Се сеќавате ли на финтата со „добриот и лошиот цајкан“, честопати применувана во холивудските крими-филмови? Прво, „лошиот“ цајкан безуспешно се обидува да изнуди признание заканувајќи се со затвор, а неретко и со примена на сила или откочување на пиштолот. Потоа настапува „добриот“ цајкан кој со „нежни“ методи воспоставува комуникација и доверба со осомничениот. Откако осомничениот доброволно почнува да „пее“, случајот е успешно решен на општо задоволство на наивната публика.
На оваа холивудска финта се потсетив читајќи ги извештаите за работата на нашата полиција од повеќе меѓународни организации. Откако домашните организации за човековите права ќе ја одиграат улогата на „лошиот цајкан“, обвинувајќи ја полицијата за лош третман, вперувајќи го во неа откочениот медиумски пиштол, обично на ред доаѓаат меѓународните организации во улога на „добриот цајкан“.
Неодамнешен пример е случајот со контроверзната полициска единица „Алфа“. Кога домашните организации за човекови права го обвинуваа МВР за башибозукот на „алфите“, обвинетиот стоички ги негираше сите обвинувања. Но, кога посебна загриженост за дејствувањето на „алфите“ изрази Комитетот против тортура на ОН, барајќи не само благовремена, независна и непристрасна истрага, туку и казнување на „лошите момци“, МВР почна да соработува со „добриот цајкан“. Така, во мај 2008, кога претставниците на нашата делегација биле притиснати од Комитетот против тортура на ОН, тие не само што признале дека „алфите“ се „лоши момци“ презастапени во статистиките за лош полициски третман, туку изјавиле и дека единицата „Алфа“ наскоро ќе ги заврши („terminate“) своите активности!
Но, евтината приказна не завршува тука. Кога и по шест месеци „алфите“ продолжуваат со своите добро познати улични активности, домашните медиуми поставуваат прашање кога „алфите“ ќе заминат во историјата, повикувајќи се на експлицитното „признание“ пред експертите на ОН. Тогаш, како во замрсен холивудски трилер, претставникот од МВР негира дека воопшто било дадено такво ветување: “Од каде ви е идејата дека единицата „Алфи“ ќе биде расформирана?“
Финтата со „лошиот и добриот цајкан“ почнува да ја користи и Европската комисија во последниот извештај за нашиот прогрес кон ЕУ. Најпрво, во улога на „лош цајкан“ МВР е обвинета за политизација на „етничко албански службеници“ од висок ранг. Според извештајот, одговорноста за „15 отсто лоши или многу лоши“ гласови на последните избори, се должи во голема мерка на тоа што „полицајците што припаѓаат на специјалните полициски единици учествуваа во нерегуларностите во полза на својата политичка партија“.
По обвинувањето дека полицијата е еден од клучните виновници за катастрофално спроведените избори („Некои единици беа активно инволвирани во нерегуларностите, а други беа немарни“), Европската комисија ја презеде улогата на „добар цајкан“, фалејќи го МВР дека е направен „добар прогрес при децентрализацијата на полицијата“. Верувале или не, добриот прогрес е токму во делот на поставувањето на локални командири на полициски станици, кои се најодговорни за тоа што „полицијата не успеа да ги спречи и соодветно да одговори на сериозните инциденти во етничко предоминантно албанските подрачја за време на изборната кампања и на изборниот ден“!
Европската комисија настапува како „лош цајкан“ и во делот посветен на прочуените „алфи“. Откако се повикува на наводите на народниот правобранител за „прекумерна и неоправдана сила, меѓу другото, врз Ромите“, комисијата вели дека Обвинителството и МВР треба да вложат силни напори да ги истражат наводите за лошо постапување, поднесувајќи обвиненија против „лошите момци“. Но, само една реченица потоа настапува „добриот цајкан“ кој не налага, туку само потсетува дека „Се зголемуваат барањата за установување независен, надворешен механизам за мониторирање на лошото полициско поведение“.
Потребата за воспоставување надворешен механизам за надзор на полицијата станува уште поакутна по спроведувањето на полициските акции „Питање“ и „Улична проституција“. Во првата акција МВР апсеше мали деца небаре се криминалци, а не жртви на родителска негрижа. Во втората акција (во која учествуваа и „алфите“) како организирани криминалци беа третирани сексуалните работнички, иако „оддавањето на проституција“ е обичен прекршок против јавниот ред и мир, какви што се и „оддавањето на пијанство“ или пуштањето прегласна музика.
Најсимптоматично во последната полициска акција е тоа што лично министерката за внатрешни работи се обиде да одигра холивудска улога на „добра цајканка“ која се обидува да спречи свесно ширење „разни полови, односно сексуално преносливи заразни болести“. Но, наместо возбудлив трилер, полицискиот филм „Улична проституција“ постепено добива елементи на полициска фарса, заканувајќи се да го промени жанрот во полициска комедија. Имено, ако навистина постоела опасност од епидемија на сексуално преносливи инфекции, тогаш воопшто не е јасно зошто само сексуалните работнички биле принудно тестирани, а не и уапсените клиенти (кои веднаш биле пуштени)? Зарем не постои подеднаква опасност клиентите на сексуалните работнички „да се носители на полови и вирусни заболувања и истите свесно ги пренесуваат на лицата со кои сексуално општат“?
Најтрагикомичен дел во улогата на министерката како „добра цајканка“ е делот во кој таа необично се преобразува во демохристијанка, укажувајќи дека легализацијата на проституцијата не е дел од агендата на нејзината партија. Трагичниот момент е тоа што е неумесно да се зборува на тема легализација, кога ни се случува полициска криминализација на сексуалните работнички која може да придонесе само за зголемување на здравствените ризици. Комичниот момент е тоа што „добрата цајканка“ се обидува да го демантира самиот Исус, убедувајќи не дека „фрлањето камен“ по следбеничките на Марија Магдалена е христијански чин.
5 коментари:
Денес криминална банда уби еден од членовите на Алфите а двајца други се повредени при престрелка кај ПМФ.
На ова што треба да се каже?
Треба да се најдат напаѓачите под итно и да се изведат пред суд.
Секое прекршување на законот треба да се казни, и тоа според законот.
ма не, тоа криминалните банди работат во договор со еу за расформирњае на алфите. откако ќе отстрелаат доволно, единицата пририродно ќе се затвори. ;-)
Malku crn humor ne e na odmet, a?
Dzabe tolku kampanja protiv "Alfite" - edno ubistvo na "Alfa" i se pagja vo voda. Vednas se zaboravija kriminalnite dejanija na "Alfite".
Станува збор за два сосема различни случаи, и не треба да се мешаат.
Исто како што и МВР не треба да се меша во превенција на сексуално преносливи болести.
Објави коментар