Гладен Дојчин

11/30/2008


Помина времето на Чак, доаѓа времето на Дојчин.

Помина митот за Болен Дојчин, доаѓа митот за Гладен Дојчин.
И тогаш Тој дојде и ги избави учениците од нивните маки и немилоста на професорите.
Некои рекоа - „Лудило - ова е лудило“. А Дојчин рече - „Лудило? Ова е штрајк!!!


Дојде тивко и преку ноќ стана легенда.
Учениците веќе го слават Свети Дојчин како училишен празник.


Добриот и лошиот „цајкан“

11/26/2008

Се сеќавате ли на финтата со „добриот и лошиот цајкан“, честопати применувана во холивудските крими-филмови? Прво, „лошиот“ цајкан безуспешно се обидува да изнуди признание заканувајќи се со затвор, а неретко и со примена на сила или откочување на пиштолот. Потоа настапува „добриот“ цајкан кој со „нежни“ методи воспоставува комуникација и доверба со осомничениот. Откако осомничениот доброволно почнува да „пее“, случајот е успешно решен на општо задоволство на наивната публика.

На оваа холивудска финта се потсетив читајќи ги извештаите за работата на нашата полиција од повеќе меѓународни организации. Откако домашните организации за човековите права ќе ја одиграат улогата на „лошиот цајкан“, обвинувајќи ја полицијата за лош третман, вперувајќи го во неа откочениот медиумски пиштол, обично на ред доаѓаат меѓународните организации во улога на „добриот цајкан“.

Неодамнешен пример е случајот со контроверзната полициска единица „Алфа“. Кога домашните организации за човекови права го обвинуваа МВР за башибозукот на „алфите“, обвинетиот стоички ги негираше сите обвинувања. Но, кога посебна загриженост за дејствувањето на „алфите“ изрази Комитетот против тортура на ОН, барајќи не само благовремена, независна и непристрасна истрага, туку и казнување на „лошите момци“, МВР почна да соработува со „добриот цајкан“. Така, во мај 2008, кога претставниците на нашата делегација биле притиснати од Комитетот против тортура на ОН, тие не само што признале дека „алфите“ се „лоши момци“ презастапени во статистиките за лош полициски третман, туку изјавиле и дека единицата „Алфа“ наскоро ќе ги заврши („terminate“) своите активности!

Но, евтината приказна не завршува тука. Кога и по шест месеци „алфите“ продолжуваат со своите добро познати улични активности, домашните медиуми поставуваат прашање кога „алфите“ ќе заминат во историјата, повикувајќи се на експлицитното „признание“ пред експертите на ОН. Тогаш, како во замрсен холивудски трилер, претставникот од МВР негира дека воопшто било дадено такво ветување: “Од каде ви е идејата дека единицата „Алфи“ ќе биде расформирана?“

Финтата со „лошиот и добриот цајкан“ почнува да ја користи и Европската комисија во последниот извештај за нашиот прогрес кон ЕУ. Најпрво, во улога на „лош цајкан“ МВР е обвинета за политизација на „етничко албански службеници“ од висок ранг. Според извештајот, одговорноста за „15 отсто лоши или многу лоши“ гласови на последните избори, се должи во голема мерка на тоа што „полицајците што припаѓаат на специјалните полициски единици учествуваа во нерегуларностите во полза на својата политичка партија“.

По обвинувањето дека полицијата е еден од клучните виновници за катастрофално спроведените избори („Некои единици беа активно инволвирани во нерегуларностите, а други беа немарни“), Европската комисија ја презеде улогата на „добар цајкан“, фалејќи го МВР дека е направен „добар прогрес при децентрализацијата на полицијата“. Верувале или не, добриот прогрес е токму во делот на поставувањето на локални командири на полициски станици, кои се најодговорни за тоа што „полицијата не успеа да ги спречи и соодветно да одговори на сериозните инциденти во етничко предоминантно албанските подрачја за време на изборната кампања и на изборниот ден“!

Европската комисија настапува како „лош цајкан“ и во делот посветен на прочуените „алфи“. Откако се повикува на наводите на народниот правобранител за „прекумерна и неоправдана сила, меѓу другото, врз Ромите“, комисијата вели дека Обвинителството и МВР треба да вложат силни напори да ги истражат наводите за лошо постапување, поднесувајќи обвиненија против „лошите момци“. Но, само една реченица потоа настапува „добриот цајкан“ кој не налага, туку само потсетува дека „Се зголемуваат барањата за установување независен, надворешен механизам за мониторирање на лошото полициско поведение“.

Потребата за воспоставување надворешен механизам за надзор на полицијата станува уште поакутна по спроведувањето на полициските акции „Питање“ и „Улична проституција“. Во првата акција МВР апсеше мали деца небаре се криминалци, а не жртви на родителска негрижа. Во втората акција (во која учествуваа и „алфите“) како организирани криминалци беа третирани сексуалните работнички, иако „оддавањето на проституција“ е обичен прекршок против јавниот ред и мир, какви што се и „оддавањето на пијанство“ или пуштањето прегласна музика.

Најсимптоматично во последната полициска акција е тоа што лично министерката за внатрешни работи се обиде да одигра холивудска улога на „добра цајканка“ која се обидува да спречи свесно ширење „разни полови, односно сексуално преносливи заразни болести“. Но, наместо возбудлив трилер, полицискиот филм „Улична проституција“ постепено добива елементи на полициска фарса, заканувајќи се да го промени жанрот во полициска комедија. Имено, ако навистина постоела опасност од епидемија на сексуално преносливи инфекции, тогаш воопшто не е јасно зошто само сексуалните работнички биле принудно тестирани, а не и уапсените клиенти (кои веднаш биле пуштени)? Зарем не постои подеднаква опасност клиентите на сексуалните работнички „да се носители на полови и вирусни заболувања и истите свесно ги пренесуваат на лицата со кои сексуално општат“?

Најтрагикомичен дел во улогата на министерката како „добра цајканка“ е делот во кој таа необично се преобразува во демохристијанка, укажувајќи дека легализацијата на проституцијата не е дел од агендата на нејзината партија. Трагичниот момент е тоа што е неумесно да се зборува на тема легализација, кога ни се случува полициска криминализација на сексуалните работнички која може да придонесе само за зголемување на здравствените ризици. Комичниот момент е тоа што „добрата цајканка“ се обидува да го демантира самиот Исус, убедувајќи не дека „фрлањето камен“ по следбеничките на Марија Магдалена е христијански чин.

Ексклузивно: Скопскиот „Замок“ во пламен!

11/22/2008






„Фиромизацијата“ продолжува

11/20/2008


Пред некој ден бев на конференцијата Quo Vadis , Македонијо?. Се надевав ќе разберам од владините претставници „Зошто и оваа година Македонија остана без препорака за почеток на преговори за пристапување?“ За жал на присутните пратеници, амбасадори, експерти, новинари и граѓански активисти, никој не се појави од Владата. Владата не покажа интерес да чуе што ќе каже Фуере „Што ни носи новата стратегија за проширувањето на ЕУ?“, ниту што ќе кажат политичките и економските експерти „Кои се следните чекори што Македонија треба да ги направи на патот на пристапувањето?“ Очигледно, нашата влада продолжува да работи „24 часа, седум дена во неделата“ и нема време да се занимава со прашања што не заслужуваат одговор.

Џабе Фуере сугерира дека политичкиот дијалог не е само „дијалог меѓу сите партии туку и со другите сектори на општеството, особено со граѓанското општество“. Џабе ЕК изрази „сериозна загриженост за ефективното функционирање на политичките институции“. Глумењето дијалог продолжува, и тоа посветено. Доказ за тоа е „политичкиот дијалог“ помеѓу премиерот и претседателот. Наместо предлог за нов преговарач за името, премиерот го известил претседателот дека Владата ќе поднесе тужба против Грција пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг за прекршување на Привремената спогодба од 1995 година. Претседателот, пак, не сака да навлегува во „оправданоста и целисходноста на одлуката на Владата“, жалејќи се дека одлуката била донесена без каква било претходна консултација со него за „едно клучно прашање во сферата на надворешната политика“. Но, ако Владата работела спротивно на Уставот и Законот за надворешните работи, тогаш претседателот требало да направи се' што е во негова моќ тужбата да не биде поднесена. Наместо тоа, тој како одвај да дочека можност да го отфрли тешкото бреме на политичката одговорност не само за решавањето на спорот, туку и за „успехот или неуспехот на процесот на нашето интегрирање во ЕУ и во НАТО“.

Додека премиерот и претседателот си играат пинг-понг со одговорноста и продолжуваат да манифестираат државен раскол, меѓународната агонија на Македонија продолжува. Тужбата само и даде повод на Грција да ја обвини нашата држава дека не е заинтересирана за брзо решавање на спорот за името, дека ги доведува преговорите во ќор-сокак, и дека новиот потег е заради „внатрешнополитички потреби“. И Грците не испуштаат можност да глумат кооперативни преговарачи, користејќи ги омилените аргументи на нашиот актер Милошоски.

А има ли нешто попроѕирно од глумата дека „остануваме цврсто посветени на сите аспекти од Привремената спогодба, особено на преговарачкиот процес со Грција“? Каква ли е таа цврста посветеност на преговорите без преговарач во „разговорите за разликите околу името“? Каква ли е таа цврста посветеност на спогодбата без ефективни мерки за забрана на растечката непријателска пропаганда против Грција? Дали „цврстата посветеност“ значи дека Владата конечно ќе престане да го употребува симболот од нашето прво знаме, упорно форсиран од Агенцијата за млади, спорт и античко-македонска пропаганда?

Несомнено, по политичкиот нокаут во Букурешт, Македонија има правни основи за тужба против Грција заради попречување на членството. За да го добие спорот, Македонија не треба да докажува дека Грција ставила вето на нашата апликација за НАТО, како што е наведено во тужбата (според првичното соопштение на судот). Согласно со член 11 од „Привремената согласност“, доволно е да докажеме дека Грција ја прекршила согласноста да не приговара за нашето членство во НАТО (со референцата во која не' примија во ОН). Меѓутоа, со нашата апликација ќе се отвори и прашањето дали самите ние ја почитуваме „согласноста“ или, пак, се повикуваме на неа само во случај кога ни одговара.

Да претпоставиме дека се во право тие што тврдат дека тужбата е вистински потег во вистинско време. Да претпоставиме дека ќе биде прифатена и дека за две, три, пет или десет години (времето работи за нас) ќе добиеме позитивна пресуда од Хаг. (Вчера судот ја објави пресудата за тужбата на Хрватска против Србија поднесена уште на 2 јули 1999!) Но, уште сега се поставува прашањето: Што ќе правиме со правдата в раце? Дали со поволната пресуда ќе ги оствариме нашите стратешки приоритети (од 2005 до 2008) да станеме членки на НАТО и да добиеме датум за почнување преговори со ЕУ?

Да потсетиме, во Букурешт сите членки на НАТО побараа час поскоро преговорите да завршат со постигнување „заемно прифатливо решение за проблемот со името“ како последен услов за нашиот прием. Евентуалната позитивна пресуда од Хаг нема да значи и автоматска промена на овој политички услов затоа што пресудата ќе биде обврзувачка само за Грција, а не и за другите земји што се согласиле со условот. Доволно е само еден НАТО-партнер на Грција да се повика на условот и тој нема да биде променет. Доволно е само еден ЕУ-партнер на Грција да го блокира процесот повикувајќи се на суштинскиот услов за решавање на проблемот со името.

Иако тужбата се перципира како дел од „битката за уставното име“, последица од добиената тужба би било задржување на референцата „поранешната југословенска Република Македонија“ во меѓународната комуникација. Дојдовме во ситуација да водиме ем политичка „битка за уставното име“ во Њујорк ем правна битка за референцата во Хаг. Останува да видиме дали правниот спор ќе се користи само како политички адут во преговорите или ќе послужи како алиби за нивно натамошно одлагање, на заедничка радост на македонските и на грчките националисти.

Хашкиот маратон почна и засега води Грција. И Меѓународниот суд на правдата, како и Хашкиот трибунал во пресудата против Тарчуловски, почна да го користи илегалниот „некроним“ FYROM наместо официјалната референца the former Yugoslav Republic of Macedonia. Парадоксално, колку што пожестоко Владата се бори за уставното име дома, толку повеќе се продлабочува меѓународната „фиромизација“ на Македонија.


Башибозукот продолжува

11/16/2008


МВР не размислува за укинување на „Алфите“, потврдува министерката Јанкуловска за „Време“, објаснувајќи дека „ние ги расформиравме единиците „Алфи“ во неколку градови во Македонија“, како дел од преземените „мерки за зголемување на ефикасноста“.
Останува енигма зошто делегацијата на Македонија изјавила во Женева дека единицата наскоро ќе ги заврши своите активности? Една приказна за граѓаните, друга приказна за ОН?
Зошто се негира официјалниот извештај на ОН во кој пишува: „Комитетот ја забележува информацијата примена од делегацијата дека „Алфа“ единицата наскоро ќе ги заврши („terminate“) своите активности“?
Дали МВР воопшто ги чита меѓународните извештаи за човекови права кои ја критикуваат работата на полицијата?

Катанец за „Алфите“!

Мал осврт на написот „Клуч за Алфите“, објавен во „Време“.

За флагрантнто кршење на човековите права од страна на „Алфите“ и за недостатокот од ефективна контрола врз специјалните полициски единици говори и последниот извештај на Европската комисија. И во последниот извештај на Комесарот за човекови права на Советот на Европа (септември 2008) се тврди дека „т.н. полициска единица „Алфа“ е презастапена во статистиката за лошо постапување.“ „Алфите“ се повторно истакнати како лоши момци и во последниот извештај на „Комитетот за заштита од тортура“ (ноември 2008), како и во претходните извештаи. Во извештајот за посетата од 2006, овој комитет забележува: „речиси сите лица интервјуирани од делегацијата, кои биле фатени од членовите на Алфа тимовите, наведоа дека биле подложени на лош третман“.

Посебна загриженост за дејствувањето на „Алфите“ изрази Комитетот против тортура на ОН, кој во препораките од мај 2008 јасно подвлече дека нашата држава треба да обезбеди: „Сите наводи за акти на тортура или свиреп, нечовечки или деградирачки третман или казнување извршени од службени лица за спроведување на законот, - вклучувајќи ги и оние извршени од членовите на „Алфа“ единицата – да бидат благовремено истражени, независно и непристрасно, и кога е умесно, да бидат обвинети и казнети.“

Не ми е јасно зошто официјалниот претставник на Македонија ја негира сопствената изјава на сесијата на овој комитет, поставувајќи го прашањето „Од каде ви е идејата дека единицата „Алфи“ ќе биде расформирана?“ Факт е дека неговата изјава за распуштање на „Алфите“ била сериозно сфатена од страна на Комитетот во мај годинава, за што сведочи и документот со завршните забелешки. Во него е јасно истакнато дека „Комитетот ја забележува информацијата примена од делегацијата дека „Алфа“ единицата наскоро ќе ги заврши („terminate“) своите активности“.

Ветувањето дека башибозукот наречен „Алфи“ ќе замине во историјата сеуште не е остварено.

Православна хипокризија (колумна)

11/12/2008

Точно за еден месец ќе одбележиме 60 години од Универзалната декларација за човекови права, усвоена на 10 декември 1948. Во првиот член од прочуениот документ стои: „Сите човечки суштества се раѓаат слободни и еднакви по достоинство и права“. Третиот член вели: „Секој има право на живот, слобода и сигурност“.

Деновиве Скопје е повторно излепено со плакати „Абортусот е убиство“ кои се повикуваат на правото на живот: „Децата имаат право на живот. Правото на избор постои до моментот на зачнувањето, а потоа постои правото на живот“. Според противниците на абортусот, и „бебињата во стомакот“ се деца што имаат право на живот. Повторно, како и лани, плакатите се повикуваат на „нашата МПЦ“, која многупати кажала дека „Господ ги сака раѓањето и животот“.

Иако лани беа изнесени официјални деманти дека „МПЦ не е вклучена во никаква кампања“, деновиве сме сведоци на неколку јавни беседи на црковни великодостојници против абортусот. Во овие осудувачки „беседи“, жените што одлучиле да го остварат законското право на прекинување на бременоста, се прогласуваат за убијци од најтежок вид, а лекарите за „платени убијци што ладнокрвно убиваат за бедни триесет сребреници“.

Синхронизираната кампања против абортусот се повикува на „правата на неродените деца“, поточно на правото на живот не само на фетусот туку и на ембрионот, промовиран како човечко суштество од моментот на зачнувањето. Оттаму, логично се поставува прашањето: Дали правото на живот, спомнато во Декларацијата, и гарантирано со Европската конвенција за човекови права, се однесува и на ембрионот и фетусот? Дали одредбата „секој има право на живот“ подразбира дека и ембрионот и фетусот имаат право на живот или само тие што се веќе родени?

Досега, не постои пресуда на судот во Стразбур со која се утврдува дека на некој фетус или ембрион му е повредено правото на живот. Доколку фетусот би имал апсолутно право на живот, тогаш абортусот ќе беше забранет дури и во случај кога продолжувањето на бременоста би било ризично за животот на мајката. Дури и кога во наводници зборуваат за „животот“ на фетусот, судиите обично имаат предвид дека тој не може да биде разгледуван изолирано од животот на бремената жена, нејзиното здравје и интереси.

Основниот проблем кај нашите „борци“ за човековите права на ембрионите е токму тоа што покажуваат малку емпатија за животот и здравјето на жената која одлучува за прекин на бременоста. Во демонизирачкиот говор на омраза кон „жената-чедоубиец“, негативно го стереотипизираат нејзиниот живот како „себичен удобен живот исполнет со комфор, сладострастие, блуд и разврат, без никакво воздржување, чистота, достоинство, слобода и љубов“. Има ли поголема хипокризија од тоа што нашите „скромни“ духовници бараат од жените (кои најчесто се одлучуваат на прекин на несаканата бременост поради сиромаштија) да се откажат од луксузот што мнозинството никогаш не го имале? Според официјалните податоци, речиси 30 отсто од нашите граѓани се сиромашни, а најсиромашни се токму „многудетните“ семејства со 6 и повеќе члена.

Борците за правата на ембрионите како да забораваат дека тие не се јаболка што раснат на „дрвото на животот“, туку дел од жената што има право да располага со сопствениот живот и сопственото тело. Пред да ги осудеа лекарите како ладнокрвни „платени убијци“, не ќе беше лошо да прочитаат што вели Светската здравствена организација (СЗО) на тема „превенција на небезбеден абортус“. Статистиките на СЗО покажуваат дека смртноста на жените се зголемува, а нивното здравје се влошува кога пристапот кон безбеден абортус е отежнат или нелегален. Најмногу небезбедни абортуси има во земјите со најрестриктивни закони за абортус. Една од главните причини зошто жените страдаат и умираат од небезбедни абортуси е токму тоа што се обезвреднуваат од страна на политичките и религиозните лидери.

Главниот проблем во Македонија не е либералното законодавство, туку користењето на абортусот како метод за контрола на раѓањето (во просек, на секои 2,5 породувања, имаме еден абортус). Токму затоа, нашата земја доби препорака од експертите на ОН да им обезбеди на жените успешен пристап до контрацептивни средства и медицински информации и услуги. Дури две третини од несаканите бремености во земјите во развој се јавуваат кај жени што не користат никаков метод на контрацепција.

Исто така, ни беше наложено да спроведеме образовни програми за сексуално и репродуктивно здравје за жените, мажите и адолесцентите, токму за да се обесхрабри абортусот како метод за контрола на раѓање. Но, наместо сексуално, ние воведовме верско образование, а предавачи се лица што се залагаат против употребата на кондоми и против секс вон бракот. Наместо како да се заштитат од несаканата бременост, децата ги учиме како да се заштитат од „гревовите“.

На крајот, на православните борци за правата на ембрионите би им поставил неколку прашања. Ако се толку убедени дека животот на човекот почнува по зачнувањето, зошто тогаш го слават како Рождеството Христово денот кога Исус излегол од утробата на мајка му? Зошто не ги слават своите родендени на денот на зачнувањето, туку на денот кога „дошле на свет“? Ако и ембрионот е дете со право на живот, зошто тогаш нема ниту право на крштевка ниту право на црковен закоп?

Несомнено, да беа нашите „скромни“ духовници навистина засегнати за правата на децата, немаше да купуваат толку луксузни автомобили. Немаше само да проповедаат другите да се откажат од луксузот, туку самите ќе дадеа пример како огромните парични средства за скапи автомобили може да се употребат за подобрување на правата на родените незгрижени деца. До кога нашите „скромни“ духовници ќе му кројат капа на неродениот Петко наместо да и' подарат капа на родената, но гологлава Петкана?

Православна хипокризија

11/08/2008

Беседите на нашите православни инквизитори против правото на безбеден абортус се уште еден симптом дека тонеме во мрачно средновековие. Никаде не се слушна гласот на нашите инквизитори против балканскиот геноцид, против платените убијци и реалните логори на смртта. Напротив, гледавме како некои од учесниците во геноцидот и воените злосторства беа попрскувани со света водичка небаре свети воини кои одат во крстоносна војна. Туку, еве кои биле вистинските народни убијци:

„Родителите што го убиваат своето бебе, ја убиваат својата иднина. Тие вршат геноцид на сопствениот народ. Болниците во кои лекарите треба да спасуваат човечки животи, се претворија во логори на смртта. Ние станавме пилати што секојдневно изрекуваат смртна пресуда за невини деца, а лекарите - платени убијци што ладнокрвно убиваат за бедни триесет сребреници.“ (Беседа против абортусот)

Очигледно, нашите инквизитори не ги загрижува толку смртта од гладта и сиромаштијата на родените деца и возрасни, колку правото на живот на неродениот Петко или Петкана:

„Чедоморството е убиство на своето дете. Жената-чедоморка го убива своето дете што не сака да го види, да го запознае и возљуби, бидејќи повеќе го засакала својот себичен удобен живот исполнет со комфор, сладострастие, блуд и разврат, без никакво воздржување, чистота, достоинство, слобода и љубов.“ (Беседа против абортусот)

Има ли поголема хипокризија од тоа да се бара од сиромашните жени (а мнозинството жени се принудени да абортираат поради сиромаштија) да се откажат од луксузот кој никогаш и го немале?

Според официјалните податоци, речиси 30% од нашите граѓани се сиромашни, а најсиромашни се токму семејствата со 6 и повеќе члена. „70% од 1,3 милијарда луѓе од целиот свет кои живеат во апсолутна сиромаштија им припаѓа на жените“ (Феминизација на сиромаштијата).

Има ли поголема хипокризија од начинот на кој нашите православни инквизитори (мажи), кои доаѓаат на работа со скапи џипови и мерцедеси, бараат од сиромашните жени да се откажат од правото да не станат уште посиромашни:

„Зошто порадо не се откажат од скапата облека, луксузниот стан, од луксузниот автомобил и компјутер или, пак, од своето патување на годишен одмор на кој трошат огромни парични средства за разонода и забава, а не сакаат да ги употребат за грижливо чување на своите деца?!“

А еве од што не сакаат да се откажат нашите „скромни“ инквизитори:

„Најскапи и најубави џипови возат митрополитот повардарски Агатангел, митрополитот полошко-кумановски Кирил и поглаварот на Брегалничката епархија Иларион. Агатангел и Кирил се возат и во "тојота ленд крузер", чија цена е над 45.000 евра, а Иларион во "фолксваген туарег автоматик".“ (Сложни попови бесни коли возат)

Ако се откажат од своите бесни коли, нашите „сложни попови“ ќе можат да спасат од сиромаштија многу родени деца и мајки. Но, нив очигледно не ги интересира реалната сиромаштија и згрижувањето на родените деца, туку производството на грешници и убијци како резултат на што се полнат нивните џебови.

Денови ли се денови

11/05/2008

Го гледам обраќањето на „премиерот м-р Никола Груевски по повод 100-те дена од работата на Владата“ па си ги тријам очите и си ги штипам образите. Дали е 1 ноември или 1 април? Дали сме 2008 или 2006? „Денови ли се денови“ - дал се 100 или 800 - откако Груевски стана премиер на 28 август 2006?
Пресметувам и - нема сомнение - на плешките на нашиот премиер „легнале та натежнале“ цели 800 дена. Секој божји ден откако е на власт Груевски не уверува дека правел „Стани си утре порано / Дојди си вечер подоцна“: „Посветено, деноноќно, без слободен викенд, без запирање, со силно темпо, без да се штедиме себеси, се работеше на остварување на програмата“.Е, ај да видиме што е сработено од програмата. Еве што вели владината програма за 2008 - кои се стратегиските приоритети:

1. „Зголемување на вработеноста и подобрување на животниот стандард на граѓаните на Република Македонија“.

Во своето обраќање Груевски неколку пати спомна дека продолжил да работи на „намалување на невработеноста“. Навистина, откако дојде на власт, стапката на невработеност е намалена од 36.1 (втор квартал 2006) на 33.8 отсто (втор квартал 2008). Но, и Груевски не успеа драстично да го намали бројот на невработените. Во 2006 имало 319.316 невработени, а во вториот квартал од 2008 има 310.441. Тие што тврдат дека не сме биле ништо полоши од Бугарија и Романија од пред 5 години, нека погледнат поубаво. Стапката на невработеност во Бугарија е намалена од 18 (2003) на 8 (2008), а стапката на невработеност во Романија се намалила од 8.3 (2003) на 4.1 отсто (2008) (податоци од Индекс мунди).

За животниот стандард немаше место во обраќањето на премиерот. Во разговорот со новинарите, вицепремиерот Ставрески ни објасни што покажувале податоците. Според последните официјални податоци, просечната плата била 15.850 денари, а потрошувачката кошница била „околу 12 илјади и нешто... двесте, триста денари“. Ставрески убедуваше дека сега „околу 30 отсто од платата остануваат откако ќе ја намирите потрошувачката кошница“, а во 2005 потрошувачката кошница била 90 отсто од платата. Заклучокот на Ставревски е дека „порастот релативен на платите во овие две години е повисок отколку порастот на потрошувачката кошница“.

Но, Ставрески има сериозни проблеми со калкулациите и заклучоците. Да видиме што вика простата аритметика и заводот за статистика. Простата математика вели дека 30 отсто од 15.850 денари е 4.655 денари, а само 3.608 е остатокот (15.850 денари минус 12.242 денари)! Според последните податоци, остатокот од 3.608 денари не е „околу 30 отсто од платата’ туку 22,76 отсто!

И тврдењето на Ставрески дека „во 2005 потрошувачката кошница била 90 отсто од платата“ паѓа во вода ако се споредат официјалните податоци од Заводот за статистика за декември 2005: „Просечната нето плата по работник за декември 2005 година изнесуваше 13 125 денари. Вкупните трошоци за исхрана и пијалаци изнесуваа 9 947 денари и се пониски од просечната нето-плата за 3178 денари, односно 24.2 отсто“ Ако „потрошувачката кошница била 90 отсто од платата“ тогаш ќе останувале само 10 отсто, а не 24.2 отсто!

Не држи вода ниту заклучокот на Ставрески дека во последниве две години порастот на платите е повисок отколку порастот на потрошувачката кошница. Кога Груевски дојде на власт во август 2006, просечната исплатена месечна нето плата по вработен изнесуваше 13.718 денари, а во август 2008 просечната плата изнесува 15.820 денари. За истиот период, потрошувачката кошница пораснала од 10.074 на 11.957 денари. Значи, платите пораснале за 15.3 отсто, а потрошувачката кошница за 18.7 отсто!

Накусо, во 2005 и 2006 останувало повеќе од платата отколку што останува сега. Податоците укажуваат дека нема „мало, но постепено подобрување“ на стандардот, туку мало, но постепено влошување. Колку и да се фали Владата со економски прогрес, граѓанинот тоа не го чувствува.

2. „Добивање полноправно членство на Република Македонија во НАТО“.

Груевски комплетно го игнорира овој стратегиски приоритет во своето обраќање. Спомна само дека сме го зајакнале стратешкото партнерство со НАТО, ама тоа не беше стратегиски приоритет на неговата влада во 2008, туку „полноправно членство“. Накусо, ниту приоритетот е остварен ниту беше дадена анализа зошто не е остварен.

3. „Продолжување со активностите за почнување на преговорите за интегрирање на Република Македонија во ЕУ“.

Се чини, ова е единствениот приоритет што навидум го оствари Груевски, но само благодарение на начинот на кој си го дефинирал. Бездруго, Груевски продолжи со „активностите за почнување на преговорите“. И секој друг што ќе продолжеше, ќе го оствареше ваквиот стратегиски приоритет.

Но, годинава очекувавме многу повеќе. Во почетокот на 2008, министерот за надворешни работи оптимистички ни порача од Зубовце дека ова ќе биде пресвртна година на надворешнополитички план. Милошоски ветуваше ем „година на успеси за Република Македонија, пред се', во однос на нашите НАТО-аспирации“ ем година во која нашата земја ќе направи историски чекор во приближување кон ЕУ.

Но, ниту лобирањето кај ноевите помогна, ниту палењето свеќа во црква. Нема да помогнат ниту „суши-лажи“ анализите дека „забележавме значаен прогрес“ во исполнувањето на 8-те репери (според Боцевски, исполнетоста ќе биде 90 отсто). Фалбаџиските оценки дека и „90 проценти од ветеното за првите 100 дена од овој мандат се реализира“, можат да поминат само во фармата за ноеви во Зубовце, но не и во Брисел.

Се чини, ништо не може да ја спречи Македонија на патот кон ЕУ, освен немањето елементарна политичка култура и недостиг од храброст за соочување со реалните бројки и проценти за (не)оствареното. И по 800 дена владеење на Груевски, продолжуваме да си нижиме синџир од лаги железен, околу вратот навезен.

800 дена Груевски – животен стандард

11/03/2008

Кога Груевски дојде на власт (август 2006), просечната исплатена месечна нето плата по вработен изнесуваше 13718 денари., а во август 2008 г. просечната плата изнесува 15 820 денари.

Но, тука во игра треба да се внесе и потрошувачката кошница. Еве ги последните податоци што се објавени на страницата на заводот за статистика: „Просечната нето-плата по работник за јуни 2008 година изнесуваше 15 759 денари. Вкупните трошоци за исхрана и пијалаци изнесуваа 12 333 денари и се пониски од просечната нето-плата за 3 426 денари, односно 21.7%.“

Еве што вика Заводот за статистика за периодот април-јуни 2006 г.: „просечната плата ја покриваше вредноста на кошницата, а најголем остаток од 23.3% е забележан во јуни 2006 година“!

Според Заводот за статистика, во јуни 2008 имаме намалување на разликата нето-плата минус потрошувачка кошница за 1,6%!!!

Заклучок: За две години владеење на Груевски, животниот стандард е намален, а не е зголемен, наспроти првиот приоритет на Владата во нејзината програма за 2008 - зголемување на животниот стандард.

Мојот список со блогови

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Архива на блогот

Footer Widget 1

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Loading...

Footer Widget 2

Популарни објави

Популарни објави

Popular Posts this month

Popular Posts this week