Има ли „политичко решение“ за корупција и криминал?

6/20/2015

Експертскиот извештај нарачан од ЕК отвора повеќе прашања од јавен интерес во врска со постојната криза во Република Македонија: Кои се причините за кризата? Од каква природа е кризата? Како да се надмине кризата?
Читајќи го извештајот, се добива впечаток дека како главни причини за кризата во Република Македонија се акцентирани корупцијата и криминалот во највисоките ешалони на власта. Како дополнителна причина за кризата е посочен неуспехот на органите за борба против корупција и криминал, како и потфрлањето на независните и контролните тела (Народниот правобранител, Дирекцијата за заштита на податоци, ДИК, собраниските контролни комисии, Државната комисија за спречување на корупција, итн.).
Ако причина за кризата е немањето на државен капацитет за справување со криминалот и корупцијата, тогаш природата на кризата во Република Македонија поскоро може да се определи како „корупциска“ или „криминална“, отколку како „политичка криза“.
Како главен генератор на скандалот со прислушкувањето е посочена концентрацијата на моќта во УБК. Поради фамилијарните врски на поранешниот шеф со премиерот, УБК можеме да ја преименуваме како УГБ (Управа на „големиот братучед“).

Управата на „големиот братучед“ имала монопол на незаконско прислушкување
Какви факти утврдуваат експертите на ЕК за скандалот со прислушкување? Накусо, експертите утврдуват дека долготрајното прислушкување било незаконско, не било дел од легитимна судска постапка и било вршено во простории на службата за безбедност. Според нив, главни причини за скандалот со прислушкувањето е концентрацијата на моќта во УБК и нефункционирањето на надзорниот механизам над УБК. Еве како е опишана улогата на УБК од страна на експертите:
„УБК му изгледа, на надворешен набљудувач, како да оперирала надвор од својот легален мандат во корист на владата, за да ги контролира главните службеници во јавната администрација, обвинителите, судиите, и политичките противници, со последователно вмешување во независноста на судството и другите релевантни национални институции.“
Надгледувањето е спроведувано и мониторитно од УБК, која има монопол во однос на надгледувањето и во безбедносните и во кривичните истраги. Експертите утврдиле дека УБК има средства да се вмешува во кривичните истраги и, индиректно, да ја поткопува моќта на обвинителот како водач на истрагата. Експертите утврдиле и дека телекомуникациските оператори ја опремиле УБК со технички средства кои и овозможуваат директно преземање на комуникации, независно од тоа дали постои судска наредба за следење на комуникации.
Според експертите, овој скандал покажува не само непочитување на професионалната етика и непочитување на основните права, туку и „семејни врски помеѓу врвни политичари и главни службеници во УБК како и во јавното обвинителство“ кои „создаваат ризична атмосфера за конфликт на интереси.“

Какви последици има од незаконското прислушкување од стана на УГБ (Управата на „големиот братучед“)?
Експертите тврдат дека обемот на незаконски прислушкувања и концентрацијата на моќта во УБК (која го пречекорила својот мандат) предизвикале сериозни повреди на фундаменталните права на засегнатите лица.  Според експертите, „содржината на повеќето од снимките обезбедува индикации за незаконити активности и злоупотреба на моќ од страна на врвни владини службеници“.
Во извештајот станува збор за „очевидно директно инволвирање на врвни владини и партиски службеници во илегални активности вклучувајќи изборни измами, корупција, злоупотреба на моќ и авторитет, конфликт на интереси, уцени, изнудување (притисок на јавни службеници да гласаат за извесна партија со закана дека ќе бидат отпуштени), криминално правење штета, изразени нарушувања на процедурата за јавни набавки заради стекнување недозволен профит, непотизам и кронизам“.
Исто така, утврдено е дека има индикации за „недозволиво политичко мешање во номинирањето/назначувањето на судии како и вмешување во другите наводно независни институции или за лични или за партиски придобивки“.
Експертската група констатира дека само дел од овие индикации биле адресирани од истражните органи (што се однесува до случајот кое МВР пропагандно го именуваше како „Пуч“). Што се однесува до „актуалните обелоденувања на криминално однесување што произлегува од содржината на следените разговори“ експертите биле информирани дека биле иницирани, или планирани, натамошни истраги. Експертите пројавуваат загриженост ако истрагите „се фокусираат исклучиво или првенствено на протекувањето на документите, наместо на супстанцата на погрешното делување кое изгледа произлегува од повеќето од транскриптите.“ Експертите укажуваат и дека досегашните обвиненија изгледаат селективни.
Накусо, има многу индиции за сторен криминал, има голема потреба од независна и ефективна истрага, а малку е веројатно дека истрагата ќе биде спроведена од страна на постојното обвинителство кое, како што се покажа од содржината на дел од објавените снимки, е исто така под влијание на УБК и „МВР(О-ВМРО)“.

Никој не ја контролира УБК!
Експертите утврдиле дека собраниските комисии што треба да ја контролираат УБК не си ја вршат својата работа. Едната комисија воопшто не се состанала, а другата не спровела инспекции во УБК ниту собрала статистички податоци за следените разговори. Исто така, експертите утврдиле дека комисијата (за надзор на следење на комуникации) нема техничка умешност да обезбеди податоци од УБК или од телекомуникациските компании кои треба да бидат споредени со бројот на судски налози за следење, за да може да се идентификува злоупотреба.
Исто така, според експертите на ЕУ, Дирекцијата за заштита на лични податоци и ДИК не покренале истрага по обелоденувањето на содржините на снимките кои укажуваат на повреди на правото за заштита на лични податоци и на повреди на изборното законодавство. Ни Народниот правобранител не го искористил својот мандат да спроведе адекватна истрага за потенцијалните прекршувања на чоековите права, иако во теорија ништо не го спречува да постапува како реално „куче чувар“.

Што да се прави со УБК?
Експертите главно се преокупирани со мерки што треба да се преземат за да не се повтори ваква состојба и да се оневозможи натамошно собирање на информации за политички или други нелегитимни цели. Така, на пример, адресирајќи ги причините, тие препорачуваат да се намали мандатот на УБК, за да се одделат функциите на следење на комуникации за кривични истраги и за безбедносни цели; УБК да не се вмешува во автономијата на полицијата, царината и финансиската полиција; УБК да нема практична способност за директно снимање на комуникации, ниту директен пристап до техничката опрема, туку само телекомуникациските компании (кои само врз основа на релевантна судска одлука треба да го пренасочуваат сигналот до службите кои законски можат да следат комуникации). Покрај соодветниот тренинг за заштита на податоци, фундаментални граѓански права и професионална етика и интегритет, експертите препорачуваат и намалување на големиот број вработени во УБК (поради малиот број на судски наредби за следење), а зголемување и обучување на човечките ресурси за контрола и надгледување на тајните служби.
Во однос на содржината на снимките, експертите препорачуваат неселективни истраги за криминалното поведение кое е обелоденето. Клучната препорака за успешна истрага е запленување на релевантните податоци од архивите на УБК  и од телекомуникациските компании, за да се споредат со издадените судски налози. Најинтересно е што експертите препорачуваат да се побара меѓународна поддршка и експертиза при возобновувањето или докажувањето на автентичноста на избришаните фајлови. (Ова наведува на заклучок дека експертите очекуваат прикривање на криминалните траги од страна на УБК).
Некои од овие експертски препораки во врска со УБК се испочитувани во документот на ЕК „Ургентни реформски приоритети“. На пример, ЕК експлицитно бара УБК да нема монополистичка функција при следењето комуникации и да се отстрани практичната и техничката можност на УБК за директно следење на комуникации (без судска наредба).

Може ли да има слободни и фер избори ако не се казни „Големиот брат(учед)“?
Горенаведените експертски препораки се клучни за адресирање на причините на кризата. Ако УБК со својата неконтролирана моќ (и пипци на октопод) е еден од главните генератори на кризата, „скротувањето“ на УБК се чини како неоходно за надминување на кризата.
Но, тука се поставува практичното прашање: Кој ќе го стори тоа?
Дали тоа ќе може да го стори опозицијата, доколку се врати во собранието и го преземе раководењето на собраниските комисии за контрола на УБК и за следењето на комуникациите? Досегашното искуство покажа дека собраниските комисии се ефективни само во производство на документи кои биле третирани како „тоалетна хартија“.
Дали Народниот правобранител ќе се одважи да изврши контрола врз УБК и да обезбеди докази за масовното прекршување на човековите права? Тешко веројатно, кога ќе се потсетиме дека овој Народен правобранител го премолча насилството при неговиот избор на 24 декември 2012, кога пред негови очи од собраниската сала беа насилно исфрлени новинарите и опозициските пратеници.
Ако сакаме да го адресираме проблемот со УБК, како еден од главните генератори на кризата, не е доволно да се направат законски и други измени кои на хартија ќе настојуваат да го превенираат „октоподот“ - кој се покажа дека има пипци насекаде, вклучително и во обвинителството, во судството, во комисијата за лустрација, во медиумите, итн.
Клучен предуслов за да се адресира проблемот со „октоподот“ УБК е да се обезбеди нов јавен обвинител кој ќе има реална моќ: а) да спроведе ефективна истрага, за да ги „заплени“ релевантните податоци од архивите на УБК кои индицираат на масовно кршење на човековите права преку нелегално прислушкување; б) да покрене кривична постапка против сите лица во УБК кои се одговорни за масовно кршење на човековите права преку нелегално прислушкување (со чинење и нечинење); в) да покрене кривична постапка против налогодавачите на нелегалното прислушкување и против министерот за внатрешни работи и премиерот кои, согласно принципот на „командна одговорност“, морале да знаат дека опремата на МВР со години се злоупотребува за нелегално прислушкување на огромен број лица без судска наредба.
Без нов јавен обвинител, тешко може да се очекува дека ќе бидат исполнети и другите експертски препораки кои се однесуваат на соодветно постапување во однос на индициите за криминал од страна на владини и партиски функционери, кои беа обелоденети со протечените снимки од УБК.
За жал, во препораките и приоритетите на ЕК за надминување на кризата, како и во политичкиот пред-договор од 2 јуни, никаде не се спомнува избор на нов јавен обвинител. Во „транзицискиот период“ е предвидено изготвување на „иницијален извештај“ од двете собраниски комисии (кои треба да бидат под водство на СДСМ) кој треба да биде готов до ноември 2015 година. Се предвидува сите материјали кои ги поседува СДСМ да му бидат предадени на јавниот обвинител „за непосредна акција“, но никаде експлицитно не се споменува избор на нов независен јавен обвинител, ниту пак зајакнување на капацитетите на постојното обвинителство за соочување со постојните предизвици за справување со криминалот и корупцијата.
Накусо, иако криминалот и корупцијата се посочени како главни генератори на постојната криза од страна на експертите, договорот од 2 јуни е повеќе насочен кон адресирање на кризата преку предвремени избори, отколку преку зајакнување на постојните неефикасни тела за борба против криминалот и корупцијата. На пример, во договорот од 2 јуни има конкретни одредби кои се однесуваат на зајакнување на ДИК (која треба да обезбеди „слободни и фер избори“), но нема конкретни одредби за зајакнување на телата кои се надлежни за борба против криминалот и корупцијата. Во договорот од 2 јуни воопшто ни не се спомнуваат зборовите „криминал“ и „корупција“, па оттаму може да се изведе заклучок дека овој политички договор не ги адресира експлицитно главните причини за постојната криза посочени од експертите.
Во договорот потписниците начелно се обврзале да ги почитуваат и имплементираат сите препораки што ќе ги издаде ЕК во врска со системските прашања за владеењето на правото. ЕК издаде посебни препораки, но во нив има само една општа одредба која се однесува на „де-политизација на назначувањето и унапредувањето на судии и обвинители, во практика, не само во теорија...“.
Ако целта на „транзицискиот период“ е да се создадат услови за фер и слободни избори, тогаш мора да се отстранат одговорните за корупција и криминал од највисоките позиции на власта. Тоа практично ќе биде невозможно, ако не се заменат одговорните (пардон, неодговорните) лица за борба против корупција и криминал – пред се, постојниот неефикасен обвинител со независен јавен обвинител. Без создавање на услови за ефикасна и неселективна борба против криминалот и корупцијата нема да бидат адресирани главните причини за кризата, ниту пак ќе можат да се создадат услови за „слободни и фер избори“.
Накусо, не може да се создадат ни минимални услови за слободни и фер избори, ако во „транзицискиот период“ не се казнат одговорните во УБК и владата, не само за масовното незаконско прислушкување, туку и за кривичните дела кои беа обелоденети со објавувањето на содржините на снимките. Дел од тие кривични дела се однесуваа на изборите. Во „транзицискиот период“, независен јавен обвинител треба да спроведе истрага и да покрене постапка против оние функционери кои учествувале во кривични дела во врска со изборите.  Функционерите кои го прекршиле законот треба да бидат изведени пред суд, кој во итна постапка треба да ги казни и да спречи да го повторат делото. Само во таков случај ќе може да стане збор за создавање услови за слободни и фер избори.

Јас ќе гласам за промени, а вие?

4/25/2014

Еве, по осми пат имам прилика да учествувам на повеќепартиски парламентарни избори. На сите претходни избори имав дилеми дали да гласам и за кого да гласам. Сега, немам ама баш никакви дилеми. Знам дека сигурно ќе гласам за промени.
Зошто ќе гласам за промени, против сегашната влада? Еве ги моите десет главни причини:

1. Шампиони во мизерија!
Владата не го исполни своето клучно ветување дека ќе го подобри животниот стандард и квалитетот на животот.
Минималното зголемување на просечната плата е само на хартија, додека реалната просечна нето-плата опаѓа во последните три години. Реалната нето плата за 2013, во споредба со 2012, е намалена за 1.6%. Реалната нето плата за 2012, во споредба со 2011, е намалена за 2.9%. Реалната нето плата за 2011, во споредба со 2010, е намалена за 2.4%!
Очигледно има разлика, ама на полошо! Државата ги крие статистичките податоци за сиромаштијата во последните неколку години, но веќе сме меѓународно познати како шампиони по мизерија. Имено, „Економист“ уште пред две години укажа дека „земјата е во хаос“ и дека е на прво место во светот на индексот на мизерија! Бездомниците, питачите и народните кујни се се побројни.
Еден пример за нашата мизерија: Шивачка на минимална плата (6.859 денари за 2013) треба да работи дваесет и една година за да заработи колку што владата троши само за една восочна фигура (28.000 евра)!

2. Македонија назадува во развојот, според ООН.
Во извештајот од 2006 година, Македонија била на 66 место на Индексот за човеков развој на ООН (HDI). Во 2010 сме паднале на 71 место. Во извештајот од 2013 година Македонија е на 78 место. Албанија е сега осум места пред нас, а во 2006 г. била седум места зад нас.
Значи, видливо е дека има разлика. Македонија не се развива, туку назадува!

3. Неказнета корупција и перење пари
                       „Општински пари у џеб да си метнех, 
                         И у Фиренца да си прелетнех!
Владата воопшто не ја оствари стратешката цел за „Бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот и ефикасно спроведување на правото, преку длабоки реформи во судството и јавната администрација“.
Нема истраги за корупција за најголемиот капитален и криминален проект - „Скопје 2014“. Газејќи го правото, Владата финансираше стотици споменици изработувани во странство, иако воопшто не е надлежна за изградба на споменици.
Никој не покрена истрага за корупција откако Градоначалникот на Општина Центар укажа дека незаконси биле потрошени осум милиони евра за лиење на споменици и дека авторката на  воинот на коњ „има добиено на име на авторски договор повеќе од 2.000.000 евра“. Никој не покрена истрага за злоупотреби откако градоначалникот на Центар укажа дека на товар на Општина Центар патувале 57 лица кои потрошиле 1.5 милион евра „за патување и сместување во Италија“. 
Опозицијата со години јавно посочува на корупциски афери и скандали кои тежат стотици милиони евра, а нашето „реформирано“ обвинителство и судство немаат процесуирано ниту еден случај на корупција од страна на Владата. Притоа, властите нетранспарентно издвојуваат десетици милиони евра годишно на кампањи, реклами и други форми на корумпирање на медиумите кои станаа најголеми соучесници во прикривањето на владината и партиската корупција.
Да потсетиме, владата на Бучковски во 2006 падна најмногу заради „мега-скандалот“ „Бачило“ (720.000 евра) и наводниот скандал со владина корупција на новинари - „Фабрика“. Колку изгледаат смешно овие „мега-скандали“ денес, кога ќе се потсетиме само на дубарите во врска со „Скопје 2014“ и милиончето евра потрошено само за авио-билети до Фиренца? „Фабрика“ е жива смешка споредена со аферата „Ивонче-милионче“ и пропагандниот комбинат на „Градски стадион б.б.“ (популарно нарекуван „Шител“). А колку други пропагандни комбинати во моментов работат со полна пареа на буџетски маркетинг?
Медиумското и институционалното прикривање на корупцијата е очебијно и последниве две седмици кога опозицијата изнесе нови тврдења и докази за нелегално финансирање на владејачката политичка партија. Надлежните институции за борба против корупцијата молчат, а корумпираните медиуми со сите сили се обидуваат да ги прикријат трагите на ВМРО-ДПМНЕДВИЖНИНИ, верните обожувачи на античко-македонските божици Кешнарати“ и „Касаприми!

4. Слободата на изразување е загушена!
Македонија најмногу назадува во остварувањето на правото на слобода на изразување, кое е предуслов за демократија и фер избори. Во 2009, Македонија беше на 34 место, а во 2014 сме на 123 место на Светскиот индекс на слобода на печат на „Репортери без граници“. Тоа е катастрофална разлика!
Владата директно беше замешана во загушување на слободата на изразување, и тоа не само како „маркетинг агенција“ бр. 1. Владата беше директно вклучена во насилниот упад и затворањето на А1, А2, „Време“, „Шпиц“, „Коха е ре“, како и во затворањето на други медиуми или преземањето на нивната уредувачка политика. Реалните сопственици на најгледаните телевизии се коалициони партнери на владејачката партија.
Јавниот сервис, и најгледаните ТВ медиуми веќе не се „огледало на општеството“, туку „огледалце, огледалце мое“ на „пастирот“ и на неговите пропагандисти кои сејат омраза и нетрпеливост кон сите критичари.
Со носењето на новите медиумски закони дополнително се зголеми притисокот врз критичките медиуми кои преживеаја. Дневниот весник „Фокус“ згасна по мистериозната смрт на неговиот основач, а неделникот беше „осуден“ на драконски казни за навреда и клевета и притиснат со нови тужби кои судиите експресно ги решаваа. Како капак на се, властите го уапсија новинарот кој пишуваше за неразјаснетата несреќа на Никола Младенов, а судот го осуди за непостоечко дело, наводно сторено пред 5 години! Специјални полициски сили ги спречија новинарите да протестираат против досудената затворска казна. Полициска држава на дело!

5. Македонија веќе не е парламентарна демократија!
По настаните на 24 декември 2012, Македонија веќе не е парламентарна демократија, туку партиско-полициска држава. Опозициските народни пратеници не беа само насилно исфрлени од собраниската сала, туку и беа физички малтретирани и спречени (од жив ѕид) да се вратат на своите работни места каде што се одржуваше јавна седница за буџетот. Закон за буџет беше изгласан со флагрантно кршење на Уставот, со загрозување на безбедноста на пратениците, и со дислоцирање на опозицијата и новинарите од јавната расправа.
Никој не одговараше за силувањето на демократијата, за насилството врз пратениците и за исфрлањето на новинарите! Не гукна ни Народниот правобранител, кој беше сведок на силувањето на демократијата - беше избран истиот ден кога полицијата силеџиски протеруваше пратеници и новинари од собраниската сала!
Во Македонија не функционира поделбата на властите. Без функционален парламент кој би требало да биде контролор на Владата, без независно судство, без Народен правобранител, без Уставен суд, Македонија не може да се нарекува правна држава.
Има ли поголема иронија? Истите кои ги растурија сите државни институции, и ја претворија институцијата претседател во безгласна буква, сега пропагираат „Државата пред се“?!?

6. Македонија стана држава на политички затвореници!
Македонија стана држава на политички затвореници во која флагрантно се кршат човековите права, особено на маргинализираните групи. Меѓународните извештаи за човекови права се полнат со известувања за политички процеси и политички притвореници и осуденици. Судот во Стразбур донесува се повеќе пресуди за злоупотреба на мерката притвор, за не-фер судења и за кршење на други човекови права од Европската конвенција.
Македонија е држава во која царува полициска бруталност и врвна хипокризија. Невладините организации две децении бараат независен механизам за контрола на полицијата. Движењето против полициска бруталност по претепувањето до смрт на Мартин Нешковски (на изборната прослава на ВМРО-ДПМНЕ во 2011) го актуелизираше ова барање. Опозицијата предложи во 2012 година да се донесе Закон за полициски правобранител. ВМРО-ДПМНЕ тогаш гласаше против и докажуваше дека нема потреба од независен механизам за контрола на полицијата. Сега, во 2014 година ВМРО-ДПМНЕ „ветува“ Закон за независна институција за надворешна контрола на работата на полициските службеници. Ете, тоа е врв на хипокризија!
Македонија е држава во која дури се амнестираат осомничени за воени злосторства, се водат сталинистички лустрациски процеси за дискредитирање на луѓе кои не се ниту функциониери, ниту кандидати за функција, ниту меѓу живите! А Уставниот суд, прво двапати го укина скандалозниот закон, а по трет-пат, во нов состав, си ги погази претходните одлуки?!?
Македонија е држава во која се водат полициско-медиумски хајки против земјоделци - критичари на власта, како одгледувачи на марихуана! Толку ли бргу заборавивме на земјоделецот кој беше апсен и држан во притвор, во наместен полициско-политички процес, а потоа ослободен од судот, поради недостаток на докази и притисок на јавноста која покажа дека знае да прави разлика помеѓу марихуана и див коноп?
Македонија стана држава во која сред бел ден неказнето дивеат маскирани хулигански орди кои сеат страв, омраза и насилство врз основа на сексуална ориентација, во центарот на Скопје. Истите кои неказнето удрија по ЛГБТИ луѓето, утре можеби ќе удрат и по вас.

7. Во Македонија царува нееднаквоста и дискриминацијата!
Македонија е држава која произведува системска нееднаквост и дискриминација. Политиките на „рамен данок“ го зголемуваат јазот помеѓу богатите и сиромашните. Најголемите капитални инвестиции на владата беа во „Скопје 2014“, проект кој дополнително ја зголеми нееднаквоста помеѓу главниот град и остатокот од Македонија. Владата обезбедува бесплатен превоз во некои денови, но само за скопските пензионери!

Владата привилегира одредени групи, а други дискриминира. На пример, на некои пензионери им овозможува право бесплатно да одат на бања, а студентките во најмизерниот студентски дом на планетата земја „Гоце Делчев“ добиваат упатства „Нема топла вода“, „Бањајте се кај дечковците“.
Во Македонија расте дискриминацијата (и социјалното исклучување), особено врз припадниците на маргинализираните групи. Комисијата за заштита од дискриминација е составена од државни службеници блиски на владејачките партии и воопшто не е ефикасна кога станува збор за дискриминација од страна на Владата и државната администрација.
Лотаријата со фискални е само еден пример за политичката реалност која произведува се поголема нееднаквост. Оние што имаат пари, имаат и повеќе фискални сметки, и поголема шанса за добивка. Оние што немаат пари, немаат ни фискални, ни можност за добивка. Богатите што ќе испратат многу пликоа со фискални ќе бидат извлечени „три до осум пати“, а мнозинството сиромашни - ниту еднаш.

8. Партизација и злоупотреба на државната администрација
                  Кај си вработен? „- Во македонски шуми.“
                  И, што работиш по цел ден? 
                  „-Слушам кај шумат шумите.“

Лотаријата со вработувања во „Македонски шуми“ е само една од владините стратегии за купување на гласови преку злоупотреба на државната администрација. Владејачките партии ја партизираат и злоупотребуваат државната администрација како сервис за обезбедување на дополнителни гласови на изборите. Тромата и неефикасна државна администрација е пребукирана од партиски војници кои своето работно време го трошат обезбедувајќи услуги за владејачките партии кои им обезбедиле вработување.
Токму затоа, Македонија е шампион по одлив на мозоци во Источна Европа. Се повеќе граѓани, особено младите, ја напуштаат Македонија. Државната администрација нема капацитет да спроведе ниту регуларен попис на населението, па не можеме да утврдиме колку граѓани ја напуштиле Македонија поради нејзината партизираност и неефикасност!
А може ли да спроведе фер избори неконтролирана Влада и партизирана администрација која не може да спроведе ни регуларен попис?

9. Коцкање со меѓуетничките односи!
Владејачките партии играат на картата на влошување на меѓуетничките односи, секогаш кога тоа им одговара. А многу често им одговара токму пред избори, за да мобилизираат гласови преку разгорување на национална омраза и нетрпеливост.
Еве само еден, од многуте примери, за „контролирано“ предизвикување омраза и нетрпеливост: Власта тајно и незаконски го постави споменикот „Цар Душан“, власта се обиде да го урне, власта незаконски го брани „споменикот-провокатор“, и истата власт се обиде да ја префрли вината на опозицијата и медиумите што не се под нејзина контрола. И тие што го поставија, и тие што го рушеа, и тие што го бранат, и тие што се прават ко „Цар Душан“ од небо да паднал, и други за резилот обвинуваат - сите се дел од истата власт.
Но, никој од нив нема да одговара за разгорување на национална омраза и нетрпеливост.

10. Што ќе ни се НАТО и ЕУ!
Владејачките партии не го исполнија своето клучно ветување „Интеграција на Република Македонија во ЕУ и НАТО“. Можат да измислуваат секакви оправдувања за тоа, ама сосема сум убеден дека ниту сакаа, ниту пак се трудеа. Напротив, правеа се што е во нивна моќ да ги зголемат постојните пречки и го убедуваа народот преку нивните пропагандисти „Што ќе ни се НАТО и ЕУ!“
Намерно играа на картата раздели, па владеј: „ние сме бранители на името и идентитетот“, а тие што не критикуваат се „предавници“ и „странски платеници“. Но, какви се тие бранители на името кои ја претставуваат државата со грчкиот акроним „FYROM“ во меѓународни организации? Какви се тие бранители на идентитетот „македонски“, кои прво го продале брендот „Македонска банка“ на странски тајкуни, за потоа и да го ликвидираат?
Ете, тоа се моите десет причини зошто ќе гласам за промени, против сегашната влада.
А како ќе гласате вие? Вие си знаете. Вие си знаете што ќе им одговорите на вашите деца или внуци, кога по некое време ќе ве прашаат: Како гласаше во времето на „малиот диктатор“ Груевски?

Жарко Трајаноски

Загатка

6/04/2013

Три години пред да дипломира се вработил како референт за извршување и правни работи во Јавно претпријатие. 
Во 2009 дипломирал и веднаш станал заменик директор на Јавно претпријатие. 
Следната година добил унапредување како директор на Агенција за млади и спорт. 
Па станал државен секретар во Министерство за правда. 
Шест месеци - помошник на директорот на Агенција за катастар на недвижности.
И, оп - од некни, министер за труд и социјална политика. 
Роден е на 7 мај 1985 година во Скопје. 
Има 28 години и оди во градинка како министер.
Погоди кој е!

Новинарите и лустрацијата

5/27/2013

Новинарите не треба да соучествуваат во медиумско-лустраторски хајки на јавни личности. Новинарите треба да ги почитуваат одлуките на Уставниот суд, според кои лустрацијата на поранешни функционери е бесмислена, а лустрацијата по 1991 води кон негирање на македонската демократија, повреда на начелото на владеењето на правото и кон повреди на човековите права.
Новинарите имаат обврска да поставуваат критички прашања:
1. Зошто упорно продолжува да се спроведува идеолошко-партиска лустрација и по мислењето на Венецијанската комисија дека „Политичките, идеолошките и партиските причини не треба да се користат како основ за мерки на лустрација, бидејќи стигматизацијата и дискриминацијата на политичките противници не претставува прифатливо средство на политичка борба во држава во која владее правото“?
2. Зошто и натаму лустраторот со одамна изминат мандат не лустрира сегашни, туку само поранешни функционери, кога Уставниот суд веќе има утврдено дека нема смисла лустрацијата на поранешни носители на јавни функции „...доколку тие нема да бидат повторно кандидати или носители на јавни функции“, односно, дека законот „...по својата суштина треба да се однесува само на носителите на јавни функции во актуелниот демократски систем...“? 
3.  Зошто лустрацискиот циркус продолжува со медиумска хајка откако експертите на Советот на Европа укажаа дека „Името на лицето кое се смета за соработник треба да се објави само по донесувањето на правосилната судска одлука...“?
4. Зошто продолжува инквизициската лустрација во која обвинетите немаат никакви права, откако Венецијанската комисија укажа дека „Неприсуството на засегнатото лице во постапката пред Комисијата за верификување на фактите е спротивно на неговите права на одбрана, особено правото на еднаквост на оружјето“? 
5. Има ли смисла да се лустрира лице кое еднаш успешно ја поминало лустрациската проверка како претседателски кандидат, а сега не е ниту носител, ниту кандидат за јавна функција? 
6. Зошто не се почитува препораката на Европарламентот да се лустрира персоналот на сегашните тајни служби? 
7. Зошто не се почитува препораката на Европарламентот да се префрлат сите документи од тајните служби во просториите на комисијата на трајна основа?

Новинарите и лустрацијата

Новинарите не треба да соучествуваат во медиумско-лустраторски хајки на јавни личности. Новинарите треба да ги почитуваат одлуките на Уставниот суд, според кои лустрацијата на поранешни функционери е бесмислена, а лустрацијата по 1991 води кон негирање на македонската демократија, повреда на начелото на владеењето на правото и кон повреди на човековите права.
Новинарите имаат обврска да поставуваат критички прашања:
1. Зошто упорно продолжува да се спроведува идеолошко-партиска лустрација и по мислењето на Венецијанската комисија дека „Политичките, идеолошките и партиските причини не треба да се користат како основ за мерки на лустрација, бидејќи стигматизацијата и дискриминацијата на политичките противници не претставува прифатливо средство на политичка борба во држава во која владее правото“?
2. Зошто и натаму лустраторот со одамна изминат мандат не лустрира сегашни, туку само поранешни функционери, кога Уставниот суд веќе има утврдено дека нема смисла лустрацијата на поранешни носители на јавни функции „...доколку тие нема да бидат повторно кандидати или носители на јавни функции“, односно, дека законот „...по својата суштина треба да се однесува само на носителите на јавни функции во актуелниот демократски систем...“? 
3.  Зошто лустрацискиот циркус продолжува со медиумска хајка откако експертите на Советот на Европа укажаа дека „Името на лицето кое се смета за соработник треба да се објави само по донесувањето на правосилната судска одлука...“?
4. Зошто продолжува инквизициската лустрација во која обвинетите немаат никакви права, откако Венецијанската комисија укажа дека „Неприсуството на засегнатото лице во постапката пред Комисијата за верификување на фактите е спротивно на неговите права на одбрана, особено правото на еднаквост на оружјето“? 
5. Има ли смисла да се лустрира лице кое не е кандидат за никаква функција, а кое еднаш успешно ја поминало лустрациската проверка како претседателски кандидат? 
6. Зошто не се почитува препораката на Европарламентот да се лустрира персоналот на сегашните тајни служби? 
7. Зошто не се почитува препораката на Европарламентот да се префрлат сите документи од тајните служби во просториите на комисијата на трајна основа?

Отворено писмо до Уставен суд на Република Македонија: До кога ќе расправаме за неуставната лустрација?

5/21/2013

Почитуван суде,

Ви благодарам за поканата да присуствувам на подготвителната седница, на која би требало да се расправа за прашања за кои Уставниот суд веќе неколку пати има расправано и одлучувано. По долго размислување, сепак решив да не присуствувам на подготвителната седница, од почит кон претходните одлуки на Уставниот суд кои требаше да бидат „конечни и извршни“.

Повторното отворање на редовни постапки и водење долготрајни расправи за законски одредби кои по содржина веќе се прогласени за неуставни го поткопува угледот и авторитетот на Уставниот суд и не придонесува за владеење на правото и за почитување на човековите права. Напротив, со одбивањето да се извршат конечните одлуки на Уставниот суд (што е кривично дело), односно, со повторното донесување на законски одредби кои по својата содржина се отстранети како неуставни, не само што се создава практика на газење на принципот на владеење на правото, туку се предизвикуваат и сериозни повреди на човековите права.

Наместо отворање расправи за прашања кои се апсолвирани со конечни одлуки на Уставниот суд (кои не беа извршени), се надевав дека уставните судиите ќе вложат поголем напор во надминување на проблемот кој самите го имааат идентификувано на својата веб-страница: „Поголеми проблеми може да настанат, а понекогаш настанувале во практиката, кога доносителот на актот повторно донесува акт со иста содржина.... Ако Уставниот суд не го следи будно извршувањето на своите одлуки, и ако не изнајде механизам за оневозможување, или за експресно отстранување на  новодонесените неуставни акти (со иста содржина како и поништените/укинатите акти), тогаш остава празен простор и време за газење на правото и изигрување на сопствените одлуки, кои наместо „конечни и извршни“, во практика стануваат „бесконечни и неизвршни“.

Токму затоа, наместо соучество во „бесконечните“ јавни расправи за неуставната лустрација, овојпат само ќе потсетам дека прашањата кои се покренати како тема на расправа, се веќе апсолвирани.

Лустрацијата за период по 1991 е неуставна
Првото прашање, дали има уставна оправданост законскиот период на лустрација од 1944 до 2006, е веќе апсолвирано со одлуката на Уставниот суд  од 24.03.2010, во која „Судот оцени дека определбата во Законот, лустрацијата да се однесува и на периодот по 1991 година, кога е донесен овој устав, до донесувањето на Законот, во суштина води кон негирање на вредностите и институциите изградени во Република Македонија во согласност со овој устав, што води до повреда на начелото на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок...“.

На истото прашање е повторно недвосмислено одговорено и во одлуката од 28.03.2012, во која се потврдува „Одлуката на Уставниот суд со која е укината можноста лустрацијата да се спроведува за периодот по донесување на Уставот од 1991 година, која одлука е конечна и извршна...“:  „...моментот на влегување во сила на Уставот (денот на прогласувањето на Уставот од Собранието на Република Македонија – 17 ноември 1991 година) е крајниот датум до кој може да се врши процесот на лустрација.“

И Венецијанската комисија, кога се осврнува на ова прашање, наместо заклучок ја цитира одлуката на Уставниот суд У.Број: 42/2008-0-1: „...Комисијата забележува дека Уставниот суд претходно одлучил дека временскиот опфат на Законот за лустрација на периодот по 1991 година е неуставен...“. Исто така, Венецијанската комисија заклучува дека „Политичките, идеолошките и партиските причини не треба да се користат како основ за мерки на лустрација, бидејќи стигматизацијата и дискриминацијата на политичките противници не претставува прифатливо средство на политичка борба во држава во која владее правото.“

Лустрацијата на поранешни функционери и приватници е неуставна
И втората група прашања, Уставниот суд веќе ја има апсолвирано во своите претходни одлуки. Имено, судот веќе има дадено негативен одговор на прашањето „дали државата треба да лустрира лица кои според својата дејност и позиција припаѓаат на приватната и полуприватната сфера?“, преку укажувањето: „со наведените законски одредби се ограничува правото на приватност при вработување во приватниот сектор...“

Прашањето дали треба да се лустрираат поранешните носители на јавни функции е исто така апсолвирано. Уставниот суд веќе има утврдено дека нема смисла лустрацијата на поранешни носители на јавни функции „...доколку тие нема да бидат повторно кандидати или носители на јавни функции“, односно, дека законот „...по својата суштина треба да се однесува само на носителите на јавни функции во актуелниот демократски систем...“ (у.Број: 76/2011-0-1, 28.3.2012 год.)

И прашањето „Дали треба да се лустрираат лица кои според својата позиција и функција не се во состојба евентуално да ги кршат човековите права?“ е имплицитно одговорено кога Уставниот суд дефинира дека „лустрацијата значи процес на справување со минатото, со цел да се одбележат и отстранат можностите за натамошно кршење на човековите права во актуелниот општествено политички систем“.

Венецијанската комисија децидно заклучува дека „примената на мерки на лустрација на функции во приватни и полуприватни организации е надвор од целта на лустрацијата...“. Венецијанската комисија укажува „тешко е да се сфати“ како лустрирањето на лица кои биле носители на јавни функции и јавни овластувања од 1944-1991 „би можело да е во согласност со легитимната цел на исклучување на лица со антидемократски ставови или однесување од вршењето на државни овластувања.“

Лустрацијата повторно го крши уставното право на слобода на здружување
И третата група прашања е веќе апсолвирана. Лустрирањето на партиски функционери, членови на верски заедници и религиозни групи, членови на граѓански организации веќе беше оценето како неуставно, а тоа го потврдува и Венецијанската комисија: „во претходна одлука македонскиот Уставен суд утврдил дека државата не може да оди пошироко од лицата вработени во државните органи и оние кои се на позиција да донесуваат одлуки и да лустрира членови на универзитети, верски заедници, медиуми, граѓански организации (НВО)...“ Венецијанската комисија е децидна дека „Мерките на лустрација не би требало да се применуваат во однос на функции во политичките партии, во верските заедници и верските групи и во организациите од јавен карактер што се регистрирани во согласност со законот (барем ако овој последен израз ги вклучува НВО)“.

Конечната одлука за соработка треба да ја донесе судот
И за последното прашање, дали е уставно оправдано пропишувањето на обврската за објавување на веб-страница на неправосилното решение со кое се утврдува соработка, може да се каже дека е апсолвирано, особено по објавувањето на мислењето на Венецијанската Комисија. Венецијанската комисија заклучува дека „Името на лицето кое се смета за соработник треба да се објави само по донесувањето на правосилната судска одлука...“. Според Комисијата, само во случај на конечна потврда на соработката „негативните дејства од објавувањето врз угледот на лицето може да се сметаат за пропорционална мерка неопходна во демократско општество.“

Венецијанската комисија е уште поконкретна, кога укажува дека лустрацијата за период од 1944-1991 може да биде оправдана само за најтешки кривични дела: „...применувањето мерки на лустрација на дела што датираат 21 до 68 години во минатото (или дури 31-78 година до времето кога ќе истече Законот за лустрација) може – ако воопшто е можно – да се оправда врз основа на најтешките форми на повреди, особено масовна и континуирана повреда на основните права што би резултирало со долга казна затвор според кривичното право“.

Почитуван суде, времето за јавни расправи на тема лустрација е одамна истечено. Натамошното спроведување на законот за лустрација, не значи само неспроведување на одлуките на Уставниот суд, туку и натамошни повреди на Европската конвенција за човекови права. Венецијанската комисија јасно предупреди дека „Неприсуството на засегнатото лице во постапката пред Комисијата за верификување на фактите е спротивно на неговите права на одбрана, особено правото на еднаквост на оружјето.“

Ваквиот закон за лустрација не воспоставува транзициска правда, туку создава нови неправди. Транзициска правда не се воспоставува со неуставна лустрација која се спроведува од партизирана комисија, врз основа на документи кои се сеуште во посед на нелустрираните тајни служби.

Без закон за обештетување на жртвите на поранешниот режим, наместо инструмент за враќање на загубеното чувство на правда, неуставната лустрација станува синоним за нови неправди, за политичка дискриминација, за кршење на уставните норми, за газење на владеењето на правото, за повреда на пресумпцијата на невиност, правото на фер судење и други човекови права.

Токму затоа, крајно време е бесконечните расправи да прекинат, а претходните одлуки на Уставниот суд да станат конечни и извршни.

Жарко Трајаноски

A prisoner’s dilemma: an inappropriate analogy

12/13/2012

Gerald Knaus, in his article Macedonia and the EU council conclusions – a small but important step forward: „The Council was a warm up exercise. Now the real game begins. Athens and Skopje face a prisoners dilemma: if neither side believes that a solution is possible, and acts on this, both will lose. If both sides take a calculated risk to take the search for a mutually acceptable solution seriously both can win.“ 

I have three main objections to his conclusion.

Firstly, the “game” metaphor is totally inappropriate after two decades of “Macedonia Name Dispute”, bearing in mind that the dispute is affecting mainly the rights and the prospects of only one party – The Republic of Macedonia. This could be perceived as “a game” only in sadomasochistic terms. However, it is totally wrong to believe, after two decades of inhumane and degrading treatment of Macedonian citizens by Greece, that Macedonians are enjoying the “SM-game” with Greece. What could be perceived as “a game” by a sadist, could be experienced as torture by his/her victims.

Secondly, after the Council`s decision, Macedonia is faced with two clear ultimatums. According to Gerald Knaus: “This means: if there is an agreed solution on the name issue soon, and if there are ‘concrete actions and results’ from high level meetings with Bulgaria till April, the goal to start accession talks in 2013 “before the next presidency” or very early in it remains alive.” Therefore, if and only if Macedonia accepts both ultimatums, “the goal to start accession talks in 2013… remains alive”. Otherwise, “the goal to start accession talks in 2013” will be an unattainable goal. Is it possible to represent such an impasse as “a small but important step forward”?

Third, the analogy with "a prisoner’s dilemma" is not only false, but also very offensive. Athens was never a prisoner, but a prison guard and perhaps a political torturer abusing the “Macedonia Name Dispute”. The assumption that Athens could lose anything if it does not believe that a solution is possible is unjustifiable. What can Greece lose? Its reputation as a champion of democracy ?

The continuing attempts of Greece to “extort” a confession from Macedonian political representatives, as well as the inhumane end degrading treatment towards the ethnic Macedonians and their cultural identity are clear symptoms of ‘political torture’. Unfortunately, the outcome of this political torture, aided by Bulgaria and other EU countries as well, is the rise of Macedonian ethno-nationalism and the decline of liberalism, democracy and human rights.

To conclude, there is another reason why “a prisoner’s dilemma” is a false and an offensive analogy.  A prisoner’s dilemma is a situation following the offer from “a clever prosecutor” with an intention to obtain a confession. The analogy is offensive not only for Macedonia and Greece (represented as prosecuted prisoners), but for the EU as well, because the political role of the EU is not to be a “a clever prosecutor”, but a defender of human rights and European democratic values.

ПРОГЛАС ЗА АФИРМАЦИЈА НА СЛОБОДАТА НА ИЗРАЗУВАЊЕ

10/12/2012

Слободата на изразување во Република Македонија е сериозно загрозена. Се повеќе е изразена цензурата и автоцензурата. Од друга страна, никој не се бори против говорот на омразата и притисоците врз слободата на изразувањето.



Неодамна, Владата подготви и достави до Собранието на Република Македонија, пакет закони кои директно навлегуваат во слободата на изразувањето. Иако овие закони ги засегаат сите граѓанки и граѓани, ниту граѓаните ниту граѓанскиот сектор немаат реална можност да се вклучат во процесот на донесување на овие закони. Собранието одлучи да ги донесе овие закони во редовна постапка, но тие се носат во ултра брза постапка која ги исклучува граѓаните и граѓанскиот сектор од консултативниот процес.


Првите анализи од страна на граѓанскиот сектор предупредија дека Предлог-законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета содржи толку многу недоследности кои не можат да се надминат само со амандманска расправа во завршна фаза.

Имајќи предвид дека:
  • Законот не ги засега само новинарите и медиумите, туку, и сите граѓани и граѓански организации,
  • Граѓаните и граѓанските организации имаат право активно да учествуваат во подобрувањето на законите кои што ги засегаат,
  • Ваквата форма на законот директно ја загрозува слободата на изразување и може да доведе до бројни злоупотреби и уште повеќе да ја зајакне цензурата и автоцензурата,
БАРАМЕ:
  1. Пратениците да се воздржат од гласање на законите со кои директно се загрозува слободата на изразување.
  2. Предлагачот (Владата) да го запре процесот на донесување на трите закони и да започне нов процес во кој директно преку јавна дискусија ќе бидат вклучени граѓанските организации и граѓаните воопшто.

ГИ ПОВИКУВАМЕ:
Сите граѓани и граѓански организации, сите интелектуалци, новинари и други јавни личности да му се приклучат на Фронтот за слободата на изразувањето!


СМРТ НА ФАШИЗМОТ СЛОБОДА НА ИЗРАЗУВАЊЕТО!
Хелсиншки комитет за човекови права на РМ
Центар за развој на медиуми (ЦРМ)
Метаморфозис, Фондација за интернет и општество
Цивил
Фондација Отворено општество Македонија (ФООМ)
НВО Инфоцентар
Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“- Скопје
Македонски центар за европско образование (МЦЕО)

My Blog List

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Blog Archive

Footer Widget 1

Loading...

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Loading...

Footer Widget 2

Popular Posts

Popular Posts

Popular Posts this month

Popular Posts this week