Политички манипулации со деца

5/31/2006

Фотографијата е од написот во „Дневник“ - „Волците“ повторно во Таџи во кој се споменува: „Децата од градинката „Росица“ им дадоа подароци на војниците.“
Дали ова значи дека политички изманипулираните деца се единствените јавни поддржувачи на нашето учество во окупацијата на Ирак?
Се чудиме зошто ни се случуваат воени конфликти, убиства и несреќи како резултат на употреба на оружје, а една од првите игри што ги учат децата од градинка е „Сакате ли војска?“

Кој е овде „луд“?

Предизборната зомбификација само што започна, а партиските „фабрики“ се закануваат со систематско производство на „лудаци“.
Денес едно врапче ми поткажа дека слушнало како се пее некоја предизборна песничка со слоганчето „кој не е со нас, не е со сите...“
Ми доаѓа на сет глас да крикнам:
„Јас не сум јас, јас не сум со вас и јас не сум со сите!“

Хепиметар

5/30/2006

(пост од блиската иднина)
Хепиметар е рачен часовник кој го мери не само времето туку и личната среќа.
На изглед е ист како и обичен рачен часовник, со тоа што има дополнителна стрелка која покажува колку сте навистина среќни во моментот.
Дното на часовникот е всушност супер-сензор што ги отчитува позитивните и негативните вибрации на кожата која е вистинско огледало за вашата среќа и опуштеност.
Кога сензорот ќе регистрира стресни ситуации, наместо аларм се активира благопријатна музика и сугестивен глас (женски или машки - по избор) кој ви препорачува да се опуштите и одморите, и да си посветите барем пет минути на себеси. Понапредните верзии имаат вградено додатоци за читање хаику, вибратор-масажер, сугестивен глас на „сенсеи“ кој ве поучува на јога-техники на дишење и други методи за релаксација.
Најпознатиот „бренд“ на хепиметри - Happiness - најави нов модел кој ќе отчитува дополнителни информации од микро-сондата која со помош на „пирсинг“ ќе може да се инсталира во разни делови од телото.
Така, со „пирсинг“ на папокот ќе можете да отчитувате поверодостојни податоци за опуштеноста и фреквентноста и длабочината на дишењето; со „пирсинг“ на усните поставувате „каунтер“ за насмевки; со „пирсинг“ на веѓите добивате детектор за регистрирање на стресни треперења на очите; со „пирсинг“ на јазикот инсталирате мултифункционален „гаџет“ за дегустирање вкусови, калориметар, мерач на влажност и квалитет на плунката и детектор на разни видови токсини кои ви го згорчуваат животот и ви го расипуваат расположението.
На својот официјален блог, Православната христијанска црква ја осуди како „грев“ и „зло“ најавата за конструирање на специјализирани „пирсинг“-сонди за ерогените зони кои ќе овозможуваат софистицирано мерење на задоволството при сексуалните акти. Црквата ги осуди популарните „оргазмометри“ како „неприродни, неморални, нецрковни, недозволиви“ и како показател за „паднатоста на човековиот ерос“.
Како рекација на црковната осуда, фирмата Happiness објави специјален пролетен попуст за хепи(оргазмо)метри наменет исклучиво за матуранти и матурантки.

(инспирирано од постовите на Вуна и Развигор)

За кај па не?

Читам, Купишта краставици на депониите од струмичките села поради багателните цени.
Пред некое време, не паметам точно кога беше, и нашите сточари истураа млеко поради ниските цени и намалувањето на откупот.
Не ми е јасно зошто нашите земјоделци, наместо да фрлаат краставици и да истураат млеко, не се здружат со заеднички сили да произведуваат таратур!
Таратур - идеално решение не само за летните горештини, туку и за маките на земјоделците!
Идејава е мошне едноставна и сугурно некому досега му текнало.
Само, кој да ја спроведе во дело?

Или, чекаме да им текне на Словенците?

„Толеранцијата не е доволна“!

5/29/2006

И покрај официјалната забрана, во Москва се одржа краткотрајна геј парада која заврши неславно откако маскирана банда скинхедси ги нападна учесниците. По полициската интервенција, организаторите на парадата не беа во можност да ја остварат својата првобитна намера и да положат цвеќе на гробот на незнајниот јунак.
Во исто време, во Москва се одржуваше Меѓународна конференција против хомофобијата, на која генералниот секретар на Советот на Европа
Тери Дејвис укажа дека хомофобијата, за жал, не е најголемата грижа за многу хомосексуалци ширум Европа, туку токму насилството и омразата.
Еве што изјави Комесарот за човекови права на Советот на Европа Томас Хамарберг по повод официјалната забрана за парадата: „Правото на мирни собирања е темел на секое демократско општества и право на секој човек. Доколку властите стравуваат од можни екцеси, треба да ја засилат безбедноста на таквите собири, а не да ги забрануваат“ (
МРТ).
Во коментарите на еден мој пост (
Прво магазин па геј-парада?) беа искажани неколку скептички погледи во однос на идејата да се организира геј-парада кај нас. Беше поставено и прашањето: Која е нивната порака?
Ако сите права им припаѓаат на сите луѓе, тогаш правото на мирно собирање во јавноста им припаѓа и на хомосексуалците. Ако можат да одржуваат јавни протести Македонците, Албанците, Ромите, жените, стечајците, тутунарите, студентите, пратениците, младите брачни парови... - и притоа никој да не прашува зошто - тогаш и хомосексуалците можат преку јавен протест или мирен собир да ги промовираат или да бараат заштита на нивните права. Прашањата зошто, и која е нивната порака, се излишни.
Се додека не се случи јавен протест или мирен собир на хомосексуалците во Република Македонија не ќе можеме да знаеме дали хомосексуалците кај нас можат практично да го уживаат и ова човеково право!
Геј-парадата не е провокација, туку остварување на човеково право кое е темелно за демократските општества.

Охрид

5/28/2006

Деновиве уживав во Охрид, без грижа на совест. Бев со бицикло до Пештани, шетав по плажи, пиев сокчиња по летни тераси, и навечер висев по интернет-кафеа (поштено да си признаам).
Во постот
З'ш да не? наведов три нешта што ептен му фалат на Скопје:
1. Место-смирение како Канео.

2. Чист воздух што лоши мисли ветрее.
3. Бурек во 3 по полноќ.
Листата ја дополнувам со уште неколку работи за мерак:
4. Ѕвездено небо, очи да изгубиш.
5. Ѓомлезе, прсти да излижеш.
6. Разиграни деца со црвени обравчиња, со милина да ги гледаш.
7. Кеј, покрај езеро, за утрински и вечерни прошетки душа дава.
8. Луѓе што никаде не брзаат – полека, уживај малце!
9. Цреши, останав без думи.
10. Сончевина и блесок, зениците да ги исплакнеш.
Ај, доста е за сега, оти ако одма не прекинам, пак мисла ќе ме фркне за преселба.
Палам бициклото за Канео, ѕвезди да гледам!

Црна Гора у ЕУ крече?

Читам по веснициве длабокоумни анализи на тема што ќар ќе има Македонија од независноста на Црна Гора. Еве го и мојот скромен прилог во таа насока:
Како прво, сега ќе можеме да ги заебаваме „браќата“ Срби дека имаме поголемо „море“ од нив (види слика)!
Како второ, ќе можеме да покренеме меѓународен спор за непризнавање на името „Црна Гора“ поради оправдан страв дека новата држава ќе има територијални претензии кон Македонија која има една голема планина што се вика „Скопска Црна Гора“!
Како трето, веќе нема да бидеме најмалечката земја на „Западните Балкани“ која стигнала до независност без војна.
Што мислите кој прв ќе влезе во ЕУ - Македонија или Црна Гора?
Со вакви македонски политичари, јас се обложувам на Црна Гора.

Верска толеранција?

Се згазив од смеа читајќи го текстот од Форум - „Охрид како кнежество“, во кој „авторот“ (некојси „top secret“) нуди ѓоамити визија за Охрид како идна црковно-туристичка Мека:
„Во плановите стои и идејата за востановување на годишна награда за ширење на верска толеранција во светот, што би ја врачувал македонскиот архиепископ...“
Е, тука не можев да издржам. Да не пукнеш, ме насмеа!
Искрено ја поздравувам идејата и предлагам наградата за ширење на верска толеранција во светот што ќе ја доделува МПЦ да се вика „Јован Вранишковски“!
Има ли подобар начин да му покажеме на светот колку сме верски толерантни?

Глоба-ли-за-циа?

5/27/2006

Што мислите, дали е конзистентно да бидеш истовремено антиглобалист/ка и блогер/ка?
Не ли е блогер/ка-антиглобалист/ка оксиморон?
Некој/а што се бори против мечувањето со меч, некој/а што се бори против војната со бомбардери, некој/а што се бори против глобализацијата користејќи го како орудие симболот на глобализацијата?
Затоа сум скептичен кон параноичните анти-глобализациски дискурси што ги читам на мрежа. Глобализацијата има многу димензии, многу позитивни и негативни аспекти.
Пред воопшто да ја критикуваме, не треба ли прво да научиме да ги разликуваме позитивните од негативните аспекти?

Само...

Не те гледам
Само те загледувам.
Не те мислам
Само де замислувам.
Не те знам
Само де запознавам.
Не те сакам
Само те посакувам.
Не те љубам
Само се заљубувам.

Империјата ќе го возврати ударот?

Што порачува генералниот директор на медиумската група ВАЦ, по обидите за уривањето на монополската позиција на неговите весници во текстот Весниците ќе имаат добра иднина:
„Бесплатниот весник ќе ги натера младите да читаат, но нема да биде добра зделка. (...) Никој од нас не сака да го руинира пазарот со помош на бесплатни дневни весници. Доколку некој нападне, ќе се соочи со масовна одбрана, толку масовна, што ничиј проект нема да биде исплатлив. Ќе дадеме отпор сe додека напаѓачот не си замине, а потоа и самите ќе се повлечеме. Во денешно време не гледаме долгорочна корист со доброволно управување или пак одобрување бесплатен весник.“

И блоговите се бесплатни весници. Дали и блогерите ВАЦ ги перципира како закана, како напаѓачи што сакаат да му го „руинираат пазарот“? И против нас ли ќе пружа „отпор“?
Има ли очебиен показател за кризата на печатените весници (кои ем се богатат од читателите, ем од реклами) од воената реторика на Бодо Хомбах?

EU-Rope?

5/26/2006


Ладен туш од ЕУ за нашите неумерени еврооптимисти кои се надеваа на влез во ЕУ до крајот на деценијава.
„Истражувачката единица на британскиот весник „Економист“ пред три месеци предвиде дека Македонија би можела да стане членка на Унијата до 2020 година“, не потсетува
А1, надоврзувајќи се на изјавата на Оли Рен кој Македонија ја стави „во исто друштво со Србија, Црна Гора и останатите земји на Балканот“.
Ќе имаат ли доблест и храброст Шеќеринска и Бучковски да признаат дека не го фативме последниот воз за ЕУ?
Имаме ли стратегија како ќе преживуваме наредниве две децении, откако по влезот на Бугарија во ЕУ ќе останеме во „куќен притвор“?
Туку, ај да не шириме дефетизам. И онака ЕУ нема иднина. Koj ќе влезе во EU-Rope влегува во ЕУ-бесилка.

Миење

„Господарот што те мие го мие твојот град, за градот да стане место на чисти идентитети. Господарот што те мие, го мие твоето тело за тоа да стане совршено фригидно тело, за да стане совршен труп како идеален жител на новиот, модерен град. Господарот што те мие ја мие еротиката од твоето тело, за еротиката да стане договор на тела кои ќе го почитуваат законот на почитување на законот. Господарот што те мие го мие твоето име, за тоа да стане чистото име на твојата каста. (...)
Господарот што те мие конечно го мие твојот јазик, за од него да направи орудие со кое ќе ја владее твојата судбина. Нашиот јазик, нашиот канон, нашата способност за репрезентација е деодорирана, измиена, секогаш веќе пуританска.“
(Јасна Котеска, „Санитарна енигма“, Темплум, 2006, стр. 14-15)

Присилно лекување „наркомани“?

Еве што вика „Кодексот на медицинската деонтологија“, на Лекарската комора на Македонија (чл. 21):
„Пред да го почне лекувањето лекарот е должен болниот да го извести за видот на болеста, за моментната здравствена состојба и за предвидувањата за исходот на болеста. За предвидените начини на лекување тој треба да добие свесна и доброволна согласност од болниот.“
Значи, без „свесна и доброволна согласност“ на болниот, лекарот не смее да го почне лекувањето, затоа што ќе го прекрши кодексот.
Но, да видиме што вика новиот Закон за прекршоци:
„Задолжително лекување на алкохоличари и наркомани (лица со болести на зависности) - Член 24:
(1) На сторител на прекршок поради зависност од постојана употреба на алкохолни пијалаци, дроги и други психотропни супстанции кога постои опасност поради оваа зависност и натаму да врши прекршоци, судот може да му изрече задолжително лекување на алкохоличари и наркомани (лица со болести на зависности) амбулантно или во специјализирана установа.
(2) Ако сторителот без оправдана причина не се подложи на
задолжително амбулантно лекување на слобода или лекувањето го напушти самоволно, судот може да определи санкција на задолжително лекување на алкохоличари и наркомани која присилно се извршува во специјализирана установа.
(3) Присилното лекување во специјализирана установа може да трае најдолго две години.“
Значи, во случај „наркоманот“ (термин исфрлен од употреба од Светската здравствена организација) да не сака да се подложи на „задолжително лекување“ или го напушти самоволно лекувањето, тогаш лекувањето ќе биде извршено присилно.
Во случајов, Собранието изгласало законска одредба која ги принудува лекарите да го прекршуваат сопствениот кодекс кој забранува лекување без „свесна и доброволна согласност“ на болниот.
Ова е-mail адресата на Лекарската комора на Македонија (
lkm@lkm.org.mk), а ова се адресите на Постојана анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот (panketnak@sobranie.mk) и на Народниот правобранител (skopje@ombudsman.mk).
Што мислите за идејата со една заедничка акција - пишување индивидуални мејлови до споменатите институции - да побараме од Собранието да донесе Закон за изменување на Законот за прекршоци, во кој ќе се избрише Член 24 од Законот за прекршоци, и ќе се исфрли стигматизирачкиот термин „наркоман“?

Брус Ли – травестит?

5/25/2006

Зошто Брус Ли е толку популарен? Поради неговиот автентичен гнев против неправдата и заштитничкиот став кон понижените и навредените?
Некои детали за детството на Брус Ли фрлаат светлина за мотивацијата на Брус Ли.
Еве што вели
Вилијам Чеунг, мајстор за древната вештина винг-чун за Брус Ли:
„- Семејството на Брус Ли беше многу суеверно. Неговиот постар брат умре како бебе, па неговите родители веруваа дека постои демон што ги убива машките деца во семејството. Неговите родители го облекуваа како девојче и го запишаа во женско училиште. Се' до 10-тата година Брус Ли живееше како девојче. Поради тоа децата често го задеваа, го исмејуваа.“
Да беше жив Брус Ли, Педро Алмодовар сигурно ќе снимеше филм со него како заштитиник на травеститите.

Сакате ли маченце?

Ви ги претставувам моите мали мачиња.
Ако некој сака да чува маченце и да се грижи за него, слободно нека ми пише коментар. Маченцата се мошне добро воспитани и веќе имаат стекнато хигиенски навики.
Најдоцна за една недела, можете да го добиете маченцето на вашата адреса.
Предупредување: по извесно време, малите маченца израснуваат во големи мачки!

„Ма, све то треба осудити и забранити!“

Во постот Комунистичката реакција реагирав (од името на МКЦ) на чинот на предизвикување нетолеранција и поттикнување дискриминација кон хомосексуалците од страна на МПЦ.
Еве што вика „
Вест“ на таа тема: „МПЦ против хомосексуалните бракови: На вчерашната седница Синодот расправал и за хомосексуалците и истополовите бракови. Било заклучено дека браковите меѓу истополови партнери се неприродни, неморални, нецрковни, недозволиви и претставуваат зло и грев. Поради тоа МПЦ ги забранува ваквите бракови и не прифаќа никаква можност за нивно озаконување.“
Значи, МПЦ продолжува да предизвикува омраза и нетрпеливост со тоа што покажува со прст кон хомосексуалците кои се во брак, нарекувајќи го таквиот брак „зло“ и „грев“.
Со тоа што ги нарекува браковите меѓу истополови партнери „неприродни, неморални, нецрковни, недозволиви“ МПЦ повторно ги поттикнува негативните стереотипи и предрасуди кон хомосексуалците и отворено шири хомофобија.
Од каде и е на МПЦ правото да забранува било што во една секуларна држава?
Што ќе биде следно прогласено за „зло“ и „грев“, осудено и забрането од МПЦ: Браковите кои не се склучени во црква? Брачните партнери кои не сакаат да имаат деца? Семејните заедници што не сакаат да склучат било каков брак? Разведените партнери? Вонбрачните деца?...
Што треба за синодот на МПЦ да биде „задоволен“: Да престанеме да одиме на кино, да не гледаме телевизија, да се откажеме од слушање радио и сурфање по ѓаволската мрежа каде што демнат многу зла и искушенија?

Блогоцентризам

5/24/2006

Ете ти сега - и Хрватите, и Египќаните, и Бугарите, и Црногорците сакаат да бидат споменати во преамбулата на Уставот (Дневник).
А што е со неспомнувањето на Евреите? Не е ли тоа антисемитизам?
Една мојa другарка на пописот се изјасни како Будистка а еден другар како Еским. Зошто и Будистите и Ескимите да не бидат спомнати во преамбулата?
На следните избори кога ќе ме прашаат за „национална припадност“ има да се изјаснам како Блогер.
Уште од сега барам:
1) Блогер(к)ите да бидат споменати во преамбулата на Уставот;
2) Правична застапеност на блогер(к)ите во сите сфери на општеството;
3) Посебни законски одредби за заштита од дискриминација врз основа на блогерска ориентација.
Кога ќе праиме блогерска партија?

Пато-логија

Изборите се ближат. Легендарната тема „Пато“ се повеќе добива на популарност. По објавувањето на програмата на ВМРО-ДПМНЕ, во која се ветува изградба на неколку регионални патишта, и другите партии почнаа да мобилизираат граѓани на тема „пато“: „Демократска обнова на Македонија го поддржува барањето на граѓаните од Порече патот Скопје-Кула-Порече повторно да се отвори за јавен сообраќај.“ (Дневник)
Бидејќи и самиот потекнувам од тој крај, знам каква политичка реакција кај луѓето предизвикува самото споменување на „пато“. Поради пресекувањето на врските со полнењето на езерото „Козјак“, Порече е денес најодалечено место во Македонија од Скопје иако е географски блиску до Скопје колку и Велес.
Речиси целиот крај е иселен и повеќето села се испустени поради отсекувањето од Скопје. Ако им спомнеш „пато“, луѓето од Порече нема да почнат „
трендовски“ да се кинат од смеа, туку во надеж ќе ги начулат ушите.
Парадоксално е тоа што со патот до Скопје поречани биле предизборно манипулирани уште од времето на Кралството на СХС. Некој кандидат за „посланик“ не само што ветил пат до Скопје, туку и ангажирал работници да го клесаат во карпите. Откако не го избрале, градењето на патот престанало, а делницата од неколку стотини метри перфектно исклесан пат сеуште стои како историски споменик на предизборната лековерност.
Минатата недела галопирав со моето бицикло по левата страна од Треска се до Матка. Едно од прашањата што ми се мотаа низ глава, додека минував низ ужасот од последната „делница“, е зошто нашите „покровители“ наместо уште еден крст на Водно, или уште една црква или џамија (малку ли ги има?), не спонзорираат, на пример, изградба на нов мост на Вардар или Треска, или велосипедска патека по левата страна на Вардар и Треска се до Езерце и бисерот Матка?

Замислете, од центарот на Скопје сте на Езерце или Матка за половина час со брз велосипед или ролерки - без ич да помирисате бензин!!!
Ете за кого ќе гласам!

Транзициски феномени

Еден од препознатливите белези на нашата демократска „транзиција“ е феноменот политичар-камелеон.
Кој можеше да предвиди дека ќе дојде време комунистот Стојан Андов да собира политички поени со анти-комунистичка пропаганда, дека анти-комунистот Љубчо ќе коалицира со нео-комунистите од СДСМ против ВМРО-ДПМНЕ, или дека некогаш „зелениот“ анти-сдсм-овец Јован Манасиевски ќе стане министер за одбрана во еколошки-бесчувствителната Влада на СДСМ?
Камелеонството на „Манасиевски“ е особено индикативно за тоа колку политичките идеи се небитни за успешна кариера на еден транзициски политичар.
Најпроникливите политички футуролози ни на сон не би можеле да предвидат дека левичарскиот идеолог на партијата на „Зелените“ ќе ја предаде зелената боја за сивомаслинестата; дека постмодернистички ориентираниот скептик и релативист ќе стане политички догматик и прагматист; дека секуларно ориентираниот либерал (во чајџилничките кругови познат по дендрофилските склоности) ќе се претвори во конзервативен хетеропатријархален иконофил и кум на православен манастир.
Во ваков идеолошки кошмар, во ваква политичка турлитава, како намерно да се создава социјален хаос во кој не се знае кој и што пие. А сметката редовно ја плаќаме ние граѓаните на избори, арчејќи го својот глас без да знаеме за кои програмски идеи всушност гласаме и какви политички камелеони бираме да донесуваат одлуки во наше име.

До кога?

5/23/2006

И во постот Фабрика за криминалци! и во постот Полициска држава? пишував за упорната и небулозна полициската практика на произведување криминалци од корисниците на дрога (кои МВР ги третира како „уживатели“ или „зависници“ - како ќе му ќефне).
И покрај тоа што на претставниците на МВР кои ги подготвуваат статистиките ем јавно, ем во нивно присуство им беше укажано за пропустот, МВР тврдоглаво продолжува по свое:
„Во првото тромесечје од 2006 година регистрирани се 154 нови зависници и нивниот вкупен број е 7280 лица. За сторен прекршок ''користење наркотични дроги'' (чл.23 и чл. 28) од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир и за сторен прекршок ''поседување опојни дроги'' (чл.43) од Законот за производство и промет на опојни дроги поднесени се 160 барања за поведување прекршочни постапки против 163 сторители (од кои четири се малолетни лица). Сите погоре наведени прекршоци се сторени со употреба на марихуана, хероин и екстази при што се одземени и запленети 27,3 грама марихуана, 1,17 грама хероин и шест таблети хептанон, а уживателите ја имаат и употребуваат дрогата секојдневно, а како најчести места каде ја консумираат истата се диско клубовите, кафулињата, парковите, дворови од училиштата, трговските центри, запуштените објекти, возилата, во приватни станови, при одржување на забави и други места каде што истите се собираат.“ (Состојбите со недозволена трговија и злоупотреба со наркотични дроги)
Е, па, и ние сме упорни и продолжуваме со борбата против стигматизацијата на рекреативните корисници на лесни дроги и обидите да се третираат како „криминалци“, „зависници“, „наркомани“...:
1) До кога секое лице за кое со полициски методи се утврдува дека било во контакт со дрога ќе се прогласува за „зависник“?
2) До кога МВР ќе изнесува недиференцирани податоци од кои не може да се види во колку случаи станува за „уживање“ а во колку за „поседување“, и во колку случаи за марихуана, а во колку за екстази, хептанон и хероин?
3) До кога МВР ќе продолжи да фабрикува „криминалци“ од лица кај кои е пронајдено минорно количество на марихуана, и уште поминорно количество на хероин и хептанон? (Ако го земеме предвид количеството пронајдена дрога и бројот на осомничени прекршители, испаѓа дека кај секој осомничен прекршител е пронајдено во просек по 0,14 грама марихуана и 0,006 грама хероин и 1/25-тинка таблета хептанон?!?)
4) До кога луѓето што поседуваат марихуана за сопствена употреба ќе се третираат како зависници и криминалци? Ќе се донесе ли веќе еднаш закон кој ќе го има предвид количеството на дрога, и типот на дрога во зависност од штетите што ги предизвикува? Ако земеме предвид дека во некои земји дозволеното количеството за сопствена употреба марихуана е до 3 грама, а во некои до 5 грама, тогаш испаѓа дека таму полицијата ќе можела да има основ за реагирање кај максимум 5-9 лица, а не кај дури 163!
5) Најпосле, до кога рекреативните корисници на лесни дроги ќе се лишуваат од слобода, уценуваат, и малтретираат, до кога ќе се третираат како потенцијални и актуелни полициски доушници и закана за нашето гнило и корумпирано општество?
Стварно бе, до кога?

Кино не-култура!

На страницата на Државен завод за статистика е објавена информацијата дека „Во 2005 година во Република Македонија активно работеле 21 кино“, што е за 2 кина повеќе од 2004 год., и за 2 кина помалку од 2003 год.
Интересен е и податокот дека во 2004 год. 10 кина биле во состав на домовите на културата, а во 2005 год. дури 15 кина.
На страницата на
Хрватскиот завод за статистика можат да се најдат информации дека во Хрватска во 2002 год. имало 146 кина, во 2003 год. имало 142 кина, а во 2004 год. 131 кино.
Хрватска има околу 2,2 пати повеќе жители од Македонија, а помеѓу 6-7 пати повеќе кина од Македонија.
Едно време, кога живеев во Кисела Вода, бев редовен посетител на киното „Кисела Вода“ (Брус Ли таму го запознав), а паметам дека речиси секое маало имаше свое кино - „Драчево“, „Маџари“, прославениот „Напредок“ (озлогласено по геноцидните практики врз сперматозоиди), „Влае“, „Карпош“, итн.
Денеска испаѓа дека во Македонија има повеќе градови што немаат кино отколку што имаат. Може ли воопшто некое место да се нарекува град ако нема кино?
Баш ме интересира што мислите, која е главната причина за опаѓањето на киното како културен феномен на нашите простори?
1) Падот на социјализмот и „трулиот“ капитализам кој ги уништи домовите на културата
2) Фактот дека пиратските DVD чинат помалку од кино-билет
3) Новите технологии кои овозможија домашно кино со „сараунд“ и „даљинско“
4) Интернет, и e-Mule со „пеер-ту-пеер“ комунизмот
5) Тоа што филмовите сега многу побргу доаѓаат на телевизија (освен на МТВ)
6) Покварената администрација - за да добиеш лиценца за кино-прикажување кај нас треба да си го фатиш како врска г-нот Мито Корупциски
7) Одумирањето на „тапкароштвото“ како достоинствена професија
8) Компјутерските видео-игрици кои овозможуваат интерактивни „филмови“
9) Лошите режисери кои не знаат веќе да снимаат филмови по вкусот на нашата „сељачка“ публика
10) Зомбифицираната публика која претпочита шпански серии, сапунски опери и „ситком“ комедии
Или нешто сосема друго?
Како и да е, полека но сигурно чекориме накај мрачниот среден век или уште поодамна, кога наместо кино-спектакли имало егзекуции во живо - на вештерки, содомити, и по некој несреќен бунаџија набиен на кол или распнат на крст.

Насилството е показател за нееднаквост!

5/22/2006

Оксиморон, во коментарите кај Баждарџијата храбро изјавува: „Ја не се согласувам дека жените немаат доволно права. Имаат и повеќе од мажите. Сал не се свесни за тоа...“
Значи ли тоа дека мажите имаат помалку права, сал не се свесни за тоа, кутрите?
Оксиморон напиша и посебен пост за правата на жените, во кој претпоставува дека жените издејствувале рамноправност, ама дека не се „задоволиле“ па сега сакаат уште. Еве мал извадок од нејзините коментари:
„Сакам, бре, што сум жена! Не се чувствувам обесправено на ниедно поле, нити дискриминирано на некој начин. Ги имам сите права кои ми се потребни. Но, си го сакам правото да си бидам жена. Право на женственост.“
Стварно не разбирам у што е штосот - зарем оние жени што се борат за права не го сакаат тоа што се жени? Зарем тие го негираат правото на женственост?
Што друго вели Оксиморон: „Паметните и вешти жени успеваат секаде. Оние кои ги немаат тие особености - се вадат на полова застапеност.“
Демек, ако се залагаш или „вадиш“ на „полова застапеност“ не си паметна и вешта жена? Дали истото важи и за оние кои се залагаат за правична застапеност?
За поздравување е што некои жени се чувствуваат рамноправни со мажите. За жал, она што ним им недостига е увид во состојбите и аргументите на другите жени (и понекој маж) кои и покрај декларираната „рамноправност“ на хартија, во стварноста не можат да констатираат полова/родова еднаквост. Еве некои официјални бројки од кои боли глава:
Според
МВР, како жртви на семејно насилство најчесто се јавуваат сопруги, а како сторители се најчесто мажи: „Во врска со регистрираните осум кривични дела „тешка телесна повреда“, сите сторители се лица од машки пол. Во четири случаи се извршени над сопруги, во три случаи жртви се родители, а во еден случај оштетена е вонбрачна сопруга.“
Статистиките за семејното насилство (првите три месеци од 2006) се шокантни:
„Во текот на првите три месеци од оваа година, во врска со семејното насилство се регистрирани 76 (46) кривични дела, 232 (295) прекршоци, а постапувано е и по 726 (714) поплаки. Споредено со истиот период од минатата година, кривичните дела бележат зголемување за 65,2%...“
Само во Скопје во првите три месеци од годината се поднесени 232 поплаки од кои 198 против машки сторители (85%) (
Семејно насилство I-во тромесечие 2006 година Скопје).
Од регистрираните жртви на трговија со луѓе заради сексуална експлоатација, 99,73% од жртвите се жени (според статистиката на ИОМ).
Што се однесува до „рамноправноста“ кога станува збор за силувањето, ви го препорачувам следниов пост
Od lijepa nasha.
Може ли да се зборува за полова/родова еднаквост кај нас во случаи кога статистиките за насилство укажуваат дека многу поголем процент од жртвите се жени, а многу поголем процент од сторителите се мажи?
Правото да се биде слободен од секаков вид насилство е човеково право, и право на секој жена. Дали и жените жртви на насилство од страна на мажите не се чувствуваат рамноправни затоа што не биле „паметни и вешти жени“?

Расистички и сексистички вицови

5/21/2006

За хуморот досега пишував неколку пати - за вицовите како форми на отпор и протест, за тоа дека кај нас хуморот е веќе забранет, за „анти-исламистичкиот“ хумор, за навредливиот и сексистички хумор, итн.
Во постот
Зошто сум ЗА политичка коректност!, истакнав, меѓу другото, и „Затоа што во земја во која цути расизмот, ксенофобијата и религиозната нетолеранција, нема ништо полицемерно од легитимирањето на навредливиот и омаловажувачки говор како „слобода на изразувањето““.
Во денешно „Неделно Време“ објавени се три вица за „плавуши“ и четири вица за „Цигани“ во рубриката „Вицотека“. Вицовите се крајно навредливи и омаловажувачки. Се почувствував неверојатно навреден од „смислата за хумор“ на уредникот кој со објавувањето на вицовите не само што поттикнува негативни стереотипи и предрасуди, туку и омаловажувачки и дискриминаторски однос кон жените и припадниците на Ромската заедница.
Потсетувам
уште еднаш на препораката на HRW околу случајот карикатури: „Општество изградено на слободата на изразување и вредностите на жестока дебата би требало, секогаш кога е можно, да го пресретнува навредливиот говор со повеќе говор - со денунцијации, приговори, објаснувања - наместо со цензура од името на јавната безбедност.“
Главниот уредник на „Неделно време“ во повеќе наврати укажувал и реагирал против ниските стандарди на новинарството во Македонија. Се надевам дека редакцијата на „Неделно време“ ќе придонесе за подигнување на новинарските стандарди со тоа што ќе им се извини на читателите и ќе престане да објавува навредлив и омаловажувачки хумор. Оти слободата на изразување подразбира и почит кон човековото достоинство и заштитата на угледот и правата на другите.

Се надевам дека и блогерите на дело ќе покажат дека манифестирањето на „смисла за хумор“ не мора да подразбира навредлив и омаловажувачки однос кон никого.

Стихови во еден албум

Книгата на животот е една чудна книга:
ни се отвора, ни затвора по желба лична.
Двапати на иста страна, веруј, не се стига;
листот фатален, пак, самиот се врти вично.
Страницата на Љубовта ја бараш, решен цврсто,
а Страната на Смртта црна - ете ја под прстот!

Алфонс Д' Ламартин (1790-1869)
(препев: Георги Сталев)

ме бендиса, едноставноста

Независно судство? - шала мала

5/20/2006

Пред да излеземе на нови парламентарни избори, да ѕирнеме малку за кого сме гласале не претходните. Еве мал извадок од Стенографските белешки на 134 седница (03.06.2006, стр. 19), од расправата по амандманите за Законот за судовите:
„Јанаќе Витановски: ...Колешката предлага судиите да ги толкуваат законите. Судија не може да толкува закон. Се знае кој толкува закон. Судиите ги применуваат законите. Заради тоа овој амандман воопшто не е во согласност со Уставот на Република Македонија и во ред е тоа што министерот за правда не го прифати. Судиите го применуваат законот, а не го толкуваат. Благодарам.
Слободан Најдовски: Благодарам. Има збор пратеникот Бонева Силвана. Повелете госпоѓо Бонева.
Силвана Бонева: Само за појаснување, терминот "примена на законот" не ја дава ширината и овластувањето на судијата по свое сфаќање и разбирање да го протолкува и примени законот. Судијата мора да го протолкува тоа што го чита па да го примени. Значи да го разбере и да го примени законот за конкретниот случај. Оттаму бараме овој амандман да биде прифатен, бидејќи за овој амандман имаме добиено согласност од повеќе судии на Уставниот суд на Република Македонија и на Врховниот суд. Значи, тоа е толкување на луѓе кои практично се занимаваат со примената на законите во Република Македонија. Благодарам. (...)
Слободан Најдовски: Благодарам. Три минути реплика за пратеникот Витановски Јанаќе. Повелете господине Витановски.
Јанаќе Витановски: Не ми треба толку време. Колешката не е правник, затоа и е далечна оваа материја, не ги разбира добро работите. Толку, благодарам.“
Се разбира, амандманот не беше усвоен, а од Собранието беше испратена пораката дека „Судија не може да толкува закон“ и дека оние што не се „правници“ треба да си молчат, иако биле избрани од граѓаните да зборуваат и одлучуваат во нивно име.

Туку, навистина, како е воопшто можно да се применуваат законите без претходно да се толкуваат? Барем во извесни случаи, ако не и во сите, судијата мора да го протолкува законот пред да го примени. На пример, како судиите ќе ја применат следнава одредба од Законот за амнестија, без истата да ја интерпретираат:
„Одредбите од ставовите 1, 2 и 3 на овој член не се однесуваат на лицата кои извршиле кривични дела поврзани и во врска со конфликтот во 2001 година, кои се во надлежност и за кои Меѓународниот трибунал за гонење на лица одговорни за тешко кршење на меѓународното хуманитарно право на територијата на поранешна Југославија од 1991 година ќе поведе постапка.“ (чл. 1, ст. 4 од
Законот за амнестија, 2002)?
Вистина е дека во нашиот Устав пишува дека Собранието „донесува закони и дава автентично толкување на законите; (чл. 68 ст. 2 од Уставот)“, но оттаму не следува дека само Собранието може да ги толкува законите, а не и судиите кога ги применуваат. Да не очекуваат пратениците при секоја примена на законот од страна на судиите тие да бараат од нив „автентично толкување“?
Пораката „Судија не може да толкува закон“ е исто толку ступидна колку и пораката „одлуките на Уставниот суд не се коментираат - туку се применуваат“, дотолку повеќе што вторава доаѓа од професорка на правниот факултет.
Така, нашите правно-недоквакани законодавци се ставија наспроти целокупната теорија за
Судиското толкување, за Методите на судиско толкување, За толкувањето и кохерентноста во правното расудување итн.
А нели, Уставните измени и Законот за судовите ги донесовме заради независноста на судството! Не ми е јасно само, какви ли ќе бидат тие независни судии кои нема да смеат да толкуваат закон?

Камо демократија и човекови права?

Само што ја пролистав политичката програма на „демохристијанската“ ВМРО-ДПМНЕ - „Преродба во 100 чекори“.
Прво нешто што ми падна в очи е дека во ниту еден наслов и поднаслов од програмата не се споменуваат изразите „демократија“, „човековите права“ и „владеењето на правото“ - клучните
Копенхагенски критериуми за интегрирање во ЕУ.
Парадоксално е тоа што партијата ВМРО-ДПМНЕ, од една страна, декларативно изјавува дека најголемиот дел од нејзината агенда е Мислењето на Европската комисија од 9. ноември 2005 година („Тоа е приоритет број еден за Република Македонија“) а, од друга страна, за интеграцијата во ЕУ зборува само во едно потпоглавје. Замислете, на приоритетот број еден му е посветена дури една страничка, во која само површно се наведуваат некакви заложби, и во која се поставува сосем нереална цел - исполнување на потребните услови за да станеме полноправни членки на ЕУ до 2010 год.?!? Во програмата има повеќе простор отстапено за „Проекти во водостопанството“, отколку за „Интеграција во ЕУ“ каде што не се наведени никакви конкретни предлог-проекти.
Каде мислат да не носат новите македонски „преродбеници“ од ВМРО-ДПМНЕ со едната страничка за процесот на интеграција во ЕУ, без никаква потемелна разработка на темите „демократија“, „човекови права“ и „владеење на правото“?

Да не сакаат случајно да не вратат во Европа од 19 век, кога зборот „преродба“ на овие простори бил политички попопуларен од изразите „демократија“, „човекови права“ и „владеење на правото“?

Очи ширум затворени?

Еве што укажав во постот Предизборни манипулации, по повод едно од т.н. „постигнувања“ на СДСМ:
„Во Република Македонија нема странски воени мисии и Македонија самостојно ја гарантира својата безбедност:
(Делумно вистина, ама затоа хараат агенти на ЦИА и странски војници со оружје в рака слободно си шетаат по пазари и плажи.)“
И не само по пазари и плажи, туку вооружени војници со ознаки "US Army" денес слободно си се шетаа среде бел ден во Центар, покрај кафулињата на кејот - заедно ги видовме со Антипункт и Канализација.
Да не сум пропуштил некои вести луѓе, да не сме станале случајно у меѓувреме „51st state“? Кажувајте такви работи, ви се молам.
Што мајка бараат вооружени американски војници во центарот на Скопје ако нема странски воени мисии во Република Македонија? Чија безбедност тие ја гарантираат со автоматското оружје на нивните воени униформи - нашата или нивната?

Што ако навистина поверувавме во „остварувањето“ на СДСМ дека кај нас нема странски воени мисии и блогерски се самоорганизиравме против „оружениот окупатор“? Што ќе се случеше ако навистина поверувавме, и се обидевме да извршиме граѓанско апсење на униформираните и вооружени лица кои лажно се претставуваат како членови на странски воени мисии и кои носат оружје на јавно место?
Во што да верувам сега? Во „остварувањата на СДСМ“ или во сопствените очи?

Нешто сосема ново!

5/19/2006

Еве скица на мојот предлог за надминување на постоечките спорови на Република Македонија со Република Грција и со Република Бугарија.
Република Македонија (Republic of Macedonia) прифаќа промена на уставното име во Република Нова Македонија (Republic of New Macedonia) ако и само ако Република Грција (Hellenic Republic) го промени уставното име во Република Нова Грција (New Hellenic Republic), и Република Бугарија (Republic of Bulgaria) го промени уставното име во Република Нова Бугарија (Republic of New Bulgaria).
Симултаната промена на имињата на трите држави ќе овозможи повеќекратни предности кои ќе придонесат како за внатрешно стабилизирање на сите три држави, така и за регионалната стабилност и интеграција:
1) Новите имиња на државите ќе овозможат простор за креирање на нови национални идентитети (Новомакедонци, Новогрци, Новобугари) како решение за долгорочно разрешување на непродуктивните конфликти помеѓу етничките идентитети во рамките на секоја од овие три држави. Имено, секој припадник на национално малцинство во рамките на овие три држави ќе може да го изрази својот „новонационален“ идентитет, кој ќе се разликува од етничкиот идентитет на мнозинството. На пример, етничките Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби, Бошњаци итн. во Република Нова Македонија ќе можат да се нарекуваат Новомакедонци со што ќе се разликуваат од етничките Македонци кои исто така ќе добијат простор за изразување на својот национален идентитет кој ќе се разликува од етничкиот идентитет. Етничките Албанци, Турци, Македонци, Бугари, Роми итн. во Република Нова Грција ќе можат да се нарекуваат Новогрци со што ќе се разликуваат од етничките Грци кои исто така ќе добијат простор за изразување на својот национален идентитет кој ќе се разликува од етничкиот идентитет. Етничките Турци, Роми, Македонци итн. во Република Нова Бугарија ќе можат да се нарекуваат Новобугари со што ќе се разликуваат од етничките Бугари кои исто така ќе добијат простор за изразување на својот национален идентитет кој ќе се разликува од етничкиот идентитет.
2) Новите имиња на државите ќе создадат политичка клима за развој на толерантниот граѓански национализам за сметка на исклучивиот етно-национализам кој промовира хегемонистички менталитет и предизвикува регионални конфликти.
3) Новите имиња и новите национални/државни идентитети ќе овозможат развој на нови национални културни политики кои нема да се потпираат на хегемонистичко присвојување на историјата. Република Нова Македонија ќе нема ексклузивно право на присвојување на историјата на Античка Македонија, исто како што Република Нова Грција ќе нема ексклузивно право на присвојување на историјата на Античка Грција, исто како што Република Нова Бугарија ќе нема ексклузивно право на присвојување на историјата на Средновековна Бугарија.
4) Новата политика на идентитети ќе ги поттикне процесите на национална/граѓанска хомогенизација и ќе овозможи негување на нов патриотски дух кој ќе се темели на инклузивниот граѓански идентитет, наместо на исклучивите етнички идентитети кои ја претпочитаат етничката заедница наместо политичката заедница.
5) Новите имиња, новите национални/државни идентитети, и новите национални културни политики ќе овозможат процес на регионално економско и културно интегрирање што ќе овозможи побрз развој на секоја од трите држави и на регионот во целина.

Пред да ме прогласите за „национален предавник“, добро размислете за вашите концепти на „нација“, „национален“, „патриот“. Можете ли да му го одземете правото да биде патриот на некој што се родил, живее и придонесува за оваа земја, а кој го претпочита националниот идентитет наместо етничкиот, и кој размислува за општото добро на политичката заедница, наместо само за колективното добро на сопствената етничка заедница?

Меч-поен!

Конечно некоја холивудска ѕвезда да каже нешто проникливо и ангажирано:
„Луѓето се опседнати со вести за славни личности бидејќи не сакаат да признаат дека во моментов се води војна некаде“ - Скарлет Јохансон

Комунистичката реакција

Вчера слушнав на „Радио Скопје“ дека МПЦ најостро ја осудува идејата за хомосексуални бракови, и дека ги прогласува за „зло“ и „грев“.
Како реакција на чинот на предизвикување нетолеранција и поттикнување дискриминација од страна на МПЦ, соопштение до јавноста издаде и Македонската комунистичка црква (МКЦ):
„МКЦ најостро ја осудува идејата на хетеросексуални бракови и нивното традиционално практикување:
- како ретрограден облик на „буржоаски монополизам“ и „легализирана проституција“;
- како институција која ги загрозува правата на сексуална слобода, сексуална автономија и сексуална еднаквост;
- како корумпирана институција која промовира угнетување на едниот пол од страна на другиот, како и занемарување, расипување и насилство врз децата.
За слободна комунистичка љубов и сексуална еднаквост.“

Предизборни пароли

5/18/2006

Мојата антикорупциско-анархистичка парола:
Не прашувај што може твојата корумпирана држава да направи против тебе, туку што можеш ти да направиш против твојата корумпирана држава!

САД и човековите права

Моите 10 причини зошто САД немаат морално право да бараат од другите земји почитување на човековите права:
1) Смртната казна, која сеуште се изрекува и спроведува во некои држави во САД.
2) Систематско користење методи на тортура во „борбата против тероризмот“ и „оските на злото“.
3) Водење војни на туѓи територии „од името на демократијата и човековите права“, во кои непотребно го губат животот огромен број луѓе.
4) Постоење на закони против содомијата во некои држави на САД.
5) Своеволно лишување од слобода на граѓани од други држави, вон јурисдикцијата на САД.
6) Постоење на тајни затвори во кои се држат луѓе без намера да се покрене обвинение и да се изнесат пред надлежен суд.
7) Минирање на статутот на Меѓународниот кривичен суд.
8) Нератификувањето на Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права.
9) Нератификувањето на Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените и Конвенцијата за правата на детето (Само САД и Сомалија ја немаат ратификувано оваа конвенција).
10) Поради тоа што систематски не ги признаваат и не ги почитуваат сите човекови права, на сите луѓе и насекаде!

„Јазичкиот спор“ - решен со преводот?

Ако Бугарите стварно не ни го признаваат јазикот, тогаш ич не ми е јасно зошто се трудат да ги преведуваат нашите писанија на бугарски јазик.
Има ли поманифестен начин на признавање на посебноста на некој јазик од желбата да преведеш нешто од тој јазик на сопствениот?
Да си се пофалам, ќеф ми е да ги читам моите писанија преведени на бугарски јазик. Еве како звучам на бугарски:
„По кои симптоми се разпознава „бугарската любов“? Това е романтична, едностранна, патологично обсесивна (на моменти кажи-речи маниакална), исторически неразбрана и несподелена любов, където пасивен обект е „всичко, що е македонско“, особено всеки/всяка Македонец/Македонка, независимо от неговото/нейното „самочувствие“, и политическо и сексуално самоопределение.“ (Лозари - винари: Жарко Траяноски: Българска любов)
„Може би македонците само мастурбират, логично предположи той. В речникa нямаше ни белег от думата мастурбация, но затова пък имаше не само онаниране, но и онанист и онанистка. При отсъствието на клитор, трудно му беше да си представи онанистка. Въпреки всичко, предпоставката за онанистична нация му изглеждаше невъзможна, а главата му вече кипеше от твърде много въпроси!“ (СЕКСУАЛНИЯТ ЖИВОТ НА МАКЕДОНЦИТЕ: ПЕНИСЪТ, ИЗГУБЕН В ПРЕВОДА)
Има ли поголем парадокс од тоа што Бугарите ја признаваат посебноста на
хрватскиот и српскиот јазик, а не ја признаваат посебноста на македонскиот и бугарскиот јазик?
Не треба ли и ние конечно да почнеме да ги откриваме и преведуваме бугарски писатели, за да го детабуизираме „јазичкиот“ спор? Можеби не е лошо да почнеме со „пребегот “
Венко Марковски, на пример?

Меѓународен ден против хомофобијата

5/17/2006

"На 17-ти мај 1990, Светската Здравствена Организација (WHO) ја отстрани хомосексуалноста од листата на душевни болести, ставајќи крај на меѓународната законски дозволена медицинска хомофобија." - не потсетува МАССО. За жал, некои психијатри кај нас сеуште „лекуваат“ хомосексуалност.
Еве и автентична изјава објавена во „
Капитал“:
„"Откако моите родители дознаа дека сум хомосексуалец, мајка ми ме однесе кај четири психијатри. Првиот, 'за да ме излечи', ми препиша комбинација од дневни дози на лексилиум и диазепам", вели 26-годишниот Игор од Битола.“
Не ми е јасно само, зошто на таквите „психијатри“ не им стегнат кривична пријава за надрилекарство?
Исто така, зошто психијатрите не почнат да ги лечат оние родители што ги присилуваат своите деца да одат на лекар само затоа што се хомосексуалци?

„Никад као Бане...“?

Нашиот хип-хоп „државник“ одеднаш претпочита младите да пишуваат графити, наместо да пишуваат по блогови:
„Активната партиципација значи промоција на правото на здружување на младите за одредени заеднички цели; инволвирање на индивидуалци и нивните ставови и критики; промоција и почитување на одредени субкултури како алтернативен израз преку музика, филм, театар, сликање, пишување графити; инволвирање на сите млади воопшто без разлика на нивната етничка, верска и полова припадност на сите нивоа во општественото живеење.“
Дали тоа значи дека блоговите, барем според Бане, не се веќе алтернативна субкултура туку „мејнстрим“ култура?
Мој предлог за нова младинска химна:
„Vec u skoli je rucicu dizao vesto
I vec se znalo da postace nesto
O, vec se znalo da postace neko, k'o bog...“
„Kao Bane, dobri sin, tih i miran, cist i fin
Kao Bane, vaspitan i solidan i koristan
Kao Bane, vredni Bane, poslusan i uctiv sav
Kao Bane, odmeren i usmeren i proveren za sve“

Као Бане - проверено, и проневерено!

Тhe Messagе is: there is a new Medium!

Еве што вели Panta Rei во профетскиот пост Граѓански медиуми, демократија од демосот: „...сега класичните медиуми се во улога на Давид кој се бори со Голијат. Гуливер, закован за земјата од милиони Лилипутанци. Им се намалува читаноста, губат публика, која полека но сигурно се сели на Мрежата, им паѓа профитот и вредноста на акциите.“
На моменти имам чувство дека блогосферата се претвора во колонија мравки која настрвено чека големите и троми медиумски слонови - печатените медиуми - да се лизнат во порцеланската продавница на Меклуан со огромната светлечка реклама - „The Medium is the Messagе“.
И Амазонските шуми навиваат за нас!

Platonic Love

(Curt Anderson)

We dine at Adorno and return to my Beauvoir.
She compliments me on my Bachelard pad.
I pop in a Santayana CD and Saussure back to the couch.
On my way, I pull out two fine Kristeva wine glasses.
I pour some Merley-Ponty and return the Aristotle to Descartes.
After pausing an Unamuno, I wrap my arm around her Hegel.
Her hair smells of wild Lukacs and Labriola.
Our small talk expands to include Dewey, Moore and Kant.
I confess to her what's in my Eckhart. We Locke.
By this point, we are totally Blavatsky.
We stretch out on the Schopenhauer.
She slips out of her Lyotard and I fumble with my Levi-Strauss.
She unhooks her Buber and I pull off my Spinoza.
I run my finger along her Heraclitus as she fondles my Bacon.
She stops to ask me if I brought any Kierkegaard. I nod. We Foucault.
She lights a cigarette and compares Foucault to Lacan.
I roll over and Derrida.

(песната што ме инспирираше да ја напишам "Human Rights Love")

Покана

5/16/2006

Вечерва, во просториите на Аз-Буки, во 19 часот, Жарко Трајаноски ќе одржи предавање на тема: „Философија на поинакви сексуалности“.
Бујрум! Влезот е слободен.
Важна напомена: не е дозволено внесување на материјали со „педофилска“ содржина (Гозба од Платон, и сл.) и во кои се прекршуваат сексуалните права на луѓето и животните! Ја да си кажам.

Пролетни алергии

Во последно време сум алергичен на се и сешто.
Вчера, на пример, ненадејно добив алергија кога во подлистокот на „Дневник“ - „24 часа - здравје“, ги прочитав следниве „Совети од алерголог“:
„Кога времето е суво и топло, најдобро е луѓето што имаат алергија да не излегуваат од дома, особено не наутро. Престојот на отворено да го сведат на минимум. Во домашни услови да користат климатизери и да затвораат прозорци. Советот важи за секој период од годината, бидејќи клима уредот се користи и во зимски услови, за загревање.“ (Проф. Дејан Докиќ)
А што праиме ако немам пари за климатизер, а имам алергија, мој професоре?
Сега ми е јасно зошто многу луѓе претпочитаат совети од надри-лекари и астролози наместо совети од професори и доктори. А ја ептен сум алергичен и на надри-лекари и на астролози. Уште алергија на алерголози ми фалеше.
И така, велиш, а? Да си укључам климата, и ич да не излегувам надвор дење, оти сум баш алергичен и на сонце. Ако ми здосади, може ли да си укључам даљинско, и да си ги пуштам „Ролинг Стоунси“ - (I Can't Get No) Satisfaction - поборниците на органската диета и здравиот живот (како што викаат у „24 часа - здравје“). Да уживам во тие ем здрави ем прави незадоволници, кои ем здраво се хранат, ем еднаш годишно целосно си ја менуваат крвта! А што ако сум алергичен не само на крв, туку и на луѓе кои што од ќеф си ја менуваат крвта?
Ебате беља! Поарно да си седам дома и да си го пуштам „Носферату“ од Херцог. Кога го гледам Клаус Кински (исто така алергичен на сонце), сум помалку алергичен на глупости од подлистоци што шиткаат здравје.

P.S. Некој да чул да измислиле у меѓувреме вакцина против алергија на глупости?

Философијата на Брус Ли

5/15/2006

Ако некој мал човек некогаш имал голем „стил“ - тоа е славниот Брус Ли!
Неговата философска идеја (која ја применил и во боречките вештини) била да се нема никаков стил.
Омилени цитати од
Брус Ли:
“True observation begins when devoid of set patterns, and freedom of expression occurs when one is beyond systems.”
“A good martial artist does not become tense - but ready. Not thinking, yet not dreaming, Ready for whatever may come.”
"Be formless... shapeless like water. If you put water into a cup, it becomes the cup. You put water into a bottle; it becomes the bottle. You put it into a teapot; it becomes the teapot. Water can flow, and it can crash. Be water, my friend..."
"The possession of anything begins in the mind."
"Knowing is not enough, you must apply; willing is not enough, you must do."
"Take things as they are. Punch when you have to punch. Kick when you have to kick."
"The key to immortality is first living a life worth remembering."

Докосни ми колената

Еј моја душичке
изхвърли ги бръмбърите
од твоята хубава руса главичка
не бъди дете
обуй пантофите
подај ми взглавничката
прегрни ме нежно
држ се естествено
свари ми кафе,

направи ми сандвич
нагости ме хубаво,

и задоволи ме
Еј мойа душичке
фрли ги кукличките
кои те гонат и само ти досаждат
не бъди дете
купи ми роклја
сребрени огрлици
червени малини
и билет до Америка
познаваме се от скоро
вече десет дни
дај ми твојата кола
и клјуч од апартамента
Еј, на пресно млеко мирише денот
птичките пејат с п'лен глас
ветерот лулее утрото
докосни ми колената, точно това искам
Еј, синото небе зјапа в апартамента

жолта пеперуда гали врата ми
ветерот лулее утрото
докосни ми колената, точно това искам
(од архивата: славниот хит од „Зана“ во пијан бугарски превод. прекрасно звучи кога го пејат девојки од Пловдив и Плевен)

Резил!!!

"Конечната пресуда на Судот за човекови права во Стразбур ја обврза Македонија најдоцна до 6-ти јуни 2006 да му исплати 40.000 евра како надомест за претрпена штета од тешки телесни повреди на Перушан Јашар кој пред 8 години бил брутално претепан од штипската полиција." (A1)
" - Ме тепаше кој како ќе стигне - вели Јашар. Откако ме одведоа во полицијата од 23 часот до 7 часот наредното утро на секои десет минути влегуваше еден полицаец и ме малтретираше - раскажува Јашар. " (
Време)
"Штипјанецот, кој во времето кога се случил инцидентот имал 33 години, и денес има последици од тепањето. На десната страна од образот му останала лузна, а како последица од малтретирањето останал без предните заби." (
Време)
Адвокатот на Јашар поднел тужба до Јавното обвинителство кое никогаш не одговорило на кривичната пријава за малтретирање од службено лице, и покрај законската обврска.
Погледнете ја само оваа небулозна изјава од страна на полицијата:
„Силвана Велинова од секторот за аналитика при СВР-Штип вели дека тие направиле се што било побарано од нив во врска со овој случај. Случајот е документиран, но констатирано е дека немало пречекорување на овластувањата, вели Велинова“ (
Време)
И, сега, ќе понесе ли некој одговорност за тоа што Перушан Јашар бил брутално претепан од штипската полиција?
Кој ќе понесе одговорност за 40.000 евра што ќе се исплатат од нашиот буџет поради пропустите на Јавното обвинителство и полицијата?
Ќе падне ли конечно некоја раководна „глава“ во Јавното обвинителство и полицијата заради катастрофалните последици по имиџот на Република Македонија која се гордее како кандидат членка за ЕУ?
Некој мора да е одговорен и виновен.
Го повикувам Премиерот да ја лоцира политичката одговорност за случајот и да побара поведување постапка за утврдување и на кривичната одговорност, со што ќе покаже дека Република Македонија во потполност ги почитува одлуките на Европскиот суд за човекови права.

Туристичка пропаганда?

5/14/2006


Убедливо најконтроверзната изјава на неделата:
„Го прашавме Џанго зошто нема излезен печат во неговиот пасош [на Ел-Масри], на што со сомневање укажуваат и европарламентарците. „Затоа што - во принцип - печат задолжително се удира само на влез, а не и на излез. Секоја држава едвај чека странецот што влегол на нејзина територија, да ја напушти земјата, па така ретко се удираат излезни печати“, вели самоуверено шефот на полицијата“ (најновиот Форум, стр. 13).
Какви туристички амбиции може да има некоја земја која изјавува дека одвај чека странците-туристи да ја напуштат?
Предлог за туристичка реклама на CNN: Џанго како удира влезен печат на пасошот на Карла дел Понте уз коментар - „со мерак во Македонија, и што побргу сиктер!“
И до кога единствениот интернационален туристички бренд ќе ни биде хотелчето „Скопски мерак“ - „
само 200 м од Американската амбасада“?

Зомбиологија

5/13/2006

Извадок од едeн текст од периодот кога бев преокупиран со „философските зомби“:
„Човековата опседнатост со феноменот на зомбите може да се толкува како симптом на некаков притаен уплав, или од целосно губење на сопствената волја (доколку станува збор за диригираните вуду зомби), или од деменција проследена со исчезнување на оние хуманоидни одлики кои се пројавуваат во секојдневното поведение (доколку станува збор за ексцентричните холивудски зомби). Претставата за вуду зомбите може да се толкува како антиципација изнедрена од застрашувачката можност нашата волја да прејде во рацете на некој друг; претставата пак, за холивудските зомби - како стравување за секогаш можната ментална депривација, но само доколку би предизвикала промена на нормалното поведение во ексцентрично, кое обично доведува до губење на статусот и социјалната сигурност.
Иако философските зомби изразито се разликуваат како од холивудските така и од вуду зомбите, зборот зомби тука не е случајно употребен. Специфичната ментална депривација, одлика што ја споделуваат и вуду и холивудските зомби, е она што ги поттикнало философите да ги крстат со истото име нивните спекулативни галеничиња одгледани во софистицираните услови на загадочните лаборатории на умот. Но, ако кај вуду и холивудските зомби менталната “одземеност” се одразува во нивното ексцентрично поведение, кај философските зомби таквиот хендикеп е (речиси) непрепознатлив. И површната (психо)анализа може да дојде до сознанието дека преокупираноста на философите со нивните зомби е израз на стравот од губењето на егзистенцијалната сигурност, вдомена во синтагмите персонална свест и субјективно доживување.
Значи, концептот на философските зомби не конотира ниту “враќање од мртвите”, ниту “запоседнување на телото” (или душата) од некој друг; ниту пак ексцентрично, препознатливо поведение, туку само извесен “ментален” недостаток, кој барем на прв поглед не може, ако воопшто и може, да се забележи.“

Human Rights Love

Considering that you are my priority and unique opportunity,
Recognizing and affirming that you are the only threat to the dignity and worth inherent in my person,
Reaffirming my commitment to take joint and separate action, placing proper emphasis on developing effective interbody cooperation for the realization of the purposes set out in Article 5 of the WAS Declaration of Sexual Rights,
Emphasizing my responsibilities, in conformity with the right to sexual autonomy, sexual integrity, and protection of the sexual body,
Recalling the Preamble of the WAS Declaration of Sexual Rights, particularly the determination to reaffirm faith in sexual rights as universal human rights based on the inherent freedom, dignity, and equality of all human beings,
Also recalling the fact that the full development of sexuality is essential for individual, interpersonal, and societal well being,
Deeply concerned that, perhaps, you will be the end of my history,

Having taken into account that on top of all, nobody could bear it systematically,
Welcoming the enjoyment of all sexual rights and freedoms respecting the value and diversity of various cultural practices and identities,
Invoking the spirit of the new age and the realities of our time which call upon the people of the world to rededicate themselves to the global task of promoting and protecting all sexual rights and freedoms so as to secure full and universal enjoyment,
Determined to take new steps forward in the commitment to achieve substantial progress in the implementation of the right to sexual pleasure, by an increased and sustained effort and mutual cooperation and solidarity,
I am submitting to you my declaration of love…
With only one additional protocol:
What is love, but a positive discrimination?
Let’s fuck!

Утеха

5/12/2006

ако.

Зошто се откажав од „филозовски“ факултет

Прославената Џудит Батлер доби прва награда на Bad Writing Contest за следнава реченица:
„The move from a structuralist account in which capital is understood to structure social relations in relatively homologous ways to a view of hegemony in which power relations are subject to repetition, convergence, and rearticulation brought the question of temporality into the thinking of structure, and marked a shift from a form of Althusserian theory that takes structural totalities as theoretical objects to one in which the insights into the contingent possibility of structure inaugurate a renewed conception of hegemony as bound up with the contingent sites and strategies of the rearticulation of power.“
Предлагам да воведеме натпревар за лошо пишување и кај нас. Ја номинирам следнава реченица:

„Спациотемпоралната фиксација и когниција на Феридовски елаборираните темати е само чекор за транстемпоралната екстраполација и трансценденција на нивната димензија на иморталитетните ингредиенти - каквости на референтните репери на тематизираниот феномен in concreto et il more temporo.“
(д-р Коле Јовановски, Homo heuristicus, во „Врвовите на филозофот“ (приредил Златко Жоглев), Педагошки факултет - Битола, Филозовски факултет - Скопје, 2006, стр. 205.)
Понудете ваши номинации па да организираме жири и гласање.

Што ќе даваме за освоено прво место?

Зошто блогирам, и така натаму

Блогирам затоа што уживам во слободата на изразувањето што ја нуди овој нов демократски медиум.
Постирањето, читањето и откривањето на нови блогови е секојдневен чин на „ментална хигиена“ со кој ги неутрализирам мирисите на застоеност и гнилеж што се шират од македонската медиумска жабокречина. Автосугестивните зборови „Свакога дана све више и више напредујем“ - најдобро го отсликуваат развојот на блогосферата.
За влијанието на македонските блогови сведочат и неодамнешните обиди на печатените медиумски „боргови“ за асимилирање на познати македонски блогови и блогер(к)и. Како резултат на богатството и разновидноста на содржините, неделните посети на некои блогови ги надминуваат тиражите на некои наши политички неделници.
Очекувам во иднина се повеќе новинари, политичари, универзитетски професори, и други јавни личности да ги користат предностите на блоговите како медиуми за изразување и комуникација.

Блоговскиот отпор против глупоста не е залуден и оригиналните блогери никогаш нема да бидат асимилирани.
(напишано по порачка од
Анти)

Одисеј

5/11/2006


одам никаде, од никаде се враќам,
демнат секаде, патишта и беспаќа.
„кај и да одиш, таму си!“ - запамети!
„кој и да си, ќе бидеш ти!“ - заборави!

сегде небо, сонце, иста земја, вода,
сал малку надеж, и желби сами одат,
далеч од дома, јадри сирени пејат,
затињам уши - богови ми се смејат...

„зар битно е до каде ќе стасаш? дали
те познава некој, дома штом ќе стапиш?
и сам знаеш, за спас шансите се мали.
дојди само, немој залудно да патиш.“


од гласот твој нежен, незаситна жено,
токму од него бегам, итра сирено,
или од себе? мами ветрот северен.
јас не сум јас, ако не сум (из)неверен?

Итака - натаму! јас наваму бродам
богови алчни! среќата е на пол пат.
кренете едра, време е да си одам,
другари верни, поверни од Пенелопа!

Предизборни манипулации

СДСМ ги промовираше своите „50 најзначајни остварувања“ од последниот мандат. Мал коментар само за првите десет „остварувања“:
1) Република Македонија стана кандидат за членство во Европската Унија
(Вистина, ама само на хартија, без надеж за скоро започнување преговори)
2) Целосно реализиран рамковeн договор
(Лага. Доволно е да се спомене само дека Рамковниот договор предвидува и мерки враќање на внатрешно раселените и за развој на подрачјата погодени од конфликтот. Нит враќање на сите, нит развој, нит бутур. Ниту пак рамковниот е релевантен правен акт. Плус и законот за полиција не го донесоа, а за правична застапеност уште леб треба да јадеме.)
3) Вратена безбедностa на државата и сигурноста на граѓаните
(Делумно вистина за безбедноста, а сигурноста допрва треба да се враќа. Ебати државата во која „Експлодира бомба во Скопје“ не е никаква вест.)

4) Успешно завршен процес на децентрализација.
(Лага. Процесот на децентрализација е сеуште во тек. За неуспешноста на локалните избори да не зборуваме.)
5) Започната либерализација на визниот режим
(Вистина. Ама какво ли само остварување! Започнале либерализација. Мижи Асан да ти баам. )

6) Воспоставени дипломатски односи со 114 земји под уставното име.
(Не ми се верува дека ова е дело на СДСМ од последниов мандат.)
7) Во Република Македонија нема странски воени мисии и Македонија самостојно ја гарантира својата безбедност
(Делумно вистина, ама затоа хараат агенти на ЦИА и странски војници со оружје в рака слободно си шетаат по пазари и плажи.)

8) Учество на Македонија во успешни мировни мисии во Ирак и Авганистан
(Лага. Какви бе „успешни мировни мисии“ кога таму сме дел од окупациските сили кои се во непрекината војна?)
9) Ефикасна, професионална Армија по НАТО стандарди
(Лага. Да беше ова вистина, ќе бевме веќе членки на НАТО.)

10) За првпат донесен закон за надворешни работи
(Вистина, ама мошне болна вистина за СДСМ кои беа главни кочничари за донесување на таков закон.)
На СДСМ под итно им треба „reality check“!

Кафкијански пост

На некои вести денеска (на Сител ли беше?) го гледам Трифун како дава изјава дека новиот „Кермес“ ќе изгледал ко замок!
Вуна, брате, стануваш неверојатно сомнителен откако напиша дека шибаме накај средновековие:

„Кметови и закрепостени селани.
Една од најважните реформи во структурата на населението во минатиов период беше издвојувањето и
отскокнувањето на неколку богаташи, кои како вешти земјопоседници успеаја да создадат огромни феуди на кои им р'мбаат вазалите. Долго време се мислеше дека тоа е некој навидум капиталистички облик, но властите јасно ни ставија на знаење дека се работи за исклучиво феудално уредување, бидејќи во капитализмот постојат одредени закони и правила што се запазуваат, додека во нашиот систем господарите сами си ги пишуваат и спроведуваат законите и се над државната власт.“
Ај да ги видам сега тие што тврдеа дека нашиот градски кмет е капиталист!
Чоекот си гради замок среде град. И ич закон не го бие!

Одамна не сум напишал песна

5/10/2006

о
о...
о, да...
одамна...
одамна не сум...
одамна не сум летал...
одамна не сум летал в сон...
одамна не сум се качил на врв...
одамна не сум викал на сиот глас...
одамна не сме се сретнале случајно...
одамна не сме пиеле ракија со мерак...
одамна пијани не сме броеле ѕвезди...
одамна не сум бил сам со месечко...
одамна не сум бил и сам со тебе...
одамна не сум бил сам со себе...
одамна не сум бил сам со сè...
одамна не сум бил сам...
одамна не сум бил...
одамна не сум...
одамна...
о, да...
о...
о

Сим-боли!



Градот убав пак ќе никне - ко феникс!
Тоа е кармичката порака на грбот на општина Центар.
А која е пораката на грбот на општина Арачиново, на кој има сонце, пет жолти ѕвездички, два бели гулаба, цвеќе и фудбалска топка во средината на подножјето?
Сонцето, ѕвездичките, гулапчињата, цвеќето - можам некако да разберам. Се се тоа симболи на мирот и просперитетот препознатливи за ова поднебје.
Ама што симболизира фудбалската топка, и тоа на централно место во грбот: нема мир и просперитет без добар фудбал? Или, топката е тркалезна?
Кога сме кај симболите на градот Скопје, имам предлог за рамковно-спортско дополнување и на грбот на општина Центар: наместо едноглав - двоглав феникс, и две вкрстени безбол палки, што ќе ја симболизираат решителноста, непоколебливоста, и спортскиот дух на скопската полиција. (види
Полицајци брутално натепале скопјанец)
Којзнае во што ли се реформира нашата полиција? Во јавен сервис на граѓаните или во „спортско“-акционерско друштво со неограничена неодговорност?
Фали уште министерот на полиција свечено дотеран како капитен на безбол-тимот јавно да демантира: „се се тоа шпекулации, а ние не работиме со шпекулации...“
Гледаме фино со што работите господине Џанго!
Се фалите дека сте го намалиле криминалитетот за 30%.

А колку притоа се зголеми криминалитетот на полицијата господине министре?

Е-Владо, Владо!

5/09/2006



На 8 мај, со еден ден задоцнување, Агенцијата за информации известува дека претседателот на нашата Е-Влада со телеграма им го честитал 7 мај - Денот на полицијата на сите припадници на МВР. Не испратил нашиот е-премиер СМС, е-mail, не дај боже говорна пошта или видео-порака, туку - најобична телеграма. („Честитки од премиерот Бучковски до припадниците на МВР“)
Еве што информира „Дневник“ во денешниот напис:
Една телеграма чини колку 100 СМС-пораки: „Цената за испраќање телеграма е зголемена на астрономски 649 денари плус 0,15 денари за секој збор во однос на досегашните 20 до 150 денари за илустрирани телеграми.“
Му давам бесплатен совет на премиерот (кога може Фрчко на Бане, можам и јас на Бучко) - под итно да ги отпушти своите трагикомични „фабриканти“ и да го преиспита ваквиот недоличен начин на комуницирање со јавноста.
Почитуван премиеру, не станува ли збор за политичка саботажа користењето на не-електронски комуникации со гласачкото тело во време кога функционирањето на Е-Влада е предизборен политички приоритет? Токму кога Владата сака да ги продаде нашите акции во телекомот?
Почитуван премиеру, зарем не ви е срам да користите толку застарен метод на комуникација, кој е ем толку скап, ем самопотценувачки - испаѓа дека секој ваш искажан збор вреди само 0,15 денари?
Цел ден си го поставувам прашањето: Зошто премиерот во ова време на чуда од технологии испратил телеграма? Засега имам само еден логичен одговор: - Мора телеграфот да бил расипан или телеграфистката да заминала на одмор. (За жал, „Пони експрес“ уште не отвориле тука подружница и Бучко не можел да ги користи прославените поштенски услуги на нашите најголеми сојузници).
Се прашувам сега, кој ќе биде следниот проект на Јани за „дигитално“ описменување на владините службеници: учење морзеова азбука, јавање на пони, или ќе се држиме до проверените партизански вредности, па ќе продолжиме да ги користиме традиционалните комуникациски услуги со магариња, курирчиња и волшебни самарчиња?

О неписменех!

5/08/2006

Има ли поголем резил од неписменоста на описменувачите?
Боли глава од податокот дека најголем број од професорите на Универзитетот „Кирил и Методиј“ немаат своја веб-страница. Уште повеќе боли глава од фактот дека многу професори на УКИМ воопшто немаат ни e-mail адреса!
Секоја чест на исклучоците, и поздрав до професорите-блогери
Илија Ацески и Владо Трајкоски. Се прашувам само, зарем нивниот универзитет не може да им овозможи постирање на предавањата, испитните прашања и семинарските работи на нивната веб-страница на универзитетскиот сервер?
Најдобар показател за дигиталната неписменост на Универзитетот „Кирил и Методиј“ е споредбата помеѓу
веб-страниците на факултетите на Универзитетот „Кирил и Методиј“ и на Универзитетот на Југоисточна Европа.
Страницата на УКИМ е толку застарена што во
податоците за Република Македонија пишува дека „се граничи на север со СР Југославија“?!?
Од прв поглед се гледа дека страницата на ЈИЕУ е редовно ажурирана и тоа на три јазика. На страницата има информација дека со самото запишување на ЈИЕУ, секој студент се стекнува со право на пристап на Универзитетската компјутерска мрежа - чии услуги се неопходни во текот на студирањето.
Такво нешто на УКИМ нема. Има само некои општи податоци за
Универзитетска компјутерска мрежа, но нема пристап до никакви услуги.
За да видите колку сме дигитално неписмени, ѕирнете само на веб-страницата на
University of Oxford, која нуди неверојатно полезни информации за студентите, студирањето, студентскиот живот итн. и, секако, online пристап за студентите до електронските ресурси како и online курсеви за оние што сакаат да студираат преку интернет.
Навистина ќе биде
подвиг дигиталното описменување на професорите од УКИМ!

Ништо без „ентертејнинг“!

5/07/2006


Повторното воведување смртна казна би било круна на процесот на осредновекување на Македонија. Така вели Анастас Вангели во својата колумна Дарк Агес (Dark Ages):

„Следејќи ја дебатата за аболицијата во последно време, дојдов до заклучок дека што поскоро мора да се воведе смртна казна во Македонија, што е поливалентен фактор во развитокот на нашето средновековно уредување. Еретиците ќе ги палиме на клада (така се втемелува и власта на Црквата), оние што не плаќаат данок ќе бидат бесени, а може да се воведе и мерката „набивање на кол“
или „каменување“, со што би се придонело во сферата на ентертејнинг на народот.“


До повторното воведување на смртната казна, клучен придонес во сферата на „ентертејнинг“ на народот ќе имаат некои наши средновековни „интелектуалци“ - „дворски будалетинки“. Погледнете само колку вешто жонглираат со политички идеи успевајќи да го задржат оптимистичкото расположение на нивните кралеви!
Кој е вашиот кандидат за официјална „дворска будалетинка“ на „средновековна Македонија“?

„ОМО Илинден“, „Радко“ и правото на здружување

Во случајот THE UNITED MACEDONIAN ORGANISATION ILINDEN AND OTHERS v. BULGARIA е наведен дел од образложението на пресудата на Врховниот суд на Бугарија за нерегистрирање на „ОМО Илинден“ (11 March 1991):
“[T]he lower courts have correctly established that the aims of [Ilinden] under its articles of association and programme were directed against the unity of the nation... [The material in the case] demonstrates that [Ilinden] seeks to disseminate the ideas of Macedonianism among the Bulgarian population, especially in a particular geographical area. [Those ideas] presuppose the ‘denationalisation’ of the Bulgarian population and its conversion into a Macedonian population... It follows that [Ilinden] is directed against the unity of the nation and is therefore prohibited under Article 35 § 3 of the [1971] Constitution...”
Што истакна Европскиот суд за човекови права по повод ваквите аргументи:
„...the mere fact that a group of persons calls for autonomy or even requests secession of part of a country’s territory – thus demanding fundamental constitutional and territorial changes – cannot automatically justify interferences with their rights under Article 11. Expressing separatist views and demanding territorial changes in speeches, demonstrations, or program documents does not amount per se to a threat to a country’s territorial integrity and national security...“ (...)
Здружувањето заради промовирање политички идеи кои го ставаат под прашање постоечкиот поредок, чие остварување се застапува со мирни средства, е под заштита на правото на здружување (чл. 11 од ЕКЧП):
„However shocking and unacceptable certain views or words used might have appeared to the authorities and the majority of the population, and however illegitimate Ilinden’s demands might have been, their suppression does not seem warranted in the circumstances of the case. In a democratic society based on the rule of law, political ideas which challenge the existing order and whose realisation is advocated by peaceful means must be afforded a proper opportunity of expression through the exercise of the right of association as well as by other lawful means...“
Врз основа на овие аргументи Европскиот суд за човекови права одлучи дека на „ОМО Илинден“ му е повредено правото од чл. 11 на ЕКЧП - слободата на здружување.
Уставниот суд на Република Македонија во
одлуката со која ги поништи програмата и статутот на здружението на граѓани „Радко“ „утврди дека истите се насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија и разгорување на национална или верска омраза или нетрпеливост“.
Погледнете ги целите на Здружението „Радко“:
„- издигнување и афирмација на македонското културно пространство, со приоритет на културно - историскиот идентитет на Славјаните од Македонија, кои што през вековите се пројавувале како Болгари;
- воспоставување на традиционалните етички и човечки ценности и
- афирмација на македонското ослободително движење.“

Погледнете го начинот на реализирањето на целите:
„ - сопствена книгоиздавачка дејност, издавање на сопствен весник и сопствени електронски медии;
- организирање на конференции, семинари и трибини со учество на видни научни и културни дејци од земјата и странство и
- соработка на Здружението со научни, културни и образовни институции, со подобни здруженија и организации од земјата и странство.“
Иако никаде ниту во целите, ниту во начинот на нивното реализирање, не се пропагира насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија, Уставниот суд утврди дека „и програмата и Статутот на Здружението на граѓани "Радко" - Охрид, се насочени кон насилно уривање на државниот поредок, попречување на слободното изразување на националната припадност на македонскиот народ, односно негирање на неговата самобитност и разгорување на национална или верска омраза или нетрпеливост...“
Погледнете врз основа на какво расудување е изведен ваквиот заклучок:
„Во овој контекст, Судот ја имаше предвид и Преамбулата на Уставот на Република Македонија во која се поаѓа од историскиот факт дека Македонија е конституирана како национална држава на македонскиот народ и дека секое дејствување усмерено кон негирање на неговата самобитност, всушност е насочено кон насилно уривање на уставниот поредок на Републиката, кон поттикнување или разгорување на национална или верска омраза или нетрпеливост и кон негирање на слободното изразување на неговата национална припадност.“
Меѓутоа, не е секое граѓанско па дури и политичко дејствување насочено кон негирање на самобитноста на македонскиот народ автоматски:
1) насочено кон насилно уривање на уставниот поредок (Што има насилно во книгоиздавачка дејност, конференции, семинари, и создавање медиуми?)
2) кон поттикнување или разгорување на национална или верска омраза или нетрпеливост (Според кои докази на Судот „Радко“ поттикнува и разгорува омраза и нетрпеливост? Може ли како доказ на судот да се смета толкувањето дека „според учењето на Иван Михајлов "Радко", македонскиот етнос никогаш не суштествувал на овој простор, туку истиот им припаѓал на Болгарите од Македонија и дека со неговото признавање бил направен најкрупниот престап во болшевичката централа за времето на нејзиното суштествување.“?)
3) кон негирање на слободното изразување на неговата национална припадност. (Дали со тоа што некој ќе се нарече „Болгарин“ автоматски го негира слободното изразување на мојата македонска припадност?)
Моето мислење е дека во случајот „Радко“ е повредено правото на здружување заштитетно со ЕКЧП, затоа што дури и да станува збор за случај на здружување заради промовирање политички идеи кои го ставаат под прашање постоечкиот поредок, нивното остварување се застапува со мирни, а не со насилни средства.

Мојот список со блогови

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Архива на блогот

Footer Widget 1

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Footer Widget 2

Популарни објави

Популарни објави

Popular Posts this month

Popular Posts this week