Хунзапласт

7/30/2008

Хунзапласт е античко-македонски изум, со чија помош славните соборци на Големиот Александар освојуваат дур до Пакистан! Благодарение на оваа оригинална верзија на ханзапластот, војниците од македонската фаланга успешно ги зацелуваат лутите рани од големите битки. На славните Македонци, хунзапластот им служи како панацеја - лек за се'. Букефал несреќно загинува во „битката со слоновите“ затоа што на Александар ненадејно му снемува хунзапласт (го потрошил претходната вечер лечејќи ги љубовните рани на славниот Хефајстон).
Од извори блиски со продавачите на патриотските тезги на Зелено пазарче, дознаваме дека хунзапластот останува чудотворен лек за се' - од заушки до СИДА. Лечи ем идентитетски кризи ем несакани убоди од комарци. Кој не верува нека го чита Каменот од Розета!

***

Внимателно, претпазливо, на штрек! Секоја сличност со реални настани е сосем случајна. „Хунзапласт“ не е најновото откритие на славната македонска археологија, туку идеја за нов македонски историски филм за хунзоманијата (александроманија во боливудски стил). Кога македонската кинематографија му кажа „Збогум на 20 век“, никој не очекуваше дека ќе станат актуелни сценаријата „Добредојде на 4 век пред нашата ера“ и „Хунзите доаѓаат“! Најпосле, кој можеше да поверува дека Боливуд ќе го засени Холивуд?

Нејсе, луѓето од овие простори изгледале секакви филмови. Ги преживеале походите на толку многу освојувачи, па белким ќе го преживеат и овој на Хунзите. Поточно, оние што ќе го преживеат, ќе раскажуваат. Затоа, да ги оставиме хунзофилите да дебатираат дали нивните соплеменици заслужуваат место во „Македонскиот дел од пеколот“ и да се обидеме да составиме летна топ-листа со македонски филмски хитови. Очекувано, по политичкиот хорор „Македонска изборна свадба“, тешко се наоѓа место за романтични комедии како „Мирно лето“:

10. „Шампионите од Шутка“ - затворска кримисерија за човекови права. Во првиот дел глуми лично Груевски како новопечен борец за човекови права на притворените. Одлучно поставува камен-темелник на новото одделение во затворот „Шутка“. Во другите делови ќе ги гледаме резултатите од активностите на Владата во „бескомпромисната и неселективна борба против криминалот и нултата толеранција на корупцијата“.

9. „1984“ (ака „Среќна нова 1949“) - негативна утопија за ефектите од воведувањето на „демократска гилотина“ во Собранието. Парламентот одеднаш се преобразува во „колектив на владата“ наместо во „коректив на владата“. Засега, се снимени неколку продолженија: „Изгубени во преводот“ (љубовна драма за односите помеѓу борците за човекови права од ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ по усвојувањето на деловникот и „официјализирањето“ на албанскиот јазик); „Лоботомија“ (за последиците од Законот за лоб(отом)ирање); „И работниците ги убиваат, зарем не?“ (семејна трагедија за работничките права, скратени заради подобрување на бизнис-климата).

8. „Прислушување“ - високобуџетен трилер во копродукција на тајната полиција и Собранието, кое божем глуми контрола врз тајните служби, а спектакуларно им ги зголемува законските можности за дејствување и буџетот.

7. „Недопирливи“ (конзервативистичка хорор-верзија на серијата „Октоподот“, во која секоја исечена пипка во борбата против организираниот криминал се претвора во нов недопирлив октопод).

6. „Самоуништување“ (социјална драма во продукција на опозициските пратеници, кои одлучија да ги напуштат своите работни места за кои беа избрани од граѓаните, наместо да ги застапуваат нивните интереси во Собранието).

5. „Враќање на отпишаните (втор дел)“ - партизански акционен филм во фаза на доработка на сценариото. Според некои шпекулации, ќе го режира лично „почитуваниот Бранко Црвенковски“.

4. „Доба на невиност“ - веќе видена шпанска серија во која МВР му докажува на Хелсиншкиот комитет дека е поактивен борец за правото на пресумција на невиност, дури и кога МВР, само по поднесена кривична пријава, пресудува дека тој и тој „...сторил кривично дело...“.

3. „Најдолгиот пат“ - „Македонска сага“ за нерамната борба против идентитетските душмани што го попречуваат нашиот прием во ЕУ и во НАТО. Главни негативци во оваа сапунска опера со малку политички дијалог се Бакојани и Караманлис. Споредни улоги - Буш, Баросо, Нимиц...

2. „Опасни врски“ - заплеткан трилер за интимните односи помеѓу претставниците на законодавната и судската власт, помеѓу обвинителството и владата, помеѓу министрите и олигарсите, помеѓу партиите и од нив зависните медиуми итн.

1. „Фамилијата го враќа ударот“ (полициска серија со многу акција и спектакли, особено во епизодите „Изгорени од сонцето“ (ака „Шутка виа Струмица“) и „Кога граѓаните ќе стивнат“. Засега, добива многу лоши критики од „меѓународната заебница“.

По енормното поскапување на парното и најавите за поскапување на струјата, народот нестрпливо го очекува новиот зимски хит. Според најавите, тоа ќе биде римејк на еротскиот трилер „Жештина“. Поради нискиот семеен буџет, главните јунаци претпочитаат да се греат на сексуална енергија. Откако по направеното трето дете ќе го зголемат буџетот, сите среќно си се греат на дрва. И преродбата продолжува.

Ханибал-лектори!

7/28/2008

„Идентитетот нема супститут. Затоа во Европа ќе влеземе како македонци и никако поинаку!“ - буквален цитат од „Oбраќање на премиерот Никола Груевски на манифестацијата Година на македонски јазик“.


Од кога зборот „македонци“ се пишува со мала буква? Не влијае ли тоа на нашиот национален идентитет? Дали Владата ќе биде казнета за објавување на нелекториран документ со глоба од 2.500 до 3.000 евра?
Во 2001 г. ни се случи Собранието да донесе амандман на уставот во кој „Македонскиот народ“ беше напишан со голема буква, а „албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ“ со мала буква! Зошто никој од Собранието не беше казнет за погрешна употреба, иако Законот за употребата на македонскиот јазик е донесен уште во 1998 г.? Или, пак, пратениците имаат имунитет и да ги менуваат граматичките норми на македонскиот јазик?
Најавите дека отсега ќе почнат да се применуваат драконски казни за нелекторирани текстови, дури и во случај на реклами и фирми напишани на латиница, потсетуваат на тоталитарните методи на Грција со кои се забрануваше употребата на македонскиот јазик во име на зајакнување на грчката свест. Преобразувањето на институцијата „лектор“ во „јазичен полицаец“ може да има катастрофални последици за развојот на македонскиот јазик. Да потсетиме, токму тесноградите лектори (кои не успеаја ниту да го преведат туѓиот збор „лектор“ со словенски збор) беа најголемите осакатувачи на македонскиот јазик. Премногу често, во нивната битка за етничко чистење на туѓите „бугаризми“ и „србизми“, страдаа и зборови кои се среќаваат во мнозинството словенски јазици. Тесноградите ханибал-лектори и од нив подучените радио и ТВ-спикери најмногу придонесоа во промоцијата на стерилниот и сувопарен македонски „новоговор“ и за убивање на духовноста и музикалноста на македонскиот народен јазик.
Парадоксално, но примената на Законот за употребата на македонскиот јазик ќе ги награди најмногу „ханибал-лекторите“ - оние што придонесоа за негово осакатување и однародување.
(изјава што треба да биде објавена во утрешен „Глобус“)

Мајстори на спектаклот

7/23/2008

По спектакуларната свадба на градскиот стадион во Прилеп, Македонија остана вчудоневидена: Која е тајната на успехот на поранешниот семкар Сефо? Како од локален продавач на семки се станува успешен светски бизнисмен што може да си дозволи толку скапа свадба и уште поскапи свадбени подароци - стан во Брисел, најнов модел на „ферари“ и засега непознати оки злато за снаата?
Колку и да изгледа мистериозна, тајната на успехот на Сефо може да се објасни на мошне едноставен начин. Уште како мал, Сефо станал свесен и почнал да живее согласно со филозофските сфаќања на Ги Дебор објавени во неговото дело „Општество на спектаклот“ (1977)!
Знам, повеќето од вас мислат дека во моментов се шегувам. Од каде прилепскиот семкар би можел да го познава прочуеното филозофско дело на Ги Дебор кога Сефо, за разлика од нашиот премиер, ја немал таа среќа да дипломира економија на престижниот Економски факултет во Прилеп? Но, изгледа дека семкарот Сефо имал поголема среќа. Тој дипломирал економија на уште попрестижен факултет - прилепскиот градски стадион и прилепските улици, места каде што живеењето согласно со максимите на Ги Дебор било прашање на негов животен опстанок! Еден мал осврт кон сеќавањата на Сефо од неговите семкарски денови може да фрли повеќе светлина врз тајната на неговиот животен успех.
Тајната на успехот на Сефо лежи во филозофската согледба на Ги Дебор дека спектаклот претставува доминантен модел на живот во модерните општества! Уште од мали нозе Сефо научил дека пропагандата, рекламирањето и забавата се посебни манифестации на спектаклот. Научил дека во општеството на спектаклот нема ништо посвето од илузијата. Ако ги анализирате неговите изјави, можете да дојдете до согледбата дека уште како семкар Сефо бил мајстор на спектаклот, дефиниран од Ги Дебор како „социјална релација помеѓу луѓето која е посредувана со слики“. Може ли да си замислите посликовит, поживописен и пооригинален начин на продавање сончоглед од прочуената реклама на Сефо, која се памети и по толку години: „Едар ми е, крупен ми е, топол ми е, сочен ми е... сончогледот“, викал Сефо по прилепските улици, а бизнисот му цутел и цутел.
Откако сфатил дека капиталистичкиот живот е неизмерна акумулација на спектакли, Сефо се преселил на Запад и почнал таму да создава спектакли. Станал професионален организатор на спектакли во дискотеки и ресторани, а во неговата вештина да создаде спектакл и самите се уверивме. Свадбата на Сефо со години ќе се памети и за неа од генерации на генерации ќе се раскажува.
Знам, некои од вас ќе ми забележат: Зошто правиш споредба помеѓу нашиот премиер Никола Груевски и поранешниот прилепскиот семкар Сефо? Каква врска има животната филозофија на Сефо со животната филозофија на Груевски? Колку и да изгледа чудна на прв поглед, и споредбата помеѓу Сефо и Груевски може да се објасни на мошне едноставен начин.
Имено, и Груевски, како Сефо и Ги Дебор, уште од мали нозе сфатиле дека живеат во општество на спектаклот. Груевски имал добра можност да го согледа тоа не само на театарските штици, туку и во боксерската арена. Ако направиме мал осврт на начинот на кој владее Груевски, можеме да дојдеме до заклучокот дека и Груевски е мајстор на спектаклот, мајстор на пропагандата, рекламирањето и забавата.
И за премиерот нема нема ништо посвето од илузијата - „највисокото ниво на илузија, е највисокото ниво на светост“ (Фоербах). Кога станува збор за вештината за создавање колективна илузија, Груевски е веќе прочуен мајстор, професионалец што политиката ја сфаќа како акумулација на спектакли. Накусо, тајната на политичкиот успех на Груевски е во тоа што тој е успешен организатор на политички спектакли.
Ретки се политичките мајстори на колективни илузии како Груевски, кои можат за толку кратко време невидениот дебакл во Букурешт да го претворат во невиден политички спектакл, за драматично да го зголемат сопствениот политички рејтинг. Само успешни мајстори на пропагандата и рекламирањето може да создадат колективна претстава дека се бескомпромисни борци за уставното име, „нашиот идентитет“ и човековите права на Македонците - без разлика од каде се.
Со Груевски на чело, македонското општество станува се' повеќе општество на спектаклот, општество на колективната илузија. Груевски продолжува да прави политички спектакли и по спектакуларната предизборна кампања. Продолжи да ги гради спектакуларните цркви и музеи. Продолжи да испраќа рекламни писма правејќи сега политички спектакл од драмата на илјадници македонски бегалци. Собранието почна да носи закони со спектакуларна брзина. Министерствата и владините агенции продолжуваат со спектакуларните кампањи. „Фамилијата“ спектакуларно ја зајакна независноста на судството воспоставувајќи кумска врска помеѓу парламентарната и судската власт. Министерството за внатрешни работи продолжува со спектакуларни акции и со спектакуларни апсења. Дури и декласираната опозиција почна да сфаќа дека живее во општество на спектаклот, па спектакуларно го напушти Собранието.
„Едар ми е, крупен ми е, топол ми е, сочен ми е... рејтингот“, вика Грујо по македонските медиуми, а политичкиот бизнис му цути и цути.

Кокино ноќе

7/19/2008


Ете како изгледа полна месечина од Кокино, вчера навечер.

Македонското малцинство во Грција

7/18/2008

Џабе толку негирања - Караманлис: Нема македонско малцинство во Грција.

Според некои релевантни извори, има помеѓу 100.000-200.000 етнички Македонци во Грција.

И покрај негирањата на Караманлис, македонско малцинство се признава во извештајот на ECRI за Грција, каде што има посебно поглавје „Македонците и другите малцински групи“. На Грција и се препорачува да „ги продолжи напорите за подобрување на ситуацијата со членовите на другите малцински групи, вклучувајќи го муслиманското малцинство во Западна Тракија, македонската заедница, малцинските религиозни групи, како и имигрантите, бегалците и барателите на азил.“

Наведен е и следниов пример за дискриминација:

“For example, in 1982 a regulation permitted the return to Greece of people having fled the country during the 1946-1949 civil war, together with their families. However, this regulation applied solely to persons "of Greek origin", thus excluding persons of non-Greek, and particularly Macedonian, origin who had nonetheless left Greece under the same conditions.”

Потсетено е и на следнава пресуда на Европскиот суд за човекови права:

„In the Sidiropoulos and others v. Greece judgment of 10 July 1998, the European Court of Human Rights found that the refusal to register the association "Home of Macedonian Civilisation" constituted an interference with the freedom of association as guaranteed by Article 11 of the European Convention on Human Rights. ECRI deplores the fact that, five years after the decision of the European Court of Human Rights, this association has still not been registered despite the repeated applications made by its members.“ (За повеќе - A Decade After ECHR Judgment, Greece Continues To Refuse Registration Of The Home Of Macedonian Culture)

Инаку, интересен параграф за последиците од граѓанската војна во Грција може да се прочита тука: „Following the civil war in Greece (1946–9), 35,000 Communist ethnic Macedonians went into exile and were stripped of citizenship; land was distributed to ‘nationally minded’ Greeks who were resettled in Macedonia. Those who continue to assert a Macedonian identity still cannot return. These rapid demographic changes were complemented by compulsory assimilation, including name changes, school closure and the prohibition of the Macedonian language in public and in the home. Greek control of education and job discrimination have encouraged assimilation, making the Macedonian minority increasingly difficult to define.“

Еве и дел од аргументите на „Виножито“:

„Виножито“ прашува кои се оние лица кои во официјалните пописи во Грција до 1951 година се попишувани под графите „Мекдофони“, „Славофонски Македонци“, „Словени“ или „не-Грци“ и што се случило со нив по таа година. “ (...) „...зошто во 60-те години на минатиот век населението на цели села било присилувано да се заколне дека ќе престане да го користи „проклетиот словенски идиом““ (...) „Како е можно Грција, која постојано се фали дека е „колевка на цивилизацијата и демократијата“, во исто време де факто да ги негира основните фундаментални човекови права на овие граѓани, како што се правото на самоопределување и на сите права што прозлегуваат од него на образовно и културно поле?“. (Каде исчезнаа Македонците во Грција, прашува „Виножито“)

Хашкиот трибунал ни пресуди: FYROM!

Со пресуда на Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија, станавме FYROM.

Не дозволувајте да ве залажат соопштенијата за печат.

Во едно соопштение за печат стои:

„Двајцата обвинети, Љубе Бошкоски и Јохан Тарчуловски се товарат за злосторства наводно починети помеѓу 12. и 15. август 2001 против етнички Албанци од село Љуботен во близина на Скопје, во Поранешната Југословенска Република Македонија (понатаму во текстот Македонија).“

Еве што стои во друго соопштение:

„Судскиот совет II денес го осуди Јохан Тарчуловски на 12 години затвор за кривични дела извршени против етнички Албанци во селото Љуботен, во близина на главниот град на Република Македонија, Скопје, на 12. август 2001. Сообвинетиот, поранешниот министер за внатрешни работи на Република Македонија, Љубе Бошкоски, е ослободен од сите обвиненија.

Но, најбитно е што стои во пресудата на англиски јазик:

“The Indictment charges the Accused, Ljube Boskoski and Johan Tarculovski, with crimes committed between 12 and 15 August 2001 against ethnic Albanians from Ljuboten village in the northern part of the former Yugoslav Republic of Macedonia (“FYROM”).1 ”

Во фуснотата 1, Судот појаснува:

“The Chamber recognizes that by resolution A/RES/47/225 of 8 April 1993, the General Assembly decided to admit as a Member of the United Nations the State provisionally referred to for all purposes within the United Nations as “The former Yugoslav Republic of Macedonia”, pending settlement of the difference that had arisen over its name. ”

Значи, иако Генералното собрание на ОН никаде не ја употребува кратенката FYROM во резолуциите, судот самоволно одлучува да ја употребува постојано во пресудата.

Загубивме уште една битка, а борците за името и идентитетот никаде ги нема да реагираат против нашето преименување од страна на Хашкиот трибунал, спротивно на резолуциите на ОН.

Слушам кај шумат шумите...

7/16/2008

Од нашите политички дрвја, не можеме ни шума да видиме. Поради опасност од пожари, Владата донесе забрана за движење низ шумите. Зошто залудно да се трошат пари за канадери и противпожарни возила кога главни причинители на пожар се несовесните граѓани? Сега, кој ќе биде фатен без „аусвајс“ како се движи низ тазе пошумената Македонија, ќе биде казнет со по 1.000 до 2.000 евра! Кутрите Скопјани и Битолчани, не можејќи да дишат без „плуќата на градот“ - Водно и Пелистер, веднаш поитаа да извадат еднодневни дозволи. За да ги задоволи секојдневните потреби на граѓаните за дишење чист шумски воздух, Владата итно отвори илјада пункта за „аусвајси“ во цела Македонија, кои работат нонстоп во три смени (ноќната смена е воведена заради поттикнување на популациската политика). По правовремената реакција беа вработени неколку илјади лица со уредни партиски книшки, кои земаа плата од казните за потенцијални пиромани, превентивно уапсени со масовната полициска акција „шумско око“.
Поради опасност од лизгање на земјиштето, опасност од одрони на камења и удирање „камен по глава“, забраната за движење беше проширена на сите планини и долини без разлика дали се пошумени или не. Акутната потреба од нови пунктови за еднодневни дозволи го намали бројот на невработените за уште неколку стотини проверени кадри.
Владата набргу донесе одлука и за забрана за пливање по реките и езерата, поради опасност од давење. Ако пливаш во македонските езера и реки без еднодневна дозвола - 1.000 до 2.000 евра! Капачите веднаш поитаа да извадат дозволи за да не ги удри капка во глава. Владата, пак, им излезе во пресрет на потребите на граѓаните отворајќи стотина пункта за дозволи на сите македонски езерски и речни плажи. Беа вработени уште неколку илјади проверени кадри. Потоа, поради опасност од деградирање на животната средина, беше донесена поопфатна забрана за престој покрај водни и други зелени површини. Со секоја нова забрана, бројот на невработените постојано се намалуваше. По полициските акции „езерско око“, „речно око“, и „зелено око“, беа казнети неколку илјади капачи и посетители на плажи и паркови без дозвола.
За да не изгинат граѓаните во некои дупки, за да не пропаднат во некои шахти или, пак, да не бидат удрени од несовесни возачи, Владата донесе забрана за движење по улиците и тротоарите. (Забраната не важеше за верниците што одат в црква оти нив, нели, господ ги чува). За да се задоволат новите потреби за „аусвајси“, беа отворени стотици регионални и општински пунктови. Со секој отворен пункт, бројот на невработениот стар партиски кадар се намалуваше, а бројот на нови партиски членови на владејачките партии, како и бројот на верници, постојано се зголемуваше. Драстично се зголеми и бројот на криминалци фатени по успешно спроведените полициските акции „улично око“ и „ќор-сокак“.
Потоа, поради опасноста од повреда на македонското достоинство, Владата донесе забрана за поднесување на апликации за визи во странските амбасади. На сите граѓани што без дозвола од МВР ќе бидат фатени како се резилат и понижуваат пред странските амбасади, им следува казна по 1.000 до 2.000 евра! За летување во Грција, поради зголемената опасност по достоинството, беше потребна дополнителна дозвола од МНР. Набргу, поради опасноста од обезличување, забраната беше проширена за сите граѓани што имаа намера да ја напуштат земјата (освен за посета на нашите соплеменици во Пакистан). Нови пунктови - нови вработувања! И нова полициска акција - „достоинствено око“.
Трендот на воведување забрани и пунктови продолжи, како и трендот на намалување на невработеноста. Опасноста од загрозување на македонскиот идентитет со напливот на антимакедонски интернет-страници беше превенирана со интернет-лиценци за посетување туѓи страници. Министерството за економија воведе дозволи за купување немакедонски производи, а Министерството за финансии дозволи за купување девизи. Следуваа нови полициски акции: „виртуелно око“, „патриотско око“ и „денарско око“.
Но, опасностите продолжија да не' демнат отсекаде. За да не' заштити од непријателска пропаганда, Министерството за култура, религија и историја воведе дозволи за пеење непатриотски песни, за гледање странски филмови и ТВ-програми и за читање странски книги. Песните „По шумама и горама“, „Слушам кај шумат шумите“, и „Развила гора зелена, ништо не влегва во неја“, можеа да се пеат само со специјална дозвола од „Народниот правобранител“, кој будно следеше сите владини забрани да бидат во рамките на законот.
На опасностите им немаше крај. Заради превенција од сексуално преносливи болести, Министерството за здравство воведе забрана за сексуални односи без специјална еднодневна дозвола. Забраната не важеше само за брачни двојки со две деца кои имаа подигнато специјални „ваучери за трето дете“.
По успешните полициски акции „нарасено око“, „ТВ-око“, „кинооко“, „трето око“ и „воајерско око“, државниот буџет толку се зголеми што Собранието мораше да свика вонредна седница на која беше решено да се отворат илјадници нови работни места. Како резултат на успешната борба против „шумкарите“, безработицата и криминалот, популарноста на нашиот Путин порасна од ѓаволските 66 отсто до неверојатните 99,102 отсто. Среќни и безбедни, „Горите македонски шумно пеат“: „препородот“ продолжува...


Сончање

7/09/2008

Македонија, 8јули 2008 - рекорден индекс на штетните ултравиолетови зраци. Медицинските експерти предупредуваат: „Заштитете се од сонцето!“ Долготрајната изложеност на сонце може да предизвика тешки здравствени последици.
Македонија, јули и август 2008 - рекорден индекс на штетните ултранационалистички зраци. Политичките експерти предупредуваат: „Заштитете се од сонцето од Вергина!“ Долготрајната изложеност на античко-македонското сонце може да предизвика тешки здравствени последици по менталното здравје на граѓаните.
„Какво ќе биде времето деновиве?“ - е клучното прашање што ги опседнува не само метеоролозите од УХМР, туку и македонските политички метеоролози. Ако судиме според нашите ТВ-дневници, македонските граѓани се опседнати со две доминантни теми: метеорологијата и политиката. А ако нешто знаат нашите политичари, аналитичари и новинари, знаат добро да го почувствуваат пулсот на граѓаните. Има ли појасен показател за тоа од трендот на политичка метеорологија што ги заплисна нашите медиуми во пресрет на клучните „историски“ датуми од 2008 - поканите за НАТО и за отпочнување преговори со ЕУ?
Во Македонија, никој нема да те есапи за сериозен политички аналитичар ако мудро избегнуваш да пловиш по сцилите и харибдите на македонската политичка метеорологија. Агностичката позиција во однос на нашата политичка иднина не е веќе ни теоретски одржлива. Притисокот да се даде каков-таков одговор на две „судбоносни“ прашања станува веќе неиздржлив: Кога најпосле ќе добиеме покана за НАТО? Кога најпосле ќе добиеме покана за почнување преговори со ЕУ?
Не издржа срце метеоролошко. Еве ја и мојата политичка прогноза. Се надевам, нема да се оствари: Летово сигурно нема да добиеме никаква покана. Но, не очајувајте. Како што тргнало остварувањето на нашата преродба, може и да добиеме покана - на куково лето! А какво ќе ни биде времето? Наспроти политичките песимисти, кои тврдат дека со новата влада времето ќе ни било нестабилно (облачно, со повремени врнежи и грмежи), предвидувам време идеално за етнонационалистичко сончање.
Бездруго, по испуштањето на последниот НАТО-вагон од 9 јули, кајакарскиот двоец Груевски-Ахмети ќе продолжи да плови по дивите води на етнонационалистичката еуфорија, изложувајќи ги граѓаните на штетните зраци на сонцето од Вергина - симболот на македонското опстојување во борбата против „вековниот“ непријател. Премиерот ќе ја продолжи својата „славна“ битка за името и идентитетот, заедно со својот „стратешки партнер“ Караманлис. Да потсетиме, кому најмногу му одговараше националистичката еуфорија пред и по Букурешт? Најголеми политички добитници беа токму Груевски и Караманлис - на штета на уледот на своите држави. Обајцата ќе продолжат максимално да манипулираат со историските фрустрации на своите граѓани за да си останат на власт и непречено и неодговорно да си владеат со „стадото“ и со своите партиски трла и бачила.
Најнеодложно, граѓаните треба да преземат низа мерки за ублажување на жешкиот националистички бран што се очекува во наредните неколку дена, за да се неутрализира непријатната вест дека Албанија доби покана за НАТО, а Македонија извиси. Според политичките синоптичари, деновиве се очекува националистичката температура да се искачи на највисоко ниво независно од исходот на пресудата на Хашкиот трибунал. Церемонијалното пристигнување на нашите „сонародници“ од Пакистан може да предизвика појава на синдромот опишан во народната поговорка „Сонцето му удрило во глава“.
Ќе продолжи и трендот на користење на античко-македонското сонце како штит од глупоста и политичкиот неуспех. Премиерот и другите политички соучесници во меѓународната „фиромизација“ на Македонија ќе продолжат да не' убедуваат дека се борат за уставното име и за нашиот древен идентитет, појавувајќи се на конференции каде што гордо ќе ја носат ознаката „FYR Macedonia“. По конституирањето, и новата влада ќе не' убедува дека убаво си живееме во „земја на мирот, сигурноста, правдата и на безбедноста“ и дека нема никаква потреба да се тревожиме што досега не не' поканиле во ЕУ и во НАТО. Клучните проблеми ќе си останат - невработеноста, сиромаштијата, корупцијата, владеењето на неправото (самоволието) нема да се пробијат на насловните страници. Додека народот гледа медиумски сеир од напливот сексуални злосторници, полесно ќе заборави на силувачите на македонската демократија што безбедно ќе се сончаат на некои светски плажи.
Во август ни доаѓа националниот празник Илинден и уште една прослава на годишнината од рамковниот договор. Тогаш граѓаните ќе мора да се заштитат од штетните ултранационалистички зраци дури и ако се наоѓаат во сенка. На Илинден не помагаат никакви козметички средства за заштита од сонцето од Вергина. Бездруго, високите националистички температури негативно ќе влијаат врз пролетните култури - сончогледот, тутунот, шеќерната репка, пченката... Рацете задоволно ќе ги тријат само трговците со „патриотски“ фискални каси.
Накусо, не очекува долго и топло националистичко лето. Државната пропаганда ќе продолжи да не' убедува дека „историјата е на наша страна“, а дека владата е на страна на историјата. Историјата ќе ни ја пишуваат Груевски и Ахмети - првиот по повод Илинден, вториот по повод рамковниот. Значи, продолжуваме самозадоволно да се сончаме на штетните ултранационалистички зраци. А нашите политичари немаат гајле од какво и да е зрачење. Особено кога се безбедно упикани во „газот на народот“. За нив важи слоганот од една постара, но незаборавна реклама за млеко за сончање: „Секој(а) си има свој (политички) фактор!“


Изгорени од „сонцето“

7/02/2008

Приказната за средбата помеѓу филозофот-циник Диоген од Синопа и Александар Велики може малку да ја расветли нашата мрачна политичка ситуација. Љубопитен да го види филозофот што пројавувал толку арогантна независност на духот, Александар отишол во потрага по Диоген и го нашол како се сонча седејќи покрај неговото фамозно буре.

- Јас сум Александар Велики - рекол монархот.

- А јас сум Диоген Циникот - му одвратил филозофот. Александар тогаш се доближил до Диоген и го прашал дали му треба некаква услуга. (На неколку познати уметнички дела што ја отсликуваат оваа прочуена средба, сенката на Александар го покрива лицето на Диоген).

- Тргни се помеѓу мене и сонцето - рекол Циникот. Александар, малку погоден од одговорот, им рекол на своите пријатели, кои веднаш почнале да ја исмеваат каприциозноста на филозофот:

- Ако не бев Александар, ќе сакав да бидам Диоген.

Зошто мислам дека оваа необична анегдота може да фрли малку светлина врз нашето политичко мракобесие? Затоа што имам чувство дека реалните сончеви зраци се' помалку допираат до нас, поради тоа што секојдневно не' засенуваат лажните идеолошки сонца од кои веќе и бел ден не можеме да видиме.
Најголема сенка фрлаат лажните сонца од далечното минато. Станува се' позамрачувачка симболичката сенка што ја фрла „светлиот лик“ на Александар Велики и неговото 16-крако сонце од Кутлеш. Никој веќе не ги слуша добронамерните предупредувања дека симболичкото зрачење на античко-македонското сонце може да предизвика сериозни ментални изгореници и помрачувања на умот. Сонцето од Вергина беше и се' уште останува Гордиевиот јазол на таканаречениот „македонски спор“ помеѓу Република Македонија и Елада. Заслепени од сонцето на Александар, не можеме да согледаме дека не станува веќе збор само за спор помеѓу нас и Грција, туку за спор помеѓу нас и НАТО, за спор помеѓу нас и ЕУ.
Но, одамна е веќе поминато времето на Александар. Заплетканите политички јазли веќе не се решаваат со отсечен удар на мечот. Заслепени од сонцето, некои сугерираат „спасоносни“ решенија: најдобро ќе било да сме ги напуштеле преговорите (за некои се се' уште „разговори“ и „пријателски убедувања“) и да сме повеле судски спор поради непочитувањето на „привремената согласност“ од страна на Грција. Ај, да го оставиме за момент настрана тоа што со судскиот спор може да загубиме уште десетина години, како и неодговорните прашања - на кој начин Македонија ќе опстане во меѓувреме, и што ако најпосле не го добиеме спорот? Најнејасно е против кого ќе поведеме спор - против НАТО и ЕУ, кои ни поставија како услов изнаоѓање на заемно прифатливо решение за името по пат на преговори? Против Обединетите нации кои ќе не' нарекуваат „поранешна југословенска Република Македонија“ се' додека не постигнеме спогодба за „разликите во однос на името“? Треба ли да потсетуваме дека Грција веќе ја доби битката пред ОН во 1993 кога на Македонија не и' беше дозволен прием со нејзиното уставно име и со нејзиното уставно знаме (со спорното сонце), кое не се развиори пред седиштето на ОН? Треба ли да потсетуваме дека Грција веќе ја доби битката за лажното сонце и со „привремената согласност“ од 1995, во која нашата земја се обврза дека ќе престане да го употребува симболот на тогашното национално знаме?
По 1995 , античко-македонското сонце стана симбол на меѓународниот пораз на македонскиот национализам во битката со национализмот на Грција. За жал, тоа беше пораз од кој не извлековме никаква историска поука. Поранешниот претседател, на чии плеќи би требало да падне најголемата одговорност затоа што Македонија во ОН не беше примена со уставното име, пред неколку дена испрати порака дека „за прашањето за името на нашата земја не е можен никаков компромис“. Неговите согледби дека „...грчкото раководство ја согледува сопствената и се' поголема изолираност меѓу сојузниците и дека „само прашање на време е до кога грчките сојузници ќе ја толерираат грчката ирационална и погрешна политика“ покажуваат дека нашите политичари имаат проблем со воспоставување контакт со реалноста.
Наспроти ваквите предубедувања, одлуките од Букурешт и Брисел, како и притисокот за побрзо изнаоѓање на решение од страна на САД, укажуваат на две битни нешта: прво, дека грчките сојузници ќе продолжат да ја толерираат грчката политика (колку и да е за нас ирационална и погрешна); второ, дека ако некому му се заканува меѓународна изолација, тоа не е грчкото раководство, туку македонското раководство кое продолжува тврдоглаво да сурфа на опасните бранови на античко-македонскиот национализам.
Откако практично прифативме да бидеме страна на долгогодишен меѓународен спор, бесмислено е сега да тврдиме дека сиве овие години не сме преговарале, исто како што е бесмислено да тврдиме дека не е можен никаков компромис како исход на преговорите. Компромис е секако можен, доколку наместо александровски, почнеме да претпочитаме диогеновски решенија на Гордиевиот јазол. Пораката до нашите политички „ноеви“ е: „Тргнете се помеѓу нас и сонцето“. Доста ни е веќе од идеолошки сонца на минатото (лажното „сонце од Вергина“ и лажното „ново сонце на слободата“), како и од идеолошки сонца на иднината (илузорното „Сонце“ на следбениците на слоганот „И сонцето е ѕвезда“). Иставете се за да ги почувствуваме зраците на реалното сонце - овде и сега.

Мојот список со блогови

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Архива на блогот

Footer Widget 1

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Loading...

Footer Widget 2

Популарни објави

Популарни објави

Popular Posts this month

Popular Posts this week