Етнички математики

11/29/2006

„Во историско време од само 200 години, значи половина од времето што не дели од Ѓорѓи Кастриот, ние можеме математички да докажеме дека имаме секој од нас повеќе од милион предци. Кој ќе тврди дека тој милион предци, сите се етнички чисти, не, на Вардарот сме сите измешани“, рече Љубиша Георгиевски, претседател на Собрание.“ (ДУИ го постави Скендербег без Груевски и Џафери)

Изјавата на Претседателот на Собранието ме потсети на легендарната изјава на Еко - еден од култните чајџилничарски ликови од пред десетина години.

„Знаеш ли што сме ние тука на Балканот?“ - ќе прашаше некојпат Еко.

„Од 100 курци семе - ете тоа сме“!

Удри по „кодошот“?

11/25/2006

Еве што изјавува новинарот Зоран Божиновски, во последниот број на „Фокус“:

„Со сите мои 19 приведувања командува командирот на полицијата Миле Андоновски. Тоа е одмазда за тоа што јас сум иницијаторот да се расчисти случајот Ел Масри. Еве, јавно признавам дека јас сум бриферот на ЕУ кој им тврдеше дека тие и тие луѓе на чело со Миле Андоновски го спакувале Ел Масри.“

Оваа изјава би била сосем доволна за во една демократска земја да се отвори истрага за поврзаноста на споменатото лице со случајот „Ел Масри“.

Република Македонија сеуште нема отворено никаква истрага за овој случај, иако Ел Масри тврдеше дека бил противправно уапсен и подложен на тортура и нечовечки третман во Република Македонија.

А парадоксалната судско-полициска хајка против новинарот познат како истражувач на случаи на корупција е уште еден симптом за тоталитаристичкиот менталитет кој владее во институциите на нашиот корумпиран систем.

Глупост на неделата

11/24/2006

„Еден од врвните надворешно-политички приоритети на Република Македонија во последните четири години беше нашето присуство во кризните региони во светот каде што заедно со останатите коалициони партнери придонесуваме за пост-конфликтното стабилизирање на неколку држави.“ (Бранко Црвенковски)

Замислете - ние, кутрите, кои што не знаеме да се справуваме со нашите сопствени конфликти, сме ти учествувале во пост-конфликтно стабилизирање во Ирак!!!

Чита ли нашиот претседател весници? (Attack on Baghdad Shiite slum kills 161)

Какво ли е тоа пост-конфликтно стабилизирање кога само во октомври се убиени 3.709 цивили (според ОН), а ноември е уште поцрн?

Најновата вест кај нашиот „државник“ и „несуден“ борец против октоподи е „Претседателот на Република Македонија, Бранко Црвенковски ќе го посети Казнено поправниот дом-Идризово“.

Како што тргнала медиумскава хајка против Б.Ц., не би се зачудил ако некои отровни медиуми се сетат да ја објават оваа вест во рубриката „Црна хроника“.

Празни зборови

11/23/2006

Прочитајте ја само изјавата на Претседателот по повод 15 години од донесувањето на првиот Устав на Република Македонија:

„Со Уставот Република Македонија се дефинираше како граѓанска и демократска држава, држава во која основна цел ќе биде да се воспостави и зацврсти владеењето на правото, да се гарантираат човековите права и слободи, да се обезбеди мир, соживот и рамноправност, социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот.“

Не е малку чудно што Претседателот зборува за актуелниот Устав користејќи прво минато време („...се дефинираше“), па потоа идно време („...ќе биде“)?

И тој да не се приклучува кон иницијативата за нов Устав?

Со вакви „државници“ на власт, Република Македонија денес не е ниту граѓанска, ниту демократска држава.

Наместо да владее правото, владее самоволието.

Наместо да ги гарантира, државата ги гранатираше човековите права во 2001.

Мирот и соживотот се главно средство за секојдневни политички уцени.

На секој чекор социјални неправди.

Невкусно е да се зборува за „економска благосостојба“ во услови на ваква сиромаштија и безработица.

А нашиот „државник“ продолжува гордо и достоинствено си ја врши должноста.

Војна против исламот?

11/21/2006

Капетанот и обезбедувањето на еден авион во САД побарале од шест имами да го напуштат авионот, наводно откако тројца од нив почнале да ги кажуваат нивните вечерни молитви. (Six Muslim imams taken off plane)

Откако имамите одбиле, била повикана полиција која ги симнала со лисици од авионот. Имамите се враќале од конференција на која присуствувал и првиот сенатор-муслиман, избран во конгресот.

Дали сте прочитале за случај некои христијански свештеници да бидат симнати од авион затоа што читале молитви од Библијата?

Молкот на соучесниците

Интересен текст во „Дневник“, кој ја разгорува дебатата за смртната казна.

Во текстот се даваат податоци и како се извршувала смртната казна во Македонија пред осамостојувањето:

„Смртната казна ја извршувал одред од шест до осум полицајци вооружени со пушки. Во половина од оружјето имало по еден маневарски куршум, а во другите боеви куршуми. Никој од извршителите не знаел каква муниција има, за да не чувствува вина.“

Но, зошто извршителите воопшто би чувствувале вина ако е несомнено дека казната со смрт е праведна казна?

Иако насловот на текстот е во прашална форма - Дали смртната казна е само уште едно убиство? - новинарот имплицитно дава до знаење дека смртната казна е убиство:

„Телото на убиениот не се давало на семејството, а местото на кое го закопувале им било познато само на надлежните институции.“

Значи, убиството не било само казна за осудениот, туку и за неговите најблиски кои никогаш немале прилика достоинствено да го погребаат и да го посетуваат неговиот гроб.

За жал, новинарката создава погрешна претстава за само две егзекуции во Македонија. Очигледно, таа немала храброст да ги отвори и случаите на егзекутирање непосредно по Втората светска војна - како што е стрелањето на 53 велешани во 1945 (без правосилна судска пресуда?).

Во постот смртната казна е убиство! објаснив зошто е неопходно отворање и расчистување на ваквите случаи:

„Ако државата која егзекутира е убиец, не стануваме ли и ние соучесници ако продолжиме да соучествуваме во молкот за тоа колку смртни казни се изречени и извршени во Македонија, на кој начин, врз кого и за кои дела?“

Постмодерен мултикултурализам?

Фрчковски, за „брендот“ на мултикултурата на Македонија:

„Неспособноста да се мислат и живеат сложени и преклопени идентитети и значења е израз на претполитички парохијални култури што не можат да сложат голема приказна за себе. Тие плетат гобленчиња-миленциња над сопствената, мразејќи ја туѓата, соседна култура.
Сложени историски идентитети што постмодерно се повторуваат и надоврзуваат се нашиот нов исчекор, драги мои. Тие се нашите „брендови“ и тие ги бришат лажно цврстите значења и холистички мисии на ситните и поделени балкански народи и групи како лоша историска конструкција.“ (Wе can be heroes, just for one day...)

Можеме ли да зборуваме за „постмодерен мултикултурализам“ во услови на „претполитички парохијални култури“ во пост-рамковна Македонија - жртва на идејата за стабилни и исклучиви етнички идентитети?

Премиер на сите граѓани?

11/20/2006

Проблемот на Груевски се состои во тоа дали тој ја чувстува Шипковица како дел од својата земја или не. Кога би ја чувствувал како дел од својата земја тогаш тој би отишол во Шипковица.“ (До Шипковица и назад)

Согледбата на Теута Арифи - колку и да е политички пристрасна - обелоденува дел од причините за конфликтот.

Најголемиот дел од жителите на Шипковица, и од карадачкиот/липковскиот регион немаат чувство дека живеат во Македонија, меѓу другото, и затоа што највисоките државни претставници не ги посетуваат овие региони, ниту пак се заинтересирани за идентификување и решавање на нивните секојдневни проблеми.

Посетата на претседателот на Владата на сите места кои беа зафатени од конфликтот во 2001 година (со цел да се идентификуваат проблемите на граѓаните, и да се пронајде соодветна форма за нивно решавање) би бил голем исчекор кој би придонел не само за релаксирање на меѓуетничките напнатости, туку и за свртување кон пресудните економски проблеми што најмногу ги мачат токму граѓаните од овие региони.

Автогол на Трифун - опозиционерот?

11/19/2006

Дали отворањето на досието „Кермес“ одеднаш ги смени политичките стојалишта на нашиот диво-гради-началник?

„...по сила на логиката, се наметнува заклучокот дека актуелната власт има свој систем на функционирање користејќи се со шпекулативни и нарачани текстови и јавни соопштенија. Сето ова ми личи на многу познатиот Гебелсов систем.
(Вака, губитници сме сите)

Се згазив од смеа кога прочитав „...по сила на логиката...“

Г-дине градоначалнику - па и ти припаѓаш на актуелната власт!

До кога ќе не водат политички неписмени луѓе кои не знаат да прават разлика помеѓу власт и влада?

Или Трифун веќе не се гледа како дел од градските власти - па уште од сега се однесува како опозиционер?

„Привремено име“ за привремена држава?

11/17/2006

Случајно налетав на магистерската теза на Антонио Милошоски “The EU’s Foreign Policy Towards Macedonia – The Crisis 2001 as a Real Challenge”.

Во поглавјето „The EU and Macedonia before the crisis 2001“ Милошоски тврди: „On April 8th 1993, under “the temporary name” (15), Macedonia became the 181 member of the UN.“ (стр. 5) Текстот во фуснотата (15) упатува на UN Security Council Resolution, April 8, 1993.

Со оглед на тоа што бев убеден дека во реферираната резолуција на Советот на безбедност на ОН не стои изразот „привремено име“, веднаш ја побарав на мрежа за да проверам дали нешто случајно ми се измолкнало.

Ја пронајдов фамозната Резолуција бр. 817 на Советот на безбедност на ОН - усвоена не на 8-ми, туку на 7-ми април 1993! Значи, фуснотата на Милошоски упатува на погрешен документ.

Резолуцијата со која нашата земја стана членка на ОН на 8-ми октомври не е резолуција на Советот на безбедност на ОН, туку Резолуција на Генералното собрание на ОН! Дали нашиот магистрант не ги разликува резолуциите и надлежностите на Советот за безбедност и Генералното собрание на ОН?

Уште поголема небулоза е што во ниту една од споменатите резолуции не стои изразот „привремено име“, како што тврди Милошоски во својата магистерска теза.

Во Резолуцијата на Генералното собрание на ОН се потврдува дека Генералното собрание „Decides to admit the State whose application is contained in document A/47/876-S/25147 to membership in the United Nations, this State being provisionally referred to for all purposes within the United Nations as "the former Yugoslav Republic of Macedonia" pending settlement of the difference that has arisen over the name of the State.“, со што се прифаќа препораката содржана во Резолуцијата на Советот на безбедност на ОН.

Во обете резолуции "the former Yugoslav Republic of Macedonia" не се користи во смисла на именување, туку во смисла на реферирање/упатување.

И тезата на Милошоски за „привремено име“, и фуснотата каде што наводно сме примени во ОН со „привремено име“ се погрешни!

Имајќи го предвид досега кажаното, мошне логично е да се постави прашањето зошто нашите политички претставници (Глигоров, Црвенковски, Милошоски) упорно го користат изразот „привремено име“, кој не одговара на нашите интереси во парадоксалниот „спор“?

Дотолку ли не можат, не знаат, или пак не сакаат да прават разлика помеѓу „име“ и „референца“?

Нашата позиција треба да биде едногласна во однос на ова чувствително прашање. Единствено име на нашата држава е уставното име „Република Македонија“. Изразот "the former Yugoslav Republic of Macedonia" не е никакво „привремено име“, туку израз со кој привремено ни се обраќаат и тоа само во ОН и другите меѓународни организации со кои не сме примени со нашето уставно име!

Ако веќе сакаме да покажеме добра волја за надминување на „спорот“, тогаш не е лошо да понудиме вакви предлози - нешто сосема ново!

Село без кучиња?

Додека „кучињата чувари“ (watch-dogs) се лаат меѓу себе, корупцискиот карван си врви, а човековите права страдаат како „колатерална штета“ во огнометот на суети.

За жал, и медиумите повеќе ги интересира расколот во МХК, отколку последниот извештај на Комитетот за превенција на тортура... на Советот на Европа.

А извештајот не потсетува на една од нашите најголеми болки: „...судиите и обвинителите продолжуваат да покажуваат малку интерес дури и кога има prima facie докази за малтретирање“.

Извештајот ја потенцира и неодговорноста, инертноста и пристрасноста на властите, особено на службата за внатрешна контрола во МВР:

„All too often, there is a tendency among the relevant authorities to avoid responsibility for taking the steps essential for an effective investigation. It is also not uncommon for those authorities to display an inclination to protect law enforcement officials subject of allegations.“

Но, на нашите борци за човекови права (и на новинарите), очигледно им е поважно да учествуваат во креирање сапунски опери, отколку да се занимаваат со такви „бенигни“ проблеми како што се случаите на полициска тортура, исцрпно обработени во споменатиот извештај.

Оти, има ли поголем сеир од парадоксалниот конфликт на двете наши истакнати теоретичарки/практичарки за разрешување на конфликти?

Да се надеваме дека во најскоро време на дело ќе ја покажат ефективноста на нивните теории и методи за разрешување на конфликти со тоа што успешно ќе ги надминат конфликтите и ќе продолжат активно да се занимаваат со беспоштедна критика на властите и набљудување и известување за прекршувањата на човековите права.

Во спротивно, на Македонија и се заканува да остане „село без кучиња“.

Гледам, некои „трлаџии“ задоволно си ги трлаат рацете.

Македонија vs. Казахстан?

11/16/2006




Контроверзниот филм на пост-модерниот, „политички некоректен“ комичар Саша Барон Коен ме инспирираше да направам неколку споредби помеѓу Македонија и Казахстан, користејќи ја датотеката на CIA.

GDP - per capita (PPP):

Македонија $7,800 (2005 est.)

Казахстан $8,300 (2005 est.)

Стапка на невработеност:

Македонија 37.3% (2005 est.)

Казахстан 8.1% (2005 est.)

Популација под линијата на сиромаштија:

Македонија 29.6% (2004 est.)

Казахстан 19 % (2004 est.)

Јавен долг:

Македонија 33.7% of GDP (2005 est.)

Казахстан 10.5% of GDP (2005 est.)

Аеродроми:

Македонија 17 (2006)

Казахстан 150 (2006)

Да не правиме муабет дека во Казахстан се наоѓа најголемиот космодром во светот - Бајконур, и дека Казахстан има 50% удел во комплексот за вселенско лансирање Бајтерек.

Колку земји во светот можат да се пофалат со сопствена вселенска програма?

И кој испаѓа смешен после гледањето на „Борат“ - Казахстанците, Американците, или ние?

Модерната инквизиција

11/15/2006

Еве што прават нашите воени сојузници, во т.н. „војна против тероризмот“:

- Ќе ти кажат „ти си од Ал каеда“. Ако речеш „не“, ќе пуштат струја низ твоите нозе. Ако продолжиш да негираш, тоа трае со часови. Еднаш ме врзаа за да висам во ќелијата четири или пет дена. Често затвораа луѓе во соби каде што е екстремно ладно или жешко.“ (Гвантанамо како лабораторија на Менгеле)

Ова е тврдењето на Мурат Курназ, кој пристигнува во Германија на 24 август 2006, по 5 години минати на Гвантанамо, без никакви докази дека е поврзан со Ал-Каеда.

Иако не ми се допадна многу начинот на кој е снимен филмот „Патот за Гвантанамо“, им го препорачувам за гледање на сите оние што се сеуште убедени дека користењето на техники на тортура може да придонесе за „војната против тероризмот“, за војната против „оските на злото“, за „слобода на Ирак“, и слични прикаски за мали деца.

Ересите на Мисирков

Денеска одбележуваме 80 години од смртта на Мисирков.

Тоа е добар повод за соочување со минатото, и за потсетување на некои негови тези кои од денешна гледна точка изгледаат мошне „еретички“.

Првата „еретичка“ теза е дека Илинденското востание „ке бидит наi глупаото, шчо можиме ниiе да напраиме.“ (Неколку зборои за македонцкиiот литературен iазик). Оттаму, нели е малку апсурдно што МАНУ славеше заедно 100 години од Илинденското востание и 100 години од „За Македонцките Работи“? (Донесена програма за прослава на сто години од Илинденското востание).

Втората, уште „поеретичка“ теза е дека имаме заеднички литературен јазик со Бугарите: „Првиот приговор е: ами каде ви е македонскиот литературен јазик?

Ќе одговорам: и Хрватите немаат одделен литературен јазик од Србите, но тоа не им пречи да се сметаат како одделен народ од Србите. Хрватите доброволно си го одбраа јазикот на В. Караџиќ за свој литературен јазик.

Истото нешто е и со Македонците: ние доброволно со одбравме еден заеднички литературен јазик со Бугарите уште пред ослободувањето на Бугарија, кога последнава не беше покултурна од нас и не можеше ни културно ни политички да ни наложи; со други зборови, ние си имаме литературен јазик со Бугарите коешто е наша работа и резултат на слободен избор.

Забраната од страна на Србите да го употребуваме тој наш јазик, кошто е единствената врска помеѓу нас и Бугарите, е едно од болните нарушувања на човечките права.

Во се друго, освен во јазикот, ние и Бугарите сме си оделе, па и си одиме по свои самостојни патишта.“ („Македонска култура“)

Оваа теза може да се толкува и како откажување на Мисирков од идејата „да си создааме своi литературен iазик“, односно, како откажување од народниот дух („Да се откажит чоек от своiо народен iазик значит, да се откажит он и од народниiот дух“ - Неколку зборои за македонцкиiот литературен iазик).

Парадоксално е тоа што и Македонците и Бугарите можат да се повикаат на Мисирков во одбрана на своите политички тези во врска со т.н. „јазичен спор“.

Со тоа што бугарската страна, ако е доследна во негирањето на посебноста на македонскиот јазик, ќе мора да почне да го оспорува и хрватскиот литературен јазик, како независен од српскиот.

Фактот дека Бугарите не го прават тоа, е показател дека т.н. „јазичен спор“ е политичка фарса која ја попречува меѓусебната соработка меѓу двата „роднински“ народи.

Право на нашите тела

11/14/2006

„Сексуалната работа по дефиниција значи доброволен секс. Неконсензуалниот секс не е сексуална работа; тоа е сексуално насилство или ропство.

Си го бараме нашето право како човечки суштества на користење на нашите тела на начини кои нема да не повредат; вклучувајќи го и правото на консензуални сексуални односи, независно од полот или етничката припадност на нашите партнери; независно од тоа дали плаќаат или не.“ (Извадок од Манифестот на сексуалните работници)

Декларацијата на правата на сексуалните работници во Европа (на македонски) можете да ја прочитате тука.

Столбот на срамот

МВР има моќ да ги „беси“ луѓето на „столбот на срамот“ уште пред да бидат обвинети. (види Анти, Да се каменуваат, мамичето нивно криминално)

Станува збор за една од покрупните „фабрички грешки“ - полицијата сеуште се себе-перцепира како орган за репресија на сторители на кривични дела, а не како еден од инструментите на правната држава - кој си има работа со осомничени лица.

За жал - се додека медиумите продолжуваат да дејствуваат како соучесници во злосторот третирајќи ги осомничените како криминалци, се додека нема ефективни инструменти и судски пресуди за повреда на правото на пресумпција на невиност, политиката „МВР те тужи, МВР те суди“ ќе продолжи по старо.

Рамковни несогласувања

11/13/2006

Си реков, ќе одморам малку од блогирање, ама ете не додржав.
Ме испровоцира Боцевски, кој се обидува да го брани Рамковниот договор, ама мошне неаргументирано:
„Охридскиот рамковен договор, со своите решенија, ги призна и ги потврди етничките разлики меѓу граѓаните во Македонија и понуди механизми за спречување на мајоризација и дискриминација на граѓаните од недоминантните етнички заедници, како и модалитети за негување на етно-културниот идентитет на сите заедници (значи, договорот може да се толкува и како начин да се развенча „етничкото“ од „политичкото“ и „етничкото“ да се врати во сферата на „приватното“).“ – пишува Боцевски во својата најнова колумна.
Напротив, Рамковниот договор официјално го венча етничкото со политичкото, претворајќи го дотогаш неутралниот граѓанин во припадник на заедница, интерпретирана исклучиво во етничка смисла. Како резултат на тоа, етничката припадност веќе не е веќе приватна работа, туку мошне јавна.
Еве уште едно радикално несогласување:
Оттука, Охридскиот рамковен договор не ја доведе во прашање „македонската нација“ како заедница што ги интегрира сите граѓани на Македонија (на политичко ниво), а преку уставните и законските промени што произлегоа од овој договор беше темелно редизајнирана „македонската држава“. (
„Македонија : држава или ентитет?“ - 11 ноември 2006 година)
За жал, со договорот не се доведе во прашање само принципот на владеење на правото (договорот не е правен туку партиско-политички акт), но и „„македонската нација“ како заедница што ги интегрира сите граѓани на Македонија (на политичко ниво)“.
Како резултат на тиранијата на етничкиот идентитет во Република Македонија (како пост-рамковна етнократија) не постојат услови за изразување и уживање на правото на националност – сфатена како релација меѓу граѓанинот и државата независна од неговото етничко потекло.

Ако после Рамковниот договор нема услови за постоење на не-етнички граѓани – Македонци, тогаш нема услови за „„македонската нација“ како заедница што ги интегрира сите граѓани на Македонија (на политичко ниво)“.

Мјау, мјау?

11/06/2006

Цитат на неделата, од мојата омилена колумнистка:

„Некако е тешко за верување дека со дебата за празници и празнувања ќе станеме тоа што милуваат да го кажат некои - економски тигри на Балканот.

Некако се' поблиску сме да ги потврдиме малициозните забелешки дека се' повеќе заличуваме на заспани мачки на опашката на Европа.“

(Борбениот тигар и заспаните мачки)

Догми

Интересни против-аргументи од еден читател по повод текстот Ризикот поголем од придобивките на веронауката:

Не сум ни знаел дека државата цел живот ми се мешала во убедувањата! Никогаш не сум верувал дека потекнувам од мајмун, но (по вина на државата!) морав да учам за теоријата на еволуцијата. И никој од државниот апаратчик не дошол кај моите родители да ги праша дали таа теорија противречи на нивните убедувања. Моите деца учеле и за Маркс, и за Ленин, и пак никој не дошол да ме праша дали марксизмот-ленинизмот се противи на моите убедувања!“ (Баучот веронаука)

Што е поентата? Ако можела досега државата да се меша, зошто не и отсега? Баучот веронаука како баучот на комунизмот? А зошто тогаш да не го вратиме и марксизмот во училиштата?

Погледнете го само клучниот „аргумент“:

Боже, прости ни. Ние си имаме Устав, и не можеме туку така да го менуваме заради Тебе. Но, знаеме дека си долготрпелив, и затоа почекај, за век-два можеби ќе го смениме Уставот...

Не знам зошто човекот воопшто се труди да аргументира, кога во „веронауката“ сите клучни проблеми се решаваат со привикување на Бог, црковните догми, или со толкување на светите книги.

Еве уште еден аргумент против христијанската веронаука:

- Веронауката не треба да постои, затоа што го споменува Неговото име залудно!

Дарвине, прости ми!

Бастиони на нетолеранцијата

11/05/2006

На нашите Универзитети се уште можете да сретнете професори кои се расправаат со студенти во обид да им докажат дека хомосексуалноста е неприродна и девијантна.

Можете да сретнете професори кои одбиваат теми за дипломска поврзани со хомосексуалноста од страв да не направат грев.

Можете да сретнете дури и такви кои го негираат постоењето на хомосексуалците во Македонија, јавно застапувајќи тези дека хомосексуалноста е „ѓубре на Европа”, „болест на душата” и опасност за „битието на Македонецот”.

Во нашите образовни процеси се вклучени и луѓе кои јавно докажуваат дека лезбејството е нужно поврзано со феминизмот и дека „поинтелигентните и поженствените феминистки се евентуално бисексуалки” (?!).

(Извадок од текстот Бастиони на нетолеранцијата, Неделно време)

ДНО

11/03/2006

Насловната страница на денешно „Време“ ја номинирам за „златна капина“ во категоријата „ad hominem шеги“, и тоа заради две „подигравки“:

1) „Поповски / и МО со Големо Уво“(со многу тенка линија под „Поповски“ и фотографија така врамена да едното уво на Поповски му излегува од рамката)

2) „Интервју - Виолета Аларова: Прекарите Доларова и Виларова се злобни измислици“ (со фотографија на Аларова со ептен зацрвенети образи).

Немам сили да коментирам.

ДНО.

„Педофилија“

11/02/2006

Продолжуваме со номинациите за „златна капина“, овојпат за дезинформирачко дигање џева.

На вестите на А1 во 16 часот, бомбастично беше пренесена информацијата дека биле осудени двајца обвинети за „педофилија“!

Случајот беше дијагностициран како „педофилство“, а осудените беа жигосани како „педофили“.

Најавата на вестите од 19 часот беше „Тешка робија за педофили“! - иако станува збор за неправосилна пресуда.

Меѓутоа, кога отидов на сајтот на А1, насловот на веста веќе беше преиначен - Деспотоски и Ѓорѓиоска осудени за сексуална злоупотреба:

„На фармата за ноеви во крушевското село Пуста Река двојката сексуално злоупотребила три малолетни девојчиња. Беа откриени при обидот да привлечат уште едно.“

Ја прочитав и претходната вест:

„На осамената фарма девојчињата на возраст од 12 до 14 години, двојката ги привлекувала, прикажувајќи им порнографски филмови, купувајќи им подароци, а потоа сексуално ги злоупотребувала.“ (Вонбрачна двојка приведена за силување малолетнички)

Како прво, да потсетам дека веќе расправав за следново прашање - Дали изразот „сексуална злоупотреба на деца“ подразбира дека би можело да има „добра“ сексуална „употреба“ на децата?

Како второ, информацијата сугерира дека во кривичниот законик постои кривично дело „педофилија“, иако такво дело нема. Зборот „педофилија“ означува првенствено медицинска дијагноза. Од кога новинарите имаат лиценца да поставуваат медицински дијагнози?

Како трето, информацијата сугерира дека секаков сексуален однос со малолетни лица претставува кривично дело, иако во кривичното дело полов напад врз дете - како дете се смета лице до 14 години.

Впрочем, и од изјавата на судијата, новинарката можела да дојде до информацијата дека станува збор за кривично дело полов напад врз дете, а не за „педофилија“.

Зборот „педофилија“ буквално значи „љубов кон децата“.

Нели е бесмислено сексуалното насилство врз децата да се именува со збор кој асоцира „љубов“?

Децентрализирани срамотилаци

Нов образовен скандал:

Неплатените долгови и блокираните сметки ги испразнија училиштата.“ (Долгови ги замрзнаа училиштата)

Ако родителите се должни да ги испратат своите деца на училиште (основното образование е задолжително), а властите не успеале да создадат услови за остварување на правото на образование, тогаш -

1) Одговорните лица треба да бидат најстрого казнети за повредата на правото на образование на илјадници ученици.

2) Државата треба да им исплати обештетување на родителите заради повреда на правото, како и за дополнителните трошоци за грижа на децата.

Да сум на местото на родителите веднаш би поднел тужба.

Ако државата не е способна да создаде елементарни услови за уживање на правото на основно образование, тогаш треба да ги промени правилата на игра и да овозможи основно oбразование и во приватни училишта.

Затвор за „малоумните“?

11/01/2006

Однапред се извинувам што повторно им одземам време на моите читатели со цитати од колумнистот Венко Андоновски, ама овојпат станува збор за номинација за „Златна капина“ во категоријата - нечовечност.

Во својата најнова колумна, писателот кој себеси се смета за човек со висок коефициент на интелигенција, го поставува следново прашање:

„...до кога луѓе со опасно низок коефициент на интелигенција и со проблематично ментално здравје (малоумници и лудаци) ќе се шетаат слободно по улиците?“ (iq против IQ)

Секој човек, независно од неговиот IQ, треба да научи дека слободата на човекот е неприкосновена, и дека секој може слободно да се шета по улица.

Ниту нискиот степен на интелигенција, ниту „проблематичното ментално здравје“, сами по себе не се основ за лишување од слобода.

Ваквите изблици на нетолеранција - јавно прогласување на „малоумници и лудаци“ на оние луѓе кои имаат поинакви ментални способности - се казниви во модерните земји кои имаат развиено институционални механизми за заштита од дискриминација на ранливите групи.

Едноставно, менталниот склоп на Венко е неспоив со концептот на човекови права, според кој секој/а има право на достоинство на личноста, независно од неговите/нејзините ментални способности.

Меѓународен ден на корисниците на дрога

По повод 1-ноември, меѓународниот ден на корисниците на дрога, Асоцијацијата за заштита на правата на корисниците на дрога „ПАСАЖ“ организира чистење на околината на дневната болница „Кисела Вода“ и посадување садници во чест на жртвите на дрогата околу центарот на ХОПС-Капиштец.

Честит празник, и внимавајте што садници садите :)
Препорака за гледање:
Grass (1999).
Интересен документарец - историјат на војната на владата на САД против марихуаната во кој Вуди Харелсон волонтира како наратор.
(ако будно го слушате, ќе сфатите и зошто волонтирал)

Мојот список со блогови

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Архива на блогот

Footer Widget 1

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Loading...

Footer Widget 2

Популарни објави

Популарни објави

Popular Posts this month

Popular Posts this week