Одбрана на Жарко Трајаноски во однос на тужбата од Миленко Неделковски

9/13/2012

Почитуван суде,

Минатиот пат укажав дека не се точни наводите од обвинението “...во содржината “ПОВИКОТ ЗА ЛИКВИДАЦИЈА Е ОБИД ЗА ЗАПЛАШУВАЊЕ НА ЈАВНОСТА” каде што како аналитичар изнесол...”. Во текот на моето гостување на ТВ-дневникот немаше таква содржина, а не бев претставен ни како “аналитичар”, туку како магистер по човекови права и активист.
Во тужбата се тврди дека во тој прилог се изнесени “невистинитости и невистини за оштетениот” и дека со зборовите “упатени за приватниот тужител Миленко Неделковски сум сторил две кривични дела: “Навреда член 173 од став 2 од КЗ на РМ” и “Клевета од член 172 од став 3 вв ст. 1 од КЗ на РМ”. Бидејќи сум обвинет за две кривични дела, и мојата одбрана ќе се состои од два дела. Изречените зборови во вестите на А1 се кажани од страна на бранител на човекови права, во одбрана на слободата на јавно изразување на мислата, а против говорот на омраза - промовиран, поттикнуван и оправдуван од страна на тужителот Миленко Неделковски. Нема поголем апсурд од тоа што на обвинителната клупа седи бранител на човекови права и борец против говорот кој поттикнува омраза, насилство и дискриминација. Уште поапсурдно е тоа што во улога на „жртва“ и тужител се јавува лице кое во своите јавни настапи поттикнува говор на омраза, насилство и дискриминација по разни основи.

1. Одбрана во однос на тужбата за навреда

1.а Во тужбата се тврди дека се изнесени “невистинитости и невистини за оштетениот” со зборовите “Не станува збор само за говор на омраза, туку и за разгорување на национална нетрпеливост...”
Цитираните зборови се коментар на настапот на Миленко Неделковски на 15.05.2010 во емисијата “Зебра” на АЛФА ТВ, каде што тој изјавува: “Кон предавник не може да има друг говор сем омраза...  Ја не викам дека не правам говор на омраза, ја викам дека предавник заслужува говор на омраза.” На прашањето “Зошто не формирате здружение за ликвидација на непријатели?”, Миленко Неделковски одговара: “Тоа е следно”.

Доказ 1: Снимка од најавата на емисијата “Зебра”

Во наведениот коментар за тоа што има изјавено Миленко Неделковски во емисијата “Зебра” нема никакви “невистинитости и невистини за оштетениот”, ниту пак зборовите се навредливи.
Како прво, коментарот се однесува на тоа што е кажано од Миленко Неделковски, а не на неговата личност. Го искажав моето мислење за искажаниот говор: “Не станува збор само за говор на омраза, туку и за разгорување на национална нетрпеливост...”
Како второ, самиот тужител потврдува дека тоа што го кажува е говор на омраза кон предавниците: “Ја не викам дека не правам говор на омраза, ја викам дека предавник заслужува говор на омраза.”
Како трето, мојот коментар дека во конкретниот случај станува збор за говор на омраза ја имаше предвид и претходната реакција на Здружението на новинарите на Македонија, кое посочи на говорот на омраза од страна на Миленко Неделковски во декември 2009.

Доказ 2: Реакција на објавување списоци на „предавници“, ЗНМ, Петок, 18 Декември 2009”, во која стои:

“Сличен список е објавен и на блогот на новинарот Миленко Неделковски со директна закана упатена до лицата кои се именуваат како предавници дека „раката на Македонецот ќе ве стигне кај и да е“.
Посочените текстови се во директна спротивност со членот 10 од Кодексот на новинарите , како и од членот 7 и 8 од Универзалната Декларација за однесување на Меѓународната федерација на новинарите како и сите Кодекси и правила на професијата – забрануваат говор на омраза и кршење на човековите права и дискриминација меѓу другото и врз основа на политички или друг став.
Станува збор за кршење на основниот принцип на новинарскиот ангажман кој секогаш треба да биде насочен кон градење на демократијата, промоција на толерантноста, почитување на човековите права и достоинството .
Прогласување на предавници, именување и објавување на списоци е чин кој драматично наликува на времињата на најцрниот тоталитаризам.”

Како четврто, говорот на омраза и повиците за ликвидација од страна на Миленко Неделковски во емисијата “Зебра” беа повторно осудени не само од ЗНМ, туку и од страна на Европската федерација на новинарите.

Доказ 3: Осуда на ЗНМ на објавите на листи на предавници и директни и отворени повици за ликвидација на колеги новинари, од 18.05.2010, во која ЗНМ “ги осудува јавните настапи на телевизискиот водител Миленко Неделковски, неговите објави на листи на предавници и директни и отворени повици за ликвидација на колеги новинари што треба да бидат елиминирани само врз основа на “критериумите” на Неделковски и неговите истомисленици.”


Доказ 4: Реакција на Европската федерација на новинари “ЕФН го осудува телевизискиот повик за насилство врз новинари во Македонија”, во која генералниот секретар на ЕФН укажува дека станува збор за смртно сериозен повик кон луѓето да извршат насилство врз новинари, и во која се појаснува дека “Контроверзата еруптираше откако Миленко Неделковски, телевизиски презентер на Канал 5 објави листа на новинари “предавници” минатата седмица и отворено повика на нивно физичко елиминирање.”

Како петто,  јавните повици за ликвидација на “предавници” реално поттикнуваат национална нетрпеливост, омраза и повици за насилство кон жртвите на говор на омраза и ги потврдуваат моите зборови: “Не станува збор само за говор на омраза, туку за разгорување на национална нетрпеливост. Не меѓу Македонците и Албанците, туку внатре, меѓу Македонците. Обид за нивна поделба, на некакви патриоти и предавници.”

Доказ 5: Коментари на најавата на емисијата “Зебра” објавена на Youtube кои повикуваат на ликвидирање или отселување на “предавниците” и “поддржувачи на предавниците” - http://www.youtube.com/watch?v=ZNI-0xeBLik

“milenko so tebe sme trebe da se likvidiraat site predavnici na MAKEDONIJA
pozz od dijasporata US & CANADA
TheMiletino 1 year ago”

“- Ako e poddržuvač na predavnicite ma MK neka se odseli od MK i ič da ne se vrati.
milandoj 1 year ago”

1.б) Во тужбата се тврди дека се изнесени “невистинитости и невистини за оштетениот” со зборовите “Овој медиумски шарлатан се обидува да биде гласноговорник. Не за џабе го спомнав тоа дека е медиумски шарлатан, тој е експерт нели за НЛО, за пирамиди и владини политики.”
Горенаведените зборови се реакција на говорот на омраза од страна на тужителот. Нема ништо невистинито во изјавите дека тужителот “се обидува да биде гласноговорник” и дека “е експерт нели за НЛО, за пирамиди и владини политики.” Имено, мое лично мислење е дека во своето шоу Миленко Неделковски се јавува во улога на гласноговорник на власта. Доколку судот смета дека има потреба, можам да приложам инсерти од емисиите на Миленко Неделковски во кои, според мое мислење, тој се јавува во улога на експерт за НЛО, за пирамиди и за владини политики.
Го нареков Миленко Неделковски “медиумски шарлатан” затоа што е неумесно да се нарекува новинар човек кој упорно повикува на омраза и ликвидација - затоа што говорот на омраза и насилство е неспоив со новинарската професија и со новинарските стандарди. Како гостин на вестите на А1 го изразив моето мислење дека објавување на списоци за предавници, повици за ликвидација и оправдување на говор на омраза кон “предавници” не се појави што спаѓаат во доменот на новинарството, туку во доменот на медиумското шарлатанство. Токму затоа, потоа објаснив дека “она што му дава за жал легитимитет на тоа шарлатанство” е “тоа што на гости му доаѓа лично премиерот и му дава практично легитимитет”.

1 в) Во тужбата се тврди дека се изнесени “невистинитости и невистини за оштетениот” со зборовите “станува збор за лице со богато криминално досие...”.
Горенаведените зборови се истргнати од следниов контекст:
“- Она што му дава за жал легитимитет на тоа шарлатанство, не се извештаите на МВР, кои што би требало ако оди по ист тертип со другите, да укажува дека станува збор за лице со богато криминално досие, туку тоа што на гости му доаѓа лично Премиерот и му дава практично легитимитет.”
Субјект на реченицата е шарлатанството, а поентата на реченицата е дека “легитимитет на тоа шарлатанство” му дава премиерот, а не МВР кое, според мое мислење, требаше соодветно да реагира во секој од повеќето случаи на јавни повици за насилство кон новинари, закани од типот “раката на македонецот, ќе ве стигне кај и да е”, најави за формирање на здружение за ликвидација на непријатели итн.

Доказ 6: “Порака од чуварите до предавниците”, објавена на веб-страницата на Миленко Неделковски, во која се упатени закани кон список од политичари и новинари, опишани како “предавничките копилиња”, на кои им се припишува дека “застанаа на ставот дека на македонците треба да им се смени името на државата, на народот, на нацијата (…) сето тоа за да сме влезеле во пропаднатото друштво на педери, наречено Евроатланска заедница”.


2. Одбрана во однос на тужбата за клевета

Во тужбата се тврди дека со одредени мои изјави сум го сторил кривичното дело клевета во потежок облик (чл. 172 ст. 3), односно, дека изнесеното или пронесеното било од такво значење што довело до тешки последици за тужителот. Притоа, сум цитиран:

2. а) “Излегува дека Миленко е глас на некој човек близок на владините политики” или понатаму вели “Она што е страшно е дека тој се заканува со ликвидација. Имаме обид за заплашување на јавноста...”

Прво, со зборовите “Излегува дека Миленко е глас на некој човек близок на владините политики” не изнесувам ништо невистинито. Кога ги изнесов овие зборови, имав предвид дека Миленко Неделковски е честопати домаќин на премиерот, дека нивната комуникација е на “ти”, и дека во бројни наврати тужителот ги промовира и фали владините политики. Исто така, тужителот воопшто не ја крие својата блискост со владејачката партија, па дури и присуствува на почесно место на конгресот на ВМРО-ДПМНЕ, па оттаму не гледам на кој начин зборовите “Излегува дека Миленко е глас на некој човек близок на владините политики” довеле до повреда на неговата чест и углед, и до тешки последици.

Доказ бр. 7. Новинарски текст “По Никола Груевски, Мартин Протоѓер - Зад кулисите на ВМРО-ДПМНЕ: чија моќ расте, а чија опаѓа во владејачката партија” од Соња Крамарска, во кој стои “Почесно место на Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ доби и Миленко Неделковски заедно со претставници на црквата и семејството на претседателот Борис Трајковски. Неделковски доби третман на медиумска ѕвезда од страна на видни претставници на ВМРО-ДПМНЕ, кои чекаа во редица за да се поздрават со својот омилен журналист.”

Второ, зборовите “Она што е страшно е дека тој се заканува со ликвидација” се неточно транскрибирани. Треба да стои “некој се заканува со ликвидација”, и со овие зборови не изнесувам ништо невистинито. Сеуште мислам дека е навистина страшно тоа што некој објавува списоци на “предавници” со закани “раката на македонецот, ќе ве стигне кај и да сте”, и тоа што најавува формирање на “здружение за ликвидација на непријатели”. Впрочем, и ЗНМ ги осуди објавите на “листи на предавници и директни и отворени повици за ликвидација на колеги новинари...”, експлицитно споменувајќи го “телевизискиот водител Миленко Неделковски”. Притоа, ЗНМ потенцираше дека “Новинарите се животно загрозени” и дека “Најдрско и највулгарно е атакувана професијата новинар и слободата на говорот”. (Доказ бр. 3: Осуда на ЗНМ на објавите на листи на предавници и директни и отворени повици за ликвидација на колеги новинари)
Трето,  и со зборовите “Имаме обид за заплашување на јавноста, односно на критичкото мислење, од страна на човек кој е близок до власта” не е изнесено ништо невистинито за тужителот, кога ќе се земе предвид оценката на ЗНМ дека “Новинарите се животно загрозени”, како и апелот до новинарите “најостро да се спротистават на појавите што предизвикуваат атмосфера на линч и презентација на говорот на омраза во некои медиуми.” (Доказ бр. 3)


2. б) “Она што уште застрашува во овој момент е што тоа лице се служи со одредени снимки од разговори, па се поставува прашањето како тоа лице ги добило.”

Не се изнесува ништо невистинито со зборовите “тоа лице се служи со одредени снимки од разговори”, ниту пак со прашањето што логично се поставува “Како тоа лице ги добило?” Имено, пред да ја започне емисијата на Канал 5 со тема НЛО и вонземјани, тужителот презентираше “аудио материјал снимен илегално” со транскрипција на зборови која одеше под одредена фотографија, па оттаму, нема ништо невистинито во зборовите “тоа лице се служи со одредени снимки од разговори”.

Доказ бр. 8, видео на Youtube, Milena Nedelkovski Show - Vonzemjani NLO UFO Aliens 14.05.2010


2. в) “А ова лице кога врз него беше извршен медиумски атак од страна на вашата телевизија, која што беше на тапет од медиумскиот шарлатан, извади одредени снимки и сега јавноста се прашува, оправдано, од каде му се на тоа лице тие снимки. Односно, кој ги прислушкува новинарите и телевизиите и не само нив, туку ние имаме основани сомненија дека бранителите на човековите права се редовно прислушкувани...”

Не се изнесува ништо невистинито со зборовите “А ова лице кога врз него беше извршен медиумски атак од страна на вашата телевизија, која што беше на тапет од медиумскиот шарлатан, извади одредени снимки и сега јавноста се прашува, оправдано, од каде му се на тоа лице тие снимки.” Врз тужителот навистина беше извршен медиумски атак од страна на А1, и тоа го потврдувам со погоренаведените зборови. А1 беше “на тапет” пред да започне емисијата на тужителот посветена на НЛО и вонземјани.  Тужителот презентираше транскрибирани аудио снимки во истата емисија. Дел од медиумската јавност оправдано почна да се прашува од каде му се на тужителот тие снимки.
Зборовите “кој ги прислушкува новинарите и телевизиите и не само нив, туку ние имаме основани сомненија дека бранителите на човековите права се редовно прислушкувани...” воопшто не се однесуваат на тужителот, туку на некој што ги прислушкува новинарите и телевизиите. Имено, со моите зборови јасно се кажува дека тужителот “извади одредени снимки”, а никаде не се тврди дека извадените аудио снимки биле резултат на прислушкување од страна на тужителот, ниту пак се тврди дека тужителот ги прислушкувал новинарите, телевизиите и бранителите на човековите права.

Наводите во тужбата дека со моите зборови сум сторил кривично дело клевета, кое довело до тешки последици по тужителот се неосновани. Прво, затоа што моите зборови не беа невистинити. Второ, од реакцијата на тужителот во неговата емисија „Фактор 5“ може да се види дека тој прво се шегува на сметка на активистот и магистер по човекови права, одговарајќи дека снимката ја нашол на интернет („јоутубе“) како резултат на истражувачко новинарство, а потоа во добро расположение чита клеветнички зборови кои му се упатени на „божемниот „аналитичар“ Жарко Трајаноски“, дека наводно во своја колумна ги нарекол „глупаци“ жртвите на илинденското востание, а веднаш потоа чита и писмо на подршка во кое се зборува против некаква „банда грчки пратеници“.

Доказ бр. 9. Видео снимка од емисијата „Фактор 5“, од 5.30.

Почитуван суде, во мојата досегашна одбрана изнесов повеќе докази кои го поткрепуваат тврдењето дека изречените зборови во вестите на А1, споменати во тужбата, се кажани од страна на бранител на човекови права, во одбрана на слободата на јавно изразување на мислата и критичкото мислење, а против говорот на омраза и насилство промовиран и оправдуван од страна на тужителот.
Наводите од тужбата дека сум сторил навреда и клевета ги отфрлам со индигнација и ги сметам за апсурдни. Никогаш досега против мене не била покрената тужба ниту за навреда, ниту за клевета во мојата десетгодишна кариера како бранител на човекови права (со стотици јавни настапи) и како наградуван редовен колумнист (добитник на наградата „Борјан Таневски“ за проминентен став токму во 2010 год.).
Барам од судот веднаш да ја отфрли тужбата на Миленко Неделковски како неоснована и да го прекине овој кафкијански „процес“ со кој се повредува честа и угледот на македонското судство.

Скопје, 13.09.2012
Жарко Трајаноски

0 коментари:

Мојот список со блогови

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Архива на блогот

Footer Widget 1

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Loading...

Footer Widget 2

Популарни објави

Популарни објави

Popular Posts this month

Popular Posts this week