Заложничка криза

1/27/2010

Дали ни се заканува нова криза, подлабока и пожестока од 2001? Некои стравуваат дека Македонија е на работ на „најсериозната политичка и институционална криза од нејзината независност“. Тешки зборови паднаа. „Етнобарометар“ предупреди дека кризата може да го загрози не само нашиот територијален интегритет туку и стабилноста на регионот. Колку се сериозни ваквите мрачни предупредувања?

Како клучен поттикнувач е идентификуван проблемот со името. Аргументирано се критикува како многу ризична „стратегијата на ЕУ да го направи решавањето на проблемот со името предуслов за почеток на пристапни преговори“. Експертите заклучуваат дека „проблемот со името не треба да биде заложник на билатерални преговори“. Отворено и' сугерираат на ЕУ да одигра директна улога на предлагач на решенија и да ги притисне обете страни користејќи економски „моркови“. Но, дали ЕУ може да се јави во улога на посредник, ако е несомнено дека и самата стана дел од спорот по наметнувањето на непринципиелниот услов?

На адреса на Грција нема никакви препораки, освен предочување на симптомите на грчката хипокризија. Грција сака да се претставува како лидер на ЕУ-интеграцијата на Балканот (агендата - 100 години од 1914), но експертите забележуваат дека се зајакнува базичното гледиште на грчкиот политички естаблишмент: „Чуму брзање? Македонија и онака ќе се распадне, без оглед на тоа дали ќе добијат или нема да добијат име какво што посакуваат“. Не му се брза на Папандреу. Ниту на Груевски. Колку повеќе одолжува, толку повеќе си го јакне имиџот на бескомпромисен борец за името и идентитетот - „имунитет“ за критиките дека преродбеничката галија е одамна проголтана од сцилата на непотизмот и харибдата на корупцијата.

Најголем дел од забелешките се на наша адреса. Македонската позиција им се видела на експертите како „нејасна и контрадикторна“: „Нема јасен национален консензус околу прашањето, а македонските преговарачи ниту еднаш немаат излезено со конкретен предлог“. Дополнителен хендикеп за македонската позиција е „вмровската политика на ‘антиквизација’“ - перципирана како отворена провокација не само во Грција туку и меѓународно.

Но, иднината на Македонија не ја става под прашање само „ирационалниот“ спор. Според анализата, растечката перцепција дека пристапувањето кон ЕУ нема да се случи во блиска иднина, заедно со економската рецесија, „можат да го забрзаат процесот на разнебитување на сегашниот политички и институционален систем на Македонија“. Значи, веќе имало разнебитување, независно од економската рецесија и неуспешната ЕУ-интеграција. Тие се само катализатори.

Одговорот на прашањето дали сме на вистински пат да станеме стабилно, отворено и демократско општество, според „Етнобареметар“, не треба да се бара во последниот извештај на ЕК. Извештајот е оценет како политичка одлука, како ЕУ-морков (кој го изгрицкавме непромислено како гладни зајаци). Анализата дава многубројни аргументи дека сме застраниле од патот, не само на планот на меѓуетничката стабилност, туку и на планот на демократизацијата. За тоа сведочат многубројните неуспеси во спроведувањето на рамковниот, не само на планот на правичната застапеност туку и на децентрализацијата и употребата на јазиците. Како очевиден пример за неуспешна институција е наведен Комитетот за односи меѓу заедниците, кој не ја одигра уставната улога на решавач на меѓуетнички проблеми (случаи - „етнички смени“, „црква и џамија на плоштад“, Македонската енциклопедија).

Адресирани се и други проблеми што упорно се ставаат под тепих: гломазната и партизирана јавна администрација (имаме администрација колку и четирипати побројната Бугарија!), нерешениот статус на поранешните борци на ОНА, недефинираните и неинклузивни државни симболи, хашките случаи од 2001, дискриминацијата (со посебен осврт на Ромите), сегрегацијата... Сепак, најсимптоматични се укажувањата дека Македонија не е во состојба да изгради функционална демократија што ќе почива на институционален дијалог и соработка без менторство на „меѓународната заедница“. Имено, постои екстремно висок степен на политизирање на проблемите, а екстремно слаби институции што треба да ги решаваат. Оттаму и сомневањето дека македонските институции повторно нема да бидат во состојба соодветно да одговорат на голема политичка криза.

Дури и неодамнешната јавна дебата за демитологизирање на 2001 г. предизвика повеќе стравувања отколку охрабрувања за иднината и стабилноста на Македонија. Охрабрувачки е да се гледа како поранешните непријатели заеднички дебатираат околу контроверзната 2001. Но, поразителни се одговорите околу кои успеаја делумно да се согласат дебатерите: конфликтот не е завршен, вистинско помирување не се случило, а рамковниот успешно адресирал само мал дел од причините.

Сомневањата во однос на успешноста на рамковниот допрва ќе се продлабочуваат. Основните принципи на договорот не се почитуваат. Непочитувањето на Уставот и на Уставниот суд стана политичко секојдневие. Локалната самоуправа може повеќе само заедно со премиерот. Внатрешно раселените лица никој не ги споменува. Актерите што заговараа територијални решенија за етнички проблеми се вратија на политичката сцена. Партиите што се борат за интеграција поддржуваат сегрегација, а партиите за национално единство промовираат етничко и граѓанско разединување. Постојано лебди заканата за употреба на насилство во политички цели.

Дури и „меѓународната заедница“ може да се обвини за непочитување на рамковниот, зашто НАТО и ЕУ дозволија Грција да го попречи „развојот на поблиски и поинтегрирани односи меѓу Република Македонија и Евро-атланската заедница“. Може ли ЕУ да бара од нас да го почитуваме рамковниот, а таа самата да не го почитува? Ставајќи потпис на оригиналната англиска верзија, претставникот на ЕУ ја призна не само Republic of Macedonia туку и кратенката Macedonia, како и изразите Macedonians, и Macedonian (за јазикот, граѓаните, црквата). Да потсетиме, рамковниот промовира почитување на етничкиот идентитет и на интересите на сите македонски граѓани. Ете, врз тие принципи, поддржани од страна на ЕУ, треба активно да настојуваме да се постигне заедничко прифатливо решение во спорот со Грција.


Права паланка

1/19/2010

Кој тоа таму лаже дека службите затајуваат? Веднаш штом излезе насловот „Латас бил соработник на српската тајна служба“, уредникот уредно си поднел барање за информации до МВР. Верувале или не, истиот ден си добил и официјален одговор. Кој рано рани, две среќни информации граби.

Според презентираниот документ од МВР, барањето „се однесува за Вашата соработка со странска служба како и информации дека сте биле учесник во организација на нередите пред Амбасадата на САД и палењето на американското знаме, кои датираат од март 1999 година“. Значи - ве обвинат ли дека сте соработник на странска служба, без гајле. МВР веднаш ќе ви излезе во пресрет и ќе ги провери „фактите“ во неприкосновените евиденции. Во случајов, уредникот си доби два крунски доказа. Прво, си доби пусулче дека „во евиденциите со кои располага МВР, вашето име не е поврзано со организаторите и нарушителите на јавниот ред и мир за кои во тоа време биле поднесени кривични пријави“. Второ, си доби и „ослободителна“ потврда дека не постојат информации за негова соработка со странска служба. Како капак, му стигна и „дополнителна потврда“ од поранешниот министер: „ниту Драган Павловиќ Латас ниту кој било новинар директно или индиректно биле вклучени во нападот на Амбасадата“.

Ете, така се брани новинарската чест и углед и слободата на новинарството! Кој ни е крив нам кои бевме клеветени како домашни предавници и јавно линчувани како странски платеници? Кој ни е крив што сме толку некадарни да си ги одбраниме нашето достоинство и што немаме доверба во институциите на нашиот ефикасен систем? А да си поднесевме барање до службите, истиот ден ќе имавме непобитен доказ дали сме странски платеници. Патем, можевме да си извадиме и уверение дека сме во слободна брачна состојба со МВР.

Но, од кога тоа МВР почна да издава ургентни потврди за граѓаните дали за нив има или нема податоци дека соработувале со странски служби? Знам, некои неупатени ќе помислат дека ова има врска со законот за лустрација. Но, законот за лустрација ги засега соработниците на домашните служби, корисниците на информации и наредбодателите. Накусо, лустрацијата важи за домашните, а не за странските соработници. „Службите“ имаат обврска да постапуваат по барањата на Комисијата „во рок од три работни дена, а кога барањата се однесуваат за кандидати за носители на јавни функции во рок од 24 часа“. Да не ги измешал некој лончињата од службите? Да не помислиле случајно дека почитуваниот уредник (експерт за темата „КОС и УДБА“) е член на Комисијата за верификација на факти или можеби кандидат за носител за јавна функција, па му обезбедиле итни „факти“ за помалку од 24 часа?

Се разбира, пред „фактите“ од службите и боговите молчат, па редно е да замолчиме и ние. Особено кога „фактите“ ќе бидат верификувани од надлежната комисија, со такви експерти за човекови права. Неодамна, Комисијата верификува дека над 60 највисоки јавни функционери го исполнуваат фамозниот дополнителен услов. Недоверливите новинари укажаа: „На разговор и дополнителни проверки бил подложен еден функционер со над 500 страни досие, но од Комисијата не го откриваат неговото име.“ Многумина злобници останаа несреќни откако лустрацијата го одмина и Министерот за правда, во чија биографија стои: „Во Јавното обвинителство на Република Македонија работи повеќе од 28 години“. Што мислеа тие - дека нашите социјалистички обвинители ги повредувале човековите права од политички или идеолошки причини? За инает на злобниците, Комисијата го верификува непобитниот „факт“ - ниту еден од нашите сегашни јавни функционери не соработувал свесно во кршењето или ограничувањето на основните права и слободи на граѓаните од политички или идеолошки причини! Ако продолжи комисијата да верификува „факти“ со вакво темпо, ќе испадне дека сме живееле во најправедниот од сите можни политички системи.

Но, да се вратиме во нашата трагична транзициска реалност. Законот за лустрација опфаќа период од август 1944 се до февруари 2008, оти масовните кршења на човековите права од идеолошки и политички причини продолжија и по осамостојувањето. На пример, прислушувањето, кое беше незаконско се' до ноември 2006. Може ли комисијата да го верификува „фактот“ дека меѓу сегашните државни службеници немало наредбодатели и корисници на информации од незаконско прислушување вршено од идеолошки и политички причини? Кој може да гарантира дека државните службеници кои незаконски вршеа прислушување пред ноември 2006 не се истите службеници што сега произведуваат „факти“ на кои комисијата беспоговорно им верува?

Бездруго, лустрацијата станува политичка фарса кога органите за лустрација се сведени на пасивни верификувачи на „факти“, конструирани од страна на нереформираните и неконтролирани служби за безбедност, истите што произведувале досиеја од 500 страни. Наместо инструмент на транзициска правда, лустрацијата се претвора во инструмент за политичка пресметка, особено ако непознат дел од сомнителните досиеја се во приватни архиви и се злоупотребуваат за лични или партиски цели. Лустрацијата се претвора во инструмент за политичко жртвување ако лицата што се лустрираат немаат еднаков пристап до класификуваните информации и услови за фер постапка.

Иако навидум нема суштински допирни точки со лустрацијата, новата „шпионска афера“ е показател дека и довчерашните соучесници во „новинарски монтирани процеси“ лесно може да станат жртви на слични политички „монтировки“, базирани на „неприкосновените факти“ на службите.

Во услови кога „Запад не' отпишува, а Исток не сака да не' запише“, паланечкиот менталитет почнува мазохистички да ужива во територијалните пресметки на локалните медиумски „црноберзијанци“, кои оперираат според максимата „За говнари - говнарска цевка“. Се' додека не проникнеме во мудроста дека „говнарска цевка е говнарска цевка“, и дека „и говнарската цевка има два краја“, ќе си останеме (југо)носталгично заглибени во канализацијата на „Среќна нова 1949“.

А кој ќе ни биде главниот виновник за жртвите од „говнарската цевка“? Се разбира, Пиги. Е, па Пиги, извини што те лустриравме - морално беше!


Грчкиот вирус

1/13/2010

Претпоставувам, сте го слушнале следниов „патриотски“ виц: „Што прави грчки вирус во компјутер? - Менува имиња на фајлови и фолдери“. Зборот „патриотски“ е намерно во наводници, затоа што одеднаш почнав да се прашувам дали вицот е навистина патриотски. Почна да ме јаде јанѕа - да не е случајно предавнички виц? Имено, ако менувањето на имиња е последица на „грчки вирус“, дали и преродбеничкото менување на имињата на аеродромот Петровец и автопатот „Братство-единство“ е последица на грчки вирус? Кога малку ќе се подразмислам, вицот мора да е предавнички зашто сугерира дека и нашата патриотска влада дејствувала под влијание на „грчки вирус“ преименувајќи ги аеродромот и автопатот во „Александар Велики“.

Може ли поинаку да се објасни драматичниот пресврт на планот на изградбата на македонската нација, освен како резултат на епидемиска вирусна реакција? Познато е дека вирусите можат да предизвикаат мутација во човековиот геном. Во нашиот случај, епидемијата од грчкиот вирус на присвојување на античко-македонското минато предизвика мутација на македонскиот „геном“. Реплицирајќи ги грчките етногенетски стратегии на митологизирање на потеклото и континуитетот, на преименување и политичко злоупотребување на археолошкото културно наследство, нашите „преродбеници“ успеаја да го изменат нашиот етногенетски код. Со невидена пропаганда за само неколку години успеаја делумно да го променат нашиот меѓународен имиџ од Македонци - јужни Словени во хистерични наследници на Александар Велики.

Како да се заштитиме од вирусот antico-Macedonicus? кој безмилосно го разјадува кревкото демократско ткиво на нашата држава, го уништува природниот имунитет на нашето мултикултурно општество и предизвикува поделби и конфликти меѓу мнозинството граѓани кои се идентификуваат како етнички Македонци? За жал, Министерот за здравство досега не излезе со информации за симптомите од вирусот, ниту со конкретни препораки за превенција и лекување. Затоа, во интерес на нашето физичко и ментално здравје, даваме скромен придонес кон темата „Што можам да направам за да спречам да заболам од етнонационалистички грип предизвикан од вирусот antico-Macedonicus?“

Нема потреба да се одбегнуваат блиски контакти со лица кои настојуваат да ве убедат дека сте потомци на античките Македонци. Вирусот не се пренесува преку допир. Сепак, пожелно е да се избегнуваат јавни собири каде што се веат грандиозни знамиња со симболот од Вергина и каде што се пеат патриотски песни за „клетите Грци“ и „клетите Шиптари“. Ако некој почне да ве убедува дека симболот од Вергина е сонце, а не ѕвезда, потсетете го дека и сонцето е ѕвезда.

Бидете внимателни при изборот на телевизиски канали. Античко-македонските пропагандни спотови тешко се избегнуваат. Проветрувајте ги почесто просториите после гледањето на вести на националната телевизија, репризи од интервјуата на премиерот и контактни емисии во кои пречесто се користат зборовите „патриоти“ и „предавници“.

Негувајте го своето здравје и својот разум со добар сон, одмор, квалитетна духовна исхрана (на пр. читање на научни дела за политичкото конструирање на националните митови и идентитети), како и со спортски активности. Под „спортски активности“ не се подразбира и препорачува учество во активности организирани од Агенцијата за млади и античко-македонска пропаганда.

Како ќе знам дека сум болен од новиот грип предизвикан од вирусот антицо-Мацедоницус? Во најголем број случаи, тешко ќе можете да направите разлика помеѓу сезонскиот етнонационалистички грип и новиот грип. Единствено етнопсихијатар може да Ви ја потврди дијагнозата. Сепак, не е лошо да поразговарате со некој пријател кој го зачувал здравиот разум доколку забележите некој од следниве симптоми: историско помрачување на умот предизвикано од книги и филмови за славните дела на Александар и Филип, теснограда свест ориентирана кон барање разлики помеѓу древните Македонци и Елините, ирационални стравови дека целиот свет работи против нас само затоа што сме Македонци, негативни емоции кон секој што аргументирано го критикува самоволието на нашата „патриотско-преродбеничка“ влада, неконтролирани напади на говор на омраза и насилнички импулси кон надворешните непријатели и внатрешните „предавници“ кои се множат после секој преродбенички чекор...

Како да се излекуваме од вирусот? Не постои ниту вакцина за превенција на вирусот ниту серум против етнонационалистичкото беснило. Сепак, од нас зависи дали ќе дозволиме етнонационалистичкиот вирус antico-Macedonicus? да го уништи нашиот демократски имунитет. После Букурешт 2008, македонското општество покажува мошне слаб имунитет на етнонационалистички вируси кои последниве две децении однесоа стотици илјади жртви само на балканските простори, многу повеќе отколку било која вирусна епидемија.

Како да го зајакнеме нашиот имунитет? Треба да се научиме да го сочуваме разумот и да не подлегнуваме на националистички провокации и манипулации со негирањето на македонскиот идентитет. Негирањето е генератор на национализам. Грчкото негирање на македонското малцинство во Грција, како и негирањето на македонскиот јазик и идентитет создадоа вистинска националистичка хистерија во Република Македонија. Во што се состои парадоксот на македонските етнонационалисти? Без негирање, не би имало плодна почва за етнонационалистичка „преродба“. Токму затоа, свесно или несвесно, политичките експлоататори на македонскиот етнонационализам најмногу посакуваат негирање на македонскиот идентитет и јазик. Негирањето е нивната духовна храна. Се додека не негираат како Македонци, има причина нивното постоење.

Има ли нешто потрагикомично од нашите македонски „патриоти“ со „осумте максималистички барања на Грција“ во џебот, спремни во секој момент да ви ги изрецитираат со најпатриотски патос? Има. Нивното разочарување кога ќе им предочите аргументи дека македонското малцинство во Грција се признава во извештаите на Советот на Европа и ОН, дека на интернет-страниците на ЕУ македонскиот јазик се зборува и во Грција и дека во стотици меѓународни документи се афирмира човековото право на изразување на етничкиот идентитет „Македонци“.

Жими аќим

1/07/2010

Почитувани граѓани, Помина 2009 година. Многу и' се израдувавме на светската економска криза. Милина беше да се гледа како пропаѓаатамериканските банки. Како Исланд банкротира. Како Дубаи го спасуваат соседите. А најмногу од се' - како повторно станува актуелна поговорката - „должен си ко Грчка“.

Забрефтаниот раст на македонската економија беше пресечен како со нож. Ама пак успеавме најдобро да се снајдеме за време на кризата. Додека другите отпуштаа од јавната администрација, ние вработувавме. Нашата партиска економија се покажа многу витална. Како „Сведмилк“.

Борбата против невработеноста ќе остане и во 2010 врвен приоритет. Ќе продолжиме со партиските вработувања. Ќе продолжиме да бришеме невработени многу поажурно отколку претходната власт.

Во 2009 бевме изложени и на многу стресови од Грција. Сепак, ниту неправдата што пак ни ја нанесоа ниту светската економска криза не не' обесхрабри. Продолживме со археолошки ископувања, со градење споменици и со античкопропагандни кампањи на CNN. Ниту Ричард Квест нема да не' обесхрабри да ја продолжиме последната битка - со транзиционите политичари кои зад себе оставија пустош и беда и со домашните предавници кои сакаат да ги смениме името и идентитетот.

Продолживме и со зацртаните реформи на секое поле. Не само на Скопско Поле, туку и на Овче Поле. Не само што ги исполнивме бенџмарковите туку продолживме и со модернизацијата. Обезбедивме безжичен и бесплатен интернет во секое село. Кај и да е, тендерите ќе успеат, и хидроцентралите ќе ги изградиме.

Со гасификацијата и со Коридорот 8 ќе продолжиме со исто темпо како и досега. Прашање на време е кога супербрзиот воз со жолто лавче ќе јури кон Софија.

Ќе продолжиме да го модернизираме и главниот град. Скопје ќе го направиме модерна некропола. Ќе го рестартираме часовникот од старата автобуска, а ќе ги воскреснеме и симболите на старо Скопје - Стариот театар и Официрскиот дом. Порано или подоцна, тендерот за двокатни автобуси ќе успее. И коцката ќе ја вратиме, независно дали е фрлена или не.

Визната либерализација беше една од најубавите вести што ја добивме минатата година. Нема веќе понижување пред амбасадите и конзулатите. Отсега, има да се понижуваме само пред нашите шалтери во МВР. Чувството за слобода на движење низ цела Европа е пријатно дури и за оние кои имаат закажано вадење биометриски пасош во 2012.

Може да не' блокираат колку што сакаат. Но, нашите активности потребни за влез во ЕУ и во НАТО, како и напорите за изнаоѓање решение за спорот со Грција и' остануваат и во 2010 врвен приоритет на Владата. Ако треба, ќе останат врвен приоритет и во 2049!

Во 2009 имавме голем напредок во делот на образованието. Прв пат се воведоа бесплатни учебници што родителите ќе си ги платат на крајот на годината. И градоначалникот Елвис Бајрам успеавме да го мотивираме да вети дека ќе се запише во средно училиште. Минатата година дури 96,5 отсто од матурантите се запишаа на некој од факултетите во Македонија. Оваа година ќе настојуваме да се запишат 99,102 посто.

Почитувани граѓани,

Борбата против криминалот и корупцијата продолжи со несмалено темпо, а така ќе биде и во 2010. Никаква снимка на „Јутјуб“ нема да не' запре или поколеба. Ќе продолжиме да ги разрешуваме од функција сите директори, независно од нивните значителни позитивни резултати во доменот на вршење притисок и рекет. Жими аќим, ако ве лажам!

Обврските од Охридскиот договор ќе продолжиме да ги исполнуваме. Ќе го почитуваме принципот на правична застапеност во партизираната администрација.

И сегрегацијата во образованието ќе продолжи. Ќе продолжиме еднакво да ги третираме сите што разгоруваат национален раздор и нетрпеливост. Нема да ги казнуваме ниту тие што пеат „Шиптари во гасни комори“ ниту тие што скандираат „Карпалак“. Ќе ги ставиме под тепих и вандалите во Нерези и оние што со шипки и секири сакаа да истеруваат улична правда.

Како мултиетничка и мултиконфесионална држава, меѓусебниот респект, уважување и толеранција, останува есенцијален за наша заедничка посреќна иднина. Кој не верува, нека ја прочита Македонска енциклопедија. Таа е еднакво важна и за македонците, и за албанците, и за турците, србите, ромите, бошњаците, власите и сите останати етнички заедници во Македонија.

Почитувани граѓани,

Македонија мора да успее,

Само гордо и смело. Оние што гледаат само црнила подобро е да си ги протријат очите. Во нашето село се' е бело. Освен црвената линија.

Да сте живи и здрави, да имате повеќе чуство на љубов и спокојство, да ја давате и примате љубовта за која се потребни двајца (освен ако едниот од партнерите не е настран во сексот).

Во 2010 посакувам да сме посреќни, повесели, и поуспешни од 2009 и да одиме напред во зацртаните цели од преродбата во 100 расчекори.

П.С. Употребата на „македонци“ со мала буква не е печатна грешка. Следени се правописните норми на „чуварите“ на името и на идентитетот и образованите и моќни уредници на веб-страницата на ВМРО-ДПМНЕ.


Мојот список со блогови

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Архива на блогот

Footer Widget 1

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Loading...

Footer Widget 2

Популарни објави

Популарни објави

Popular Posts this month

Popular Posts this week