skip to main |
skip to sidebar
(Денешната колумна, која во еден дел е реакција на колумната на Влатко Ѓорчев)
Што ли правеше последнава година непоправливиот повторувач - „конзервативната“ влада на Груевски, наместо трпеливо и посветено да ги решава домашните задачи за ЕУ („реперите“)? И годинава нашиве „конзервативци“ продолжија со трендот да „остваруваат“ работи што не се нивна работа.
Прво што решија да прават е да изградат државна црква на плоштадот со буџетски пари. Колку ли само месеци, енергија, време и пари беа залудно потрошени за најпосле премиерот да признае дека изградбата на верски објект воопшто не е прашање за кое тој бил надлежен? Продолжија со градба на огромен број скапи скулптури и споменици (вклучително и на мегаломанскиот споменик на „Mеgas Alеxandros“) - иако и тоа не беше нивна надлежност. И градскиот превоз на Скопје не е надлежност на Владата, ама „конзервативците“ изарчија баеги енергија и пари за распишување неуспешни тендери за претпотопски двокатни автобуси кои никој веќе не ги произведува. Џабе премиерот се обидуваше да ги испере рацете од аферата „Сведмилк“. Пирамидалната млекарница немаше да биде толку голема афера ако „конзервативците“ не беа пиеле јогурт таму каде што не им е работа.
Најголемото „кидање“ од часови на „конзервативците“ се случи за време на локалните и претседателските избори. Наместо на ЕУ-агендата, министрите и државните службеници со месеци работеа за интересите на нивниот „конзервативистички“ клан, користејќи ги сите државни ресурси што им стоеја на располагање. Колку ли само предизборни лопати фрли Груевски на камен-темелници чија изградба воопшто не беше во надлежност на Владата? Колку ли само нови партиски „конзерви“ беа предизборно и постизборно регрутирани во јавната администрација, наспроти потребата за нејзино де-конзервирање и редуцирање? Најпосле, што бараше ликот на премиерот на градоначалничките плакати „Заедно можеме повеќе“ - да предупреди дека децентрализацијата е обична илузија, и дека локалната власт комплетно зависи од волјата на „конзервативните“ носители на извршната власт?
За тоа колку „конзервативците“ го „остварувале“ тоа што не им е работа, сведочат и бројните одлуки на Уставниот суд: за укинување на „патриотските“ сметки, за укинување на веронауката во основното образование, за случајот Клинички центар (мешање на Владата во надлежностите на Собранието), за обидот законски да се стави рака врз пензионерскиот „солидарен фонд“. Наспроти конзервативистичкиот стремеж за пазарни и други слободи, Уставниот суд сведочи за спротивното - за обидите на Владата да ја наруши слобода на пазарот и претприемништвото и да задре во доменот на приватноста и во индивидуалните човекови права. Наместо да се освестат и да почнат да работат согласно Уставот, нашиве „конзервативци“ извршија невиден партиски атак врз Уставниот суд. Знам, ќе забележите, тоа не беше атак од страна на Владата, туку од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Но, зошто многу повеќе информации за работата на Владата може да се најдат на партиската страница на ВМРО-ДПМНЕ, отколку на официјалната страница на Владата? Зошто со недели на прво место упорно стои писмото на МПЦ и на другите верски заедници со барање повторно да се воведе укинатата веронаука?
И покрај полжавското спроведување на ЕУ-реформите, разбивањето на системот на поделбата на власта, дрското газење по демократските традиции и принципи, газењето на основните човекови права, влошувањето на односите со нашите ЕУ-соседи, „конзервативците“ сега сакаат да не' убедат дека тие ми ти биле најголеми Европејци. На колегата (колумнист) Ѓорчев, кој се обидува да ми одржи лекција по „конзервативизам“ и „европеизам“, би му поставил неколку прашања:
Ако ВМРО-ДПМНЕ е навистина конзервативна партија, зошто не се откаже од зборот „револуционерна“ организација во своето име? (Или за нашиве дрвено-железни, ѓоа револуционери-конзервативисти, важи забелешката на Хана Арент: „Добро е познато дека најрадикалните револуционери ќе станат конзервативци првиот ден по револуцијата“.)Ако ВМРО-ДПМНЕ е навистина конзервативна партија, зошто не се откажува од „туторската“ позиција кога е на власт и, како и другите конзервативни партии во ЕУ, не работи на редуцирање на Владата и на јавната администрација? (Или Дизраели беше во право кога тврдеше дека „конзервативната влада е организирана хипокризија“).
Ако „конзервативизмот е врзан за стварноста“ и европските вредности, зошто ВМРО-ДПМНЕ упорно претпочита да води антички и неолитски археолошки кампањи што немаат врска со стварноста? Зошто не води кампањи што ќе ги промовираат темелните принципи на ЕУ-демократијата, владеењето на правото и почитувањето на човековите права - принципи што се загрозени токму од самоволието што катадневно го манифестираат „конзервативците“?
Најпосле, ако „конзервативизмот значи негување на традициите и почитување на идентитетот“, зошто ВМРО-ДПМНЕ ги изневерува државните традиции на АСНОМ, фаворизирајќи нов национален идентитет, сосема туѓ на основачите на македонската антифашистичка држава? Наместо промоција на македонскиот библиски, антички, неолитски и претпотопски идентитет, зошто не се промовира македонски европски идентитет?
Навистина штета што не се меѓу нас Аденауер, Шуман и Де Гаспери. Ѓорчев ќе имаше прилика да ги прошета пред споменикот на Александар и на арената „Филип Втори“ - најпосведочени демохристијани и негувачи на традиционалните семејни вредности. Ех, да можеше да ги однесе и во „европскиот“ музеј на ВМРО-ДПМНЕ! Можам да си ги замислам како се восхитуваат од восочната фигура на Иван (Ванче) Михајлов, додека Ѓорчев им раскажува за демохристијанските подвизи на воениот соработник на Мусолини, Хитлер и СС-овецот Химлер, и личниот пријател на творецот на Јасеновац - Анте Павелиќ. Сигурно ќе беа воодушевени. И Аденауер (кој со години бил прогонуван од нацистите), и Шуман (кој за малку го избегнал Дахау поради отпорот кон нацистите) и Де Гаспери (кој чмаел во затворите на Мусолини поради антифашистичка дејност). Пред восочната фигура на „крволокот Иван Михајлов“ (извадок од манифестот на АСНОМ), основоположниците на ЕУ ќе можеа лично да се уверат како „конзервативизмот на ВМРО-ДПМНЕ се надоврзува на борбата за слобода и за национална самостојност водена од изворната ВМРО“.