„ММЕ кој прв почна“?

4/30/2007

Читам во „Дневник“ и не ми се веруе:

„Создавачот на првата македонска држава во новата ера, цар Самуил, исто така ќе добие споменик.“ (Цар Самуил ќе добие споменик во Охрид).

Ај објаснете ми, ви се молам, како може истовремено да се тврди дека Самуил ја востановил првата македонска држава (976-1018), и да се пишува за македонската држава од времето на Филип II? Ако Самуил прв создал држава, тогаш што правеле античките Македонци дур до Индија? Или таа држава не ја признаваме?

Ич не ми е јасно, исто така, како тоа сите поважни енциклопедии го поврзуваат Самоил со Бугарија, а не со Македонија?

Дополнителна збрка создаваат историските „прикаски“ дека главниот политички ривал на Самуил, Василиј II, нагалено го викале „Б’лгароубиецот“ или „Македонецот“ (како припадник на македонската династија).

Како да му објасниш сега на дете од основно училиште дека „македонски“ император ја сотрел „првата македонска држава“ ослепувајќи 99,102% од заробените војници на Самуил?

Како капак на се, што мајка бара сега Црешовото топче во Авганистан? Да ја симболизира нашата софистицирана воена техника или уште еден наш голем историски пораз?

Црешовото топче беше употребено за одбрана на „Крушевската република“!
Ќе дозволиме ли сега да стане окупаторски симбол?

Ксенофобија и шизофренија

4/26/2007

Секоја јавна омраза против друга нација или култура, особено кога станува збор за земја членка на ЕУ, само не оддалечува од нашите политички амбиции да станеме полноправна членка на ЕУ. Погледнете го само најновиот ксенофобичен истап на „Јанко национале“, во кој Бугарите ги претставува како „Татари“, „криминалци“, „шпиуни“, и „перверзни“(како и „Европа“), „шизофреници“:

„Бугари, Булгари, Татари, и уште сто имиња за себе и својата земја, тоа е слика на криминалец. Само криминалец има повеќе имиња, само шпиунот постојано си го менува името и идентитетот и ако некој му го открие, ќе биде егзекутиран. Перверзијата и е блиска на Европа, за жал, но тука е коренот на нивната природна симбиоза со бугарското општество. А чудна работа, оваа наша македонска земја секогаш имала едно име и едно име на нејзиниот народ. Никакви варијанти, разни изговори или антички праимиња, нема ништо, отсекогаш сме биле и сме се викале Македонија и Македонци. Проверете ја само лепезата на називи на сите околни, па и подалечни земји, чиста шизофренија.“ (Нашите мили Бугари)

Кој е во случајов „шизофреник“? Кој има извртена слика за реалноста?

Тој што заборава дека „...и нашата земја благодарејќи на ТИЕ околу Глигоров си доби и други имиња ...ФИРОМ, Скопја...“ (како што му укажува staromakedonec во коментарот на Јади Бурек)?

Тој што халуцинира дека „отсекогаш сме биле Македонци“, игнорирајќи го фактот дека според преамбулата на Уставот, носител на суверенитетот на Република Македонија не е само „Македонскиот народ“ (како етнос) туку и „граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“?

Човек треба да е ептен историски неписмен за јавно да тврди дека „отсекогаш сме биле и сме се викале Македонија и Македонци“.

За жал, популарниот Јанко е типичен продукт на нашето (без)образование и нашата медиумска (не)култура - фактори кои што не оддалечуваат од ЕУ, наместо да не приближуваат.

Македонија: „Потемкиново село“

4/25/2007

На два дена пред да започне самитот во Охрид, булеварот „Туристичка“ беше окупиран од багери и работници кои ударнички, од утро до мрак, работеа на асфалтирањето на големата раскрсница со улицата „АСНОМ“.

Булеварот беше експресно асфалтиран, тревниците средени, беа поставени нови заштитни огради, а секоја бандера ја красеа три или уште повеќе знамиња.

На денот на самитот, булеварот „Туристичка“ беше повторно блокиран, овојпат поради црните коли со затемнети стакла будно следени од громогласните хеликоптери и неколкуте стотини полицајци распоредени на секое ќоше.

Вечерта, кога градот заспа, излегов да се прошетам по „Туристичка“. Недалеку од местото каде што ударнички се средуваше раскрсницата, зјаеше празна дупка на средината на тротоарот.

Има ли смисла толку пари да се фрлат на преуредувањето на раскрсницата, а да не се покрие празната дупка што заканувачки зјае на тротоарот?

Изгледа има. Заканувачката дупка не се гледа од црните коли со затемнети стакла, а секое мало дете знае дека колите не возат по тротоари.

Разочарано свртев на улицата „АСНОМ“. Недалеку од раскрсницата зјаеше уште поголема дупка, длабока околу три метри. Некои совесни граѓани ја беа обиколиле дупата со камења и штици, за случајно да не пропадне некој несреќник. Да не чуе злото, ако некој падне тешко ќе се спаси, оти во средината на дупката има забодено остра штица која ги сведува на минимум шансите за преживување на падот.

Има ли смисла да се преуредува „Туристичка“ за политичарите со црни коли со затемнети стакла, а да се игнорира смртоносната дупка на улица „АСНОМ“?

Изгледа има.

Како прво, политичарите одамна не одат пешки и за нив не важи предупредувањето „Ќе изгинете по некои дупки“.

Како второ, празната дупка од три метри со забодена остра штица во средината, сугерира јасна политичка порака: „Немојте да газите по АСНОМ. Опасно по живот е!“

„Глобус“ – имитација на животот

4/24/2007

Денеска излезе првиот број на новиот политички магазин „Глобус“, кој „ја следи естетиката на познатиот загрепски магазин“.

И не само естетиката, туку според главниот и одговорен уредник Бранко Тричковски, „тоа може да се каже и за идејните насоки на концептот“.

Со други зборови, нашиот „Глобус“ е во секој поглед имитација, почнувајќи од логото, преку структурата и естетиката.

Оригинална ќе да е само формулацијата „идејните насоки на концептот“ чие значење допрва ќе се проучува од специјален експертски тим на МАНУ.

Покрај старите излижани фацки од „Утрински“ и „Пулс“ вистинско освежување е колумната на Јасна Котеска „Метрополис П&О“ во која Јасна јавно дава одговори на „прашања за општествениот, љубовниот и сексуалниот живот“.

Како за почеток, ми се допаѓа дистинкцијата помеѓу „љубовниот и сексуалниот живот“, а и една реченица од одговорот на мистериозното прво прашање:

„Животот, а особено љубовниот, е бокс меч во илјада продолженија“.

Да видиме колку продолженија ќе издржи „Глобус“.

Виножито


Шетајќи едно дождливо попладне во Охрид, се потсетив на митолошкото верување за виножитото: „Ако пак некој успеел да помине под него или да го прескокне, ќе си го сменел полот.“

Ех, кој не посакал барем еднаш во животот да биде од „спротивниот пол“?

А што ако со поминувањето под виножито се менува само полот, но не и родот?

Шетајќи така задуман, здогледав паралелно две виножита.

И, сега, што ќе се случи ако прескокнеш или поминеш под две виножита?

Ќе си го смениш и полот и родот? Или ќе се претвориш во двополово суштество?

А што ако наместо двополово, станеш бесполово суштество, нешто како ангел?

Веднаш тргнав накај Велестово, ама двете виножита упорно бегаа и бегаа...

Седум навраќања кон мотивот „лустрација“ (1)

4/23/2007

Како десетта точка на дневниот ред на четириесет и втората седница на собранието на Република Македонија (закажана за 07.05.2007) се наоѓа ревидираниот Предлог на закон за определување дополнителен услов за вршење јавна функција (популарниот „Закон за лустрација“).

Иако досега нашироко беше пишувано за „лустрацијата“, се одлучив во неколку наврати повторно да укажам на некои нови (и стари) моменти, со цел да ја продолжиме критичката дебата во блогосферата (и пошироко) во пресрет на собраниската расправа.

Веднаш штом видно ревидираниот текст на предлог-законот беше доставен на јавен увид, уследија и првите жестоки критики, на кои ќе се осврнеме, со оглед на тоа што создаваат неверојатна конфузија во јавноста:

„Овој закон не може да направи целосна лустрација. Не може да направи проветрување како што се тврди дека ќе направи. Овој закон може да спречи некои луѓе кои се огрешиле во минатото да не можат да вршат јавни функции во рок од пет години. И толку. Значи, треба да постои кај некој намера да се кандидира за јавна функција, да постои желба да се биде активен во државата и дури тогаш ја потпишува таа изјава. Доколку тој човек избере да не се кандидира за јавна функција, тоа значи дека нема да има никакви проблеми. Ако пак, тој човек реши пет години да не биде активен, по пет години повторно нема да има никакви проблеми. Значи, нема ништо од проветрувањето на општеството што се нудеше како потреба. Односно, целосна лустрација со овој закон не е можна.“ (Исо Руси, Лустрацијата што ја турка Андов е шарена лага)

Колку и да звучи рационално и бунтовно, поентата на Исо Руси, дека „Со овој закон ќе настрадаат само одреден број луѓе кои ќе бидат луди да почнат да се кандидираат за јавни функции“ формално нема основа во ревидираниот текст на предлог законот. Всушност, Исо Руси го чита предлог-законот само како „ставање вето“, но не и како „лустрација“ – чистење на постоечките носители на функции. Но, текстот на предлог-законот јасно укажува дека со него се опфатени не само лицата кои се кандидати за носители на јавна функција, туку и носителите на јавна функција (чл. 2). Значи, периодот од пет години, за кој зборува Руси, може да биде искористен за тивко „провлекување“ само од оние кои не се носители на никаква функција и кои немаат намера да станат, од моментот кога законот ќе стапи на сила. Носителите на функции формално ќе бидат опфатени со законот и ќе мора да потпишат писмена изјава дека не биле тајни соработници, издавачи на наредби, или корисници на информациите од тајниот соработник, „со коишто се кршени или ограничувани основните права и слободи на граѓаните од политички или идеолошки причини...“ (чл. 6). Формално е така, но Руси открива една можна „дупка“ за лицата кои се опфатени со законот. Имено, ако некој знае дека бил таен соработник, издавач на наредби или корисник на информациите, слободно може да си даде оставка од лични или не знам какви било други причини (на пр. приватен бизнис), и после пет години (кога законот ќе престане да важи) повторно да се појави како кандидат за носител на јавна функција. Со други зборови, споменатата „дупка“ остава можност практично да добиеме Закон за лустрација, ама да нема ич „лустрирани“. Оттаму, Исо Руси може и да е делумно во право кога тврди дека таквиот закон „Не може да направи проветрување како што се тврди дека ќе направи“, со оглед на тоа што законот ќе ги опфати само тие кои „ќе бидат луди“ да се кандидираат за јавна функција и тие кои нема превентивно да дадат оставка.

Останува да лебди прашањето „Кој е овде луд?“ – дали предлагачот кој божем ги игнорира критичките забелешки на Хелсиншкиот комитет прогласувајќи ги за „контрадикторно мислење“ (?!? - стр. 27), а делумно ги вградува во текстот, или пак критичарите од „Хелсиншкиот“ кои одеднаш сега се за „тврда лустрација“, но без конкретни препораки како да се воспостави транзициска правда во Република Македонија (Закон за лустрација или Закон за амнестија).

Веронаука за човекови права?

4/22/2007

Дебатата околу воведувањето на веронауката не стивнува.

Што поентира Најчевска во најновата колумна:

Одлучено е „Македонија да ја напушти класичната школа на развој на едукацијата за човековите права и да воведе посебен предмет: веронаука за човекови права и слободи. Според владините аналитичари, оригиналното внесување на Божјата казна, пеколот и судниот час, ќе му ја даде на концептот за човековите права цврстината која очигледно му недостига.“ (Ништо без веронаука?!)

Нејзината поента и не е без основа ако се прочита образложението на измените на Законот за основно образование: „Воведувањето на верското образование во основните училишта ќе придонесе за изградба на систем на вредности чиј темел се почитувањето на човековите слободи и права, еднаквост, солидарност, толеранција, социјална правда и правичност.“

Има ли нешто поапсурдно од воведувањето на веронаука во име на човековите права?

Погледнете ја само дефиницијата на човековите права во Википедија, па ќе ви стане јасно:

„Human rights refers to universal rights of human beings regardless of jurisdiction or other factors, such as ethnicity, nationality, or religion.“ („Човековите права упатуваат на универзалните права на луѓето без оглед на јурисдикцијата и други фактори, како што се етницитетот, националноста, или религијата“.)

Значи, факторот религија е експлицитно исклучен од факторите кои се суштински за човековите права. Исто толку е апсурдно да се зборува за „христијански/муслимански човекови права“ како и за „македонски човекови права“ (било во етничка или во национална смисла).

Следствено, верското образование во основните училишта не може да придонесе за изградба на систем на вредности чиј темел се почитувањето на човековите слободи и права, еднаквост, толеранција... Напротив, историјата на религиите покажува дека религиозните догми се извор на нетолеранција, дискриминација, социјално исклучување и непочитување на елементарните разлики.

Современиот концепт за човекови права опфаќа право на абортус, право на еднаквост на жените и мажите, право на избор на сексуалната ориентација, забрана на ропство, забрана на секаков вид дискриминација, право на различно мислење итн. Дали верското образование ќе ги промовира сите овие права и слободи? Дали верското образование ќе го промовира и правото на абортус и правото да се практикуваат не-хетеросексуални односи и правото да се користи кондом и други средства за заштита од полово преносливи болести и несакана бременост?

Слободата на религијата и верувањето се дел од концептот на човековите права и слободи. Дали верското образование ќе го промовира правото да се промени религиозното уверување и верската припадност? Дали верското образование ќе го промовира актуелниот принцип „една црква/верска заедница – една религија“ кој ја ограничува слободата на религијата и верувањето?

Се надевам дека барем дел од прашањава заслужуваат одговор, пред да се воведе програма за верско образование.

Доколку во изготвувањето на програмите за верско образование не бидат вклучени и експерти за човекови права, лесно може да се случи верското образование во основните училишта да придонесе за изградба на систем на вредности чиј темел се непочитувањето на човековите слободи и права, нееднаквост и нетолеранција.


Во име на „веронауката“: Библијата се остварува

4/20/2007

Еден од клучните аргументи за воведување на „веронаука“, според една читателка на „Време“:

„… ако ја знаеме историја ќе се увериме дека Библијата се остварува, а науката докажала дека навистина се случил еден од најневеројатните настани запишани во неа. Во Црвеното Море откриени се остатоци на луѓе, коњи и возила од времето на Мојсеј, кога се разделило морето и поминале Евреите, а се затворило и ги подавило луѓето на фараонот.“ (Во име на веронауката)

Кутрите наставници по географија и физика.

Не е лошо премиерот да испрати и едно писмо до наставниците по биологија, за да имаат воедначени одговори кога учениците ќе им постават прашање дали е можно воскреснувањето на Исус.

„Цврстината на доказите“ на МВР

4/19/2007

А, сега испаѓа дека немало поткуп, туку посредување: Докиќ обвинeт за посредување, а не за земање поткуп.

А тоа што човекот веќе беше осуден од јавноста и МВР за земање поткуп?

Што правиме сега?

Кривичниот законик (чл. 175) вели дека е кривично дело ако некому му префрлиш дека сторил кривично дело, со намера да го омаловажиш. Ако делото е сторено преку медиуми, казната е построга.

Дури и докторот да биде осуден за делото што сега му се товари, тој ќе има можност да ги тужи МВР и медиумите за клевета, затоа што тие тврдеа дека зел поткуп, а евентуалната пресуда би го товарела за нешто друго.

Што стана со цврстината и непобитноста на доказите на МВР и убеденоста на медиумите?

До кога бре - МВР те тужи, МВР те суди, со амин на медиумите?

„Македонско“ државјанство?

Откако го прочитав најновиот протест на нашите пратеници во Советот на Европа, не знам дали да се смеам дали да плачам:

„Протестот е упатен поради тоа што на нивните документи наречени “пасоши“, што ги издава СЕ, во графата за државјанство, наместо да пишува “македонско“ е наведено “граѓанин на поранешна југословенска Република Македонија“. “Токму затоа мојата прва реакција беше да го вратам “пасошот“ што ми беше издаден и во кој беше употребена таа формула“, изјави пратеникот Благој Зашов за македонскиот сервис на Радио Дојче Веле.“ (Македонија протестира во СЕ поради несоодветно именување)

А прво да си го отворел Благој Зашов сопствениот „македонски“ пасош, па да пронајде во него дали пишува некаде „македонско“ во графата за државјанство/националност?

Во мојот стар пасош никаде не пишува „македонско“ ниту на кирилица ниту на латиница „Macedonian“, туку „Republıka Makedonıja(што на англиски јазик се чита „Рипаблик оф Македониџа“).

Ако не сте знаеле, според пасошот, вашата националност е „Republıka Makedonıja“, а не Македонец, Албанец, Турчин, Ром, Влав, Србин, Бошњак итн.!

Ако во нашите пасоши не пишува „Македонска“ националност, со кое право тогаш бараме од Советот на Европа да не го користи во графата националност називот со кој сме се согласиле да станеме членки на Советот на Европа?

Баш ме интересира дали е нешто променето со државјанството/националноста во новите пасоши. Ако има некој информација, нека каже.

И, најпосле, имаат ли новите пасоши државен грб?

Мистеријата летна, ем пролетна!

4/17/2007

Конечна демистификација, по Пролетна мистерија и Во што е мистеријата?

Прво, од јајцето се изроди пиле, кое не беше ниту мало, ниту нежно, ниту убаво. Згора на тоа, секојдневно какаше, многу се плашеше и ептен се тресеше од студ.

Мајка му на пилето веднаш го остави само, и доаѓаше само повремено навечер за да го згрее. Откако ќе си заминеше, на пилето уште повеќе му студеше.

Пилето бргу растеше и откако гулабицата не се појави повеќе да го грее сфати дека самото мора да се снаоѓа во животот. Вчера, сосем ненадејно, пилето откри дека има крилја, одлета од гнездото, и повеќе не се врати.

Точакот остана сам, заедно со гнездото, во смрдеата од искакани гомца.

АСНОМ и Македониа

Прочитајте и сами што значи АСНОМ: „Антифашистко Собрание на Народното Ослободуенје на Македониа“.
Македониа - ами како!

Хашкиот трибунал и именувањето на Македонија со „FYROM“/„БЈРМ“

4/16/2007

Република Македонија треба да вложи официјален протест до ООН и ICTY заради употребата на т.н. „акроним FYROM“ во контекст на судењето против Бошковски и Тарчуловски, како и во сите други соопштенија на ООН.

Имено, употребата на „FYROM“/„БЈРМ“ од страна на судот во Хаг, претставува флагрантно прекршување на резолуциите на ОН, во кои никаде не стои дека на нашата земја провизорно ќе се реферира како на „FYROM“, туку како на "the former Yugoslav Republic of Macedonia".

Со користењето на „FYROM“ („the Ministry of the Interior of FYROM“) во известувањата за медиумите, се добива впечаток дека судот во Хаг практично застанува на едната страна во т.н. „спор за името“ помеѓу Македонија и Грција, со што однапред се фрла сенка врз непристрасноста и независноста на трибуналот.

Покрај тоа, имајќи предвид дека на документите стои грбот на ОН, се добива впечаток дека ОН ја легитимираат употребата на грчката измислица „FYROM/БЈРМ“, наместо "the former Yugoslav Republic of Macedonia".

Смртта на разумот

4/15/2007

Црквата почна отворено да се меша во политичкиот живот користејќи „верски аргументи“:

„Македонската црква им даде духовна поддршка на двајцата Македонци, спроти процесот против нив во Хаг, оценувајќи дека со тоа ќе им се суди и на сите бранители на Македонија во 2001.“

„Љубе и Јохан нека бидат горди зашто верувајќи во нивната праведност, нивниот суд го прифаќаме и како наше судење и судење на нашата татковина. Тие, и другите со нив, ја бранеа својата земја и својот мирољубив македонски народ, а никогаш и никаде не е грев да се брани својата татковина“, рече поглаварот Стефан.“ (МПЦ со поддршка за Бошкоски и Тарчуловски)

Судење на нашата татковина?
Никогаш и никаде не е грев да се брани својата татковина?

А што стана со библиската заповед „Не убивај!“?

МПЦ како да го губи разумот.

Прочитајте само како „аргументира“ Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил:

„Без народ нема држава. Без држава нема опстој на народ. Без народ и држава нема опстој на автокефална црква. Без црква нема опстој на народ и на држава, од причини што не може да се доживее полнотата на слободата, државотворна, национална, културно-просветна и духовна. Македонскиот богољубов народ и држава го претставуваат нашиот македонски организам, нашето тело. Македонската црква е нашата македонска душа.“ (Без Македонската Црква нема опстој на народот и на државата)

Јас не сум христијанин (не сум воопшто верник), а сум Македонец.

Знам дека не сум единствен.

Има полно други Македонци кои не се верници, има полно Македонци кои не се христијани, има полно Македонци кои не се православни христијани, а има и доста Македонци кои се православни христијани но кои не се припадници на МПЦ.

Тезата дека македонскиот народ и МПЦ се едно и исто е теза која предизвикува национална нетрпеливост помеѓу Македонците кои се припадници на МПЦ и оние кои не се.

Тезата дека македонскиот народ и МПЦ се едно и исто е симптом за умирањето на рационалноста во Македонија, како резултат на десекуларизацијата на државата.

Прилив на „мозоци“?

4/09/2007

Ја поздравувам одлуката на Владата да предложи Закон за изменување на Законот за високото образование, со кој ќе се регулира нострификацијата на дипломи (Нострификација на дипломи од странски универзитети).

И самиот имам магистерска диплома од странски универзитет која не се ни обидов да ја нострифицирам, знаејќи дека на тој процес треба да потрошам над 1000 евра, над една година, и кој знае колку нерви.

Парадоксот да е поголем, студиите што ги завршив се сеуште дефицитарни, а бев стипендиран од Европската комисија со идеја да се вратам во својата земја за да помогнам во развојот на демократијата и човековите права.

Непризнавањето на мојата диплома, потпишана од ректорите на Универзитетите од Сараево и Болоња, ме оневозможи последниве пет години да продолжам со докторски студии во Македонија или да барам работа во некоја државна институција како магистер по демократија и човекови права.

Таканаречениот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ не ја признаваше мојата диплома (за разлика од дипломите од Албанија и Бугарија), па по принципот на реципроцитет, не го признавав ниту јас како легитимен универзитет.

Државата исто така не ја признаваше мојата диплома, па токму затоа воопшто не размислував за аплицирање на државни работни места каде што би можел да ги применам моите знаења и умеења од областа на човековите права и демократијата.

Работејќи во неколку невладини организации на проекти од областа на човековите права, имав прилика не само да ги критикувам, туку и да соработувам со државни институции, па дури и да давам конкретни препораки за промени во легислативата и политиките што се однесуваат на човековите права. Многу малку од препораките беа разгледувани, а уште помалку беа прифатени и применети.

Затоа, ме охрабрува тоа што проблемот со непризнавањето на дипломите, кој беше и тема на една одлична анализа (TO STUDY (ABROAD) OR NOT?) дојде бргу на Владината агенда, и дека предложените препораки беа прифатени.

Сепак, нешто ме јаде јанѕа во однос на административните трошоци, кои не беа прецизирани во владините изјави: „Од владата најавуваат дека нострификацијата ќе чини многу помалку од досега, каде цената се движи и до 1.300 евра.“ Колку за споредба, споменатата анализа укажа дека во Хрватска вкупните трошоци се околу 65 евра! Споредба која укажува зошто не се исплатеше враќањето во Македонија.

Уште еднаш, честитки за потегот, со надеж дека набргу ќе можам да си ја нострифицирам дипломата без големи трошоци. Се надевам дека во иднина прашањата „Зошто воопшто студирав во странство?“ и „Зошто воопшто се вратив тука каде што не ми ја признаваат дипломата?“ ќе си ги поставуваат што помалку граѓани на Република Македонија.

Да се надеваме дека некои што одлучија да останат во странство ќе се вратат, и дека Владата ќе го помогне и забрза тој процес, оти сеуште во Македонија нема критична маса од образовани и стручни луѓе расположени за сериозни промени.

Токму затоа тапкаме во место, наместо забрзано да чекориме кон ЕУ.

За македонското „ишљу“

4/07/2007

Извадок од собраниските муабети кој најдобро го покажува нивото на реторичка култура како на нашите народни претставници, така и на службениците кои се грижат за стенограмите од собраниските седници:

„Љубиша Георгиевски:

Јас не разбирам зошто се прави толку голем ишљу од бројот на законот што го зазема како дневен ред. Сите точки на дневен ред се совршено еднакви, релевантни, легитимни и легални.

Според тоа, може да се дискутира за предности, но од тоа да се прави “смах света” ќе дозволите, дека е претерано.

Повелете, Владо Бучковски има процедурално.

Од тоа да се губи цела седница во процедурални премирања, сепак е премногу.

Повелете господине Бучковски, вашите три минути.

Владо Бучковски:

Благодарам претседателе.

За вкусовите не се расправа дали е ова смах на светот, но во краен случај ова е до сега најголемиот преседант.“

(СТЕНОГРАФСКИ БЕЛЕШКИ од Триесет и шестата седница на Собранието на Република Македонија, одржана на 2 април 2007 година - Документ)

За жал, ова срамотно собраниско „ишљу“ не е „преседант“, туку транзициско „процедурално премирање“ кое полека, но сигурно не води кон македонски “смах света”.

Зошто „Македонија“, а не „Македониа“?

4/05/2007




Никогаш не ми било убедливо граматичкото правило за употреба на „ј“ помеѓу „и“ и „а“, особено во случај на зборот „Македонија“.

Така, бев мошне пријатно изненаден кога во првите пишувани и печатени документи на АСНОМ-ската држава открив дека се употребувало „Македониа“, напоредно со „Македонија“ - употреба која подоцна надвладеала.

На фотографиите можете да видите неколку интересни примери за употреба на „Македониа“:

1) Логото на весникот „Нова Македониа“;

2) Извадок од записникот на президиумот на АСНОМ од 01.01.1945;

3) Од „Програмата за историата на македонскиот народ во гимназиите“, Државна штампарница „Гоце Делчев“, Битола, 1945.

Зошто не би си го вратиле „Македониа“, наместо „Македонија“?

Ем е посимпатично, ем злобниците нема да имаат никаква основа да не викаат „Македониџа“.

Комерцијална злоупотреба на знамето?

4/04/2007


Еве што вика законот:

„Грбот и знамето не можат да се употребуваат како стоковни или услужни жигови, модели, ниту како кој и да било друг знак за одбележување на стоки или услуги.“ (Чл. од Законот за употреба на грбот, знамето и химната на Република Македонија“, Сл. Весник на РМ 32/97)

Што мислите, дали рекламата на „Подравка“ го прекршува законот или пак мошне интелигентно го заобиколува?

Дали следнов аргумент е прифатлив: „Кај гледате тука знаме, кога на рекламата има само домати, моркови и кромид?“

Што би направиле вие?

1) Би ги казниле за комерцијална злоупотреба (со парична казна од 50.000 до 300.000 денари).

2) Би ги нарадиле за најпрониклива реклама.

Мистеријата на Чадловски

4/02/2007

После нападите на МАССО, еве ја и јавната одбрана на „угледниот психијатар“ Чадловски: „Угледниот психијатар тврди дека нападот врз него нема никаква основа, бидејќи не е точно дека во неговите книги хомосексуалноста се третира како болест или растројство. - Во мојата книга „Медицинска психологија“, која не се однесува на психијатриските болести, зборувам за непобитниот факт дека сексуалниот нагон по својата природа е хетеросексуален, поради инстинктот за продолжување на видот. Се разбира, постојат инверзии на тој нагон, но тоа не значи дека нив ги третираме како болест. Тоа никаде не го пишува во моите книги - тврди Чадловски.“ (Чадловски: Ова е цензура и линч! )
Не било точно дека во неговите книги хомосексуалноста се третира како болест или растројство?!?
Ве молам, прочитајте сами што пишува Чадловски (
„Растројствата“ на проф. д-р Чадловски): )
„Хомосексуализмот претставува најчесто растројство на сексуалниот нагон...“
„Хомосексуалноста е најчесто конституционално условен, па затоа и тешко може да се лекува.“ (Од неговиот учебник „Медицинска психологија“, Просветно дело, 2004, стр. 175).
Ако е Чадловски во право дека не ја третира хомосексуалноста како болест, зошто воопшто дава оценка дека „тешко може да се лекува“? Има ли смисла да се зборува за лекување на нешто, ако истото не се смета за болест?
Меѓу другото, Чадловски тврди: „Јас немам никаков спор ни со Светската здравствена организација ни со доктрината, а најмалку со лекарската етика.“
Но, гледиштата на Чадловски се во директна спротивност со доктрината на СЗО. Доволно е да се погледне
книгата издадена од СЗО - The ICD-10 Classification of Mental and Behavioural Disorders – за да се увиди хомосексуалноста не е вклучена во категоријата „растројства на сексуалната преференција“ („Растројствата на сексуалната преференција се јасно разграничени од растројствата на родовиот идентитет, а самата хомосексуалност не е веќе вклучена како категорија“, стр. 11).
Оттаму, Чадловски (потпишан на книгата и како „директор на клиниката за психијатрија“) го прекршил лекарскиот кодекс, имајќи предвид дека „насоките на Светското здружение на лекарите и Светската здравствена организација, се задолжителни за сите лекари на Македонија“. Чадловски не може да се правда дека не го знаел начелото на Светската здравствена организација, дека самата хомосексуалност не е веќе вклучена во категоријата растројства, затоа што лекарите се должни „да ги познаваат начелата и да ги применуваат при вршењето на секојдневните работни и општо-човечки обврски“ (член 112 од
КОДЕКС НА МЕДИЦИНСКАТА ДЕОНТОЛОГИЈА).
Како тогаш би можеле да го објасниме мистериозното тврдење на Чадловски дека „Тоа никаде не го пишува во моите книги“, кога е и повеќе од јасно што пишува на скенираната страница од книгата на „угледниот психијатар“?
Тврдењето на Чадловски „Тоа никаде не го пишува во моите книги“ може да се толкува и како симптом дека „угледниот психијатар“ изгубил контакст со реалноста, имајќи предвид дека и дете од прво одделение може да прочита како тој ја третира експлицитно хомосексуалноста како растројство, а имплицитно како болест. Покрај тоа, Чадловски е убеден дека „во случајов станува збор за обид за денунцирање од страна на негови колеги“, што е недвосмислен симптом на параноја. Ако на ова се придодаде и неговата фиксација дека некој него сака да го „цензурира“, тогаш се собираат неколу симптоми кои можат да бидат мошне индикативни за менталното здравје на „угледниот психијатар“.
Останува да се надеваме дека „угледниот психијатар“ нема да падне во рацете на некој негов тврдокорен следбеник, кој ќе му препише како терапија електрошок – метод кој според „угледниот психијатар е „блиску до идеалниот лек“ (
Кому му треба „електрошок“?)

Мојот список со блогови

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Архива на блогот

Footer Widget 1

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Loading...

Footer Widget 2

Популарни објави

Популарни објави

Popular Posts this month

Popular Posts this week