Демо(н)кратија

1/29/2009

Никако Македонија да ја преброди тешката политичка криза. Еден од нејзините клучни аспекти е кризата на лидерството. Се' повеќе политиката се претвора во уметност на убедување на народните маси дека тие што ги донесуваат политичките одлуки не се одговорни за сопствените политички неуспеси. Одговорни да ти биле некои зли демони отелотворени во нивните политички опоненти, независно од која страна на границата. Привикувањето на „добрите“ племенски демони од минатото (демоните на славните Филип, Александар и Букефал), во борбата против „злите демони од сегашноста“ (поткопувачите на нашиот „вековен идентитет“ олицетворени во „клетите Грци“ и „дволичните Европејци“) стана доминантен модус на владеење. Поточно, на манипулирање со масите.

Токму затоа, поскоро може да се каже дека преживуваме демонкратизација, отколку демократизација. Демократизацијата подразбира политички процес на јакнење на демосот (неприкосновеност на граѓанинот, независно од неговото потекло). Но, по 2001 година граѓаните на Република Македонија само формално останаа носители на нејзиниот суверенитет. Во практика, тие беа трансформирани во припадници на етнички заедници што не можат да ги остварат своите индивидуални права независно од нивната етничка припадност и без посредство на етничките „пастири“. Во доктрината на владејачката партија која се повикува на конзервативните вредности и „реалниот човек“ (како „суштество на слободата, патриотизмот и на верата“) нема никакво споменување на индивидуални човекови слободи и права, туку само на „права на нацијата“. Може ли воопшто да се зборува за демократизација ако индивидуалните човекови права се потиснати од колективните етнички права?

Криза на лидерството настапува кога лидерите не можат да одговорат на современите политички предизвици, во случајов интегрирањето на Македонија во ЕУ и во НАТО. Криза на лидерството настапува кога политичките лидери не можат да спроведат слободни и фер избори. А слободните и фер избори се само неопходен, но не и доволен услов за демократско владеење. Не е доволно да бидеш избран демократски, потребно е и да се владее демократски (Бжежински). По предвремените избори од 2008, нашите лидери ниту се избрани на демократски избори ниту, пак, владеат демократски.

Еден од клучните симптоми на кризата на лидерство е отсуството на политичка одговорливост и одговорност кон сите граѓани. Најголем дел од избраните едноставно престануваат да одговараат на повиците на оние што ги избирале или, пак, делумно се одѕиваат само на повиците на оние што ги избрале. Ги избравме за што побрзо да не' интегрираат во ЕУ и во НАТО. Никој не поднесе оставка поради неуспехот. Оставката како чин на политичка одговорност е речиси непознат феномен во македонската демократска традиција. Потребата од постојаната „закрила“ на меѓународната заедница е можеби најубедливиот показател на кризата на лидерство во Република Македонија. Се' поголем број граѓани имаат впечаток дека не постои автономно донесување одлуки од страна на оние што се избрани да донесуваат одлуки во нивно име.

Избраните лидери не придонесуваат ниту за изградба на автентичен демократски модел. Модел што ќе се крепи на јасно дефинирани демократски принципи кои ќе бидат отелотворени во ефикасни демократски институции. Напротив, лидерите не само што настојуваат да ги заобиколат механизмите на граѓанска контрола, туку и активно учествуваат во дерогирањето на демократските принципи. Ги претпочитаат интересите на партиските истомисленици наспроти интересите на сите граѓани. Наместо политичката енергија да се вложува во изградба на моќни и независни институции, таа се вложува во изградба на моќни култни личности.

Затскривањето зад „култот на личноста“ остана темелна одлика на македонската посттитоистичка политика. Култот на личноста успеваше да ги засени дури и изборните нерегуларности што бодеа очи. Има ли појасен индикатор за кризата на лидерството од сомнителниот начин на кој беше избиран претседателот на Република Македонија на сите три избори? На првите избори сенка на сомнеж фрли пресметувањето на резултатите во првиот круг; на вторите избори драстичните нерегуларности што не беа отстранети ниту со повторување на изборите во стотици избирачки места (нерегуларностите беа пренебрегнати откако политичкиот конкурент се откажа од правото на жалба); на третите избори - нерегуларностите во вториот круг што го доведоа под прашање официјалниот процент на лица што излегле на гласање (кој одвај го надминуваше изборниот праг). Дали конечно ќе покажеме демократска зрелост на овие претседателски избори?

Сепак, најпрепознатлив симптом на криза на лидерството е недостиг од јавна критичка дебата која подразбира елементарна политичка култура на комуникација и почит кон државните институции. Има ли нешто потрагикомично од упорноста на премиерот (избран на најлошо спроведените избори во историјата на самостојна Македонија) во понижувањето на институцијата претседател на републиката (наводно, поради нерегуларности во изборите)? Има ли нешто потрагикомично од личните дисквалификации на најголемите претенденти за претседателската функција во предвремената кампања? Од докажани експерти за демократија и човекови права очекуваме да го подигнат нивото на политичка култура. Очекуваме натпревар на демократски идеи, критичка дебата и конечно напуштање на веќе видените методи на демонизација на политичкиот противник.

Најмалку што очекуваме е значаен исчекор од демонкратизација кон демократизација.

Танго на омразата

1/22/2009


Изјави за Глобус, во темата Молитва на античките копачи, каде што бев промовиран како „социолог“:
„Социологот Жарко Трајановски, националистичката политика и одењето кон минатото ги смета за инструмент за создавање конфузија, односно нејаснотии кои ќе им остават простор на политичарите да ловат во матно. Што е најлошо, вели Трајановски, не се запира кај античките Македонци, туку се оди и чекор понатаму, па се прави врска со каменото доба, со неолитот, со Пелазгите, Пајонците. “Ние немаме повеќе проекција за библиска, туку за препотопска Македонија“.
Тој не гледа ништо возвишено во копањето по античките корени и менувањето на идентитетот на Македонците. „Можеме сега јасно да видиме дека таа националистичка, букефалистичка политика е всушност димна завеса низ која ние не можеме да ги видиме вистинските потези. Од една страна имаме огромна механизација вклучена во перење на мозоци, а истовремено се перат и огромни пари преку кампањи. Во име на Македонија можеш било што да сториш и во таа ситуација се' е оправдано“, објаснува Трајановски.
Во актуелниот процес на редефинирање на македонскиот етнички и идентитетски код, според соговорниците, државата се откажува од словенското минато, преку кое македонската етничка нација е легитимирана. „Некои антрополози и историчари сметаат дека изградбата на нашата нација било како резултат на негација на бугарската. Сега имаме друг процес- ние градиме нација како резултат на негација на Грција. И се гради некаков идентитет кој што ќе биде негација на грчкиот идентитет, односно се користи како основа некаков античко македонски идентитет. Ако Груевски успее да го убеди мнозинството тука дека тие се антички Македонци, со тоа ќе ја докаже тезата на најголемите негатори на посебноста на Македонците- дека Македонците се некоја аморфна маса, која со извесна сума на пари можеш да ги претвориш во било што“, оценува Трајановски. (...)
„Трајановски предупредува на последиците. „Се плашам дека ако продолжи вака за десетина години можат да се создадат два тотално различни етноси, кои би биле целосно нетолерантни меѓу себе и ваквата расколничка политика може да доведе до граѓанска војна помеѓу современите антички Македонци и луѓето кои не сакаат да се поведат со таква една проекција, затоа што не сакаат да бидат предмет на подбивање и понижување на целата светска јавност“.“ (...)
„Целите на политиката на Груевски се краткорочни- да се остане на власт. Едноставно, оваа димна завеса овозможува покривање на сите политички глупости, неуспеси и овозможува лесно да се владее, со тоа што дури истата стратегија ја спроведува и грчката Влада. Груевски и Караманлис фактички се стратегиски партнери за остварување на една иста цел, а тоа е како да се остане на власт со максимално искористување на потенцијалите на етно- национализмот и омразата кон другиот. Во таа омраза, механизмите им се исти или паралелни, затоа што ако ги споредите изјавите на Бакојани и на Милошоски, ќе видите дека тие се исти. Тие го наметнуваат тоа танго на омразата коe овозможува нивен опстанок.“

Александар Би-македонски


Изјава за денешен Шпиц, во мошне интересниот напис, во поднасловот „Би-споменик“:
„Колумнистот Жарко Трајановски пак вели дека е чудно што никој во срединава не ја отвора темата за бисексуалноста на Александар Македонски.
- Александар Македонски е симбол на нашиот бисексуален идентитет. Чудно е што никој не ја отвора темата за неговата сексуална ориентација и што во општество како што е нашето го глорифицираме и прифаќаме, а при тоа не може да стане збор да помине закон за слободна сексуална ориентација - коментира Трајановски.
Според него, со вакво форсирање и политика се создава раздор меѓу македонскиот етнос, меѓу современите антички Македонци и словенските Македонци.
Тој објаснува дека ова е сосема нов тип на градење на нацијата по пат на негација во однос на Грците.
- Порано тоа го правевме со негирање со Србите, па потоа со негирање со Бугарите. Постапката со поставување на античките споменици е само показател дека тие што ја водат државата не сакаат да не внесат во ЕУ – вели Трајановски.“ (Шпиц, Александар Македонски ни го зеде умот)
Мала исправка. Наместо „закон за слободна сексуална ориентација“, говорев за Закон за регистрирани партнерства.
Исто така, во однос на „градење на нацијата по пат на негација“, укажав дека проблемот е во нашата неконзистентност и дисконтинуираност.


Перење мозок, а богами и пари!

1/21/2009


Најмалку осум милиони евра потрошила Владата за разни кампањи во 2007-ма: околу 4, 4 милиони евра чинат кампањите за подигање на свеста на граѓаните“: за борбата против корупцијата, за промоција на значењето на образованието, за промоција на производи со потекло и квалитет од Македонија“

Мојата Африка

До неодамна Македонија се перципираше како земја помеѓу Окцидентот и Ориентот, помеѓу ѓоамити континентот Европа и Азија. Но, откако Албанија ни стана „Запад“, се наоѓаме во поинаква констелација на односи. Се' помалку сме земја во расчекор помеѓу Европа и Азија, а се' повеќе сме африканска „банана демократија“.
Што имаме заедничко со Африка? - логично ќе праша секој читател. Доволно е само да се ѕирне мапата на слободата во светот за 2009 (што ја објави неодамна престижната Freedom House), за да се види друштвото во кое се најдовме како делумно слободна земја: Буркина Фасо, Нигерија, Етиопија, Уганда, Кенија, Танзанија, Бурунди, Габон, Мадагаскар...
Не почнаа да не' третираат како „банана демократија“ само поради „африканскиот“ изборен процес (оценет како најлош од независноста), бојкотот на институциите и разочарувачките реформи. Единствено во „банана демократија“ победничката партија може да биде горда што го кеширала рејтингот на катастрофално спроведени избори (лажејќи дека во 98 или 99 проценти од избирачките места... немаше никакви забелешки на избирачкиот процес). Стануваме се' повеќе Африканци и поради „африканскиот“ тип на владеење (културата на „политички дијалог“ што ја промовираат нашите племенски и клановски „главешини“), поради „там-там“ медиумите (преполни со експерти за димни сигнали и завеси), поради нашите опседнати врачови (во трескавична потрага „а ла Кунта Кинте“ по духовите на предците и корените). И општеството ни станува се' поафриканско, препознатливо по повеќеслојна сегрегација и „племенска приврзаност“ (тиранија на снажни, групни и исклучиви етнички идентитети), по жестоки клановски конфликти, а демне и религиозниот фундаментализам.
Затоа, не треба да не' чуди што Македонија добива многу слични демократски оценки како Мозамбик (не успеа да ги одржи изборите во 2008), како Сенегал (авторитарната власт ги одложи локалните избори), како Сиера Леоне (за која е успех што лани одржа општи избори без присуство на меѓународни трупи), и како Замбија (каде што министерот за информации „обича“ јавно да им се заканува на новинарите кога се дрзнуваат да ја критикуваат владата).
Најинтересно од се', соплеменици мои, е тоа што нашата демократска африканизација беше навреме антиципирана, да не речам предвидена, од страна на некои наши теоретичари и критичари на македонската демократизација. Ако дозволите, ќе си поиграме малку „детекција“ и ќе се обидеме постепено да ги откриваме двата мистериозни лика преку нивните пророчки изјави и предупредувања.
Личноста „А“ е еден наш политички теоретичар, кој своевремено тврдеше дека како резултат на процесот на етнизација на политиката „настанува опасност од систем со тоталитарни тенденции“. Тој успешно предвиде дека „етнизирањето на политиката и секојдневниот живот води кон нов трибализам“. Предупреди за системов во кој „почнуваат да се бараат непријатели, се откриваат наводни заговори“, при што „населението се' повеќе е подложно на манипулации преку повикување на колективните емоции“. За него, „пострамковна“ Македонија се соочуваше со единствен избор: етнизирање на политиката и секојдневниот живот (заглибување во „нов трибализам“) или применување на „турбо-капитализам“ (за да ги почувствуваме „позитивните ефекти од глобализмот“). Неретко, своите политички хипотези ги поткрепуваше со народни умотворби, како „Две лубеници не се носат под една мишка!“
Личноста „Б“ е еден бивш колумнист, ученик на личноста „А“. Кога личноста „А“ стана жртва на племенски судир и на „там-там“ медиумите, тој ја сведе нашата јавност како „племе од крвожедни дивјаци што се кријат зад политичките симболи, партии, лидери“. Своевремено се залагаше за отворено општество кое „бара рационални индивидуи во јавниот живот кои знаат и умеат да прифатат одговорност“. Македонија ја опишуваше како „неколку племиња каде што не е битно кој си и што си, туку единствено е битно да си дел од племенската заедница“.
Следат и дополнителни „џокери“ за оние што досега не погодија. Обајцата политолози покажаа дека теоријата е во расчекор со практиката. Како теоретичари јавно се залагаа против трибализмот и султанизмот во Македонија, но како практичари ја прифатија девизата: „Ако не можеш да ги победиш, придружи им се“. Така, откако направија успешен „трансфер“ од едниот во другиот племенски клан, покажаа исклучителна верност кон „Цезарот“ во неговата борба против „Султанот“. Личноста „Б“ успешно се трансформираше од барабанџија на „Цезарот“ во вицецезар за афроинтеграции и референт за потрага по „најдлабоко утврдени корени“ и двокатни автобуси. Личноста „А“, од партиски советник за античка политичка мисла, необично се преобрази во потенцијален кандидат за султан на портокаловиот клан.

На крајот, што друго да се каже освен дека животот е исполнет со парадокси.

Најгласните либерално-демократски „фајтери“ против македонскиот трибализам и султанизам станаа високи племенски старешини активно вклучени во процесите на етнизација и на античко „оплеменување“ на народот. Како што тргнале со „преродбава“, нашиве рационални и одговорни индивидуи можеби ќе ја преродат и античкомакедонската „конституциона монархија“. Кој ќе биде тогаш како нас, со две лубеници под една мишка? Ќе има ли погордо „европско“ племе? Ќе бидеме горди ем што што го носиме вековното име („најскапиот бренд во историјата на човештвото“) ем што сме си го повратиле најдоброто политичко уредување (според Аристотела Македонскаго).

Зошто Македонија не спори со ЕУ за името „Европска Унија“?

1/16/2009

„Македонија е еден опширен географски реон, кој припаѓа на три држави - Грција, Бугарија и ПЈРМ. Поради тоа е и барањето да има една географска определба пред името со кое што ќе им е јасно на сите држави за која земја станува збор и тоа составно име ќе се користи од сите“, изјави грчката министерка за надворешни работи, Дора Бакојани. (A1)
Европа е еден опширен географски реон, кој припаѓа на многу држави. Поради тоа бараме да има една географска определба пред „Европска Унија“, за да им биде јасно на сите држави за што станува збор, и тоа составно име да се користи од сите.
Така ќе се отстранат сите сомнежи дека т.н. ЕУ има територијални претензии кон сите европски држави кои не се нејзини членки.

Избори ли се избори?

1/15/2009

Мал муабет за Шпиц, и моја изјава:
„...во оценувањето на регуларноста на изборите не влегува само чинот на гласање туку целиот амбиент во кој се спроведуваат, почитување на процедурите и роковите за кампања и политичките притисоци врз медиумите. (...)
„Аналитичарот Жарко Трајановски вели дека изборите се само показател за општата слика на почитувањето на човековите права.
- Кога ќе се споменат нерегуларни избори не се мисли само на чинот на гласање, туку се гледа големата слика. Во извештаите за наредните избори ќе влезе на пример и непочитувањето на квотата за учество на жени во Државната изборна комисија - вели тој и посочува дека и другите организации излегле со слични оценки.“ (На избори се познава демократијата)
Дури и во новоизбраната комисија за лустрација, претседателот и заменикот се мажи, а има само две жени од 10-мината избрани.

Букефалско мезе

Мезе на „современите антички“ Македонци. Индиските оревчиња го симболизираат слоганот „Македонија до Индија!“


Бушисти и букефалисти

1/14/2009

Во САД постои убава традиција, наместо грандиозни споменици, за минатите претседатели да се градат големи библиотеки, кои ќе го носат нивното име. Уште пред истекот на неговиот мандат, шегобијците веќе смислија како ќе изгледа претседателската библиотека „Џорџ Буш помладиот“ (ќе „проголта“ околу половина милијарда долари!). Библиотеката ќе има „Гвантанамо читалница“ (од каде што нема да те пуштат да излезеш) и „Читалница за оружје за масовно уништување“ (која никој не ќе може да ја пронајде). Во секоја читалница ќе има и електронски микроскоп, за посетителите да можат да ги видат добрите дела што ги направил „омилениот“ американски претседател. Разбира се, читателите во бушистичката библиотека ќе мора да ги читаат книгите свртени наопаку.

Едно академско списание објави дури и конкурс за дизајни на идната библиотека. Од 120-те пристигнати нацрти, посебен впечаток ми оставија предлозите библиотеката да биде во форма на непристапен подземен бункер (во кој ќе има кино за филмови со мачење), во форма на веце-шолја, во форма на крст (со статуа на слободата, која го покажува средниот прст), во форма на „дупка со лаги без дно“ покрај гробишта, а најмногу ме бендиса комплексот згради што ќе испишуваат порака „I am Liar“ („Јас сум лажго“).

Додека светот се забавува правејќи топ-листи со највпечатливите „бушизми“ (гафови) и најсмешни фотографии и видеа со политичкиот шегобиец Џорџ Буш, Македонија полека се претвора во оаза на буш(ов)измот. Еден од ретките натпартиски консензуси кај нас беше за поддршката на идиотската политика на Буш во Ирак, кој требаше да не внесе во НАТО наспроти противењето на Грците. Дури и сега како да постои натпартиски консензус дека никој не треба де се шегува со докажаниот македонски пријател Буш, кој вечно ќе ни остане во паметењето по двата фамозни македонски бушизми.

Првиот бушизам го чувме еден ден по 1 април во Букурешт: „Утре НАТО ќе донесе историска одлука за прием на трите балкански нации: Хрватска, Албанија и Македонија“. И навистина донесе, ама утре сабајле. Вториот бушизам го чувме во Загреб откако Македонија извиси поради тоа што македонските политичари искрено му веруваа на претседателот Минхаузен: „За мене, Македонија е веќе во НАТО“, изјави Буш по Букурешт, порачувајќи им на нашите политички наивковци да ги финализираат преговорите со Грција. Наместо да му верува на НАТО, нашиот премиер изгледа продолжи да му верува на Буш, па почна „победнички“ да се однесува како Македонија навистина да успеала да стане членка на НАТО.

И покрај поразот на светската политичка сцена, буш(ов)измот се' уште владее во Македонија. Една од најтешките задачи во работата на Буш беше „да се поврзе Ирак со војната против теророт“. Една од најтешките задачи во работата на Груевски е да ги поврзе сопствените политички неуспеси со „борбата за уставното име“. Како што Буш не престана да смислува нови начини како да и наштети на сопствената земја, така и нашите политички лидери не престанаа да смислуваат нови начини за минирање на политичкиот дијалог, за подривање на демократијата и владеењето на правото, и за ограничување на човековите права. Поверојатно е врбата да роди грозје, отколку македонските политичари да се откажат од автодеструктивната мисија на меѓусебно убедување кој политичар и која партија и' направиле најмногу штета на Македонија.

Напоредно со буш(ов)измот, владата упорно форсира погубна букефалистичка политика на перење мозоци со големи пари. Почна да ги обистинува стиховите од неофицијалната химна на ВМРО-ДПМНЕ „Народе македонски“ („...свести се не спиј ти. Не знаеш кој си, што си, други тебе знаат...“) До вчера сме спиеле како македонски Словени, денес се будиме како антички Македонци, а утре кој знае како ќе се разбудиме.

Сепак, најтрагикомична ми е „карневалската“ конотација што почна да му се припишува на зборот „европски“. Дури и славната изрека на нашиот „пастир“ - Не сме ние тиква без корен! - неодамна доживеа „европско-карневалска“ интерпретација во МАНУ од страна на неговиот „шарпланинец“: „Во 21 век, во ерата на глобализација и во ерата на европската интеграција за Македонија успешни ќе бидат само оние народи со најдлабоки утврдени корени и тоа е мислата водилка на актуелната Влада.“

Ех, Боцевски, Боцевски... Ако успехот на еден народ се мереше со „најдлабоки утврдени корени“, тогаш на српскиот „библиски“ и „небески“ народ во времето на Милошевиќ слободно можеш да му доделиш награда ем за најуспешен, ем за најевропски народ! Очигледно, Македонија не треба да се плаши за својата „европска“ иднина, се додека нашите „европски“ политичари (со преродбенички чекори „а ла глупи Август“) упорно ни шиткаат тикви и корени наместо ЕУ-реформи. И ете така, и предизборната кампања ни почна со „европски“ слоган „Да живее карневалот!“ Ем бушистички ем букефалистички. „Има една стара изрека во Вевчани - знам дека е во Мариово, ама веројатно е во Вевчани - која вели, ме измамиш ли еднаш - срамота, срам да ти е. Ме измамиш ли - не можеш пак да бидеш измамен“.

Е, тука си „прав“ пријателе Буш Македонски. Ако можеа Американците да бидат двапати измамени, зошто да не бидеме и ние? Затоа, наместо библиотека, ќе ти изградиме уште еден споменик сред Скопје. Има и ти да јаваш на Букефал.

Читалните на Буш јуниор

1/11/2009

Во САД постои фина традиција секој претседател да си има своја библиотека.
Шегобијците веќе смислија како ќе изгледа претседателската Библиотека „Џорџ Буш“.
Мора да има „Гвантанамо читална“ (од каде што нема да те пуштат да излезеш) и „Читална за оружје за масовно уништување“ (која никој не ќе може да ја пронајде).
Во секоја читална ќе има и електронски микроскоп, за посетителите да можат да ги видат добрите дела што ги направил Џорџ Буш.
Еве само мал избор од многубројните гафови на човекот кој ќе остане запаметен како генијален читател и вистински експерт за избегнување на чевли:
- „Знаете, една од најтешките задачи во мојата работа е да се поврзе Ирак со војната против теророт“.
- „Нашите непријатели се иновативни и моќни, а такви сме и ние. Тие никогаш не престануваат да смислуваат нови начини како да и наштетат на нашата земја и на нашиот народ, ниту пак престануваме ние.“
- „Има една стара изрека во Тенеси – знам дека е во Тексас, ама веројатно е во Тенеси – што вели, ме измамиш ли еднаш - срамота, срам да ти е. Ме измамиш ли – не можеш пак да бидеш измамен“.
Е, кога можеа Американците да бидат двапати измамени, зошто да не бидеме и ние?

Во виното е вистината – за Македонија!

1/10/2009


Македонија е туристички бренд, меѓу другото.
Тоа може да се види и од прилогот за Егејско море во изборот „44 места за посета во 2009“, објавен во The New York Times.
По спотот на Манчевски со „античкиот Македонец“ (каде пие вино од садот со сонцето од Кутлеш), Хеленската империја го возвраќа винскиот удар.
Потсетувам што укажав во колумната Македонската Алиса:
Ако сакаме да направиме вистинска винско-туристичка дистинкција помеѓу античките Македонци и Елините, тогаш во некој од идните спотови мора да се нагласи дека вистинските Македонци го пијат виното непомешано со вода и строго во машко друштво, за разлика од неиздржливите Елини кои обичале да го пијат како „шприцер“ и во друштво на сомнителни „кафански певаљки“.

Европска Република Вевчани

1/09/2009


Ете, и „Глупавиот Август“ стана „европска вредност:
„- Првата награда за промоција на европските вредности Секретаријатот ќе ја додели токму на Василица на европската република Вевчани. На овој начин сакаме да оддадеме признание за граѓаните на една општина во РМ која ги негува пркосот, слободата, демократската традиција - изјави Иви
ца Боцевски, вицепремиер за европски прашања.“ (Канал 5)
Еве како се негува слободата:



Еве како се негува демократската традиција:


Еве како се негува пркосот:


Претполагам, маскава е олицетворение на нашите европски избори - „а ла касапаана“:

Ај, нека ни е честита паганска Василица, и што побргу да влеземе во ЕУ, за да ги научиме и таму кои се вистинските „европски“ вредности.
(фотографиите се преземени од официјалната страница на општина Вевчани)

На (сексуално) здравје!

„Унапредување на адолесцентното, сексуалното и репродуктивното здравје се дел од главните здравствени приоритети на Министерството за здравство и Владата.“ (Бујар Османи, министер за здравство, Конференција за репродуктивно и сексуално здравје во организација на турското Министерство за здравство)
Неверојатна владина „координација“: Едно министерство промовира сексуално и репродуктивно здравје, друго воведува веронаука која промовира апстиненција пред брак, трето ги одзема кондомите на сексуалните работнички и ги носи на присилно тестирање за сексуално преносливи болести, а Владата се спрема за кампања за „објаснување на последиците од абортусот“.
На здравје, и тоа сексуално!

Нетолеранцијата е заразна!

Скопје, јули 2009.
Специјалната единица „Алфи“ успешно го започна спроведувањето на акцијата „Ослободи го срцето“ за сузбивање на уличната нетолеранција.
Посебните мобилни Алфа единици приведоа вкупно 4.107 лица, од кои 1.469 се бараа по телеграма, распишани потерници и по наредба на суд за намерно ширење на заразната болест нетолеранција.
559 лица се приведени непосредно по извршување на кривичното дело намерно ширење на вирусот на нетолеранција, а останатите се фатени на лице место при извршување на кривично дело и по други основи.
Сите приведени лица ќе бидат спроведени на присилно тестирање во инфективната клиника утре во 12 часот. Медиумите се добредојдени.
(ете, воведувам нова рубрика – „Вести од блиската иднина“)

Гласај за Охрид - гласај за FYROM!

1/08/2009


Да се гласа или да не се гласа за Охрид и Врело, прашање е сега!
Еве ги моите аргументи зошто не треба да се гласа, изнесени кај Развигор:
„Ако гласам „патриотски“, како што препорачуваш, тогаш практично треба да се согласам на името „Republic of Macedonia (FYROM)“.
„Некронимот“ FYROM е изум на грчката пропаганда со која се понижува нашата држава, па оттаму сите „патриоти“ што ќе го притиснат копчето на кое стои „FYROM“ ќе станат жртви на непријателска пропаганда.
Затоа, наместо притискање на копчето на кое стои FYROM, предлагам да се здружиме и да потпишеме петиција до организаторот за бришење на „некронимот“, и да ја прошириме петицијата до сите вистински пријатели на Македонија.
Исто така, има уште една нелогичност. Кај езерото „Охрид“ прво стои Албанија, а после Македонија (ФИРОМ), додека Албанското чудо (реката Дрин) е само на Албанија иако едниот крак на Дрим извира од Охридското езеро во Република Македонија.“
Развигор е скептичен во однос на петиции, предлага „директни пораки по е-пошта и организирање на таква кампања преку сите расположиви средства (на пр. социјални мрежи како Фејсбук)“. Имате некоја подобра идеја?
Можеби конечно треба да се направи и кампања против Microsoft заради преименувањето на нашиот јазик во FYRO Macedonian.
Оти, и куцањето во Microsoft Word испаѓа патриотско самоубиство.
P.S. Развигор уште еднаш пиша -
Фајромизација во изборот за светски чуда.

Монаштвото е геноцид!

„Монаштвото е eден од највиталните национални интереси“ – објавува Канал 5.
Нели тоа беше „многудетното семејство“ – како што тврдат „пастирите“ на нашата преродба во 100 кампањи?
Одлучете се мили браќа и чесни сестри – или монаштво или многудетно семејство – ем монаштво, ем многудетност не оди!
„Не за абортусот. Да за за многудетните семејства“ – ти била пораката на МПЦ (според „Вечер“). Многу пологично би било: „Не за монаштвото. Да за многудетните семејства!“
Ако МПЦ навистина го поддржува повикот до родителите да раѓаат повеќе деца, тогаш нека ги повика монасите и монахињите да ги соблечат мантиите и активно да се вклучат во сексуалната „преродба“.
Стварно нема смисла толку многу сперматозоиди и јајце клетки да умираат залудно.

Корени и тикви

1/07/2009


Славната изрека на нашиот „пастир“ - Не сме ние тиква без корен! – доживува „европска“ интерпретација од Боцевски:
„Во 21 век, во ерата на глобализација и во ерата на европската интеграција за Македонија успешни ќе бидат само оние народи со најдлабоки утврдени корени и тоа е мислата водилка на актуелната Влада.“ (Во МАНУ промовиран капиталниот проект „Македонска книжевност“).
Ех, Боцевски, Боцевски... Ако успехот на еден народ се мери со „утврдени корени“, тогаш српскиот народ во времето на Милошевиќ може да го прогласиме ем за најуспешен, ем за најевропски народ!
Две прашања од областа на македонската книжевност: Кога е објавен првиот македонски роман? Кога е објавена првата стихозбирка?
Јаки книжевни корени, нема што!
До кога нашиве „европски“ тиквари ќе ни шиткаат корени наместо ЕУ-реформи?

Милчо – плашило за деца?

1/06/2009


Tyler Brûlé, колумнистот на престижните Financial Times (каде што милува да се рекламира нашата влада), смета дека рекламирањето на националните брендови „ги загадува ТВ екраните ширум светот“.
Изразувајќи надеж дека економскиот пад ќе го обесхрабри овој тренд, колумнистот посебно се осврнува на спотовите на Црна Гора и Македонија: „Се надевам... Македонија ќе си замине и ќе размисли како навистина сака да се продаде себеси на светот, наместо да пушта 30-секундни спотови од кои децата трчаат накај своите мајки“.

Мојот список со блогови

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Архива на блогот

Footer Widget 1

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Loading...

Footer Widget 2

Популарни објави

Популарни објави

Popular Posts this month

Popular Posts this week