Да се купи или не – прашање е „Сега“!

4/30/2009

Честитки до Геро и екипата за новиот неделник „Сега“.
Интервјуто со Црвенковски е прилично „жешко“. На едно место, Црвенковски експлицитно го амнестира Груевски за Букурешт: „Сакам да бидам крајно објективен и да кажам дека за таквиот неуспех во Букурешт виновник не е Груевски, туку пред се крајно непопустливиот став на Грција. (...) Ќе повторам уште еднаш: ниту непосредно пред, ниту на самитот во Букурешт, Груевски не направи ништо со што би придонел за таквиот негативен исход.“
Да не испадне работава: „Аман, Бане, немој толку да ме браниш?“
Сепак, има уште поконтроверзни четива.
На пример, во текстот „Името договорено! По операцијата триумф следи операција компромис“, Благица Иванова сугерира дека Македонија водела тајни преговори со Грција, и дека „...пакетот е веќе спакуван... двете страни чекаат погоден момент за „продажба“ на компромисот на сопствените јавности.“
По читањето на текстот, добив впечаток дека никој од нас не ја разбрал легендарната изјава „Разумен компромис е разумен компромис“. Дали ќе бидеме сведоци и на уште една слична изјава: „Двојната формула е двојна формула“? Ако мислите дека станува збор за уште една тавтологија, се лажете. Мене поскоро ми личи на контрадикција.
Ако сте по мистериите, тогаш текстот „Операција лорандит“ има да ви „легне“ како споменикот на Аце на плоштад. Конечно се разрешува мистеријата „зошто Аце бил непобедлив во битките“ и научно се демантираат хипотезите дека причината била „затоа што војската му била составена од топли браќа, што би се рекло денес „самодискриминирани“, па тие се бореле ко луди, зашто ги врзувала топла (братска) љубов.“
Ако не сте влегле во рударско окно, имате прилика да го сторите тоа преку репортерот на „Сега“, кој прави успешен профил на македонскиот рудар.
Ако сте за цепки, тогаш мора да ја прочитате рубриката „Кој ќе ја укака, прашање е сега!“ Одамна се немам толку газено од смеа.
Има и за критикување, ама критиките ќе ги оставиме за понатаму.
Трк у трафика – кога, ако не сега?

Оаза на толеранцијата

4/29/2009

Дали сте знаеле дека „Република Македонија е пример за верска толеранција и соживот“? Ете, тоа ме просветли некни нашиот министер за надворешни работи. Несомнено, верски нетолерантните земји имаат што да научат од нас. На пример, можат да научат како се рушеа цркви и како се палеа џамии во конфликтот од 2001. Потоа, како се прогонуваа „расколниците“ и како се затвораа поранешните владици на МПЦ кои се дрзнале да издаваат еретички календарчиња во кои се клевети монополската Православна црква. Бездруго, можат да научат и како крстоносната орда „спонтано“ негуваше толеранција и соживот со „збирштината геј и атеисти“ кои се обидоа мирно да протестираат против владината одлука за изградба на верски објект на плоштадот. Додуша, има и троа верски нетолерантни граѓани кои, замислете, упорно бараат нашата толерантна полиција да поднесе кривични пријави против љубителите на соживотот, кои со „две шлаканици, три бокса и по некоја клоца“ ги посветија безбожниците во вечната вистина: „Оној кој се бори против изградбата на црквата, се бори против Бога“. За среќа, нетолерантните атеисти се во убедливо малцинство, па не можат да го нарушат престижниот имиџ на нашата држава како оаза на верската толеранција.

Дали сте знаеле дека Република Македонија е светол пример и за мултиетничка толеранција и соживот? „Македонија ја негува традицијата на толеранција и широка почит кон интересите и правата на сите етнички заедници“, знае да им укаже премиерот на нашите сојузници. Некои делови од нашата „оаза на мирот“ и соживотот толку ја имаат унапредено толеранцијата што градат етнички сегрегирани училишта или воведуваат засебни етнички смени. Таканаречените „етнички тепачки“ се уште еден показател за традиционалното разбирање на соживотот преку вечната мудрост „ќотекот е излезен од рајот“.

Симбол на нашиот етнички соживот се и внатрешно раселените лица за кои сите политички лидери пројавуваат секојдневна грижа. Мултиетничката толеранција е забележлива и во мирољубивите скандирања на нашите навивачки групи кон „клетите душмани“. Сепак, најочигледен показател е јавната поддршка што им ја даваат припадниците на двете најголеми етнички заедници на огромниот број „мешани“ бракови. Нашите татковци се најсреќни кога ќерките им соопштуваат дека ќе „рипнат у тавче“ со припадник на друга етничка заедница. Пред две години имавме и пример организациите за човекови права да пофалат една етничка партија, која изразуваше говор на љубов кон лицата од мешани етнички бракови, нарекувајќи ги „биолошки хибриди“ или „копилиња“.

Потоа, има ли подобар пример од Македонија за толеранција кон припадниците на маргинализираните групи? Зарем тоа не го потврди и нашиот новоизбран претседател „еден за сите“, кога истакна дека хомосексуалците во нашата држава не биле дискриминирани од системот, туку сами себе се стигматизирале? Најсветол пример за тоа е нашиот систем на образование, во кој педагозите поучуваат дека „учесниците на таков изопачен, неприроден и, што би рекле, ненормален сексуален живот, се личности со психички потешкотии и пречки“ (учебник за трета година).

Специјална и континуирана грижа кон маргинализираните покажува и министерката за внатрешни работи. Таа редовно ги испраќа специјалците да се „погрижат“ за „лицата кои питачат и кои бришат стакла на автомобилите“. Особена грижа им посветува и на уличните сексуални работнички, обезбедувајќи им бесплатен превоз до бесплатните здравствени прегледи. Нашата земја е толку толерантна кон маргинализираните лица што нема никаква потреба од донесување закон за заштита од дискриминација и говор на омраза. И нашите градоначалници се во постојана трка кој побрзо ќе отвори центар за лекување на зависниците од дрога и кој поскоро ќе им овозможи пристап до државните шалтери на лицата со посебни потреби.Стануваме се' попознати и по начинот на кој им изразуваме љубов на соседите кои пројавуваат особена грижа за македонското име, јазик и идентитет. Ете, нашите јужни соседи толку запнале да ни бидат кумови, а нашите толерантни политичари немаат срце да не им ја укажат таа чест. Сите политичари одат на часови по танцување, за да не се изрезилат кога ќе заиграат танго со Бакојани и сиртаки со Караманлис.

Врв на толеранција се нашите политички коректни новинари. Дури и кога соседите упорно не' негираат, тие негативната енергија не ја насочуваат кон нив, туку кон нашите политичари кои го овозможиле тоа. Еве како милно се изразува за политичарите на својот блог еден од омилените новинари на премиерот: „Направија секој европски чиновник да може да ни се помоча на нашата историја. Секој исфрустриран поранешен атињанец, а сега таканаречен Грк, да може да ни го исплука името, секој бугарски Татарин да може да ни го негира јазикот и нацијата, а секој шумадиски сељак - Црквата“. Се разбира, ваквите толерантни изјави на љубов кон соседите не можеа да останат незабележани од нашите пријатели од Брисел („докажани давајгазовци“, како што ги нарекува новинарот што е на ти со премиерот). Затоа тие редовно почнаа да и' препорачуваат на Македонија да го интензивира ваквиот медиумски говор на љубов и толеранција кон соседите.

Главен медиумски хит деновиве е кампањата за толеранција и соживот со нашите „европски“ соседи, предводена од нашиот министер за евроинтеграции, кој ги запеа љубовните стихови на бугарскиот музички идол: „Не плачи мило либе, не жалај, јас пак ќе се вратам“. И сега, како после ваквите трогателни љубовни ветувања Македонија да не биде чувствувана како најромантичниот дел од бугарската историја? Да се надеваме дека нашиот вицепремиер ќе ја продолжи музичката турнеја и на грчкиот музички идол, и дека ќе ја убеди Бакојани заедно да ја испеат песната: „Едно име имаме, во душата го носиме, за тебе живот даваме, о Македонијо“.

Да се укине педагогијата!

4/28/2009

Кој тоа децата ги учи дека хомосексуалноста е негативна појава на сексуалниот живот на човекот и значаен општествен проблем?




Извор: Марија Костова, Анета Бараковска, Ели Маказлиева, Педагогија за трета година гимназиско, изборен предмет, Просветно дело 2005, 202-203 (Главен уредник, Ели Маказлиева)


Да се укине педагогијата, затоа што го повредува достоинството на „Аце наш, голем маж“! Оти, испаѓа дека и за него важи констатацијата - „учесниците на таков изопачен, неприроден и, што би рекле, ненормален сексуален живот, се личности со психички потешкотии и пречки“.

Пролетно заглавување

4/27/2009

Ај пуст да е, пуст да би останал, сексот кучешки.

Чакноризација

4/24/2009

Геро, што е тоа „разумен компромис“?
- Не знам, прашај го Џоле.
Џоле, што е тоа „разумен компромис“?
- Не знам, прашај го Грујо.

Грујо, што е тоа „разумен компромис“?
- Не знам, прашај го Бане.
Бане, што е тоа „разумен компромис“?
- Не знам, прашај го Фрле.
Фрле, што е тоа „разумен компромис“?

- Не знам, прашајте го Чак Норис.
Само Чак Норис знае што е „разумен компромис“.


Фуере за идентитетот

4/22/2009

Новинарите се залепија на денешната изјава на Фуере дека нема „кристална топка“ за да предвиди дали ќе добиеме датум за преговори. Многу малку време им посветија на слабостите на кои укажа Фуере на денешната средба организирана од ГЕМ: изборниот процес, политизацијата на јавната администрација, корупцијата, независноста на судството...
Мене најмногу впечаток ми оставија неговите забелешки за „конфузијата помеѓу името и идентитетот“. И ние направивме компромис – рече Фуере, па си останавме 100% Ирци.
Лесно му е на Фуере да се чувствува 100% Ирец (иако неговото потекло е келтско – бретонско), кога неговата земја остана да се нарекува Република Ирска.
Поинтересно ќе беше да чуеме како ќе се чувствуваше ако доаѓаше од Северна Ирска. Според една студија, индивидуите од Северна Ирска се идентификуваат како: British (38%), Irish (29%), Northern Irish (26%), Ulster (3%), Other (4%).
Ако 26% од жителите на Северна Ирска (креирана 1921) денес се идентификуваат како „Северни Ирци“, колку од жителите на некоја идна „Северна Македонија“ би се чувствувале како „Северни Македонци“?
Ако може без проблеми да функционира дистинкција помеѓу „Република Ирска“ и „Северна Ирска“, зошто тогаш не би функционирала дистинкцијата помеѓу „Република Македонија“ и „Јужна Македонија“ (како дел од Грција)?
Ако сега има Ирци (од Република Ирска и од Северна Ирска) и Северни Ирци од Велика Британија, тогаш ќе си има Македонци (од Република Македонија и од Јужна Македонија) и „Јужни Македонци“ од Грција.

Господ и веронауката

Учесниците на протестот „Плоштад Слобода“ ги огреа сонце.
На учесниците на протестот против укинувањето на веронауката во основните училишта им заврна дожд.
Дали тоа значи дека и Господ се откажа од веронауката?

Македонија на мапа


Обидете се да ја најдете Македонија на мапата на Гардијан.
Живи бруки.

Судот на партијата

За да не стане здодевна третата сезона од политичката сапуница „Љубов и омраза“, под итно беа промовирани нови негативци во улога на главни кочничари на несудената преродба. Така, „малата групичка“ злобни духови кои деноноќно коваат заговори против остварувањата на народната влада се зголеми за уште неколку „поединци“ со „комунистички менталитет“ - судиите на Уставниот суд.

Има ли појасен симптом дека нешто е навистина гнило во државата Македонија од обвинителниот акт против Уставниот суд од страна на „Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ“? Дали е свесна ВМРО-ДПМНЕ каква порака испраќа во Брисел кога обвинува дека Уставниот суд е „длабоко политизиран и партизиран“ и „не може да носи правилни одлуки“? Какви последици по нашиот демократски имиџ ќе има заклучокот на ВМРО-ДПМНЕ дека е неприфатливо „во една демократска држава да функционира суд кој носи одлуки само со цел да и' наштети на Владата“? Ако владејачката партија е убедена дека Македонија не е демократска држава поради партизираноста и зависноста на Уставниот суд, зошто да не бидат убедени во тоа и нашите „пријатели“ од Грција, кога ќе се носи одлука за датум за преговори?

Кога некоја институција е јавно обвинета за „директен упад во законодавниот систем на државата“ најмалку што можеме да очекуваме е да се посочат непосредни докази во прилог на таквото тврдење. Јавното обвинение мора да се сфати уште посериозно кога за упад во законодавниот систем ќе бидат обвинети токму оние што го решаваат судирот на надлежностите меѓу носителите на законодавната, извршната и судската власт. Како може да се очекува граѓаните да имаат доверба во Уставниот суд, кога партијата која освоила најмногу доверба од граѓаните јавно докажува дека тој суд „не може да носи правилни одлуки“?

Премногу тешки обвиненија паднаа врз плеќите на Уставниот суд: за укинување на слободата на избор како човеково право, за грубо ограничување на верските слободи на граѓаните, за „комунистички менталитет“, за „темпирани одлуки“, за бидување „законодавец во сенка“, за партизираност, за „инструмент на Бранко Црвенковски“, за зголемување на невработеноста... Еден од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ дури и јавно посочи имиња на неколку уставни судии, обвинувајќи дека „по нарачка рушат“ закони. Ако аргументите против непристрасноста и независноста на судиите бидат сериозно земени предвид од страна на Европската комисија, тогаш ќе испадне дека најголеми непријатели во Брисел сме си ние самите.

Признавам, не знаев дали да се смеам или да плачам, читајќи го образложението на еден пратеник (претседател на собраниската Комисија за одбрана и безбедност), за начинот на кој уставните судии ја применувале вето „логиката на Караманлис“. Остај што експресно ги „погрчи“ неокомунистичките судии туку, според „логиката на Ѓорчев“, тие испаднаа виновни и за злоупотребата на дрога и алкохол кај младите, па дури и за тоа што „се' повеќе бракови се разведуваат, ХПВ и кламидија на сите страни, мажите одат во јавни куќи, жените по швалери...“. Откако несудениот правник им одржа на судиите лекција по уставно право, логика и демохристијанско воспитание, фалеше само уште храбро да поентира: „Јас не го признавам Уставниот суд, го признавам само судот на мојата партија“.

Зошто толку гнев и ароганција кон Уставниот суд? Зошто, наместо силата на аргументите, владејачката партија упорно ги промовира аргументите на силата, понижувајќи ја независноста на судството? Одговорот на овие прашања лежи во образложенијата на одлуките на Уставниот суд кои фрлаат појасна светлина за начинот на владеење на ВМРО-ДПМНЕ. На пример, кога ја укинува глобата во износ од 200 евра во денарска противвредност (за физичко лице што купува алкохолни пијалаци од 19 часот до 6 часот наредниот ден), судот образложува дека ваквото казнување е „неосновано навлегување и повреда на достоинството и угледот на граѓанинот и неговиот морален интегритет.“

Потоа, кога ги укинува дискриминаторските одредби во Законот за заштита на децата, судот укажува дека „не се во функција на заштитата на мајчинството и на децата бидејќи не се однесуваат на сите мајки и деца во државата“. Исто така, кога ги укинува т.н. „патриотски сметки“, судот заклучува дека таа стимулативна мерка „доведува до нарушување на принципот на слободата на пазарот и со истата не се обезбедува рамноправна положба на субјектите на пазарот.“ Ваквите образложенија на Уставниот суд испраќаат недвосмислена порака дека „преродбата“ не води сметка ниту за достоинството и угледот на граѓаните, ниту пак за принципот на рамноправност на граѓаните и субјектите на пазарот.

Како капак на се' дојде и последната одлука на Уставниот суд за укинување на членот кој овозможуваше остварување на верско образование како изборен предмет во основните училишта. Несомнено, за нас е подобро што законот падна на Уставен суд, отколку на Европскиот суд за човекови права. Бездруго, нашата држава не се погрижи да го оствари заклучокот на судот од Стразбур и да им овозможи на учениците „да развијат критички ум кон религијата (...) во смирена атмосфера лишена од какво било преобратување“. Во нашиот случај, се чини дека имаше премногу назнаки дека државата не ја почитува забраната „да спроведува цел на индоктринација која може да се смета како непочитување на религиозните и философските убедувања на родителите.“

Има ли излез од ќор-сокакот? Најнапред, Владата треба да создаде уставна можност за остварување на човековото право на родителите да изберат, согласно нивните убедувања, религиозно или морално образование за своите деца. Наместо да го сатанизира Уставниот суд, владејачката партија може да иницира уставни промени со кои граѓаните ќе можат да основаат приватни образовни установи и во основното образование. Со паѓањето на државниот монопол над основното образование, најбрзо и најбезболно ќе се овозможи воведување веронаука и во приватните основни училишта.

Демант

4/21/2009

Неколку пати досега ми се случило новинарите погрешно да пренесат моја изјава. Во случајов, чувствувам потреба и јавно да демантирам дел од изјавата пренесена во текстот „Дискриминацијата ќе се исмева со закон?“, објавена во денешен „Шпиц“:
„Пред некој ден и самиот премиер јавно во емисија дискриминираше одредени групи. Со кој образ тој сега ќе го поддржи законот за недискриминација?“ (Шпиц, 21 април 2009, стр. 10).
Вакво нешто немам кажано. Имам кажано дека последниот ден од изборната кампања премиерот се појави во емисијата на новинарот [Јанко „Јади бурек“] кој јавно дискриминираше одредени групи. Моето прашање „Со кој образ тој сега ќе го поддржи законот за недискриминација?“, се надоврзуваше на фактот дека премиерот практично му даде јавна поддршка на новинарот кој една седмица претходно јавно ги жигоса студентите протестанти и нивните подржувачи како „збирштина од геј и атеисти...“.

Да се укине Уставниот суд!

4/16/2009

Каква е оваа глупост? Уставниот суд се дрзнува да става сопки на преродбеничката политика на нашата влада! Па, каде го има тоа, ви се молам? Предлагам прво да се укине Уставниот суд, па дури потоа да се смести во археолошкиот музеј.
Еве зошто треба да се укине главниот кочничар на преродбата:
1) Заради укинувањето на глобата во износ од 200 евра во денарска противвредност за физичко лице кое купува алкохолни пијалоци од 19:00 часот до 06:00 часот наредниот ден: „...казнувањето на физичките лица – купувачи на овој вид стока (…) значи неосновано навлегување и повреда на достоинството и угледот на граѓанинот и неговиот морален интегритет.“
Од каде ли му е таа идеја на Уставниот суд дека граѓаните имаат достоинство, углед, и морален интегритет?
2) Заради укинувањето на дискриминаторските одредби во Законот за заштита на децата:
„Со оглед на тоа што (…) се определува правото на родителски додаток за дете да го остваруваат (…) само една група мајки во рамките на определени општински граници или според територијален принцип, тие законски одредби не важат на целата територија на Република Македонија, создаваат нееднаквост меѓу граѓаните на Република Македонија кои се во иста положба односно имаат второ, трето и четврто дете, како и не се во функција на заштитата на мајчинството и на децата бидејќи не се однесуваат на сите мајки и деца во државата, Судот оцени дека наведените делови од законските одредби не се во согласност со изнесените уставни одредби.“
Од каде ли му е таа идеја на судот дека правото на родителски додаток за дете треба да важи за сите мајки и на целата територија на Република Македонија?
3) Заради укинувањето на „патриотските“ фискални сметки:
„Воведувањето, односно пропишувањето на прикажување на прометот на македонските производи на фискалните сметки, заедно со логото „да купуваме македонски производи“ (кое исто така е аплицирано на фискалните сметки) според Судот, претставува (…) стимулативна мерка, која (…) доведува до нарушување на принципот на слободата на пазарот и со истата (…) не се обезбедува рамноправна положба на субјектите на пазарот.“
Што знае Уставен суд што е слобода на пазар? Од каде му е таа глупа идеја дека „субјектите“ на пазарот треба да имаат рамноравна положба? Има ли патриоти во Уставниот суд?
4) Заради укинувањето на верското образование во државните училишта!
Ова е капак на се! Па имаат ли појма тие судии што прават? Од каде им е идејата дека црквата треба да биде одвоена од државата?
Што им е пак сега крив на новинарите студентот Ѓорчев што кажал дека станува збор за „неразумна одлука и апсолутно политички мотивирана“? Ѓорчев убаво си објасни дека без веронаука тешко ќе можеме да ги оттргнеме младите од зависностите: „Вистинскиот проблем е што во земјата има околу 25-30 илјади зависници од дрога“, рече Ѓорчев.“
Не треба да се укинува веронауката, туку зависниците од дрога!
Треба да се укине и уставниот суд, затоа што со неразумните политички одлуки ги стимулира младите на зависност од дрога!

Веронауката не може да се укине!

4/15/2009

Еве класични примери за погрешни наслови: Уставниот суд ја укина веронауката.
Веронауката не може да се укине!
Крај на верското образование во училиштата не значи и крај на верското образование.
Верското образование падна на Уставен суд
Верско образование – да, но во верски објекти!
Кога Македонија ќе овозможи формирање на приватни основни училишта, тогаш ќе може да се воведе веронаука и во приватни основни училишта.

Кошмар

Кој е најлошиот кошмар за родителите? Шегаџиите велат, најлошиот кошмар е да го пронајдат следново писмо во детската соба на нивната ќерка: „Драги мамо и тато, жал ми е што морам да ви соопштам дека пред малку киднав со мојот нов истетовиран дечко на неговиот супербрз мотор. Кога му кажав дека сум трудна воодушевено ме покани да живееме во неговата дрвена куќичка покрај шумата каде што на раат ќе можеме да си ги одгледуваме дечињата, а и некои интересни тревки што се прекрасни за пушење. Не грижете се за пари, мојот иден маж вети дека добро ќе заработувам глумејќи во филмовите што тој и неговите другари ги снимаат во подрумот. Ќе заработувам минимум 50 евра од сцена, и плус 50 евра бонус ако има повеќе од тројца актери во сцената. Немојте ич да берете гајле, сега имам 15 години и знам како да се грижам за себе“.

Најлошиот кошмар за еден мачо-љубовник, тврдат шегаџиите, е кога неговата љубовница ќе му соопшти дека портретот на маж во нејзината спална соба не бил на нејзиниот сопруг, туку лично нејзин портрет - пред да си го промени полот. А кој е најлошиот кошмар за еден колумнист? Најлошиот кошмар го имав ноќеска. Сонував дека сум русокоса новинарка среде интервју со нашиот нов претседател. Дозволете ми да поделам со вас дел од кошмарот.

„Господине претседател, што станува со преродбата?“, го поставив првото прашање малку подисплашено, местејќи си ја мини-сукњата.Претседателот арогантно миодговори небаре сум студентка на испит по преродбеничка политика: „Преродбата е преродба. Не можам да ви објаснувам, сфатете ја. Веројатно како новинарка треба да знаете за што станува збор во „Преродбата од 100 чекори“. Јас не можам да ви објаснувам сега“.А што станува со борбата за уставното име? - се обидов нежно да ја сменам темата. Претседателот не се збуни, туку професорски ми одржа уште една лекција: „Борбата за уставното име е борба за уставното име. Ве молам проучете ја малку борбата што ја водиме со Република Грција и тогаш ќе можам да ви одговарам на прашањето“.

А што станува со „кичмата“, господине претседател? Дури тогаш претседателот самоуверено се насмевна и џентлменски ми одговори: „Кичмата си е кичма. За кичмата, космодиск му е мајката. За да користиш космодиск треба да имаш кичма, а сами признаа дека немаат кичма, мора да ја свиткаме кичмата. На некого може шашаво му изгледа, но функционира.“Дали „космодискот“ ни е потребен за полесно да ја свиткаме кичмата господине претседател? Е, тука претседателот се зацрвене и ми плесна в лице: „Јас не можам да ви објаснувам сега. Видете, не збориме за виткање на ‘кичмата’. Ве молам проучете го упатството за користење космодиск и тогаш ќе можам да ви одговарам на прашањето“.

Како експерт за цивилно општество, што ќе кажете за насилниците на скопскиот плоштад? „Ги осудија сите, и јас ги осудувам, такво нешто не е дозволиво во Македонија. Сега сме во еден заглавен лифт, блокирани сме. Тука е сега големата опасност, бидејќи сами знаете кога ќе заглавите во лифт во даден момент почнува ксенофобија, почнува страв и почнува меѓусебно пресметување.“

Се спомнуваа дури и некакви „крвави лопати“... „Веројатно како новинарка треба да знаете за што станува збор. Да потсетам што кажав во Могила: Тие што зло мислат, зло прават - наш народ вели - зло ги снаоѓа. Кога тогаш. Ако не сега, до седмо колено зло ќе ги следи.“А како е можно, господине претседател, група униформирани „полицајци“ од Косово да ограбат банка во центарот на Скопје сред бел ден и никој да не ги уапси?

„Видете, тука беше на сцена глобализмот, кој ја наметнува стратегијата на моќта на парите. Уште еднаш е пробиен Коридорот 8 од криминалните структури, кои по смирувањето на состојбите во Србија и Косово се префрлаат во Македонија. Тука минуваат правците за трговија со дрога, бели робје, оружје и 100 милијарди марки валкан капитал.“Да се вратиме на домашни теми. Како е можно вашиот противкандидат, кого го нарековте „буреконосач“, да освои баш толку гласови на изборите колку што е потребно за да се достигне цензусот? „Па, видете. Ги замолив сите мои студенти да му помогнат, бидејќи човекот е сепак поранешен политичар, и на што ќе личеше тоа да не собере барем 250 илјади гласа, да го исмејуваат.“

Господине претседател, а како ќе ви помогне вашето досегашно политичко искуство на идната средба со Папулјас? „Па, видете, искуството е искуство. Прашајте ги моите комшии, тие ќе ви кажат дека уште како ерген ги поправав музичките инструменти на нашата група ‘Апсаздан’. Со оваа група дури и запеав во селото Пирава, каде што го имав првиот концерт.“

Каква врска има сега ова со проблемот со името и трендот на антиквизација?

„Антиквизацијата е антиквизација. Таа е за луѓето што пијат ‘антика’ во кафеана. Дедо ми, Бог да го прости, велеше луѓето кога ќе се напијат, песни пеат. А наш народ вели: Кој пее зло не мисли.“

Извинете, нешто слабо ве разбирам. Дали е ова дел од вашата стратегија за постигнување брзо решение за проблемот со името?

„Проблемот со името е проблем со името. Мислете на добро и правете добри дела. Кога мисли човек на добро и добро му доаѓа. Така и граѓаните треба да мислат дека ќе дојде решението. Кога тогаш. Ако не сега, до седмо колено.“

Ете, за среќа, токму тогаш ме стегна коленото и се разбудив од кошмарот.

П.С. Шегата со најлошиот кошмар за родителите е измислена приказна. На крајот од писмото, ќерката го напишала следниов П.С.: „Тато, ништо не е вистина, јас сум кај соседите. Сакав само да ви укажам дека има многу полоши работи во животот од мало гребење на колата. Извини што ти ја изгребав“.И мојот најлош кошмар е измислена приказна. Затоа, немојте ич да берете гајле. Сега Македонија има 18 години и знае како да се грижи за себе.


До слободата и по неа

4/13/2009

Еве како го доживеав вчерашниот протест „Плоштад Слобода“.

На почетокот - „чета мала - но одбрана“ :)

Мојот омилен транспарент

Ни се придружија и некои политичари - во улога на засегнати граѓани.
Секој беше добредојден - дури и контрапротестантите.
Но, овојпат тие изгледа имаа друга директива.


Ме фатиле на дело како удирам по „барабанчето“.
Уште да се чуе „Слоо-бод-ноо Скооп-јее!“

Моите омилени престилки

Следуваше формирањето на „квадратот“, за да се демонстрира до каде ќе досега предвидениот објект.

Откако заврши перформансот со „квадратот“ мала фешта
„Скопје радост ти ќе бидеш...“ пред да започне маршот

Урбана Фем-герила го предводи маршот со разнобојни транспаренти.

Газиме и по „Илинденска“ во ТАМ-там ритам...

Не има доволно за да исполниме цела пешачка патека од „Матично“ до „Школка“.

Пред „Школка“ малку сеир, па „свирка“

На крајот еден пролетен бакнеж од либето, за закрепнување...

300 на Плоштад Слобода?

4/12/2009

Сител лаже, ама фотографија не лаже!

(Про)тест за демократија!

4/10/2009

Го поддржувам утрешниот протест за слободен плоштад!
Не е тоа само протест заради правото на мирен протест.
Тоа е протест против насилството, против верската и национална нетрпеливост, против говорот на омраза насочен кон сите кои сакаат јавно да го изразат своето мислење.
Вчера извојувавме една правна битка во собраниската анкетна комисија за правата на човекот. Анкетната комисија утврди повреда на правото на слобода на изразување на мислата и повреда на правото на мирен протест. Ги повика МВР и јавниот обвинител „да ги применат неселективно законите кон сите оние кои ги прекршија и ограничија уставно загарантираните права и слободи на граѓаните“.
Собраниската комисија донесе заклучок: „Правото на мирно изразување протест е гарантирано со Устав, а остварувањето на тоа право требаше да биде обезбедено од страна на Министерството за внатрешни работи“.
Собраниската комисија побара од МВР „итно да го преиспита и санкционира секое несоодветно постапување на полицијата, лоцирајќи лична и поединечна одговорност.“
Да се надеваме дека МВР утре ќе ги заштитува човековите права доколку повторно некој се обиде да ги загрози или прекрши.
Сите кои се прашуваат дали да ни се придружат утре или не ги потсетувам уште еднаш на чл. 21 од Уставот:
„Граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без посебна дозвола. Користењето на ова право може да биде ограничено само во услови на воена и вонредна состојба.“
Ако самите не реагираме кога насилно ни ги кршат основните човекови права, тогаш дел од одговорноста паѓа и врз нас, врз нашата рамнодушност, неодлучност и пасивност.
Оние кои по којзнае кој пат ќе прашаат: „Зошто баш сега? Зошто токму вие?“
- Кој ако не ние? Кога ако не сега?

линкови:

„Плоштад Слобода“ за зачувување на слободите

Јанкуловска не се појави пред Анкетната комисија

Политички „пролетери“

4/08/2009

Најпосле, изборната пропаганда заврши. Да се надеваме дека следната пролет нема да бидеме повторно под пропагандна диктатура на нашиот политички „пролетеријат“. Честитки до Ѓорге Иванов, новиот „легитимен“ претседател на Република Македонија избран од дури 25,3 отсто од регистрираните гласачи. Честитки и до граѓаните на Република Македонија, кои за влакно се спасија од нова изборна агонија - благодарение на фантастичниот излез на гласачите од Росоман (85,05 отсто), Дојран (84,82 отсто), Лозово (82,17 отсто), Берово (81,56 отсто) и десетина други општини во кои одѕивот во вториот круг беше над 70 отсто. Уште еднаш честитки за победата на кандидатот „еден за сите“ кој доби „сенародна“ поддршка на мирните избори и во Желино (1,61 отсто), во Липково (2,97 отсто), во Осломеј (3,21отсто), како и во цели 27 општини во кои излезноста беше под цензусот од 40 отсто!

Откако политичките „пролетери“ Иванов и Фрчкоски добија максимални 40,07 отсто од важечките гласови, секако би било неумесно да се поставуваат прашања за легалноста и легитимноста на новиот претседател „еден за сите“. Тоа што на повеќе места граѓаните биле „советувани“ да гласаат и за локални и за претседателски избори (затоа што избирачките одбори барале да бидат потпишани и двата списока), сигурно не влијаело на одвај достигнатиот цензус од 42,61 отсто. Бездруго, на одѕивот на избирачите не влијаело ниту прекршувањето на изборниот молк од „фантомски невладини организации“, регистрирано од „Мост“. Навистина, каква врска со легалноста и легитимноста на новиот претседател имаат „традиционалното“ семејно и групно гласање, гласањето без употреба на УВ-ламба и безбоен спреј и неадекватната идентификација на гласачите? Каква врска имаат заканите и заплашувањата помеѓу двата изборни круга, регистрирани токму во некои од местата на кои имаше фантастичен одѕив над 80 отсто? Има ли смисла да се доведува под прашање легалноста и легитимноста на нашиот нов претседател (промовиран како „писмен“ човек), затоа што ненадејно се зголемил бројот на „неписмени“ гласачи во урбаните средини што морале да побараат помош од друг за да го остварат своето гласачко право?

Нема никаква потреба да се себезалажуваме. Се' додека не се дадат одговори во која мерка горенаведените проблеми влијаеле на одѕивот од 42,61отсто, ќе постојат и основи за сомневање не само во легитимноста, туку и во легалноста на избраниот претседател. Што се однесува до преодната меѓународна оценка за значителното подобрување на процесот на гласање, не треба да заборавиме дека напредокот беше оценуван во споредба со катастрофалните парламентарни избори од 2008. Во споредба со ланската „касапана“, заклучокот на Граѓанската асоцијација „Мост“ дека „граѓаните не беа во можност самостојно да одлучат за кого ќе го дадат својот глас“ изгледа прилично охрабрувачки.

Што ни покажаа последните избори? Изборите од 2009 недвосмислено покажаа дека не постои никаква реална основа за бетонирање на лажната дилема „или ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ“! Ако изборното тело на Република Македонија го симплифицираме на 20 гласачи, изборните резултати ни укажуваат дека само 5 од нив гласале за претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, а 3 од нив за кандидатот на СДСМ. Ако 12 од 20 гласачи не гласале ниту за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ ниту за кандидатот на СДСМ, тогаш со кое право двете „стожерни“ партии продолжуваат да наметнуваат атмосфера „или ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ“? Изборните резултати недвосмислено покажуваат дека двете најголеми политички партии немаат веќе моќ да го мобилизираат мнозинството од гласачкото тело и дека реално растат можностите за појавување на трета или на четврта политичка опција.

Изборите од 2009 недвосмислено покажаа дека тешко може да се зборува за демократска зрелост без аргументирана критичка дебата, без елементарна политичка култура, без демократски дијалог помеѓу претендентите за претседателската функција. Кој е виновен што повторно немавме форматирана критичка дебата на последниот ден од претседателската кампања на најгледаната македонска телевизија? По карикатурата од „ТВ-дуели“ на овие избори, неопходно е да се пристапи кон идните претседателски дебати на многу посериозен начин. Неопходно е тие да бидат спонзорирани и продуцирани од некоја независна институција. Можеби не е лошо да се побара помош и од Комисијата за претседателски дебати во САД, која нуди техничка помош на новите демократии. Оваа комисија ги спонзорираше и продуцираше јавните дебати на претседателските и потпретседателските кандидати на САД. Минатата година дебатите беа одржани на неколку универзитети, со однапред познати правила на игра прифатени од кандидатите. Прашањата за дебатата никој не ги знае однапред, освен модераторот. Кога веќе самите не знаеме да си организираме пристојна дебата, можеби е поарно да побараме помош од други.

Најпосле, неизвесноста и сомнежите околу исполнетиот цензус се недвосмислен показател дека без ажуриран избирачки список тешко може да се зборува за демократски спроведени избори. Снижениот цензус од 40 отсто за претседател беше постигнат благодарение и на значително зголемениот број неважечки гласови (45,513) во споредба со претходните претседателски избори (29,793). Несомнено, извесен дел од тие гласови му припаѓаат и на Чак Норис, кој ненајавено се вклучи како трет претседателски кандидат со симпатичната кампања „Чак за Македонија“. Следствено, Ѓорге Иванов не треба да му заблагодарува само на својот колега Љубомир Фрчкоски за постигнатиот цензус и победа, туку треба јавно да му се заблагодари и на Чак Норис кој мотивираше дел од избирачите да излезат на гласање. Ако Ниче е во право дека Бог е мртов, тогаш - само Чак Норис може да и' биде на помош на Македонија!

Еден за сите – Чак Норис за Македонија!

4/06/2009

Каква врска има Чак Норис со Македонија?
Е, има!
Чак Норис му помогна на Ѓорге Иванов да стане претседател на Републи
ка Македонија.Тие што мислат дека се шегувам, нека ги погледнат подобро резултатите.
Според официјалните резултати на ДИК (што стоеја сабајлево во 3:23), Иванов има 449830 гласа, а Фрчкоски има 262453 гласа. Вкупно двајцата имаат 712283 гласа, што е недоволно за да се постигне цензусот од 716833 гласа (40% од 1792082).


Цензусот е постигнат благодарение на 44029 неважечки гласови – од кои извесен дел му припаѓаат и на Чак Норис.


Заклучок: Ѓорге Иванов не треба да му заблагодарува само на својот колега Љубомир Фрчкоски за постигнатата победа.
Ѓорге треба јавно да му се заблагодари и на Чак Норис.


Сите што гласаа за Чак Норис, му помогнаа на Ѓорге да стане „претседник“.
Ако му веруваме на Ниче дека Бог е мртов, тогаш - Чак Норис нека и е напомош на Македонија!

„Економист“ за насилството на плоштадот

4/05/2009

„Економист“ пишува за проблемите на Македонија:
„Нејзината економија е во тешка состојба. Извозот на метали, текстил и земјоделски производи е намален. Невработеноста е на високо ниво, јавните расходи треба да бидат намалени и напрегнатоста расте. На 28 март во Скопје имаше насилство за време на протест заради плановите за нова црква во центарот на градот, наведува уште британскиот весник.“ (“Економист“: Игра со името)
Еве го и оригиналот:
„Its economy is stuttering. Exports of metals, textiles and farm produce have slumped. Unemployment is high, public spending must be cut and tensions are rising. Violence broke out in Skopje on March 28th during a protest over plans for a new church in the centre.“ (Troubled Macedonia: The name game)

Заедно можеле повеќе?

4/03/2009

Го гледам премиерот на „Наша ТВ“. Што бара премиерот на два часа пред крајот на кампањата за локални и претседателски избори?
Колку што знам, ниту е кандидат за градоначалник, ниту е кандидат за претседател.
Го гледам, се појавува и на плакатите покрај секој кандидат за градоначалник.
Му дава смисла на слоганот „Заедно можеме повеќе“.
Очигледно, граѓаните беа во заблуда дека тоа „заедно“ било порака до нив.
Груевски изгледа не е свесен дека со неговото појавување на плакатите ја минира децентрализацијата и поделбата на власта.
Најстрашно од се, премиерот зборува со човекот кој пред неколку дена поттикнуваше на верска нетрпеливост против атеистите и ширеше говор на омраза против хомосексуалците!

Недостиг на критичка дебата – недостиг на демократија!

Кој е виновен што повторно нема критичка дебата на последниот ден од претседателската кампања на најгледаната македонска телевизија?
Да потсетам што изјавив за Радио Слободна Европа:
„Сметам дека е неопходно да се има форматирана телевизиска претседателска дебата, ако било кој избегне дебата тоа значи дека се избегнува политички дијалог, а тоа би значело удар врз нашата кревка демократија.“ (ТВ дуелот како политички проблем)
Во САД постои посебна Комисија за претседателски дебати (The Commission on Presidential Debates (CPD) која ги спонзорира и продуцира дебатите на претседателските и пот-претседателските кандидати на САД. Минатата година дебатите беа одржани на неколку универзитети, со однапред познати правила на игра прифатени од кандидатите. Прашањата за дебатата никој не ги знае однапред освен модераторот.
После карикатурата од „ТВ-дуели“ на овие избори, неопходно е да се пристапи кон идните претседателски дебати на многу посериозен начин. Неопходно е тие да бидат спонзорирани и продуцирани од некоја друга институција. Можеби не е лошо да се побара помош и од Комисијата за претседателски дебати која нуди техничка помош на новите демократии. Кога веќе самите не знаеме да си организираме пристојна дебата, поарно е да побараме помош од други.
Додека ова го пишувам, на МТВ се репризира минатонеделната претседателска „дебата“, во исто време додека на А1 се појавува само Фрчкоски на најавената претседателска дебата. Ако на овој упад му се придодаде „доцнењето“ на Иванов на А1 на соочувањето пред две седмици, се добива мошне лоша приказна за односот на владиниот кандидат кон медиумите кои се критички настроени кон властите.
Не може да се зборува за демократија без аргументирана критичка дебата, без елементарна политичка култура, без демократски дијалог помеѓу претендентите за власт. Уште еднаш се посрамотивме.

Забрането протестирање, освен за силеџии!

4/01/2009

Нема поголема срамота за Македонија од приказните за мали деца што ги раскажа министерката Јанкуловска. Јанкуловска сака да не убеди дека граѓаните и камерите немаат очи и уши, дека се слепи и глуви за тоа кој го предизвика, а кој го допушти насилството на плоштадот.
Најзагрижувачки, според мене, е тоа што МВР упорно се обидува да ја префрли вината и одговорноста за насилството врз организаторите на мирниот протест, за да го пренасочи вниманието на јавноста од силеџиите и од сопствената неспособност да го заштити основното демократско право на мирен протест. Ваквото непрофесионално и насилничко „расчистување“ на случајот му нанесува најголема штета на меѓународниот углед на Република Македонија.
Осудувачките забелешки во пресот против „борците за човекови права“ ме мотивираа да поднесам претставка против Јанкуловска до Народниот правобранител.

Силеџии

На скопскиот плоштад МВР постави нов сообраќаен знак: „Забрането протестирање - освен за силеџии“. Ужаснува помислата дека имаме полиција која симулира партиски „редар“ додека пред нејзини очи дивеат хулигани и екстремни националисти. Уште колку бандитски силувања ќе мора да истрпи кревката македонска демократија која одвај закрепна од ланската „касапана“? Ќе ја научиме ли најпосле основната лекција дека нема место за хулигани и силеџии во едно демократско општество? Доцна е, срамот веќе не може да се покрие. Пукна уште еден резил дури до Брисел! Но, зошто толку полициска (и политичка) енергија се потроши за да се „покрие срамот“, наместо час поскоро да се откријат и уапсат силеџиите?

Ќе остане запаметено дека на 28 март, на скопскиот плоштад, точно на пладне, рамнодушната полиција дозволи да бидат силувани основните човекови права и слободи. Со полициска асистенција беше силувано основното демократско право на мирен протест. Беше гангстерски силувана слободата на изразувањето. Беше силувана рамноправноста на граѓаните од разулавена толпа. Беа силувани демократските принципи на ненасилство, недискриминација, владеење на правото, толеранција, почитување на разликите... Се' додека нема задоволителни одговори, ќе се поставуваат прашања: До кога бандити и силеџии ќе одлучуваат кој има право мирно да протестира и зошто, а кој не? До кога хулигани ќе може слободно да поттикнуваат и разгоруваат етничка и верска нетрпеливост под закрила на полицијата? Кој упорно ја штити „слободата“ на говор на омраза кон маргинализираните групи?

Обично, кога ќе се случи силување во едно патријархално општество, никој не сака да го признае срамот и да ја лоцира одговорноста за злосторството. Честопати, истрауматизираната жртва не го пријавува силувањето од страв „да не пукне резил“ и да не ја екскомуницира семејството. Ако жртвата добие семејна поддршка и се осмели да побара јавна правда, многу често станува повторно жртва на неефикасната полиција и судство (феноменот на „секундарна виктимизација“).Стравот на жртвите на силување е страв да не станат жртви и на паланечкиот менталитет. Многу од нив се јавно или кришум обвинети дека „сами си го барале“ - затоа што носеле мини-здолништа, затоа што биле премногу „нападни и слободни“, затоа што се осмелиле да шетаат сами по десет часот навечер... Стравот дека системот нема волја и капацитет праведно да ги казни силувачите ги обесхрабрува жртвите, а ги наградува силеџиите што продолжуваат неказнето да вршат злосторства.

Токму затоа, сите наши институции се пред сериозен демократски предизвик, а најмногу МВР. Ако сака да ја поврати загубената доверба во полицијата како заштитник на човековите права, МВР мора да престане да го игнорира силувањето на демократијата и да ги заплашува и криминализира невините жртви. Мора итно да ги уапси сторителите на кривичните дела и да престане да го минимизира злосторството како вообичаено „нарушување на јавен ред и мир“. Никој од протестантите што носеа транспаренти „Не силувајте го Скопје“ не го силуваше правото на контрапротест на „крстоносците“. Не видов некој од младите студенти и нивните поддржувачи насилно да одзема икони и знамиња од контра-протестантите, да им ги кине плакатите и летоците, да ги напаѓа со боксови и клоци, да ги спречува во нивното демократско право на паралелен протест. Од групата „Не силувајте го Скопје“ не слушнав расистички извици „Шиптари, Шиптари“, ниту говор на омраза исполнет со дискриминаторско жигосување, клетви, пцости, закани и навреди. Слушнав како пеат „Македонско име нема да загине...“ и „Скопје, радост ти ќе бидеш...“. Очигледно, само на МВР не му беше јасно кој е насилникот, а кој жртвата.Ако „бранителите“ на човекови права од МВР не знаат што е право на мирен собир и како треба да се постапува во случај на протест и контрапротест, тогаш може да прочитаат на веб-страницата на Советот на Европа. Таму јасно пишува:

„Европскиот суд за човекови права во случајот Дrzte fьr das Leben v. Austria, 1988 најде дека има позитивна обврска од страна на државата да обезбеди заштита на групите кои го остваруваат правото на мирен собир“. Ако МВР знаеше дека правото на контрадемонстрирање не смее да го попречува остварувањето на правото на демонстрирање, тогаш ќе преземеше соодветни мерки за да не се случат кривичните дела „спречување или смеќавање јавен собир“, „Предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост“ и „Повреда на рамноправноста на граѓаните“.МВР покажа елементарно незнаење. Обврската на МВР беше да обезбеди право на мирен протест без страв, насилство и дискриминација. Колку и да се вознемирувачки демонстрациите, колку да им изгледаат навредливи на контрадемонстрантите, учесниците на демонстрациите мора да бидат во состојба да ги одржат демонстрациите без страв дека ќе бидат подложени на физичко насилство од своите опоненти. А МВР покажа дека не го познава Уставот. Им најде мана на организаторите дека протестот не бил благовремено закажан, иако „Граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без посебна дозвола“.

Нашите институции и политичари мора да докажат дека имаат капацитет и волја да ги одбранат демократските права, и тоа не само на денот на гласањето. Кога полицијата не ги штити правата на граѓаните на мирен протест и слободата на изразување, логично е да се постави прашањето: Дали може да се зборува за фер и слободни избори кога граѓаните една седмица пред гласањето не може да ги уживаат основните демократски права, без да бидат изложени на насилство, дискриминација и говор на омраза?

Полициското игнорирање на организираното насилство на трибината во Струга роди уште поорганизирано насилство на протестот во Скопје! Доста ни е од „демократски“ силеџии и медиумски илеџии. Крајно време е да се запре спиралата на насилството. Пред да не' проголта.

Мојот список со блогови

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Архива на блогот

Footer Widget 1

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Loading...

Footer Widget 2

Популарни објави

Популарни објави

Popular Posts this month

Popular Posts this week