GoodBytes vs. Jasnesumjas: за името и Македонија

5/04/2007

Прво, одличниот коментар на GoodBytes, на постот Во име на Македонија (1): ем „тешкото“, ем „сиртаки“?:

„1. Не гледам потреба зошто би го менувале нашето име со цел на било кого да му покажеме дали сме националисти или не. Нашите атрибути се покажуваат на други начини.
2. Велиш „ќе ни наметнат“ име. Баш ме интересира кој тоа ќе ни наметне име и ќе ни каже што сме ние. Повеќето од големите сили веќе го кажаа својот став во наша корист.
Грција ги истроши сите аргументи. Да имаше барем еден валиден, со силата на својата дипломатија одамна ќе имаше „победено“. Времето е на наша страна, под услов да не попуштаме. Тоа што за Грците е дневно-политичка агенда, за нас е работа на национален идентитет. За Грците се работи за гласови за добивање избори, за Македонците се работи за крв која нашите дедовци ја лееле за ова име кое денес го носиме.
Мене не ми треба да влезам во НАТО, ЕУ или било каде како Новомакедонец или Евромакедонец.“

Мојот одговор:

Велиш: "Времето е на наша страна, под услов да не попуштаме."
Мислам дека е ова една голема заблуда, која веќе 14 години предизвикува меѓународна и домашна „ФИРОМ-изација“ на Македонија, која ја продлабочува кризата на нашиот национален/државен идентитет (прашање е дали и воопшто го имаме).
Потенцираш: „Мене не ми треба да влезам во НАТО, ЕУ или било каде како Новомакедонец или Евромакедонец.“
Претпоставувам, сакаш да влезеш токму како Македонец.

Меѓутоа, следното прашање што се поставува е: како „Македонец“ во етничка смисла, или како „Македонец“ во смисла на националност/државјанство?
Мислам дека НАТО и ЕУ многу помалку ги интересира „Македонец“ во етничка смисла, отколку во смисла на националност/државјанство.

Сите државјани на Македонија за нив би требало да се со некаква националност, независна од етничкото потекло. А не се. И наш проблем е што немаме такво нешто како националност (независно од етничкото потекло), а не само нивен.
Не мислиш дека еден од главните проблеми на Македонија е токму тоа што нема изградено национален/државјански идентитет, за сметка на претпочитањето на исклучивите етнички идентитети?
Ако не изградиме стабилен национален идентитет кој ќе ги вклучува сите граѓани на Република Македонија, независно од етничкото потекло, прашање е дали на долгорочен план Република Македонија ќе се одржи како политичка заедница.

7 коментари:

Анонимен рече...

„Ако не изградиме стабилен национален идентитет кој ќе ги вклучува сите граѓани на Република Македонија, независно од етничкото потекло, прашање е дали на долгорочен план Република Македонија ќе се одржи како политичка заедница.“
Како да градиш национален идентитет независно од етничкото потекло кога 25% од населението, етничките албанци, едноставно не сакаат да се идентификуваат со државата Македонија. Како пример ќе го земам непочитувањето на државното знаме. Ова знаме беше избрано за државно токму затоа што нема ама апсолутно ништо заедничко со етничките македонци или со било кој дел од македонската историја. И како албанците се однесуваат кон знамето?

Unknown рече...

„Како да градиш национален идентитет независно од етничкото потекло кога 25% од населението, етничките албанци, едноставно не сакаат да се идентификуваат со државата Македонија.“
Прашањето е сосем на место.
Но, проблемот има и друга страна:
Како да градиш национален идентитет независно од етничкото потекло кога мнозинството од населението, етничките Македонци, го монополизираат идентитетот „Македонец“, практично оневозможувајќи иградба на национален идентитет „Македонец“ во смисла на државен идентитет.
Интересно, но како да постои консензус помеѓу етничките Македонци и етничките Албанци околу „правото на изразување на националната припадност“, каде што „национална“ се употребува исклучиво во смисла на „етничка“.

Анонимен рече...

Важно прашање отвараш. Што не знаеш да го третираш е друга работа, но поважно е да се отвори.

На место ти е тезата дека во Македонија треба да се работи на тоа да се објасни што е тоа национален идентитет, а што етнички. Особено на Македонците (етнички). Но лудо е што тврдиш дека етничкиот Македонски идентитет го „монополизирал името „Македонски„ и спречувал изградба на национален идентитет, и оттука сме требале да го смениме името на националниот идентитет„. Или етничкиот, тебе ти е и онака сеедно. Дали значи тоа дека во која било друга Европска земја (освен Швајцарија, Британија) етничкиот идентитет не го монополизира името, па и Германија, и Франција, и Шпанија, треба да го сменат името на националноста (што кореспондира со името на земјата), за да бидат поинклузивни за другите етноси кои живеат во нив?! Историјата така сурово се одиграла да нациите-држави настанале како што настанале. Не можеш сега и ти така сурово да си поигруваш со чувствата на милион Македонци, чија национална (пази - национална, не етничка) свест е веќе реализирана преку името „Македонска„. Ако ти немаш муда да ја браниш таа свест, немој да помислуваш да им ги сечеш на оние, кои имаат.
А дека времето во спорот со Грција не е на наша страна, е исто глупост. Затоа што грчките аргументи се базираат на ксенофобија и страв, кои со тек на времето еродираат. Можеби ќе треба да направиме концесии во однос на историјата, но по мене, тоа ќе бидат концесии кои ултимативно нас ќе ни помогнат да излеземе на чисто со нашиот национален идентитет.

Unknown рече...

Ти благодарам за критиката.
Велиш, „Не можеш сега и ти така сурово да си поигруваш со чувствата на милион Македонци, чија национална (пази - национална, не етничка) свест е веќе реализирана преку името „Македонска„.“
Велиш национална свест? Пеки.
Но, како ќе го објасниш фактот дека мнозинството Македонци немаат никаков проблем со тоа што голем дел нивни сограѓани, родени и израснати тука, не се идентификуваат „национално“ како Македонци, туку како Албанци, Турци, Власи, Роми, Срби, Бошњаци итн.?
Да не се правиме наудрени. Каква е таа „национална“ свест, која не ги перципира, ниту има чувство за другите сограѓани кои не се етнички Македонци како полноправни Македонци?
И ај, те молам, кога веќе инсистираш на разликата помеѓу македонска етничка свест, и македонска национална свест, дај предочи ми преку примери како таа разлика функционира во практиката.
Јас нешто слабо гледам постоење на некаква македонска национална свест, која ги зема предвид сите државјани на Република Македонија, независно од нивното етничко потекло.
Гледам многу квази-патриоти, а всушност проѕирни етно-националисти, на кои им е гајле за државата и за стабилноста на нејзините институции.
На крај, ќе ти го кажам следново.
Еден сум од ретките кој се идентификува како Македонец, инсистирајќи притоа дека тука не мислам на моето етничко потекло.
За мене етничкото потекло е приватна работа, се додека некој не сака да прави политички бизнис со него.
Инаку, познавам повеќе луѓе родени во Македонија, израснати тука, а кои си имаат заминато токму поради тоа што им било преку кур од тоа што си политички невидлив ако немаш стабилно „етничко потекло“.
Размисли само за следнава варијанта: едниот дедо ти е Србин од Краина, баба ти е Влаинка, другиот дедо ти е Албанец католик, а баба ти е Турчинка - ти си роден во Скопје, и цел живот си учел и зборувал само македонски јазик.
Пробај да се идентификуваш како „Македонец“, па ќе видиш како ќе бидеш перципиран од страна на етничките Македонци.

Анонимен рече...

Жарко, се сложувам, етничките Македонци имаат проблем со сфаќањето на нивниот национален идентитет, поистоветувајќи го со етничкиот. Потребно е да им се објасни, да се разграничи убаво, почнувајќи од академиците (кај нив можеби најмногу треба објаснување за да им влези во тиквата комунистичка), па до учениците во основно. Така да кога ќе ги прашаат „Чива е Македонија?„, да викаат (рамковно нели :)) „На сите заедници кои живеат во неа, што не прави сите Македонци.„
Но не значи ова дека немаат етничките Македонци национален идентитет. Сепак имаме чувство за државност, а не чувство за племе мајко му. Албанците имаат најмногу проблеми со присвојувањето на Македонската националност, но и тоа полека се решава (ќе се реши). Се почесто слушаме „Македонија е и наша.„, што секако радува и покажува во кој правец треба да се оди.
Но никако не смееме да си играме играчки со името, надевајќи се дека ако најдеме некое што понеутрално („Република Државија„) така наеднаш нагло ќе рипне националната жар кај сите страни.
Впрочем и нашата историја не ни дозволува да го направиме тоа. Токму ВМРО ја осмислуваше Македонија исклучиво национално, а не етнички. Значи не само што не можеме прекрстени, туку и не смееме, затоа што секое друго име ја доведува во прашање идејата за Македонска државност пред 45. Треба само да се вратиме на овие основачки идеи на ВМРО, конечно да ги апсолвираме за она што навистина претставуваат, и само невиден ќар може да извлечеме на секое поле.

Анонимен рече...

Извини што бев малку некултурен во првиот коментар вчера, нешто накурчен бев цел ден.

GoodBytes рече...

Муабетов испадна за македонскиот идентитет, а беше за спорот за името со Грција. Јас за спорот зборував, и за нашата позиција кон него.

За идентитетот - јас сум Македонец и етнички и национално. Воопшто не ми се допаѓа кога некој друг се обидува да ме (ре)дефинира, бидејќи и јас избегнувам да дефинирам други луѓе. Не знам каков национален идентитет предлагаш, кој би ги вклучил интересите на малцинствата. Не би зборувал за „монопол“ и „попречување“ за работа која Македонците ја сметаат како дел од себе. Особено имајќи во предвид дека Македонците (етничките) имаат, според мојата перцепција, многу поголема толеранција и почитување кон другите нации и етнички групи на Балканот наспроти на пример, силно изразениот национализам на нашите соседи.

Можеби за тоа треба да се зборува одвоено, инаку мојот став е за полна еднаквост на сите ГРАЃАНИ и максимални права на сите, со полно почитување на разликите и модел кој ќе им овозможи на малцинствата да ја негуваат и развиваат својата култура и традиција. Во рамки на кажаното, би ценел решение кое ќе донесе трајно почитување меѓу граѓаните и заедничко гледање напред, кон заедничкиот подобар живот. Искрено, таа тема ми е банална и би се радувал ако што поскоро ја затвориме. Немам размислувано за тоа прашање и не ми се познати решенијата кои се применуваат во други држави, па тука би запрел. ;-)

Да се вратам на спорот за името... времето е на наша страна заради тоа што го кажав споредувајќи ја важноста на позициите во перцепцијата на населението/политичарите. Тоа што за грчките политичари се поени за избори (значи краткорочна агенда), за нас е стремеж за самостојна и слободна држава кој тлее стотици години. Па сега ти види на чија страна е времето уште еднаш - плус, ние сме народ со поговорка: „трпение, спасение“. :-)

Е, а за тоа што на крај го зборуваш, за иднината на Македонија, јас пак сум убеден дека Балканот нема да се смири без Македонска држава. Ова не е милитаризам (скраја да е), туку повик да се почитува (со граници, меѓународни закони и слично) фактот дека Македонците сакаат своја држава. И тоа држава во која нема да живеат во етнички чисти територии, туку ќе ја споделуваат со сите кои сакаат тука да живеат.

Понекогаш ми паѓа тешко што, зборувајќи за себе и за работите во мојот двор, треба да се бранам и објаснувам дека љубењето на моето не значи мрзење на туѓото. Тоа е тенката линија преку која играат тие кои сакаат да набедат некого дека е патриот, како тоа да е ЛОША работа. Но, и ова е тема за друга дискусија.

Во меѓувреме, јас ќе си ја сакам Македонија и Македонците, и тие етничките, и тие националните.

Мојот список со блогови

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Архива на блогот

Footer Widget 1

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Footer Widget 2

Популарни објави

Популарни објави

Popular Posts this month

Popular Posts this week