Незнаењето е моќ!

12/29/2007

Покрај моите изјави, малку претолкувани, во написот Владата создава кодоши и криминалци?, можат да се прочита и следново:

- Пред десет години во Скопје имаше педесетина тешки зависници, а денес имаме 15.000 зависници. Го сакам Скопје од пред дваесет години, а не денешниот град што личи на Амстердам во кој повеќето млади се повремени корисници на дрога - изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев.

Ех, Ѓорчев, Ѓорчев, кога Скопје би било како Амстердам, тогаш би било пристојно место за живеење и младите не би фаќале џенем при прва прилика.

Најпосле, каде сака да не однесе ВМРО-ДПМНЕ? „100 чекори напред“ или 20 години назад? Во некое „комунистичко“ Скопје каде што секој втор гостин во кафеана беше кодош, или во слободно и гостопримливо Скопје кое ќе биде туристички посетувано како и Амстердам?

Читам и се чудам:

- Разликата меѓу корисниците и дилерите некогаш е тешко да се направи.

Проблемот во предложениот закон е што тоа „некогаш“ се претвора во „секогаш“. Според законската дефиниција на „злоупотреба“ на дрога, секогаш во ист кош ќе се ставаат и дилерите и повремените уживатели.

Еве уште една манипулација на Ѓорчев:

Улогата на полицијата е неопходна во борбата против дрогата и таа понатаму треба да се зголеми.

Никој не го спори тоа дека улогата на полицијата е неопходна, и дека „треба да се зголеми“, меѓутоа не во „борбата против дрогата“ – туку во борбата против недозволеното производство и промет на дрога! Бесмислено е да се бориш против дрогата, особено во ситуација кога донесуваш Закон за контрола на дрогата! Полицијата треба да ги гони тешките криминалци кои произведуваат и пуштаат во промет дрога, а не ситните прекршители да ги претвора во криминалци!

На крај, не знам дали да се смеам или да плачам:

Предлозите на опозицијата и забелешките на лидерите на ЛДП и на СДСМ, Јован Манасиевски и Радмила Шеќеринска, нема да бидат прифатени затоа што водат кон легализација на дрогата – категоричен е Ѓорчев.

Очигледно, идниот правник Ѓорчев не го научиле да прави разлика помеѓу „легализација“ и „декриминализација“ (во случај на „лична употреба“).

„Знаењето е моќ“ – пратенику!

Учи, образувај се!

Право на сексуално задоволство

12/28/2007

„Сексуалното задоволство е задоволство кое што произлегува од кој и да е вид на сексуална активност.“ - Википедија

Имаме ли право на сексуално задоволство? Сексолозите велат дека има: „Сексуалното задоволство, вклучувајќи го самозадоволувањето, е извор на физичка, психичка, интелектуална и духовна благосостојба“ (Декларација на сексуални права на Светското здружение на сексолози).

Но, имаат ли смисла правата ако не се во состојба да исправаат извесни неправди? Кои неправди би ги исправило правото на сексуално задоволство, како дел од корпусот на сексуални права?

Кантовата „слобода“

Доволно е да се вратиме само два века наназад, во времето на великиот мислител Имануел Кант, за да согледаме колку историјата на западниот човек е всушност историја на сексуални неправди - историја на забрани и ускратувања на сексуалните уживања.

Кај Кант, сексуалната активност е допуштена и заточена единствено во хетеросексуалниот, моногамен, доживотен брак. Се друго е забрането. Самозадоволувањето и односите помеѓу лица од ист пол Кант ги става во ист кош со содомијата како злодела против природата. Дури и сексуалната имагинација ја сметал за противприродна. Промискуитетот, проституцијата, конкубинатот и прељубата ги опишал како спротивни на здравиот разум.

Може ли во услови кога се друго е забрането освен здодевниот брачен секс да се зборува за некаква слобода? Кант сметал дека може.

Можете да се чудите колку што сакате, но за философот од Кенинсберг основен предуслов за да бидеш слободно суштество е да не се потчинуваш на сексуалните склоности. Кант дури сметал дека кога некој човек ќе стане роб на сексуалните склоности и уживања, тој морално пропаѓа под нивото на животните, бидејќи тогаш живее во состојба на неред, кој не постои меѓу животните.

Имајќи ги предвид Кантовите сфаќања за сексот и бракот, воопшто не изненадува тоа што до крајот на својот живот Кант ја следел максимата Cogito, ergen sum! Западниот човек, пак, морално „застрани“ во сосем поинаква насока. Основен предуслов за да бидеш слободно суштество денес е да бидеш сексуално слободно суштество, нешто непоимливо за секој доследен кантовец.

Парадоксално, ама ако постои некаква јасна и очевидна вистина денес, тоа би бил „лапсус линг(в)ам“ на прочуената Кантова вистина - „Coito, ergo sum!“

Слоганот на трагачите по сексуални возбуди.

Феминистички согледби

Доволно е да се потсетиме на постојаните научни потраги по „седиштето на задоволството на жената“, за да ја согледаме нееднаквоста на мажите и жените, во поглед на сексуалните уживања.

Како може да се објасни научниот заборав на органот чија единствена функција е да овозможува сексуално уживање? Како да се протолкува историскиот факт дека Западните научници многупати одново го откривале клиторисот од 16-от до 20-от век, давајќи му нови имиња („љубовта на Венера“), иако клиторисот бил анатомски идентификуван уште од страна на Хипократ?

Феминистичката борба против патријархатот е борба против системот на односи и вредности во кој под „сексуални права“ се подразбира единствено правото на сопругот секогаш кога ќе му ќефне сексуално да ја поседува сопругата, како и кој и да е друг објект.

Правото на сексуално задоволство е составен дел од феминистичката агенда не само како потсетник на вековните сексуални неправди, туку и како инструмент кој треба да ги исправи тековните сексуални неправди. Правото на сексуално задоволство сугерира дека слободата од која било форма на сексуално насилство, сексуално вознемирување, или сексуална дискриминација е само неопходен, но не и доволен услов за „физичка, психичка, интелектуална и духовна благосостојба“.

Блогерски машки муабети

Недела попладне. Скопска кафана. Оги Синко, Зомбификација, Хула Хопа.

Жаре Зомби: Постои ли Оги право на сексуално задоволство?

Оги Синко: Постои. Дадено е од Господа, човече. По тоа и се разликуваме од животните. Тоа ти е природно право. Исконско.

Е, сега, зошто тоа право се изгубило у некои лавиринти, јебем ли га?

Ама, ако е изгубено, може и да се најде. И сега се поставува прашање како, и дали некој треба да помогне, човече. Ако постои гуру за се, веројатно постои и за тоа.

Жаре: Де бе Оги, да не имаш намера да основаш некоја невладина за заштита на правото на сексуално задоволство?

Оги: Можеби не невладина организација, Зомбификација мој, туку повеќе клиника. Клиника! Ако можел типот у Јапонија да основа клиника за дефлорација, зошто да не може да се основа и за одвикнување од фригидност.

Жаре: А ти Хула Хопа, што мислиш, има ли такво право?

Хула Хопа: Секое сексуално суштество, што чувствува, тоа треба да прави. Ја верувам у чувствата. И не гледам тука некое право или не право.

Жаре: А што ако некој не се чувствува задоволен во брак или во врска и рече - „Ете, ја имам право на сексуално задоволство, ама ти не можеш да ми го пружиш!“ И врз основа на тоа да побара раскинување на врската.

Хула Хопа: Сум си дошол до таков заклучок дека убиство е ако човек се затвори само со еден партнер. Некому ќе му звучи тоа контроверзно, ама тоа е.

Жаре: Како што гледам, не си ти уопште љубител на рекламата „само еден партнер“.

Хула Хопа: Не сум. Јас секогаш кажувам дека мислата е поопасна од зборот. Двајца кога разговараат на ваква тема, не очекувај некој искрено да ти зборува.

Жаре: А можеш ли да бидеш истовремено ем верен во врска, ем сексуално исполнет? Може ли во бракот да се реализира правото на сексуално задоволство?

Хула Хопа: Ја верувам дека може. Иако не сум бил во брак, па оставам можност дека може и да променам мислење.

Оги: Е, тоа не може. Оти, колку и да си ја сакаш сопругата или девојката, пак ќе ти се сака уште!

Право на шамија?

12/24/2007

Дали ако Мајка Тереза поднесеше барање за македонски пасош ќе мораше да се фотографира без шамија? (Право на шамија?)

Под црвениот чадор: ден против насилството врз сексуалните работнички

12/17/2007


И денеска е ден на човековите права - Меѓународен ден за запирање на насилството против сексуалните работнички/работници.

Интересно, денов ќе биде јавно одбележан и кај нас.

Можете и вие да им се придружите на сексуалните работнички/работници и активистите за човекови права во денешната улична акција. Понесете со себе црвен чадор (ако имате) и дојдете во 11 часот на скопскиот плоштад.

Што бараат сексуалните работнички/работници:

Бараме сите сексуални работници, како и сите останати, да бидат подеднакво заштитени од државата.
Не вртете го погледот: насилството врз сексуалните работници е неприфатливо! (Х.О.П.С)

Поддржете ја онлине петицијата „Права, не насилство!“

Еве и една пригодна песничка за утре:

„You can stand under red umbrella
You can stand under
red umbrella (ella ella ey ey ey)
Under
red umbrella (ella ella ey ey ey)...“

Стара Југославија, Нова Македонија?

12/14/2007

По денешната вест од Брисел дека Груевски бил уценет со името „Нова Македонија“ како услов за покана за прием во НАТО (според изјавата на Санадер на вестите на „Канал5“), потсетувам на некои мои пишувања во врска со „финиот“ предлог на Нимиц - „Нова Македонија“:

„Студентката на школата за новинарство на Универзитетот Колумбија укажува, исто така, дека „Нимиц досега им предложил десетина имиња на двете страни, но ниту едно не било прифатено. Неговиот личен фаворит е предлогот „Нова Македонија“, за што тој вели дека е „едно фино име“.“ (...)

Што да се каже пак за неговиот „личен фаворит“ - „едно фино име“ од еден „фин господин“ кој мудро ги советува фанатиците со зборовите „Уживајте го животот“? Или пак уште еден симптоматичен гест на пристрасност кон Грција, ако се земе предвид дека прифаќањето на предлогот „Нова Македонија“ би значело и признавање дека Грција има политичка моќ да биде непоканет „кум“ на нашата држава и покрај тоа што:

а) нема друга држава во светот (ниту федерална единица) која го носи името Македонија;

б) со нашето уставно име досега не имаат признаено 115 држави (како што потсети Милошоски);

в) Грција нема никакво право на монопол над името „Македонија“, исто како што и „Европската Унија“ нема никакво право на монопол над името „Европа“.

Изразувањето подготвеност за билатерално решавање на „спорот“ да биде проследено со широкоградо прифаќање на „финиот“ предлог од „финиот“ господин Нимиц, но врз основа на „финиот“ принцип на реципроцитет: Ако „Нова Македонија“, тогаш и „Нова Грција“! Ако ние „Новомакедонци“, тогаш и тие „Новогрци“!

Со тоа ќе покажеме дека сме „фини“ кон „финото име“ од „финиот“ господин Нимиц, но ако и само ако и Грците испаднат барем исто толку „фини“ како нас да прифатат да им бидеме и ние кумови ним, а не само тие нам.“ (Во име на Македонија (1): ем „тешкото“, ем „сиртаки“?)

„Република Македонија (Republic of Macedonia) прифаќа промена на уставното име во Република Нова Македонија (Republic of New Macedonia) ако и само ако Република Грција (Hellenic Republic) го промени уставното име во Република Нова Грција (New Hellenic Republic), и Република Бугарија (Republic of Bulgaria) го промени уставното име во Република Нова Бугарија (Republic of New Bulgaria).“ (Нешто сосема ново!)

Во една прилика укажав дека досега името на нашата држава сме го менувале четири пати, па можеме да го смениме и по пети пат (Името не го менуваме?)

Мојот предлог е самите да го направиме тоа (донесувајќи нов европски Устав), за да не дозволиме други да ни бидат „кумови“.

Моите фаворити: Демократска Република Македонија и Европска Република Македонија

Ден на човекови права?

12/10/2007

Зошто сум против ден на човекови права?

Затоа што на тој ден им се пружа прилика да си ја смират совеста оние кои останатите 364 дена во годината не направиле ништо за промоција и заштита на човековите права.

Секој ден од годината е ден на човековите права!

Кампања за „одлив на мозоци“?

Прочитајте што вели Милчо Манчевски:

„Кога бев мал сакав да станам филмски режисер. Арно ама, немав врски за да ме примат на филмската академија кај нас. И тогаш се случи една многу убава работа. Добив стипендија од Универзитетот во Јужен Илиноис. Таа стипендија ја добив затоа што бев одличен ученик, Со сите петки. Првенец на генерација! Таа стипендија ми го промени животот и ми овозможи да станам филмски режисер.

Учете. Вреди!“

Но, што всушност поддржува Милчо? Дали поддржува кампања за образование, или кампања за „одлив на мозоци“?

Еве какви пораки испраќа Милчо:

1) Џабе ти е да си тука првенец на генерација, ако немаш врски!

2) Учењето вреди само ако добиеш странска стипендија!

3) Учете за да можете да си ги остварите желбите на Запад!

Наместо да води кампања за да го спречи „одливот на мозоци“, Владата финансира кампања со која го поттикнува одливот на мозоци и го обезвреднува учењето за оние што сакаат да останат тука.

Токму затоа, го поддржувам предлогот на Слаѓана Тасева:

„Предлагам првиот чекор на Владата кон транспарентното, одговорно и отчетно однесување, но и кон зацврстување на владеењето на правото да биде објавувањето на висината на сите трошоци и имињата на сите извршители кои учествуваат во кампањите.“ (Време, 10.12.2007).

Баш ме интересира, колку пари имаат добиено Милчо Манчевски и Симон Трпчевски за поддржувањето на бесмислената кампања.

Ако ништо друго, за да пресметаме колку стипендии можеа да бидат доделени на ученици со сите петки, за да се спречи нивното заминување од македонската жабокречина.

Наслов на годината!

12/09/2007


Македонските производи не конкуренти на сатанските пазари


Странските пазари - сатански,
домашните - од Господ благословени!

Lapsus Diabolicus!

„Бадијала работи, бадијала не седи!“

12/07/2007

(Сексуална работа: 10 бесмислици)

1. Бесмислено е да се негира дека сексуалната работа е работа!

Посебно во Македонија. Кај нас, наместо зборот „секс“ се користи изразот „онаа работа“. Ако двајца имаат редовно секс се вели дека „се работат“; ако имаат одвреме навреме, тогаш „се подработуваат“; ако имале секс, тогаш „свршиле работа“.

Има ли нешто побесмислено од негирањето на „сексуалната работа“ во една традиционална средина каде што зборовите „секс“ и „работа“ се третираат речиси како синоними?

2. Бесмислено е да се негира дека сексуалната работа е услужна дејност!

Постојат многу услужни дејности и признаени професии кои се насочени кон задоволување на одредени телесни потреби. Многу луѓе одат на масер, на акупунктура, јога, аеробик и на разни третмани за разубавување само заради телесните задоволства што им ги пружаат таквите услуги. Ако нудењето услуги кои пружаат телесни задоволства за пари не е забрането, зошто тогаш би била забранета сексуалната работа?

3. Бесмислено е да се обезвреднува сексуалната работа како професија!

Не случајно еден од синонимите за сексуална работничка е „професионалка“. Не случајно се споменува како една од најстарите професии. Во различни култури, уметноста да се предизвика сексуално задоволство се изучувала во посебни училишта и само оние кои успешно ги совладувале сексуалните знаења и вештини можеле да се занимаваат со сексуална работа.

4. Бесмислено е криминализирањето на сексуалната работа во услови на легална порнографија!

Ако пружате сексуални услуги за пари пред камера - тоа е легална порнографија, ако пак пружате сексуални услуги за пари без да бидете снимани со камера - тоа е илегална „проституција“.

Претставете си продуцентска куќа за снимање „инстант“ порно филмови во која можете да си снимите сопствен порно филм, бирајќи си улога, жанр, сценарио, партнер(к)и... После снимањето на филмот, си ја плаќате единствената копија за која ги поседувате сите авторски и прикажувачки права. Дали станува збор за порнографија или за „проституција“?

5. Бесмислено е да се криминализира сексуалната работа, при толку легални сексуални индустрии!

На секоја трафика, во секоја видеотека, на секоја „кабелска“ мрежа, на интернет, во „секси шоповите“ и во одредени барови и кабареа легално се нудат и купуваат сексуални услуги. Не е ли проблематично тоа што легалната сексуална индустрија ги привилегира егзибиционистите, воајерите, фетишистите и „дркаџиите“, дискриминирајќи ги притоа останатите сексуални различности?

6. Бесмислена е борбата против проституцијата како „општествено зло“ и „социолошко-патолошка појава“!

Ако нема никакво „зло“ во тоа да се бараат и даваат пари за пружена услуга, и ако нема никакво „зло“ во доброволниот секс помеѓу полнолетни индивидуи, зошто тогаш комбинацијата на овие две социјално прифатливи појави би се сметала за „општествено зло“?

Може ли да биде повреден „јавниот“ морал, ако сексуалните услуги за пари не се пружаат на јавно место? Ако е проблемот во пружањето сексуални услуги на јавно место, зошто тогаш не се забрани и секаква продажба на еротски и порнографски содржини на јавни места?

7. Бесмислена е борбата против „ескплоатацијата на проституцијата“!

Зошто експлоатацијата на проституцијата би се издвојувала и забранувала во споредба со сите други видови капиталистичка експлоатација, вклучувајќи ја и сексуалната? Зарем актерките и актерите во тврдите порно филмови не се сексуално експлотирани? Ако добивате фискална сметка за секој купен или изнајмен порно филм, зошто да не добивате фискална сметка и за секоја друга пружена сексуална услуга?

8. Бесмислено е да се поистоветува сексуалната работа со трговијата со луѓе!

Има ли поголема хипокризија од народното верување опеано во стихот „Љубовта со пари не се купува“, имајќи предвид дека голем дел од нашите баби

биле буквално продавани и купувани како невести?

Ако „трговијата со луѓе“ е форма на организиран криминал, а „оддавањето на проституција“ е обичен прекршок против јавниот ред и мир (како и пуштањето прегласна музика или оддавањето на пијанство на јавно место), зошто тогаш државата се бори против обичен прекршок како да е „организиран криминал“?

9. Бесмислено е да се оцрнува илегалната сексуална работа како „легло на заразни болести“!

Токму тоа што сексуалната работа е илегална дејност ги оддалечува сексуалните работнички и работници од здравствените сервиси. Кога сексуалната работа би била легална, би можело да се води многу поорганизирана грижа за сексуалното здравје како на сексуалните работнички и работници, така и на нивните клиенти.

10. Бесмислено е да се омаловажуваат и жигосуваат сексуалните работници и работнички и да се негираат нивните човекови права!

Бесмислено е да се повредува достоинството на било кое човечкко суштество. Особено поради изборот на неговата професија.

Не е фер што владините и невладините организации се толку прекупирани со човековите права на жртвите на трговија со луѓе, занемарувајќи ги човековите права на сексуалните работнички и работници кои секојдневно се кршат од страна на полицијата, институциите, медиумите. Не е фер да се водат кампањи против насилството врз жените, а притоа да се игнорира насилството врз сексуалните работнички како една од најранливите групи жени.

Правата на сексуалните работнички и работници се човекови права!

Православен расизам

Што се човек нема да прочита од нашиве „христијани“:

„Вие не го свртувате погледот од темниот затоа што е темен, туку затоа што во него го препознавате Нечестивиот. Како што се' на светот е поделено на добро и зло, така и ние, се' додека не полетаме кон Царското Небесно, сме поделени на свет(л)и и темни.“ (Не сите може да се воподобат, не сите може да се прифатат!)

Едно нешто ме интересира: Дали „православните христијани“ со вакви расистички ставови би дозволиле абортус во случај кога родителите на детето не се белци?

Дебата за шамиитe: Мајка Тереза без македонски пасош?

12/06/2007

Еве што пренесува BBC: „За професорката по уставно право Рената Десковска, спорна е одредбата со која на припадниците на религиозните организации им се дозволува фотографирање со шамии, додека на останатите граѓани тоа право им се оспорува: -„Не би смеело да се прави разликување меѓу луѓето и вие да имате право да си ја изразите верската припадност во зависност од тоа дали имате некаква хиерархија во религиозните организации. Не може на едни да им го ограничувате тоа право заради тоа што немаат некакова позиција во верската хиерархија, додека на други да им го дозволувате." (Шамиите - верско право или проблем?)

Но, дали воопшто има таква одредба?

Еве што вели оспоруваниот правилник:

„При фотографирањето, лицето не треба да носи покривка на главата (капа, шамија и сл.), освен во одредени случаи, кои се однесуваат на посебни околности утврдени од страна на органот кој го издава пасошот (религиозни, медицински или културни).“

Значи, никаде во правилникот не стои дека само на припадниците на религиозните организации им се дозволува фотографирање со шамии.

Спорно е како „органот“ ќе ги утврдува и толкува религиозните, медицинските и културните околности.

Дали ако мајка Тереза поднесеше барање за македонски пасош ќе мораше да се фотографира без шамија?

(поопширно за дебатата „право на шамија?“ читајте во утрешниот број на „Форум“)

Што мајка бараме во Ирак?

12/05/2007

„мировници“

Нашите пратеници, пред Собранието да донесе одлука за удвојување на македонските војници во Ирак, дадоа неколку симптоматични изјави.

1) Конечно некој да праша „зошто?“, и да каже дека „Слобода за Ирак“ не е НАТО операција и услов за зачленување во НАТО.

Владо Бучковски: „...зошто во моментот кога генерално лидерите на оваа операција, пред се американците и британците носат одлуки за повлекување од Ирак или вториот наш најголем сојузник британците со одлука на Владата веќе го започнаа повлекувањето на зоната околу Басра, Македонија е една од веројаатно ретките, можеби единствена држава која го дуплира своето учество.“

„Оваа операција не е предводена од НАТО, предводена е операцијата ИСАВ во Авганистан и треба да се знае зошто.“

„Веројатно знае македонската јавност дека [Хрватска] нема ниту еден единствен војник во Ирак, но тоа не е причина тие да не бидат веќе сигурни патници за НАТО клубот за самитот во Букурешт.“

„Ние повеќе информации слушнавме од медиумите дека се шпекулира дека оваа нова механизација, пешадискиот вод ќе биде во зелениот појас во Багдар, така ли е, или не, смее ли тоа да се говори или не.“

американкa во „мировна“ акција

2) Конечно некој да признае дека „мировната мисија“ е за смирување на „воените процеси“ и дека „испраќаме војници кои учествуваат во воени зони“ кои можат да бидат третирани како „топовско месо“ и вратени во „метален ковчег“.

Ѓорѓи Оровчанец: Денес имаме итна седница и се согласувам со потпретседателот на Собранието дека тоа не е итна постапка, околу едно и единствено прашање на дневниот ред, а тоа е испраќање на наши војници во мировната мисија во Ирак, како што кажа госпоѓа Лалчевска, со надеж за смирување на воените процеси во оваа земја. Меѓутоа, испраќаме војници да смируваат една земја, а ние овде како пратеници не можеме да ја смириме состојбата во Собранието.“

„Тоа е деликатно прашање затоа што испраќаме наши луѓе, испраќаме војници кои учествуваат во воени зони, во операциите, без разлика во која, зелена зона или друга зона се“.

„Деликатноста и опасноста секогаш постои и секогаш постои, како што се случувало на сите земји, некои од таму не биде вратен нормално, туку биде вратен во метален ковчег.“

македонски војници подготвени за „мировни“ акции

3) Владејачката партија најпосле ни призна дека во Ирак сме заради „поддршка на нашиот стратешки партнер САД“, односно заради ширење на „слободата и демократијата“ и дека нашите војници „се обидуваат да го направат Ирак подобро место за живеење“ борејќи се против „Алкаеда“ (?!).

Александар Николовски, како претставник на ВМРО-ДПМНЕ: „Ирак во моментот е симбол на слободата и уште повеќе, е обид да не ни се повтори 11 септември никаде во Европа, никаде во светот. Ова е обид да не ни се повтори Мадрид, обид да не ни се повтори Лондон, заради тоа што Ирак е превентивна мисија, Ирак е мисија која што носи демократија во срцето на Блискиот Исток. И уште повеќе, овие денови се отвори една дебата околу повлекувањето на нашите војници од Ирак од страна на неколку новинари, неколку здруженија на граѓани, неколку институции кои што тоа го поддржаа, се отвори една дебата дали ние треба да сме таму и што правиме таму.

Ние таму во моментот спроведуваме мировна мисија. Нашите војници таму не се нити агресори, нити окупатори, нашите војници таму се луѓе кои што се обидуваат да го осигураат мирот. Нашите војници се луѓе кои што помеѓу другото таму учествуваат и во медицински мисии, нашите луѓе се луѓе кои што се обидуваат да го направат Ирак подобро место за живеење.“

Зошто треба да останеме во Ирак и зошто треба да го зголемиме бројот на војници во Ирак: „разликата меѓу Виетнам и Ирак е тоа што, ако се повлечеме од Ирак, за разлика од Виетнам, тие мислејќи на Алкаеда ќе дојдат по нас, ќе дојдат по слободата, ќе дојдат по слободниот свет. Затоа сме за нашите војници во Ирак, затоа ги поддржуваме, затоа сме горди што ќе го зголемиме бројот во рамките на можностите на нашата Армија.“

Неколку прашања до Александар Николовски:

1) Како може операцијата да се оправдува за да не ни се случеле „Мадрид и Лондон“ кога „Мадрид и Лондон“ се случија по започнувањето на „Слобода за Ирак“?

2) Праќаме војници во Ирак за да не дојде Алкаеда по нас или за да дојде Алкаеда по нас?

3) Дали откако ќе се вратат од Ирак, нашите војници ќе се обидат да ја направат и Македонија „подобро место на живеење“?

4) Дали окупирањето на туѓа територија, убивањето илјадници недожни цивили на пунктови, бомбардирањето на случајни минувачи со „пријателски оган“, насилното влегување по домови (заради „ефект на изненадување“), произволното апсење, мачење и нечовечко однесување кон „лошите момци“, ограбувањето на природните ресурси и културното богатство, уништувањето на животната средина... се методи за да се направи Ирак „подобро место на живеење“?

5) Дали и фашистичките окупатори се обидуваа да ја направат Македонија „подобро место на живеење“ во Втората светска војна?

Ден на Албанското знаме во Македонија

11/30/2007

На 28 ноември во Македонија неофицијално се одбележуваше денот на знамето и 95-годишнината од независноста на Албанската држава.
Присуствував на прославата пред споменикот на Скендербег во Скопје, „Соединети околу знамето“. Ме интересираше како реагираат луѓето, а сакав да направам и некои фотки.
Вечерта на вестите на „Алсат“ имав прилика да чујам дел од политичките изјави. Ми остави впечаток оцрнувањето на владината ДПА со поговорката „овцата која се одделува од стадото ќе ја изеде волкот“ како и изјавата на градоначалникот на Чаир Изет Меџити: „Веењето на албанското знаме не може да го забрани ниту еден суд бидејќи знамето на нашиот орел не го загрозува веењето на другите знамиња во Македонија, туку напротив, без двоглавиот орел не вреди ниту државното знаме. Додека ќе има Албанци во оваа држава и нашиот орел слободно ќе лета без да стравува од никого.“ (вечерни вести на „Алсат“, 28.11.2007).
Ако знамето на Скендербег „не го загрозува веењето на другите знамиња во Македонија“, тогаш логично се поставува прашањето зошто на прославата не се вееше ниту државното знаме, ниту пак другите знамиња на заедниците?
Ако „без двоглавиот орел не вреди ниту државното знаме“, дали тоа значи дека македонските Албанци ќе почнат да го веат државното знаме на Република Македонија единствено ако на него има двоглав орел?на прославата може да се видат многу деца накитени со знамиња и други симболи

Дневник (29 ноември) извести дека „Македонското државно знаме вчера се вееше во Тетово на прославата на денот на албанското знаме организирана од градските власти“ ... „што досега не беше редовна практика при прославата на државните празници.“
Изјавата на Али Ахмети за „светиот симбол - знамето“ е историска: „Нашето национално знаме има големо значење за нас бидејќи никогаш не ни дозволи да бидеме влекачи. Нашиот симбол лета слободно и затоа е неважечка одлуката на Уставниот суд“ („Албанскиот празник ги ипразни работните места“, Дневник, 29 ноември 2007, стр. 3).

колективен ритуал со знамето проследен со пиротехника

Во написот „Албанците развеаја илјадници знамиња“ („Шпиц“, 29.11.2007 стр. 5), може да се прочита следната изјава на организаторите на манифестацијата „Обединети околу знамето“: „Годинешната прослава на Денот на знамето има посебно значење за Албанците, затоа што уставниот суд забрани албанското знаме да се вее на државни институции на централно и на локално ниво“.
Очигледно, организаторите ја искривоколчуваат одлуката на Уставниот суд, која не забранува веење на локално ниво на знамињата на заедниците во рамките на локалната самоуправа и нејзините органи.
BBC забележува: „Скопскиот весник Љајм, кој се печати на албански јазик, вообичаено се издава во две илјади примерока. Но, вчера во продажба беа пуштени дваесет илјади копии – во секоја од нив имаше и подарок - мало хартиено албанско знаме.“ (Одбележан Денот на албанското знаме).

Нетпрес поентира: „ Денот на албанското знаме не е државен празник ниту празник на етничките заедници во земјава, но пратениците Албанци најавија дека за нив овој ден ќе биде неработен, бидејќи сакаат да прославуваат.“ (ДПА и ДУИ паралелно го слават Денот на знамето)
булеварот беше накитен само со знамето на Скендербег

Во написот „Државни пари за недржавен празник“ („Време“, 29.11.2007, стр. 4) е парафразирана изјавата на Бесим Догани (ДПА) кој се пофалил дека денот на албанското знаме го финансирало Министерството за култура, без да каже колку пари се потрошиле за таа намена. Пренесена е и изјавата на Владата дека “вчера не се славел 28 ноември, туку завршната манифестација на деновите на албанската култура“.
Вечерта поминав во домот на АРМ каде што требаше да има концерт во рамките на „Денови на Албанската Култура“. Од програмата може да се види дека организатор е MINISTRIA E KULTURES/МИНИСТЕРСТВО ЗА КУЛТУРА/MINISTRY OF CULTURE, без воопшто да се спомне Република Македонија. Текстот на македонски има многу јазични грешки, од кои најскандалозна е „Оркестра на филхармониа на Македониа“ кој изведува дело од „W.A. Мозарт“!!!
Вечерта на „Алсат“ имаше дебата со албански историчари, во која може да се чујат мошне интересни тези зошто се прославува Денот на знамето. Поради должината, транскрибирав само дел од нив (види коментар 1).
(Не)официјалната прослава на 28 ноември оваа година се совпадна со пропаѓањето на преговорите за Косово, вест која предизвикува нова неизвесност околу стабилноста и иднината на регионов.
Прославата на 28 ноември индицира дека вооружениот конфликт во Македонија кој се перципираше како „етнички“ е транформиран на друго, симболичко и партиско ниво. Слично како што етничките Македонци беа партиски поделени околу прославата на државниот празник „Илинден“, така се поделија и двете главни партии на етничките Албанци од Македонија. Со таа разлика што етничките Македонци на Мечкин Камен и на Пелинце вееја различни знамиња, а етничките Албанци вееја исто знаме.

Етничко македонско знаме?

11/28/2007

„Све је исто ко и лани...?“
Во ланскиот пост Албанско знаме, Iacovibus поентираше:

„И не случајно, кога еден другар, Албанец (кој денес го славеше денот на неговото знаме) ме праша: „Кога е Денот на македонското знаме?“ јас останав без одговор. Сакав да прашам кое знаме. Ѕвездата, Лавот, или Пропелерот?
Ма, не е важно...“

Важно е, или не е важно, прашање е сега!?!

За „Македонската студентска унија“ прашањето е поважно од бедниот студентски стандард. Со нивниот проект „Зајакнување на македонската национална свест, тие ќе доделуваат „бесплатно знаме за секој студент со индекс“, кој ќе се појави на 1 декември 2007 година во 12 часот во Студентскиот дом „Кузман Јосифовски - Питу“.

„Разбуди се“ - со кое знаме?
Но, кое знаме ќе се дели - прашање е сега?

На нивниот плакат се прикажани три знамиња: црвено знаме со сонцето од Кутлеш (најгоре), црвено знаме со жолт лав со круна и две опашки (во средина) и државното знаме (најдолу).

Текстот на плакатот отвора неколку дилеми:

Како да се интерпретира изразот „Македонска национална свест“ - во етничка или во граѓанска смисла?

На кој „народ“ се мисли во песната „Народе македонски...“ - на етносот, или на демосот?

Што бара ликот на Александар Велики?

Ако претпоставиме дека „Македонската студентска унија“ сака да ја зајакне „националната свест“ на сите студенти независно од нивната етничка припадност, тогаш зошто на плакатот не стои само државното знаме на Република Македонија?

Ако претпоставиме дека „Македонската студентска унија“ сака да ја зајакне етно-националната свест на студентите со македонска етничка припадност, тогаш логично се поставува прашањето кое е етничкото македонско знаме?

Еве што вика „тетка вики“:

„Етничкото македонско знаме кое се користи од Македонците во Македонија и насекаде низ светот е приказ на 16 зрачното сонце од Кутлеш на црвена основа.“ (Етничко македонско знаме)“

Да се потсетиме, тоа знаме беше државно знаме до 1995 година.

Дали сите етнички Македонци го прифаќаат ова знаме како свое етничко знаме?

Еве, јас не го прифаќам тоа знаме како мое етничко знаме. Познавам многу други Македонци кои не го прифаќаат ова знаме како етничко македонско знаме. Познавам и етнички Македонци кои не би се определиле за ниту едно од понудените три знамиња. За некои, етничкото македонско знаме е црвено-црно, за некои, знамето што се веело на Крушевската Република. И меѓу оние кои се определуваат за знаме со лав, постојат разијдувања во однос на положбата и изгледот на лавот.

Не го прифаќам како мое етничко знаме ниту државното знаме на Република Македонија. Тоа е државно знаме, знаме на сите граѓани независно од нивната етничка припадност.

И, како сега да се реши постојниот парадокс - сите етнички заедници можат да си вејат свои знамиња, освен македонската етничка заедница?

Уставни дилеми и небулози
Според Уставот, „Припадниците на заедниците имаат право слободно да го изразуваат, негуваат и развиваат својот идентитет и особеностите на своите заедници и да ги употребуваат симболите на својата заедница“. (чл. 48).

Дали тоа значи дека како припадник на македонската заедница, имам право слободно да ги употребувам симболите на својата заедница?

Интерпретацијата на Уставниот суд е дека „припадниците на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија имаат уставно утврдено право заради изразување, негување и развој на својот идентитет и особеностите на своите заедници да ги употребуваат симболите на својата заедница.“

Меѓутоа, во уставот не пишува „припадниците на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија“, туку само „припадниците на заедниците“!!!

Впрочем, еве што вели Уставниот суд во истата одлука:

„Тргнувајќи повторно од содржината на Амандманот VIII на Уставот, произлегува дека во него не се предвидува право на употреба на симболи на припадниците на заедниците според нивната процентуална застапеност на ниво на единицата на локална самоуправа, туку такво право е дадено на сите припадници на заедниците без оглед на нивната процентуална застапеност.“

Дали и јас како етнички Македонец, независно колку етничките Македонци се процентуално застапени на општинско ниво, можам да се повикам на правото на употреба на етнички симболи?

Иако Уставниот суд ги признава „правата на сите припадници на заедниците да ги употребуваат симболите на својата заедница со цел изразување, негување и развој на својот идентитет“, во истата одлука на едно место судот ги поистоветува „припадниците на заедниците“ со „националните малцинства“:

„Судот имаше предвид дека почитувањето на општоприфатените норми на меѓународното право е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, од каде произлегува и правото на националните малцинства, односно кај нас припадниците на заедниците слободно да го изразуваат, негуваат и развиваат својот идентитет и особености.“

Во истата одлука, Судот ги противставува „припадниците на заедниците во Република Македонија“ со „припадниците на мнозинството“ при што се добива впечаток дека „припадници на заедници“ се само „припадници на малцинствата“:

„...неспорно е дека припадниците на заедниците во Република Македонија можат да го уживаат уставно утврденото право, на начин што ќе овозможи почитување на националното законодавство и правата на другите, посебно правата на припадниците на мнозинството...“

Што значи „заедница“?
Но, во нашиот Устав изразите „заедници“ и „припадници на заедници“ не се користат исклучиво во смисла на „малцинства“ и „припадници на малцинства“: „Соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници...“; „Републиката гарантира заштита, унапредување и збогатување на историското и уметничкото богатство на Македонија и на сите заедници во Македонија...“

Ако терминот „заедници“ би се користел исклучиво во смисла на „малцинства“, тогаш би бил плеоназам изразот „заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија“.

Ако терминот „заедници“ би се користел исклучиво во смисла на „малцинства“, тогаш што бараат седум етнички Македонци во „Комитетот за односи меѓу заедниците“?

Зошто не се вее знамето на македонската етничка заедница?
За да се даде одговор на ова прашање, се чини, треба прво да се одговори на прашањето: Кое е знамето на македонската етничка заедница?

Кој одредува кое ќе биде знамето на одредена етничка заедница?

Што ако дел од припадниците на етничката заедница претпочитаат едно знаме, а други делови други знамиња?

Идејата на оваа колумна беше да покаже дека воспоставената тиранија на етничкиот идентитет доведува до бројни парадокси и поделби.

Измисливме со закон етнички знамиња и онаму каде што претходно ги немаше.

Логиката на етничката симболичка диференцијација налага и етничките Македонци да изберат знаме на својата заедница кое ќе се разликува од државното.

И тоа не само знаме, туку и други етнички симболи.

Што ќе се случи ако мнозинството етнички Македонци го изберат како свое црвеното знаме со сонцето од Кутлеш?

За инат на комшиите, се е можно?

Македонски “еротски” приказни

11/26/2007

Ако сте заинтересирани за “сексуалниот живот на Македонците”, тогаш тешко би можеле да останете рамнодушни на два неодамнешни настана од кои секој заслужува засебен осврт.

Првиот настан е објавувањето на МИ-АН-овата антологија на македонскиот еротски фолклор - Голиот на гости, која без влакна на јазикот беспоговорно докажува дека македонското сексуално битие не е “тиква без корен”.

Вториот настан е премиерата на Сенки, третиот филм на Милчо Манчевски, кој со неколкуте сексклузивни и сексцентрични сцени го збогати со сосема нови значења брендот “македонски секс”, како на визуелен, така и на наративен план. (повеќе)

Вести од блиската иднина: Неколку стотици блогери приведени поради кршење на законот!

11/22/2007


Неколку стотици блогери кои вечерва ќе ја поминат во полициските станици, се само дел од големата криминална блогерска мрежа. Полициската акција наречена „Електронско око“ трае уште од април годинава.

Сите уапсени блогери биле тајно снимани како во континуитет не се служат со личните имиња што им се запишани во матичната книга на родените.

Според најавите од полицијата, акцијата ќе продолжи и во следните денови, а бројот на уапсени треба да се движи околу 1000.

Од МВР за денеска рекоа нема да коментираат се додека не заврши целата акција, односно се додека не се уапсат сите осомничени за кои веќе се обезбедени докази.

Неколку стотици приведени утре ќе се појават пред комисијата на Министерството за внатрешни работи која треба да им изрече глоба во износ од 50 до 150 евра.

„Располагаме со сознанија за инволвираност и на други блогери во овој тип на криминал. Од наша страна ќе побараме УЈП да го испита и потеклото на имотот на сите лица кои се осомничени во акцијата „Електронско око“, изјави министерката за внатрешни работи.

Законот е јасен, ни потврдија правните експерти: „Глоба во износ од 50 до 150 евра во денарска противредност ќе му се изрече за прекршок на лице кое не се служи со личното име што му е запишано во матичната книга на родените.“ (чл. 8 од Законот за личното име, Службен Весник на Република Македонија, 31 мај 2007).

Изгубени илузии

11/20/2007

Кратко траеја илузиите дека извештајот на ЕУ „не е толку поразителен“:

„Ова беше изгубена година во однос на реформите од европската агенда“, рече Фуере. (Изгубена година за реформи).

Кратко траеја и илузиите дека полициската акција во Бродец е „100% успешна“:

„Според народниот правобранител, од досегашните добиени сознанија е утврдено дека лекарите од Клиничкиот центар во Скопје констатирале дека сите 13 приведени лица имаат телесни повреди. До истите констатации дошле и затворските лекари при прегледот на приемните лица.
„Во разговор со приведените лица, можевме визуелно да заклучиме дека тие лица имаат повреди, за кои се изјаснија дека ги добиле на патот од село Бродец до приемот во затворската установа“, вели Мемети.“ (Утрински весник)

Покрај индициите за тортура и нечовечки третман кон приведените лица, можат да се наведат уште неколку индикатори кои ја побиваат пласираната теза дека „Планинска бура“ била 100% успешна акција:

1) Може ли акцијата да се прогласи за 100% успешна кога и МВР зборува за „дел од лицата по кои се уште се трага“, во кои спаѓа и предводникот Лирим Јакупи?

2) Може ли да се прогласи акцијата за 100% успешна ако сеуште немаме резултати од истрагата за акцијата во која под нерасчистени околности загинаа неколку лица? (Amnesty Internacional веќе изрази сомнеж за непропорционална употреба на сила, за загрозување на животите на цивилите, и предупреди да биде спречена тортура и нечовечки третман кон уапсените лица).

3) Може ли да се прогласи акцијата за 100% успешна ако ден потоа „Странски новинарски екипи кои сакаа да отидат во овие две села беа одвратени од намерата“ поради вооружени групи „раздвижени низ шарпланинските села Бозовце и Вешала“ (На повидок нова планинска бура?)

И, на крај, какви се тие лажни дилеми дали припадниците на групата од Бродец се „криминалци“ или „терористи“:

„- Фактот што тие ја нападнаа полицијата во моментот кога се обиде да ги приведе и пружија отпор зборува дека извршија кривични дела кои можат да се оквалификуваат многу потешко. Ние денеска го доставивме посебниот извештај па останува на Обвинителството конечно да ги формулира и процесуира пријавите, но, според она што се случи таму, има простор за многу потешка квалификација од криминални групи, рече Јанкулоска.“ (Презентирано запленетото оружје од акцијата во Бродец ...)

Зарем сторителите на кривично дело „терористичка организација“ не се криминалци? Дури и да се докаже на суд дека групата на Јакупи била „терористичка организација“ од тоа воопшто не следува дека не станува збор за криминална група! Токму спротивното!

На крај, уште една контрадикција на МВР:

„Одговорајќи на новинарско прашање за потврдата на идентитетот на шестмината загинати од групата, министерката Јанкулоска рече дека конечната потврда за имињата на загинатите ќе следи по завршувањето на обдукцијата од страна на Институтот за судска медицина кој, како што кажа, единствено може да го потврди идентитетот на загинатите.“ (Презентирано запленетото оружје од акцијата во Бродец ...)

Ако единствено Институтот за судска медицина може да го потврди идентитетот на загинатите, зошто тогаш ден претходно МВР триумфално ги соопшти нивните имиња? (Потврдено загинувањето на Шити).

„Планинска бура“ - класичен спин!

11/07/2007

И малите деца знаат дека акцијата на МВР против т.н. „криминално екстремистичка група“ е класичен спин кој треба да го сврти вниманието на јавноста од главниот настан на денот: презентирањето на лошиот извештај на ЕУ од страна на Фуере во Собранието.

И малите деца знаат дека не може да стане збор за акција „изведена со врвен професионализам“ ако притоа се изгубени повеќе човечки животи.

И малите деца знаат дека не може да стане збор за професионално информирање од страна на МВР ако прво се пуштаат информации дека загинале 8 лица (според портпаролот), веднаш потоа 4 лица, додека во официјалното соопштение на МВР воопшто нема никаква информација колку лица се загинати.

Во соопштението се информира дека „Во акцијата ПЛАНИНСКА БУРА приведени се 6 лица“ без да се наведе заради кои кривични дела се приведени лицата. Во соопштението ниту се потврдуваат, ниту се демантираат информациите за 30-мина уапсени лица во Скопје, според ДУИ, поранешни припадници на ОНА.

Допрва ќе гледаме сеир за „професионалноста“ на МВР.

Сексуално образование

Колумната Сексуално образование во „Форум плус“.

„Демократска Република Македонија“?

11/05/2007

Многу пати досега сум пишувал за „спорот“ во врска со името. Еве еден избор:

„На 8 април ќе се навршат 14 години откако нашата држава беше примена во ОН, со следниов документ на Генералното собрание. Во документот се наведува дека за сите цели во ОН на нашата држава провизорно ќе се реферира како на "the former Yugoslav Republic of Macedonia" - „во очекување на решавање на разликата [спорот] што произлезе во однос на името на државата".“ (FYROM-изацијата продолжува!)

„...можен ли е воопшто компромис за „спорот околу името“ кој не е истовремено и наша компромитација?“ (Во име на Македонија: компромис или компромитација?)

„Врз основа на што е изведен заклучокот дека продолжувањето на разговорите е согласно нашите „национални и државни интереси“?“ (Во име на Македонија: „национални и државни интереси“)

„Ако ние инсистираме на „Република Македонија“, а Грците ни предложат „Македонска Република“, дали тогаш можеме да постигнеме компромис - „Македонска Република Македонија“?“ (Во име на Македонија - Македонска Република Македонија?)

„Што е финтата, Б.Ц. не знае дека „акронимот“ FYROM/БЈРМ е грчко масло, а дека во ОН сме примени како „the former Yugoslav Republic of Macedonia“?“ (Зарем и Б.Ц. (бившиот црвен) за FYROM?)

„Велиш: "Времето е на наша страна, под услов да не попуштаме." - Мислам дека е ова една голема заблуда, која веќе 14 години предизвикува меѓународна и домашна „ФИРОМ-изација“ на Македонија, која ја продлабочува кризата на нашиот национален/државен идентитет (прашање е дали и воопшто го имаме).“ (GoodBytes vs. Jasnesumjas: за името и Македонија)

„Грција нема никакво право на монопол над името „Македонија“, исто како што и „Европската Унија“ нема никакво право на монопол над името „Европа“.“ (...) Изразувањето подготвеност за билатерално решавање на „спорот“ да биде проследено со широкоградо прифаќање на „финиот“ предлог од „финиот“ господин Нимиц, но врз основа на „финиот“ принцип на реципроцитет: Ако „Нова Македонија“, тогаш и „Нова Грција“! Ако ние „Новомакедонци“, тогаш и тие „Новогрци“! (...) Ако првиот предлог не биде прифатен, тогаш протестно напуштање на т.н. „спор“ поради ригидност на другата страна и поради очебијни симптоми на пристрасност кај „олеснувачите“ (...) „...основните човекови права, како што се правото на државјанство, и правото на идентитет на личноста, засегнати со т.н. „спор“, не можат да бидат предмет на преговарање и компромис, туку може да бидат само предмет на признавање, почитување и заштитување.“ (...) „Протестното напуштање на т.н. „спор“ да биде проследено со уставни измени во кои „Република Македонија“ ќе добие уште една додавка – како „Европска Република Македонија“, „Југоисточно-Европска Република Македонија“, или „Вардарска Република Македонија“ (додавката би се однесувала на „Република“, а не на „Македонија“, па не би имала никаков ефект врз државјанството и идентитетот).“ (Во име на Македонија (1): ем „тешкото“, ем „сиртаки“?)

„Досега името на нашата држава сме го менувале неколку пати
1. Од „Демократска Федерална Македонија“ во „Народна Република Македонија“ - 1946.
2. Од „Народна Република Македонија“ во „Социјалистичка Република Македонија“ - 1963.
3. Од „Социјалистичка Република Македонија“ во „Република Македонија“ - 1991.
4. Наместо „Republic of Macedonia“ нашите политичари дозволија да бидеме примени во ООН како "the former Yugoslav Republic of Macedonia" - 1993.“ (Името не го менуваме?)

„Што мислите за идејата сами да си го смениме името во Европска Република Македонија? Така националноста на новите државјани би можела да стане Европски Македонци (скратено – Евро-Македонци), а нивната етничка припадност би си останала како и до сега - Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци итн.“ (Пак за името: Европска Република Македонија?)

„Република Македонија (Republic of Macedonia) прифаќа промена на уставното име во Република Нова Македонија (Republic of New Macedonia) ако и само ако Република Грција (Hellenic Republic) го промени уставното име во Република Нова Грција (New Hellenic Republic), и Република Бугарија (Republic of Bulgaria) го промени уставното име во Република Нова Бугарија (Republic of New Bulgaria).“ (Нешто сосема ново!)

„Не ми е само јасно како медиумите подлегнуваат на олку проѕирни лаги, дозволувајќи на нивните страници да се печати грчка пропаганда - дека не признале како ФИРОМ, а не како “The former Yugoslav Republic of Macedonia”.“ (Профилот на ФИРОМ-џијата)

„И тезата на Милошоски за „привремено име“, и фуснотата каде што наводно сме примени во ОН со „привремено име“ се погрешни! Имајќи го предвид досега кажаното, мошне логично е да се постави прашањето зошто нашите политички претставници (Глигоров, Црвенковски, Милошоски) упорно го користат изразот „привремено име“, кој не одговара на нашите интереси во парадоксалниот „спор“? Дотолку ли не можат, не знаат, или пак не сакаат да прават разлика помеѓу „име“ и „референца“?“ („Привремено име“ за привремена држава?)

„...авторот на писмото зборува за „меѓународно име на РМ“, користејќи неофицијална кратенка која како и кратенката „FYROM“ воопшто не се сретнува во никаква меѓународна комуникација. (...) зошто луѓето не сфаќаат дека акронимот „FYROM“ е грчка итрина за да се покрие употребата на „Македонија“, исто како во кратенката РМ?“ (Референци и акроними)

„Кој е крив сега - Советот на Европа што ја именува државава со дескрипцијата под која е примена, или пак МИА која употребува акроним кој е чисто грчка измислица? Берете памет луѓе, оти како што тргнала работава, сами ќе си се прекрстиме во FYROM.“ (Сами си се „Фиром-изираме")

„Во текстот пишува - „Поранешна Југословенска Република Македонија“, за разлика од насловот - ФИРОМ за НАТО! Од каде испадна „ФИРОМ“? Толку ли станаа неписмени новинарите и колумнистите, или пак треба да бараме друга причина за здружената анти-кампања на ФИРОМ-џиите? Или пак, можеби, дури сега ги чувствуваме последиците од лошата кампања „Don't you F.Y.R.O.M me“, каде што на пропагандните картички F.Y.R.O.M го пишуваше со големи читливи букви, а „SAY Macedonia“ со мали, сосем нечитливи букви?“ (Де-македонизација)

Во моментов, мислам дека е најдобро да ги прекинеме сите преговори околу Уставното име, и уште еднаш, за последен пат, самите да си го промениме името на државата. Мојот предлог е „Демократска Република Македонија“ (резерва - „Европска Република Македонија“).

Ем ќе ги заебеме Грците, ем промената на Уставот може да се искористи за вистинско демократизирање на Македонија каде што сеуште „народот“ се поима исклучиво како „етнос“.

Предозираност од осуди и оружје!

11/03/2007

Дел од пораките во „Жена парк“ во рамките на кампањата „Предозираност од осуди“.
Фотка од трибината „Зависност од дроги: „Сузбивање“ или лекување?“ што се одржа синоќа во „Точка“ (учесници: Александар Станковски, Фемгерила, Шепард, Никола Гелевски, Зомбификација и публиката)

Секс, дроги и видео ленти

10/30/2007

За повеќе види на Предозираност од осуди!

Ако имате некоја ваша омилена сцена, бујрум, ќе ја разгледаме!

Не се дружам со Шепард!

10/28/2007

Вчера ја предаде револуционерната кауза со т.н. Компромисно решение.

А денеска го покажа своето вистинско лице!

Носи маица со Александар Македонски, човекот кој според Метју Нимиц, е одговорен за животите на илјадници луѓе и кој уништил многу градови.

Не би се изненадил ако утре облече маица со Радован Караџиќ или Ратко Младиќ.

(инспириран од вестите на „Сител“)

Мршојадецот Латас

10/25/2007


Кога е општо познато дека Латас е во отворена војна со МАССО, ваквата злоупотреба на смртта на Тоше е - најблаго речено - скандалозна!
И едно прашање до „НЛБ - Тутунска банка“ и „Alpha Bank“: до кога ќе спонзорираат вакви дискриминирачки пораки?

Голо тело

Последната колумна во „Форум“.

Глупост на неделата

10/23/2007

Веќе не се трпи. Морав да воведам нова рубрика:

„- Некој ќе каже дека Владата и порано била отворена за граѓаните, но јас ќе кажам дека во историјата знаеме дека еден од најдемократските устави во светот бил уставот на Сталин, а демократската практика во тој период била таква каква што ја знаеме. Затоа е нужно Владата да ја отовори вратата за граѓаните, додаде тој.“ (Боцевски: Манифестацијата „Отворена влада“- сигнал за вистинската демократска слобода на граѓаните ...)

Како може Уставот кој прокламира дека е постигната „диктатура на пролетеријатот“ (чл. 2) да се смета за „еден од најдемократските устави во светот“?

Од кога прокламирањето диктатура се смета за нешто „најдемократско“?

P.S.

На најголемиот „реформист“ Груевски, му го честитам денот на револуционерната борба со омилениот стих на неговиот ментор Љубчо Георгиевски: „...делете ја, парчете ја, пак ќе има само една Македонија“.

Газда Трифун - домаќинот!

10/20/2007


Едно нешто ме интересира.
Да беше мостов лично негов, дали за него вака ќе се грижеше?

Кој е македонскиот Че Гевара?

10/19/2007

За жал, после обидот за „демистифицирање на личноста на Че како револуционер и убиец“ (Настан по повод 40 години од смртта на Че Гевара), не уследија и слични обиди за демистифицирање на локалните херои.

Иначе, чуму би не засегал нас ликот на Че Гевара?

Навистина, кој е македонскиот Че – Гоце Делчев, Питу Гули, Јане Сандански...?

Или некој комунист – можеби Кузман Јосифовски – Питу, „вториот Гоце Делчев“?

Што би се случило ако би се сретнале Ченто и Че?

Дали Че би праел муабет со Ченто?

Или пак Ченто воопшто не би ни доживеал монтиран судски процес, туку веднаш би бил стрелан од Че како непоправлив демократ и предавник?

Македонски икони

10/18/2007


Фотографијава е снимена во август годинава - дел од соба во едно од најзабитите села во Македонија.

Сексот и бракот

10/12/2007

„Сексот започнува после бракот“ - ќе ви потврдат сексуалните конзервативци кои сеуште веруваат дека предбрачниот секс е смртен грев.

„Сексот после бракот прекинува“ - ќе ве убедуваат некои сексуални либерали носталгично потсетувајќи се на прекрасните предбрачни сексуални искуства.

Еволуцијата на односот помеѓу сексот и бракот во развиените општества сведочи за еден необичен парадокс. Пред само неколку века, идејата за секс вон бракот беше речиси незамислива за „моралното“ мнозинство. Денес, пак, идејата за секс во бракот станува се понезамислива за се поголем број сексуално слободни луѓе.

„Никаков секс пред бракот“?

Дали ви е познато дека не само во исламските земји, туку и во САД - земја препознатлива по статуата на слободата - сеуште постојат држави во кои е казнив „(вагиналниот) сексуален однос помеѓу две лица од спротивен пол кои не се во брак“?

Обесхрабрувањето на предбрачниот секс е во основа и на Бушовите програми за „сексуално образование“ кои промовираат само-апстиненција-пред-бракот, наспроти либералните Американци кои ја промовираат сексуалната слобода како човеково право.

Во една популарна интернет-пародија на „сексуалните“ програми спонзорирани од Бушовата администрација машките ученици носат маици со слоганот „Сексот е за педери!“ Учениците се мотивираат со следниве бушовски „аргументи“: „само главните лузери имаат секс - секој знае дека е само за педери“; „не фаќај вагини, затоа што се тотално геј“.

Никаков секс после бракот?

Наспроти сексуалните конзервативци, многу сексуални „мачо“ либерали предупредуваат дека „сексот после бракот прекинува“. Еве неколку приказни од брачните „паталци“ кои ги споделуват сопствените трагични искуства на сајтот „www.No.Мarriаge.com“:

„- Мојата сопруга чита во кујната се додека не заспијам за да избегне секс со мене или, ако не сум уморен, чека да започнам со туширањето за да се фрли во кревет веднаш заспивајќи.“

„- Мојата сопруга го достигна нивото да го користи сексот само за да добие нешто, а во моментов изгледа дека не и е потребно ништо.“

„- Сакаш секс? Оди еби се самиот! Јас сум премногу уморна од премногу грижа за твоите деца, од чистење, готвење и миење на твоите садови откако ќе се испрдиш после ручек заминувајќи на пиво со твоите другари.“

За епидемијата на бракови без секс сведочи и авторката на текстот „Должноста на сопругата“ со мошне експлицитна порака: „Бракот порано обезбедуваше пристап до секс. Сега обезбедува пристап до целибат.“

Бракот и сексуалните права

Колумната е премногу кратка форма за наведување на класичните варијации на традиционалниот аргумент за „бракот како легализирана проституција“. Овде само ќе потсетиме дека во нашите патријархални средини сеуште е зачувана идејата за „бракот како легализирана трговија со жени“. Потпрашувајќи неодамна во некои заборавени македонски села за разликата помеѓу „грабани невести“ и „бегалки“, една постара бабичка ми раскажа како меѓусебно се оговарале нејзините сосетки: „Лазејца не вреди ништо, земена е без пари. Трпана е земена за шест франги, а за мене дале дури седум!“

Иако правото на слободен избор на брачен партнер спаѓа во корпусот на сексуалните права, противниците на бракот забележуваат дека ова право го доведува под прашање остварувањето на повеќето други сексуални права.

Бездруго, брачната заповед „Не прави прељуба!“ го минимизира правото на сексуална слобода кое е ограничено единствено со согласноста на сексуалниот партнер - на било кој партнер, не само брачниот! Бракот е погубен и за правото на сексуална автономија - правото на избор со кого, како, кога и колку често да се има сексуални односи. Традиционалниот хетеросексуален брак го загрозува и правото на сексуална еднаквост - оневозможувајќи им и на лицата од ист пол да ја искусат „брачната постела“ како легло на сексуалната досада.

Исто така, противниците на бракот се убедени дека во брак е речиси невозможно остварување на правото на сексуална приватност. И правото на слободно сексуално здружување е сериозно загрозено во општества каде што разведувањето на браковите е отежнато од религиозни, морални, и правни причини.

Сепак, најсериозни се забелешките во однос на правото на изразување на љубовта и правото на сексуално задоволство (станува збор за две засебни сексуални права). Љубителите на романот „Љубовта трае три години“ забележуваат дека институцијата брак се темели на погрешна претпоставка - дека оние што се земаат „вечно ќе се љубат“. Слични временски аргументи даваат и оние кои наместо романтичниот збор „љубов“ претпочитаат да зборуваат за „сексуална хемија“.

Оттаму, наизглед шокантниот предлог на лидерката на германската конзервативна христијанска партија Габриеле Паули - бракот да трае седум години - на брачните скептици им изгледа премногу оптимистички. Седум години се сосема доволно време не само за љубов, туку и за прељуба.

Бракот како афродизијак?

Радикалните аргументи на противниците на бракот, дека оваа институција е смрт за сексуалното задоволство и за сексуалната жед, се побиени од следниве огласи што можат да се прочитаат во нашите огласници: „Брачен пар бара брачни парови за размена на искуства“; „Би сакала да го изневерам сопругот со некој кој е спремен да ја изневери сопругата“; „Сакам да ја гледам сопругата како води љубов со друг... Ако не ти пречи мое присуство, те очекуваме...“.

Брачните граници постојат - само за да се пречекоруваат?

Огласите ги разбиваат и сомнежите на сексуалните скептици околу можноста за остварување на сексуалните желби во бракот.

Секако, нема да можете да ги остварите сите свои сексуални желби во брак.

Сепак, некои сексуални желби можат да се остварат исклучиво ако сте во брак.

Мојот список со блогови

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Архива на блогот

Footer Widget 1

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Loading...

Footer Widget 2

Популарни објави

Популарни објави

Popular Posts this month

Popular Posts this week