Кралот алкохол

9/30/2006

„Десет до дванаесет тинејџери неделно завршуваат на Клиниката за токсикологија при Клиничкиот центар во Скопје поради труење со алкохол.“ (Тинејџери пијат до бесознание, па често завршуваат на Токсикологија )

Тоа значи дека алкохолот критично го загрозува животот на 500-600 тинејџери годишно само во Скопје, град во кој кафани има на секое „ќуше“.

Пред некое време, седам со две пријателки во еден скопски „кафиќ“. Имаа желба да пијат „ладен чај“ оти им се згадило од премногу алкохол претходните неколку дена. Кога видоа дека чајот е 120 ден., а џинот 70, веднаш го променија мислењето.

А што да се каже за нашите „локални“ традиции - секое трето-четврто семејство е производител на сопствено вино или ракија.

Паметам, кога станав прваче, баба ми ми рече: „Сега си голем, ела да пробаш малку ракија!“

Алкохолот нашироко се рекламира, и од страна на големите компании, и од страна на црквата.

Зошто „во виното е вистината“, а не „во травата е вистината“?

Зошто оние што секојдневно се дрогираат со алкохол се социјално прифатени („кул“), а оние што се дрогираат со трава се социјално исклучени („еднаш џанки, засекогаш џанки“)?

Слободата е скапа, или евтина?

9/29/2006

Прекрасно што некој почна да се занимава и со ПАРАДОКСИТЕ ОД СУДСКАТА ПРАКТИКА: Невин зад решетки поради прескапа ДНК-анализа.

Осомничениот бил држан во затвор иако постоеле сериозни, медицински потврдени сомнежи дека не е виновен - се додека не била утврдена вината на друга личност со ДНК анализа.

Верувале или не, „Судот ја префла вината на Институтот бидејќи однапред барале пари за секоја анализа што треба да се направи.“

Независно од монополската позиција на Институтот за судска медицина, во случајов е најодговорен Судот, ако е вистина дека „судот не испратил барање до Институтот за судска медицина за да се направи ДНК-анализа.“

Судот ги утврдува фактите, и не би требало да утврди вина ако постои и најмал сомнеж дека некое лице е невино.

Изгледа, кај нас многу судии сеуште размислуваат тоталитаристички: Ако постои и најмал сомнеж дека си виновен, тогаш има основа да лежиш во затвор или притвор.

Консеквенците на тиранијата

9/28/2006

Конституирањето на Комитет за односи меѓу заедниците предизвикува бурна дебата.

Да потсетиме, во Уставот не станува збор за Комитет за односи меѓу припадниците на заедниците, туку за Комитет за односи меѓу заедниците.

Имено, во амандманот XII се претпоставува дека пратениците не се политички претставници на граѓани (независно од етничкото потекло), туку политички претставници на „заедниците“: „Доколку некоја од заедниците нема пратеници, народниот правобранител, по консултации со релевантните претставници на тие заедници, ќе ги предложи другите членови на Комитетот.“

Оттаму, легитимно е оспорувањето на кандидатурата на некој/а пратеник/пратеничка за член на Комитетот за односи меѓу заедниците, врз основа на аргументи дека тој/таа не е релевантен претставник на таа заедница.

Имено, логично е да се постави прашањето како претставникот на таа заедница ќе „разгледува прашања од односите меѓу заедниците“ ако за некој кандидат за претставник на некоја заедница се докаже дека пред неколку месеци воопшто не се изјаснувал како припадник на таа заедница?

Тоа е резултат на тиранијата на етничкиот идентитет, која го девалвираше граѓанскиот идентитет за сметка на етничкиот, и индивидуалните права за сметка на колективните.

Меѓутоа, кај нас, исто така, „слободното изразување на националната припадност“ е темелна вредност на уставниот поредок. (Англискиот превод на оваа темелна вредност во еден официјален документ на ОН е „the free expression of ethnic identity“, а во нашиот извештај до Советот на Европа „Free expression of ethnic affiliation“.)

Покрај тоа, „Припадниците на заедниците имаат право слободно да го изразуваат, негуваат и развиваат својот идентитет...“ (Амандман VIII), а според РАМКОВНАТА КОНВЕНЦИЈА ЗА ЗАШТИТА НА НАЦИОНАЛНИТЕ МАЛЦИНСТВА НА СОВЕТОТ НА ЕВРОПА, секоја личност што припаѓа на некое национално малцинство има право слободно да одбере дали ќе биде третирана или нема да биде третирана како таква.

Во нашиот Извештај до Советот на Европа се потенцира дека „...the answer to the question of “ethnic affiliation” in all censuses of population carried out since 1948 up to now, as well as in all other statistical researches, is based exclusively on the principle of free expression by a person to whom the question relates.“

Имено, повреда на ова право би настанала во случај кога некој некого присилува да ја изрази својата „етничка припадност“ или кога му го оневозможува слободното изразување на неговата/нејзината етничка припадност.

Ставот дека „националната припадност не може да биде мобилна категорија“ не е заснован на никакви норми, ниту од домашното, ниту од меѓународното право. Исто така, да не заборавиме дека „Употребата на изразот „национална припадност“ како „етничка карактеристика“ не е во согласност со European Convention on Nationality (кај нас ратификувана како Европска конвенција за државјанство). Имено, во оваа конвенција на Советот на Европа, изразот "nationality" се дефинира како „the legal bond between a person and a State and does not indicate the person's ethnic origin“, што е во согласност со Законот за државјанство на Република Македонија во кој “Државјанството е правна врска меѓу лицата и државата и не го означува етничкото потекло на лицата.” (МХК).

Токму затоа, Хелсиншкиот комитет апелираше до државните органи „терминот „националност“ да се употребува согласно Конвенцијата за националност/државјанство, во смисла на правна врска помеѓу лицето и државата која не го означува етничкото потекло на лицето.“

Да потсетиме, исто така, дека „На секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот“ и дека Граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно (...), националното и социјалното потекло“.

Изразувањето на личниот идентитет (етнички, национален, политички, сексуален...) е заштитено со правото на почитување на приватниот и семејниот живот и со забраната на дискриминација (не само врз основа на етничко потекло, туку и врз основа на националност/државјанство).

Останува да лебди прашањето колку ефективно можеме да ги заштитиме овие меѓународни права во рамките на нашиот систем за заштита на човековите права.

Нема мир од „миротворци“
































(B-36 Peacemaker in Action)











(Action Army Peacemaker revolver USA)

Секоја чест на
нашиот колега-блогер кој отвора една од најгорливите политички теми, сосем маргинализирана во нашиот јавен простор:

„Дали е АРМ – окупациска војска, Лазар Еленоски – окупациски министер, Мирослав Стојановски – командант на окупациска војска? Дали Бранко Црвенковски е претседател на окупаторска држава? (...) Каков мир можат да донесат луѓе обучени да убиваат луѓе?“ - прашува Анти.

Навистина, има ли Македонија активно мировно движење?

Или, како што поентира Анти, „Од толку бранење нема кој да не одбрани од тие што не бранат.“

Што да се каже - фотографиите сами зборуваат.

Одбери страна

9/27/2006

Сосем очекувано: наместо да почне да го доведува под прашање потеклото на имотот, нашето Собрание почна да го доведува под прашање етничкото потекло на пратениците.
На политичарите престана да им е гајле кој што зборува и прави, единствено им е битно кој како се изјаснува.
Ете ги придобивките од „Рамковниот договор“ кој го уби граѓанинот во нас, претворајќи не во покорни овци затворени во етнички трла (пардон, „заедници“).
Не е тешко да се процени на каде одат работите. Ако има повеќе исклучиви политички „заедници“, логично е дека тие полека ќе престанат да бидат за едно!
Ако продолжи тиранијата на етничкиот идентитет, на крајот, ќе престанат и да бидат заедно.
Конфликтот етнички Македонци vs. етнички Албанци е лажна дилема.
Вистинската дилема е: македонски граѓани vs. етнонационалисти.
А каде се македонските граѓани?
Фатиле џенем на печалба во странство?

„Повратникот од мртвите“

Секоја чест на „Вест“, кој известуваше и за најавената преработка на предлог Законот за полиција, која, за жал, не се оствари:

„Граѓаните ќе бидат присилно приведени во полициска станица, ако не одговорат на интересот на полицијата од нив да соберат информации што им се потребни во работата.
Пратеникот и поранешен министер за внатрешни работи Павле Трајанов на вчерашната расправа за законот за полиција на Комисијата за одбрана и безбедност предупреди дека ова одредба може да биде злоупотребена во текот на примената. "Постои реална опасност во текот на примената на законот да се загрозат човековите права и слободи на граѓаните", предупреди Трајанов.“ (Останува информативниот разговор)

Мало појаснување: не само примената, туку самите законски одредби го загрозуваат човековото право на слобода и безбедност на личноста со измислицата „присилно доведување“ на неосомничено лице во полиција кое не се смета за „лишување од слобода“.

И едно потсетување, на што укажа Хелсиншкиот комитет пред една година:

„Европскиот суд за човекови права во Стразбур (ЕKЧП) одамна се определил дека “лишувањето од слобода најочигледно се случува онаму каде лицето со сила се чува во полиција“, но, чл. 5 се применува и кога „... лицето не може да напушти одредено место или е обврзано да дојде на некое друго место со службено лице, односно кога не може повеќе слободно да замине...“.

За нашиот Уставен суд и нашата Полиција тоа нема врска. Дури и не е доволно лицето на кое и да е место да каже дека ќе се брани со молчење. Не. Дедер нека го каже тоа во полицијска станица. Е, ако тука најде храброст - тогаш, можеби и ќе го пуштат. Ама ако нема храброст - тогаш, ако не за тоа дело за кое полицијата собирала податоци, за некое друго кривично дело „лицето“ е сигурно виновно. Да му посакаме добредојде на повратникот од мртвите - неговото височество „присилниот информативен разговор“.“

Накусо, културата на човекови права ни е на најниско можно ниво.

Наместо законски систем за заштита на човекови права, донесуваме закони кои овозможуваат систематско прекршување на човековите права.

Наместо уставниот суд да ги штити човековите права, ја штити тоталитарната полиција.

Скандал

9/26/2006

А таман помислив дека веќе ништо во Македонија не може да ме изненади...

Ама ете, ѓаволот ќе те натера да вклучиш ТВ, да се уштекаш на вести, за конечно да осознаеш зошто сеуште треба да постои рубриката „верувале или не“.

Пред малку гледав супер-прилог на „Телма“: некој човек од Кумановско бил уапсен и испратен во Идризово за по вторпат да ја одлежува казната што еднаш веќе ја одлежал!

Ниту судот, ниту полицијата, не му верувале на човекот кога бурно реагирал дека веќе ја одлежал затворската казна!

Во Идризово не биле толку забезекнати. Пред да го пуштат „несудениот“ затвореник, му рекле дека и претходно имале случаи кога од судот им праќале затвореници што веќе ја издржале казната?!?

Случајов е „Коме да се жалиш кад ти отац јебе матер?“ - како што велат нашите соседи. Добро бе, што им станало на нашиве судии? Уште ли се убедени дека „повторувањето (на казната) е мајка на знаењето“?

Да можеше да го прочита ова Кафка, сигурно ќе се превртуваше во гроб. Туку, што да прави сега „несудениот“ затвореник? Човекот е противправно лишен од слобода, ама кому сега да се жали - кого да тужи кога судиите веќе му ја „ебале мајката“?

Баш ме интересира дали и оваа „административна грешка“ ќе биде „одвеана од виорот“. Дали пак ќе надвладее традиционалното: „се дешава“, „па луѓе сме, грешки правиме“ - и „никому ништо“. Или, конечно, некој ќе понесе лична одговорност - морална, политичка, кривична?

Ај, да сме живи па да видиме, ова е интересн тест дали нешто навистина се менува во Македонија. Или ќе испадне дека некој кревал само реторичка прашина пред избори?

Ако и после вакви кафкијански скандали не почнат да фрчат оставки, дисциплински мерки, и кривични пријави - ќе испадне дека ништо не се менува на подобро, освен за персоните што успешно ги зазеле истите корумпирани фотелји.

И пак ли „македончето“ наше „мудро“ ќе си трае, среќно што по грешка не завршило во Идризово?

„Ни лук јал, ни лук мирисал“?











Во Македонија немало војна и не се случил никаков „мировен договор“?

Во својата најнова колумна (симптоматично насловена Човек има право на баналност), поранешниот министер за внатрешни и надворешни работи се обидува докрај да ја банализира нашата поблиска историја, во „критичкиот“ осврт кон една нова книга:

Единствена корист од ова монголоидно чудо од книга и автори ќе има Хашкото обвинителство кое својата тенденциозна воведна белешка на обвинението ја темели на иста конструкција (и веројатно ќе најде потврда во овие идиотштини): Во Македонија имало ВОЈНА, имало ДВЕ СТРАНИ во војната, а Охридскиот договор е „мировен договор“. Тоа го товари обвинението на оние наши несреќници во Хаг и го прави (неосновано) потешко.“

Книгата и нејзините автори настрана, ама колку човек треба да е „изгубен во просторот и времето“ за да ги прогласи за „идиотштини“ стојалиштата дека во Македонија имало војна и дека Охридскиот договор е „мировен договор“?

Предлагам новата Влада да основа посебно Министерство за историја (како во Орвеловата „1984“) - оти не гледам поидеален кандидат за таа функција од нашиот „калиф наместо калифот“.

Како и другите наши поранешни министри, и Фрчкоски се чини пати од синдромот „кратко паметење“. За да му ја освежиме меморијата, во коментарите ќе изнесеме уште неколку „идиотштини“ (мислења кои се разликуваат од мислењето на Г-нот Фрчкоски).

Како е можно сите овие луѓе да биле во илузија кога зборувале за „Рамковниот договор“ како за мировен договор?

(И)лустрација

9/25/2006

За жал, „полемиката“ Милчин-Боцевски се претвори во (и)лустрација за катастрофалната состојба на критичката мисла кај нас. Повторно сме сведоци на залудно поарчен јавен простор, на огномет на суети, наместо на аргументирана критичка расправа:

И без оглед на актуелниот лов на вештерки, ни претставува сатисфакција што, макар и на ваков начин, прашањето за лустрацијата станува актуелно и кај нас. ФИООМ ќе го даде својот придонес во јавната дебата за предизвиците и ризиците на лустрацијата.“ (Владимир Милчин)

„Отворено општество не се прави со затворени умови, а либерално-демократски поредок не се гради со поранешните тоталитаристи и со актуелните корумпирани плутократи.“ (Боцевски)

Еве неколку прашања, кои се надевам дека ќе побудат критички коментари:

Зарем лустрацијата - сфатена како политика на оневозможување на поранешните комунисти (особено поткажувачи на комунистичката тајна полиција) да заземат политички или државни позиции - не е нов облик на „политичка подобност“?

Како да се спречи злоупотребата на процесот, за да не се повредува правото на приватност на луѓето, и претпоставката на невиност (да потсетам, вината се утврдува само со правосилна судска пресуда)?

Можна ли е „лустрација“ во состојба кога државата сеуште неуставно/незаконски прислушкува, кога нема закон за обештетување на жртвите на монтираните процеси од стариот систем, и кога се предлага нов закон за полиција кој мотивира поткажување (кој овозможува присилно повикување заради „собирање потребни известувања неопходни за извршување на полициските работи“)?

И ДУИ е за човековите права?

Еве што потсетува Теута Арифи околу предлог законот за полиција во својата колумна За полицијата и демократијата:

„Предлогот како таков е далеку од тоа дека е хармонизиран со меѓународните стандарди за човекови права, а добро ќе беше да има повеќе елементи што потсетуваат на европскиот Кодекс за полициска етика, како еден мошне значен стандард на Советот на Европа, за функционирањето на полицијата во демократските општества. Ќе беше добро, исто така, да беа земени предвид забелешките што со добра намера се дадени од страна на МИНОП и Македонскиот хелсиншки комитет, а според нивните забелешки, најчуствителен дел во законот е процесот на обжалувањето и санкционирањето на постапките при повреди на човековите права од страна на полицијата.“

Очигледено, ДУИ мошне добро ја користи „гужвата“ што настана откако дојдовме во „цајтнот“ со Законот за полиција, во обид да го верификува својот имиџ на партија која се борела за човековите права.

Да не заборавиме, она што ја легитимира полицијата (како институција која има монопол врз употребата на сила) се токму гаранциите дека ќе ја извршува првата основна функција: „Основна функција на Полицијата е заштита и почитување на основните слободи и права на човекот и граѓанинот гарантирани со Уставот на Република Македонија, законите и ратификуваните меѓународни договори...“ (чл. 3).

Како што укажавме, полицијата не ќе може да ја извршува основната функција ако доведувањето со сила во полиција нема да си смета за лишување од слобода (Ем ќе те апсат, ем ќе немаш право да се буниш).

Наместо да биде заштитник, законот ќе и овозможи на полицијата да биде најголем прекршител на човековото право на слобода, гарантирано со Европската конвенција за човекови права.

Двојазичност во Скопје

9/24/2006

На англиски може:















На албански, јок!

Уште едно фијаско?

9/23/2006

Сеуште мислите дека Македонија ќе успее да го забошоти случајот „Ел-Масри“?
„- Како земја-кандидат и иден член на ЕУ, политички за Македонија би било добро да спроведе сопствена истрага за случајот“ - препорачува парламентарецот Волфганг Крајсл-Дорфлер (германски член на Привремениот комитет на Европскиот парламент за истрага на активностите на ЦИА во Европа). (
Брисел очекува истрага за „Ел Масри“).
Откако и Буш го призна постоењето на тајните затвори, Република Македонија мора да престане да биде
заложник на случајот Ел-Масри, и новата Влада под итно треба да работи на промена на досегашниот имиџ за Македонија како земја каде што правдата е спора и недостижна - дури и кога станува збор за флагрантни прекршувања на човековите права.
Да потсетиме дека една од првите работи што мораше (под надворешен притисок) да ги сработи Владата на СДСМ беше отворање истрага и расчистување на случајот „Раштански лозја“.
Како што е познато, судската разрешница се претвори во фијаско.
Ако ни се случи уште едно такво фијаско, тогаш никој друг нема да ни е крив што каскаме заедно со групата ЕУ-лузери од „Западен Балкан“.

Патарина

Возејќи се од Гостивар кон Тетово, таксистот ми раскажа како во 2001 година на автопатот му излетало куче, кое не можел да го избегне поради големата брзина.
Настрадало и кучето и неговото крило кое го чинело неколку илјади евра.
Не можел да поднесе тужба за обештетување затоа што полицијата не сакала да му направи записник - наводно, поради тоа што го напуштил местото на несреќата.
„- А како да останам, кога на стотина метри имаше вооружени УЧКИ“ - се жалеше таксистот.
Кога дојдовме на патарината прокоментира: „Овие што работат на патарина заработуваат минимум две илјадарки дневно, ама за да ги примат на работа плаќаат и по 7.000 ЕВРА поткуп.“
„Зошто плаќаш патарина ако постојано возиш со страв дека може да ти излета некое животно?“ - ми излета.
За жал, испадна дека прашањето не е реторичко.
„Ако немаше патарина, како тогаш ќе се „опареа“ вработените и нивните налогодавци?“ - ми возврати таксистот.

Нашите парадокси

9/22/2006

Дипломи од Кембриџ не се признаваат, а дипломи од Албанија и Мала Речица се признаваат. (Видете Скопје не верува во дипломите од ЕУ).
На мојата диплома стои дури и знакче на Универзитетот „Кирил и Методиј“, потпишана е од ректорите на Универзитетите во Болоња и Сараево, ама не сакаа ни да чујат кога пред неколку прашав во ректоратот дали се признава.
Згора на тоа, кај нас нема студии за човекови права, а програмата што ја завршив беше спонзорирана од Европската комисија, и наменета токму за Југоисточна Европа.
А, бе, се додека тие не ме признаваат мене, и јас не ги признавам нив.

Закон за неодговорна полиција?

9/21/2006

Најнови оценки на Хелсиншкиот комитет за предложениот Закон за полиција:
„Законот не се потпира на столбовите на новата перспектива на полицијата од аспект на човековите права: законитост, пропорционалност, неопходност во едно демократско општество и отчетност, односно постоење на ефективен правен лек и независен систем за справување со случаи на пречекорување на овластувањата.
Посебно свртуваме внимание на улогата која новиот закон треба да ја одигра во надминувањето на постојната практика во која во услови на повреда на човековите права од страна на полицијата не постојат ефективни средства и механизми за спроведување независна и објективна истрага, соодветно процесирање на случаите пред судовите и санкционирање на сторителите.“ (
Месечен извештај за август 2006)
Поопсежна анализа може да се најде во документот
ЗАБЕЛЕШКИ ЗА ЗАКОНОТ ЗА ПОЛИЦИЈА и во КОМЕНТАРИ НА НАЦРТ ЗАКОНОТ ЗА ПОЛИЦИЈА (МИНОП) каде што е посочено дека „Нацрт Законот зборува првенствено за овластувања, многу малку за обврски, а воопшто не за одговорност и контрола на полицијата“.
Во
КОМЕНТАРОТ НА МВР ПО ПОВОД ИЗВЕШТАЈОТ НА ХЕЛСИНШКИОТ КОМИТЕТ ЗА ЗАКОНОТ ЗА ПОЛИЦИЈА, се одговара на дел од критиките и се тврди дека „предлог текстот на Законот е изготвен и писмено одобрен од експерти од ЕУ , и е со сите потребни норми и компатибилен со законите на членките на ЕУ“.
А дали е
компатибилен со Европската конвенција за човекови права?

Оглас

Се бара девојка.
Русокоса, не многу бистра.
Добродушна, слатка, наивна.
Мечтателка која обожава коктели и дијаманти.
Да знае да се движи како „желе на федери“.
Да може да излекува и импотенција
(но, не со методите на д-р Фројд, туку со бакнежи).
Да знае да свири на укелеле и да ја пее милозвучно
„I wanna be kissed by you, just you, Nobody else but you...“

Феминистички удар врз патријархатот?

Конечно раздвижување на македонската феминистичка сцена.
Во текстот на КАРОЛИНА РИСТОВА-АСТЕРУД „
А зошто г. Трајковски да не оди на породилно?“ (потпишан со „функционерка во СДСМ и феминистка“) дадена е следнава храбра оценка:
„...влегувањето на Конеска-Трајковска во Владата објективно претставува значаен удар врз патријархијата во Македонија. Дозволете, со речникот на радикалниот феминизам: да, драги мои балкански машки (а богами и женски) шовинистички с..., во Владата ни влезе за министер - мајка на бебе! Помирете се со тоа! Министерката, убедена сум, нема да биде полоша од ниеден маж - министер, татко на бебе (кој тоа се секира како бебето-Еленовски, претходно Манасиевски, ги кочи нашите напори за НАТО, особено ако и мајката е некоја залетана кариеристка?)! Ако веќе се врши притисок некој од сопружниците да оди на породилно, тоа нека биде сопругот на министерката, како хиерархиски подреден, што ќе реши и други сериозни политички проблеми за оваа влада. (Г-н Трајковски, не плашете се од потсмевот од тоа. Вашите партиски патријархални „конзерви" - скандинавските Викинзи, вклучително и конзервативните, редовно користат породилно и се уште важат за најмажјаци на планетата Земја!).“
Патем, Каролина му влепува еден феминистички шамар и на „балканското маже“ Никола Груевски:
„Секако, претседателот на нашата Влада, г-н Груевски, ја вклучи г-ѓата министерка во Владата од други мотиви и сметки, а не за да му зададе удар на македонскиот патријархализам, ниту да ни се прикаже, не дај боже, за феминист. Се уште е свежо сеќавањето како во изборната кампања, во манир типичен за едно балканско маже, г-н Груевски извикуваше политички мудрости од типот „срамота е жени да ги издржуваат своите мажи"!“
Останува да видиме дали патријархалната политичка империја ќе го возврати ударот, или конечно ќе се реши да го симне својот мачо-шовинистички срам давајќи му приоритет на заташканиот закон за анти-дискриминација, кој е неопходен за постигнување родова еднаквост.

Ем ќе те апсат, ем ќе немаш право да се буниш

9/20/2006

Еве каков закон за полиција ќе се носи:
„Лицето кое е повикано или присилно доведено се поучува за правата од членот 34 на овој закон, како и за околноста дека истото не е лишено од слобода и дека откако ќе даде или одбие да даде известување може да си оди.“ (чл. 43 ст. 5)
Ќе ми го објасни ли некој овој апсурд?
Како е можно некој со сила да те доведе во полиција и тоа да не се смета за лишување од слобода?

Веронаука или сексуално образование?

„Голем број млади во Шуто Оризари првото сексуално искуство го имале со партнер од ист пол. Малолетнички бракови, дури 140 за две години.“ (Отворен центар за сексуално здравје во Шутка)
Што ќе ги учиме средношколците – веронаука или сексуално образование?
Ќе ги учиме дека изразувањето на сексуалноста е грев, или ќе ги учиме на нивните сексуални права и одговорности, и како да го зачуваат сексуалното и репродуктивно здравје?

Погледнете само какви теми се обработуваат во „христијанската“ литература: Зошто не треба да се омажите за неверник? Вистинската романса е секогаш хетеросексуална. Бог создал универзум врз основа на принципот еден сексуален партнер за цел живот...
Еве, на пример, за какви забрани (согласно Библијата) учителите по „веронаука“ ќе ни ги учат децата:
1) Прељуба
2) Промискуитет
3) Проституција
4) Брзо стапување во брак после разводот
5) Секс пред бракот со партнер кој не е идниот сопруг
6) Силување на верена или мажена жена.
Сеуште сте за веронаука?

Ќе ги учиме и на каменување?

9/19/2006

Во услови кога се водат „крстоносни војни“ и „џихади“, кога сиромаштијата чука на портата на секој втор граѓанин Македонец (42,5% од граѓаните не остваруваат никакви приходи, според UNDP), новата влада запнала за „спасоносниот“ проект - воведување веронаука.
Еве што констатира едно истражување: „Според граѓаните, веронаука треба да се воведе (...) и заради зајакнување на меѓусебната толеранција и почитување на човековите и граѓанските права и слободи.“ (
Проект Веронаука 2006: Како да се избегнат грешките од 2002-та ?)
Што - девојчињата нема да се бунат кога преподавателите на „Библијата“ ќе ги учат дека настанале од „реброто на Адам“, дека треба до склучување брак да останат девици, и дека кога ќе се омажат треба постојано да ги слушаат „мажите“?
Хомосексуалците нема да се бунат кога ќе ги учат дека тоа што го посакуваат е најголем грев?
Ако не се лажам, во
Библијата и ропството е дозволено, а се промовира и каменувањето до смрт на жените кои ја изгубиле девственоста. Каменувањето е казна и за практикување на поинаква религија и за бласфемија.
Ќе ми објасни ли некој, каква врска има тоа со „меѓусебната толеранција и почитување на човековите и граѓанските права и слободи“?

Каде е државата?

Во писмото Државно самоволие, еден жител на с. Зрновци протестира поради групното исклучување од водоводната мрежа на целото село, укажувајќи дека тој (и повеќето други жители) редовно си ги плаќале сметките.
Притоа, го истакнува и следново: „во нашето училиште има околу 300 деца, а и училиштето остана без вода. Ако и ова не е доволен „адут“ некој да си ги исполнува своите обврски и да ги заштита овие деца, навистина се прашувам каде е државата.“
Знам, ќе речете - на „Командант Вентили“ не му фали влакно на главата - како сега кривично да ги гониме тие што оставиле цело село без вода, сосе училиште?
Случајов е симптоматичен - доаѓа „нож до коска“ - некои луѓе не можат да си ги платат сметките. Не стигаат пари. Оставиле деца без вода што мораат да одат на школо и - никому ништо, никој со прст да мрдне. Ни народен правобранител, ни обвинителство, ни бутур. Секој си гледа сеир.
Па, не сме ние толку некултурни како Унгарците да излегуваме на улица кога политичарите ќе не излажат само за повторно да дојдат на власт! (
Најмалку 200 повредени во судирите во Будимпешта).
А доаѓа зима - сметките за струја и парно ќе бидат многу повисоки. Невработеноста е поголема од лани. И гневот е поголем. Ќе се намали ли социјалното незадоволство по воведувањето веронаука во училиштата?
Или, уште ќе си викаме - „ќути, има и бетер“?
Што вика еден блогер, „Колку поише си траеш поише ти го пикет, ова е нова народна поговорка, оти чим не се буниш мора да ти е арно.“ (
CHE)
За жал, од народни поговорки аир не видуваме!

Сетете се само на поговорката - „Видел урда на курот, бачило ќе прави!“
Е, ќе прави - кога му се може!

Геј закана

9/18/2006


Една „вознемирена сосетка“ вака реагира на веста дека на нејзината улица ќе се отвори геј бар:
- Ова е школска населба. Тука се училиштето „Ѓорѓи Димитров“ и градинката „Мајски цвет“. Сексуалната определба на гостите може да влијае на нашите деца.“ (Шпиц)
Дали тоа значи дека треба да им забраниме на хомосексуалците да бидат во контакт со деца за да не ги „заразат“ со нивната сексуална определба?
Ако сексуалната определба е заразна, не треба ли сите не-хетеросексуалци да ги ставиме во карантин?

Самоволие

Народниот правобранител е моќна институција која треба да ги брани луѓето од самоволието на припадниците на власта. Токму затоа, од Народниот правобранител најмалку треба да се очекува самоволие.
За жал, нашата институција Народен правобранител самоволно си се прекрсти во „Омбудсман“, иако за тоа нема никаква уставна и законска основа. Изразот не само што не е во духот на македонскиот јазик, туку е и политички некоректен (за разлика од Ombudsperson). Самоволие е и веб-адресата www.ombudsman.mk.
Народниот правобранител, во
извештајот за 2005, самоволно прогласува „права на заедниците кои не се мнозинство“, иако во Уставот не станува збор за никакво групно правo во кое носители се „заедниците кои не се мнозинство“, туку за индивидуално правo во кое носители се „граѓаните кои припаѓаат на сите заедници“ (Амандман VI).
За срамота е фактот дека во 2005 имало само четири претставки од оваа област, и само шест претставки за „права од областа на дискриминацијата“ (и овој израз е своевиден теоретски новитет).
Дали во земјава стварно нема дискриминација, или луѓето се тотално разочарани од институциите на системот?
Да не испадне само дека критикувам, сесрдно ја поддржувам
Реакцијата на народниот правобранител за проблемите со набавка на учебниците кои ги имаат семејствата со ниски примања, во која се предлага „во идинина да се предвиди законска обврска на децата кои живеат во семејства со ниски примања да им обезбедуваат бесплатни учебници и други училишни помагала, за цел да им се овозможи следење на наставата во основното образование.“
А може ли Владата да стори нешто во моментов за да го разреши овој идентификуван проблем, затоа што основното образование е ем обврзно, а далеку е од бесплатно?

Оти, дискриминацијата започнува во училишните клупи.

Цензура?

9/17/2006

Се сеќавате на легендарната собраниската дебата во која „Ѕинго“ почна да и објаснува на „Весничка“ за Ангела Меркел, Проди, Савевски, Панчев и Најдовски: „Весничка ги побркала работите. Ама и се простува, тука е бруцош, таму е професор“?

Многу убаво ја паметам реакцијата на Претседателот на Собранието кога Никола Поповски (кој и претходно јавно се жалеше дека го викаа „Николче“) побара да се употребуваат „вистинските имиња на пратениците, а не употреба во деминутив“. Претседателот на собранието прокоментира нешто како - не сме ние како Грците да не ги почитуваме имињата, и и даде збор на г-ца Јаневска (уз коментар дека сеуште не научил кои пратенички се г-ѓи а кои г-ци). Патем, на таа седница имаше присутни и бројни дипломатски претставници во нашата земја.

Кога денес пребарував по собраниската страница каде што се објавени стенограмите, се сетив на гафовите на Претседателот на Собранието, и решив да ги побарам во стенограмот од седницата.

Но, таму е објавено само следново:

„Никола Поповски: Ве молам претседателе, Вие морате да реагирате на тоа да се употребуваат вистинските имиња на пратениците, а не употреба во деминутив.

Љубиша Георгиевски: Благодрам, имињата ќе ги почитуваме.

Повелете госпогице Јаневска.“

Иако сите што гледавме ТВ-пренос можевме да ги чуеме јавните коментари на Претседателот на Собранието, тие не се објавени во стенограмот.

Што мислите: дали станува збор за „технички пропуст“ или за цензура?

Човекови права?

Животот веројатно би бил помалку интересен без парадоксални ситуации.
Зошто во Република Македонија - земја кандидат за членка на ЕУ, и членка на ОН која декларативно ја споделува идеологијата на човековите права - човековите права не се котираат како примарни политички вредности во нашиот специфичен општествено-политички контекст?
Зошто во нашата политичка ситуација идеологијата на човековите права потфрла, како во оправдувањето на правилата на политичката игра, така и во оправдувањето на политичките одлуки и политичката акција?
Дали за инфлацијата на човековите права како политички вредности можеме да ја обвиниме (зло)употребата на човековите права како „морална артилерија“ за оправдување на воените акции од 2001 год.?
Или инфлацијата на човековите права како политички вредности може да се објасни со недостатокот на елементарна политичка култура на човекови права?
Или, пак, самото привикување на „човековите права“ во политиката веќе мириса на хипокризија и свирепост?

Грешка во чекори?

9/16/2006

Во огласниот дел на „Дневник“ и „Утрински весник“ (16.09.2006), Владата на Република Македонија (Канцеларија на Претседателот на Владата) објавува ненасловен текст (не пишува ниту „Оглас“, ниту „Конкурс“) во кој се пројавува „интерес за ангажирање на високо мотивирани професионалци од повеќе области...“, меѓу другото и за позицијата „Портпарол на Владата (еден извршител)“.

Во СООПШТЕНИЕТО од 2-та седница на Владата на Република Македонија, Секторот за односи со јавноста информираше дека на 5 септември 2006 година „За портпарол на Владата е назначен Ветон Ибраими“.

Денешен „Форум плус“ известува дека „тазе портпаролот на Владата, г. Ветон Ибраими, до затворањето на весникот не успеа да одговори. Нему, сепак, му го слушнавме гласот, но само колку да се дрзне да ни одржи лекција за тоа како „треба да се поставуваат прашања“.“

Што е финтата?

Владата решила да го менува штотуку поставениот портпарол?

Или, пак, „огласов“ мириса на „Прле пред магаре“ и „Магаре вјавај, магаре барај“?

Со вакви ли „кораци“ ќе правиме „преродба“?

Киборгизација

9/15/2006


Вештачка рака што го конектира телото со умот и која може да се управува само со помош на мислите?

Магија или „хај-тех“ наука?

Демек војската толку се грижи за 411-те американски „херои“ од Ирак и 37-те од Авганистан кои останале без рака или нога?

Древната философска загатка со „фантомската рака“ конечно одгатната?

Или, уште повеќе – техно-науката успеа да го реши метафизичкиот проблем ум-тело?

Уште еден исчекор кон само-освестувањето дека се повеќе стануваме киборзи?

Сателитска

Што ако државава ни е распукана на сите страни?
Битно ние пенетрираме, ли пенетрираме - на интернет, разбира се.
Што има врска што ѕидовите се распаѓаат?
Битно е да се има сателитска, и два еркондишна!

„Безбедност“

9/14/2006

„Светот е побезбеден бидејќи Садам веќе не е на власт“, изјави Џорџ Буш претседател на САД. (А1)
Како ли не му е срам? Па, светската безбедност е на најниско можно ниво откако Џорџ Буш дојде на власт.
Каде и да отидат американски војници станува „оаза на мирот“ и безбедноста. Погледнете само колку е безбедно во
Ирак и Авганистан...
Ќе воспостават ли ОН конечно „внатрешна контрола“ за „светските полицајци“
пред да експлодира гневот во глобална светска војна?

Скопски парадокси

9/13/2006


„Не ме нервира снегот, ме нервира градот.“ - Марко Петрушевски

Скопје е поранешен главен град на Српската империја и на Косовскиот вилает, и сегашен главен град на „Поранешната Југословенска Република Македонија“.

Скопје има многу имиња:

Shkupi (Albanian), Scupi (Latin), Skop'e - Скопье (Russian), Skópia - Σκόπια (Greek), Skopia (Spanish), Skopie (Bulgarian - Скопие, Polish), Skopje (Dutch, German, Macedonian, Latvian, Portuguese, Slovene, Romanian, Swedish), Scoplie (Romanian variant), Skoplje (Serbian, Croatian), Skūbyī (Arabic), Uskub (Ottoman Turkish), Üsküp (Turkish), Skopjė (Lithuanian), Szkopje (Hungarian).

Сепак, мене најмногу ми се допаѓа Skopiepolis, а Google кажува дека и се допаѓа и на Arwena.

Скопје е жилав град - не го сотреле ниту чуми, ниту пожари, ниту поплави, ниту земјотреси, ниту градоначалници, ниту фабрики. Она што навистина го уништува градот е „митот на супериорноста на христијанството“ во однос на муслиманската „другост“.

Скопје е незамислив без „Камениот мост“ што сега повеќе ги раздвојува, отколку што ги спојува, окцидентот и ориентот.

Душата на Скопје е старата турска чаршија која сеуште нема закрепнато од траумите по 1993 год., и која крие многу приказни и мистерии.

Скопје е поделена личност, со нарушено внимание. Фокусот (или „Фалусот“) на Скопје веќе не е старото „Кале“, туку огромниот крст на Водно, кој отвора нови иконокластички спорови.

Скопје е градот во кој сеуште живеам, со страв дека ќе подивеам.

Мачители и сеирџии

9/12/2006

Секоја чест за изборот на ударната тема во денешен „ШПИЦ“ - Борбите со кучиња станаа пиратски хит - каде што вака се објаснува отсуството на полициска реакција:
„Од Министерството за внатрешни работи велат дека реагираат во случаи кога е прекршен некој закон. Македонија нема Закон за заштита на животните.“
Меѓутоа, Македонија има Кривичен законик во кој има дело „Мачење животни“ (Член 233):
„(1) Тој којшто грубо злоупотребува животно или го изложува на непотребни маки или му нанесува непотребни болки или заради изживување го изложува на страдање, ќе се казни со парична казна или со затвор до шест месеци.
(2) Тој којшто со нехранење, непоење или на друг начин изложува животно подолго време на тегобна состојба, ќе се казни со парична казна или со затвор до три месеци.“
Ако борбите со кучиња не се облик на мачење, тогаш навистина не знам што е! Особено ако е точно тоа дека „понекогаш сопствениците ги убиваат своите кучиња, разочарани бидејќи ја изгубиле битката“.
И како сега да се објасни полициската не-реакција?
Не ги познаваат кутрите законите, се праат наудрено, покажуваат симпатии кон мачителите или пак Кривичниот законик не важи во некои делови на Чаир Сарај, и Тетово?

„Буш-отини“

Пофалби до „Утрински весник“ за објавувањето на текстот Да се излезе од Ирак, сега: „Не можев да сфатам тогаш и секако не сфаќам сега зошто Буш одеднаш ја смени целта на војната во Ирак во крстосувачка војна за демократија и зошто таа цел беше и е вредна илјадници американски животи и милијарди долари загубени во Ирак. Поради тоа се залагам за повлекување на американските сили што е можно поскоро, ако е можно во контекстот за регионален и меѓународен договор, но и унилатерално доколку се покаже дека таков договор е невозможно да се постигне.“ Така размислува Даниел Курцер - професор по применети политики за Блискиот Исток на Факултетот „Вудроу Вилсон" на Универзитетот „Пристон" и поранешен американски амбасадор во Египет и во Израел.

Уште да кажеа дека текстот е преземен од International Herald Tribune, и да го преведеа како што треба: на пример, војната е „крстоносна“ (a crusade), не е „крстосувачка“.

Како и да е, и од овој извадок се гледа дека изгубените животи на Ирачаните не влегуваат во проценката дали треба да се излезе од Ирак или не. Илјадниците американски животи (и загубените милијарди долари) се аргумент, а стотиците илјади загубени ирачки животи не се никаков аргумент. Се разбира – „ослободените нафтени полиња“ („буш-отините“) – не се ни споменуваат во аргументацијата.

Кои се нашите аргументи за учество во „крстоносната војна“?

Или, нашето политичко донесување одлуки е одамна „оперирано“ од аргументи?

Што е наркоман?

9/11/2006


Во глава 5 од учебникот по биологија за I година реформирано гимназиско образование (Емоционално и физичко здравје) средношколците учат и за болестите на зависност:
„Што е наркоман?
Наркоман е лице зависно од дрога, а наркоманија е состојба на периодично или хронично труење со некоја дрога.“ (стр. 216)
За жал, средношколците не ги учат што е дискриминација кон лицата со здравствени проблеми, туку хронично ги „трујат“ со омаловажувачки изрази и презир кон зависниците од дрога.
Наспроти ваквата дискриминаторска едукација за дроги, УНЕСКО сугерира да не се маргинализираат и стигматизираат учениците кои употребуваат дрога. Според нивните експерти, откривањето на употреба на дрога единствено заради казнен ефект не е продуктивна стратегија, затоа што ги изолира „наркоманите“ (наш „превод“) од „единственото место каде што индивидуите и активностите можат да ги поддржат нивните напори за промена.“
Покрај дискриминаторските тенденции, учебникот испраќа и мошне сомнителни пораки. Еве како се објаснети принципите на превенција: „контролирана употреба на алкохол, тутун и дрога“ (стр. 211)?!? И што ќе биде главниот слоган на успешната превенција - употребувајте алкохол, тутун и дрога, ама со усул, контролирано? (Кога најпосле ќе сфатат нашите „едукатори“ дека под дрога се подразбира и тутун и алкохол - согласно
Guiding Principles for School-based Drug Education)?
Меѓу другото, учејќи биологија децата ќе научат и дека „Славните морепловци: Васко де Гама, Марко Поло, Кристофер Колумбо и др., враќајќи се од прекуокеанските патувања, ја збогатиле Европа со некои видови дрога.“
Која е сублиминалната порака? - „Ако можеле Васко де Гама, Марко Поло, Кристофер Колумбо и другите славни луѓе да користат дрога, зошто не и јас?“
И ако тие ја „збогатиле“ Европа со некои видови дрога, зарем со тоа не се сугерира дека дрогата е богатство?

Зошто го сакам Охрид

9/08/2006



Есенски јагоди за македонската „блогерска пролет“ :)

Б'рди њам, њам!

„Магаре вјавај, магаре барај“?

Конечно, Буш призна дека ЦИА има тајни затвори во Европа. Не само што призна дека таа програма била „витално орудие во борбата против тероризмот“, туку и дека сеуште останува.
Да сме живи па да видиме уште колку години владите на ЕУ ќе се прават слепи при очи, уште колку години ќе им треба да ги пронајдат „тајните затвори“ на ЦИА. Уште колку години ќе јаваат на магарето, барајќи го.
Читам, една парламентарка на Советот на Европа изјавила дека „признанието на Буш ги направи европските влади да изгледаат глупаво“ (
ЕУ побара изјаснување за тајните затвори).
Што да се каже во врска со ова? - Ако некој изгледа глупаво, ако се однесува глупаво, и ако постојано прави невидени глупости, тогаш не дозволувајте ни случајно да ве залаже – тој е навистина глупав!
Да потсетиме што препорача кутриот Тери Дејвис: „функционирањето на безбедносните служби мора да биде засновано на јасно и соодветно законодавство кое обезбедува адекватни заштитни мерки против злоупотреба, парламентарно надгледување и, каде што човековите права се засегнати, судска контрола.“
Притоа, „активностите на безбедносните служби мора да бидат јасно раздвоени од активностите на полицијата и другите власти кои го спроведуваат законот“, а силната супервизија не треба да ги опфаќа само националните безбедносни служби туку, уште повеќе, странските безбедносни служби кои оперираат на територијата на земјите членки на Советот на Европа.

Македонските власти да прават супервизија на активностите на ЦИА во Македонија???
Ако предлозите на Тери Дејвис се пишувани во научно-фантастичен стил, и ако ви изгледаат како „научна фантастика“, тогаш не дозволувајте да ве залажат – тие се научна фантастика (особено за Македонија).
И така, додека европските политичари самозадоволно си пишуваат препораки, тајните служби ќе си „хараат“ и ќе си прават невидени прекршувања на човековите права, без око да им трепне.
Ај да видиме дали и новата Влада ќе остане заложник на случајот „
Ел-Масри“ (читни за ова и кај Вуна), или ќе успее да го искористи ова поволно ветерче за да се истргне од канџите на тајните служби кои досега толку успешно го рушеа политичкиот кредибилитет и имиџот на Република Македонија.
„Многу сум скептичен“ – ама подготвен сум и на пријатни изненадувања.

„Непристоен“ и опасен предлог

9/06/2006

Еве што предлага Оксиморон во својот пост „Манипулативно манипулирана манипулација“: „За да не се создава вакуум во работата на парламентот, при што истиот ќе биде злоупотребен за бескрајни натегања, преговори, уцени во обид за издејствување на нереални побарувања...за да не трпи државата штети и да нема застој предизвикан од процедуралните недоследности.....предлагам еден дел од пратениците, кои се во состав на владината коалиција, да изразат национално чувство т.е. етничка припадност различна од мнозинството.“
Не само што предлогот е „непристоен“, туку е и мошне опасен.
Пред 2001 год., Собранието многупати го изигруваше принципот на мнозинско донесување на одлуките, за сметка на малцинските права.
Повторното изигрување на модификуваниот принцип на донесување на одлуките би значело повторно разгорување на конфликтот, и веројатно нова воена криза.
Ако некому не му се допаѓаат уставните правила на игра, тогаш има начин како тие легитимно да се променат. Изигрувањето на правото не е решение, туку нов проблем кој може да генерира нова општествена криза.
Уште две нешта:
– „ Секој може во однос на националноста да се декларира како сака, односно како како самиот се чувствува.“ – вели Оксиморон
Проблемот е токму во тоа што кај нас „националноста“ се интерпретира во етничка, а не во граѓанска смисла, за што неколку пати пишував. Значи, јас не можам во однос на националност да се декларирам како „Македонец“ во граѓанска смисла (што е мое човеково право) – и тоа е неразрешен проблем.
- „Наместо да се повикува на човекови права за сите, почнаа да се истакнуваат правата на малцинствата.“ – вели Оксиморон.
Правата на националните малцинства се индивидуални човекови права и, за жал, кај нас не само што не се истакнуваат, туку се сосем маргинализирани, за сметка на колективистички интерпретираните права.

Потресна приказна

Што да се каже за случајов?
-„Ќерка ми ја уби заталкан куршум, а не рингишпил“ (Дневник)
Луѓето има да си пукаат на свадби се додека полицијата не ги апси пукачите.
Убиецот е можеби непознат, ама соучесникот во убиство – полицијата – и е мошне добро позната на јавноста.

ВЛАДА-ДПМНЕ?

Еве што прочитав на една Владина страница:

„ВМРО-ДПМНЕ обрнува големо внимание на религијата, додаде Груевски, напоменувајќи дека Владата ќе ја разгледа можноста за промена на законите што би овозможило воведување на предметот веронаука во училиштата.“ (Груевски и челниците на ИВЗ за воведување веронаука во училиштата...)

Ало, г-не Груевски, од кога почнавме да ја злоупотребуваме официјалната Владина страница за промоција на ВМРО-ДПМНЕ?

И баш ме интересира, ако случајно и се воведе таков предмет, кој ќе го предава?

Ако можат наставниците по ОТП да предаваат информатика, зошто тогаш информатичарите не би можеле да предаваат веронаука?

Кодош против кодошот?

9/05/2006

Ако некогаш се снима некој македонски високобуџетен филм, предлагам да се вика „Кодош против кодошот“. Барем така ми наликува последната „полемика“ помеѓу двајцата наши поранешни министри за внатрешни работи.

Еве што вика едниот за другиот: „Фрчкоски се претвори во класичен денунцијант, или народски кажано, во селски кодош.“

Но, од каде знае Трајанов дека Фрчковски „преку контакти и брифинзи со меѓународните претставници (пред се во американската амбасада)“ раскажувал приказни за него, но и за многумина други? Некој му шепнал за тоа?

Нивото на т.н. „полемика“ (за предложената агенција за борба против организираниот криминал) е мошне симптоматично за состојбата на нашиот јавен дискурс. Каква „критичка“ расправа може да се очекува после поздравот што едниот поранешен министер го упатува до „тајфата“ на другиот:

„... Драги хермафродити е.... се!“

Што му згрешиле па сега хермафродитите?
Зарем „хермафродитите“ не се луѓе, „драги мој“ професоре по човекови права?

Јазичен автогол

Написот во „Неделно Време“ - ДА ЗБОРУВАМЕ МАКЕДОНСКИ:

НЕ на странските зборови во македонскиот јазик! – започнува со следниов антологиски автогол:

„Овојпат не зборуваме за економија!“

А за промена, наместо за „економија“ да почневте да зборувате за „стопанство“?

Треба да се прочитаат само првите неколку пасуси, за да се увиди колку странски зборови (или зборови со несловенски корен) се употребени во текстот:

комуникација, електронски, емисии, тим, анализира, потранспарентни, дискусии, телевизија, феномен, термин, практика, џабе, резултат, експерти, манипулирано, апсурдни, момент, нормално, варијанта, колонизирала, цитирани...

Со свој камен по своја глава?

Се скинав од смеа кога прочитав дека авторките го преведуваат (или, можеби, по бугарски, го „адаптираат“) зборот „инстант“ со „моментален“!

А кога ја прочитав поентата, почнаа да ми навираат солзи. Текстот завршува со апел да се спаси македонскиот граѓанин од „изолација и неинформираност поради неразбирање на јазикот што се зборува“!

Што е многу, многу е!

Бламажа

9/04/2006

„Информатика ќе предаваат кадри кои ќе се дообразуват со еднодневен курс“, изјави Методија Јанчески претседател на здружение на информатичари (А1).
Министерството за образование се одлучило на ваков чекор „затоа што 600 наставници по техничко образование ќе останеле без работа, ако информатичарите предавале информатика и техничко образование“ (Информатика ќе предаваат наставници по ОТП).
А тоа што десетици илјади деца ќе останат елементарно неписмени?
Се прашувам, дали некогаш ќе се промени менталитетот на оние кои ја креираат и спроведуваат образовната политика?
До кога ќе мора да ги праќаме учениците на училиште за да можат наставниците да земаат плата - без оглед на тоа дали ќе им пружат соодветно образование?
Вака ли бе ќе правиме „преродба“ во 100 чекори?
И што да очекуваме утре: преквалификација на наставниците по „одбрана и заштита“ во предавачи на човекови права?

Женски сексизми

9/03/2006

Ударниот текст на денешно „Неделно време“ – „Кучки“ или совест на јавноста – е прекрасен пример за тоа дека сексизмите не се својствени само за машката популација.
Еве што укажува авторката Мери Јордановска за петте професорки, хероини во нејзиниот текст - „машки чекорат низ светот на јавниот ангажман“; „овие жени без влакна на јазик, машки се држат во сите дискусии што се држат во јавноста“; „машки се држи на политичката сцена и во јавноста“ (за Каракамишева); „машки се бори со судските лавиринти“ (за Најчевска).
Погледнете го само овој бисер: „Николовска е вистински доказ дека русокосите жени знаат да бидат и вистински интелектуалки.“ И веднаш потоа, наместо примери кои ќе посведочат за нејзината интелектуална супериорност, читаме „Секогаш е дотерана и нашминкана, оддава грациозност, острина, достоинственост и самоувереност.“
И која е поуката: можете да успеете на политички план само ако се „држите машки“ и ако се „борите машки“ (како што велеа нашите коментатори за ракометарките на „Кометал“)?
Се надевам дека во следниот број на „Неделно време“ ќе читаме и текст за неколкумина познати професори кои „женски“ се држат и борат во јавноста, и кои се секогаш дотерани, нашминкани и грациозни.
Предлагам наслов - „Свињи“ или совест на јавноста!

Топење на мразот

9/02/2006

Веројатно ви е позната фројдовската метафора за свеста како врвот од сантата мраз кој ѕирка над површината на водата, под која лежи најголемиот дел од сантата – несвесното.
Ми текна на таа метафора откако ја прочитав новата
колумна на Боцевски, во која се залага за градење нови институции за „менаџирање на минатото“, и во која констатира:
„...дури и ние родени во седумдесеттите и осумдесеттите години на минатиот век се уште живееме во земја со фингирана историја, фингиран идентитет и фингирани величини, па нашиот пат низ животот, за жал, многу повеќе го определуваат контактите со овие рецидиви од тоталитарното минато, отколку нашиот ум и труд.“
Предлогот за проширена собраниска комисија за расчистување со минатото (со тригодишен мандат) е интересен, меѓу другото, затоа што ќе и овозможи на сегашната гарнитура да се занимава со сегашноста и иднината, истовремено создавајќи документирана основа после која ќе може да се покрене собраниска и јавна дебата за „црните дамки од историјата“. Инаку, ако се зафати ведна со „жешките костени“ од минатото – новата влада може да заврши како „Титаник“ – а повратниот удар на „несвесното“ може да предизвика разорни последици и во нашиот колективен политички ум.
Се согласувам со Боцевски дека „Во овие услови на „замрзната слобода“ невозможно е да се раскрилат креативните енергии на индивидуите во Македонија во сферата на економијата, уметноста, науката, политиката, па дури и стилот на животот.“
Мојата прогноза е дека де-фингирањето на историјата, идентитетот, „величините“ и „авторитетите“ ќе се случи прво на блоговите. Блоговите веќе даваат голем придонес во одмрзнување на креативната слобода, честопати фузирајќи креативни индивидуални енергии во плодотворна критичка расправа.

За градењето институции

Неколку изјави на вице-премиерката ГАБРИЕЛА КОНЕВСКА-ТРАЈКОВСКА (од интервјуто во „Дневник“), и куси коментари:
„Можеби премногу често го повторувам ова, но градењето на институциите е сериозен проблем на оваа држава. Мислам дека многу време е изгубено во овој процес. Не смееме да продолжиме со филозофијата на непрепознавање на нашите недостатоци.“
Овој недостаток е веќе одамна идентификуван како една од главните транзициони болки на Република Македонија. Едноставно, „стожерните“ партии си ги перципираат државните институции како „политички трла“, и дел од нив сеуште владеат според менталитетот „после мене потоп“ – наместо да градат институции, ги урнисуваат или ги партизираат. За стабилизирање на државните институции неопходно е веднаш да се прекине со политиката на „партизирање“, односно, партиските менаџери кои добиле мандат мора да почнат да составуваат тимови од експерти (а не од партиски послушници) кои ќе знаат да ги идентификуваат проблемите и ќе имаат реална моќ да ги решаваат.
За Законот за полиција: „...тој закон не е само суштинска карактеристика што треба да ја уреди областа на безбедноста, туку истиот значи и обезбедување на слободите и на човековите права, како главни постулати на едно демократско општество. Ако тука ги испуштиме конците и едноставно не покажеме политичка свесност, тогаш не можеме да чукаме на вратата на Брисел.“
За жал, вицепремерката тука продолжува со „филозофијата на непрепознавање на нашите недостатоци“ – конците се веќе испуштени ако поради недонесувањето на Законот за полиција добиеме негативно мислење од Европската комисија. Ако Груевски не успеал да испреговара консензус за донесување на овој клучен закон не само за безбедноста, туку и за човековите права, тогаш тоа е првиот негов голем чекор – НАНАЗАД! Дали Груевски избрал да остане на власт по секоја цена, и по цена да не успее со донесување на клучните реформски закони? Тоа ќе се покаже по првите 100 дена од неговата Влада. Да се надеваме дека старата тактика да се префрла одговорноста за недонесувањето на законот на СДСМ или ДУИ, овој пат нема да помине.
На крај, за корупцијата и непотизмот: „Ние имаме сериозен проблем како да се ослободиме од политичкото влијание и, за жал, од врските и непотизмот што владеат во ова општество. А еден од механизмите, иако можеби непопуларен, е некој друг да ви го расчисти вашиот двор, ако вие не сте способни да го направите тоа.“
Признавањето на новата влада дека не е способна самата да си го расчисти сопствениот двор е признавање на поразот уште пред да почне натпреварот.
Просто се сомневам дека донесување на еден човек од страна ќе може да придонесе за пресврт во борбата против корупцијата. Ако сака Владата да постигне нешто во таа насока, тогаш треба да ги „засука ракавите“ и да почне со градење на Институцијата „Обвинителство“ – со наши сили.
Оти, ако почнеме за секоја институција да носиме „човек од страна“, тогаш поарно да станеме протекторат како Косово.

Ориентација

Минатата влада не покажа дека има чувство за политичка ориентација.

Продолжи да верува дека ЕУ е во правец север/северозапад, исто како и поранешна Југославија.

За наша несреќа, таквото чувство за политичка ориентација не заглиби уште повеќе во калта на „Западниот Балкан“.

Стварно не ми е јасно, кога најпосле ќе сфатат нашите политичари деке ЕУ не се наоѓа во насока север/северозапад туку во насока југ/исток?

Кога најпосле ќе укапираат дека ние граничиме со ЕУ, сега со Грција, а од утре и со Бугарија?

Ако новата Влада не ги пренасочи економската соработка и надворешната политика кон југ и исток, кон ЕУ, надежите за „преродба во 100 чекори“ ќе останат пусти како и надежите за освојување на Светскиот куп во фудбал.

Референци и акроними

9/01/2006

Во писмото „Дали Грција ни наметна решение за името?“ објавено во денешен „Дневник“ се провлекуваат интересни заблуди:

„Сметам дека сите знаеме (вклучувајќи го и г-дин Димитров) дека нашата држава во сите меѓународни организации е примена под името „Former Yugoslav Republic of Macedonia“, со што излегува дека е дефинирано нашето меѓународно име, па макар и привремено. Оттука произлегува и мојата збунетост и загриженост, па сакам да го поставам следното прашање: „Дали е решено меѓународното име на нашата држава.
Односно, дали како што кажа г-дин Димитров дека во ОН не се преговара за
меѓународно име на РМ, и со тоа останува кованицата „FYROM“ како меѓународно име на нашата држава?“
Како прво, нашата држава е примена во различни меѓународни организации под различни „референци“.
Како второ, авторот на писмото зборува за „меѓународно име на РМ“, користејќи неофицијална кратенка која како и кратенката „FYROM“ воопшто не се сретнува во никаква меѓународна комуникација.
Како трето, зошто луѓето не сфаќаат дека акронимот „FYROM“ е грчка итрина за да се покрие употребата на „Македонија“, исто како во кратенката РМ?

Мојот список со блогови

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Архива на блогот

Footer Widget 1

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Loading...

Footer Widget 2

Популарни објави

Популарни објави

Popular Posts this month

Popular Posts this week