„И сега, почитуван Стојане, по Вашиот иден и идеен терк треба да го смениме нашиот историскополитички статус и идентитет на „судени лица“ за македонската самобитност, во статус-несудено и недефинирано лице. Предвидувате нашите пресуди да ги прогласите за ништовни и нашиот отпор и придонес против титоизмот, како сегмент од поновата историја да ги фрлите на буниште на историјата. Не! Не ги даваме нашите пресуди и не го менуваме и напуштаме политичко-националниот идеал и идентитет, ниту статусот на осудувано лице. Не го прифаќаме фарисејскиот нов проект. Ние не бевме прогонувани и судени како деликвенти, па денес да молиме и да коленичиме за да не' рехабилитирате и да ни се „простат“ гревовите. Нема кого и нема зошто да молиме. Во Вашиот концепт, предвидувате дури и ретроактивно повторување на казнената постапка, односно, нови судски процеси за докажување на својата „невиност“, „каење“, „премислување“, „заблуденост“, „коленичење“ и „правдање“ пред се' уште моралноподобното и корумпираното судство! Не ја бива таа работа! - како што милувате да кажете, г. Андов.“ (Нон пасеран!)
Наместо закон за рехабилитација, Ефтим Гашев бара „закон за целосна национална, политичка, правна и цивилизациска хумана сатисфакција, со признателност, почит кон жртвите на прогонот и осуда на владејачката комунистичка номенклатура во Република Македонија по Втората светска војна“. Наместо рехабилитација, Ефтим Гашев бара времето поминато во затвор да им биде признаено како пензиски стаж, и да им биде дадено „материјално обесштетување за робовладетелската, тешка присилна работа на каква бевме осудени, создавајки при тоа за државата и за нејзините великодостојници огромни материјални добра“.
Како што веќе предложив, Законот за рехабилитација (вклучително и правото на обештетување) треба да ги опфаќа сите лица на кои им биле повредувани човековите права, независно дали во судска или административна постапка, или без постапка, независно од кои политички или идеолошки причини.
Во спротивно, законот за рехабилитација ќе се претвори во закон за привилегии на една група жртви на режимот чии идеи се покажале како „историски исправни“.
А тоа е веќе видено, нели?
0 коментари:
Објави коментар