Новинарите се залепија на денешната изјава на Фуере дека нема „кристална топка“ за да предвиди дали ќе добиеме датум за преговори. Многу малку време им посветија на слабостите на кои укажа Фуере на денешната средба организирана од ГЕМ: изборниот процес, политизацијата на јавната администрација, корупцијата, независноста на судството...
Мене најмногу впечаток ми оставија неговите забелешки за „конфузијата помеѓу името и идентитетот“. И ние направивме компромис – рече Фуере, па си останавме 100% Ирци.
Лесно му е на Фуере да се чувствува 100% Ирец (иако неговото потекло е келтско – бретонско), кога неговата земја остана да се нарекува Република Ирска.
Поинтересно ќе беше да чуеме како ќе се чувствуваше ако доаѓаше од Северна Ирска. Според една студија, индивидуите од Северна Ирска се идентификуваат како: British (38%), Irish (29%), Northern Irish (26%), Ulster (3%), Other (4%).
Ако 26% од жителите на Северна Ирска (креирана 1921) денес се идентификуваат како „Северни Ирци“, колку од жителите на некоја идна „Северна Македонија“ би се чувствувале како „Северни Македонци“?
Ако може без проблеми да функционира дистинкција помеѓу „Република Ирска“ и „Северна Ирска“, зошто тогаш не би функционирала дистинкцијата помеѓу „Република Македонија“ и „Јужна Македонија“ (како дел од Грција)?
Ако сега има Ирци (од Република Ирска и од Северна Ирска) и Северни Ирци од Велика Британија, тогаш ќе си има Македонци (од Република Македонија и од Јужна Македонија) и „Јужни Македонци“ од Грција.