Денеска, поттикнат од благите сончеви зраци и непредвидливите облаци, го зедов апаратот в рака и тргнав во фотографска авантура по загадочните скопски улици. Си реков, подобро е да „сликаш“ пред избори, оти по избори и онака можеш само да се „сликаш“. Ако ништо друго, мислев дека ќе им избегам на агресивните политички слогани со кои не' бомбардираат нашите кандидати (аман, од сите страни Ѓорѓи не' сардиса!). Но и покрај сите мои напори, испадна дека од политиката не се бега. Снимив неколку фотографии, а секоја снимка како да ми испраќаше различна политичка порака.
Првата фотографија ме пресретна шетајќи на калдрмата близу до Општина Центар, кога една отворена гаражна порта ми го попречи одот по тротоарот. На железната порта беше обесен сообраќаен знак за забрането паркирање, а под знакот висеше табла со натпис „освен за силеџии“. „Што сообраќаен знак ќе е ова?“ - си помислив. Знакот ме фрли во чуденка: Дали тоа сопственикот на гаражата ја осознал македонската метафизичка вистина дека сообраќајните забрани не важат за локалните силеџии? Или, пак, оригиналниот сообраќаен знак пророчки укажува какви сообраќајни забрани ќе важат на гласачките места на денот на изборите.
Вториот кадар го уловив одејќи по една уличка накај познатиот кружен тек. На излогот од еден дуќан ги забележав следниве натписи: „Работно време - како кога“. „Сабота - можеби исто“. „Пауза - секогаш“. „Недела - никогаш“. Верувајте, првата мисла што ми падна на ум беше дека ова сигурно мора да било работно време на нашата опозиција, до пред изборите. Додека Владата преродбенички (не) работеше нонстоп (24/7, особено во недела), опозицијата си пееше од избори до избори безделничка песна: „Понеделник-поседелник, вторник-празнозборник, среда-непреда, четврток-неврток, петок-поседок, сабота-неработа, недела-поседела“. Но, како што на свадба со празни раце не се оди, така и на избори не се оди без политичка програма! Нејсе, една седмица пред изборите адутот на СДСМ (познат по прекарот „Костоломац“) најпосле излезе со некаква „платформа“ од дури седум тези. Како ли не се најде никој да го посоветува дека зборот „платформа“ кај нас тешко поминува? „Платформа“ асоцира на вадење нафта, а во Македонија, нели, не пиеме (грчка) нафта, туку (шведско) млеко. Особено откако Грците ни изградија нафтовод за да не' молзат како шведски крави.
Додека ја снимав третата фотографија, фокусирајќи ја новата статуа на улица Македонија, две жени застанаа покрај мене загледувајќи се во новото ремек-дело на македонската преродба во 100 скулптури. „Што ли ќе да е сега ова?“ - запраша едната, како да ми ги чита мислите. Втората веднаш и' одговори: „Просјак ќе да е, види ја раката како му е испружена“. Тогаш првата мудро заклучи: „Мошне верно ги отсликува перспективите на македонскиот народ“ и со тоа го заврши кусиот естетички дијалог за новото уметничко дело. Јас останав да се џарам во новата статуа со разбудена надеж дека македонската уметност најпосле почна да комуницира не само со духот на времето туку и со духот на народот. Навистина, може ли да си замислите побунтовен уметнички израз од поставување скулптура на просјак откако нашите ефикасни „алфи“ го „исчистија“ градот со реализацијата на оперативниот план „питачење“? Има ли нешто побунтовно од поставување скулптура на „шмизла“ откако МВР се обиде да ги „дислоцира“ блудниците пропагирајќи го владиниот идеал на мајка-треторотка?
Последната фотографија на споменикот на Мисирков ми разјасни уште неколку филозофско-политички недоумици. Изгледа боговите лично ми испратија јасновидение, додека залудно се обидував да го фатам прашањето „Шчо напраифме“ без „Лесковачка скара Пела“ во заднината. Несомнено, дуќанот сведочи дека уште во времето на античка Македонија на овие простори се правеле квалитетни плескавици според строгите стандарди на лесковачката „роштиљ“ академија. Но, без секирации. Не беше лесковачката скара „Пела“ метафизичкиот одговор на Мисирковото прашање „Шчо напраифме“. Светилката ми светна откако во кадарот со статуата на Мисирков остана дел од вертикалниот натпис „Пелагонија“, без првите три букви.Штом ме одмина силниот ненадеен изблик на радост и воодушевување од „откровението“ (едно од значењата на „агонија“), почнав да се прашувам: Ќе имаме ли сили да ја истрпиме и оваа предизборна агонија, ние политички страдалници од векот? Кој ќе биде жртва на силеџиски политички натпревар што зема замав деновиве („агонија“ означува и насилна борба или натпревар)? До кога ќе бидеме заложници на политичката Пела-агонија, на залудното античко страдание и на промашената „лесковачка“ борба за античко-македонската Пела?
Да не должам, би сакал да го потсетам нашиот премиер на зборовите на Методија Андонов Ченто, чие име предизборно го злоупотреби пуштајќи во употреба спортска сала во Маџари: „Пред тоа, честопати некој не поврзуваше како потомци на Александар Македонски, што е разбирливо, затоа што немаше историја напишана објективно, а вистината повеќе се прераскажуваше и притоа се правеа грешки. Верувајќи и не верувајќи на такви прераскажувања, во 1934 година отидов во Грција - Солун и Атина и наполно се уверив дека нашите прадедовци немаат никаква врска со Александар Македонски“.Ако е навистина доследен почитувач на ликот и делото на Ченто, премиерот треба час поскоро да ја признае историската грешка со преименувањето на аеродромот, автопатот и со подгревањето на букефализацијата и хунзоманијата. Не е лошо и тој да ги посети Солун и Атина, за да им го пренесе на соседите Чентовото уверување дека „нашите прадедовци немаат никаква врска со Александар Македонски“. Само така ќе може да придонесе во запирањето на македонската политичка агонија.
Чипирање - чипиани идиоти ...
-
Пеоцесот на чипирање е одамна започнат. На чипирање сме осудени кога вадиме
било кој личен документ кој мора да го носиме со себе - лична карта, пасош,
к...
Пред 3 години
1 коментари:
Одлично! Требаше само и фотките да ги ставиш. А, ако си по сликањето, ќе ти посочам интересна локација за сликање. Тоа е кејот на Вардар под Железничката станица, каде на самата велосипедска патека некоја Ромска фамилија на големо гради картон-населба. Да потсетам дека оваа патека е донација на Холандската Влада. Но без разлика чија е донацијата никој од ‘надлежните‘ не реагира на ова
Објави коментар