skip to main |
skip to sidebar


Чудна земја сме ти ние. Нас снегот обично не' изненадува во декември или во јануари. За среќа, не дозволивме да не' парализира на 22 март и да ја доведе во прашање регуларноста на изборите. Токму затоа, сакам прво да ги пофалам сите институции што овозможија навремено доставување на изборниот материјал до најголемиот број избирачки места.Им упатувам искрени честитки за успехот на избраните градоначалници и советници, како и на оние што се пласираа во вториот круг. Несомнено, честитки заслужува и изборната администрација за успешно спроведеното гласање. Ако изборниот процес се исцрпуваше само со денот на гласањето ќе добиевме многу повисока оценка. Меѓутоа, колку и да ни ласкаат добиените честитки за мирниот процес на гласање, не смееме да ги пренебрегнеме ниту „процедуралните нерегуларности“ на денот на изборите, ниту проблемите од предизборието, ниту пропустите во процесот на броење и соопштување на резултатите.
Многу е значајно каква ќе биде нашата генерална реакција по укажувањата на ОДИХР. Ќе тргнам од симптоматичното известување на една наша новинска агенција која ја пренесе следнава изјава на потпретседателот на парламентарното собрание на ОБСЕ Пиа Крисмас - Мелер“: „Задоволен сум што гледам дека оваа држава направи многубројни чекори напред кон демократскиот пат“. Остај тоа што новинската агенција направи тежок гаф менувајќи го полот на потпретседателката. Многу потрагично е тоа што воопшто не беше пренесен вториот дел од нејзината изјава. Имено, таа не само што учтиво не' потсети дека лани сме скршнале од демократскиот пат, туку и дека „нерегуларностите и недостигот од доверба остануваат - и со нив мора да се справите...“.
Ако сака да го напушти лошиот меѓународен имиџ на незрел повторувач, Македонија конечно мора да манифестира чувство на политичка одговорност. Надлежните мора да ги признаат идентификуваните пропусти и да преземат конкретни мерки за тие да не се повторат во вториот круг или на следните избори. Како прво, се доведовме во мошне непријатна ситуација да не' потсетуваат дека е невозможно да имаме „1,8 милион гласачи од 2 милиона население“. Ова е долгогодишен сериозен проблем кој создава недоверба во системот, а може да ја доведе под прашање и регуларноста на вториот круг претседателски избори. Ќе се најде ли најпосле јунак што ќе ја понесе политичката одговорност за нерешавањето на проблемот? Ако си продолжиме по старо со политиката „никому ништо“, на следните избори може да имаме многу повеќе запишани избирачи отколку актуелни жители.Како второ, ќе понесе ли некој политичка одговорност за предизборните вработувања и притисокот врз оној дел од јавната администрација кој беше партиски злоупотребуван во предизборниот период? Ако премиерот не престане со фрлањето предизборни лопати во текот на работното време, ќе остане впечатокот дека Владата со буџетски средства ја одработува кампањата за локални избори на ВМРО-ДПМНЕ.
Како трето, мора да се признаат грешките при соопштувањето на резултатите од страна на ДИК. На пример, на првичните резултати од гласањето за градоначалник на Скопје (објавени на 23.03 во 10.38) стоеше збунувачкиот наслов „Претседателски избори 2009“. Меѓународните набљудувачи сигурно останале занемени кога ги виделе процентите од првичните резултати за градоначалник (објавени истиот ден во 13.01 часот). Како е можно Коце Трајановски да има 69,02 проценти, а Тито Петковски да има 40,71 проценти од важечките ливчиња? Кога официјалниот збир гласови изнесува над 100 отсто, некој мора да понесе одговорност за погрешната математика.
Би било добро ако нашите политичари испратат уште неколку сигнали дека сериозно ги сфаќаат упатените забелешки. На пример, дека нема повторно да имаме изборна симултанка, во која локалните избори ќе бидат маргинализирани за сметка на претседателските (впечаток кој може да се поправи и во вториот круг). Исто така, мора да бидат преземени дополнителни мерки на идните избори да има што поголема застапеност на жените и да не се повтори прекршувањето на квотата од 30 отсто уште при изборот на членови на ДИК. Ако меѓународните набљудувачи утврдиле непочитување и на забраната за пушење на гласачките места, ДИК мора да преземе мерки за сите да не го „попушиме“. Ако политичарите продолжат со тврдоглавото игнорирање на проблемите, Македонија ќе остане заложник на претставата за „непоправливиот повторувач“.
Најинтересно ми беше како странските агенции не' перципираа за време на изборите. Очигледно, формалната употреба на „поранешната југословенска...“ не ги спречи најпознатите медиуми да го користат уставното име Republic of Macedonia и зборот Macedonians (во смисла на граѓани на Македонија). Ако долгогодишната употреба на некрофилската референца не влијаеше на меѓународната перцепција на нашата земја како Macedonia (и на нашиот граѓански идентитет како Macedonians), зошто тогаш стравуваме дека замената на „поранешната југословенска...“ со подостоинствена одредница ќе влијае на меѓународната перцепција на државата (и на нашиот национален идентитет)?
Крајно време е да прифатиме дека сите што гласаме во Macedonia ќе бидеме перципирани однадвор како Macedonians независно од нашето етничко потекло. Радосна е веста дека етничкото потекло не беше најбитно за многу наши граѓани кои гласаа за претседател. Исто така, радосна е и веста дека името не е пресудно ниту за личниот идентитет ниту, пак, за политичкиот успех.
На пример, до пред изборите, еден од кандидатите го знаевме како Ѓорѓи Иванов. Кога почна кампањата, гласачите сфатија дека не се викал Ѓорѓи, ниту Џоле, туку Ѓорге. Тоа што цело време оставал другите погрешно да го именуваат, очигледно не било никаков проблем ниту за кариерата ниту за неговиот личен идентитет, а најмалку за победата во првиот круг на изборите. Ако Ѓорге немаше никакви проблеми со ‘рбетот кога го викавме Ѓорѓи и Џоле, зошто тогаш Македонија би имала проблем со ‘рбетот ако се избори за подостоинствена одредница од „поранешната југословенска Република“?