Лишување од слобода заради утврдување идентитет?

7/23/2007


Ете, и тоа се случи, токму вечерва. Ми пукна „љунферот“.

Конечно почувствував на своја кожа како е да се биде лишен од слобода и приведен во полициска станица.

Пред избрзано да заклучите „самиот си го барал“, прочитајте ја приказната докрај, убаво размислете за околностите и аргументите, па дури потоа пресудете. Оти ова може да му се случи буквално секому.

Пред неколку часа, околу 1.50 по полноќ, упатен накај Карпош III, го сечев паркингот зад Технолошки факултет со намера да излезам кај Драмски Театар. Одеднаш, почувствував бел автомобил како застана зад мене. Од автомобилот зачув некој глас. Првин помислив дека возачот сака да праша за правец, или нешто друго, ама потоа убаво слушнав „полиција“. Застанав, и чекав да излезат од автомобилот.

Беа тројца, неинформирани. Едниот од нив - возачот - се приближи до мене и набрзина ми ја покажа значката. Му реков да ја задржи малку за да можам да го запомнам бројот. Беа нељубезни и неучтиви. Од службени лица очекувам да ми се обраќаат со г-дине. Овие веднаш почнаа со агресивни прашања: „Кај си тргнал?“, „Како се викаш?“, „На која улица живееш?“.

Веќе видена некултура. Разликата беше во тоа што овојпат не носев никаква легитимација. Сепак, како и претходните пати, ги запрашав која е причината зошто сум запрен и зошто ме легитимираат. Како и во претходните случаи, немаше конкретен одговор, и од тој момент започнуваа проблемите.

Прво ми побараа да извадам што имам во малата црвена торбичка што ја носев на рамото. Им кажав дека носам фотоапарат, и дека немам намера да го извадам. Само го подотворив патентот на торбичката и им го покажав.

Потоа ми наредија да извадам се што имам од џебовите. Им реков дека немам намера да го сторам тоа, освен ако не обезбедат налог за претрес.

Следната наредба беше да ги ставам рацете на хаубата и да ги раширам нозете. Еден од полицајците дојде зад грбот и почна да ме допира од нозете до главата.

Паметам дека ме прашаа зошто не носам лична карта - им кажав дека едноставно не носам, но дека ако сакаат можат да го утврдат идентитетот и на друг начин.

Следната наредба беше да влезам во автомобилот. Пред да влезам внатре иронично си помислив: „jasnesumjas уапсен заради утврдување на идентитетот“! Во колата ме прашаа зошто сум се однесувал така. Им кажав дека сум бранител на човекови права, и дека инсистирам на почитување на моите права во контакт со полиција. И дека сакам да знам зошто сум запрен. За две минути ме однесоа во ПС Карпош, и ми рекоа да застанам во чекалната. Чекав петнаесетина минути. Тогаш полицаецот што ми ја покажа легитимацијата зеде податоци од мене. Го прашав дали сум лишен од слобода. Одговори потврдно, и си замина.

По неколку минути размислување отидов до пријавницата и го прашав тамошниот полицаец да ми го каже мојот статус. Ми рече да почекам малку. Го прашав „Дали сум лишен од слобода?“. И тој ми одговори потврдно.

Тогаш погледнав на часовникот на мобилниот телефон, и побарав од полицаецот да запише дека сум пријавил точно во 2.28 минути дека сум бил лишен од слобода без да бидам запознаен со моите права. Тоа видно го вознемири, настана мала гужва, и за една минута се појави полицаец кој ме покани во просторијата на која пишуваше „прихват“.

Полицаецот го кажа своето име и почна да бара од мене основни податоци. Откако му ги кажав податоците, го прашав да ми каже врз основа на какво сомнение и за кое кривично дело сум бил лишен од слобода. Ми одговори дека сум бил лишен од слобода заради утврдување на идентитетот. Моето следно прашање беше врз основа на какво сомнение сум бил запрен и легитимиран, на што полицаецот ми одговори дека полицијата има право да легитимира и за сомнително движење, и дека во тој реон се имаат случено некои кривични дела.

Неговото следно прашање беше дали сакам адвокат. По две секунди размислување, реков дека сакам. „Дали имаш твој адвокат?“ - ме праша. Откако одговорив негативно, сврте телефон и побара адвокатски именик. Откако го доби книжето со имиња и адреси на адвокати, ми рече да си одберам некој.

Одбрав една адвокатка чие име и презиме ми беше познато од порано. Полицаецот и се јави на адвокатката, и по кусото објаснување на ситуацијата, ми ја подаде телефонската слушалка. Разговарав две минути со адвокатката која не сакаше да доаѓа во станица у три саат сабајле, за да не ми наплаќала за џабе. Ми рече дека можат да ме задржат најмногу 6 часа, и дека забелешките можам да ги внесам во записникот. Не ли е три часа најмногу за проверка на идентитет, потпрашав? Со апсолутно убеден тон, адвокатката рече - „шест часа“. (Не им верувајте на адвокатки кога се апсолутно убедени во нешто, особено во 3 часот наутро). Полицаецот цело време го слушаше мојот разговор.

Потоа ми беше приложен записник за пристап до адвокат, кој го потпишав.

Ме праша и дали сакам да се јавам на некој од најблиските, на што одговорив - „зависи од тоа колку ќе бидам лишен од слобода“ Ми одговори - десетина минути.

Потоа пополни една прекршочна пријава за неносење лична карта, ми даде да ја прочитам, и ми рече да ја потпишам. Му реков дека немам намера да ја потпишувам. Рече - „твое право, ќе ти ја пратиме по пошта“.

И вистина, по десетина минути ми кажаа дека сум слободен. Часовникот покажуваше 3.10. Тогаш им побарав записник за извршеното легитимирање и за престојот во станица. Рекоа дека не издаваат записници.

Потоа побарав да поднесам поплака против полицајците што ме приведоа и против нивната станица. Се натегавме две-три минути околу формуларот на поплаката, по што ми беше понудено да поднесам усна претставка.

Полицаецот се обиде да ме убеди со свој ракопис да го пополнам делот на кој пишуваше „усна претставка“, за да било поавтентично. Му реков дека е бесмислено јас да пишувам ако претставката е „усна“, по што љубезно се согласи да го парафразира она што ќе го кажам.

Го опишав настанот, потенцирајќи дека приговарам за непрофесионален однос, за противправен претрес и за незаконито лишување од слобода.

На крај му укажав на полицаецот дека поради неговата љубезност, нема да ставам во претставката дека пуши во просторија во која е забрането пушење, за што казните се многу построги од казната за неносење лична карта. (Казната за неносење на лична карта е глоба во висина од 30 евра, а казната за пушење во просторија каде што е забрането пушење е од 5.000 до 15.000 денари.)

Тогаш си помуабетивме малку со полицаецот, при што му цитирав еден дел од кодексот на полицијата. Рече - „ене го онде кодексот, покажи ми го тој дел“.

Му го покажав делот во кој пишува: „Полициската интервенција се заснова врз основано сомнение за извршено казниво дело.“

„Затоа прашав поради кое сомнение сум запрен и легитимиран“ - се обидов да му објаснам.

Одговорот на полицаецот беше изненадувачки и просветлувачки. „И неносењето на лична карта е казниво дело. Што сме ние виновни што Собранието донело таков закон?“

Полицаецот беше во право. Ако полицијата основано се сомнева дека некој не носи лична карта, тогаш има законска основа да побара лична карта во секој случај и во секоја ситуација. Практично, секое сомневање може да се докаже како основано и полициската интервенција - легитимирање, е во секој случај легитимна.

Не знам зошто, ама ваквата состојба ме наведува на заклучокот дека сме сеуште полициска држава. И тоа добро организирана. Што друго да се заклучи кога секој граѓанин може да биде легално запрен во секоја ситуација, и кога секој што не носи лична карта може да биде лишен од слобода заради утврдување на неговиот идентитет, без притоа да постои основано сомнение за сторено друго казниво дело - освен неносењето лична карта?

Тоа е лошата вест. Добрата вест е дека сепак има некаков напредок во односот на полицајците, и дека некои работи полека се менуваат. Сепак, на градење на достоинствен и професионален однос кон граѓаните, треба уште многу, многу да се работи.

Уште нешто. Го разбудија во мене задреманиот „борец“ за човекови права.

Не ми е жал само за изгубеното време и претрпената нервоза, туку и за ненадејно прекинатиот блогерски одмор.

23 коментари:

Анонимен рече...

Ова ти е второ „апсење“ за неколку месеци. Сумљив си им на службите, брате. Ептен :)))

поздрав.

Unknown рече...

Првиот пат беше само легитимирање и малтретирање, овојпат беше класично „апсење“.
Тешко ми е да се помирам со фактот дека бев лишен од слобода само затоа што не носев лична карта, и дека бев сопрен и легитимиран само затоа што сум им бил „сумљив“, без никаква видлива причина :)

Unknown рече...

Фотката како бев облечен вчера ја ставив за да види кибицер дали сум му стварно сумљив :)
На насловот ставив прашалник поради можноста да сум бил уапсен и за нешто друго.
Од каде да знам, можда ме уапсиле затоа што сум носел брада, или пак маица со сообраќаен знак :)

Не се согчласувам дека сме станале добро организирана полициска држава. Лишувањето од слобода од страна на неуниформирани припадници на МВР во несоодветна постапка и без почитување на правилата и процедурите зборува дека имаме работа со организирана банда која служи на одредена структура на власт, а не со организирана полиција. Незнаењето е проблем со кој уште долго ќе мораме да се бориме.

Unknown рече...

Сомнително лице. Ти тргна со службите, очигледно. Се прашувам што е следно?

Ах, следниот пат да си носиш некаков диктафон, камера и слично, ама и да пријавуваш пушење во јавни простории. Право си е право.

Unknown рече...

Баш сомнително лице.
Што се однесува до тоа дали незнаењето е проблем, во случајов испадна дека многу добро знаат дека според новиот закон - кој сеуште не стапил во сила - мора да ми ја кажат причината за легитимирањето.
Проблемот е во „полицискиот“ менталитет. Се додека можат да користат некаква процедурална празнина за да те малтретираат, тоа и го прават.
И затоа се сложувам, далеку се од „сервис на граѓаните“, иако има некаков напредок.

GoodBytes рече...

Е како не? Сервис и тоа мобилен! Те виделе вака млад, лепршав, симпатичен, темница било на паркингот сигурно, па си рекле, чекај, може човеков ќе сака сервис да му направиме. Е сега, ти си почнал да мрчкаш и си го расипал штимунгот, па останатото си следело логично. :-)

Шега на страна, навистина од корен би се измениле работите ако им се смени ставот кон граѓаните - од тоа да ги третираат сите како криминалци или немоќни телиња под нивна власт, во третирање како сограѓани, комшии и пријатели кои треба да ги заштитат од реални опасности. Еден таков искрен пристап кон својата избрана професија ќе биде за сите подобар. Но, кога ќе помисли човек какви луѓе најчесто избираат таква професија, нешата се разбиструваат и добиваат логично објаснување понекогаш.

Vladimir рече...

Па сумњив си бил бе братче, како тоа не си бил сумњив.

Не е проблем мајцата со собраѓајниот знак, него што има на знакот. Кај има лос во Македонија,а? И тука одма на џандарите им се споиле жичките, т.е. system busy им се направило или не дај боже во главата blue screen of death им се сторил.

Пих, лосови во Македонија. Ептен сумњиво. :)


Шала на страна.Ситуацијава со алфите и на нив сличните единици (ако ги има такви), веќе поодамна е излезена од контрола. Начинот на работа, т.е. нивниот пристап ептен ме потсеќа на сличните полициски единици на времето во Аргентина,Чиле,Уругвај и слични режими. Само уште фали да почне луѓе да снемуваат. Мада имаше веќе еден таков случај, со тоа ромското дете кај Влае , кај мостот Обединети Нации, нели пред некои 2 години.

Страшно. Се ежам од нивниот начин на работа. Глупости, Државава се повеќе и повеќе ни е отидена во к*рац.

Анонимен рече...

Не си помислил на опцијата дека ти ги читаат постовите и те следат, па од време на време за да те вратат во (нивната) реалност те прибираат по станици, те запираат на улица и сл.

замисли, сега после овој пост, може и кај министерката да те однесат. пази се. опасноста од заштитниците демнее наоколу :)

Unknown рече...

Фала на предупредувањата, ама мојот пристап е намерно транспарентен. :)

Анонимен рече...

Имаш бемка на образот :) Затоа си им бил сумљив :) Следниот пат кога ќе те апсат експресно ќе ти одредат притвор.

поздрав.

Vladimir рече...

Инаку синоќа те видов како проаѓаше покрај Ганза гостилницата. Беше во некоја жолта маичка, и стварно братко, СУМЊИВ си до немај каде. :)

Чувај се.

Unknown рече...

Поточно, портокалова маица со Алекс и неговите три „droogs“, со безбол палките у рука, и натпис Clockwork Orange.
Морав да облечам нешто пригодно, после настанот :)

Анонимен рече...

Неинформирани или неуниформирани те сопреа? Или и двете? :)

Анонимен рече...

Ме забавува сценариото за добро однесување на полицаец? Мислам во твојов случај? знаеш во смисол:
Добар ден, јас сум полицаецот Добромир, од станицата таа и таа. Ве молам, дали сте согласни да ве идентификуваме? Видете, во тек е истрагата за (......) Немате лична карта? Оооо најмал проблем ве молам извинете на вознемирувањето... итн итн
Не е до полициското однесувањето нели ?( Добромир знае дека може да те застане за легитимирање и тоа и го прави )
Повеќе е до ID документчето шо мора да си го носиме сите за во случај на некој Добромир да му текне да се запраша кој по ѓаволите си ти?
А и тоа што ни ја бамкаат цело време истата - поголема безбедност, подобро функционирање, помалце педофили, манијаци, убијци, повеќе ред и помалце олош на улиците? И како тоа на крај и ние бамкаме за ред и поредок како дрти
книшки луѓе а караванот си врви, што ја прави другата страна уште полегитимна да го прави она што го прави
Пред неколку дена вадев лична карта (не можам да се омажам без неа :))) и најискрено кажано досега си ја носев со себе само од некои неверојатни не дај боже - мотиви. Ama посилен ми е револтот од стравот па така ќе ти се придружам во неносењето лична карта
П.С - Колку само да се види дека е ова женски коментар, да доврашам за однесувањето
Нема да веруваш ама провинциските полицајци се подушевни, не така агресивни - во една мошне глупава епизода во полициска станица се случи згора на се толку да ме изнервира дежурниот полицаец , што не можев да се воздржам од тоа да ја пратам полицијата и се во неа по ѓаволите -(сочно мислам дека е правиот збор)- И... никому ништо. Единствено Добре се сецна и го смени тонот-накај многу многу поблаг, па можевме така во блажината на станицата да го дочекаме утрото :))))

Unknown рече...

Неуниформирани, ама прилично информирани. Бев пријатно изненаден во однос на нивната информираност, и покрај нивниот непрофесионален однос.

„посилен ми е револтот од стравот па така ќе ти се придружам во неносењето лична карта“
Супер, ако се најде уште некој, може да формираме и движење за неносење лична карта :)

roxane рече...

Мене она што највише ми иде на нерви е тоа што ние сме земја ваљда постои тој глуп закон да ова полицијава, -- те легитимира.
Епа преферирам поштувам земји каде што нема “дечки лични карти“ !!! ;)

конкретно, во земји како холандија,англија,канада,австралија ( има и мн други ама не сум 100сигурна за да ги именувам) каде што НЕМА КОНТРОЛА сељачка на идентитет.

ако те застане полицаец и ти бара документи со идентитет (возачка,лична карта) ти немаш, никому ништо. Ако ти бара значи дека има некаква причина и во колку му е битно , мора да отидете до таму каде што ти се документите и му покажеш кој си.

А во тиквести земји ко Франција,Македонија (цел балкан) тоа на полицајциве им е најјака фора во работата. практично од тоа живеат стоќите.
забрана за тој глуп закон кој ги овластува да контролираат идентитеТ!!! ;))

Анонимен рече...

Еве го мојот случај:
Пиев пиво на отворено и не носев лична карта, ми приоѓаат тројца типови од кои едниот ми покажа значка, си претпоставив инспектор од МВР е` и имајќи го предвид свежо читаниот пост, сакав да знам зашто сум прекинат, па присетувајќи се на постов се пуштив во реакција и запрашав:
- Mоже да видам кој е бројот на легиматецијата?
- Нормално, ми вратија со брзо поклопување на истата.

Второто прашање (што и не беше прашање) туку закана со приведување, нели лишување од слобода и звучеше мошне заплашувачки:

- Знаеш дека можам да те приведам поради пиење алкохол на јавно место?!

Му возвратив:
- Зашто понижувачки постапувате спрема мене, поради пиењето пиво?!
и дополнив: - Имате основано сомнение дека вршам кривично дело?

Инспекторот дрско одговори: - Тоа е наша работа, зарем ти мислиш дека знаеш повеќе од нас?
Веднаш вратив:
- Па тогаш, како да ја сфатам вашата работа кога се коси со оној чл.48 од кодексот што ја дефинира заснованоста на полициската интервенција?

После ова прашање не изустија ништо, промумлаа нејасно, не ме легитимираа и просто заминаа.
Останав зачуден.

не знам дали и како сум згрешил во постапката, но имајќи предвид дека не сум запознат одблиску со правната процедура, би апелирал до блогерите како вас почитуван Jasnesumjas кои верувам ја познаваат проблематиката што побргу да се заложат за изготвување некакво џепно издание (макар и за почеток да е само on-line достапно) во врска со основните права при контакт со ме-ве-ре-то :)

Unknown рече...

"Нормално, ми вратија со брзо поклопување на истата."
Имаш право и усно да ги прашаш за нивното име и презиме, и од која оранизациона единица се. Тоа право јас намерно не го искористив овојпат, иако во други прилики ги имам прашувано, и ми имаат одговорено.
Тоа за водичот е одлична идеја, и веќе го разгледувавме.
Чекаме да стапат во сила одредбите од новиот Закон за полиција, и да се донесат новите подзаконски акти, каде што постапките (како што е легитимирањето) се и ќе бидат уште подетално дефинирани.
Тогаш ќе има смисла да се направи нов водич, а сега ако го издадевме би важел само два-три месеци.
поздрав, и честитки за храброста да се повикаш на своите права.

Анонимен рече...

Тетовирање - филм, цитат: „Овде ако јас кажам дека си крадец, тогаш си крадец“ завршен цитат :) немој ти мене кодекси права, слушна? А сега, додека да го смачкам ова, вие да сте готови :)

Анонимен рече...

Попедерска приказна одамна неам прочитано. Ај вечер шетај се у 3 саат ноќе меѓу куќите на водно па чуди се зашто те сопреле и плус па и лична карта не си носел. Ти си дечко одлепен место у станица требале на друго место да те однесат да ти одредат ментална состојба. У 2 саат се шета ли по тие темни улици со кола страв да ти е да поминеш а не па пешки. И иди у Америка шетај се така ноќе сонително за 5 минути у станица ќе завршиш ако немаш лична карта. И на крајот на краиштата зошто треба да му веруваме на човек што у сред ноќ се шета по темни улици а да не им веруваме на полицајците...

Анонимен рече...

Не бе...ЛАЖЕ! (ЕКС ДОЛУ ВЛАДА)

Анонимен рече...

ортаче избричија брадата и биди покултурен и немат да те приведет таква ти е фацата сумнјив си.то ти е немат друго.ќао

Мојот список со блогови

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Архива на блогот

Footer Widget 1

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Footer Widget 2

Популарни објави

Популарни објави

Popular Posts this month

Popular Posts this week