Ќе изгинеме од некои дупки

12/30/2009

Честитки до Владата и премиерот за препораката за започнување преговори со ЕУ и паѓањето на Шенгенскиот ѕид. Некои критичари сакаат да ги омаловажат овие несомнени успеси поставувајќи непријатни прашања: Успех ли е добивањето на препорака, кога петта година по ред не добиваме датум за преговори? Каков успех е визната либерализација, кога сме во друштво со Србија и Црна Гора? Какво фајде од укинувањето на визите, кога огромен број граѓани или немаат пари или не можат да го пробијат непропустливиот биометриски ѕид на МВР?

Дури и овие незгодни прашања не можат да го засенат фактот дека станува збор за какви-такви успеси. Без препораката на ЕК, македонското прашање немаше да се најде на дневен ред на самитот на ЕУ. Дури и заклучокот на самитот може да се толкува како прилика за успех, иако нема гаранција дека во наредните 6 месеци ќе добиеме датум за преговори, особено со ваква политичка „волја“. Укинувањето на визите е несомнен успех, ако се потсетиме на ланските пораки од Брисел дека визната либерализација ќе зависи не само од успешноста на изборите, туку и од решавањето на проблемот со името.

Сепак, предолга е листата на неуспеси, а уште подолга е листата на оправдувања зошто не се исполнуваат „петте стратешки приоритети на Владата ВМРО-ДПМНЕ во периодот 2008-2012“. По три и пол години владеење, Груевски не успеа да обезбеди „повисока стапка навработеност, пораст на животниот стандард и квалитет на живеење“. Без странски инвестиции економијата тоне, неизвесноста продолжува, сиромаштијата расне, а сметките се потешко се плаќаат.

Вториот стратегиски приоритет „Интеграција на Република Македонија во НАТО и ЕУ“ изгледа како невозможна мисија, ако Груевски продолжи да ја игнорира потребата од решавањето на проблемот со Грција. Колку и да се правда дека тоа не е негов проблем (туку на Грција, ЕУ и НАТО), Груевски тешко може да го пренебрегне болниот факт дека условите се такви какви што се, а дека не беа такви пред тој да стане премиер. Ако не побрза да стане дел од решението, ќе биде перцепиран како дел од проблемот, и политичкото разрешување на проблемот ќе имплицира политичко разрешување на Груевски.

Премиерот потфрли и во „борбата против криминалот и корупцијата и ефикасно спроведување на правото“. Клучните анти-корупциски случаи немаат судска разрешница, а земјава се претвора во „оаза“ за ограбувачи на банки, рекетари и сериски убијци. Во однос на „ефикасното спроведување на правото“, ќе го цитирам само Хелсиншкиот комитет (случајот „и плата и пензија“): „Маневски целосно го губи политичкиот кредибилитет како министер за правда да се грижи за владеењето на правото како основна гаранција за заштита на човековите права и слободи во Република Македонија“ („Министерот Маневски да замине!“).

Наместо „одржување добри меѓуетнички основи и соживот врз принципите на меѓусебна толеранција и почит“, Груевски сакаше да изгради државна црква на плоштадот, акт на самоволие кое ги разниша меѓуетничките односи и предизвика насилство и говор на омраза од неговите „спонтани“ следбеници. Меѓуетничките односи беа разнишани и со сегрегирачката образовна политика во Струга, со несоодветното справување со говорот на омраза и насилството во случајот „Нерези“, како и со владиното покровителство на шовинистичката „Македонска енциклопедија“. Имплементацијата на „рамковниот“ ќе остане недовршена задача се дури не се обезбедат услови за враќање на сите внатрешно раселени лица.

Дали владиното инвестирање во образованието е „најсигурен пат за создавање на силни индивидуи“? Погледнете ги само „хејтерските“ групи, составени главно од средношколци и студенти, кои се множат како печурки после дожд на интернет. Може ли народ со ваква „хејтерска“ младина да не го фати уплав за својата иднина?

По три и пол години владеење, Груевски не исполни ниту еден од петте стратегиски приоритети што самиот си ги постави. Времето полека почнува да го гази и митот за Груевски како последен човек во одбраната на уставното име и македонскиот идентитет. Се' поочигледно е дека Груевски не е лидер кој може да го создаде толку неопходното национално единство за клучните политички прашања. Напротив, неговиот политички модус вивенди (начин на живот) е препознатлив токму по создавањето на национални делби.

Ете, и таа смешка ја преживеавме, премиерот да обвинува дека некој друг ги „подбуцнува луѓето да се делат на словенски или антички“. Обвинува истиот човек кој самоволно гради огромен споменик на Александар, кој ги прекрсти аеродромот и автопатот „Александар Велики“ („со дупки велики“), а националниот стадион во „Арена Филип II“ (именуван со писмо кое само Тентов и Бошевски може да го разберат). Остана само уште едно обвинување да истрпиме, за смешката да биде поголема: љубителот на „пастирот“ да почне да обвинува дека некој друг ги „подбуцнува луѓето да се делат на предавници или патриоти“.

Кога сме кај смешките, министерката за култура и археолошки дупки потврди дека „значајните археолошки експонати... се составен дел од материјалната култура низ периодите во кои растела македонската држава“. Цел разумен свет е убеден дека немало македонска држава пред 2 август 1944 и дека нашата држава нема никакви допирни точки со кралството Македон, освен нашите „потомци“ на Александар.

Последната идентитетска дупка што ја отвори премиерот е дека не сме наследници само на Античките Македонци, туку и на „сите цивилизации што биле на овие простори“. Затоа ли се пееше „Девет Југовиќа“? Крајно време е да престанат политичките манипулации со културното наследство од територијата на нашата држава. Идентитетот на нашата држава Македонија (и асномска, и независна) не е ниту српски, грчки, ниту бугарски, ниту отомански, ниту византиски, ниту римски, ниту пак античко-македонски, иако можат да се најдат бројни артефакти од оние што владееле тука. Најмногу артефакти можат да се најдат од југословенско време, па никој не се чувствува Југословен. Да не ги канат случајно нашиве „борци“ Чолиќ, Северина, „Прљаво казалиште“ за да го потврдат нашиот „бившојугословенски идентитет“?

Да не должам, среќна Нова со изјавата на годината на Павле Воскопулос: „Колку што подлабоко копаш, толку повеќе си го оспоруваш идентитетот“.


Под копитата на Букефал

12/23/2009

Кој има уши, ќе чуе: на власт се божемни борци за ЕУ, ѓоа конзервативци и лажни патриоти! Приоритетни вредности на ВМРО-ДПМНЕ не се клучните вредности на ЕУ. Конзервативизмот е друго име за хипокризија. „Патриотското“ удирање во гради и изумувањето предавници е проѕирен обид за себеоправдување на неспособните политички „понављачи“. Си имаме работа со незрели политичари кои немаат ниту знаење ниту моќ да ги решаваат ургентните проблеми на граѓаните - бедниот животен стандард, огромната невработеност и галопирачката сиромаштија.

Паднаа и маските во односот кон ЕУ. Конечно сфативме што значело 24/7 - 12 часа славење на ЕУ, 12 часа обвинување за хипокризија, „вавилонско блудничење“, па дури и за соучесништво во геноцид и холокауст. Двојни стандарди, нема што! Не станува тука збор за евроскептицизам (поарно евроскептик, отколку евродогматик!), туку за намерно ширење еуфобија. Зошто не видовме никој од „борците за ЕУ“ да образложи цврсти аргументи за македонската позиција по 7 декември повикувајќи се токму на вредностите на ЕУ - почитувањето на човековите права, демократијата и владеењето на правото?

Но, кој да повика? Секој ден ни станува се' појасно дека почитувањето на човековите права не е вредност што ја споделува ВМРО-ДПМНЕ. Во доктрината „Вредности на ВМРО-ДПМНЕ“ нема ниту збор за човековите права. Како ВМРО-ДПМНЕ мисли да ги брани нашите човекови права на забрана на дискриминација врз основа на националност и врз основа на етничко потекло - кои се оспоруваат од страна на Грција?

Откако човек ќе ја прочита „доктрината“ логично му доаѓа да се запраша: Зошто ВМРО-ДПМНЕ се нарекува демократска партија кога зборот демократија се среќава само еднаш, и тоа патемно, во нејзините „Вредности“? Може ли да зборуваме за демократска партија која успешно ги „лустрирала“ изразите демократија и човекови права од својата доктрина? Каква е таа демократска партија кога нејзиниот лидер наместо да гради национално единство поттикнува национална нетрпеливост повикувајќи на „конечна пресметка“ со политичките неистомисленици? Каква е таа демократија кога омилениот новинар му подготвува медиумски терен на премиерот објавувајќи списоци на „предавнички копилиња“, со закани дека „клетвата, ама и раката на македонецот, ќе ве стигне кај и да сте“! До кога, наместо аргументи, ќе се расфрламе со клетви, закани и говор на омраза? И од кога „македонец“ се пишува со мала буква (како во бугарскиот јазик)?

Замислете, за ВМРО-ДПМНЕ владеењето на правото „почнува вистински да функционира откако јасно ќе се постават сопственичките односи“ - „тогаш кога ќе се знае кој е сопственик и кој е одговорен“. Но, каква врска има принципот на владеењето на правото со тоа дали некој е или не е сопственик? Владеењето на правото подразбира дека нема никој над Уставот и над законите (независно од тоа кој што поседува) и дека тие се применуваат на сите - и на жителите од Ќерамидница и на жителите од „Шпанско село“. Меѓутоа, наместо владеење на правото, конзистентно владее самоволието на ВМРО-ДПМНЕ. Кој не верува, нека ги прелиста укинувачките одлуки на Уставниот суд.

Толку за споделувањето на вредностите на ЕУ. „Преродбата“ има исто толку допирни точки со „европеизацијата“ колку што нашиот идентитет има допирни точки со традиционалната српска песна „Мајка Југовиќа“, неодамна изведена на конференцијата на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа ли се преродбеничките „вистински вредности во вистински раце“? А додека нашите „борци за идентитетот“ се воодушевуваат на српското јунаштво на Косово (афродизијак за рејтингот на Милошевиќ), меѓународната „фиромизација“ на Македонија продолжува. Кога една новинарка експлицитно праша за „расправата за името меѓу Македонија и Грција“ и за иднината на Македонија во процесот на пристапување, Карл Билт потценувачки одговори за „Фајромија... или што и да е“.

Ете, такви се нашите сегашни позиции. Да потсетиме какви беа во 2004 г. кога претседателот на ЕК, Романо Проди, зборуваше за Македонија, Македонци, македонски граѓани. Или во 2005, кога амбасадорот Кјарини зборуваше за „апликацијата на Македонија“ и Македонците. Треба ли да потсетуваме на веќе славната изјава на Фуере: „Сите знаеме дека македонските граѓани не се глупави, тие се интелигентни и на нив мора да им се каже вистината“? Порано или подоцна, македонските граѓани ќе ја откријат болната вистина зошто нашите сегашни позиции во ЕУ се урнисани, за разлика од позициите во 2004 и 2005 кога официјалните претставници на ЕУ слободно ги употребуваа зборовите Македонија, Македонци, македонски.

Меѓународната „фиромизација“ на Македонија продолжува, а омилениот „шоу-мен“ на Груевски гради мит за премиерот како „Џо Луис во политиката!“, како „...единствен кој е застанат на браникот на татковината, единствен што ги брани името, идентитетот, јазикот, нацијата, историјата...“ Но, што видовме последниве 3 и пол години од нашиот „Џо Луис“? Видовме премиер кој гордо зема награди за FYR Macedonia, а после се прави на 3 и пол. Видовме премиер кој „мудро“ молчи додека еден европарламентарец го обезличува: „имам дедо Грк, но и Груевски има“. Видовме премиер кој им ја препушта историјата на историчарите, ама не во Скопје, туку во Софија. Видовме премиер кој во најголема сиромаштија расфрла купишта народни пари за изградба на нова античко-македонска нација, маргинализирајќи ја кирило-методиевската традиција и словенскиот дух на нашата народна култура.

За да стане апсурдот поголем, ни фали уште Коцевото „прокоцкување“ на скопскиот плоштад и поставувањето на споменикот на Александар. Каква врска имаат конзервативно-хомофобичните вредности на ВМРО-ДПМНЕ со вредностите на Александар, чија љубов кон Хефајстон се споредува со „верната љубов на Ахил кон неговиот љубовник Патрокло“? Уште сега си го замислувам нашиот претседател како со мегарска чаша античко-македонско вино во раката, наздравува под копитата на Букефал: „Знаеме кој сме, знаеме што сме, знаеме каде одиме! Да живее ЕВРОПСКА МАКЕДОНИЈА!“ А хорот на Косана во заднина јачи: „закукало девет удовица, заплакало девет сиротица...“


„КОС и УДБА“ – нашата судба!

12/18/2009

„Најпатриотскиот“ весник, и „најпатриотскиот уредник“ (експерт на темата „КОС и УДБА“), објавуваат типично удбашки текст - Грција ги плаќа нивните, а во Македонија своите новинари за да помине грчкиот предлог.

Во текстот, преполн со невистини и клевети, се линчуваат група „одбрани новинари“ кои се доведуваат во врска со „проект Граѓани за европска Македонија“). Еве ги клеветењата: „...нашите земаат пари за да ја поддржат грчката пропаганда за промена на името Македонија...“.

Не би ме изненадило ако утре има прес на ВМРО-ДПМНЕ, и ако пак се појави некој пратеник со имунитет за да ја цитира листата на „предавници“ и „грчки платеници“. Се навикнавме.

Пред повторно да ме осуди „судот на историјата“ на ДПМНЕ, да си ги признаам „гревовите“. Во последниве 10 години еднаш сум бил во Грција, во Солун, и тоа работно, како претставник на „Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија“. Учествував во изготвувањето на еден извештај на тема „Борба против трговија со луѓе“. Очекувано, се запукавме околу именувањето. Грците го уредуваа меѓународниот зборник, спонзориран од „Ministry of Foreign Affairs of Greece (HELLENIC AID)“. Резултатите од моето „предавство“ се очебијни. Наспроти сите настојувања за „фиромизирање“ од страна на Грците, на стр. 83 стои насловот на поглавјето - „Republic of Macedonia. Единствената отстапка што ја дозволив како претставник на авторите на студијата е фуснотата со текст: „The Authors use the constitutional name of their country.“ Во текстот над 50 пати се спомнува Republic of Macedonia, но се спомнува и кратенката Macedonia, јазикот Macedonian, како и придавката Macedonian.

Уште еднаш повторувам – Министерството за надворешни работи на Грција е еден од спонзорите на проектот. Само еднаш бев во Грција и успеав да издејствувам Министерството за надворешни работи на Грција да не признае не само како „Republic of Macedonia“, туку и да ја признае кратенката Macedonia, јазикот Macedonian, како и придавката Macedonian – кои во целата книга се употребуваат исклучиво за нашата држава, а не за Грција!!! Ете, со таков предавник си имате работа.

Кога сме кај предавствата, да очистам уште еден грев. Завршив пост-дипломски студии како стипендист на „Европската Комисија“, на проект кој беше комплетно поддржан од ЕУ. На мојата диплома има лого на ЕУ и под моето име стои „Republic of Macedonia“. Има уште една интересна ситница. Дипломата не ми ја признава Универзитетот Св. Кирил и Методиј, иако е партнер во програмата и неговото лого го имам на дипломата. На моменти си помислувам: „Ако пишуваше the former Yugoslav Republic of Macedonia, најверојатно ќе ми ја признаеја дипломата и дома“.

Во што се состои моето предавство? Па ете, сум успеал да ме признаат како државјанин на Republic of Macedonia не само во ЕУ (со стипендија на Европската комисија), туку и во Грција (со поддршка на Министерството за надворешни работи на Грција). Никогаш не сум ја претставувал мојата земја поинаку освен како „Република Македонија“, за разлика од нашите политичари кои гордо не претставуваат под неуставни референци. Ете зошто сум предавник.

Ако имав искуство како грчки сведок против Република Македонија, ако гордо примев награда за FYR Macedonia, ако промовирав статуи со старогрчки натписи во Владата, и ако немав никаков проблем со преименувањето во „Северна Македонија“, сигурно ќе бев најголем патриот.

Срам да ми е!

Ребрендирање во 100 чекори

12/16/2009

„Ребрендирање или блокада?“ - лажна дилема на МТВ, два часа пред „јадењето бурек“ со Груевски. Небаре портпарол на грчките „максималистички барања“, премиерот потврди дека од нас се бара „комплетно ребрендирање... и повеќе од тоа“.

Зошто деновиве толку упорно се рекламираа „најновите“ грчки „максималистички барања“ кога дури и Груевски изјави дека „во основа не се тоа нови барања, во основа не се...“? Зошто толку педантно се соопштуваа грчките позиции и аргументи, а не македонските позиции и македонските аргументи? Зошто се создаваше негативна атмосфера на колективна закана дека се загрозува етничкиот идентитет на Македонците, македонскиот јазик и употребата на придавката „македонски“ - не само од Грција, туку и од ЕУ?

По грижливите толкувања на премиерот, по партиските прогласи на ВМРО-ДПМНЕ, и „обзнаните“ на медиумските џип-барабанџии (тапанари), тешко ќе се најде човек во Македонија кој не чул за „максималистичките барања“ на „клетите Грци“. Знам, ќе забележите: не беше тоа прогрчка, туку антигрчка пропагандна кампања. Но, оние што ја проучувале историјата на пропагандата знаат дека техниките за оцрнување на противниците (независно дали се „клети Грци“ или домашни „петоколонаши“) може да произведат и бумеранг-ефект. Народски кажано, на пропагандистите може да им се случи - „со свој камен, по своја глава“. Таков ефект има по црната кампања „брат за брат...“, која најмногу се водеше на МТВ. Граѓаните најавија бојкот на радиодифузната такса, меѓу другото, затоа што не сакаат да бидат соучесници во кршењето на човековите права преку масовното „фабричко“ производство на инстант-“патриоти“ и домашни и странски „предавници“.

Знам, пак ќе забележите - „Што си запнал толку, нели премиерот јасно ги кажа нашите позиции?“ Ваистина, пак кажа: „Нашите позиции ние сме ги соопштиле. Стопати ако речам, веројатно е малку, кој знае колку пати... ние имаме програма за тоа објавена - програмата на ВМРО-ДПМНЕ, во која јасно пишува на страна 146 кои се нашите позиции...“ Па, кој се сретна во Преспа со Папандреу - нашиот премиер или лидерот на ВМРО-ДПМНЕ? Од кога тоа „стратегијата за пристап“ кон „спорот за името со Република Грција“ од програмата за вмроизација на Македонија е државна стратегија? За стр. 146 не може да се каже ни дека е владина стратегија, имајќи предвид дека главниот коалициски партнер ДУИ има дијаметрално спротивна позиција во однос на референдумското изјаснување за името.

Стратегија е документ што обединува, а идејата за референдум за името се покажа како јаболко на раздорот. Без натпартиски консензус за стратегиските насоки за решавање на проблемот со Грција, станавме заложници на програмата за вмровско преродување („ребрендирање“) на Македонија. Заложници, затоа што стр. 146 „пропишува“ дека евентуалното решение мора претходно да помине на референдум, па дури потоа да биде прифатено „од страна на поединци политичари, влада или парламентот“. Практично, иако го плаќаме за да ги решава државните проблеми, Груевски си го одзел мандатот да прифати какво било решение, каков било компромис за спорот, без позитивен референдум.

Но, доста веќе со стр. 146! Никој од критичарите не го прашува премиерот која е позицијата на ВМРО-ДПМНЕ. Многу добро знаеме која е. Груевски ескивира. Ескивира од обврската да преговара за замена на „поранешната југословенска Република Македонија“ и да прифати компромисно решение. Ескивира и од лидерската должност да постигне натпартиски консензуз и да ја зајакне државната позиција на Република Македонија. Единствените удари што ги задава во „борбата“ не се кон Папандреу, туку кон критичарите на неговата поразителна стратегија. Поразителна за Македонија.

Се уморивме од самобендисани „лидери“ кои од името на „македонското национално единство“ поттикнуваат раздор и нетрпеливост меѓу македонските граѓани. Во Македонија не владее разочарување само од тоа што се случи во Брисел, туку и од нашите неспособни политичари, некадарни да го дефинираат нашето заедничко добро и да ги бранат државните интереси.

Наместо ширење паника со цел да ги разгорат етнонационалистичките страсти, нашите „конзервативци“ требаше да понудат убедливи аргументи зошто е бесмислено во 21 век да се оспоруваат етничките Македонци, македонскиот јазик и употребата на „македонски“. Зошто Груевски, кога ги чул „максималистичките барања“, не му ја посочил на Папандреу страницата на ЕУ со информацијата дека се зборува македонски јазик (Macedonian), и тоа во Грција? Зошто не му ги цитирал документите на ЕУ, на Советот на Европа, на ОН, кои го потврдуваат идентитетот „етнички Македонци“? Најпосле, зошто не се повикал на одредбите од Лисабонскиот договор, кои забрануваат дискриминација врз основа на националност (nationality), врз основа на етничко потекло, како и врз основа на припадност на национално малцинство? Зошто не го спомнал извештајот на Мекдугал во ОН, за македонското малцинство во Грција, со препорака за користење на зборот „македонски“ (Macedonian) - во имињата на здруженијата и за слободно изразување на етничкиот идентитет?

Одговорите се едноставни. Груевски сака политички да профитира од блокадата во Брисел, исто како што профитираше од блокадата во Букурешт. Ем „фиромизацијата“ продолжува ем домашното „ребрендирање“ продолжува. Државата необично се преобразува во наследник на античкото македонско кралство, а етничките Македонци во потомци на Филип и на Александар.


Зошто се шири ЕУ-фобија?

12/11/2009

Еве некои новинарски белешки од вчерашната дебата на институтот „Павел Шатев“:

Публицистот Жарко Трајановски, рече дека иако Скопје со Времената спогодба со Грција од 1995 година се обврзало да не го употребува шеснаесеткракото сонце, сепак го сторила тоа. Ваквиот став го испровоцира новинарот Александар Дамовски.
„Грција доби некои аргументи да не ја почитува привремената спогодба, токму благодарение на непочитувањето од македонска страна“ изјави Трајановски.

„Патот кон Европа го гледаме низ два канала, сосема различни, но претпоставувам дека целта на сите ние ДА Европа. Меѓутоа, го забораваме основното прашање. Дали вие се согласувате со осумте барања на Грција?” одговори Дамовски.

„Апсолутно барањата се неприфатливи” смета Трајановски.
“ (Алсат)

Уште една верзија:

„Колумнистот Жарко Трајановски посочи дека стратегијата на Стојан Андов била добар поттик за консензус и дека сега на Македонија и' е потребно лидерство и аргументирана кампања во сите земји на ЕУ. Според него, Македонија не треба само да се жали дека и' се прекршени правата предвидени со Привремената спогодба, туку треба да ги реализира и обврските што произлегуваат од тој документ, како што, на пример, е неупотребата на симболот од Вергина.

Реагираше новинарот Александар Дамовски, потсетувајќи дека Македонија одамна го смени знамето.
„Што треба сега да направиме, да ги покриеме и симболите од Вергина во црквите?“, праша Дамовски, оценувајќи дека е навредливо што европретставникот Евран Фуере ниту еднаш не рекол Република Македонија или македонски народ.
Според него, ако сите се согласуваат дека осумте точки на Грција се неприфатливи, тоа е знак дека се придвижуваме кон консензус.“ (Македонскиот национализам се пумпа во корист на Грција).

Далеку од тоа дека се согласувам во се со Фуере (види пост: Фуере за идентитетот), но секој со свои очи може да види и со свои очи може да слушне дека на овој клип Фуере експлицитно зборува за „Macedonian Government“ (1 m 33 s), како и во повеќе други говори. На панел дискусијата кај Црвенковски на 21.04.09 Фуере зборува за „Macedonian society“, а и во други прилики го употребува изразот Macedonian (Macedonian citizens, Macedonian universities, Macedonian neighbours, Macedonian companies, Macedonian folk music etc.) Да го цитирам: „We all know Macedonian citizens are not stupid, they are intelligent and they must be told the truth.“ Дека Фуере нема проблем со именувањето на јазикот како Macedonian, може да се види од овој говор, каде што во неколку наврати зборува за „Macedonian people“. На друг место зборува и за „the ethnic Albanian and Macedonian Communities“. Во овој говор експлицитно зборува за Macedonia: „Let me finish by saying that CSR can help us to achieve economic and social development goals for a country as Macedonia.“ Дури и во Берлин на едно место му се испушта: „From many meetings I have had with business leaders across the country it has become clear that party connections remain vital to conduct successful business in Macedonia.“ Зборува и на конференцијата “One Year a Process of Decentralization in the Republic of Macedonia” (2006). Пред некое време изјави дека „За идентитетот не може да се преговара, тоа е нешто свето“. Мислам дека наведов доволно примери кои ги побиваат неоснованите тврдења на Дамовски.

На страницата на ЕУ може да се најде и “Address by President Romano Prodi to the Macedonian Parliament” (1 October 2004), во кое експлицитно зборува за „Macedonia’s dream of membership to the European Union“, „the Macedonian government“, „Macedonia has worked hard in the past year“, „the Macedonian citizens“.

Проди зборува и за Macedonians: „in the crucial moment of decisions, Macedonians have been capable of looking towards the future and not turn back to the past.“

Во 2004 Проди рече – „We have said, and I solemnly repeat it once again today, that Europe wants Macedonia.“

И претходно во телеграмата од 26.02.2004, Проди зборуваше за Macedonia и Macedonians: „We all owe very much to Boris Trajkovski and my sincere hope is that his vision will be a legacy for all Macedonians and will strengthen even further their determination to join the European institutions soon.“

И во „European Union Newsletter“ од јануари 2005 се зборува за „Macedonian Government“, и се спомнува следнава изјава на Оли Рен: „The Macedonians are currently busy finalizing replies to the Commission’s questionnaire.“ Во истиот њуслетер се зборува за „Macedonian side“, „Macedonian legislation“, „Macedonian Minister of Justice“ и се промовира порталот ExploringMacedonia.com.

Прочитајте го и интервјуто на амбасадорот Кјарини каде што зборува за „the Macedonians“ и „Macedonia“.

Нашите политичари добиваат плата да ги решаваат нашите проблеми, да ги застапуваат нашите позиции и нашите аргументи, а не да глумат жртви. Наместо да шират ксенофобија и ЕУ-фобија, треба смело да ги застапуваат аргументите што одат во наша полза - и тоа не дома, туку во ЕУ и кај Нимиц. „Аргументите“ дека ни се случува „геноцид“, „холокауст“, и дека сме пред „истребување“ ја ослабуваат нашата позиција бидејќи се комплетно несериозни и покажуваат низок степен на култура на човекови права.

ЕУ признава Македонци и македонски јазик!

12/10/2009

Сите кои што деновиве, во анти-ЕУ-форично расположение, тврдат дека ЕУ не сака да не признае како Македонци, убаво нека ја погледнат фотографијава, или нека ја посетат официјалната страница на ЕУ.

Без паника, ви се молам! Бевме етнички Македонци во земјата кандидат, ќе останеме етнички Македонци и откако ќе добиеме датум за преговори. Дури и во неодамнешните документи каде што неосновано ја нарекуваат нашата земја „FYROM“, си стои терминот „Macedonians“ и кратенката „МК“ (EUROBAROMETER).
Сите кои заплашуваат дека ако влеземе во ЕУ нема да сме можеле да ја употребуваме придавката "Macedonian" - „Македонски“ - нека ги протријат очите. На сајтот на ЕУ има линк за Macedonian Government !
Сите кои заплашуваат дека ЕУ не ни го признава јазикот како „Македонски“, љубезно ги молам прво да ја посетат страницата на Европската Комисија, каде што има листа на јазици кои се зборуваат во ЕУ, меѓу кои е и „Macedonian“ (во Greece!). Еве ја и табела на Euromosaic:
Ако кликнете на јазикот означен како „Macedonian“, ќе се отвори страница на која пишува „Macedonian in Greece“ (кој знае француски, може да го прочита и извештајот). И во други документи се признава „Macedonian“.
Накусо - имаме толку многу аргументи во наша полза, ама немаме кој да ги застапува. Наместо да изнесуваат цврсти докази дека ЕУ веќе не признала како етнички Македонци, дека признава македонски јазик (и во Грција), дека не ни ја оспорува употребата на „македонски“, нашите политички претставници претпочитаат да ни ги прераскажуваат „максималистичките ставови“ на Папандреу за да го плашат народот дека ЕУ не сака да го признае македонскиот етнички идентитет и македонскиот јазик.

Денови на црнила

12/09/2009

Послушајте „патриоти“: „..Скопскиот окружен народен суд во состав: претседател - Панта Марина и членови - Лазар Мојсов и Коле Чашуле ја објави пресудата за кривичното дело на Методи Андонов - Ченто и неговите помагачи“ (дамнешна „Нова Македонија“). И Ченто беше „предавник“ во своето време.

Во „Македонска енциклопедија“ не се забележуваат имињата на судиите на „предавникот“: „Бил осуден на казна затвор во траење од 11 години (23 ноември 1946). Бил ослободен условно (септември 1955). Починал во Прилеп.“ Толку за неговото „ослободување“. Ниту еден збор за неговата болест. Ниту еден збор за тоа дека никој не сакал да му издаде пасош, за да се лекува.

Судиите на Ченто и ден-денешен се патриоти. За Панта Марина пишува дека „Бил претседател на Врховниот суд на Македонија (1949 и 1967 г.) и сојузен јавен обвинител (1967-1974)“. Ретко кој може да се пофали, како Лазар Мојсов, дека бил „претседател на Генералното собрание на ООН (1977-1978)“. Но, дали ќе имаше толку блескава политичка кариера ако не учествуваше во „патриотскиот“ процес против „предавникот“ Ченто? Ниту за прашањето, ниту за одговорот - нема место во „Македонска енциклопедија“.

Тешко бреме носел со себе Коле Чашуле, почесен член на МАНУ. Слично како „Младичот“ од неговата драма „Црнила“, Чашуле слепо му верувал на Централниот комитет кој решил да расчисти со опасниот „издајник“ и „изрод“ на нашиот народ. Во „Црнила“, „Младичот“ го повлекува чкрапалото, и го усмртува „предавникот“ Ѓорче Петров. Коле Чашуле пак става потпис на пресудата, иако знае дека процесот против „предавникот“ Ченто е наместен од лажните патриоти. Во драмата на Коле Чашуле, откако „Младичот“ сфаќа на кого извршил атентат, се самоубива. Во нашиот реален транзициски живот, откако Чашуле го објавува покајничкиот роман „Патот од себеси“, за покајувањето е награден со „Рациново признание“!

Во списанието „Блесок“ (наслов-антипункт на „Црнила“) го прочитав освртот „Коле Чашуле: апсурдист и/или антиутопист“:“ Во ‘Црнила’ се јавува и една аналогија на Големиот брат, а тоа е самата Организација, апстрактна, недефинирана Сенка која стои (постои или не постои навистина) некаде во позадината“. „Црнила“ започнува со предупредувањето: „Лицата и настаните во оваа драма се измислени. Секоја сличност со постојните тогаш лица е случајна и ненамерна.“ Продолжува со стиховите на Анте Поповски: „...Не ме уплашија векови со нож од туѓа рака / Ме плаши час од рака своја в плеќи“. Јасна Котеска, пишувајќи за книжевниците кои го жигосувале татко и како „предавник“ („Комунистичка интима“ - „Поезијата помеѓу паланката и тајните служби“) прашува: „Зошто дури и поетот, како гласноговорник на интимните исповеди на луѓето, чувствувал потреба секоја интимност автоматски да и ја пласира на полицијата? И одговара: „Во системот во кој сите се виновни додека не се докаже спротивното, луѓето кои сакаат каков-таков успех, мора да се подложат на системите на полициското кодошење, за да го одржуваат својот успех“.

Во овие „Денови на црнила“ некои упорно се трудат да го одржат во живот системот во кој сите се виновни додека не се докаже спротивното. Користејќи ги придобивките на „системите на полициското кодошење“, самопрогласените „патриоти“ јавно линчуваат „предавници“ преку јавниот сервис за медиумско „кодошење“, отворено со „народот“.

Сакам да ги потсетам членовите на владејачката партија (најзаслужни за воскресението на дискурсот „патриоти-предавници“) на еден симптоматичен настан од 1991 - првиот повеќепартиски парламент. „Вечер“ објавува фотографија од настанот под која пишува: „Дали само македонската или македонската и југословенската химна заедно - беше прашање околу кое првите македонски парламентарци водеа долга дебата во која имаше и ниски удари и подметнувања. На крајот се интонираа двете химни. И, додека сите членови на Парламентот стоеја, еден од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ си го искористи „своето“ право при интонирањето на југословенската химна демонстративно да седи!“ На фотографијата беа прикажани членовите на ВМРО-ДПМНЕ кои гордо стојат додека се интонира југословенската химна, со фокус на единствениот „предавник“ на југословенското дело. „Нова Македонија“ објави реагирање на боречката организација на Титов Велес („Титов Велес е се' уште Титов“): „На седницата беше осуден и некултурниот однос на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Китев, од Титов Велес, кој единствен од сите пратеници седеше при интонирањето на југословенска химна за време на конституирањето на новиот македонски парламент.“

Се разбира, она што во 1991 на многумина им изгледаше како чин на предавство, денес им изгледа како врвен чин на македонски патриотизам. Но, уште поинтересно: Зошто за патриотот Китев нема место во „Македонска Енциклопедија“, а има за многумина негови сопартијци кои гордо стоеја при интонирањето на „Хеј Словени“?

Денес, за едни „патриоти“ некои прашања не заслужуваат одговор, а за други, патриотизмот се состои во „смелоста“ да не се поставуваат никакви прашања: „Денес, мила моја, може да се остане жив единствено ако не се праша, ако не се знае ништо, ако не се има очи и мисла за ништо од сево ова што станува околу нас.“ (Иван на Неда, во „Црнила“).

Наместо заклучок, уште еден цитат од „Црнила“, за денешните „патриоти“ кои со неподнослива леснотија прогласуваат предавници („За неговата улога ќе суди историјата...“): „Во ова писмо, оној Младич, ме нарекува... предател. И ми се заканува со Историјата. (...) Е, драги мој,... Можеби, сето тоа, во некоја друга Историја и да е ново. Во нашата - не е. Во македонската историја, драги мој, има само... предатели... досега барем.“ Циникот Луков, ја прогласува македонската историја за врховен циник, токму пред да биде убиен од Неда. Поентата на „Црнила“ лежи во зборовите на Фезлиев, кој ја презема одговорноста за убиството на Луков: „Оставете ми ја мене можноста преку сево ова да се извлечам од моите црнила и да му се оддолжам на тоа што сум бил и јас некогаш - младич.“

Невалидни наслови

12/03/2009

Читам:
Нетпрес: „Меѓународен ден на лицата со инвалидност“
Сител: „Министерот Бајрами ќе се обрати по повод Меѓународниот ден на лицата со инвалидност“
Кирилица: „Меѓународен ден на лицата со инвалидност – 3-ти декември“
Парадокс: Наместо денес да ги промовираме правата на лицата со посебни потреби, ние ги жигосуваме како „инвалиди“.
Зборот „инвалид“ („неисправен“, „невалиден“) со себе носи стигма и дискриминација.
Во нашата земја веќе се изменети некои закони каде што се среќаваше зборот „инвалиди“. На пример, во Законот за социјална заштита, наместо изразот „инвалиди“ се употребува „лица со телесна попреченост“. За жал, зборот „инвалиди“ сеуште нашироко се употребува, не само во некои важечки закони и прописи, дури и во имињата на некои здруженија на граѓани.
Пред неколку дена, на МТВ, Латас се фалеше дека бил еден од најголемите борци за „правата на инвалидите“?!
Експертите препорачуваат заменување на изразите „инвалидност“ и „хендикеп“ со изразите „луѓе со попреченост“ или „луѓе со посебни потреби“.

Миленко не прекрсти

12/01/2009

Еве што објавува „патриотот“ Миленко:
„Дефинитивно, граѓаните во Македонија се поделија на македонци, и на оние кои се недефинирана, безлична, безидентитетна, лукративна, предавничка маса.“
Ете за какви „чувари“ станува збор! А, бе Миленко, не се пишува „македонец“ со мала буква, туку со голема - „Македонец“.
Според „чуварите“, меѓу „македонците“ има и „женишта кои имале поголеми муда од многу мажи: Мирка Гинова, Мара Бунева и секако Мирка Велиновска“. Да си признаам, ова со Мара Бунева малку ме буни. Да не се спрема случајно некаков атентат?
„Чуварите“ се многу „проевропски“ настроени. Зборуваат за „пропаднатото друштво на педери, наречено Евроатлантска заедница“, а ЕУ и НАТО се „организации кои се наоѓаат пред распад“.
А ова е дефинитивно за јавниот обвинител: „Затоа, сите вие предавнички копилиња, не се заебавајте со македонскиот народ. Оти клетвата, ама и раката на македонецот, ќе ве стигне кај и да сте.“.
Потпишано „од чуварите“, кои ги прекрстија Македонците во „македонци“ (наследници на Мара Бунева).
Имајќи предвид дека на листата на „предавници“ се наоѓаат конкретни имиња „за отстрел“, полицијата и јавниот обвинител треба под итно да си ги засукаат ракавите и да ги откријат лицата кои јавно се закануваат и кои поттикнуваат на национална нетрпеливост.

Метрополисти и некрополисти

11/11/2009

Полициската приказна „Приведен скопскиот ‘Раскољников’“ ме потсети на фамозниот пост „Како Скопје да стане метропола?“, кој беше мошне популарен во блогосферата пред неколку години. Главната теза беше дека Скопје е далеку од метропола, „колку што е далеку Битола од главен град“. Инспирирани од народната поговорка „зрно по зрно погача“, авторите беа предложиле неколку „зрна“ како дел од нивната програма за метрополизирање на Скопје.

Првото „зрно“ го идентификуваше главниот приоритет: „Ни треба класичен сериски убиец со разработена шема и методологија.“ Ете, седум години откако е напишана програмата „Како Скопје да стане метропола?“, главниот град конечно може да здивне. Ако и' веруваме на нашата полиција, Скопје конечно има сериски убиец со разработена шема и методологија и тоа според романот на Достоевски „Злосторство и казна“. Но, според строгите критериуми на „метрополистите“, тоа е само првиот чекор, оти „Секоја метропола што барем малку држи до себе мора да има дузина сериски убијци.“

Фановите на „Кога јагнињата ќе стивнат“ бездруго потценувачки ќе забележат - нашиот „Раскољников“ е далеку од „Ханибал Лектор“ колку што е далеку глумата на нашата „прва полицајка“ од глумата на Џоди Фостер. Почитувачите на книжевноста на Достоевски исто така имаат што да забележат. Како прво, за Расколников не може да се каже дека е сериски убиец, затоа што убил само две лица (според традиционалната класификација, за да стане збор за сериски убиец мора да имаме убиство од страна на иста личност на најмалку три лица). Како второ, драматичниот опис - „Убивал на ист начин како Раскољников – изнемоштени старици кои живеат сами“ со „мало секирче замотано во повеќеслоен најлон“ - воопшто не одговара на начинот на кое е опишано злосторството од романот на Достоевски. Најпосле, во романот Раскољников убивал затоа што му требале пари за да го доврши школувањето, а во нашиот полициски роман „Раскољников“ наводно парите од одземените предмети ги трошел за набавка на наркотични средства“. Не помина седмица откако укажавме дека треба да се престане со употребата на стигматизирачкиот термин „наркоман“, за медиумите да ни соопштат дека уапсениот „Раскољников“ „претходно и бил познат на полицијата како наркоман и деликвент“.

Уште еден куриозитет од приказната за осомничениот (кој беше инстантно прогласен за сериски убиец уште пред да биде поднесена кривична пријава против него) е што живеел на улица „Александар Македонски“. Овој куриозитет ме потсети на смелата и бескомпромисна констатација на Сем Вакнин: „не можам да разберам зошто и Македонија и Грција од еден душевно растроен масовен убиец сакаат да направат свој амблем и родоначалник“. Знам, ќе ми забележите - има разлика помеѓу концептите на „сериски убиец“ и „масовен убиец“. Но, што ако испадне дека нашиот „сериски убиец“ не бил инспириран само од ликот и делото на Раскољников, туку и од ликот и делото на Александар Македонски?

Уште една интересна коинциденција е дека и во програмата на „метрополистите“ е зацртано „Зрно 4: Голем споменик на плоштадот“. Според метрополистите, „Ни треба еден коњ на плоштадот. На пример, огромна биста на Букефал!“. Не ми е познато дали на „метрополистите“ им било познато барањето „за изградба на споменик на Александар Македонски“ доставено до Собранието на град Скопје од страна на здружението „Антички Македонци“ од Богданци во далечната 1995 г. (истото здружение достави барање во 2008 за изградба на спомен обележје на Св. Апостол Павле на месноста Паљурци). Но, ете, двете граѓански иницијативи се спојуваат во одлуката за изградба на споменик на Александар и Букефал на скопскиот плоштад (кои никако да „дојаваат“ од Фиренца). Кога ќе ни пристигнат, Скопје ќе има дополнителни аргументи да се прогласи за метропола - ем ќе има споменик на „масовен убиец“, ем ќе има грандиозен коњ на централниот плоштад.

Претпоставувам, некои ќе се запрашаат каква врска има здружението „Антички Македонци“ со промоција на ликот и делото на Св. Апостол Павле, кога е познато дека Александар Македонски живеел неколку века пред да се појави христијанството. Коинциденција или не, ама во ист ден двата македонски аеродроми беа прекрстени во „Александар Македонски“ (преименуван во „Велики“) и „Св. Апостол Павле“. Коинциденција или не, ама главните предвидени објекти на скопскиот плоштад се грандиозна христијанска црква и споменик на многубожецот Александар на Букефал. Логично објаснување за овие оксиморонски зафати дава единствено рекламата на Ристиќева палата, која сугерира дека во Скопје - се е можно!

Во својата пародија „Како Скопје да стане метропола?“, метрополистите сугерираа дека на Скопје му треба облакодер („сто до двесте ката“ во трусно подрачје) и супер-херој. Некрополистите веќе најавија изградба на три стокатници во Скопје, а трпеливо се гради и имиџот на „недопирливата“ супер-хероина: успешен ловец на сериски убијци, сузбивачка на „улични проститутки“, „наркомани“ и на „деца од 7 до 18 години затекнати како питачат“. Пародијата на метрополистите и сериозните предлози на здружението „Антички Македонци“ од Богданци се претворија во стварност. А Скопје полека, но сигурно станува античка метропола-некропола.

Јавен линч без дијалог

11/10/2009

Реакција во „Дневник“, плус коментар Покана за кристална ноќ.

Реакција на клеветите на ВМРО-ДПМНЕ

11/09/2009

Реакција по повод „КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА МЕДИУМИ“ на ВМРО-ДПМНЕ од 08.11.2009 г.

Почитувани новинари и блогери,

Поаѓајќи од основните новинарски принципи на однесување („Основна задача на новинарите е да ја почитуваат вистината...“, „новинарите ќе ги бранат човековите права, достоинството и слободата, ќе го почитуваат плурализмот на идеите и ставовите...“), упатувам јавна реакција на клеветите и навредите од страна на партијата ВМРО-ДПМНЕ.
Во конференцијата за медиуми на ВМРО-ДПМНЕ од 08.11.2009 г. подложен сум на јавен линч заедно со други лица кои се дискредитираат како „јавни личности блиски до СДСМ“ и како „партиски и политички истомисленици“ на Бранко Црвенковски. Во соопштението сум претставен како „...гласен подржувач на сите политики на опозицијата... “.
Имајќи предвид дека повод за ваквите клевети, навреди, етикетирања и дискредитации е изразувањето на моите лични ставови на две од јавните претседателски дебати, се надевам дека ќе објавите дел од моите ставови на тема „Интеграција или изолација“ јавно искажани на „Дијалози за Македонија“ од 16.09.2008 г., кои на најдобар начин ги демантираат погореспоменатите невистини:

„Очекував, имаше надеж во мене дека во рамките на овие дијалози за Македонија конечно ќе биде манифестирана политичка волја како од страна на опозицијата, така и од страна на позицијата. Имав надеж дека навистина постои волја за конструктивни политички дијалози за Македонија. Меѓутоа, гледам дека повторно не го поправивме лошиот впечаток што го имаат другите за нас, дека политичкиот дијалог се бојкотира како од страна на позицијата, така и од страна на опозицијата...“ (...)
„На почетокот би сакал да се навратам во однос на почетното прашање, почетната дилема, интеграција или изолација. Слушајќи ги дискутантите имам впечаток дека се претпоставува дека изолацијата е нешто што ни се заканува во иднината или нешто што ни се случува веќе во сегашноста. Јас би сакал да дадам неколку аргументи во друга насока, дека изолацијата беше нешто што ни се случуваше и ни се случува од почетокот на осамостојувањето на Македонија. И од гледна точка на самиот граѓанин може да се добие впечаток дека ние сме сеуште изолирана држава, ако се погледнат визните режими кои што ги имаме со сите останати земји во светот. Може да се добие впечаток дека ние сме изолирани дури и од страна на Африка, затоа што во Африка постои само една земја во која што можеме да патуваме без визи. Ако се погледне и анализира нашата политика од 1991 година наваму, не се добива впечаток дека сме одбрале некаква политика на интеграција заснована на принципите и вредностите на ЕУ.“ (...)
„Всушност, она што сакам да укажам е дека ние од самиот почеток бевме изолирани и сеуште сме изолирани. На пример, надворешната политика на еквидистанца која што нашата држава ја застапуваше еден извесен период не е во согласност со европските перспективи. Европската перспектива, перспективата на ЕУ, подразбира намалување на дистанцата со соседите. Значи, ние не усвоивме од самиот почеток надворешна политика на приближување кон соседите. Тоа е грешка од која што можеме многу да научиме.
Исто така, претставата за некаква „оаза на мирот” содржи претпоставка дека се околу нас била некаква пустина. И тоа е исто така една самоизолационистичка претпоставка која што не е во согласност со принципите на кои почива ЕУ, како што е заповедта "љуби го ближниот свој сосед и гради добрососедски односи со него”.
Како што покажува и времето, го потценивме спорот со нашиот јужен ЕУ сосед. Грешка на нашата национална стратегија беше дека спорот помеѓу Македонија и Грција нема да игра клучна улога во нашето зачленување во НАТО. Значи, таа грешка мора да ја признаеме. Ако не ја признаеме таа грешка не можеме да имаме никаков напредок.
За жал, не гледам дека има политичка волја ниту од страна на опозицијата да се признае таа грешка. Исто така, не гледам волја да се признаат и некои други грешки, како што е партизацијата на државните институции..“

Почитувани новинари и блогери,
Потсетувам дека согласно новинарскиот кодекс, „Новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа“, вклучително и по политичка основа.
Дезинформациите на ВМРО-ДПМНЕ ги загрозуваат моите човекови права (честа и угледот), дискриминираат по политичка основа (божемна поврзаност со одредена партија), го повредуваат мојот професионален интегритет и создаваат клима за загрозување на мојата лична сигурност.
Исто така, ве известувам дека ќе ги искористам сите законски средства кои што ми стојат на располагање за да ги заштитам мојата чест и углед кои се неосновано нападнати од страна на ВМРО-ДПМНЕ, и од страна на некои непрофесионални новинари.
На крајот, би сакал да ве информирам и дека авторскиот хонорар кој што ми беше исплатен за авторизираните текстови во „Дијалози за Македонија“ е приближно ист колку и авторскиот хонорар за текстовите што во неколку наврати ги имам објавено во списанието „Политичка мисла“, чиј основач е д-р Ѓорге Иванов, актуелен претседател на Република Македонија, кандидиран од ВМРО-ДПМНЕ.
Се надевам дека информацијава нема да биде злоупотребена за неосновано лично клеветење и дискредитирање од типот „Ѓорге ги плаќал за мислење, а тие потоа бесплатно го фалеле!“. Се надевам и дека мојата критика на нашата изолационистичка политика од 1991 г. нема да биде повод за јавно линчување дека сум „јавна личност блиска до ВМРО-ДПМНЕ“, или дека сум „партиски и политички истомисленик“ со актуелниот претседател.


Со почит,
Жарко Трајаноски
Скопје, 09.11.2009

Не дај се Инес!

9/14/2009


Повторно, изгубен во преводот.

Ines is a feminine name, a version of Agnes from the Greek meaning "pure, virginal." It is used in France, Portugal, Spain and in other countries. (Wiki)

Од сега има да си се храбрам: Не дај се Инес, не дај се генерацијо...


Градот убав...

9/07/2009

Хорот на „Плоштад Слобода“, во прекрасно издание.
Што ли ќе испее црковниот хор?

Кој ја предаде Македонија?

Република Македонија загуби уште пред да почне натпреварот Македонија-Грција.
Нашите репрезентативци излегоа „безимени“.
Поточно, не играа за Македонија, туку за „Витаминка“.
Кој одлучи да се откажеме од името „Македонија“?
Кој ја предаде Македонија?
Нашето „име“ (пардон, „референца“) за меѓународна употреба е „поранешната Југословенска Република Македонија“.
На официјалната страница на EuroBasket стои "FYR Macedonia".
Под истата кратенка настапувавме и на Олимпијадата.
Груевски ја прими наградата „Топ тен реформер“ за успесите на „FYR Macedonia“.
Ако Груевски можеше да настапува под кратенката „FYR Macedonia“, зошто да не може да настапуваат и нашите репрезентативци, како што настапуваа и досега?
Доколку на нашите репрезентативци им било оневозможено да настапуваат под кратенката "FYR Macedonia" Македонија требаше протестно да го напушти првенството.
Доколку некој политичар одлучил да не се игра под кратенката "FYR Macedonia", тој треба да сноси политичка одговорност за откажување од името „Македонија“, кое било составен дела на сите именувања на нашата република, од АСНОМ до денес.

Иницијатива за референдум

8/14/2009

Како граѓани, имаме право да практикуваме демократија.
Иако уште веднаш ги собравме првите сто потписи за граѓанската иницијатива за распишување референдум „за или против изградба на црква, џамија и други верски објекти на плоштадот Македонија“, вчера продолживме со собирањето потписи на градскиот плоштад. Бујрум, можете да ја дадете својата поддршка, независно дали сте од општина Центар (каде што ќе се распише референдумот), или од некоја друга скопска општина (потписи за поддршка), на следниве пунктови:

- Плоштад Македонија, секој работен ден од 18 до 21 часот

- Културен центар Точка, секој работен ден и в сабота од 10 до 17 часот

- Кај фонтаната во Градски парк, в сабота и в недела, 16 и 17 август, од 10 до 14 часот.

Еве и една моја изјава, дадена за А1: „Мислам дека плоштадот треба да биде јавно место, достапно на сите. Ако биде црква, или џамија или било кој друг објект, којшто нема да биде достапен на сите, тоа нема да биде плоштад Слобода“, вели Жарко Трајановски, од невладината „Граѓани за европска Македонија“. (Политичко-верските препукувања како основа за меѓуетнички тензии?)

Конзервативна хипокризија

8/12/2009

(Денешната колумна, која во еден дел е реакција на колумната на Влатко Ѓорчев)

Што ли правеше последнава година непоправливиот повторувач - „конзервативната“ влада на Груевски, наместо трпеливо и посветено да ги решава домашните задачи за ЕУ („реперите“)? И годинава нашиве „конзервативци“ продолжија со трендот да „остваруваат“ работи што не се нивна работа.

Прво што решија да прават е да изградат државна црква на плоштадот со буџетски пари. Колку ли само месеци, енергија, време и пари беа залудно потрошени за најпосле премиерот да признае дека изградбата на верски објект воопшто не е прашање за кое тој бил надлежен? Продолжија со градба на огромен број скапи скулптури и споменици (вклучително и на мегаломанскиот споменик на „Mеgas Alеxandros“) - иако и тоа не беше нивна надлежност. И градскиот превоз на Скопје не е надлежност на Владата, ама „конзервативците“ изарчија баеги енергија и пари за распишување неуспешни тендери за претпотопски двокатни автобуси кои никој веќе не ги произведува. Џабе премиерот се обидуваше да ги испере рацете од аферата „Сведмилк“. Пирамидалната млекарница немаше да биде толку голема афера ако „конзервативците“ не беа пиеле јогурт таму каде што не им е работа.

Најголемото „кидање“ од часови на „конзервативците“ се случи за време на локалните и претседателските избори. Наместо на ЕУ-агендата, министрите и државните службеници со месеци работеа за интересите на нивниот „конзервативистички“ клан, користејќи ги сите државни ресурси што им стоеја на располагање. Колку ли само предизборни лопати фрли Груевски на камен-темелници чија изградба воопшто не беше во надлежност на Владата? Колку ли само нови партиски „конзерви“ беа предизборно и постизборно регрутирани во јавната администрација, наспроти потребата за нејзино де-конзервирање и редуцирање? Најпосле, што бараше ликот на премиерот на градоначалничките плакати „Заедно можеме повеќе“ - да предупреди дека децентрализацијата е обична илузија, и дека локалната власт комплетно зависи од волјата на „конзервативните“ носители на извршната власт?

За тоа колку „конзервативците“ го „остварувале“ тоа што не им е работа, сведочат и бројните одлуки на Уставниот суд: за укинување на „патриотските“ сметки, за укинување на веронауката во основното образование, за случајот Клинички центар (мешање на Владата во надлежностите на Собранието), за обидот законски да се стави рака врз пензионерскиот „солидарен фонд“. Наспроти конзервативистичкиот стремеж за пазарни и други слободи, Уставниот суд сведочи за спротивното - за обидите на Владата да ја наруши слобода на пазарот и претприемништвото и да задре во доменот на приватноста и во индивидуалните човекови права. Наместо да се освестат и да почнат да работат согласно Уставот, нашиве „конзервативци“ извршија невиден партиски атак врз Уставниот суд. Знам, ќе забележите, тоа не беше атак од страна на Владата, туку од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Но, зошто многу повеќе информации за работата на Владата може да се најдат на партиската страница на ВМРО-ДПМНЕ, отколку на официјалната страница на Владата? Зошто со недели на прво место упорно стои писмото на МПЦ и на другите верски заедници со барање повторно да се воведе укинатата веронаука?

И покрај полжавското спроведување на ЕУ-реформите, разбивањето на системот на поделбата на власта, дрското газење по демократските традиции и принципи, газењето на основните човекови права, влошувањето на односите со нашите ЕУ-соседи, „конзервативците“ сега сакаат да не' убедат дека тие ми ти биле најголеми Европејци. На колегата (колумнист) Ѓорчев, кој се обидува да ми одржи лекција по „конзервативизам“ и „европеизам“, би му поставил неколку прашања:

Ако ВМРО-ДПМНЕ е навистина конзервативна партија, зошто не се откаже од зборот „револуционерна“ организација во своето име? (Или за нашиве дрвено-железни, ѓоа револуционери-конзервативисти, важи забелешката на Хана Арент: „Добро е познато дека најрадикалните револуционери ќе станат конзервативци првиот ден по револуцијата“.)Ако ВМРО-ДПМНЕ е навистина конзервативна партија, зошто не се откажува од „туторската“ позиција кога е на власт и, како и другите конзервативни партии во ЕУ, не работи на редуцирање на Владата и на јавната администрација? (Или Дизраели беше во право кога тврдеше дека „конзервативната влада е организирана хипокризија“).

Ако „конзервативизмот е врзан за стварноста“ и европските вредности, зошто ВМРО-ДПМНЕ упорно претпочита да води антички и неолитски археолошки кампањи што немаат врска со стварноста? Зошто не води кампањи што ќе ги промовираат темелните принципи на ЕУ-демократијата, владеењето на правото и почитувањето на човековите права - принципи што се загрозени токму од самоволието што катадневно го манифестираат „конзервативците“?

Најпосле, ако „конзервативизмот значи негување на традициите и почитување на идентитетот“, зошто ВМРО-ДПМНЕ ги изневерува државните традиции на АСНОМ, фаворизирајќи нов национален идентитет, сосема туѓ на основачите на македонската антифашистичка држава? Наместо промоција на македонскиот библиски, антички, неолитски и претпотопски идентитет, зошто не се промовира македонски европски идентитет?

Навистина штета што не се меѓу нас Аденауер, Шуман и Де Гаспери. Ѓорчев ќе имаше прилика да ги прошета пред споменикот на Александар и на арената „Филип Втори“ - најпосведочени демохристијани и негувачи на традиционалните семејни вредности. Ех, да можеше да ги однесе и во „европскиот“ музеј на ВМРО-ДПМНЕ! Можам да си ги замислам како се восхитуваат од восочната фигура на Иван (Ванче) Михајлов, додека Ѓорчев им раскажува за демохристијанските подвизи на воениот соработник на Мусолини, Хитлер и СС-овецот Химлер, и личниот пријател на творецот на Јасеновац - Анте Павелиќ. Сигурно ќе беа воодушевени. И Аденауер (кој со години бил прогонуван од нацистите), и Шуман (кој за малку го избегнал Дахау поради отпорот кон нацистите) и Де Гаспери (кој чмаел во затворите на Мусолини поради антифашистичка дејност). Пред восочната фигура на „крволокот Иван Михајлов“ (извадок од манифестот на АСНОМ), основоположниците на ЕУ ќе можеа лично да се уверат како „конзервативизмот на ВМРО-ДПМНЕ се надоврзува на борбата за слобода и за национална самостојност водена од изворната ВМРО“.

За илинденскиот мит

(Еве, со задоцнување, ја постирам минатонеделната колумна која доживеа невиден атак во „Нова Македонија“)

Не е секој ден Илинден. Но, речиси и да нема Илинден, а да не ме обземат размисли за вечната метафизичка тема - односот помеѓу митот и реалноста. Овој пат бев инспириран од зборникот „Дамјан Груев (1871-1906): Сто години од неговата смрт (1906-2006).“ На крајот од книгата, по интересните историски статии, како прилог се дадени неколку народни песни за смртта на Груев. Според првата песна „Низ Петлец идат трима војводи“, Даме Греув славно загинал во битка, откако бил ранет во селото Русиново „здраво опсадено од Турци јаничари“. Како причина за смртта се наведува предавство: „Бог да убие нашита шпиони што предадоха славната чета“.
Втората песна е испеана од една бабичка, која во времето на настанот имала 29 години. Наместо храбра херојска борба од страна на војводите, опеана е малку поинаква верзија на настанот: „Низ Петлец идат трима четници / идат и питат за Русиново./ Па си ојдоа у Алаѓозо,/ па си запија рујното вино / рујното вино, лута ракија / па се опија, та не знаеја, та не знаеја на каде д’идат / та и затече турскио аскер, / та и затече, та и истепа.
Сосема случајно, еден ден откако ја прочитав песнава, заврзавме разговор со еден човек од Русиново околу „македонцките работи“. Не издржа срце мое „јуначко“, па го прашав што раскажувале неговите соселани за херојската смрт на Груев. „Нема ништо херојско во неговата смрт“, ми рече: „нашата историја не ќе да е верна“. Според кажувањата на неговите постари соселани, очевидци на настаните, Даме Груев бил „пијан како земја“, и тоа била главната причина зошто навреме не го напуштил селото, откако наишол аскерот. Во што да веруваме сега - во писанијата на нашите историчари, кои воопшто не го земаат предвид учинокот на „рујното вино“, ем „лутата ракија“, или пак во тоа што го раскажале и опеале очевидците?
Нејсе, без разлика каква била смртта на „апостолот на македонската слобода“, таа го означува симболичкиот крај на македонската револуционерна организација која останува и без „срцето на револуционерна Македонија“ (Гоце), и без „волјата на револуционерната Македонија“ (Даме). А еве што предупредувал пред почетокот на востанието „разумот на револуционерна Македонија“ (Ѓорче) за погубната и избрзана одлука на Солунскиот конгрес: „ако го прогласиме ова востание, ќе ја подбиеме идејата за сенародно востание за долго време, зашто ќе се кренат само во неколку околии“. Нејсе, „волјата“ не го послушала ниту „разумот“, ниту „срцето“, па „организацијата“ сепак се решила на кобното востание. Ѓорче бил сосема во право ем кога предупредувал дека сега е „невозможно сенародно востание“ ем кога претскажувал дека „ние ќе работиме против сами себе“. Тоа го потврдува и Никола Петров Русински, еден од противниците на востанието: „Востанието како ненавремено, неподготвено, непопуларизирано, неистовремено, неопшто, донесе последици - капитулација на ВМОРО и паѓање во плен, во прегратките на бугарскиот врховизам, кој пред тоа во текот на шест години се бореше со ВМОРО, додека не ја потчини и не ја разурна“.
Свесни ли сме што всушност славиме на 2-ри август во Крушево? Крвавите крушевски собитија се последица од (не)промисленото хушкање на Гарванов (поранешен лидер на антивмровско револуционерно братство) и лажното уверување на Сарафов дека со 300.000 армија „Бугарија ќе војува, ние само да дадеме повод“. Како резултат на остварувањето на желбата на Гарванов и на Сарафов (а без „волјата“, не ни можела да биде остварена), настрадува не само дотогаш престижната револуционерна организација, туку и голем дел од населението: „Настрадале 201 населено место, биле изгорени 12.400 куќи, 70.836 лица останале без покрив над главата, над 30.000 лица избегале, 8.816 лица биле убиени.“ (Историја на македонскиот народ, 1972). И за македонската трагедија децении по „Илинден“ можат да се кажат многу зборови. Со разгорувањето на пропагандите во Македонија почнуваат крвави долгогодишни меѓусебни пресметки помеѓу српските и „бугарашките“ чети, а по убиството на Иван Гарванов и Борис Сарафов (по наредба на Јане Сандански) се разгорува „братоубиствената“ борба во „организацијата“ која продолжува со децении.
Затоа, наместо да го воспеваме морбидното и самоостварливо пророштво на винопиецот Груев („Подобро ужасен крај, отколку ужас без крај“), на секој црн Илинден поарно е да се потсетуваме на пророчките думи на трезвениот Мисирков: „Револуциата на пролет ке бидит наи глупаото, шчо можиме ние да напраиме. Со револуцииата на пролет ке се користат само нашите неприиатели, коии си имаат само есапи, противни на нашите национални интереси.“
Ако Мисирков беше во право - а беше во право - тогаш редно е да си го поставиме прашањето, колку и да звучи на прв поглед еретички: Дали Питу Гули и неговите соборци „ја дале својата жртва кога тоа било најпотребно“ или, како што сугерира Мисирков, Даме Груев и другарите го направиле „наи глупаото, шчо можиме ниие да напраиме“? Наместо да ги прифатат неизбежните реформи, кренале неуспешна револуција, која со текот на времето се преобразила во национален мит.
Слично, не помалку еретичко прашање се наметнува пред нашата политичка елита и денес: Дали треба да се крене општонародно востание за одбрана на „името и идентитетот“, или да се прифати неизбежноста на евроинтегративните процеси, кои налагаат реформи, наместо опседнатост со митови и револуции.

Бирократска гилотина

7/29/2009

Се сеќавате ли на владиниот проект „регулаторна гилотина“? Проектот требаше да обезбеди „сечење“ на бирократските прописи, процедури и правила кои им го загорчуваа животот на граѓаните. Здравиот разум сугерира - колку помалку бирократски прописи, толку помалку потреба и од државни службеници. Но, види чудо: регулаторната гилотина сече ли сече, а државните службеници се множат како печурки по дожд. Што е причината?

Злобните јазици велат дека регулаторната гилотина почнала да сече и кај што не треба, па ја „исекла“ и владината „времена забрана за нови вработувања во државната администрација и јавниот сектор во 2009 година“. Очигледно, „тази забрана не е забрана“ затоа што во првата половина од годинава биле регуларно вработени над 500 службеници (се лицитира и на 8.000 лица со договори за привремено вработување). Според владините планови, предвидени се вкупно 4639 нови државни службеници во следните три години (само за ЕУ-агендата). Ако за усвојување на новите ЕУ-прописи се потребни толку нови државни службеници, нели е логично по успешната „сеча“ на старите прописи (и придобивките од информатичката „преродба“) да се намалат потребите за илјадници државни службеници?

Ако не ме лаже сеќавањето, Владата дури и не' повика нас граѓаните да и' доставуваме предлози за бирократска „сеча“. Инспириран од ВМРО-вската мудрост „Пари немат - дејствујте“, го доставувам следниов антибирократски предлог: напоредно со „регулаторната гилотина“ Владата да почне со нов проект - „административна гилотина“. Пред да почне големата административна сеча (од по десетина илјади работни места годишно), на нашите државни службеници треба убаво да им се даде до знаење дека кревката македонска економија не може да поднесе толку гломазна и неефикасна администрација и дека многу од административците може да отидат „јабана“. Од име на проектот „Инвестирајте во Македонија“, Владата може да им обезбеди пристојни кредити и обуки за преквалификација на сите државни службеници кои ќе претпочитаат да го отстапат неефикасното работно место, за да почнат свој сопствен креативен бизнис.

Се разбира, успехот на административната гилотина ќе виси во воздух ако не почне со немилосрдна министерска гилотина. Не сугерирам нова реконструкција на министрите, туку реконструкција на министерствата, со што би исчезнала потребата од некои министерства, министри, а особено од замениците на министрите.

Први жртви на министерската гилотина би требало да бидат министрите без ресор, особено неуспешните министри за странски инвестиции. Ако нашиот премиер реши да стане премиер за евроинтеграции, може да заштедиме една вицепремиерска позиција. Со намалувањето на бројот на министерствата преку претворање на одделни министерства во сектори, би се решил актуелниот проблем на некоординираност помеѓу сродните министерства. На пример, логично е Министерството за земјоделство да стане отсек во Министерството за економија и развој, во кое би се асимилирале и Министерството за информатичко општество и Министерството за транспорт и врски. Министерството за правда би можело да се трансформира во Министерство за човекови права и да апсорбира како отсеци неколку министерства: отсек за право на здравје, отсек за право на работа, отсек за право на социјална заштита, отсек за право на образование, отсек за културни права, отсек за право на здрава животна средина итн. Бездруго, административната гилотина треба да го зафати и постоечкото Министерство за внатрешни работи кое функционира како посебна „држава во држава“.

Административната гилотина би имала уште поголем успех ако биде проследена со „пратеничка гилотина“. Досегашното искуство кажува дека Македонија е пресиромашна земја за да може да храни 120 професионални пратеници кои имаат неверојатно ниска доверба кај граѓаните. Имено, мнозинството граѓани смета дека Собранието е целосно зависно од Владата во постапката за донесување закони и дека пратениците не си ја вршат добро својата работа за која се преплатени. Најголемиот дел од граѓаните со задоволство би го мониторирале проектот „пратеничка гилотина“ затоа што ниту имале можност да се сретнат со нивните пратеници, ниту пак чуле и виделе дека тие покренале некаква иницијатива што е во нивен интерес.

Интересно би било да се чуе мислењето на граѓаните и во врска со можниот проект „претседателска гилотина“. Дали имаме потреба од „анекс“ претседател кој ужива доверба од дури 1% од гласачите и кој очигледно нема ниту политички авторитет, а ниту државен капацитет да ја извршува одговорната функција? Колку ли само пари и време ќе се заштедат на избори, кампањи, трчи-лажи советници, непродуктивни патувања, скапи кујни и садови?

Бирократската гилотна мора да почне да работи со полн капацитет ако сакаме да го ублажиме најгорливиот проблем - дури половина од државниот буџет оди на плата за јавната администрација! Државата треба час поскоро да ја напушти улогата на најголемиот работодавец, а партиите треба конечно да се откажат од „социјалната“ функција на агенции за партиски вработувања.

Мојот список со блогови

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Архива на блогот

Footer Widget 1

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Loading...

Footer Widget 2

Популарни објави

Популарни објави

Popular Posts this month

Popular Posts this week