Дали МПЦ го организира/поддржува насилството на плоштадот?

3/30/2009

Инцидентот на плоштад почнува да се интернационализира преку блогови.
Отворен е блог skopje2803 од страна на наши и странски архитекти, на кој се документира настанот и реакциите за читателите на англиски јазик.
(Го препорачувам и следниов линк на англиски: A Very Un-Holy Affair).
Таму наидов и на линк до сторијата објавена на сајтот на МПЦ Про и контра за изградба на храм на плоштадот во Скопје (28.03.2009). Еве како се толкува насилството:

„Најавата за овој протест во медиумите против изградбата на храмот на светите Константин и Елена предизвика многубројно спонтано собирање на верниот народ, кој пеејќи црковни песни и славословија, вооружени со крстот Христов, икони во рацете, литијски бајраци, знамиња на Република Македонија, Македонската Православна Црква, Византискиот двоглав орел (кој е симбол на единството на духовната и световната власт), и со знамето на светиот цар Константин, кому ќе биде посветен храмот, застанаа во одбрана на Светата Црква. Некoи од присутните ја искористија неможноста да се контролира топлата, да предизвикаат инцидент, односно физичка пресметка меѓу неколкумина од граѓаните кои се застапуваа за изградба на храмот и некои од оние кои беа против.“

Какво е тоа „спонтано собирање“ организирано со автобуси, со однапред подготвени транспаренти, со испечатени материјали, предводено од свештени лица?
Дали на плоштадот навистина ни се случи „одбрана“ на „
единството на духовната и световната власт“?
Кога верниците „вооружени со крстот Христов“, тепаат со дршки од црковни знамиња, тоа за МПЦ е „физичка пресметка меѓу неколкумина од граѓаните“.
И покрај „пресметката“, најбитно за МПЦ е тоа што „протестот за поддршка на изградбата на храмот мирно заврши со литија од плоштадот до соборниот храм на свети Климент Охридски“.
Ако МВР сака да го расчисти случајот на попречување на правото на мирен собир, тогаш мора да поднесе кривични пријави и против свештениците од МПЦ кои „спонтано“ ја предводеа толпата, која „спонтано“ организираше силеџиски контра-протест на истото место, во истото време.
Останува да лебди прашањето: Дали свештениците од МПЦ го предводеа медиумски-најавениот контра-протест со знаење на МПЦ, или самоволно? На ова прашање одговор прво треба да даде МВР, кога е јасно дека МПЦ го избегнува.

Игнорирањето на насилството раѓа уште поголемо насилство!

Неколку изјави од медиумите во врска со насилството на плоштадот:
1) Извадок од гостувањето на „Алсат“
„Аналитичарите Жарко Трајановски и Сефер Тахири сметаа дека одговорноста за вчерашниот инцидент на плоштадот на Скопје им припаѓа на државните институции
Според аналитичарот Жарко Трајановски инцидентот беше во функција на предизборната манипулација со верските чувства на граѓаните.
„Секој протест е во поширока смисла на зборот политички. Ако во нешто се во право владејачката партија е тоа дека навистина во случајов имаше манипулација со верските чувства на граѓаните во партиски цели, меѓутоа таа манипулација веќе со месеци е дело на владејачката партија и се работи за
предизборна манипулација. Ова беше обид на група на граѓани да се спротивстави на таа манипулација, но и на беззаконието, на изградба на црква по пат на декрет и со газење на законските процедури и игнорирање на негативната одлука на градоначалникот“ изјави Трајановски“. (Аналитичари: Државните институции одговорни за инцидентот во Скопје)
2) Изјава за „Дневник“, цитат од блогов:
„Меѓу демонстрантите беше и Жарко Трајановски, активист за човекови права.
- Откако „крстоносците“ видоа дека полицијата не реагира ниту на отворе
ното разгорување национална нетрпеливост ниту на организираното попречување на протестот, дел од нив почнаа и физички да се пресметуваат со протестантите од Прогресивен млад синдикат и Прва архи бригада. Употребата на физичка сила се случуваше пред очите на полицајците, кои не презедоа никакви мерки против лицата што со клоци, тупаници, шлаканици, закани и разни форми на психолошко насилство се нафрлија врз помалобројната група, главно студенти и граѓани - раскажува тој.“ (Право на слободно изразување ќотек)

Демонстрантите извикуваа
„Не го силувајте Скопје“ и пееја „Градот убав пак ќе никне“


3) Изјава за „Шпиц“:
„Експертот за човекови права, Жарко Трајановски [сите ми го утнаа презимето] смета дека контра-демонстрантите извршиле кривично дело „спречување јавен собир“, за што е предвидена парична казна или затвор до една година. Според него, МВР се однесувало како пасивен набљудувач на насилството.
- Целта на втората група или „крстоносците“, не беше да организираат паралелен протест, туку да го попречат остварувањето на правото на мирен протест. Иако разгорувањето на верска и национална нетрпеливост е сериозно кривично дело, никој од присутните полицајци не реагираше, ниту пак се обиде да ги уапси разгорувачите на омразата – вели Трајановски.“ („Удар врз демократијата“)
А1 има уште пожестоки наслови: Терор врз демократијата! и
Недозволиво силеџиство во присуство на полицијата

4) Имав и гостување на вестите во „Алфа“, но не можам да најдам интернет линк.
Затоа, ќе парафразирам една од пораките.
После очигледното силување на македонската демократија, многу е битно како ќе реагира МВР. Дали ќе се обиде да го „покрие срамот“, или пак ќе ги уапси силувачите на демократијата и ќе ги изнесе пред суд да одговараат за сторените недела.

Од многубројните впечатливи реакции по блоговите, би издвоил само една:
„Сто пати се покајав што не напишав нешто по повод насилното прекинување на трибината на ГЕМ во Струга. И покрај тоа што воопшто не се согласувам со нивните ставови, воопшто немам добро мислење за тие луѓе и сомнежот дека можеби се работи за местенка (каква што токму тие често пати правеле во минатото ), сепак требаше да се реагира. Премолчувањето на секој таков настан е причина за исти такви инциденти, секој следен пат поголеми и позастрашувачки.“ (Стоп за македонската недемократија!)
И покрај неоправданите сомнежи на Кнсис за ГЕМ, неговиот заклучок го потпишувам.
Игнорирањето на насилството раѓа уште поголемо насилство!

Демонстранти vs. Крстоносци

3/29/2009

Правото на мирно собирање и правото на слобода на изразување се заштитени не само со Уставот, туку и со Европската конвенција за човекови права.
Контра-демонстрантите не смеат да го загрозуваат правото на мирно собрирање на демонстрантите.
Не е вистина дека „Со правовремената интервенција на полиција вчера беше спречен поголем инцидент“ (МВР), туку инцидентите се случија заради несоодветна интервенција на полицијата.
Слободата на мирно собирање не подразбира само негативни мерки (обврска на властите да не се вмешува, и да не го попречува собирот), туку и преземање на позитивни мерки од страна на властите, особено во случај кога контра-демонстрантите го загрозуваат правото на мирно собирање на демонстрантите:
„Во една демократија, правото на контра-демонстрирање не смее да се проширува во смисла на инхибирање на остварувањето на правото на демонстрирање.“ (Platform 'Ärzte für das Leben' v. Austria)
Колку и да се вознемирувачки демонстрациите, колку да им изгледаат навредливи на контра-демонстрантите, учесниците на демонстрациите мора да бидат во состојба да ги одржат демонстрациите без страв дека ќе бидат подложени на физичко насилство од нивните опоненти.
По правило, полицијата треба да е обучена за да го заштити човековото право на мирно собирање со преземање на конкретни мерки против оние што го загрозуваат тоа право.
Во случајов, не се работи за „нарушување на јавниот ред и мир“, како што тврди МВР, туку за елементи на неколку кривични дела:
1) Спречување или смеќавање јавен собир (Тој што со сила, сериозна закана, измама или на друг начин ќе спречи или ќе смеќава свикување или одржување мирен јавен собир, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.)
2) Предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост (национална нетрпеливост – викање „Шиптари, Шиптари...“, како и верска нетрпеливост против „атеистите“, „некрстените“...)
3) Повреда на рамноправноста на граѓаните (Ограничување на човековите права на мирно собирање и слободата на изразување), затоа што демонстрантите беа жигосувани како „збирштина од геј и атеисти“, како „шиптари“, „курви“, „џанкери“, „предавници“, „некрстени“, итн.
Ако полицијата и овојпат не ги открие и уапси сторителите на кривичните дела, ќе даде сигнал дека го поддржува насилството и организираното прекршување на човековите права.
На ред е МВР кое треба да ги пронајде сторителите на кривични дела од ТВ-снимките. А1 веќе им помогнаа со тоа што ги заокружија силеџиите.

Силување на демократијата

3/28/2009

Еве ги моите првични согледби за тоа што се случи денеска во центарот на Скопје:
1) Две неформални групи граѓани (Прогресивен млад синдикат и Прва Архи Бригада) се обидоа да го остварат своето уставно загарантирано право на мирен протест на плоштадот „Македонија“. Протестот бил благовремено пријавен во полиција и закажан за во 12 часот.
2) Друга помногубројна група на граѓани (која на моменти дејствуваше во форма на разулавена толпа) организирано го попречи протестот. Групата беше мобилизирана од страна на провладини медиуми, посебно од Јанко „Јади Бурек“ кој однапред ги жигоса протестантите како „збирштина геј и атеисти“. Групата граѓани (дел организирано донесени со автобуси од повеќе градови од Македонија) беше предводена од свештеници.
3) Целта на втората група (опишани како „Крстоносци“) не беше да организира паралелен протест, туку да го попречи остварувањето на правото на мирен протест на Прогресивен млад синдикат и Прва Архи Бригада. Имајќи предвид дека дел од „Крстоносците“ употребија сила и закани за да го спречат уредно најавениот протест, тие извршија кривично дело „Спречување или смеќавање јавен собир“ („Тој што со сила, сериозна закана, измама или на друг начин ќе спречи или ќе смеќава свикување или одржување мирен јавен собир, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.“)
4) Кога обете групи се најдоа на плоштадот еднододруго дел од „Крстоносците“ почнаа да манифестираат националистички говор на омраза извикувајќи „Шиптари, Шиптари...“. Иако разгорувањето на национална нетрпеливост е сериозно кривично дело, никој од присутните полицајци не реагираше, ниту пак се обиде да ги уапси разгорувачите на омраза и национална нетрпеливост или да ги издвои од групата.
5) Откако „Крстоносците“ видоа дека полицијата не реагира ниту на отвореното разгорување национална нетрпеливост, ниту на организираното попречување на протестот, дел од нив почнаа и физички да се пресметуваат со протестантите од Прогресивен млад синдикат и Прва Архи Бригада. Употребата на физичка сила се случуваше пред очите на полицајците, кои не презедоа никакви мерки против лицата кои со клоци, боксови, шамари, закани, и разни форми на пихолошко насилство се нафрлија врз помалубројната група, главно млади студенти и граѓани.
6) Според А1, полицијата најавила „пријави за организаторот на протестот односно студентите зашто немале редарска служба. За другите не, зашто спонтано се собрале.“ Ако е точно ова, тогаш полицијата отворено се става во служба на насилството и насилниците, обидувајќи се да ги инкриминира жртвите на кривичните дела, и да ги жигоса како нарушувачи на јавниот ред и мир. Практично, полицијата беше соучесник во сторувањето на кривичното дело „Спречување или смеќавање јавен собир“, пасивен набљудувач на насилството, и активен учесник во јавното инкриминирање на повредените организатори - жртви на организирано насилство.
7) Премиерот Груевски го осуди инцидентот, „подвлекувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ не е инволвирана во инцидентот“. Остануваат неодговорени прашањата: кој организираше со автобуси спонтан националистички „контра-протест“, и што бараа бројните активисти на „демохристијанската“ партија кои беа препознаени во групата контра-протестанти?
Ова што се случи денес беше уште едно силување на демократијата од страна на лажните Христијани кои наместо мир и љубов, промовираа омраза и насилство.
Се надевам дека МВР ќе престане да го поддржува насилството, дека ќе ги идентификува насилниците од видео снимките, дека ќе ги уапси сторителите на кривичните дела попречување јавен собир и разгорување национална нетрпеливост, и дека ќе преземе мерки против полицајците кои не реагираа согласно нивните овластувања.
Се надевам дека вистинските Христијани ќе ја осудат омразата и насилството и дека ќе се оградат од силувачите на демократијата кои го злоупотребија името на бога во партиски предизборни цели. Ако не се оградат, и тие ќе станат соучесници во насилството и омразата.
Верски објекти не се градат со декрет, со омраза, со насилство, со газење на законите и вршење притисоци врз судството.
Со сила црква не бидува!

Тази клетва, не е клетва!

3/27/2009

Ѓорге (или Ѓорѓе, или Ѓорѓи, или Џоле, или Џорџе, или како веќе му е името) пред малку експлицитно негираше дека им упатил било каква клетва на млекопроизводителите од Могила.

Значи, новинарите лажат кога тврдат Ѓорге Иванов испрати клетви.

Лаже дури и новинарката од провладиниот „Форум“ кога укажува „Иванов му замери на Ружин зошто ги коментирал неговите клетви, до седмо колено“.

Да потсетиме што им порача кандидатот на млекарите: „- Тие што зло мислат, зло прават и зло ги снаоѓа. Ако не сега, до седмо колено зло ќе ги следи.“

Тази клетва „до седмо колено“, не е клетва?

„Со тотално почитување, без никаков респект“ - ама обајцата кандидати покажаа многу ниско ниво на критичко дебатирање и демократска култура.

На протест!

Зошто ќе одам на протест во сабота на скопскиот плоштад, точно на пладне?
Затоа што црквите и џамиите се свети објекти и не треба да се злоупотребуваат за партиски и лични цели.
Црква не се гради со декрет.
Ако сака Никола да си изгради црква („Св. Никола Чудотворец Преродбенички“) нека го направи тоа на приватен имот и со свои пари.
Затоа - тури и крст на црквата на плоштад!
Тури им крст на спомениците!
Скопје не е некропола!

На половина пат

3/25/2009




Чудна земја сме ти ние. Нас снегот обично не' изненадува во декември или во јануари. За среќа, не дозволивме да не' парализира на 22 март и да ја доведе во прашање регуларноста на изборите. Токму затоа, сакам прво да ги пофалам сите институции што овозможија навремено доставување на изборниот материјал до најголемиот број избирачки места.Им упатувам искрени честитки за успехот на избраните градоначалници и советници, како и на оние што се пласираа во вториот круг. Несомнено, честитки заслужува и изборната администрација за успешно спроведеното гласање. Ако изборниот процес се исцрпуваше само со денот на гласањето ќе добиевме многу повисока оценка. Меѓутоа, колку и да ни ласкаат добиените честитки за мирниот процес на гласање, не смееме да ги пренебрегнеме ниту „процедуралните нерегуларности“ на денот на изборите, ниту проблемите од предизборието, ниту пропустите во процесот на броење и соопштување на резултатите.

Многу е значајно каква ќе биде нашата генерална реакција по укажувањата на ОДИХР. Ќе тргнам од симптоматичното известување на една наша новинска агенција која ја пренесе следнава изјава на потпретседателот на парламентарното собрание на ОБСЕ Пиа Крисмас - Мелер“: „Задоволен сум што гледам дека оваа држава направи многубројни чекори напред кон демократскиот пат“. Остај тоа што новинската агенција направи тежок гаф менувајќи го полот на потпретседателката. Многу потрагично е тоа што воопшто не беше пренесен вториот дел од нејзината изјава. Имено, таа не само што учтиво не' потсети дека лани сме скршнале од демократскиот пат, туку и дека „нерегуларностите и недостигот од доверба остануваат - и со нив мора да се справите...“.

Ако сака да го напушти лошиот меѓународен имиџ на незрел повторувач, Македонија конечно мора да манифестира чувство на политичка одговорност. Надлежните мора да ги признаат идентификуваните пропусти и да преземат конкретни мерки за тие да не се повторат во вториот круг или на следните избори. Како прво, се доведовме во мошне непријатна ситуација да не' потсетуваат дека е невозможно да имаме „1,8 милион гласачи од 2 милиона население“. Ова е долгогодишен сериозен проблем кој создава недоверба во системот, а може да ја доведе под прашање и регуларноста на вториот круг претседателски избори. Ќе се најде ли најпосле јунак што ќе ја понесе политичката одговорност за нерешавањето на проблемот? Ако си продолжиме по старо со политиката „никому ништо“, на следните избори може да имаме многу повеќе запишани избирачи отколку актуелни жители.Како второ, ќе понесе ли некој политичка одговорност за предизборните вработувања и притисокот врз оној дел од јавната администрација кој беше партиски злоупотребуван во предизборниот период? Ако премиерот не престане со фрлањето предизборни лопати во текот на работното време, ќе остане впечатокот дека Владата со буџетски средства ја одработува кампањата за локални избори на ВМРО-ДПМНЕ.

Како трето, мора да се признаат грешките при соопштувањето на резултатите од страна на ДИК. На пример, на првичните резултати од гласањето за градоначалник на Скопје (објавени на 23.03 во 10.38) стоеше збунувачкиот наслов „Претседателски избори 2009“. Меѓународните набљудувачи сигурно останале занемени кога ги виделе процентите од првичните резултати за градоначалник (објавени истиот ден во 13.01 часот). Како е можно Коце Трајановски да има 69,02 проценти, а Тито Петковски да има 40,71 проценти од важечките ливчиња? Кога официјалниот збир гласови изнесува над 100 отсто, некој мора да понесе одговорност за погрешната математика.

Би било добро ако нашите политичари испратат уште неколку сигнали дека сериозно ги сфаќаат упатените забелешки. На пример, дека нема повторно да имаме изборна симултанка, во која локалните избори ќе бидат маргинализирани за сметка на претседателските (впечаток кој може да се поправи и во вториот круг). Исто така, мора да бидат преземени дополнителни мерки на идните избори да има што поголема застапеност на жените и да не се повтори прекршувањето на квотата од 30 отсто уште при изборот на членови на ДИК. Ако меѓународните набљудувачи утврдиле непочитување и на забраната за пушење на гласачките места, ДИК мора да преземе мерки за сите да не го „попушиме“. Ако политичарите продолжат со тврдоглавото игнорирање на проблемите, Македонија ќе остане заложник на претставата за „непоправливиот повторувач“.

Најинтересно ми беше како странските агенции не' перципираа за време на изборите. Очигледно, формалната употреба на „поранешната југословенска...“ не ги спречи најпознатите медиуми да го користат уставното име Republic of Macedonia и зборот Macedonians (во смисла на граѓани на Македонија). Ако долгогодишната употреба на некрофилската референца не влијаеше на меѓународната перцепција на нашата земја како Macedonia (и на нашиот граѓански идентитет како Macedonians), зошто тогаш стравуваме дека замената на „поранешната југословенска...“ со подостоинствена одредница ќе влијае на меѓународната перцепција на државата (и на нашиот национален идентитет)?

Крајно време е да прифатиме дека сите што гласаме во Macedonia ќе бидеме перципирани однадвор како Macedonians независно од нашето етничко потекло. Радосна е веста дека етничкото потекло не беше најбитно за многу наши граѓани кои гласаа за претседател. Исто така, радосна е и веста дека името не е пресудно ниту за личниот идентитет ниту, пак, за политичкиот успех.

На пример, до пред изборите, еден од кандидатите го знаевме како Ѓорѓи Иванов. Кога почна кампањата, гласачите сфатија дека не се викал Ѓорѓи, ниту Џоле, туку Ѓорге. Тоа што цело време оставал другите погрешно да го именуваат, очигледно не било никаков проблем ниту за кариерата ниту за неговиот личен идентитет, а најмалку за победата во првиот круг на изборите. Ако Ѓорге немаше никакви проблеми со ‘рбетот кога го викавме Ѓорѓи и Џоле, зошто тогаш Македонија би имала проблем со ‘рбетот ако се избори за подостоинствена одредница од „поранешната југословенска Република“?

И по Тито – Титови леви сили!

3/23/2009

Еден од куриозитетите на овие избори:
Според Мост, НСДП освоиле 1,53% од гласовите за листи на градски советници, а Титовите леви сили дури 2,43%. Следствено, партијата на Тито остана без советничко место, а партијата на Јосип Броз освои едно советничко место, исто како и Мила Искреновиќ.

Македонија и Македонците

3/22/2009

Интересно е како ни се обраќаат највлијателните весници пред клучните ни избори. Financial Times го користат уставното име "Rupublic of Macedonia". International Herald Tribune известуваат од „Skopje, Macedonia“, но во текстот зборуваат за „амбициите на поранешната југословенска република да им се приклучи на Европската Унија и НАТО“.
Најинтересен е насловот - Macedonians to vote for president Sunday.
Од нивна перспектива гледано, сите што ќе гласаат во Македонија се Macedonians.
Од наша перспектива, само некои гласачи се „Macedonians“.

За аквариумските рипки

3/21/2009

Денеска забележав дека последните два поста на блогот Оксиморон се полни со клевети кон мене.
Во првиот пост „Евро Македонизам“ Вероника не го спомнува експлицитно моето име, но клевети дека „Граѓаните за Европска Македонија“ одработуваат некаква агенда за лицето БЦ. Знам дека Вероника редовно го чита мојот блог и моите колумни и знае дека досега сум упатувал бројни критики кон политиката на Црвенковски, вклучително и на „Дијалозите за Македонија“. Баш ме интересира Вероника, како лично би се почувствувала ако некој без никакви аргументи јавно те наклевети дека си била изнајмена за да одработиш за нечија политичка агенда?
Во вториот пост објавен денеска „Витруелна меморија“ (има мала печатна грешка во насловот) имам чувство дека Вероника јавно ме обвинува за плагијат:
„Пред извесно време
Жаре имаше колумна во Дневник со наслов „Аквариум“ во која преку анегдотата за кратката меморија на златните рипки се алудира на политичките состојби во Македонија. Додека го читав текстот, добив непријатно чувство на „веќе видено“. Истата алегорија, истиот концепт го имам употребено во истоимен пост на својот блог пред 3 години, во периодот на парламентарните избори 2006. Ме инспирира Iakovibus со негов пост каде ја изнесува информацијата за меморијата на златните рипки и се повикав на неговиот текст при креирањето на алегоријата.“
Драга Вероника, веќе ти одговорив во коментарите за колумната бев непосредно инспириран не од
Iakovibus туку од вицот кој ми го кажа ќерка ми. Бидејќи обвинението за плагијат е мошне сериозна работа, би сакал да ти укажам на неколку други работи:
1) Ако малку пребараш на интернет ќе видиш дека во Утрински весник бр. 952 има објавено колумна „
Аквариум“ напишана од Јосиф Ќурчиев. Колумната е објавена неколку години пред твојот пост. Колумната започнува со реченицата "Го разбирам светот како... аквариум". Како би се почувствувала кога новинарот јавно би те обвинил за „веќе видено“ и за плагијат со зборовите: „...зарем нема простор за смислување на нови метафори и алегории па мора да се користат веќе употребени и објавени од некој друг?“
2) Ако малку пребараш на мојот блог, ќе видиш дека метафората за аквариумот сум ја искористил и во неколку други постови:
„За лошиот имиџ на Македонија како резерват на „опасни животни“ опседнати со своето племенско минато подеднакво е одговорна и визната политика на „тврдината Европа“ и „преродбеничката“ политика на праисторискиот „аквариум“ Македонија.“ (колумната „Танталови маки“)
„Кој ќе ја понесе одговорноста за тоа што сеуште живееме во
аквариум и што вината за тоа постојано ја префрламе на другите?“ (Избори = Самоизолација)
3) Ако го следиш линкот во постот, тој ќе те однесе на блогот на Комитата, каде што ќе прочиташ: „Животът в аквариум не е здравословен“ и други размисли за Македонија како аквариум. Дали и Комитата ќе биде обвинет за „веќе видено“ и за плагијат?
Метафората за аквариумот е толку општо место, што верувам дека можат да се пронајдат стотици други автори кои ја искористиле во своите политички списи. Драга Вероника, дали сите нив ќе ги обвиниш за плагијат и непрофесионализам?
Драга Окси, ако останало малку доблест во тебе, очекувам јавно да ми се извиниш, исто како што јавно ме наклевети.

Дали предизборниот молк важи и за блоговите?

Колку што гледам, некои партиски блогови се активни и денеска, а молкот го кршат и некои блогери кои отворено агитираат за некои кандидати.
Ако сме медиуми, тогаш правилата треба и за нас да важат, нели?

„Лептокарија“ – Див Запад?

3/19/2009

Еве го описот на Канал 5 за случајот „Лептокарија“, кој своевремено ја објави снимката од мобилен телефон на полициското насилство:
„Тројца сообраќајни полицајци тепаа момче на паркингот кај скопскиот трговски центар Лептокарија. Со тупаници полицајците го удираа момчето и насилно го туркаа. Во помош на сообраќајците дотрчува уште еден нивни колега. Полицајците насилно го туркаат момчето долу на земја и го удираат со тупаници и клоци.“
Еве како МВР му го објаснил случајот „
Лептокарија“ на Хелсиншкиот комитет:
„...а кога граѓанинот се обидел да го напушти местото на настанот и не се одѕивал на предупредувањето на ПС, е тогаш ПС го фатил за раката и го спречил во намерата. Но, граѓанинот кој бил во пијана состојба изгубил рамнотежа и паднал на земја, поради што ПС го фатил за облеката и му помогнал да стане. Граѓанинот и понатаму бил немирен и го нарушувал јавниот ред и мир, по што била побарана интервенција од полициската станица “Карпош“, од каде дошле четири колеги ПС го врзале граѓанинот и го однеле во полициската станица.“ (месечен извештај за февруари)
„Хелсиншкиот“ ем не е зачуден, ем е зачуден од официјалното објаснување:
1) „Хелсиншкиот“ - „...не е зачуден од донесената одлуката дека полициските службеници согласно овластувањата презеле соодветни законски мерки и наводите за незаконито постапување се одбиени како неосновани. Ваквите одлуки веќе претставуваат пракса за штитење на полициските службеници од страна на свои колеги при Секторот.“
2) „Хелсиншкиот“ - „просто е зачуден и гласно се прашува како е можно полициските службеници да постапиле согласно соодветните законски норми и правила, а цела јавност беше шокирана со нивното постапување како да сме се уште во времето на “дивиот запад“.“

Ех, а кога тоа сме биле во времето на „дивиот запад“?
И баш токму денеска, МВР го чисти криминалот во своите редови.

Иванов – конквистадор?

Што сака да каже Букарски кога го нарекува Иванов „конквистадорот“?
Дали сака да каже дека е војник (партиски)?
Дали сака да каже дека е нечиј платеник?
Дали сака да каже дека е (политички) авантурист?
Дали сака да каже дека е освојувач на нови територии?
Дали сака да каже дека е безмилосен човек со железна војничка дисциплина?
Ниедна од споменатите особини, кои се припишуваат на мнозинството конквистадори, Иванов не би си ја припишал на себеси.
Дали Букарски се заебава, или пак нема поим што значи зборот „конквистадор“?

Предизборните фотки

3/18/2009

Еве ги и фотките опишани во претходната колумна.

Ќе важи ли овој сообраќаен знак на изборните места во недела?


Работното време на опозицијата

Испосник или просјак?


Шчо напраифме?
Некои пак тврдат дека Крсте бил „к'сметлија“, пошто бил испокакан од гулаби.

Предизборно „сликање“

Денеска, поттикнат од благите сончеви зраци и непредвидливите облаци, го зедов апаратот в рака и тргнав во фотографска авантура по загадочните скопски улици. Си реков, подобро е да „сликаш“ пред избори, оти по избори и онака можеш само да се „сликаш“. Ако ништо друго, мислев дека ќе им избегам на агресивните политички слогани со кои не' бомбардираат нашите кандидати (аман, од сите страни Ѓорѓи не' сардиса!). Но и покрај сите мои напори, испадна дека од политиката не се бега. Снимив неколку фотографии, а секоја снимка како да ми испраќаше различна политичка порака.

Првата фотографија ме пресретна шетајќи на калдрмата близу до Општина Центар, кога една отворена гаражна порта ми го попречи одот по тротоарот. На железната порта беше обесен сообраќаен знак за забрането паркирање, а под знакот висеше табла со натпис „освен за силеџии“. „Што сообраќаен знак ќе е ова?“ - си помислив. Знакот ме фрли во чуденка: Дали тоа сопственикот на гаражата ја осознал македонската метафизичка вистина дека сообраќајните забрани не важат за локалните силеџии? Или, пак, оригиналниот сообраќаен знак пророчки укажува какви сообраќајни забрани ќе важат на гласачките места на денот на изборите.

Вториот кадар го уловив одејќи по една уличка накај познатиот кружен тек. На излогот од еден дуќан ги забележав следниве натписи: „Работно време - како кога“. „Сабота - можеби исто“. „Пауза - секогаш“. „Недела - никогаш“. Верувајте, првата мисла што ми падна на ум беше дека ова сигурно мора да било работно време на нашата опозиција, до пред изборите. Додека Владата преродбенички (не) работеше нонстоп (24/7, особено во недела), опозицијата си пееше од избори до избори безделничка песна: „Понеделник-поседелник, вторник-празнозборник, среда-непреда, четврток-неврток, петок-поседок, сабота-неработа, недела-поседела“. Но, како што на свадба со празни раце не се оди, така и на избори не се оди без политичка програма! Нејсе, една седмица пред изборите адутот на СДСМ (познат по прекарот „Костоломац“) најпосле излезе со некаква „платформа“ од дури седум тези. Како ли не се најде никој да го посоветува дека зборот „платформа“ кај нас тешко поминува? „Платформа“ асоцира на вадење нафта, а во Македонија, нели, не пиеме (грчка) нафта, туку (шведско) млеко. Особено откако Грците ни изградија нафтовод за да не' молзат како шведски крави.

Додека ја снимав третата фотографија, фокусирајќи ја новата статуа на улица Македонија, две жени застанаа покрај мене загледувајќи се во новото ремек-дело на македонската преродба во 100 скулптури. „Што ли ќе да е сега ова?“ - запраша едната, како да ми ги чита мислите. Втората веднаш и' одговори: „Просјак ќе да е, види ја раката како му е испружена“. Тогаш првата мудро заклучи: „Мошне верно ги отсликува перспективите на македонскиот народ“ и со тоа го заврши кусиот естетички дијалог за новото уметничко дело. Јас останав да се џарам во новата статуа со разбудена надеж дека македонската уметност најпосле почна да комуницира не само со духот на времето туку и со духот на народот. Навистина, може ли да си замислите побунтовен уметнички израз од поставување скулптура на просјак откако нашите ефикасни „алфи“ го „исчистија“ градот со реализацијата на оперативниот план „питачење“? Има ли нешто побунтовно од поставување скулптура на „шмизла“ откако МВР се обиде да ги „дислоцира“ блудниците пропагирајќи го владиниот идеал на мајка-треторотка?

Последната фотографија на споменикот на Мисирков ми разјасни уште неколку филозофско-политички недоумици. Изгледа боговите лично ми испратија јасновидение, додека залудно се обидував да го фатам прашањето „Шчо напраифме“ без „Лесковачка скара Пела“ во заднината. Несомнено, дуќанот сведочи дека уште во времето на античка Македонија на овие простори се правеле квалитетни плескавици според строгите стандарди на лесковачката „роштиљ“ академија. Но, без секирации. Не беше лесковачката скара „Пела“ метафизичкиот одговор на Мисирковото прашање „Шчо напраифме“. Светилката ми светна откако во кадарот со статуата на Мисирков остана дел од вертикалниот натпис „Пелагонија“, без првите три букви.Штом ме одмина силниот ненадеен изблик на радост и воодушевување од „откровението“ (едно од значењата на „агонија“), почнав да се прашувам: Ќе имаме ли сили да ја истрпиме и оваа предизборна агонија, ние политички страдалници од векот? Кој ќе биде жртва на силеџиски политички натпревар што зема замав деновиве („агонија“ означува и насилна борба или натпревар)? До кога ќе бидеме заложници на политичката Пела-агонија, на залудното античко страдание и на промашената „лесковачка“ борба за античко-македонската Пела?

Да не должам, би сакал да го потсетам нашиот премиер на зборовите на Методија Андонов Ченто, чие име предизборно го злоупотреби пуштајќи во употреба спортска сала во Маџари: „Пред тоа, честопати некој не поврзуваше како потомци на Александар Македонски, што е разбирливо, затоа што немаше историја напишана објективно, а вистината повеќе се прераскажуваше и притоа се правеа грешки. Верувајќи и не верувајќи на такви прераскажувања, во 1934 година отидов во Грција - Солун и Атина и наполно се уверив дека нашите прадедовци немаат никаква врска со Александар Македонски“.Ако е навистина доследен почитувач на ликот и делото на Ченто, премиерот треба час поскоро да ја признае историската грешка со преименувањето на аеродромот, автопатот и со подгревањето на букефализацијата и хунзоманијата. Не е лошо и тој да ги посети Солун и Атина, за да им го пренесе на соседите Чентовото уверување дека „нашите прадедовци немаат никаква врска со Александар Македонски“. Само така ќе може да придонесе во запирањето на македонската политичка агонија.

ГЕМ во акција: Колку дрвца пораснаа?

3/14/2009

Неколку активисти на ГЕМ денеска трагаа по одговор на прашањето: „Колку од милионите посадени дрвца лани успешно се развиваат?“ Посетивме една локација во околината на Скопје (с. Булачани) и две локации во околината на Струга. Утре ќе одиме и на Ајватовски рид.

Еве што видовме во Булачани. Празни бразди. Нигде дрвце израснато.


Лани, на 12 март, бевме сведоци дека тука имаше илјадници посадени дрвца. „Мора барем едно да се има фатено“ - не губевме надеж.


По долга потрага, најпосле успеавме да пронајдеме една садница. Има ли шанси да заживее? Се сомневам.


Пронајдовме само 5-6 исушени садници. Го напуштивме пустиот изоран рид, сведоштво за една промашена преродбеничка акција.
А еве што ни соопшти еден наш активист од Струга за месноста „Октишка краста“: „...на ридиштата на кои имаше бразди нема ниедно дрвце на повидок, но кога почнав детално да ги прегледувам по браздите забележав исушени борчиња и други дрвца... Не забележав ниедно дрвце што успеало.“
Според сведочењата на локалните жители, акцијата била тотално неуспешна и во месноста „Делогожда (кај крастата)“.
Да се надевам дека прашањето „Колку од посадените дрвца пораснаа изминатава година?“ не е од оние прашања што не заслужуваат одговор.

Етика во политиката?

3/13/2009

Ете, тоа била целта на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ. Да внесе етика во политиката. Досега неверојатно му оди. Покажа на дело како се внесува етика на клетви и етика на навреди. Млекарите очигледно не се со сите, штом Џоле е „еден за сите“.

Одеднаш ми стана сосем јасно зошто Џоле и Фрчко се автори на ист учебник. Имаат многу блиска етичко-политичка перспектива.

Извештајот на евро-парламентот: пораз или победа?

3/12/2009

Уште насловот објавен на официјалната страница мириса на лошо: „2008 progress reports on Croatia, Turkey, and FYROM: EP sets out its views“. Употребата на „некронимот“ FYROM, наместо референцата во која стои името Македонија е загрижувачка.
Ако сака ВМРО-ДПМНЕ да го претвори извештајот во победа, ќе мора да го стори следново: „MEPs underline the need for FYROM and Greece to find a mutually acceptable solution on the name issue while reiterating their support for the UN-brokered mediation process. Parliament states that if the two countries don't reach an agreement soon that may lead to a long delay of FYROM´s accession to EU.“
Тоа го пишува на веб-страницата, а еве што вели денес
евро-парламентот: „...warns that unless agreement is reached quickly between the two states, this could result in a long delay in the former Yugoslav Republic of Macedonia joining the EU;“
Значи, ако замрзнатите преговори не продолжат, и ако не се најде брзо решение за спорот со името, тоа може да доведе до „долготрајно одложување“ на нашето пристапувањето кон ЕУ, без разлика на сите економски или „визни“ успеси.
Жива срамота за нашите „борци за идентитетот“ – додека евро-парламентарците не „фиромизираат“ и отворено се закануваат дека без брзо решение на спорот ќе има „долготрајно одложување“ на приемот, нашите „борци за идентитетот“ предизборно прогласија „рововски“ победи.

Недостига магија?

Гледам, Геро ја пренесува колумната на мојот пријател Жарко Јорданоски „Магијата што недостига“.
Фина е колумната, ама од каде заклучокот дека немало пораки со магија во досегашната кампања?
Мојот имењак изгледа подзаборавил дека фрлањето изборни клетви до седмо колено е форма на магија. Злобна магија.


Џубокс-демократија

3/11/2009

Дозволете ми да споделам со вас неколку прашања што почнаа да ме преокупираат откако ги чув брилијантните предизборни идеи на нашите политичари. По мудрата и незаборавна изјава на теоретичарот на нашата космодиск-демократија почнав да се прашувам: Каква врска има сега космодискот со преродбата? Одговорот го пронајдов во рекламата на една презадоволна корисничка на „шашавото“ помагало за ‘рбет: „Откако го купивме космодискот и го носам, јас сум преродена“. Ете што ти била поентата со преродбеничкиот космодиск. За успешно да продолжиме по патот на „шашавата“ преродба во 100 чекори, неопходно ти било перманентно топ-шоп масирање на македонскиот „‘рбет“. Рекламно масирање до отекување.
Второто прашање почна да ме опседнува по промоцијата на проектот „Пловен Вардар“: „Што друго може да плови по матниот Вардар, освен фекалии од канализација, пластични шишиња и по некоја медиумски-несфатена глава од коза?“ Досега добив два точни одговора. Еден рибар ми потврди дека во левата притока на Треска успешно пловат и рибарски „тапи“ со политички мамки на кои се фаќаат лековерни гласачи. Едно прваче пак ми се пожали дека идејата за „пловен Вардар“ му ја препишале од преполовената тетратка за домашна работа. Половина од листовите ги потрошил за изработка на хартиени бротчиња кои успешно пловеле по Вардар. Ете што ти била поентата со „пловен Вардар“. Ем рибарите и малите деца да си имаат занимација ем да се уловат некои наивни кленови на јадицата од минхауезеновски ветувања.
Третото прашање почна да ме прогонува откако го прочитав описот на проектот „Рестартирање на стариот часовник...“ Навистина, кои песни од македонскиот народен мелос секој час ќе не' потсетуваат дека „времето во Скопје сепак се движи и не застанало“? Се плашам дека пак залудно ќе поарчиме многу време. Затоа, благовремено ги давам моите конструктивни предлози за македонскиот преродбенички џубокс: „Туѓината пуста да остане“ (за антиизолационистите), „Темна ми магла паднала, сето го поле сокрила“ (за учесниците во политичките дебати), „Сонцето трепти да зајди“ (за борците за слобода на изразување), „Седумдесет села шетав“ (за предизборните шетачи), „Проклето да е триклето“ (за грчкото вето), „Јасно сл’нце што си застанало“ (за ЕУ-интеграцијата), „Зошто си ме мајко родила“ (за последиците од политиката за „трето дете“), „Доста си јодихме, доста си шетахме“ (за визната либерализација), „Дај ми мамо динар, до два“ (студентска), „Да сум бистра вода“ (вардарска), „Абер дојде од овчаро“ (пастирска)...
Е, тука ми се наметна клучното прашање: Дали преродбеничките кандидати се борат за космодиск-демократија или пак за џубокс-демократија? Или и за едното и за другото. Можеби изгледаат „шашаво“, ама кога ќе им пикнеш паричка - функционираат. Милно ни ги пеат на увце омилените турбофолк-композиции на „пастирот“.
Едно од поголемите изненадувања на здодевниот политички репертоар е тоа што и кандидатот „еден за сите“ му се приклучи на друштвото љубители на песната „Македонија нема друга алтернатива“, омилена композиција на актуелниот претседател. Досега, песната ја пее во „двојна формула“. Во едно село пее „Македонија е дел од Европа“, а во друго „Македонија е на патот кон Европа“. Навистина, друга алтернатива нема - или сме дел од Европа или сме на патот кон Европа.
За да го разбуди народот од квазипатриотска дремка, кандидатот на најголемата опозициска партија громогласно пее борбени антиизолационистички песни за слобода. Неговата партија веќе ги редефинираше основните програмски определби. Верувале или не, приоритет број 1 за социјалдемократите е „сочувување на македонскиот национален идентитет“. Значи, и СДСМ верува дека најмногу изборни поени носи песната „македонско име нема да загине“. Читајќи ги опозициските приоритети, добив впечаток дека меѓународните набљудувачи се кривогледи кога ни укажуваат дека имаме сериозен дефицит од демократија, човекови права и владеење на право. Овие зборови воопшто не се спомнати во предизборната програмска песна на СДСМ, иако нивниот кандидат за „музички идол“ милува да се себеопејува како борец за човекови права и слободи. Но, додека во Центар Фрчкоски пее за „плурализмот на животните стилови на супкултурните групи“, кандидатот на СДСМ во Кисела Вода пее за „дислокација на центарот за зависници од Кисела Вода“?!
Во меѓувреме, премиерот го користи работното време за пеење ударнички песни и фрлање лопати на новите камен-темелници на патишта, селски водоводи, училишта, спортски сали... Со тоа им дава личен пример на државните службеници како треба да се работи 24/7 за партијата, со народни пари. И пролетва, омилена песна ќе му биде „Бор садила мома Благородна (македонски превод на Евгенија)“. Само што џабе бог го моли, никако борот да му порасне. Ете што ти е џубокс-рекламократија: ем предизборно ќе злоупотреби „20 милиони нови дрвца“ ем јавно ќе моли „оваа граѓанска иницијатива да не се злоупотребува во партиско-политички цели“.
На 22 март ќе ни се постави уште едно изборно прашање: Какво дрво ќе избереме за да ја засадиме нашата политичка иднина? Какво и да изберете, очи ширум отворете. За да не изгинете во некои предизборни политички „дупки“.

Гласајте за Тито!

3/10/2009

Да нема забуни! Станува збор за рекламната кампања на носителот на листа на советници за град Скопје, кандидат на „Сојуз на Титови леви сили“.
Знам, и мене ми беше проблем да го идентификувам вистинскиот кандидат.
И по Тито, Слободан!

Најче ќе ви ЕЕЕ мајче!

3/09/2009

Прво што би направила кандидатката за градоначалник Најческа е отпочнување на борба против урбаната мафија, почнувајќи од најмоќните узурпатори – Кинески ѕид и Шпанско село.

Нејзината програма се состои од три Е: Економија, Екологија, Еднаквост.

Најче го замислува Скопје како „одржлив град“ со „глобална стратегија и план за развој на градот во наредните 50 години“.

Најче е за „прогласување на мораториум на просторното и популационо ширење на Градот“. Ќе се залага Скопје да „има реална власт над сопствената територија и реални права на управување како сопственик на градежното земјиште на Градот“.

Познатата заштитничка на човекови права би формирала „урбана (градска) полиција што ќе го подигне нивото на сигурност на живеењето“.

Има и друг интересен предлог: „Наместо досегашните 3 % , најмалку 50% од персоналниот данок што го плаќа секоја Скопјанка и Скопјанец да се слеваат во градската каса, а не во владината“.

Исти популисти

Коза лаже – (б)лог не лаже! Наспроти неоснованите обвинувања на Бичиклиски, СДСМ-овските кандидати за градоначалници имаат програми кои можат да се најдат на партиската веб-страница. Но, кога кликнав на кандидатот за мојата општина – Кисела Вода – кое изненадување: „дислокација на центарот за зависници од Кисела Вода“ е еден од приоритетите на кандидатот Благоја Симоновски. Кога прочитав дека кандидатот за општина Центар ќе се бори „против наркоманијата“, изгубив желба за натамошно читање на СДСМ-овски локални програми.
На СДСМ не му доаѓа памет. Претходните избори ги изненадија како снег у јануари. Очигледно, и на овие редовни избори се комплетно изненадени, оти нивниот претседателски кандидат сеуште нема своја програма. Наместо програма, кандидатот
Фрчкоски ги нуди своите колумни.
А што да се каже за
програмата на Иванов? Ја прочитав на неговиот „комерцијален“ сајт, и многу ми се бендиса како е напишана. Само што многу повеќе личи на бајка за мали деца, отколку на конкретна политичка програма. Посебно ги препорачувам народните прикаски „За улогата на традицијата во нашите животи“ и „За семејството“.
Штета што учениците од петто одделение немаат право на глас.

Подарок за 8-ми март

3/08/2009


До сите читателки на Зомбификација: Честит празник и многу успеси во борбата за родова еднаквост!




Колку за потсетување

Нашите борци против дискриминација
Неговата „проминенција“ Фрчкоски!
Профилот на ФИРОМ-џијата
Дволичност, „драги мои"
„Ни лук јал, ни лук мирисал"?
Фрчкоски и „Квислинзите“
Уште еден бисер на „експертот“!
Нетолеранција и игноранција

Македонското харикири

Мошне контроверзна колумна на Димитар Димитров, која фрла дополнителна светлина врз нашата промашена „борба за идентитетот“.
1) Преродбата како „одродба“:
„Ако пред еден век грчката теорија за нашето потекло од античките Македонци била во функција на освојување и етничко чистење/погрчување на реална Македонија, прифаќањето на сегашната „наша“ варијанта на таа теорија би значело освојување и вршење етничко чистење на една виртуелна Македонија, од која би се протерале одамна починатите Грци, но и живите Македонци од славјанско потекло. Би се реконструирала чиста античка Македонија на чисти антички Македонци, какви што би се самопрепознале поминувајќи курс на одродба, препишан од Каравангелис.
2) Букефализацијата како македонско харикири:
„Ваквата археолошка, етнолошка и историска дигресија од правно-политичкиот спор за името на државата, објективно би претставувала харикири на таа наша држава и на нејзиното мнозинско славјанско население.“
3) „Клоновите на Александар“ во служба на „грчкото етничко чистење на Македонија од Славјаните“:
„Грчкото етничко чистење на Македонија од Славјаните од пред еден век, сега би го продолжиле живите „антички“ Македонци, разбудени од милениумскиот славјански сон како клонови на Александар, во кои го положуваат својот идентитет и ја повикуваат нацијата тоа да го браниме пред светот со правото на идентитет.“ (
Името и идентитетот)
Наместо клонови, го претпочитам зборот зомби!
За мене, букефализацијата е зомбификација.

Каква изолација?

3/07/2009

Пред неколку месеци, на претседателските „Дијалози за Македонија“, на тема „Интеграција или изолација“, ја ставив под прашање следнава претпоставка: Демек, досега не сме биле изолирани, а отсега ќе бидеме изолирани.
Моите поенти беа дека политиката на еквидистанца (на Глигоров) беше изолационистичка политика, како што сведочи и популарната синтагма „оаза на мирот“. Зборот оаза подразбира дека се околу нас е пустина, и дека само ако си седиш мадро дома ќе ти биде убаво.
Да не должам, како показател дека и денес сме изолирани, го посочив фактот дека може да патуваме без визи само во една африканска земја. Укажував и дека европската перспектива подразбира отвореност кон соседите, надминување на непријателствата и проблемите, и перманентно зајакнување на добрососедските односи.
Навистина, што е поентата на кандидатот на СДСМ кога тврди дека „Сиромаштијата во која не носи оваа власт е тешка, но уште потешка е изолацијата во која не носат“ (А1)? Зарем досега и сега не сме изолирани?
Ако сака политички да профитира на тема „изолација“, СДСМ мора прво да побара прошка за про-југословенската изолационистичка политика на Глигоров. Второ, мора да објасни што подразбира под политика на „изолација“ и „себеизолација“.
Од аспект на обичен граѓанин, ние сме изолирани во егзотичната балканска „зоолошка градина“ од осамостојувањето, а не последниве неколку години.
Граѓаните не се плашат од зборот „изолација“, како што не се плашат и од зборот „криза“. Предолго сме изолирани и во криза за да не тангираат овие зборови.
Поентата на Фрчкоски и Црвенковски дека допрва некој не води во изолација е имплицитно себеамнестирање за досегашната изолационистичка политика во која активно партиципираше и СДСМ.

Преродбенички космодиск

3/06/2009

Се што ќе кажеш и напишеш може да те удри по глава. Тоа многу добро му е познато на колумнистот Фрчкоски.
Ете, некни Фрчко си пукаше во нога со силеџиската изјава „...ние на 22 март мораме да им ја скршиме ногата". Само му даде повод Груевски (кој „остварува“ 24/7 за Иванов) реторички да го избоксира претставувајќи го како силеџија.
Ако метафората со лифтот логички го заглави, метафората со космодискот му ја скрши кичмата на Иванов: „Ако некому му е потребен космодиск, тоа е на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ да си ја поткрене кичмата од сервилноста кон својот партиски шеф, кој на овој начин ја изразува комплетно нивната конфузија околу решението, само пренесена е во неговите ставови", изјави Фрчкоски. (А1)
Фрчко почна да пука и кон Грујо, кој секој ден фрла лопати на камен-темелници. Фрчко „обвини дека Груевски е единствениот политичар кој во Судот во Лондон сведочел против интересите на државата, а во корист на „ОКТА“, по што Македонија беше осудена да плати 17 милиони долари“ (А1).
Очигледно, темата кој е поголем македонски предавник и грчки платеник максимално ќе се експлоатира на овие избори.
А каква е врската помеѓу космодискот и преродбата?
Само прочитајте ја рекламата: „Откако го купивме Космодискот и го носам, јас сум преродена.“

Иванов и Бог

Во следните неколку поста ќе ја анализирам програмата на Иванов. За почеток, еве неколку проповеднички извадоци на претседателскиот кандидат од „библиската и апостолска македонска земја“:
„Бог сакаше мојот син да се роди само неколку дена по прогласувањето на независноста на Република Македонија.“
„Се раѓаме по милоста Божја.“
„Бог нека ја благослови Македонија!“
„...ќе покажеме дека ја делиме истата човечност и верба во праведниот Бог кој сака мир меѓу своите поданици.“
„Животот на село подразбира напорна работа, силна заедница, верба во Бога и приврзаност кон земјата. “
„Македонскиот град ја има традицијата на вредни луѓе, деловна чесност, мултикултура и верба во Бога. “
„Сите имаат право да го живеат својот живот даден од Бога без чувство дека се заборавени, отфрлени или дискриминирани. “
„Верувам во идеите на правдата и меѓусебното разбирање помеѓу луѓето во светот кој заеднички го проектираме и градиме укрепувани и водени од Бога.“
Каде исчезна христијанската скромност, да не се спомнува Бог залудно?

Грујо лаже, спот не лаже?

3/05/2009


- Никогаш не сум терал никого да зема кредит, ниту млекарите, ниту кој било друг. (Груевски ги отфрли обвинувањата на Заев за кризата во „Сведмилк“)

„- Се работи за приватна компанија и однос меѓу два приватни субјекти.“

А еве што викаат од Сведмилк, во спотот на ВМРО-ДПМНЕ за „Преродбата продолжува“:

„Не повикаа на разговор, летото 2006 и оттогаш ја имаме нивната целосна поддршка во сите наши чекори“.
„Она што сега го правиме е да обезбедиме извоз и заради тоа тесно соработуваме со владата“.

„Македонската салата“ на Иванов

Еве како се доживува себеси човекот „еден за сите“ во интервјуто за Дојче Веле: „претседателот да ги претставува сите слоеви од општеството, сите структури и едноставно сето општество да биде преку претседателот претставено.“

Следнава изјава и самиот би ја потпишал – многу слична критика на политиката на „еквидистанца“ дадов и самиот во претседателските „Дијалози за Македонија“:

„Досега имавме однос кон соседите кој го дефиниравме како еквидистанца, значи еднаква оддалеченост од сите. Јас го промовирам концептот на еднаква отвореност и еднаква блискост со сите, затоа што тие ни се соседи, не можеме да ги менуваме и затоа треба да најдеме начин на живот со нив.“

Еве, како Иванов зборува за компромисот со Грција:

„...во историјата на меѓународните односи такви проблеми не се решаваат, меѓутоа се наоѓа начин да се живее со тој проблем и да се постигне некој компромис кој нема да биде на штета ни на едната ни на другата страна.“

Иванов вешто ги користи познатите метафори за Македонија како „мозаик“ и „македонска салата“: „..во секоја енциклопедија, во секоја анализа, секојпат Македонија е синоним за нешто што не може да се раздели, да се подели. Тоа е еден мозаик на различни нешта, различни етнички групи, јазични, религиозни заедници, односно наједноставно сликовито кажано она што Французите го нарекуваат „македонска салата“.“

Најизненадувачки за мене – и Иванов се приклучи на друштвото љубители на празната фраза „Македонија нема друга алтернатива“, предводено од Црвенковски: „Македонија нема друга алтернатива. Македонија е дел од Европа, од европскиот простор. Македонија има потреба од НАТО. Тоа е нашата генерална стратешка определба. Од тоа ние не отстапуваме.“

Тука Иванов најексплицитно истакнува дека „Македонија е дел од Европа“.

Претходно кажа дека „Европскиот идеал е и македонски идеал“ дека „Во суштината на македонските вредности и идентитет се европските вредности“.

Е, сега, ако „Македонија е дел од Европа“, тогаш е бесмислено да се зборува за „Патот кон Европа“: „Патот кон Европа е и пат за македонскиот идентитет и култура, јазик, а од нив нема откажување - посочи Иванов.“ (Македонскиот идеал е европски).

Иванов ќе мора да се откаже од нешто: или од тоа дека сме дел од Европа, или од тоа дека сме на пат кон Европа. Да не се откаже само од логиката.

СДСМ и македонскиот национален идентитет

Погледнете ги само десетте програмски определби на СДСМ:

1. Сочувување на македонскиот национален идентитет

2. Политичка стабилност на Македонија

3. Членство во ЕУ, членство во НАТО

4. Вистински економски прогрес

5. Повисок животен стандард и намалување на сиромаштијата

6. Квалитетно образование достапно за секого

7. Здравство за сите

8. Пензии за достоинствен живот

9. Европско и профитабилно земјоделство

10. Подигнување на квалитетот на животот на секој човек

Обични апстрактни фрази.

Дали некаде ги забележавте зборовите – демократија, владеење на право, човекови права?

Верувале или не, приоритет број 1 е „сочувување на македонскиот национален идентитет“. Значи, и СДСМ верува дека најмногу политички поени носи приказната дека идентитетот е загрозен.

А што „бранителите на идентитетот“ од СДСМ подразбираат под „македонскиот национален идентитет“?

Аман веќе, престанете да ни го браните идентитетот.

И Иванов за Европска Македонија

3/04/2009

Еве како Груевски си го замислува Иванов:
„Човек, кој што ќе знае како да одговори на уцените и притисоците што и се прават на Република Македонија. И кога станува збор за борбата за нашето име, за нашиот идентитет, човек кој нема на едно место да збори едно, а на друго место да збори друго“, истакна Груевски. (Иванов: Македонија место на успешни луѓе)
Вчера, на ТВ-дебатата, на исто место, Иванов збореше и едно и друго. Ем беше за копромис, ем не беше за копромис. Ем беше против антиквизацијата, ем беше за антиквизацијата.
Еве што вика денеска: „Наша цел е европска Македонија, но треба да влеземе во неа како Македонци, рече пред жителите на Кочани, кандидатот за претседател Ѓорге Иванов.“
Албанците веќе реагираа на изјавата на Груевски „Македонија има само Македонци...“ (Груевски: Сите сме Македонци).
Што подразбира Груевски под „нашиот идентитет“?
Чија ќе биде Европска Македонија - на македонските граѓани (независно од етничкото потекло) или на етничките Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и други?

Ќесе имам, пари немам!

Има ли разлика помеѓу филмската лента и Македонија? - Има. Филмската лента се развива.
Несомнено, за да се истрпи оваа кисела шега потребно е широко срце. Но, човековиот развој не се мери со срцето. Ако сакате да го чуете ритамот на развојот, не си го отворајте џабе срцето. Отворете си го ќесето. Тука лежи крунскиот доказ дека Македонија не се развива.
Каква песна ни пее отвореното ќесе? - „Не стој Доне Донке, не гледај ме, од гледање Донке, фајде нема“. Отвореното ќесе зјае и предупредува: стоиме во место, тапкаме во место, летаме во место. Отвореното ќесе е показател дека ниту се движиме ниту се развиваме. Оти движењето подразбира промена на местото. Движењето подразбира повеќе пари во ќесето.
Не е потребна ниту макроекономија ниту виша математика за да се согледа овој непобитен факт. Доволно е да се направи едноставна споредба. Одземете ја од сегашната просечна нето-плата потрошувачката кошница од двесте евра. Можностите за индивидуален развој лежат токму во таа разлика. Потоа, споредете ја добиената сума со состојбата од пред неколку години. Помалку или повеќе, ќе добиете сличен резултат - пет-шеесет евра! Ете, толку имаме потенција(л) за „развој“, откако ќе ги задоволиме основните месечни потреби за преживување.
Што попрво да се купи со тие пет-шеесет евра месечно (или со две евра дневно)? Која дупка попрво да се закрпи? - тоа е секојдневната дилема на просечниот македонски граѓанин.
Очигледно, нашата „преродбеничка“ влада, која посветено и неуморно арчи од државното ќесе, нема вакви „развојни“ дилеми. Вчера прочитав дека Владата ќе издвои 20 милиони евра за археолошки ископувања - цели 100.000 потрошувачки кошници! Покривањето на „срамот на демократијата“ ќе не' чинело 17 милиони евра - десетина нови училишта. Само за спомен-обележјето „Паднатите херои за Македонија“ нашите власти се подготвени да поарчат цели шеесет милиони денари! Хероите што со последни сили ја преживуваат македонската транзиција - меѓу кои има над триста илјади невработени - никој не ги есапи. Побитни се спомениците и восочните фигури.
Споменатите десетици милиони евра изгледаат како безначајни трошки леб во споредба со предизборниот „сомун“ од цели 8 милијарди евра! Уште не сме ги исплатиле пеналите од тајванската „милијарда на Циле“, а веќе влегуваме во нова политичка авантура на нуклеарен погон - осумте милијарди на Грујо. И потоа некои ќе клеветат, Егејците ми ти биле скржави! Ете уште еден доказ дека вицовите немаат врска со реалноста. Ако им дадете на нашите политичари да ви причуваат гуштери, тие ќе ви ги вратат како диносауруси.
Докажаните експерти по неолит и антика покажаа дека ги бидува и за научна фантастика. Ни предочија што се' ќе се направи со фамозните 8 милијарди евра, единствено остана непознато од каде ќе се соберат. Некои аналитичари (кои не сакаат да пијат нафта од Овче Поле) веќе почнаа да го бараат одговорот во култната книга „Баронот Минхаузен“ - омилено предизборно четиво. Нејсе, ми се чини дека одговорот лежи во еден друг детски предизборен класик - „Чудните доживувања на Петер Шлемил“. Осум милијарди евра теоретски може да се соберат само од волшебното ќесе што не се празни - ќесето што Петер Шлемил го „ќарува“ откажувајќи се од сопствената сенка! Ни фалат само уште чизмите од седум милји, па успешно да продолжиме со митската преродба во сто чекори.
Додека арчиме пари и време во изборната минхаузенијада, економската криза полека не' гази. И покрај тоа, песната „Три месеци криза се спрема, а владата гајле си нема“ не допира до големото уво на владејачката партија. Со скапите техники на масовна хипноза властодршците упорно се обидуваат да не' убедат дека „Денес Македонија не стои... Денес Македонија се движи!“ Но, и ако 8 милијарди пати ни повторат на увце дека „Македонија не стои... Македонија се движи...“, тоа не значи дека ќе се придвижиме од место.
Утешната приказна што ни се продава е дека не сме стоеле без борба и залагање како порано. Приказната што ни го изгоре ќесето не дава одговор на две клучни прашања: Каде се движиме? За што се бориме? Да повторам, движењето подразбира промена на местото. А ние, со пет-шеесет евра месечно, упорно шлајфуваме во политичката кал на неостварените ветувања. Оние што дојдоа на власт ветувајќи зголемување на животниот стандард и намалување на невработеноста и сиромаштијата немаат со што да се пофалат. Им останаа за фалење само проѕирните пропагандни бајки и епската приказна за херојската „борба за уставното име и нашиот идентитет“.
Малку и да се пофалам. Како што предвидов, стануваме се' посвесни дека сме жртви на промашената борба, на големата манипулација. Ете, дури и „бескомпромисниот“ борец за уставното име почна да зборува за достоинствен компромис. Некои го обвинуваат затоа што постојано доцнел, најмалку половина час. Во случајов, ако нашиот премиер не доцнеше неколку години, навреме ќе го фатевме возот за НАТО и за ЕУ.
Неколкугодишното доцнење ни го изгоре ќесето. Како што идат работиве, ќе си останеме ем без уставно име ем со празно ќесе. Се зголемува само бројот на граѓани што нестрпливо го очекуваат падот на шенгенскиот ѕид за да ја напуштат државата.А еве го и мојот предизборен слоган кон моите сограѓани: Не менувајте ја државата. Сменете ги политичарите што доцнат!

Мојот список со блогови

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Архива на блогот

Footer Widget 1

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Footer Widget 2

Популарни објави

Популарни објави

Popular Posts this month

Popular Posts this week