skip to main |
skip to sidebar
Неколку изјави од медиумите во врска со насилството на плоштадот:
1) Извадок од гостувањето на „Алсат“
„Аналитичарите Жарко Трајановски и Сефер Тахири сметаа дека одговорноста за вчерашниот инцидент на плоштадот на Скопје им припаѓа на државните институции
Според аналитичарот Жарко Трајановски инцидентот беше во функција на предизборната манипулација со верските чувства на граѓаните.
„Секој протест е во поширока смисла на зборот политички. Ако во нешто се во право владејачката партија е тоа дека навистина во случајов имаше манипулација со верските чувства на граѓаните во партиски цели, меѓутоа таа манипулација веќе со месеци е дело на владејачката партија и се работи за предизборна манипулација. Ова беше обид на група на граѓани да се спротивстави на таа манипулација, но и на беззаконието, на изградба на црква по пат на декрет и со газење на законските процедури и игнорирање на негативната одлука на градоначалникот“ изјави Трајановски“. (Аналитичари: Државните институции одговорни за инцидентот во Скопје)
2) Изјава за „Дневник“, цитат од блогов:
„Меѓу демонстрантите беше и Жарко Трајановски, активист за човекови права.
- Откако „крстоносците“ видоа дека полицијата не реагира ниту на отвореното разгорување национална нетрпеливост ниту на организираното попречување на протестот, дел од нив почнаа и физички да се пресметуваат со протестантите од Прогресивен млад синдикат и Прва архи бригада. Употребата на физичка сила се случуваше пред очите на полицајците, кои не презедоа никакви мерки против лицата што со клоци, тупаници, шлаканици, закани и разни форми на психолошко насилство се нафрлија врз помалобројната група, главно студенти и граѓани - раскажува тој.“ (Право на слободно изразување ќотек)
Демонстрантите извикуваа
„Не го силувајте Скопје“ и пееја „Градот убав пак ќе никне“
3) Изјава за „Шпиц“:
„Експертот за човекови права, Жарко Трајановски [сите ми го утнаа презимето] смета дека контра-демонстрантите извршиле кривично дело „спречување јавен собир“, за што е предвидена парична казна или затвор до една година. Според него, МВР се однесувало како пасивен набљудувач на насилството.
- Целта на втората група или „крстоносците“, не беше да организираат паралелен протест, туку да го попречат остварувањето на правото на мирен протест. Иако разгорувањето на верска и национална нетрпеливост е сериозно кривично дело, никој од присутните полицајци не реагираше, ниту пак се обиде да ги уапси разгорувачите на омразата – вели Трајановски.“ („Удар врз демократијата“)
А1 има уште пожестоки наслови: Терор врз демократијата! и Недозволиво силеџиство во присуство на полицијата
4) Имав и гостување на вестите во „Алфа“, но не можам да најдам интернет линк.
Затоа, ќе парафразирам една од пораките.
После очигледното силување на македонската демократија, многу е битно како ќе реагира МВР. Дали ќе се обиде да го „покрие срамот“, или пак ќе ги уапси силувачите на демократијата и ќе ги изнесе пред суд да одговараат за сторените недела.
Од многубројните впечатливи реакции по блоговите, би издвоил само една:
„Сто пати се покајав што не напишав нешто по повод насилното прекинување на трибината на ГЕМ во Струга. И покрај тоа што воопшто не се согласувам со нивните ставови, воопшто немам добро мислење за тие луѓе и сомнежот дека можеби се работи за местенка (каква што токму тие често пати правеле во минатото ), сепак требаше да се реагира. Премолчувањето на секој таков настан е причина за исти такви инциденти, секој следен пат поголеми и позастрашувачки.“ (Стоп за македонската недемократија!)
И покрај неоправданите сомнежи на Кнсис за ГЕМ, неговиот заклучок го потпишувам.
Игнорирањето на насилството раѓа уште поголемо насилство!