Критичка дебата за лустрацијата кај нас може да се отвори и преку поставување на прашањето: На кој начин предлагачот го оправдува т.н. „Закон за лустрација“?
Еден од главните аргументи на предлагачот Стојан Андов е дека при конципирањето на законот се користени општите и конкретните препораки од проектот „Разоткривање на скриената историја: Лустрацијата во земјите од Западен Балкан“ во кој конкретно се препорачува: „Главниот критериум што се користи при дефинирањето лица кои ќе бидат засегнати од процесите на проверка не треба да биде претходната државна или партиска позиција од висок ранг, туку конкретната вклученост во прекршување на човековите права.“ (стр. 19 од предлог законот)
Имено, лустрацијата како процес кој подразбира „масовна дисквалификација на оние што се поврзани со злоупотребите на претходниот режим“ не би имала никаква смисла ако притоа не се докаже дека дисквалификуваните лица биле конкретни прекршители на одредени човекови права.
Во таа насока е и конкретната препорака дека „Независната комисија која става вето на носителите на јавните функции и на лицата што се кандидираат за нив, треба на парламентот да му ги открие сите информаии содржани во досиејата што покажуваат дека носителот или кандидатот за јавната функција бил вклучен во прекршување на човековите права.“ (стр. 19-20).
Од последнава препорака јасно може да се согледа дека информациите од досиејата би се користеле за да се докажат конкретни прекршувања на човекови права, и конкретни лица кои биле вклучени во нив. Ако нема докажување кои човекови права биле прекршени, на кој начин, и од страна на кои лица, лустрацијата би изгубила смисла како инструмент на транзициската правда.
Следствено, мошне битен момент од предлог-законот е определувањето на периодот во кој ќе се проверуваат лицата евидентирани во досиејата (во член 2): „...од донесувањето на Декларацијата на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија – АСНОМ за основните права на граѓанинот на Демократска Македонија на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година до денот на влегувањето во сила на овој закон...“.
Иако во текстот на предлог-законот убаво си пишува „Декларацијата за ... основните права на граѓанинот на Демократска Македонија“, практично, предлагачот се обидува да го легитимира предлог-законот претставувајќи ја декларацијата како:
- уставна декларација „каде што се уредуваат основните права и слободи на човекот и граѓанинот во демократското општество“; и како
- „специфичен документ за Македонија како демократска повеќеетничка држава“ („таква декларација не усвоил АВНОЈ, а не усвоиле и другите земски собранија“);
- документ со кој „Македонија е проектирана како демократска, плурална, пазарно ориентирана држава со заштитена приватна сопственост, во која високо се почитуваат етничките и човековите права и поединечните слободи како: слобода на вероисповедта, слобода на совеста, говорот, печатот, собирањето, договорот и здружувањето односно повеќепартискиот систем.“ (стр. 16-17).
Сето тоа споменување на „човековите права“ убаво звучи, додека убаво не се анализира споменатата декларација, и не се постават следниве логични прашања:
1) Дали е правно одржливо законското повикување на т.н. „Декларација на АСНОМ за основните права на граѓанинот на Демократска Македонија“ од 2 август 1944 год., ако се има предвид дека а) Декларациите, како документи не се правно обврзувачки; б) Споменатата АСНОМ-ска декларација не е објавена во „Службен весник“ се до 18 фебруари 1970 година, кога за прв пат се објавени актите на првото заседание на АСНОМ во првиот број на „Службен весник на Федералната единица Македонија во Демократска и Федеративна Југославија“ (25 години по вториот број издаден на 23 февруари 1945 година?!)?
2) Дали во декларацијата навистина „се уредуваат основните права и слободи на човекот и граѓанинот“, ако се земе предвид дека субјект на правата наведени во АСНОМ-ската декларација не е човекот, туку граѓанинот? (Имено, повеќето одредби започнуваат со „сите граѓани“, „на секој граѓанин“, а не со „секој (човек)“, „на сите (луѓе)“)
3) Со оглед на тоа што АСНОМ-ската декларација не го промовира, ниту пак го гарантира правото на живот, дали тоа значи дека оние што одземале или помагале во одземањето животи „од политички или идеолошки причини“ нема да бидат опфатени со Законот за лустрација?
4) Со оглед на тоа што АСНОМ-ската декларација не ја промовира, ниту пак ја гарантира забраната од тортура, свиреп, нехуман или понижувачки третман или казна, дали тоа значи дека сите оние што мачеле или свирепо казнувале „од политички или идеолошки причини“ нема да бидат опфатени со Законот за лустрација?
5) Со оглед на тоа што АСНОМ-ската декларација не ги промовира, ниту пак ги гарантира: правото на правично судење, забраната за произволно апсење и прогонување, правото на пресумпција на невиност, правото на приватност, правото на слобода на движење во рамките на својата земја, правото да се напушти земјата, правото на државјанство итн., дали тоа значи дека сите оние што биле конкретно вклучени во наместените судски процеси (како „случајот Ченто“ – главниот потписник на АСНОМ-ската декларација) и сите други прекршувања на неспоменатите права нема да бидат опфатени со Законот за лустрација?
6) Имајќи предвид дека во декларацијата еднаквоста пред законите е прокламирана само за граѓаните и само врз основа на „нивната народност, пол, раса и вероисповеданије“ (чл. 1), логично се поставува прашањето дали ќе бидат земени предвид и повредите на човековото право на еднаквост а) за оние кои не биле граѓани на АСНОМ-ска Македонија; б) по некој друг основ освен споменатите четири (на пр., Дали ќе бидат опфатени повредите на правото на еднаквост по основ на класна припадност, по основ на партиска припадност итн.?)
7) Имајќи предвид дека во чл. 7 ст. 2 „се лишавајат од правата“ – „слободата на говорот, печатот, собирањето, договорот и слободата на здружението“ (чл. 5) и „изборното право“ (чл. 6) - „лицата кои са провинат по отношение на интересите на народно-ослободителната војна“, логично се поставува прашањето дали и овие лица ќе се сметаат за „жртви на комунизмот“ кои имаат право на транзициска правда?
8) Можно ли е АСНОМ-ската декларација да се третира како „специфичен документ за Македонија како демократска повеќеетничка држава“ во која високо се почитуваат „етничките права“ кога а) во истата никаде не се спомнуваат етноси, туку „се осигурават сите права на слободен национален живот“ „на националните малцинства на Македонија“ (чл. 2); б) носител на суверенитетот на АСНОМ-ска Македонија не се никакви „припадници на (етнички) заедници“, туку „народот на Македонија“ (не во смисла на „етнос“, туку во смисла на „демос“!), а членовите на АСНОМ се „народните представители, без разлика на народност, вероисповедание, пол, раса и политическо-партијска припадност кои ја прихваќат борбата за самостојателност и слобода на народот на Македонија...“?
9) Ако е оправдана претпоставката на предлагачот дека со АСНОМ-ската декларација Македонија била „проектирана како демократска, плурална, пазарно ориентирана држава со заштитена приватна сопственост во која високо се почитуваат етничките и човековите права и поединечните слободи...“ (вклучително „договорот и здружувањето односно повеќепартискиот систем“ - ?!?), тогаш се наметнуваат дилемите:
а) дали лицата што ќе бидат опфатени со законот ќе бидат „лустрирани“ затоа што ги изневериле сомнително интерпретираните „идеали“ на АСНОМ-ска Македонија, (која, ако му веруваме на предлагачот, воопшто и не била проектирана како „тоталитарен комунистички режим“) или пак затоа што биле конкретно вклучени во прекршување на човековите права (кои во 1944, четири години пред усвојувањето на Универзалната декларација за човекови права, не биле ниту признати, ниту гарантирани)?
б) дали лицата што ќе бидат опфатени со законот ќе бидат „лустрирани“ затоа што не ги почитувале правата (на граѓаните) содржани во АСНОМ-ската декларација или пак сите човекови права што ги признаваме и гарантираме денес, со оглед на тоа што законот би се однесувал и на лица кои повредувале права до датумот неговото стапување во сила? (Имено, дали при „лустрацијата“ ќе се земаат предвид човековите права што евентуално биле гарантирани во дадено време, или човековите права што се гарантирани денес?)
10) Ако е оправдана претпоставката на предлагачот дека со АСНОМ-ската декларација Македонија била проектирана и како „повеќепартиски систем“, дали тоа значи дека треба да бидат лустрирани сите некогашни членови на КПМ, кои „од политички или идеолошки причини“ биле фактички (со)учесници во ограничувањето на основното политичко право на формирање други политички партии освен КПМ?
Сите споменати прашања отвораат многу дилеми, но сведочат и за постоечкиот јаз помеѓу текстот на законот и неговото образложение. Имено, во чл. 1 од законот е јасно назначено дека „лустрацијата“ ќе се потпира на информациите од досиејата на органите на државната безбедност „со кои се кршени или ограничувани основните слободи или права на граѓаните од политички или идеолошки причини“.
Значи, иако предлагачот во образложението се повикува на „човековите права“ од АСНОМ-ската декларација, и на експертската препорака дека главен критериум треба да е конкретната вклученост во прекршување на човековите права, во текстот од предлог-законот станува збор за „основните слободи или права на граѓаните“, а не за човекови права!
За да се имплементира главниот критериум - конкретната вклученост во прекршување на човековите права – неопходно е да се промени текстот на законот со упатување на човековите права што се гарантираат со меѓународно ратификуваните договори.
Ако сакаме Закон за лустрација што ќе се легитимира со повикување на човековите права, тогаш во него нема место ниту за АСНОМ-ската декларација (и покрај нејзиното несомнено огромно историско значење), а ниту за уставните „човекови права“ (од главата „Основни слободи и права на човекот и граѓанинот“) заради апсурдниот член 50 кој им ги гарантира „основните слободи и права“ само на граѓаните.
Ваков каков што е, ако не претрпи сериозни промени, текстот на предлог-законот може да стане основа за нови прекршувања или ограничувања на човековите права од политички или идеолошки причини – сега „во името на човековите права“, инструментализирани како идеолошки флоскули.
Ако во законот не се утврдат конкретни механизми за идентификување кои човекови права биле прекршени, на кој начин, од страна на кои лица и, пред се, кои се „жртвите“ на прекршените права, лустрацијата ќе изгуби смисла како инструмент на транзициската правда во чиј главен фокус треба да бидат токму жртвите.
0 коментари:
Објави коментар