Топ 5 лузери (2011)

6/13/2011

Откако по изборите во 2006 составив листа Топ 10 - лузери, решив истото да го направам и сега, но во скратена форма.

1. Најголем лузер е ВМРО – НАРОДНА ПАРТИЈА (ВМРО - НП), со освоени 28.217 гласа и ниту еден пратеник.

2. На второ место е ДЕМОКРАТИЈА Е РЕ – ПАРТИЈА ЗА НОВА ДЕМОКРАТИЈА, со освоени 19.958 и ниту еден пратеник.

3. Потоа следуваат ОБЕДИНЕТИ ЗА МАКЕДОНИЈА – ОМ, со освоени 17.081 гласа, и ниту еден пратеник.

4. По нив е ЛИБЕРАЛНО – ДЕМОКРАТСКА ПАРТИЈА – ЛДП, со 16.551, и ниту еден пратеник.

5. На петто место е ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ДОСТОИНСТВО – ППД, со 8.837 гласа и ниту еден пратеник.

Овие пет партии имаат освоено над 90.000 гласа и реално тежат десет пратеници. Доколку имавме една изборна единица, ВМРО – НП ќе освоеше 3 пратеника, ДЕМОКРАТИЈА Е РЕ – 2 пратеника, ОМ ќе освоеше 1 пратеник, ЛДП – исто така 1 пратеник, а ДОСТОИНСТВО за влакно ќе освоеше 1 пратеник. Околу 106.000 гласа отидоа во празно (за партии кои не се застапени во парламентот). Значи, најмалку 11-12 пратеника отидоа кај големите риби, кои ги изедоа помалите и ситните партии. Велам „најмалку“, затоа што НАЦИОНАЛНА ДЕМОКРАТСКА ПРЕРОДБА – НДП доби два, а тежи три пратеника.

Сите овие „лузери“ можеа лесно да бидат добитници, ако направеа коалиција меѓу себе или влезеа во веќе постоечките коалиции. Нашиот изборен модел, за помалите партии, го промовира слоганот: „Коалицирај, или исчезни!“

МВР тоне се подлабоко

6/10/2011

МВР тоне се подлабоко и подлабоко во тињата на себепротивречноста. Во официјално соопштение стои дека „уште од самиот почеток МВР тврдеше дека се постапува по случај кој се води како „незнаена смрт“ и дека по однос на тој случај се преземени сите неопходни мерки“ (Наспроти сите инсинуации полицијата го расчисти случајот за неполни 24 часа). Како може да се работи за „незнаена смрт“, кога смртта е констатирана од медицински лица во присуство на полициски службеници кои го презеле телото на убиениот од страна на осомничениот кој „се доближил до него и со употреба на физичка сила му задал неколку удари со тупаници и клоци на Мартин во пределот на главата и телото“? (Полицискиот службеник ќе одговара за убиство).

МВР тврди дека дознале за „насилната смрт“ дури 13 часа по настанот: „На повик на еден од инспекторите околу 13.45 часот, директорот на Институтот за судска медицина, побарал лично да се видат и околу 14.15 часот, односно 13 часа по настанот, вербално му соопштил дека станува збор за насилна смрт.“ (Наспроти сите инсинуации полицијата го расчисти случајот за неполни 24 часа). Како е можно бруталното насилство на полицаецот кое се случило среде плоштад, во присуство на илјадници очевидци и стотици полицајци, да остане буквално незабележано? Како е можно видливите траги на бруталното насилство да не бидат забележани и од медицинските лица кои констатирале смрт? Како е можно полицајците кои му помогнале на осомничениот - „двајца полициски службеници кои патролирале во близина и веднаш се јавиле во итната медицинска помош“ – да не ги забележат видливите траги на насилство и да не го задржат осомничениот поради сомнение дека сторил тешко кривично дело (тешки телесни повреди или свирепо убиство)?

Откако беше објавен на Окно мојот блог-пост CSI: Прашања на кои треба да добиеме одговор!, добив ваква критика: „ама не видов еден збор што ќе укаже на тоа дека ова убиство те засега како човек прво, ниту еден збор да искажеш сочувство!“. Мислам дека е крајно нечовечки да се упатуваат вакви критики. Да не ме засегнеше лично убиството, немаше да го напишам текстот, немаше да учествувам на протестите, ниту пак ќе учествував во организација на тркалезна маса на која беше зборувано за убиството. Написиве ги пишувам намерно крајно рационално, без никаква патетика, со цел да ги посочам прашањата кои воопшто не се расветлени (наспроти тврдењата на МВР дека случајот е расветлен во рок од 24 часа)
Слушам по телевизииве и на Фејсбук неаргументирани критики зошто немало реакции од невладините во врска со случаите Беќиров и „Поштарот“. Она што најмногу ме погодува е тоа што и некои радикални „активисти“ за човекови права од уста не ги симнуваат случаите со „Беќиров“ и „Поштарот“, а воопшто не се сеќавам дека некој од нив јавно реагираше на времето кога се обидувавме да ги актуелизираме овие случаи и кога баравме кривична и политичка одговорност.
Сите што обвинуваат за „политизирање“ на случајот, ги молам убаво да ја анализираат оваа изјава: „-Maртин таа вечер беше многу среќен. Купи 10 шишиња вино за да ги почести пријателите. Радосен, се качи на бината, сакаше да ја сподели радоста, оттаму го тргнаа и го убија. Тоа е вистината, низ солзи им соопшти на насобраните, Александар Нешковски.“ Најбесрамно нешто во моментов се обидите на гебелсовските пропагандисти за политичка дискредитација на сите што бараат професионално расчистување на случајот, одговорност од сите инволвирани, и воспоставување на ефикасен механизам за надворешна контрола врз МВР . Пропаганданата машина за забошотување на случајот, за деморализирање на протестантите и за дефокусирање од инволвираноста на МВР во кривичните дела (свирепото убиство, непријавувањето и прикривањето на убиството) работи со полна пареа уште од шести јуни.

Беспредметни се и расправите дали се протестира поради полициската бруталност или поради обидот за заташкување на случајот. Протестите, колку што можам да разберам, се и против полициската бруталност, но, и против обидот за прикривање на полициската бруталност. Токму затоа, барањата од петицијата се: и одговорност за конкретниот случај, и механизам за надворешна контрола на МВР. Малку ми е чудно тоа што дел од протестантите ја споделуваат перцепцијата која сака да ја наметне ТВ Сител. Имено, токму Сител го политизира случајот (особено со заклучокот: „Симпатизер на СДСМ убил симпатизер на ВМРО-ДПМНЕ злоупотребувајќи ја својата полициска функција“). Токму Сител пропагира дека „и едните и другите се исти“ и ги вади од нафталин случаите „Поштарот“ и „Беќиров“.

Од моја гледна точка, ситуацијата е трагикомична. Забележувам, некои упорно се обидуваат да ја изишкаат пропагандната мува од капата, продолжуваат да го шират пропагандниот слоган „сите се исти“, бараат сега одговорност за случаи од пред 5-6-7-8 години, а никаде ги немаше тогаш кога малкумината активисти за човекови права баравме ефикасна истрага и кривична и политичка одговорност за таквите случаи.

Ете, се распишав, оти прашањава лично ме тангираат. Десет години се обидувам да се борам за стопирање на полициска бруталност и за граѓанска контрола врз МВР, се борев и за распуштање на Алфите од моментот кога беа формирани, продолжив и кога ме малтретираа и кога ме уапсија, и се радувам што борбата против полициското самоволие и полициската бруталност станува помасовна.

На крајот, една порака до сегашните борци за човекови права: Ако вашите постапки се раководени од стравот да не бидете „политички обоени“, пропагандната машинерија брзо ќе ве уништи. Да укажам, кога Хелсиншки комитет пишуваше против властите за случаите „Беќиров“,„Раштански лозја“, „Ел-Масри“, полициската тортура во 2001, прогонот врз „Лавовите“, случаите на полициска бруталност на „Алфите“, „Тигрите“ итн. - секогаш критиките беа упатени кон одговорните кои се на власт, никогаш кон оние кои се во опозиција. Имено, и сегашните власти се соодговорни за случаите „Поштарот“ и „Атентатот на Глигоров“ – затоа што и тие имале со години прилика да ги расветлат докрај случаите и да ги посочат одговорните.

Оние што се борат за човекови права, мора да станат имуни на било какво етикетирање и стигматизирање. Моето 10-годишно искуство ми кажува дека таквото етикетирање и стигматизирање е незибежно, кога јавно се бориш за човековите права. Ако почнеш да ја трошиш енергијата на докажување дека не си „партиски обоен“, тогаш пропагандистите ја постигнале целта - успешно те дефокусирале од твојата кауза. Практично, те замолкнале.

CSI: Прашања на кои треба да добиеме одговор!

6/08/2011

Истрагата за случајот на насилната смрт на скопскиот плоштад при прославата на изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ треба да одговори на следниве прашања:

1) Дали убиството е извршено „на свиреп или подмолен начин“ (за што следува казна затвор најмалку десет години или доживотен затвор)? Зошто никој не ја обезбедил потенцијалната „crime scene“ откако медицински лица констатирале смрт, и кој и зошто го одвлечкал телото на починатиот од сцената на злосторството?

2) Дали имало помагање во извршување на кривичното дело? Според Кривичниот законик (КЗ), за помагање се смета и „...однапред ветено прикривање на кривичното дело на сторителот, на средствата со кои е извршено кривичното дело, на трагите на кривичното дело...“.

3) Кои лица се одговорни за „Непријавување на кривично дело или сторител“? Во моментот кога било сторено кривичното дело, во близина имало голем број на службени лица и други очевидци. Според КЗ, „Службено лице кое свесно ќе пропушти да пријави кривично дело за кое дознало во вршењето на својата должност, ако за тоа дело според законот може да се изрече казна затвор од пет години или потешка казна, а делото се гони по службена должност, ќе се казни со парична казна или со затвор од една до три години.“ (чл. 364.)

4) Дали имало „Помагање на сторител во извршено кривично дело“? Според КЗ, „Тој што ќе скрие сторител на кривично дело за кое гонењето се презема по службена должност или со прикривање на орудијата, трагите, предметите или на друг начин ќе му помогне да не биде откриен... ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.“ Но, „Тој што ќе му помогне на сторител на кривично дело за кое е пропишана казна доживотен затвор, ќе се казни со затвор од една до десет години.“ Во случајов, постојат повеќе индиции дека имало прикривање на убиство на свиреп и подмолен начин, кривично дело за кое е предвидена казна доживотен затвор. Оттаму, сите што помагале свирепото убиство да биде „заташкано“ цели 40 часа, треба да бидат осудени и да добијат затворска казна од една до десет години. Кои се мотивите на прикривањето на свирепото убиство, кое се случило пред да бидат објавени резултатите од страна на ДИК? Зошто кривичното дело е „признаено“ од страна на МВР дури откако е објавен извештајот на набљудувачите на ОБСЕ и по бурните граѓански протести?

5) Кои одговорни лица од МВР им дадоа на медиумите лажни информации на 06.06 дека не е сторено кривично дело убиство, туку дека на момчето „му се слошило“, и кои одговорни лица во МВР соопштија лажни информации дека „првични траги на насилство нема“?

6) Кои одговорни медицински лица констатирале смрт кај жртвата, и зошто истите не пријавиле дека смртта настапила како резултат на тешки телесни повреди?

7) Дали сторителот на убиството е дел од обезбедувањето на премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, и дали во тоа време дејствувал во насока на обезбедување на премиерот или на други службени лица присутни на партиската прослава?

8) Дали апсењето на Љубе Бошковски е на некој начин поврзано со обидите да се прикрие свирепото убиство, односно, дали спектакуларното апсење и објавувањето на видео снимки од аспењето е обид да се пренасочи вниманието на јавноста од свирепото убиство на плоштадот додека ВМРО-ДПМНЕ ја прославуваше победата на изборите?

9) Кои одговорни лица издадоа наредба да се спречи продолжувањето на мирниот протест на група граѓани со поставување на полициска барикада пред зградата во која наводно живее премиерот и зошто портпаролот на МВР упорно ја дезинформираше јавноста дека некој „повикуваа на насилни протести“?

10) Дали во случајов имаме „злосторничко здружување“ на лица кои се организирале за да прикријат тешко кривично дело кое се случило на партиска прослава (и други со него поврзани кривични дела), со цел да се заштити ликот и делото на претседателот на партијата кој е истовремено и премиер на Република Македонија? Кои лица вршеле притисок кај родителите на жртвата и со какви мотиви?

Мојот список со блогови

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Архива на блогот

Footer Widget 1

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Loading...

Footer Widget 2

Популарни објави

Популарни објави

Popular Posts this month

Popular Posts this week