според оној на претседателот, на службениот весник или, можеби, и нашиот „УСУД“ си има свој сопствен устав?
Набрзина кликнав на „
Устав на Р.Македонија“ и чекав едно 10 минути додека се вчитуваше. Мора да е стилски ефект, ми мина низ главата. Па, и самите знаете како е кај нас: дали некој воопшто би ја почитувал институцијата кај која не се чека барем 10 минути?
Гледам, читам, и не ми се верува. И УСУД си има своја верзија на уставот! Уставот на УСУД започнува со „I. ОСНОВНИ ОДРЕДБИ“ наспроти уставот на собранието кој започнува со преамбулата (ако не го сметаме бројот, датумот, местото, и Стојан Андов). Скролам до крајот да видам дали има амандмани – има!
Точката два од Амандман IV вели „Со точката 1 на овој амандман се заменува Преамбулата на Уставот од Република Македонија“, ама уставот на УСУД нема преамбула, така што амандманот автоматски станува бесмислен. Може ли да се замени нешто што го нема?
Ако му го поставите ова прашање на уставниот суд тој најверојатно ќе се прогласи за ненадлежен. Навистина, што е тука виновен уставниот суд, кога во уставот на УСУД никаде не пишува дека тој е надлежен да одлучува за прашања од типот „Може ли да се замени нешто што го нема?“. Па немојте, ви се молам, ценетите уставни судии не се метафизичари, туку мошне угледни и софистицирани правници.
Дури и ако ги прашате кој устав е оригинален „Устав на Република Македонија“ тие пак ќе ви кажат дека не се надлежни да одлучуваат по тоа прашање. И тоа со право, оти во уставот на УСУД никаде не пишува дека уставниот суд одлучува по прашањата дали уставот на собранието е во согласност со
„Уставот-Рамковен“ на владата, и дали уставот на претседателот е во согласност со уставот на службениот весник.
И така, секоја институција си има своја верзија на устав на Република Македонија, и никој не е надлежен да одлучува чиј устав е во согласност со оригиналниот „Устав на Република Македонија“.
Почнав во себе да размислувам: „Може ли
Зомбификација да стане некаква е-институција ако нема свој сопствен устав! Џабе Зомбификација има регистрирано три пати поголем број на пристапи од УСУД, кога си е без-уставна! Ако немаш устав, не си никој и ништо!“
Затоа решив: распишувам конкурс за уставотворна комисија, па повелете блогерки и блогери, ако сте заинтересирани за членови или предлагачи, давајте сугестии за „Уставот на Република Македонија“, кој заеднички ќе го донесеме и изгласаме.

Еве, на пример, ко за почеток: зошто Република Македонија уставно да не ја дефинираме како „мулти-идентитетска држава на еднакви блогери и блогерки“?

Тутунот и алкохолот поштетни од „тревата“!

3/23/2007


Научниците предлагаат нов систем за класификација на дроги, според нивната штетност.
Според новиот систем, екстазито и канабисот се многу помалку штетни од „легалните дроги“ - тутунот и алкохолот (
Scientists tout new drug rankings).
Од сега натаму, пред да запалите цигара, пред да дрмнете една ж'та на екс, и пред да жигосате некого како „наркос“ или „џанки“ - погледнете се прво во огледало!

Пак за името: Европска Република Македонија?

„Време“ известува за пораката на Рен за што побрзо решавање на „билатералниот спор“ за името, провоцирана од една „шега“:
„…еден европарламентарец што на шега рекол дека Македонија наместо да се нарекува ПЈРМ би можела да се нарекува „Идна Европска Република Македонија“.“ (ФИРОМ е несмасно име)
А зошто „идна“? И сега сме Европска Република Македонија.
Ако Европа е навистина континент (а не парче од источна Азија), тогаш и ние сме во Европа. И ние сме Европјани или Европејци - како ќе милувате.
Што мислите за идејата сами да си го смениме името во Европска Република Македонија?
Така националноста на новите државјани би можела да стане Европски Македонци (скратено – Евро-Македонци), а нивната етничка припадност би си останала како и до сега - Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци итн.


P.S. Еве и две симптоматични изјави:
„"Бидејќи ние сакаме да сме европска земја, јас сакам мојата земја, да речеме, да ја наречам Европска Република Македонија", рекол Трајковски на поставеното прашање што наишло на одобрување и од членовите на неговиот кабинет кои беа во Стразбур.“ (Претседателот државата сака да ја вика Европска Република Македонија.)
„- Се надевам, мислам и претпоставувам дека претседателот Трајковски ова не го смета за официјален предлог. Тој има уставни надлежности во надворешната политика, но ги дели со Владата и за вакви чувствителни прашања би требало да се извршат широки консултации - изјави вчера вицепремиерката Радмила Шеќеринска. “ (Владата посакува "европска Македонија" да е само иронија)
Шеќеринска, каде си?!?

Кој е актуелниот претседател на пост-рамковна Македонија?

3/22/2007

Прашањево сосем логично се поставува откако ќе кликнете на официјалната страница на Претседателот на Република Македонија.
Таму некои чудни фигури се поздравуваат, сечат ленти, го испитуваат или го тапшаат лицето што победи на последните претседателски избори.
Ич не ми е јасно: дали реалниот претседател на пост-рамковна Македонија е оној што се поздравува со Б.Ц., оној што сече лента, оној што го испитува (Буш) или пак оној што го тапша Б.Ц. (Солана)?
Ако кликате почесто на рефреш, ќе можете и да го видите Б.Ц. со папата, како кисне покрај отворениот чадор на Путин, како ја строи војската, или како насмеан држи во раце две маскирани дечиња.
Најомилена фотографија ми е со погачата со солца што му ја принесува едно девојче во народна носија, а најтрагична кога уфирцаниот Б.Ц. ѕвони на камбана.

Работава, За кого бијат камбаните... ?
Не прашувај...
За десерт, крајот на говорот на Б.Ц. за денот на пролетта:
„Ние го делиме овој свет. Тој е нашиот единствен и заеднички дом, и тука сите, без оглед на разликите што ги имаме, сме рамноправни во едното: генерациите што доаѓаат ќе ги ценат нашите дела според она она што сме успеале да го направиме, но и според она што не сме го направиле, а сме имале можност да го сториме.
Ако ги натераме да нe заборават заради првото, ќе нe разберат; но ако нe запаметат заради второто - никогаш нема да ни простат.
И со право нема да ни простат.“
Си знаеш, нема да ти простат.

Има ли поголема демагогија од тоа да промовираш подигање на „свеста во општеството за правата на еднаквост и недискриминација, без оглед на пол, раса, етничко потекло, вероисповест, старост или инвалидност (?!)“, во услови кога Македонија со децении се инаети и не донесува закон за заштита од дискриминација?

Импровизации со притворот и непочитување на пресумпцијата на невиност

Два интересни исечока од извештајот на Хелсиншкиот комитет:
1) Импровизации со мерката притвор
„Впечаток е дека мерката притвор се определува со голема леснотија за што посредно говорат и бројките. Според податоците добиени од Министерството за правда само во КПУ "Затвор Скопје" – Скопје во месец февруари 2007 имало 163 притворени лица, а во март 173 лица (просекот за 2006 изнесувал 151 притворено лице);
- Речиси по правило, се определува максималниот рок од 30 денапри тоа не земајќи ја во предвид можноста дека и со пократко времетраење може да се оствари целта на притворот;
- Мерката притвор, иако со закон е пропишано дека треба да биде сведена на најкратко нужно време, најчесто се продолжува се до почетокот на судењето и по правило продолжува се до неговото завршување и правосилноста на пресудата. Така во некои случаи мерката притвор де факто се претвора во служење затвор без изречена пресуда;“
2) Непочитување на начелото на презумпција на невиност
„Хелсиншкиот комитет смета дека Министерството за внатрешни работи во никој случај не требало да си дозволи дел од оперативните снимки да бидат прикажани преку медиумите, а уште помалку да врши дистрибуција на овие снимки до медиумите, имајќи во предвид дека и во член 286 ст.1 од Правилникот за вршење на работите на Министерството за внатрешни работи е регулирано дека во контактите со јавноста може да се информира само за сторени кривични дела по вид и начин на извршување, но во никој случај не се наведува идентитет на сторителите а камоли оперативна снимка на кое се прикажува дел од спроведената акција за апсење на осомничените или обвинетите за сторување на кривични дела. (...)
Во некои случаеви обвинетите за сторувањето на кривичните дела се врзуваат за определени атрибути како што се етничката припадност и професијата со што кај останатите граѓани ги потикнува предрасудите, омразата и дискриминацијата спрема оваа група на луѓе како и недовербата спрема нив. Како за пример ги одвојуваме следниве наслови: "Таксист си ја претепал сопругата", "Малолетни Роми ја отепале за 100 денари", "Судија и правобранител делеле државно земјиште", "Тројца Роми фатени со 300 грама марихуана".“
(
Месечен извештај за февруари 2007)

Музејот на народната „Отворена влада"

3/21/2007


(блог-колумна)

Запнал Грујо, со ударнички сили, од владата да направи музеј.
И би - музејска влада.
Наредил Грујо пред владината зграда обезглавени статуи, за да видат странците „дека оваа држава има корени и дека, како што вели народот, не сме ние тиква без корен, нели!"

Неочекуваната изјава предизвика бурни реакции на македонската берза - рапидно се намалија акциите на прекупците на струмички домати и преспански јаболка, а нагло рипнаа акциите на бит-пазарските шиткачи на семки, производителите на слатко од тикви, како и на ТВ-станицата што ги поседува правата за емитување на сапунската серија „Корени" - онаа со Кунта Кинте.
Но, каков ли ќе е тоа народен музеј без народна публика?
Веднаш Грујо го пушти народот во музејот, па им ги покажа неговите музејски експонати (пардон – министри), за да видат луѓето дека таму има „најнормални канцеларии во кои се работи од утро до мрак". Ако, ако, нека видат одблиску луѓето како Грујо и неговите музејските експонати ја почитуваат народната поговорка - „Бадијала работи, бадијала не седи!“.
Но, бива ли народен музеј без водич и кустоси?
И ете ти го Грујо како водич заедно со неговите музејски експонати, пардон - кустоси, мака мачат да ја поправат пред народот „темната слика за владата“.
Најстариот археолошки експонат, пардон – кустос за правда, дава за народното Музејско радио пригодна музејска изјава, чуена кој-знае колку пати: „Оваа влада е цврсто решена, не само вербално, само на зборови, него на дела да докаже дека се бори против корупцијата и ќе се бори“! Фалеше уште Паско Кузман, неуморниот патувач низ времето, да почне да ги толкува обезглавените кипови пред владата - како несомнена поткрепа на тезата дека античките Македонци ја измислиле борбата против корупцијата!
А има ли светла иднина без странски инвестиции? Ете ти го одма кустосот за странски инвестиции со пригодна изјава како странските инвеститори се тепаат кој попрво да инвестира во Македонија. Кутрите странци, помамени од пробниот балон-кампања, трпеливо чекаат на ред да се јават на единствената, постојано зафатена телефонска линија, за да си резервираат „цепелинска-инвестиција" во Македонија.
Веднаш по него, кустосот за земјоделски култури дава надеж дека и од пропаднатите, некогаш успешни земјоделски задруги ќе направи историско-археолошки музеи како што е владата. Ваистина, кустосот за надворешни работи не даде изјава за Музејското радио – ама бездруго, станува збор за достоен музејски експонат! Зошто, на пример, во владата да не се отвори музејска поставка со која достојно ќе се одбележат студентските демонстрации од 1997, во која според принципот на рамковна затапеност (пардон – застапеност), ќе се најде место и за жртвите-знаменосци од славните гостиварски настани?
Потоа, Музејското радио и отстапи време на кустос-ката за внатрешни работи која го просветли народот со историската изјава: „Државата не може да функционира со сива економија и со криминал“ - пркосејќи му така на нашето шест-децениско државничко искуство. „Оваа влада има изразено национално чувство за државност, и затоа толку оштро се спротивставуваме на овие појави" – продолжи емотивно кустос-ката за внатрешни работи.
Среќните ние, после толку време конечно да добиеме влада со „изразено национално чувство за државност"! За жал, не дознавме само, колку од министрите имаат исполнето услови за македонско државјанство, колку од нив имаат (поднесено барања за) бугарски/албански пасоши, и на кој јазик се водат музејските седници (имајќи предвид дека некои народни кустоси не го познаваат македонскиот јазик).
Најкратка, но најфилософска изјава дава кустосот-економист: „Половина од работата е завршена ако има политичка волја“. А, затоа ли половина од владините работи никогаш не дочекуваме да ги видиме довршени? Пеки, пеки.
Како што доликува на секоја музејска изложба, мора да се чуе и гласот на „задоволните граѓани": „- Јас со 62 години сум одушевена – првпат влегов во владата / рез? / ... почна да ги гони арамиите, што цел народ страда и пропаѓа Македонија. Ќе му препорачам до дупка да ги гони, да врати се што зеле првин, па после како морална казна нека одлежат затвор!"
Народната влада си го слуша „народот“, па почна морално да ги казнува со затвор народните предатели, шпекуланти, и „лекари-конгресмени" (според народната, „Извини д-ре, морално беше?“).
Во меѓувреме, нестрпливо го очекуваме донесувањето на законот за кодошите. Со тоа ќе се создадат неопходните законски услови за што попотполно задоволување на сеирџиската глад на напатениот македонски народ (кој кутриот, му се пожалил на музејскиот водич дека не може да си ги вработи „синовите и внуците“). Од извори блиски на Мирко & Славко - Прва пост-комунистичка продукција, дознаваме дека предлагачот на законот за кодошите - Стојан Андов веќе подготвува сценарио за филмска трилогија (спонзорирана, разбира се, од Министерството за култура). Работните наслови на филмовите се: „Удри по кодошот“, „Кодош против кодошот“ и „Кодошите го возвраќаат ударот“.
Најискрено Ве молам, да не ми забележувате што вака пристрасно го пренесувам и толкувам прилогот од пладневниот радио-весник на независното и непристрасно Музејско радио, по повод толку значаен државен настан - 16-годишнината од првата влада на самостојна Република Македонија.
Но, и самиот Гебелс би се превртел во гробот кога би ја слушнал веста што следеше на нашето препочитувано народно Музејско радио: „Саем за вработување и кариера: понудени над 250 работни места и обука...“ - дрн-дрн јариња. Што им требаше? Сега нестрпливо ги листам владините огласи по весниците во потрага по дополнителен оглас за компјутерско описменување на стечајните работници, со што би ги стекнале неопходните квалификации за новото работно место – „виш продавач на семки од тикви со корен" пред зградите на собранието, владата, и останатите државни институции.
Ете така, нашата влада успешно си се трансформираше во музејска институција која промовира историско-археолошки и агрикултурни вредности.
Симболот на музејската народна влада не е веќе ниту јаболкото (поради конотацијата – раздор), ниту доматот (поради лесното преминување од тврда во течна состојба), туку тиквата (не само заради неприкосновниот корен, туку и заради заразните семки неопходни за следење на досадните филмови спонзорирани од Министерството за култура).
Како што тргнале работиве, воопшто не би се изненадил ако водичот во нашата музејска влада утре ја даде и следнава изјава:
„Ако треба и семки од тиква ќе јадеме, ама името не го даваме!"
Разбира се, во функција на јакнење на „националното чувство за државност", намалување на невработеноста, и развој на националната кинематографија.

FYROM-изацијата продолжува!

Откако почнавме самите да си се понижуваме (Сами си се „Фиром-изираме", Де-македонизација), малку време им требаше на нашите „пријатели" за да свртат сосема нов лист:
„...со прифаќањето на амандманот на сенаторот и еден од кандидатите за претседател меѓу демократите, Џозеф Бајден, Сенатот на земјата што го признава нашето уставно име, оцени дека е потребно дополнително појаснување кон името Македонија и секаде низ текстот ја додаде кратенката ПЈРМ во заграда. Иронично, амандманот е во директна спротивност не само со политиката и со одлуката на администрацијата на САД за името, туку и со идејата за „зацврстување на слободата", бидејќи ја негира буквално првата слобода на една демократска и пријателска нација." (...) „Сенатот оперира со кратенка на референцата - ПЈРМ - која официјално воопшто не се употребува во ниту еден меѓународен форум. Кратенката не појаснува ништо за идентитетот на земјата, но укажува на изворното потекло на амандманот." (
Акт за консолидација на слободата 2007).
На 8 април ќе се навршат 14 години откако нашата држава беше примена во ОН, со следниов
документ на Генералното собрание. Во документот се наведува дека за сите цели во ОН на нашата држава провизорно ќе се реферира како на "the former Yugoslav Republic of Macedonia" - „во очекување на решавање на разликата [спорот] што произлезе во однос на името на државата".

Работава е - „Дуго, те дуго очекујем..."

Лустрација за сите!

3/20/2007

Ако сакаме да донесеме праведен закон за лустрација, а не закон за амнестија на сторителите на масовни прекршувања на човековите права и јавно жигосување само на нивните помагачи, тогаш законот треба да ги опфати и сите лица кои биле вмешани во противуставно прислушкувале од 1991 год. наваму:
„Во 2001 година Основниот суд 1 во Скопје презеде истражни дејства за да се утврди кој ги прислушувал разговорите. По вештачењето со кое се утврди дека МВР има опрема за прислушување, скопското обвинителство во 2003 година ги обвини поранешната министерка за внатрешни работи Доста Димовска и тогашниот началник на управата за оперативна техника во МВР, Александар Цветков, дека се нарачатели на прислушувањето. Веднаш потоа тогашниот претседател Борис Трајковски ги амнестира двајцата.“ (
Судењето за „Големото уво" пак на почеток)
Зарем прислушкувањето од страна на МВР и другите служби не претставува масовно прекршување на човековите права на граѓаните?
Законот би требало да ги опфати и лицата кои по службена должност требало да го заштитат чл. 17 од Уставот, а не го сториле тоа.

Во што е мистеријата?


А бе не е бебе-точак во јајцето...

Гугутката си направила гнездо-на-тркала...

Пролетна мистерија

3/19/2007

Точакот снесол јајце?

Верата и тероризмот



Во името на бога и терористичките методи...
Осама и Буш како да биле на пракса у Македонија...

Секој може да биде прислушкуван врз основа на „упатени најави“?

3/15/2007

Медиумите, во соработка со полицијата, продолжуваат да го кршат правото на пресумпција на невиност:

„- Откако ни беа упатени најави, во МВР беа преземени посебни истражни мерки - од бележење банкноти до снимање телефонски разговори и се' друго што е неопходно. Тоа го направивме во соработка со Јавното обвинителство, од кое добивме одобрение за мерките. Кај докторот се најдени 300 евра обележени пари. По акцијата за апсење корумпирани полицајци и цариници, сега се работи на расчистување на митото и корупцијата во здравството - велат во полицијата.“ (Дневник).

Што може да се заклучи друго од изјавата пренесена во „Дневник“:

1) Полицијата дејствувала врз основа на упатени најави - врз основа на информатори (кои не се наведуваат). Од каде знаеме дека тајните информатори не дејствувале врз основа на политички или идеолошки мотиви, со цел јавно да се жигоса една позната личност?

2) Полицијата презела посебни истражни мерки - вршела прислушкување, најверојатно во предистражна постапка.

(Од изјавата може да се заклучи дека мерките ги одобрил Јавниот обвинител - а тој може да одобрува такви мерки само во предистражна постапка. Доколку станувало збор за истрага - посебните истражни мерки можат да се определат само со наредба од истражен судија - според чл. 148 од ЗКП - пречистен текст од 2005).

Дали тоа значи дека секој може да биде прислушкуван од полицијата како осомничен за примање/давање поткуп, само врз основа на „упатени најави“, без наредба од судија?

3) Независно од тоа дали осомниченото лице ќе биде осудено или не (да му ја препуштиме таа работа на судот), неговото право на пресумпција на невиност е веќе прекршено со официјалната полициска изјава во која експлицитно се сугерира дека станува збор за случај на мито и корупција во здравството.

Не сакам ништо да прејудицирам - судот ќе утврди дали имало или немало кривично дело.

Во секој случај, останува мрачниот впечаток дека секој може да биде прислушкуван без судска наредба само врз основа на „упатени најави“ до МВР, и дека секој може веднаш да биде прогласен за виновен (без оглед на тоа што бил прогласен за лекар на годината) - само врз основа на матни полициски изјави.

„Кој за што се бореше во 2001-ва?“

3/14/2007

Тие што гледаа „Чуму“ вчера, можеа да видат 6 поканети гости, и ниту една гостинка.
Ако ја отворите страницата за
коментари, можете да прочитате само еден коментар потпишан од жена, од вкупно над 30 објавени коментари.
Мислам дека уредникот на „Чуму“ под итно треба да оди на курс за родово сензибилизирање.
Вака испадна дека прашањето „Кој за што се бореше во 2001-ва?“ воопшто не ги засега жените, и дека јавноста не ја интересира каква е женската перспектива за конфликтот од 2001 год.
Да се надеваме дека Чомовски ќе има капацитет да ја согледа грешката и дека во некоја од наредните емисии ќе покани 6 гостинки на кои ќе им го постави истото прашање.
Само тогаш би имале поцелосна и поправична претстава за тоа „Кој за што се бореше во 2001-ва?“.

Стигматизација на зависниците од дрога

Стигматизацијата продолжува: 400 наркомани на еден лекар.Тешко е човек да се бори против стигматизацијата и социјалното исклучување кога
зависниците од дрога се и законски дискриминирани со употребата на терминот „наркоман“ во одредбата
Присилно лекување „наркомани“.
Толку ли новинарите немаат свест дека со употребата на терминот „наркомани“ го повредуваат достоинството на една група луѓе, придонесувајќи за нивно социјално маргинализирање?
Затоа ни треба посебен закон за заштита од дискриминацијата.

Нов портпарол на Владата!

3/13/2007

Ивица Боцевски даде оставка како блогер и колумнист, прифаќајќи го назначувањето за портпарол на владата на Република Македонија. Притоа, им порача на своите поранешни колеги-блогери:
„За мене, како Портпарол на Владата, ќе биде од клучно значење да си останете исто толку остри, луцидни, директни, аналитични, прецизни и брзи во Вашата критики и сугестии до Владата, како и лично до мене.“ (
„The Skopje Times“ времено ја замрзнува својата работа)
Рибаро „најискрено“ го послуша и му покака - пардон, посака - успешна работа: „Сигурен сум дека ќе ја промовираш блогосферава како медиум низ тоа салонските „прчвари“, сигурен сум дека ќе те интересира кој тоа кака по блогови за надмениот портпарол и сигурен сум дека откако ќе ти заврши мандатот пак ќе ни се вратиш.“ (
Ивица Боцевски).
Мора да му се признае на Рибаро - прилично луцидно, директно, аналитично, прецизно и брзо!
Шегата настрана, кога Боцевски веќе спомна „сугестии до Владата“ еве им:
Зошто секој/а министер/ка да не си отвори службен блог на кој ќе бидат објавувани информации за тековните активности на секое Министерство, и на кој граѓан(к)ите ќе можат да објавуваат свои коментари и сугестии?
Плус – еден службен блог на владата – каде што премиерот и портпаролот ќе имаат прилика - луцидно, директно, аналитично, прецизно и брзо – да го ослушнат пулсот на граѓаните и да одговорат на нивните барања за информации и на нивните сугестии за промени.
П.С. Ивица, зборот „Портпарол“ се пишува со мала буква.
Честитки и успех во работата.

Македонија – за некои мајка, за некои маќеа?

Одвреме-навреме ја посетувам Собраниската писарница - „примени материјали“.
Денеска наидов на нешто многу интересно. Прочитајте го образложението на ПРЕДЛОГОТ за донесување на закон за изменување на Законот за државјанството на Република Македонија, со Предлог на закон (на дневен ред на 34 седница на Собранието на Република Македонија):
„Според член 1 став 2 од (дополнување внесено со член 1 од Законот за измени и дополнувања на Законот за државјанството на Република Македонија), "Државјанството е правна врска меѓу лицата и државата и не го означува етничкото потекло на лицата."
Наспроти наведените одредби, во член 8 став 2 од Законот се вели: "Иселеник, во смисла на овој закон, се смета граѓанин на Република Македонија кој се иселил од Република Македонија во друга држава, освен во матичната земја, без оглед ... на националното потекло..." Од една, дури и површна анализа на законската одредба од член 8 став 2, несомнено може да се согледа дека поимот "матична земја" веќе сам по себе претставува дискриминаторна околност, затоа што несоодветно е поврзан со граѓаните кои живеаат во границите на Република Македонија, а не се дел од Македонскиот, туку дел од некој друг народ. Така определениот поим, во себе ги вклучува лицата кои им припаѓаат на определени немнозински заедници за кои исклучиво се претпоставува дека "имаат" некоја друга "матична земја" надвор од Република Македонија.“
Што сакаат да кажат предлагачите - ете, и законот е доказ дека за некои граѓани Република Македонија е мајка, а за други маќеа?
(Внимание – „Македонскиот народ“ е симптоматично напишан со големо М – наспроти правописот, согласно со Амандманот IV)

Пролет


Некогаш е доволен еден миг, една случајна средба, една разменета насмевка - да ти го разубави денот.
Имаше многу луѓе на кејот денеска. Некои пешачеа, некои џогираа, некои возеа тротинет, некои колички со деца, некои пак, како мене, јуреа на точаци.
Сите, помалку или повеќе, уживавме во мирисите на пролетта.
Но, какво ли е чувството да се јава на неоседлан коњ по пролетно разбудениот кеј? Ете, за тоа сведочи оваа фотографија.
„Сликај“ – ми рече коњаникот, кога со скепса го извадив фото-апаратот.
Сликав. Среќата е заразна, понекогаш.

Неколку минути подоцна, посакав да сум во село и да јавам на магаре по штотуку окосена ливада.

Сексуалната ориентација: слобода или нужност?

3/12/2007

Еве што прочитав пред малку:

„...јас не бирав да бидам хетеро, јас СУМ хетеро. Така е најверојатно и кај хомосексуалците...“ - коментира dr. Max на постот Born Different, кај ribaro.

Навистина, збунувачкото прашање „Кога одлучивте да бидете „стрејт“?“ сосема логично следува од претпоставката дека сексуалната ориентација е прашање на избор.

Но, пред резигнирано да го отфрлите, можеби претходно треба да си поставите и некои други прашања:

1) Кога одлучивте да почнете „да се чешате онаму каде што ве чеша“ - односно, кога одлучивте да се препуштите на задоволството што ви го овозможуваат вашите ерогени зони?

(Некои деца почнуваат на 2-3 години, некои на 9-10, а некои воопшто не се самозадоволуваат во текот на детството. Дали некои се родени да бидат „дркаџии/дркачки“, а други да не бидат?)

2) Кога одлучивте да си побарате сексуален партнер/сексуална партнерка?

(Некои деца почнуваат да си бараат партнер/партнерка уште на 9-10 години, некои пубертетлии на 12-13, некои тинејџери на 15-16, а некои воопшто не си бараат. Некои се задоволни со самите себе, а некои претпочитаат повеќе партнер(к)и истовремено. Дали тоа значи дека некои луѓе се родени да бидат моно-сексуалци (секс исклучиво сам/а), некои да бидат би-сексуалци (секс исклучиво во двојка), а некои да бидат поли-сексуалци (секс исклучиво со повеќе луѓе)?

3) Кога одлучивте да стапите во врска со некого/некоја?

(Некои се „фаќаат“ уште во 5-6-то одделение, некои се „фаќаат“ во 1-2-ра година средно, а некои имаат отпор кон „одење“. Некои од хетеросексуалните врски преминуваат во законски брак (само таков брак се признава кај нас), а некои не. Дали тоа значи дека некои луѓе се родени за да бидат во врска, а некои не? Дали тоа значи дека некои луѓе се родени за да бидат во брак, а други не?)

Дали зоофилите се раѓаат како зоофили и дали воајерите/егзибиционистите се раѓаат како воајери/егзибиционисти?

Дали би ви била прифатлива следнова одбрана на суд:

„...јас не бирав да бидам егзибиционист, јас СУМ егзибиционист.“

Ако ме прашувате мене, единствено нудистите се во право кога тврдат дека се раѓаат како нудисти!

Не за џабе стои на мојов блог - „Будуќност је у натуризму!“

Што значи да се биде стружанец?

3/11/2007

Некогаш, во Струга, владееле следниве идентитетски правила.
„За да бидиш стружанец, треба да исполниш четири критериуми:
Да висиш на мостон;
Да носиш бриџ пантолони;
Да го мразиш Охрид;
Да навиваш за Караорман.“
Че да е така, или не?
Сигурно треба и на струшки да знаеш да збориш, а разликите меѓу струшки и охридски се посебно битни разлики!
А, што значи да се биде Охриѓанец?

Феноменот „дупло дно“

3/10/2007

Во стилот на рекламата за „Швепс“ - освежително горко - Мирјана Најчевска илустрира како УСУД ги „заштитува“ слободите и правата:

„Бастионот на демократијата и на заштитата на човековите права и слободи веднаш ја насети опасноста што лежи во преголемото и несоодветно дозирање на слободата. Уште во 2004 година Уставниот суд со неговите решенија ги „заштити граѓаните од манипулирање со нив преку поделба на верниците од иста вероисповед на повеќе верски заедници“. Тој најостро се спротивстави на употребата на членовите 9 и 10 од Европската конвенција за човековите права (кои ги поттикнуваат граѓаните на прекумерна слобода во изразувањето и на непромислено менување на уверувањата). Можеби под притисок на Западот ќе мора да попуштиме, но барем го кажавме својот став и јасно покажавме дека мора да се има ред и мора да се знае кој и во што може, а во што не може да верува.“ (ДОПИРАЊЕ НА ДНОТО: Слобода - како опасно звучи тоа)

А, бе Најче, уште ли не сфати дека дното во Македонија не може никојпат да се допре, оти кај нас секогаш постои „дупло дно“!

За феноменот „дупло дно“ сведочи и коментарот на Димитар Мирчев, во стилот "Мисли и уживај слободно":

„Во Унијата се мисли дека кај нас нема верски слободи бидејќи отпадникот од МПЦ Јован бил осуден, а нему и на друштвото не им била дозволена регистрација и верска дејност. Можеби е тоа така. Па сепак, дали некои им објаснил на тие во Унијата дека кај соседите се оспорува сето постоење на една национална црква и правото на вероисповед на цел еден народ.“ (ЕУРО-БАЛКАНИШЕ ЦУШТЕНДЕ - Соседот не го избираш, но друштвото - да).

Г-не Мирчев, какво е тоа „право на вероисповед на цел еден народ“, знаејќи дека човековите права се индивидуални, а не колективни?

Баш ме интересира, кој „во името на народот“ ќе поднесе претставка до Европскиот суд за човекови права поради оспорувањето на „сето постоење на една национална црква и правото на вероисповед на цел еден народ“? И против која држава?

Кога вакви „експерти“ ни го скроиле Уставот, воопшто не треба да не чуди тоа што ни се претвори во крпеница.

Новиот јавен тоалет на „Партизанска“

3/09/2007


Во отсуство на јавни тоалети, за да ги задоволат своите физиолошки потреби, граѓаните на Скопје се принудени сред бел ден да се снаоѓаат „на своја рака“.

Фотографијата сведочи дека било кој јавен простор, каде постојат минимални услови за остварување на правото на приватност, е во опасност да се претвори во јавeн тоалет.

Предлагам надлежните да изработат нови сообраќајни знаци кои ќе бидат поставени на главните булевари: „Забрането мочање и какање“.

Темпото на реформите во МВР: „Новиот“ кодекс на полициска етика

Да почнеме со пофалби.

Конечно, МВР има нов сајт. Стариот беше вистинска катастрофа.

Уште поинтересно, пред некој ден во весниците прочитав наслов „Македонската полиција со нов Кодекс на етиката“?!?

Дај да видам што е ова чудо, си реков, зарем секоја нова Влада ќе си носи свој кодекс на полициска етика?

Читам, и не ми се верува:

„Со симболично откривање на таблата со содржината на новиот Кодекс на полициска етика во Полициската станица Гази Баба, министерот за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, официјално го означи почетокот на втората фаза од реализацијата на проектот што МВР го спроведува заедно со ОБСЕ.“

А еве што вика „министерот“, пардон, министерката:

„Со цел за нивно запознавање со постоењето на кодексот и должноста на припадниците на МВР за негово почитување, Кодексот, ќе биде поставен на видно место во полициските станици низ целата држава...“

Шокот следува во последната реченица, кога ќе прочитате дека „Кодексот на полициска етика беше објавен во Службен весник на РМ од 26 јануари 2004 година“!!!

Во Член 65 од Кодексот убаво си пишува дека „Овој кодекс влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во ,,Службен весник на Република Македонија’’!

Значи, требало да поминат цели три години откако кодексот влегол во сила, за на надлежните да им текне да ги информираат припадниците на МВР за постоењето на новите правила на игра!!!

И уште, со сиот памет, наместо да умре од срам, министерката симболично открива табли со содржината на новиот Кодекс, кој во меѓувреме остаре во заборав!

И после нашите политичари ќе глумат чуденки кога им забележуваат дека реформите не се спроведувале со никакво темпо.

Да не чекаат случајно некои да воскресне Темпо, па да ја оправи Македонија „по скратена постапка“?

Феминизам за „плавуши“

3/08/2007


Жените не се раѓаат како „плавуши“, жените стануваат „плавуши“.

Зборот „русокоса“ не е политички коректен израз за „плавуша“.

Поделбата на природни и вештачки „плавуши“ е вештачка поделба, како и поделбата помеѓу природни и вештачки жени.

Ако личниот идентитет се стекнуваше само преку бојата на косата, тогаш сите ќелави мажи ќе останеа без идентитет.

Не кажуваат вицови за тебе затоа што си „плавуша“, туку затоа што си жена.

Вицовите за „плавуши“ не ги смислуваат „црнките во долгите и осамени ноќи“, туку патријархално воспитаните мажи со комплекс на повисока вредност.

Најчесто, вицовите за плавуши се израз на сексизам (дискриминација кон жените предизвикана од расистички и родови стереотипи и предрасуди за нивната природна инфериорност) и на скриена мизогинија (омраза кон жените).

Секој неправичен третман врз основа на бојата на косата е дискриминација врз основа на изглед.

Вицовите за „плавуши“ промовираат патријархален систем на вредности, на кој се темели родовата нееднаквост, и кој произведува насилство врз жените.

Ако некој каже виц во твое присуство со кој ќе го повреди твоето достоинство, можеш да поднесеш кривична пријава против него за навреда (врз основа на чл. 173 од Кривичниот законик).

АСНОМ во мрак! Милениумскиот крст свети!

Еве колку ни значи АСНОМ:

„Струјата е исклучена поради неплатени сметки, а објектите се заклучени бидејќи нема пари ниту за постојан кустос“ (Споменикот на АСНОМ во Пелинце потона во мрак).

Сега, ако сакам да одам да го посетам споменикот-копија, мора прво да се најавам во кумановскиот музеј, за да испрати некој вработен што ќе го отклучи Центарот - и тоа само додека има дневна светлина!

Зошто воопшто државата гради споменици, и за кого - ако потоа нема средства да се грижи за нив?

Или парите наменети за Пелинце се потрошија за довршување на Милениумскиот крст, кој воопшто и не е државен споменик?

Graz (Грац) ноќе!

3/07/2007







Неколку фотографии од краткиот престој во Гра(де)ц, минатата седмица.
Trivia: Арнолд Шварценегер (Arnold Schwarzenegger) е роден во село на 2 km од Грац!

Сексуално образование? Или хомофобија и нацизам?

Еве што пишува еден универзитетски професор, доктор по медицински науки:

„Сексот, за да се случи или додека се случи, треба во основа да ги задоволи неодминливите предуслови: здрави физички личности; здрави ментални личности; личности од спротивен пол; личности кои меѓу себе се привлекуваат физички и духовно; личности кои по сопствена волја и убедување го прифаќаат чинот на меѓусебно давање и примање; личности кои во сексуалниот чин умеат да го доживеат врвот на задоволството и од него да ги црпат вредностите на меѓусебно почитување.“ (МИЛЕ Д. МИЌУНОВИЌ: Време е за сексолошки образован и воспитан човек)

Сите потцртани „неодминливи предуслови“ се спротивни на идејата за сексуално здравје како основно човеково право.

1. здрави физички личности.

Што значи тоа? Луѓето со посебни потреби не можат/не смеат да имаат секс?

2. здрави ментални личности

Луѓето кои имаат дијагноза „ментално растројство“ не можат/не смеат да имаат секс? Ваквата еугеничка „философија“ спроведувана од нацистите и од Шведска (принудна стерилизација на „ментално болните“/„девијантните“ луѓе) е едно од најшокантните прекршувања на човековите права во минатиот век.

3. личности од спротивен пол

Во кој милениум живееш човеку? Поради вакви експлицитни акти на хомофобија би требало да ти биде одземена лиценцата за универзитетски професор и доктор по медицински науки.

4. личности кои меѓу себе се привлекуваат физички и духовно

Што, зарем луѓето кои се привлекуваат само физички не можат/не смеат да имаат секс?

5. личности кои во сексуалниот чин умеат да го доживеат врвот на задоволството.

Што значи ова? „Неодминлив предуслов“ за да ти се случи секс е да умееш да доживееш оргазам? Дали на сите што не умеат да доживеат оргазам (врв на задоволството) треба да им забраниме да имаат секс?

Очигледно, треба да испратиме некои од нашите професори/доктори по медицина на усовршување во некоја современа западна градинка. Таму многу повеќе ќе научат за сексуалноста и за сексуалното образование отколку на нивните докторски студии по медицина.

Google нема „благе везе“! (Гуглање и фалење)

3/06/2007

Еве зошто се откажувам од „гуглање“:

Кога ќе побарате под „државникот“, на прво место е Зомбификација ©: Резил на „Државникот“!.

Пребарувате за „читателот“, и на прво место е Зомбификација ©: Читателот. Ако побарате „психоаналитичарот“ - прв е постот Десетте заповеди на психоаналитичарот.

Исто и за „Химната“. Прв е постот Зомбификација ©: Химната, а дури потоа ПРИЛЕП - Химната на Прилеп.

Пробајте „Геополитички“ и пак Зомбификација ©: Геополитички прекројувања? е пред Категорија:Геополитички ривалитет - Википедија (?!?)

Ако нешто ве интересира за „растројствата“, прв погодок е Зомбификација ©: „Растројствата“ на проф. д-р Чадловски. Барате некои „битанги“ - и пак Зомбификација ©: Битанги и принцеза. Барате познати тапанари -Зомбификација ©: „Свадба без тапани“ – со „тапанари“?

Сакате да дознаете што е „креативна индустрија“? На прво место е Зомбификација ©: Блогирањето како нова (ре)креативна културна ...

Гуглате „присилба“ - Зомбификација ©: За полициската присилба е пред Уставен Суд на Република Македонија - Одлуки и Решенија и Месечен извештај за октомври 2006 на „Хелсиншкиот“.

Исто и постот „Сомнително лице е пред линковите за популарната театарска претстава.

Ако ве интересира нешто за „петокраката“ - прв е линкот Зомбификација ©: Отиде петокраката?

Истражувате нешто за „тиранијата“? Повторно постот на Зомбификација е пред Тиранија - Википедија. Слично и првите резултати од пребарувањата „самоволие“, „инквизицијата“, „Алфите“ (Зомбификација ©: Полициско самоволие: „Алфите“ ме легитимираа и ...; Зомбификација ©: Ќе ги учиме и за инквизицијата?).

Ве интересира нешто за „Империјата“? И пак е прв Зомбификација ©: Империјата ќе го возврати ударот?

Да претпоставиме дека студирате шумарство и истражувате за семинарска за „трла“. Зомбификација ©: August 2006 е пред ЗАКОН ЗА ПАСИШТАТА?!?

Навистина, што е многу многу е!

Ако барате нешто за „етничкиот идентитет“, пак Google ќе ви го понуди прво Зомбификација ©: Тиранија на етничкиот идентитет? (заедно со текстот Време - Дома).

Остај друго, Зомбификација е прв и при пребарувањата „идентитети македонци“ и „идентитети Бугари“ (Зомбификација ©: Колку Македонци има во Бугарија?)?!?

Дури и ако барате нешто за „трачот“ Зомбификација ©: Метафизика на трачот е пред femgerila - Додај нов коментар.

Што е претерано не чини!

Ако посакате да ме линчувате, повторно на „линчување“ прв е Зомбификација ©: Линчување, лаги, и слики.

Доста ви е од се и сакате да избегате на нудистичка плажа?

Џабе се трудите - ако побарате Нудистички плажи пак е прв Зомбификација со поднасловот „Будуќност је у натуризму!“

Ете зошто насловите на постовите се ептен важни.

Ете зошто Google нема „благе везе“.

Мојот список со блогови

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Архива на блогот

Footer Widget 1

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Loading...

Footer Widget 2

Популарни објави

Популарни објави

Popular Posts this month

Popular Posts this week