Силување на демократијата

3/28/2009

Еве ги моите првични согледби за тоа што се случи денеска во центарот на Скопје:
1) Две неформални групи граѓани (Прогресивен млад синдикат и Прва Архи Бригада) се обидоа да го остварат своето уставно загарантирано право на мирен протест на плоштадот „Македонија“. Протестот бил благовремено пријавен во полиција и закажан за во 12 часот.
2) Друга помногубројна група на граѓани (која на моменти дејствуваше во форма на разулавена толпа) организирано го попречи протестот. Групата беше мобилизирана од страна на провладини медиуми, посебно од Јанко „Јади Бурек“ кој однапред ги жигоса протестантите како „збирштина геј и атеисти“. Групата граѓани (дел организирано донесени со автобуси од повеќе градови од Македонија) беше предводена од свештеници.
3) Целта на втората група (опишани како „Крстоносци“) не беше да организира паралелен протест, туку да го попречи остварувањето на правото на мирен протест на Прогресивен млад синдикат и Прва Архи Бригада. Имајќи предвид дека дел од „Крстоносците“ употребија сила и закани за да го спречат уредно најавениот протест, тие извршија кривично дело „Спречување или смеќавање јавен собир“ („Тој што со сила, сериозна закана, измама или на друг начин ќе спречи или ќе смеќава свикување или одржување мирен јавен собир, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.“)
4) Кога обете групи се најдоа на плоштадот еднододруго дел од „Крстоносците“ почнаа да манифестираат националистички говор на омраза извикувајќи „Шиптари, Шиптари...“. Иако разгорувањето на национална нетрпеливост е сериозно кривично дело, никој од присутните полицајци не реагираше, ниту пак се обиде да ги уапси разгорувачите на омраза и национална нетрпеливост или да ги издвои од групата.
5) Откако „Крстоносците“ видоа дека полицијата не реагира ниту на отвореното разгорување национална нетрпеливост, ниту на организираното попречување на протестот, дел од нив почнаа и физички да се пресметуваат со протестантите од Прогресивен млад синдикат и Прва Архи Бригада. Употребата на физичка сила се случуваше пред очите на полицајците, кои не презедоа никакви мерки против лицата кои со клоци, боксови, шамари, закани, и разни форми на пихолошко насилство се нафрлија врз помалубројната група, главно млади студенти и граѓани.
6) Според А1, полицијата најавила „пријави за организаторот на протестот односно студентите зашто немале редарска служба. За другите не, зашто спонтано се собрале.“ Ако е точно ова, тогаш полицијата отворено се става во служба на насилството и насилниците, обидувајќи се да ги инкриминира жртвите на кривичните дела, и да ги жигоса како нарушувачи на јавниот ред и мир. Практично, полицијата беше соучесник во сторувањето на кривичното дело „Спречување или смеќавање јавен собир“, пасивен набљудувач на насилството, и активен учесник во јавното инкриминирање на повредените организатори - жртви на организирано насилство.
7) Премиерот Груевски го осуди инцидентот, „подвлекувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ не е инволвирана во инцидентот“. Остануваат неодговорени прашањата: кој организираше со автобуси спонтан националистички „контра-протест“, и што бараа бројните активисти на „демохристијанската“ партија кои беа препознаени во групата контра-протестанти?
Ова што се случи денес беше уште едно силување на демократијата од страна на лажните Христијани кои наместо мир и љубов, промовираа омраза и насилство.
Се надевам дека МВР ќе престане да го поддржува насилството, дека ќе ги идентификува насилниците од видео снимките, дека ќе ги уапси сторителите на кривичните дела попречување јавен собир и разгорување национална нетрпеливост, и дека ќе преземе мерки против полицајците кои не реагираа согласно нивните овластувања.
Се надевам дека вистинските Христијани ќе ја осудат омразата и насилството и дека ќе се оградат од силувачите на демократијата кои го злоупотребија името на бога во партиски предизборни цели. Ако не се оградат, и тие ќе станат соучесници во насилството и омразата.
Верски објекти не се градат со декрет, со омраза, со насилство, со газење на законите и вршење притисоци врз судството.
Со сила црква не бидува!

13 коментари:

Boro рече...

Токму така. Мора рационално да се постави случувањето и да се инсистира на процедура. И да не се заборават уште 2 прашања:
1. Кај беше МВР - контра протестот започна цел час претходно, јасно им беше дека постои ризик за конфронтација, што не довлечкаа повеќе луѓе? (Јас сум бил на протести со 60 луѓе, па имало 100 полицајци околу)
2. Зошто не уапсија никого? Зарем е легално да се маваат луѓе по улица пред очи на полиција и камери?

Инаку онаа смешка со редарската служба е ... И? Што тоа ќе правеа ако десетина учесници играа улога на редарска служба за да се испочитува до крај законот? Што? Одредбата за редарска служба е за да се спречат немири предизвикани од страна на поворката, а не да реагира кон трети лица. За тоа си има полиција.

Убаво ќе е да се тера работата токму по процедура и тука да се воспостави каква таква пракса.
Демократијата е - процедура. Инаку, ич не е на арно...

Un рече...

Пак сереш вистина од само една страна, дај малку и од другата страна на вистината, само тогаш ќе биде ок текстов. Вака имаш тежина на гомното без маса и слаба бивалентност на атомите на изметот. :)

Бранко Героски рече...

Денеска, недела, 28 март 2009 година, е ден од кој Македонија ќе се срами. На најбрутален начин, со насилство, толерирано од органите на прогонот, огромна толпа разулавени крстоносци ги спречија младите студенти на Архитектонскиот факултет мирно да протестираат против изградбата на црква на плоштадот Македонија. Најмалку што може да стори Никола Груевски во овој момент, за да си го измие извалканиот образ, како лидер на партија која се огласува како демократска, но и како премиер на држава која во светот се прикажува како демократска, е да се огради од овој фашистички џган и особено од нивните организатори и инспиратори. Второ, јавно ги повикувам професорите на Архитектонскиот факултет да застанат во заштита на своите студенти и на нивниот морален и интелектуален интегритет и в понеделник да одржат мирен протест во просториите на факултетот.

ASN рече...

Резил... Не ми се верува...
Немам ни желба да пишувам постови или долги коментари... Посебно затоа што оние од другата страна не ни сакаат да чујат за приземјена дебата, без етикетирања, навреди или шлаканици...

Не верував дека ќе дојдеме до вакво дереџе...

Viktorija рече...

А што ако не се случи ништо од тоа? Треба да се прекине еднаш засекогаш со протести? Потребно е малку повеќе од надеж (фино е, невладино да се надеваш). Кога би биле до тој степен над ситуацијата...
Повеќе посакувам одговорност и, како што милува Јанкуловска да ни каже, решителна акција, а се надевам на утрешно убаво време. Малку поубаво од денешново.

Анонимен рече...

Владата прати порака до сите студенти ако имате проблеми и се спротивставувате и протестирате ќе ве снаје ќотек.Најкомпетентните за уредување на просторот, студентите на Архитектонски факултет да бидат тепани од комитетските хунзи.Сега е јасно кој кого и за кого работи владата за урбанистичката мафија , за Аларова ,Тинекс и останатите спонзори.Очекувам Здружението на Архитекти (ако го има ) да застане во поддршка на нивните идни колеги но и од Самоил Малчевски претседателот на студнтскиот парламент.Самоил мора да излезе и да ги поддржи неговите колеги а не и овој пат да се крие кај неговиот ментор Груевски и да излегува по емисии да ја моли женска му да му се врати и да прави будала од себе.Што би се случило ако излезат студентите од Економскиот факултет и се спротивстават на досегашната владина економска програма.Некој ги повикуваше студентите да гласасаат за него затоа што им дал факултет во секој град а сега удира по студентите.Ваквите лицемери треба да се казнат наредната недела.Ако нештата се забораваа оти далеку беа изборите овој пат изборите се за една недела и се памти па се враќа.

Nenad рече...

Дојде време на новите убиjци. Еве само пази што има по клипчињата... Па тоа се лудачки трауми кои им се нанесени од родителите, бабите и дедовците... истите мангупи ги имаш и на фудбалски и кошаркарски утакмици како пцујат, ркаат, се дерат.
Ваквите девијации стимулираат нови девијации- бодење со ножеви, турање на пијачки во фаца по кафани... непуштање по дискотеки, “секстичко омаловажување“ и да не редам.

Пусто турско со новото лице, добредојдe!

Дури кај нас е патологија, светот си шиба:
купува книги, оди на зимување, ги купува оние слатки аута- каравани, каде се става цела фамилија отпозди, средува бавча, има дигитална ТВ плазма каде можеш да гледаш слика која е со незнам колку силна резолуција и брилијантно чиста слика итн

ЕХ! Ама нема предање - одиме до крај! Сигурен сум дека некои други генарации ќе можат ова да си го приуштат - затоа сме ние тука, се надевам само дека нема да бидеме колатерала.

Коста рече...

Жарко, кога Јован се обиде да го промовира автентичното христијанство, наспроти руралниве адети на расколниците од МПЦ, на двапати одлежа затвор, неговите монаси и свештеници беа затворани и тепани од свештениците и верниците на МПЦ, храмовите им беа рушени од МПЦ. Иако сторителите се познати и пријавени, за нив нема постапка. Ниту ќе има. Како што, во суштина ќе нема, ни граѓански права, ни верски слободи. Кажи им на твоите пријатели да се спремат за најсуровото од страна на власта. И, добредојдовте во клубот.

Unknown рече...

Само накусо - сите што се обидуваат да го оправдаат насилството од вчера, стануваат соучесници во насилство.
Нема никакво оправдание за организирана употреба на сила против луѓе кои сакаат јавно да го изразат своето мислење.
Апсолутно е ирелевантно кои се тие луѓе и зошто сакаат да го изразат своето мислење. Тие имаат право и полицијата си сите сили треба да го заштити тоа право.
Ако не се уапсат силувачите на македонската демократија, тие повторно ќе ја силуваат.
Демократијата не подразбира насилство на мнозинството над малцинството.
Затоа, МВР под итно треба да ги уапси поттикнувачите и организаторите на насилството, а внатрешната контрола да спроведе соодветни мерки против полицајците кои го поттикнаа насилството со тоа што не презедоа никакви мерки против првите насилници и предизвикувачи на национална нетрпеливост.

Анонимен рече...

Жарко,
Апсолутно си во право!
Вчера се случи силување на демократијата и најапсурдно е дека тие што биле тепани треба да одговараат за несоодветно организирање. Груевски со неговата тотално сулуда агенда е најодговорен за овој влог, во кој ја става цела држава.
Пепси.

Unknown рече...

Благодарам Пепси, ама според љубителите на Кока Кола може да се ужива само ако го пиеш нивниот пијалок. Сите што се против кока кола, а за боза или газоза, тие се збирштина изроди кои треба физички да се сотрат - ете тоа беше пораката при повикот на насилство кој исходуваше и со реално насилство.

отпишан рече...

инаку за информација - прота Стојко кој беше во толпата на антипротестантите и кој што не знаел за организацијата а делел знамиња и икони и штампал транспаренти со божја содржина сигурно не можел да не знае за протестот неколку дена однапред затоа што тој има резиденција во велешкото село теово линк
http://www.m-p-c.org/Eparhii/Povardarska/Teovo/Text.html
и за информација на времето беше и десна рака на јован или зоран вранишкоски

Бранко Героски рече...

Протест и акција, сега! Кој мисли дека ќе куртули, дека нема да му дојде редот за тепање и понижување, горко се лаже. Кој мисли дека треба да се бунтуваме после, а не сега (после избори?), е наивен - а зошто не почекаа да тепаат после избори, туку мораа сега?!
Свестете се, луѓе, работата е многу, многу сериозна!Ова нема да запре. Затоа, сега не е време за мудрување, туку за јавна демонстрација на нашата непомирливост со ова насилство кое се заканува од оваа земја да направи фашистичка зандана.

Мојот список со блогови

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Архива на блогот

Footer Widget 1

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Footer Widget 2

Популарни објави

Популарни објави

Popular Posts this month

Popular Posts this week