Многу интересно. Токму во моментот кога пишувам истражувачки текст за химната на Република Македонија, „Дневник“ излегува со ударен текст По Републиката, Карев ја загуби и химната.
Фино е што „Дневник“ се занимава со такви „историски контроверзии“, ама гафовите во текстот се вистински „бисери“:
Првиот бисер е многу помпезната најава:, „Редакцијата на „Дневник“ располага со тонски запис на песната која во 1942 година ја создал револуционерот Владо Малески, а заеднички ја пеат легендарните пејачи Никола Бадев, Александар Сариевски и Васка Илиева.“
Голема работа. Да беа новинарите од „Дневник“ малку поинформирани, ќе знаеја дека химната испеана од Никола Бадев, Александар Сариевски и Васка Илиева секој може слободно да си ја симне во mp3 формат од овде, или да ја чуе како Постара верзија на химната на Република Македонија, објавена во Енциклопедија на културното наследство на Струга.
Да беа новинарите од „Дневник“ малку поинформирани, ќе знаеја дека Владо Малески ја создал химната не во 1942, туку во 1941 година. Впрочем, во 2001 година Собранието на Република Македонија славеше јубилеј во Струга - „60 години од првото исполнување на химната на Република Македонија „Денес над Македонија““.
Вториот бисер е погрешната информација: „Младеновски објаснува дека Малевски не го запишал текстот на песната кога таа е изведена на пречекот на Новата 1943 година во Струга организиран од струшките антифашисти.“
И според публикацијата на Собранието, и според Енциклопедија на културното наследство на Струга, „Првото исполнување било на дочекот на новата 1942 година во центарот на Струга во куќата на Сотир Шута, каде што Владо Малески свирејќи гитара ја испеал свечената песна...“.
Значи, и македонската Википедија лаже, кога тврди дека „...Автор на текстот е Владо Малески, а автор на музиката Тодор Скаловски. Напишана е во 1943 година.“ (Денес над Македонија - Википедија)
Но, Владо Малевски е автор и на музиката, а Тодор Скаловски е заслужен за нејзината „мелографија, хармонизација и оркестрација“, иако самиот тој тврди дека химната се заснова на мелодија од една лирска народна песна, „Надежда болна легнала“. Според други извори, мелодијата на химната претставува комбинација од повеќе песни. За оваа мистерија, во друг пост.
Третиот бисер е изјавата на Радован Павловски: „Не ни беа познати сите верзии на песната“: „Не знаевме, на пример, дека во едниот текст се спомнуваат Карев и Влахов, или дека во другиот го нема Даме Груев.“
Оваа изјава е спротивна на сведоштвото на Петре М. Андреевски, од кое јасно се гледа дека барем нему му било познато:
„Еднаш се споменуваат Делчев, Груев, Питу Гули, Сандански и Димитри Влахов, другпат: Делчев, Груев и Питу Гули, Карев, Влахов, Сандански. Па, сепак, во конечната верзија, претседателот на Крушевската Република, го нема. Така оваа строфа ќе гласи: “Од гроб станаа славните ѕидари / На Крушевската Република: Гоце Делчев, Питу Гули / Дамјан Груев, Сандански”. (НАЈКУСАТА ПРИКАЗНА ЗА НАШАТА ХИМНА)
Но, во постојната верзија оваа строфа не започнува со стихот “Од гроб станаа славните ѕидари..“, туку „Одново сега знамето се вее...“!
И јас еднаш веќе пишев за една друга мистерија во Химната, а за останатите, во некоја друга прилика.
За крај, уште една историска контроверза!
На отворањето на првото заседание на АСНОМ, како химна не била изведена песната „Денес над Македонија“, туку „заборавената“ песна „Изгреј зора на слободата“, на која се сетивме дури откако стана официјална химна на Здружението “РАДКО“.
5 коментари:
Изгреј зора на слободата била и химната на Македонците... Но, очигледно, не била подобна за новата власт (по 45 год.) па е променета со Денес над Македонија се раѓа.
Поздрав пријателе
i ne deka Ti si ja spomnal i Ti si ja vovel e nestho sho e smeshno...taa si e! no Tie ne ja chuja...i Tie ne i obrna vnimanie... i Tie i Ti ne znaat sho e!... a TAA E nesho sho mozebi e!
„Изгреј зора на слободата била и химната на Македонците...“
Дефинитивно била, но многу мал временски период.
Дури и вечерта во Струга кога прв пат се испеала „Денес над Македонија се раѓа“, „Изгреј зора“ била една од првите песни на програмата.
И луѓето сеуште ја памтат, и знаат да ја запеат, иако била забранета.
Којзнае, можеби стремежот на Малески со „... ново сонце на слободата“, бил да ја истисне „зора на слободата“?
Не знам, не тврдам, ниту нешто ново воведувам, туку само се прашувам.
Проблемот со „Изгреј зора...“ е што таа е неофицијална химна и на ВМРО (автономистичка). Била пеена како типично македонска химна во сите такви пригоди и впрочем, таа е една од ретките свечени песни пред Втората светска војна. Инаку, имало предлог и „А, бре Македонче!“ да биде прогласена за химна на Македонија.
- Лавот
Енциклопедијата на МИ-АН вели дека „како химна на ТМОРО за време на Илинденското востание се користела песната Изгреј зора на слободата. Текстот го напишал бугарскиот поет Пејо Крачолов Јаворов, симпатизер на илинденските востаници и пријател на Гоце Делчев; автор на музиката веројатно бил Александар Морфов, според некои извори Ј. Чешмеџиев.“
Објави коментар