A prisoner’s dilemma: an inappropriate analogy

12/13/2012

Gerald Knaus, in his article Macedonia and the EU council conclusions – a small but important step forward: „The Council was a warm up exercise. Now the real game begins. Athens and Skopje face a prisoners dilemma: if neither side believes that a solution is possible, and acts on this, both will lose. If both sides take a calculated risk to take the search for a mutually acceptable solution seriously both can win.“ 

I have three main objections to his conclusion.

Firstly, the “game” metaphor is totally inappropriate after two decades of “Macedonia Name Dispute”, bearing in mind that the dispute is affecting mainly the rights and the prospects of only one party – The Republic of Macedonia. This could be perceived as “a game” only in sadomasochistic terms. However, it is totally wrong to believe, after two decades of inhumane and degrading treatment of Macedonian citizens by Greece, that Macedonians are enjoying the “SM-game” with Greece. What could be perceived as “a game” by a sadist, could be experienced as torture by his/her victims.

Secondly, after the Council`s decision, Macedonia is faced with two clear ultimatums. According to Gerald Knaus: “This means: if there is an agreed solution on the name issue soon, and if there are ‘concrete actions and results’ from high level meetings with Bulgaria till April, the goal to start accession talks in 2013 “before the next presidency” or very early in it remains alive.” Therefore, if and only if Macedonia accepts both ultimatums, “the goal to start accession talks in 2013… remains alive”. Otherwise, “the goal to start accession talks in 2013” will be an unattainable goal. Is it possible to represent such an impasse as “a small but important step forward”?

Third, the analogy with "a prisoner’s dilemma" is not only false, but also very offensive. Athens was never a prisoner, but a prison guard and perhaps a political torturer abusing the “Macedonia Name Dispute”. The assumption that Athens could lose anything if it does not believe that a solution is possible is unjustifiable. What can Greece lose? Its reputation as a champion of democracy ?

The continuing attempts of Greece to “extort” a confession from Macedonian political representatives, as well as the inhumane end degrading treatment towards the ethnic Macedonians and their cultural identity are clear symptoms of ‘political torture’. Unfortunately, the outcome of this political torture, aided by Bulgaria and other EU countries as well, is the rise of Macedonian ethno-nationalism and the decline of liberalism, democracy and human rights.

To conclude, there is another reason why “a prisoner’s dilemma” is a false and an offensive analogy.  A prisoner’s dilemma is a situation following the offer from “a clever prosecutor” with an intention to obtain a confession. The analogy is offensive not only for Macedonia and Greece (represented as prosecuted prisoners), but for the EU as well, because the political role of the EU is not to be a “a clever prosecutor”, but a defender of human rights and European democratic values.

ПРОГЛАС ЗА АФИРМАЦИЈА НА СЛОБОДАТА НА ИЗРАЗУВАЊЕ

10/12/2012

Слободата на изразување во Република Македонија е сериозно загрозена. Се повеќе е изразена цензурата и автоцензурата. Од друга страна, никој не се бори против говорот на омразата и притисоците врз слободата на изразувањето.



Неодамна, Владата подготви и достави до Собранието на Република Македонија, пакет закони кои директно навлегуваат во слободата на изразувањето. Иако овие закони ги засегаат сите граѓанки и граѓани, ниту граѓаните ниту граѓанскиот сектор немаат реална можност да се вклучат во процесот на донесување на овие закони. Собранието одлучи да ги донесе овие закони во редовна постапка, но тие се носат во ултра брза постапка која ги исклучува граѓаните и граѓанскиот сектор од консултативниот процес.


Првите анализи од страна на граѓанскиот сектор предупредија дека Предлог-законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета содржи толку многу недоследности кои не можат да се надминат само со амандманска расправа во завршна фаза.

Имајќи предвид дека:
  • Законот не ги засега само новинарите и медиумите, туку, и сите граѓани и граѓански организации,
  • Граѓаните и граѓанските организации имаат право активно да учествуваат во подобрувањето на законите кои што ги засегаат,
  • Ваквата форма на законот директно ја загрозува слободата на изразување и може да доведе до бројни злоупотреби и уште повеќе да ја зајакне цензурата и автоцензурата,
БАРАМЕ:
  1. Пратениците да се воздржат од гласање на законите со кои директно се загрозува слободата на изразување.
  2. Предлагачот (Владата) да го запре процесот на донесување на трите закони и да започне нов процес во кој директно преку јавна дискусија ќе бидат вклучени граѓанските организации и граѓаните воопшто.

ГИ ПОВИКУВАМЕ:
Сите граѓани и граѓански организации, сите интелектуалци, новинари и други јавни личности да му се приклучат на Фронтот за слободата на изразувањето!


СМРТ НА ФАШИЗМОТ СЛОБОДА НА ИЗРАЗУВАЊЕТО!
Хелсиншки комитет за човекови права на РМ
Центар за развој на медиуми (ЦРМ)
Метаморфозис, Фондација за интернет и општество
Цивил
Фондација Отворено општество Македонија (ФООМ)
НВО Инфоцентар
Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“- Скопје
Македонски центар за европско образование (МЦЕО)

Соучесници или не – прашање е сега!

10/10/2012

Зошто пратениците на СДСМ гласаа за предлог закон со кој власта сака да си создаде нов механизам за цензура и контрола на медиумите и граѓаните?



“СДСМ генерално ја подржува декриминализацијата на клеветата и навредата, но нема да бидеме соучесници во владините намери дополнително да ги ограничат новинарските права и медиумските слободи.
Затоа, ја користиме оваа прилика да информираме дека поднесовме амандмани со кои бараме намалување на максималната казна од 27 илјади евра на 2 илјади и 700 евра, бришење на членот од законот кој овозможува цензурирање на новинарски текстови и амандман за дефинирање на евентуалната одговорност на интернет порталите.
Очекуваме од владејачкото мнозинство или да понуди подобар текст на законот или да ги прифати нашите амандмани.”

Но, дури и да се прифатат трите амандмани на СДСМ, нема да се решат главните проблеми со пакетот предлог-закони кои ја загрозуваат слободата на изразување.

Опозицијата треба под итно да ги блокира сите предлог-закони кои ја засегаат слободата на изразување и да издејствува нивна темелна преработка во соработка со граѓанскиот сектор преку јавни дискусии на кои ќе може да се произнесе секој засегнат граѓанин.

Ако опозицијата се впушти во амандманско пазарење за слободата на изразување, и таа ќе стане соучесник - не само во исклучувањето на граѓанството од процесот на донесување на закони, туку во информациското помрачување во Македонија.



Одбрана на Жарко Трајаноски во однос на тужбата од Миленко Неделковски

9/13/2012

Почитуван суде,

Минатиот пат укажав дека не се точни наводите од обвинението “...во содржината “ПОВИКОТ ЗА ЛИКВИДАЦИЈА Е ОБИД ЗА ЗАПЛАШУВАЊЕ НА ЈАВНОСТА” каде што како аналитичар изнесол...”. Во текот на моето гостување на ТВ-дневникот немаше таква содржина, а не бев претставен ни како “аналитичар”, туку како магистер по човекови права и активист.
Во тужбата се тврди дека во тој прилог се изнесени “невистинитости и невистини за оштетениот” и дека со зборовите “упатени за приватниот тужител Миленко Неделковски сум сторил две кривични дела: “Навреда член 173 од став 2 од КЗ на РМ” и “Клевета од член 172 од став 3 вв ст. 1 од КЗ на РМ”. Бидејќи сум обвинет за две кривични дела, и мојата одбрана ќе се состои од два дела. Изречените зборови во вестите на А1 се кажани од страна на бранител на човекови права, во одбрана на слободата на јавно изразување на мислата, а против говорот на омраза - промовиран, поттикнуван и оправдуван од страна на тужителот Миленко Неделковски. Нема поголем апсурд од тоа што на обвинителната клупа седи бранител на човекови права и борец против говорот кој поттикнува омраза, насилство и дискриминација. Уште поапсурдно е тоа што во улога на „жртва“ и тужител се јавува лице кое во своите јавни настапи поттикнува говор на омраза, насилство и дискриминација по разни основи.

1. Одбрана во однос на тужбата за навреда

1.а Во тужбата се тврди дека се изнесени “невистинитости и невистини за оштетениот” со зборовите “Не станува збор само за говор на омраза, туку и за разгорување на национална нетрпеливост...”
Цитираните зборови се коментар на настапот на Миленко Неделковски на 15.05.2010 во емисијата “Зебра” на АЛФА ТВ, каде што тој изјавува: “Кон предавник не може да има друг говор сем омраза...  Ја не викам дека не правам говор на омраза, ја викам дека предавник заслужува говор на омраза.” На прашањето “Зошто не формирате здружение за ликвидација на непријатели?”, Миленко Неделковски одговара: “Тоа е следно”.

Доказ 1: Снимка од најавата на емисијата “Зебра”

Во наведениот коментар за тоа што има изјавено Миленко Неделковски во емисијата “Зебра” нема никакви “невистинитости и невистини за оштетениот”, ниту пак зборовите се навредливи.
Како прво, коментарот се однесува на тоа што е кажано од Миленко Неделковски, а не на неговата личност. Го искажав моето мислење за искажаниот говор: “Не станува збор само за говор на омраза, туку и за разгорување на национална нетрпеливост...”
Како второ, самиот тужител потврдува дека тоа што го кажува е говор на омраза кон предавниците: “Ја не викам дека не правам говор на омраза, ја викам дека предавник заслужува говор на омраза.”
Како трето, мојот коментар дека во конкретниот случај станува збор за говор на омраза ја имаше предвид и претходната реакција на Здружението на новинарите на Македонија, кое посочи на говорот на омраза од страна на Миленко Неделковски во декември 2009.

Доказ 2: Реакција на објавување списоци на „предавници“, ЗНМ, Петок, 18 Декември 2009”, во која стои:

“Сличен список е објавен и на блогот на новинарот Миленко Неделковски со директна закана упатена до лицата кои се именуваат како предавници дека „раката на Македонецот ќе ве стигне кај и да е“.
Посочените текстови се во директна спротивност со членот 10 од Кодексот на новинарите , како и од членот 7 и 8 од Универзалната Декларација за однесување на Меѓународната федерација на новинарите како и сите Кодекси и правила на професијата – забрануваат говор на омраза и кршење на човековите права и дискриминација меѓу другото и врз основа на политички или друг став.
Станува збор за кршење на основниот принцип на новинарскиот ангажман кој секогаш треба да биде насочен кон градење на демократијата, промоција на толерантноста, почитување на човековите права и достоинството .
Прогласување на предавници, именување и објавување на списоци е чин кој драматично наликува на времињата на најцрниот тоталитаризам.”

Како четврто, говорот на омраза и повиците за ликвидација од страна на Миленко Неделковски во емисијата “Зебра” беа повторно осудени не само од ЗНМ, туку и од страна на Европската федерација на новинарите.

Доказ 3: Осуда на ЗНМ на објавите на листи на предавници и директни и отворени повици за ликвидација на колеги новинари, од 18.05.2010, во која ЗНМ “ги осудува јавните настапи на телевизискиот водител Миленко Неделковски, неговите објави на листи на предавници и директни и отворени повици за ликвидација на колеги новинари што треба да бидат елиминирани само врз основа на “критериумите” на Неделковски и неговите истомисленици.”


Доказ 4: Реакција на Европската федерација на новинари “ЕФН го осудува телевизискиот повик за насилство врз новинари во Македонија”, во која генералниот секретар на ЕФН укажува дека станува збор за смртно сериозен повик кон луѓето да извршат насилство врз новинари, и во која се појаснува дека “Контроверзата еруптираше откако Миленко Неделковски, телевизиски презентер на Канал 5 објави листа на новинари “предавници” минатата седмица и отворено повика на нивно физичко елиминирање.”

Како петто,  јавните повици за ликвидација на “предавници” реално поттикнуваат национална нетрпеливост, омраза и повици за насилство кон жртвите на говор на омраза и ги потврдуваат моите зборови: “Не станува збор само за говор на омраза, туку за разгорување на национална нетрпеливост. Не меѓу Македонците и Албанците, туку внатре, меѓу Македонците. Обид за нивна поделба, на некакви патриоти и предавници.”

Доказ 5: Коментари на најавата на емисијата “Зебра” објавена на Youtube кои повикуваат на ликвидирање или отселување на “предавниците” и “поддржувачи на предавниците” - http://www.youtube.com/watch?v=ZNI-0xeBLik

“milenko so tebe sme trebe da se likvidiraat site predavnici na MAKEDONIJA
pozz od dijasporata US & CANADA
TheMiletino 1 year ago”

“- Ako e poddržuvač na predavnicite ma MK neka se odseli od MK i ič da ne se vrati.
milandoj 1 year ago”

1.б) Во тужбата се тврди дека се изнесени “невистинитости и невистини за оштетениот” со зборовите “Овој медиумски шарлатан се обидува да биде гласноговорник. Не за џабе го спомнав тоа дека е медиумски шарлатан, тој е експерт нели за НЛО, за пирамиди и владини политики.”
Горенаведените зборови се реакција на говорот на омраза од страна на тужителот. Нема ништо невистинито во изјавите дека тужителот “се обидува да биде гласноговорник” и дека “е експерт нели за НЛО, за пирамиди и владини политики.” Имено, мое лично мислење е дека во своето шоу Миленко Неделковски се јавува во улога на гласноговорник на власта. Доколку судот смета дека има потреба, можам да приложам инсерти од емисиите на Миленко Неделковски во кои, според мое мислење, тој се јавува во улога на експерт за НЛО, за пирамиди и за владини политики.
Го нареков Миленко Неделковски “медиумски шарлатан” затоа што е неумесно да се нарекува новинар човек кој упорно повикува на омраза и ликвидација - затоа што говорот на омраза и насилство е неспоив со новинарската професија и со новинарските стандарди. Како гостин на вестите на А1 го изразив моето мислење дека објавување на списоци за предавници, повици за ликвидација и оправдување на говор на омраза кон “предавници” не се појави што спаѓаат во доменот на новинарството, туку во доменот на медиумското шарлатанство. Токму затоа, потоа објаснив дека “она што му дава за жал легитимитет на тоа шарлатанство” е “тоа што на гости му доаѓа лично премиерот и му дава практично легитимитет”.

1 в) Во тужбата се тврди дека се изнесени “невистинитости и невистини за оштетениот” со зборовите “станува збор за лице со богато криминално досие...”.
Горенаведените зборови се истргнати од следниов контекст:
“- Она што му дава за жал легитимитет на тоа шарлатанство, не се извештаите на МВР, кои што би требало ако оди по ист тертип со другите, да укажува дека станува збор за лице со богато криминално досие, туку тоа што на гости му доаѓа лично Премиерот и му дава практично легитимитет.”
Субјект на реченицата е шарлатанството, а поентата на реченицата е дека “легитимитет на тоа шарлатанство” му дава премиерот, а не МВР кое, според мое мислење, требаше соодветно да реагира во секој од повеќето случаи на јавни повици за насилство кон новинари, закани од типот “раката на македонецот, ќе ве стигне кај и да е”, најави за формирање на здружение за ликвидација на непријатели итн.

Доказ 6: “Порака од чуварите до предавниците”, објавена на веб-страницата на Миленко Неделковски, во која се упатени закани кон список од политичари и новинари, опишани како “предавничките копилиња”, на кои им се припишува дека “застанаа на ставот дека на македонците треба да им се смени името на државата, на народот, на нацијата (…) сето тоа за да сме влезеле во пропаднатото друштво на педери, наречено Евроатланска заедница”.


2. Одбрана во однос на тужбата за клевета

Во тужбата се тврди дека со одредени мои изјави сум го сторил кривичното дело клевета во потежок облик (чл. 172 ст. 3), односно, дека изнесеното или пронесеното било од такво значење што довело до тешки последици за тужителот. Притоа, сум цитиран:

2. а) “Излегува дека Миленко е глас на некој човек близок на владините политики” или понатаму вели “Она што е страшно е дека тој се заканува со ликвидација. Имаме обид за заплашување на јавноста...”

Прво, со зборовите “Излегува дека Миленко е глас на некој човек близок на владините политики” не изнесувам ништо невистинито. Кога ги изнесов овие зборови, имав предвид дека Миленко Неделковски е честопати домаќин на премиерот, дека нивната комуникација е на “ти”, и дека во бројни наврати тужителот ги промовира и фали владините политики. Исто така, тужителот воопшто не ја крие својата блискост со владејачката партија, па дури и присуствува на почесно место на конгресот на ВМРО-ДПМНЕ, па оттаму не гледам на кој начин зборовите “Излегува дека Миленко е глас на некој човек близок на владините политики” довеле до повреда на неговата чест и углед, и до тешки последици.

Доказ бр. 7. Новинарски текст “По Никола Груевски, Мартин Протоѓер - Зад кулисите на ВМРО-ДПМНЕ: чија моќ расте, а чија опаѓа во владејачката партија” од Соња Крамарска, во кој стои “Почесно место на Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ доби и Миленко Неделковски заедно со претставници на црквата и семејството на претседателот Борис Трајковски. Неделковски доби третман на медиумска ѕвезда од страна на видни претставници на ВМРО-ДПМНЕ, кои чекаа во редица за да се поздрават со својот омилен журналист.”

Второ, зборовите “Она што е страшно е дека тој се заканува со ликвидација” се неточно транскрибирани. Треба да стои “некој се заканува со ликвидација”, и со овие зборови не изнесувам ништо невистинито. Сеуште мислам дека е навистина страшно тоа што некој објавува списоци на “предавници” со закани “раката на македонецот, ќе ве стигне кај и да сте”, и тоа што најавува формирање на “здружение за ликвидација на непријатели”. Впрочем, и ЗНМ ги осуди објавите на “листи на предавници и директни и отворени повици за ликвидација на колеги новинари...”, експлицитно споменувајќи го “телевизискиот водител Миленко Неделковски”. Притоа, ЗНМ потенцираше дека “Новинарите се животно загрозени” и дека “Најдрско и највулгарно е атакувана професијата новинар и слободата на говорот”. (Доказ бр. 3: Осуда на ЗНМ на објавите на листи на предавници и директни и отворени повици за ликвидација на колеги новинари)
Трето,  и со зборовите “Имаме обид за заплашување на јавноста, односно на критичкото мислење, од страна на човек кој е близок до власта” не е изнесено ништо невистинито за тужителот, кога ќе се земе предвид оценката на ЗНМ дека “Новинарите се животно загрозени”, како и апелот до новинарите “најостро да се спротистават на појавите што предизвикуваат атмосфера на линч и презентација на говорот на омраза во некои медиуми.” (Доказ бр. 3)


2. б) “Она што уште застрашува во овој момент е што тоа лице се служи со одредени снимки од разговори, па се поставува прашањето како тоа лице ги добило.”

Не се изнесува ништо невистинито со зборовите “тоа лице се служи со одредени снимки од разговори”, ниту пак со прашањето што логично се поставува “Како тоа лице ги добило?” Имено, пред да ја започне емисијата на Канал 5 со тема НЛО и вонземјани, тужителот презентираше “аудио материјал снимен илегално” со транскрипција на зборови која одеше под одредена фотографија, па оттаму, нема ништо невистинито во зборовите “тоа лице се служи со одредени снимки од разговори”.

Доказ бр. 8, видео на Youtube, Milena Nedelkovski Show - Vonzemjani NLO UFO Aliens 14.05.2010


2. в) “А ова лице кога врз него беше извршен медиумски атак од страна на вашата телевизија, која што беше на тапет од медиумскиот шарлатан, извади одредени снимки и сега јавноста се прашува, оправдано, од каде му се на тоа лице тие снимки. Односно, кој ги прислушкува новинарите и телевизиите и не само нив, туку ние имаме основани сомненија дека бранителите на човековите права се редовно прислушкувани...”

Не се изнесува ништо невистинито со зборовите “А ова лице кога врз него беше извршен медиумски атак од страна на вашата телевизија, која што беше на тапет од медиумскиот шарлатан, извади одредени снимки и сега јавноста се прашува, оправдано, од каде му се на тоа лице тие снимки.” Врз тужителот навистина беше извршен медиумски атак од страна на А1, и тоа го потврдувам со погоренаведените зборови. А1 беше “на тапет” пред да започне емисијата на тужителот посветена на НЛО и вонземјани.  Тужителот презентираше транскрибирани аудио снимки во истата емисија. Дел од медиумската јавност оправдано почна да се прашува од каде му се на тужителот тие снимки.
Зборовите “кој ги прислушкува новинарите и телевизиите и не само нив, туку ние имаме основани сомненија дека бранителите на човековите права се редовно прислушкувани...” воопшто не се однесуваат на тужителот, туку на некој што ги прислушкува новинарите и телевизиите. Имено, со моите зборови јасно се кажува дека тужителот “извади одредени снимки”, а никаде не се тврди дека извадените аудио снимки биле резултат на прислушкување од страна на тужителот, ниту пак се тврди дека тужителот ги прислушкувал новинарите, телевизиите и бранителите на човековите права.

Наводите во тужбата дека со моите зборови сум сторил кривично дело клевета, кое довело до тешки последици по тужителот се неосновани. Прво, затоа што моите зборови не беа невистинити. Второ, од реакцијата на тужителот во неговата емисија „Фактор 5“ може да се види дека тој прво се шегува на сметка на активистот и магистер по човекови права, одговарајќи дека снимката ја нашол на интернет („јоутубе“) како резултат на истражувачко новинарство, а потоа во добро расположение чита клеветнички зборови кои му се упатени на „божемниот „аналитичар“ Жарко Трајаноски“, дека наводно во своја колумна ги нарекол „глупаци“ жртвите на илинденското востание, а веднаш потоа чита и писмо на подршка во кое се зборува против некаква „банда грчки пратеници“.

Доказ бр. 9. Видео снимка од емисијата „Фактор 5“, од 5.30.

Почитуван суде, во мојата досегашна одбрана изнесов повеќе докази кои го поткрепуваат тврдењето дека изречените зборови во вестите на А1, споменати во тужбата, се кажани од страна на бранител на човекови права, во одбрана на слободата на јавно изразување на мислата и критичкото мислење, а против говорот на омраза и насилство промовиран и оправдуван од страна на тужителот.
Наводите од тужбата дека сум сторил навреда и клевета ги отфрлам со индигнација и ги сметам за апсурдни. Никогаш досега против мене не била покрената тужба ниту за навреда, ниту за клевета во мојата десетгодишна кариера како бранител на човекови права (со стотици јавни настапи) и како наградуван редовен колумнист (добитник на наградата „Борјан Таневски“ за проминентен став токму во 2010 год.).
Барам од судот веднаш да ја отфрли тужбата на Миленко Неделковски како неоснована и да го прекине овој кафкијански „процес“ со кој се повредува честа и угледот на македонското судство.

Скопје, 13.09.2012
Жарко Трајаноски

Геј парада во центарот на Скопје?

7/19/2012

Пред две седмици, десетина  активисти од новоформираната организација „ЛГБТ Јунајтед“ се фотографираа пред фонтаната со „Воинот на коњ“. Се фотографираа со разнобојното знаме (симбол на ЛГБТ заедницата) и со натписи „геј“, „лезбејка“, „бисексуалка“, „трансродно лице“. Фотографиите од „малата геј парада“ се најдоа во повеќе медиуми, па и на CNN iReport. Една од фотографиите беше објавена и на фејсбук ѕидот на Јанко Илковски, кој во 2009 повика на контра-протест против „збирштина од геј и атеисти“ кои „ќе се обидат да шират гадости под закрила за грижа на архитектурата на градот, а против изградба на црква.“


Фотографијата најавена како „Мала геј парада у Скопје...“ предизвика повеќе коментатори кои на ѕидот кај Јанко почнаа да шират говор на омраза кон активистите на „ЛГБТ Јунајтед“. Покрај бројните навредливи хомофобични коментари имаше и такви кои отворено повикуваа или поттикнуваа на насилство: „Како не се најде некој да ги бутне во фонтаната“, „сите у центрифугааа“, „Колеж за ова све!“, „во казан и сапун за нозе“, „овоа треба да се убие!!!!“... Хомофобични и насилнички коментари можеа да се прочитаат и на фејсбук страницата на ЛГБТ Јунајтед каде беше објавена фотографија со поднаслов „Ние сме тука!!! Ние постоиме“:  „more mrsh mamu vi ibam“, „UBI UBI UBI PEDERA!! :@“...

Ако само неколку објавени фотографии на мала група ЛГБТ активисти предизвикаа толку жестока омраза и отворени повици за нивна физичка елиминација, тогаш, каква ли ќе биде јавната реакција ако македонските ЛГБТ активисти најават организирање на геј-прајд во центарот на Скопје, токму пред „Воинот на коњ“?

Полека, без возбуда. Колку што ми е познато, во блиска иднина нема најави од страна на ЛГБТ-активистите за организирање на геј-прајд во центарот на Скопје. Но, зошто па да не се организира, кога успешни „геј паради“ годинава беа одржани во повеќе балкански градови? Прајдови беа организирани во Загреб, Сплит (поддржана од претседателот), Софија, Атина, Солун, а „геј рајд“ беше организиран во Тирана.  Најмасовната геј-прајд беше организирана во Истанбул каде што се одржа и марш на транс лицата.


Постојат повеќе причини зошто досега во Македонија не е организиран ЛГБТ-прајд:

1. Изгледа единствената слобода на изразување која во Македонија дословно се почитува е слободата на изразување на говорот на омраза, кој особено ги погаѓа припадниците на маргинализираните заедници. Несанкционирањето на хомофобичниот говор на омраза ги обесхрабрува ЛГБТ-активистите кои оправдано стравуваат дека ќе бидат изложени на несанкциониран говор на омраза во медиумите и на социјалните мрежи. Токму затоа, јавната осуда на сите видови говор на омраза, вклучителни и кон ЛГБТ лицата, е предуслов за да може да се создаде клима за остварување на нивните права на слобода на изразување и на мирен протест. Исто така, институциите мора да почнат да ги казнуваат јавните повици на насилство и елиминација на луѓе заради нивната сексуална ориентација, родов идентитет, или која и да е друга дискриминаторска основа.

2. Во Македонија досега се толерираше насилството предизвикано од хомофобичниот говор на омраза, не само на спортските настани, туку и на главниот скопски плоштад. Насилството предизвикано од групата „спонтано-организирани“ во март 2009 ги обесхрабри малкумината ЛГБТ активисти и ја намали довербата во полицијата, обвинителството и судството како заштитници на правото на мирен протест. Ако се организира геј-прајд на скопскиот плоштад дали полицајците ќе ги заштитуваат граѓаните кои ќе се приклучат на мирниот протест или повторно мирно ќе го набљудуваат нивното насилно  „дислоцирање“ од плоштадот, од страна на „спонтано-организираните“ тепачи?


3. Македонија е на дното на европската листа за почитување на ЛГБТ-правата затоа што владејачкото мнозинство константно ги злоупотребува човековите права на ЛГБТ лицата намерно мобилизирајќи ги негативни стереотипи, предрасудите и дискриминаторските ставови на граѓаните. Наместо да создава услови за уживање и заштита на човековите права на сите граѓани, „конзервативците“ ја избришаа сексуалната ориентација како основ за дискриминација и ја користат секоја можна прилика за лансирање на хомофобична кампања против истополовите бракови. Колку што ми е познато, никој(а) во Македонија досега нема побарано закон за истополови бракови (туку закон за регистрирање на партнерства), но медиумско-пропагандната машинерија упорно ја експлоатира оваа тема, со намера да ги „поклопи“ другите ургентни барања (за ефикасна заштита од дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет, како и барањето за заштита од семејно насилство на лицата кои имаат блиски лични односи, независно од нивниот пол).

4. Сепак, веројатно најголема причина за неодржувањето на геј-прајд во Македонија е расцепканоста на ЛГБТ-заедницата и недостатокот од критична маса на активисти кои јавно ги застапуваат човековите права на ЛГБТ лицата. Појавата на нови ЛГБТ здруженија и активисти буди надеж дека наскоро би можело да се создаде критична маса која ќе има капацитет да организира геј-прајд.

5. Особено загрижувачко е отсуството на солидарност кон правата на ЛГБТ-лицата од страна на невладиниот сектор, медиумите, јавните личности и интелектуалците. Голем дел здруженија на граѓани наведнаа глава и се согласија со бришењето на сексуалната ориентација од Законот за заштита од дискриминација. Со тоа станаа соучесници во хомофобична кампања која се обидуваше целиот Закон за заштита од дискриминација да го претстави како Закон за заштита на хомосексуалците. Новинарите, јавните личности и интелектуалците речиси и да не реагираат во јавноста на отворените хомофобични напади и кампањите за омаловажување на правата на ЛГБТ лицата.

Дури и интелектуалци и колумнисти кои имаат стаж како активисти за човекови права не покажуваат „сенс“ за ЛГБТ правата, особено за правото на слобода на изразување и мирен протест (кое се реализира преку „геј прајдови“ или „ЛГБТ паради“). На пример, еден колумнист, поранешен член на Хелсиншкиот комитет, ја сведе хомосексуалноста на „порочност и изопаченост“ и отворено си кажа дека „хомосексуалноста и другите отстапувања од нормалното сексуално однесување (педофилија, некрофилија, травеститство...), треба да се изедначат со други болести на модерната цивилизација“. Според него, човековите права треба „да се сфатат како право на сериозно третирање од општеството за надминување на таквите девијантни појави“?!?

Иако ваквите искрени хомофобични изливи се реткост кај македонските активисти за човекови права, воопшто не се ретки „аргументите“ со кои некои се обидуваат да ги девалвираат или да ги прикажат правата на ЛГБТ лицата како неургентни. На пример, една колумнистка, исто така поранешна членка на Хелсиншкиот комитет, неодамна го повтори својот познат став:  „Нека кажат дека сум конзервативна или дури дека сум (скриен) хомофоб, ама за да дојдеме до слободата и љубовта, мора да се преживее.“ Претходно, истата колумнистка, аргументираше дека правата на некои припадници на маргинализирани групи се поургентни од правата на други припадници на маргинализирани групи: „Во ситуација кога „мртви ладни“ минуваме покрај луѓе што се маргинализирани, само затоа што се припадници на некоја група (Роми или сиромашни, на пример, или двете), не гледам зошто геј-популацијата е во жижата на интересот.“ Како да и помогнеме на оваа наша активистка за човекови права, која не почна да се занимава со правата на Ромите и сиромашните,  да прогледа и да согледа зошто „геј-популацијата е во жижата на интересот“ токму во моментот кога провладините пратеници и медиуми намерно ја избришаа сексуалната ориентација и поведоа дискриминаторска хомофобична кампања? Како да и помогнеме на универзитетската професорка да сфати дека и ЛГБТ лицата имаат право не само да преживеат, туку и да ја остварат својата слобода на мирен протест – без да бидат изложени на насилство, закани по живот, дислоцирања...


„Имаме ние многу посериозни работи за кои треба да се зафатиме и да се соочиме одошто да парадираме гордо...“ – поентираше колумнистката, без да се зафати за ниту една од „многуте посериозни работи“. Но, запрашајте ги ЛГБТ лицата – колку нив ги боли неможноста да го остварат човековото право кое ние другите секојдневно го остваруваме. Можеме слободно и мирно да протестираме, гордо афирмирајќи ги своите идентитети како Македонци, Албанци, Роми, невработени, жени, стечајци, тутунари, млекари, „жртви на транзицијата“, комити, балисти, православни и исламски верници... Зошто и ЛГБТ лицата да не го остварат своето право на мирен протест, гордо афирмирајќи ги своите идентитети како геј, лезбејка, бисексуалец/ка, транс, квир...? И зошто да не го остварат тоа право токму пред споменикот на Александар Македонски – симболот на сексуалната слобода и разновидност?

Жарко Трајаноски
Консултант за човекови права на Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“

Love Me Tender

7/09/2012


Љубовта руши се пред себе...

Со Мирка во неолитот

6/15/2012

„Колкумина од нас поради антиантиквизаторската систематска пропаганда со политичка заднина знаат, на пример, дека утврдената старост на најстариот артефакт на почвата на Европа е 11.000 години и дека потекнува токму од оваа наша Македонија? Заведен е како експонат со ознака ЛЕ 534, а откриен е на Исар (еден од неколкуте локации со исто име). Јас не знаев, а за тоа сум школувана. Или, дека најстариот откриен симбол, кој потоа го среќаваме како орнамент во сите цивилизации, е жар птицата што е најдена на неолитскиот локалитет кај Анзабегово.“  (Мирка Велиновска)

Вилендорфската Венера е откриена во Аврстрија и нејзината старост се проценува на 24.000-22.000 години п.н.е.
Други написи зборуваат за артефакти од пред 40.000 години.

Се или ништо - за Македонија! (ретро)

6/14/2012

За почеток, да си поиграме малку „детекција“. Која историска личност одговара на описов: Бил доживотен верник во кредото „Македонија на Македонците“ (не е Вилијам Гледстон). Бил посветен на една идеја: „прогласување автономна Македонија со главен град Солун“ (не е Гоце Делчев). Во случај на неуспех на идејата за автономија, го поздравувал ставањето на Македонија под заштита на големите сили, претпочитајќи ја Англија (не е Ченто). Изјавил дека „населението нема да толерира да биде под власт на Србите, Грците или на Бугарите...“ (не е Ѓорче Петров). Потенцирал дека македонското движење не е на никаков начин диригирано од Софија (не е Јане Сандански). Нагалено го викале „Стари“ (не е Тито, иако го сметале за „роден борец и командант“).  Џабе се мачите да погодувате. Точниот одговор е - „особа А“. Горните описи на оваа историска личност се преземени од лондонскиот The Times кој на 4 јануари 1924 година му посветил на популарниот Македонец опширен напис со главен наслов - „Револуционерен водач“, и поднаслов - „Кодексот на еден одметник“. Верувале или не, но помеѓу насловот и поднасловот на текстот стои името на „особата А“ - Alexandroff of Macedonia!!! Да, станува збор за истиот Тодор Александров, чија биста беше на диво поставена во еден велешки двор, и која предизвика бурни реакции во нашата јавност. Станува збор за истиот Александров кој во МИ-АН-овата енциклопедија е претставен како „револуционерен деец со јасно декларирана пробугарска ориентација“ и како „најпрефинетиот садист“ кој „со своите приврзаници испотепа повеќе луѓе отколку што Организацијата даде вкупно жртви од Илинденското востание до балканските војни!“ (според сеќавањата на Атанас Лозанчев). Истиот Александров е опишан во Encyclopedia Britanicca (1961) како „македонски водач“ на „бугарските банди во Македонија“, кој со години бил „некрунисаниот и апсолутен крал на Бугарските Македонци, кои речиси го обожавале“. И сега - кому да веруваме? Дали на „специјалниот дописник“ на The Times кој го претставува Александров како македонски револуционер кој не е диригиран од Софија? Дали на нашата единствена енциклопедија што го претставува како пробугарски ориентиран садист и сатрап? Или, пак, на Encyclopedia Britanicca која го претставила како некрунисан крал на „бугарските Македонци“?

Не случајно воскреснувањето на контроверзниот Александров по повод годишнината од неговото раѓање предизвика толку бурни реакции. Главните опозиционери го протолкуваа поставувањето на споменикот како чин на „сквернавење на македонската историја“ и како „сериозен напад на македонскиот културен идентитет“. Беше принудена да се огласи и владејачката партија која изјави дека „со поставувањето споменик на Тодор Александров во Велес надвор од сите постојни законски норми, ВМРО-ДПМНЕ не може да се согласи“. Но, по оваа двосмислена изјава остана недоразјаснето со што „не може да се согласи“ владејачката партија: дали со поставувањето споменик „надвор од сите постојни норми“ или, пак, „со поставувањето споменик на Тодор Александров во Велес“? Колку за потсетување, составен дел на програмата со која ВМРО-ДПМНЕ ја одбележа 15-годишнината од формирањето беше и промоцијата на книгата „Тодор Александров - се' за Македонија“, слоган кој се најде и на контроверзниот споменик, врежан на бугарски јазик.

Бездруго, непријатни мигови за владејачката партија која напати премногу се опседнува со минатото. Практично, по „санстефанската“ провокација во Велес, таа се најде во небрано: дали со „нечистата вода“ (бугарските провокации) да го отфрли и „детето“ - десничарскиот водач на ВМРО на „револуционерната држава во држава“ на кој му се припишува и заканувачкиот слоган „Долга е раката на ВМРО“.  Симптоматично, но владејачката партија се одлучи да не го минимизира инцидентот. Таа не го игнорираше како уште една „приватна журка“, туку го протолкува како „смислено сценарио за дискредитација на Република Македонија во овие клучни моменти од нејзиниот развој“. Е, сега, вистинско прашање е дали во овие клучни моменти македонската јавност треба да биде опседната со меѓупартиски пресметки, со конспирации и прашања од историското минато или, пак, треба да се посвети на отклонување на реалните пречки за евроатлантските интеграции.

Несомнено, ваквите инциденти предупредуваат дека македонската јавност мора да изгради поефикасни одбранбени механизми не само против големобугарските и големоалбанските провокации туку и против обидите за одвлекување на вниманието од пресудните прашања за сегашноста и иднината, кон ирелевантните прашања за далечното историско минато. Не само за да се превенираат испровоцирани колективни пројави на „големо-македонизам“, кои најмалку ни одат во прилог во овие историски околности. Впрочем, самите сме најмногу одговорни за тоа дали ќе трошиме време и енергија на ликот и (не)делата на „особа А“ од пред 9 децении или, пак, на тоа како побрзо да издејствуваме преговори со ЕУ и укинување на визите - главниот мотив што го поттикнува процесот на „бугаризација“. Да не бидам сфатен погрешно - не мислам дека се погрешни прашањата: „Дали треба да го славиме Александров наместо Тито?“, „Дали ако Каракачанов постави споменик од Гоце Делчев и тој ќе му го урнеме?“, „Зошто Лазо (кој ја гледал Македонија само во Југославија) е херој, а Александров е предавник?“, „Дали и Љубчо Георгиевски ќе падне во историски заборав како и Александров?“... Сакам само да укажам дека станува збор за политички несуштествени прашања поставени во погрешно време и на погрешно место, прашања за кои не би требало да има место на собраниските и партиските агенди. Згора на тоа, одговорите на овие прашања не треба да ги бараме ниту на насловните страници, ниту во партиските соопштенија, најмалку на собраниските седници. Најпосле, зошто постојат историчарите ако не за да го симнат бремето на минатото од нашите плеќи? (04.03.2008)

Стоп за тоталитаризмот!

6/13/2012


Откако и извршија „самоубиство од заседа“ на А1, дојде на ред „давењето“ на А2.
Советот за радиодифузија и ја одзеде дозволата на А2 ТВ со следново образложение: „Наместо најмногу 65% програми што исполнуваат забавна функција, емитува 75,68%, а повеќе од две третини се репризни изданија.“ Бре, бре, не убедивте!
Еве уште едно, посликовито образложение на член на советот:
 „- На давеник не треба да му се помогне. До кога ќе го толерираме овој радиодифузер. Тој веќе се дави и треба да го оставиме - рече Арсов.“
Ова е идиотска изјава, со уште поидиотска метафора. 
Истовремено, СРД толерира медиуми кои се во сопственост на „фамилијата“ на власт.
До кога опозицијата ќе глуми демократија и ќе го легитимира овој тоталитаризам?

„Нов бран“ пропаганда

6/12/2012

Вчера, случајно на маса се постави прашањето: „Која е најразвиена индустрија во Македонија?“
Без двоумење, одговорив: „Пропагандата“. Денеска ми се потврди впечатокот гледајќи ги најновите пропагандни спотови на ДПМНЕ за „новиот бран“.
На времето, во „комунизмот“, најуспешните ученици и студенти беа јавно примани во „партијата“ која се грижеше за нивната професионална кариера. Носителите на црвени книшки стануваа пропагандни орудија на „партијата“ која, за возврат, ги претвораше во „привилегирана каста“.

Денес, како ништо да не се променило. Божемните анти-комунисти јавно регрутираат успешни студенти кои стануваат пропагандни орудија во кампањата за „новиот бран“ со слоганот: „Македонија ќе успее“.
Бре, со кого ќе успее Македонија? Со новата „привилегирана каста“ партиски војници? Ќе успее со „бубалици“ кои пелтечат пред камери штапски соопштенија и слогани? Со луѓе кои го продале својот глас на „Центарот за комуникации“, а својата сенка на каналот „ВМРО-ДПМНЕ ТВ“?
Не очекувам некој од „продадените студентски души“ да го постави логичното прашање: Ако слоганот на ВМРО-ДПМНЕ после 6 години власт е дека допрва „Македонија ќе успее“, тогаш, има ли појасно признание за тезата - „Преродбата во 100 чекори“ ја претворила Македонија во неуспешна држава?
Пропагандата е индустрија со краток рок на траење. Пропагандните орудија бргу се „абат“ или стануваат технолошки вишок. Како што комунистичката револуција ги јадеше сопствените деца, така и „Преродбата“ ќе ги изеде партизираните „студенти“ од „новиот бран“. А стариот бран ќе си продолжи да владее – на чело со ветераните Ѕинго, Амди Бајрам и „младичот“ Грујо кој истера цела деценија на власт, сурфајќи на „новите пропагандни бранови“.

Чудо невидено: УЈП во МПЦ!

6/11/2012

Бре, бре, чудо големо. Даночници влегле во МПЦ. Да не проверуваат случајно колку коњски сили има возниот парк на владиците? Да не го проверуваат потеклото на нивниот имот? Или, пак се во тек преговори за „паушалот“?



„Македонската православна црква и останатите верски институции не се дел од системот на фискално работење. Тие годишно на државата и плаќаат данок, врз основа на утврден паушал.“ (Ексклузивно: УЈП влезе во храмовите на МПЦ)

Ма, кај се чуло и видело: „дај ми попе фискална за лопата од 3.800 евра“. Ако утврдениот „паушал“ добие благослов од МПЦ, тогаш камбаните паушално пак ќе бијат за „Преродбата“. И пак ќе ИЗГРЕВа ново сонце на слободата на лицитација на златни лопати!

И по Тито Грујо!

„Уште посмешно е кога тврди дека тие го изградиле и автопатот Александар Велики, кога тој пат во најголем дел е изграден од Јосип Броз Тито, кога имало ударнички акции, и се викаше „Братство единство“..“ (Груевски)
Убавина: Ќе ти изгради Тито автопат, а ти само ќе си го преименуваш и присвоиш!

А каде е автопатот што го изградил Грујо?

Каде исчезна супер-брзата локомотива со која го лажеа народот пред 6 години?

Да не беа Отоманците, сеуште ќе немавме железница.

Филип без коњ



Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Зошто Груевски се откажува од Македонците во Грција?

2/08/2012

Еве што напишал Груевски во својата колумна за „спогодбата“ со Грција: „За да дојде до таа Спогодба ние сменивме знаме и устав, и се откажавме од грижа за нашето малцинство, само за да не бидеме попречени од Грција при наше зачленување во меѓународни организации, на што Грција се обврза“.

Точно е дека сменивме знаме и устав, но од грижа за нашето малцинство не се откажавме.

Во Уставот сеуште пишува:

Член 49

Републиката се грижи за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји и за иселениците од Македонија, го помага нивниот културен развој и ги унапредува врските со нив.
Републиката се грижи за културните, економските и социјалните права на граѓаните на Републиката во странство.

Овој член не беше изменет, туку беше дополнет со АМАНДМАН II:

1. Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.

Значи, сеуште премиерот има уставна обврска да „се грижи за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји и за иселениците од Македонија“, да „го помага нивниот културен развој“ и да „ги унапредува врските со нив“.

Зошто Груевски тврди дека „се откажавме од грижа за нашето малцинство“ во Грција? Зарем со таквата изјава не се откажува од припадниците на македонскиот народ во Грција? Дали Груевски не го познава Уставот (иако има положено заклетва дека ќе владее согласно Уставот), или пак намерно манипулира со светската и македонската јавност?

ДУИ се припои кон ВМРО – ДПМНЕ

2/06/2012


Припојувањето продолжува. Откако ВМРО-НП и ВМРО-Обединета се припоија кон ВМРО-ДПМНЕ, централниот комитет на ДУИ донесе одлука и „интегративците“ да се интегрираат во ВМРО-ДПМНЕ.

„ДУИ значи Демократска Унија за Интеграција, па затоа е сосем нормална и очекувана одлуката демократски да се интегрираме во Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ“ – изјави Алтан Грубијанов, кој стана нов портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

И за аналитичарите од „Павел Шатев“ и „Димитрие Чуповски“ нема ништо неочекувано во одлуката на ДУИ за интегрирање во демократската партија за македонското национално единство: „Со донесувањето на законот за амнестија на воените злосторници од УЧК, и со договорот за нивно пензионирање, беа отстранети сите препреки за демократско интегрирање на ДУИ во ВМРО“ – изјавија од „Павел Шатев“. „Очекуваме трендот за припојување во ВМРО да продолжи, и примерот на ДУИ да го следат и ДПА, НСДП, ЛДП, и СДСМ. Кој не сака да се припои во ВМРО-ДПМНЕ, тој е очигледно противник на македонското национално единство и изрод од славната Гоцева раса. За такви предавници не би требало да има место на македонската политичка сцена“ – изјави експерт од институтот „Димитрие Чуповски“, кој сакаше да остане анонимен.

Од новата обединета ВМРО-ДПМНЕ најавија повеќе активности и проекти со кои ќе се одбележи постигнувањето на македонското национално единство: заедничко денско градење и ноќно рушење на снежна црква-музеј на скопското Кале; Вевчанско-Велештански карневал со националистички оргии и палење на знамиња; национален конкурс за најдобри графити на теми „Голема Македонија“ и „Голема Албанија“; навивачки карван на кој ќе се презентира навивачката култура на обединетите антички Македонци, „лишена од деструкција, а преполна со позитивни емоции“.

(непара вести)

Најгрдата фасада

1/14/2012


Погледнете, уверете се сами. Зградата на ВМРО-ДПМНЕ има најгрда фасада во центарот на Скопје.

„Пастирот“ слободно може да си распише конкурс, и стадото да му гласа дали сакаат барокна, хеленистичка, неолитска, фалангистичка фасада, или пак да им остане исто толку грда како што е сега.

Но, „преродбениците“ со најгрда фасада друго сакаат.

Сакаат да продолжат да го силуваат центарот на Скопје. Сакаат да продолжат да се изживуваат врз граѓаните на општина Центар, затоа што на последните избори изгубија со 3 илјади гласови.

Фрлија стотици милиони евра во општина Центар за „Скопје 2014“ и пак изгубија.

Мојот список со блогови

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Архива на блогот

Footer Widget 1

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Loading...

Footer Widget 2

Популарни објави

Популарни објави

Popular Posts this month

Popular Posts this week