Предизборен хумор

6/30/2006

Учителката: „Ајде стани мали Ѓокица да дадеш неколку примери со придавката „црни“.
Мали Ѓокица: „Црни Грујо“, „Црни Бучко“, „Црни избори“, „Црна Македонија“.

Како ќе препознаеш сдсм-овски поп?
Сите попови благословуваат со зборовите „Со господ напред!“, а сдсм-овскиот поп вели „Со господ напред, а не назад!“

Рекламниот спот за Македонија доживува неверојатен успех...
... откако по грешка го пуштаат на Animal Planet.

„Колективна распаљотка“?

Во моето поштенско сандаче пронајдов памфлет со следнава содржина:
„Биди Геј! Гласај за Г'р'руевски“ и заокружен број 69.
И ова ли е дел од водењето на кампања „во границите на добриот вкус“ за што се залага
Шеќеринска?
Мошне индикативна е употребата на политички коректниот израз „Геј“, и тоа за лидерот на партијата која си даде невиден
Германски автогол, претставувајќи ги хомосексуалните бракови како симптом за болно општество.
Обилното користење на argumentum ad Kalashnikov во предизборната кампања, заедно со ваквите „критики“ на сексуалната ориентација, наместо на политичката, се закануваат да ги претворат овие избори во „колективна распаљотка“.

Соочи се со различноста (5)

Кај галактофилијата, или млечниот фетишизам, задоволството се доживува од лактацијата, доењето, или цицањето.
И овој феномен е филмски експлоатиран. Доволно е да ги погледнете само
Teta y la luna (1994) или Bizita Q (2001).
На сликата: контроверзниот Денис Родман „омрсил мустаќ“

Како да гласате против сите

Упатство од ДИК кое може да им биде од помош на оние кои (наспроти сите партиски разубедувања) сепак сакаат да гласаат, а не се задоволни од изборот на понудените кандидати:
„Гласачкото ливче е неважечко доколку не е пополнето на начин предвиден со Изборниот законик, ако е прецртано делумно или целосно, ако се заокружени повеќе листи на кандидати, ако бројот на гласачкото ливче не е соодветен на бројот на гласачкото место каде се гласа, или ако гласачкото ливче нема печат на предната и задната страна.“
Ако сакате да направите скандал, пред да гласате
ракувајте се со некој/а што претходно гласал/а.

Без коментар

6/29/2006

Може ли да зборуваме за фер избори кога децата се претвораат во партиски војници?
Еве што
предупредуваат некои здруженија: „...децата се присутни во првите редови на митинзите, собирите, како и во лепењето плакати и растурање пропаганден материјал, односно тие се масовно вклучени.“
За жал, децата се искористуваат и на пропагандните материјали на
Министерството за одбрана.
На една од фотографиите: македонски војник држи во прегратка дете облечено во униформа на САД.
Има ли потреба од коментар?

Автогол: „плукни залепи“

Во дефиницијата на македонскиот транзициски политичар треба да се вметне следниов елемент: „човек кој нема трошка автоперцепција“.
Еве што вели Радмила Шеќеринска во колумната
How low can you go?:
„Бесрамното фрлање кал завршува како плукањето низ отворен прозорец додека автомобилот се движи - речиси сета завршува во лицето на плукачот.Удрете критика за тоа што не сме сработеле. Тоа е очекувано и нормално. Ама, немојте кампањата да ја сведете на карикатури и стрипови, честопати вон од границите на добриот вкус.“
Толку ли Шеќеринска не гледа дека и „вкусната“ кампања на СДСМ се темели на оцрнување, омаловажување, и карикирање на ликот, карактерот, одот и приватниот живот на Никола Груевски?
Во што е тогаш поентата на Шеќеринска?
- „Замислете да излезам на митинг и аргументот против ДПМНЕ да ми бидат чекорите на Груевски (не оние кампањските 100, туку оние фактичките)? Би умрела од срам од таква глупаво ниска теза.“
А зошто ич не умираш од срам кога таквата „глупаво ниска теза“ перфидно ја пласираш во својата колумна 6 дена пред избори?
Не завршува ли и ваквото „софистицирано“ плукање исто така во лицето на плукачот?

Робови на лоши навики

Сонцето е веќе елементарна непогода.
Ако надвор е пеколно жешко - а е ѓаволски пеколно; ако изложувањето на високи температури е опасно по живот - а е ептен опасно по живот; ако ултравиолетовите зраци се штетни - а се многу штетни; тогаш навистина не ми е јасно зошто луѓево воопшто излегуваат дење надвор во лето.
„Мора да се оди на работа. Мора да се заработуваат пари.“
Знам, знам. Ама зошто работното време во летен период не скрати и помести, да речеме, од 18.00 до 00.00 часот, кога температурите се подносливи за движење на отворено? Се кладам дека продуктивноста нема да се намали, туку дека ќе се зголеми.
Зошто продавниците, фабриките, пазарите и јавните установи да не бидат отворени ноќе, а затворени дење?
Толку ли сме станале робови на сопствените „дневни“ навики што не сфаќаме дека летниот сончев ден е веќе неподнослив за живот?
Во лето, ноќта не е време за спиење. Ноќта е време за живот.
Да имаше разумни политичари, ќе го прогласеа летното сонце за елементарна непогода и ќе воведеа ноќно работно време од јуни до октомври.

Homo Ludens (2)

6/28/2006

Скрабл (SCRABBLE) е игра со букви со кои треба да создавате зборови кои се редат на специјална табла (слично на принципот на крстозбор). Може да играат од 2-4 лица, и кој освои најмногу поени е победник.
Со играта ме заразија некои пријатели пред 5-6 години до таа мерка што направив македонска верзија. Слично како што иноваторот на играта ја пресметувал честотата на буквите во англискиот јазик, така и јас, со помош на компјутер, ја одредив вредноста на македонските букви, и ги налепив на романска верзија на магнетен Скрабл.
Оттогаш, веќе неколку години, си играме
Скрабл на македонски заедно со пријателите и децата. Неостварена желба ми е да формираме Скрабл-клуб каде што секојдневно ќе може да се игра оваа фантастична игра која има неверојатен потенцијал да го збогати вашиот речник и нашиот закоравен јазик.

Дајте истрага!

Во постот Ел-Масријада предупредив: Дајте луѓе, отворете барем истрага за случајов, да не се брукаме сите комплет пред светот!
Аргументите зошто мора да има истрага ги дадов во постот
Има ли истрага за случајот „Ел-Масри“?
Милум или силум, Македонија ќе мора да спроведе истрага за случајот „ел Масри“: „Комесарот за правда и внатрешни работи на Европската комисија Франко Фратини ги повика сите посочени земји да спроведат истраги. (...)
- Земјите мора да спроведат ригорозни истраги. Тоа е обврска од Европската конвенција за човекови права и таа е во интерес на сите, без оглед на тоа каква ќе биде вистината што ќе произлезе од истрагите.“ (
Дневник)
Мошне интересна е и изјавата на
Тери Дејвис:"People should not be allowed to disappear into thin air, regardless of the crimes of which they are accused. If we want to be safe, we must be fair. The only effective measures against terrorism are those which stop more terrorists than they help to recruit."
Имплицитно, Тери Дејвис обвинува дека т.н. „војна против тероризмот“ повеќе регрутира терористи отколку што спречува.

Полицијата и „репресијата“

За да нема никакви забуни.
Превенцијата и борбата против криминалот“ е една од основните цели на полицијата во едно демократско општество.
Во секоја држава постојат овластени лица да применуваат сила. Но, „Полицијата може да употребува сила само кога е стриктно нужно и само во мерката што е потребна за да се постигне некоја легитимна цел.“
Затоа, не се согласувам со
Вуна кога се обидува да ја критикува изјавата на министерот за внатрешни работи за „превентивната улога“. Но, речиси сосем се согласувам со неговата критика за „репресивната улога“ на полицијата.
Тоа значи дека воопшто не се согласувам со
коментарот на Анти:
"Полицијата е таков орган што многу често нема други инструменти за своето делување освен РЕПРЕСИЈАТА. Нема поинаков начин да се справиш со некој што се спротивставува на спроведувањето на судска одлука на пример - или друг пример - нема друг начин да се соочи чоек со некој Верушевски. Финтата е што ваков репресивен орган е нужен за вакво општество."
Не се согласувам ниту со коментарот на
Јаков на мојот пост Полициски автогол:
„Улогата на полицијата по дефиниција е да користи и мерки (средства) на принуда т.е. репресија.“
Како што истакнав: По правило, полицијата не користи „репресивни“ мерки (пендреци, оружје). За безбол палки ич да не праиме муабет.Само во исклучителни, и строго дефинирани случаи, полицијата може да користи „разумна сила“ и тоа само за да се постигне некоја легитимна цел:
- одржување на јавниот ред и мир и поредок во општеството,
- заштита и почитување на основните права и слободи на човекот и граѓанинот гарантирани со Уставот на Република Македонија и ратификуваните меѓународни договори,
- спречување, откривање и борба против криминалот“. (според предлог Законот)
Признанието на Џанго дека нашата полиција има „репресивна“ улога му штети на угледот на нашата полиција затоа што отстапува од улогата на полицијата како што е дефинирана во Европскиот кодекс на полициска етика.

Сакам кажам - не знам речам?

Не знам дали од СДСМ имаат капацитет да сфатат дека пораката на еден од нивните ударни изборни слогани им е тотално промашена: „Да не почнуваме од почеток“.
А може ли да се почне од средината или од крајот? Бездруго може да се продолжи, а не да се почне.
Пораките „Да не почнуваме од средина“ и „Да не почнуваме од крај“ имаат некаква смисла, за разлика од главната порака на Бучковски која е наполно бесмислена.
Од каде да се почне ако не од почеток? Предизборниот слоган на СДСМ е, најблаго речено,
плеоназам.
Можеби Бучковски сака да порача „Да не почнуваме одново“ или „Да не почнуваме повторно“.
Ако е тоа пораката, тогаш слоганот им е „сакам кажам - не знам речам“.

Криза на лидерството

6/27/2006

Во еден претходен пост укажав дека потребата од постојаната "закрила" на „меѓународната заедница“ е можеби најубедливиот показател за кризата на лидерството во Република Македонија.
Откако нашите етно-партиски лидери почнаа предизборно да си ги „мерат“ со калашњикови и безбол палки, а „
репресивната“ полиција спиеше или глумеше „мониторинг“, „меѓународната заедница“ повторно излезе со заеднички став за да ја пополни огромната дупка од политички авторитет.
И ЕУ, и САД, и Советот на Евопа, и ОБСЕ, и НАТО, и сите нивните амбасадори, денеска објавија предупредувачки пораки. Советот на Европа се закани со можни санкции кон нашата парламентарна делегација, а НАТО ни порача дека се оддалечуваме од членството.
Во еден друг
пост, укажав дека „Ако полицијата и обвинителството итно не ги пронајдат осомничените и не ги изнесат пред надлежен суд, тогаш странските набљудувачи ќе изведат заклучок дека Македонија нема капацитет да се справи со предизборно насилство.“ И ЕУ испраќа слична порака: „Законот мора целосно да се спроведе и да се казнат сторителите на насилство или закани“, изјави Ерван Фуере амбасадор на ЕУ (A1). Најтрагично е тоа што додека државата ни гори, јавниот обвинител игра на свадба на друг континент.
Не помалку загрижувачки се и конспиративистичките интерпретации на некои наши колумнисти/ескаписти кои во секоја неспособност на лидерите гледаат „косовска“, „грчка“, или „српска агенда“. Убедливо најсмешни се „спинерските“
коментари на теоретичарот на конспирации Фрчковски дека „ДПА со серијава провоцирани предизборни инциденти прави голем ГРЕВ кон сопствениот народ и неговиот имиџ во регионов.“
Што сака да каже поранешниот министер за секакви работи (внатрешни и надворешни)? Дека предизборни инциденти не го нарушуваат имиџот на Република Македонија, туку само имиџот на етничките Албанци? Дека имиџот на етничките Албанци - граѓани на Република Македонија - нема ништо заедничко со имиџот на нашата држава?
Ваквата етно-националистичка тесноградост на нашиот уставотворец е уште еден симптом за кризата на лидерството и за тенденциозното редуцирање на „демосот“ во „етнос“.

Homo Ludens (1)

Треба да дојде светското фудбалско првенство за да сфатиме дека играта е еден од основните феномени на човековото постоење.
Бездруго, човекот е и
Homo Ludens - човек како „играч“.
Во чест на играта, а како протест на медиумската доминација на фудбалот, започнувам со нов серијал на постови за моите омилени игри.
Првиот пост го посветувам на најкомплексната и најсофистицирана игра со карти -
Бриџот, која претставува надоградување на вистот, и која нема никаква врска со играта која кај нас се нарекува „бриџ“, а која е всушност варијанта на реми.
Бриџ клубот Скопје не потсетува на Сомерсет Мом кој бриџот го нарекол "најсериозна забава на светот" и "љубовница за цел живот" што ќе ни остане единствена радост и утеха, откако со стареењето ќе престанат да не интересираат спротивниот пол, пијалокот и добрата храна. Не му верувајте, бриџерите никогаш не престануваат да се интересираат секс, пиење и добра храна.
Денес Бриџот се игра главно како турнирска игра, за која што мора да имате добар партнер, и развиен систем на лицитација/комуникација и одигрување.
Правилата за бриџ можете да ги научите ако преземете неколку текстови за почетници од
тука. Ако потрошите едно лето за учење на основните правила на играта и за посебниот јазик за лицитирање и комуницирање, ќе си обезбедите неверојатна интелектуална забава во остатокот од вашиот живот.
За разлика од шахистите, бриџерите немаат страв од компјутери. Дури и „титанот на компјутерската револуција“,
бриџ-зависникот Бил Гејтс потврди дека машините сеуште не можат да ги победат луѓето во оваа стратегиска игра.

Соочи се со различноста (4)

Летото е идеално годишно време за овошните фетишисти.
Има ли граници за сексуалната имагинација кога станува збор за употребата на овошјето во сексуалните игри?


Колку што има разни видови овошја, толку има и разни видови овошни фетишисти, и уште повеќе начини сексуалната игра да ја направите посочна.
Иако за некои Ким Бесинџер во „9 и пол недели“ е ненадмината овошно-фетишистичка икона, сепак најконтроверзна филмска сцена за мене е сцената со лубеницата во филмот "
The Wayward Cloud".
Уживајте во разновидноста.

Германски автогол

Еве што известува „Шпиц“ за предизборните активности на ВМРО-ДПМНЕ:
„Ние како партија најмногу ќе се противиме на идејата на СДСМ да се дозволат бракови меѓу хомосексуалците. Не смее едно здраво општество, со сила, да прави болно“ - изјавил Антонио Милошоски во Гостивар.
Истиот Антонио Милошоски
се потпишува на своите колумни како „научен соработник на Универзитетот Дуизбург, Германија“, земја која не само што им овозможува „животни партнерства“ (Lebenspartnerschaft) на истополовите партнери, туку и можност да посвојуваат деца.
Дали Антонио Милошоски (инаку
магистер по европски интеграции) ќе има политичка храброст да изјави дека германското општество општество е болно, наспроти нашето кое, демек, пука од здравје?
Таквата изјава, која логично следува од неговите хомофобични размислувања, сигурно би му обезбедила достојно место во Антологијата на политички гафови, ако не и екскомуникација во академските кругови поради дискриминаторскиот однос кој е неспоив со титулата "Master of European Integration".

Хрватска напред, Македонија назад?

6/26/2006

Во постот „Толеранцијата не е доволна“! укажав дека „Геј-парадата не е провокација, туку остварување на човеково право кое е темелно за демократските општества.“
Секој учесник на мирната геј-парада во Загреб (околу 250) бил заштитуван од двајца полицајци (500)! (На парадата во 2003,
А1 тврди дека односот учесници-полицајци бил дури 1:3 - 200:600).
Повеќе од половината учесници (14) биле гости од странство.
Ми се допадна иронијата во еден од слоганите: „И хетеросексуалците се луѓе.“
Главната порака:
„слобода на собирање, изразување и движење“.
Сепак, можеби најсилната порака на мирната геј-парада е дека полицијата со сите средства ќе ги штити човековите права на сите граѓани.
Хрватска уште еднаш демонстрира дека го заштитува правото на мирно собирање и протестирање на сите нејзини граѓани, без разлика на нивната сексуална ориентација.
Затоа Хрватска ќе влезе побргу во ЕУ, а ние уште ќе се чудиме зошто ЕУ не сака да не „апсорбира“.

Зошто Хрватска е пред нас?

Хрватската влада, по повод денот на борбата против злоупотребата на опојни дроги и илегалната трговија со дрога, ги промовира новите национални мерки за борба против дрога, фокусирани на рано откривање и третман.
Што се однесува до контроверзното тестирање на ученици (и студенти), владините претставници истакнуваат дека тестирањата мораат да бидат врз доброволна основа, со согласност на учениците и родителите.
Каде е нашата предизборно ангажирана Влада да го одбележи овој ден, да ги претстави нашите мерки како кандидат за ЕУ, и да даде можност новинарите да поставуваат прашања?
Да одговори, на пример, на прашањата: Зошто некои од
статистичките податоци од Светскиот извештај за дрога се толку застарени, што датираат од пред една деценија? Зошто нашата официјална политика е сеуште фокусирана на полицискарепресија“ на „зависниците“ а не на третман?

Стамен е стамен!

Ретко можат денес да се сретнат луѓе на чии што дела можеш да им се радуваш и восхитуваш.
Ја имам таа чест да ви ги претставам методите на борба на еден од најголемите борци за правна држава и човекови права, г-нот Стамен Филипов, човек кој има поднесено и добиено најмногу иницијативи за укинување/поништување на закони пред Уставниот суд на Република Македонија.
Во своето денешно писмо
Кој го штити Уставот?, објавено во „Дневник“, Стамен Филипов аргументирано го критикува Уставниот суд заради отфрлањето на неговата иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на едно Упатство.
Во една книга објавена од Министерството за правда, Стамен Филипов пронашол стручно излагање на лице од МВР во кое се споменува контроверзното Упатство, со кое се пропишува „да се врши тајна контрола на телефон и други средства за комуникација, тајно фото, видео и аудиоснимање; таен претрес; тајна контрола на писма и други пратки и соработка со лица.“
МВР тврди дека „во текот на 2000 година во Министерството за внатрешни работи не било донесено такво упатство и со таков назив“, а Уставниот суд му верува на МВР.
Мислам дека во случајов итно би требало да се вклучи Народниот правобранител, кој има овластување да повика било кое лице од МВР и да изврши увид во МВР за да утврди дали е издадено такво или слично Упатство.

Пронајденото Упатство би било клучен доказ за тврдењето дека човековото право на приватност систематски се прекршувало и се прекршува од страна на МВР.

Полициски автогол

Кој тоа тврди дека полицијата станала „сервис на граѓаните“? Џабе ја толку се мачам да докажувам дека живееме во Полициска држава кога самиот Џанго признава дека нашата полиција има репресивна улога: „Улогата на МВР не е да едуцира политичари. МВР врши превентивна и репресивна улога.“
На кутриот министер, толку му сече, па не разбира дека со ваквата предизборна изјава сугестивно најавува репресивна полициска диктатура?

Блогосферата - непријател на мислата?

6/25/2006

Ако 90% од се е ѓубре (според Стерџеновиот закон), тогаш навистина не ми е јасно што се настрвиле некои мислители да ја критикуваат токму блогосферата:
"Right now, and for the foreseeable future, the blogosphere is the friend of information but the enemy of thought." (Alan Jacobs, "
Goodbye, Blog").
Претпоставувам дека вакви лажни генерализации имало и од некои поклоници на „ресавските школи“ после биг-бенгот на
Гутенберговата галаксија.
Блогосферата, сама по себе, не може да биде сметана за „непријател на мислата“ само поради бројноста на арогантните, игнорантните и тврдоглавите коментатори и блогери.
Зад дел од ваквите критики можеби стојат нереалните очекувања дека мислата поскоро ќе блеска во коментарите, отколку во постовите, или дека мнозинството блогери ќе почнат да мислат со своја глава наместо само да линкуваат до туѓи мисли.
Сепак, да се прогласи блогосферата за непријател на мислата, е слично како да се прогласи Гутенберговата галаксија за непријател на духовноста и калиграфијата.

Лет во место?

Еве како еден „владин колумнист“ се прави паметен:
„На крајот, една работа која мора да биде за памет на сите. Дури и ако Македонија е далеку од ЕУ како до Месечината, многу е подобро да ја живееме одисејата 2010, отколку повторно да се враќаме во онаа од 2001!“ (ЛЕТ ВО ЕВРОПА -
Одисеја 2010)
Како прво, свесно или несвесно, човекот си признава дека владината „Агенда 2010“ е научно-фантастичен филм! Како второ, сугестијата „Македонија е далеку од ЕУ како до Месечината“ е многу помоќна отколку пораката дека подобро е да ја живееме илузијата отколку суровата реалност од минатото. Како трето, неговата филмска споредба е ептен неумесна затоа што„2010“ е многу полош филм од „Одисеја 2001“.
И до кога бе главната „програмска“ определба на СДСМ ќе биде да ги плаши граѓаните со војна?

Умно и „стварно“

Кога „стварноста“ во социјализмот беше лево, младиот Бранислав Саркањац беше надежен идеолог на левицата.
Саркањац порасна, левичарските илузии се распрснаа како меур од сапуница, и сега разочараниот левичар е советник на најголемата десничарска партија. Неочекувано стана идеолог на конзервативизмот кој „не ја мириса многу идеологијата“.
Во најновата колумна, Саркањац тврди дека „
Стварноста денес е десно“. Како и многу други разочарани хегеловци, тој денес смета дека „се што е стварно е и умно“.
Ако утре „стварноста“ случајно се помести накај центарот, и Саркањац умно ќе се помести накај центарот. Ако пак „стварноста“ се врати на лево, умниот Саркањац пак ќе стане левичар, оти „стварноста“ тогаш ќе биде лево.
Наравоучение: Бидете умни, бидете со „стварноста“.

Некои чудни „човекови права“

Кај нас има неверојатно чудни интерпретации на концептот на „човекови права“. Еве што укажува Кочо Андоновски:
„За албанскиот блок ние, нехетеросексуалците, едноставно не постоиме, без разлика дали нивната „политичка ориентација“ е „лева“ или „десна“ и без разлика што нивните платформи и програми се базираат на промоција на принципот на човекови права. Тие очигледно си имаат своја дефиниција за човековите права. Очигледно, според нивната дефиниција, не може секој човек да има права.“ (во текстот „Државата за едни мајка, за други маќеа“ - Неделно време)
Кога може нашата држава да промовира „човекови права“ само за граѓаните, зошто и етничките партии да не си промовираат „човекови права“ само за Македонците, Албанците, Турците итн., зошто и хетеросексуалците да не си промовираат „човекови права“ само за хетеросексуалците?
Ептен сме тапа за човекови права. Да
потсетам, МВР сеуште се повикува на „Универзитетска декларација за правата на човекот, донесена на 10.12.1948 година“.

Министерски автогол

6/24/2006

Ретко се среќава ваков антологиски гаф: „Во иднина да ве има и во поголем број.“
- изјава на Министерот за труд и социјална политика Стевче Јакимовски при отворањето на народната кујна во Велес, кој се наоѓа на 1-во место на негативната листа на министри на Исо Руси и Катерина Спасовска (извор „Форум“).
После ова, што да му речат корисниците на кујната: „Ај, па да дочекаме и тебе да те гледаме тука секој ден.“
И после кутриот министер се лути кога го викаат нагалено „Стевче-гревче“.

Чепатна грешка

Не чепати само „Форум“ факти:
„- Нема ниту една законска основа ССМ да добие пари што ги распределува Владата, а кои се наменети за невалидните организации. Синдикатот не е регистриран како здружение на граѓани, ниту како фондација. Прекршен е и законот за работни односи, во кој пишува дека работодавачите на ниту еден начин не смеат да ги финансираат синдикатите. Ако се знае дека најголем дел од синдикатите од ССМ се од јавната администрација чиј работодавец е токму Владата, во никој случај ССМ не можел да добие пари - вели Мирјана Најчевска, претседател на Хелсиншкиот комитет за човекови права.“ (Дневник)
Дали по корупцискиот скандал, на повидок е коректорски скандал?
По просветлувачкиот опис „невалидните организации“ мојата поделба на не-Владини (не на Владе Милчин) и не-Владини организации (не на Владо Бучковски) паѓа во вода.
Антоголиска чепатна грешка, куректорски предив, или фјордовски lapsus
lingam?

Animal Liberation

Постот на Вуна во кој го цитира Питер Сингер ме потсети на една случка. Ова што ќе ви го раскажам е „жива истина“, што би рекле по скопски.
Со „
Animal liberation“ од Питер Сингер под мишка, некаде у почетокот на 2001, шетам приквечер помеѓу МАНУ и Судот (верувале или не, речиси цела една година имам работено у МАНУ).
Наоколу се чувствува воена атмосфера, живо пиле нема на левата страна од Вардар по смрачување, а у сиот тој хаос јас си размислувам за текстот што ќе го пишувам. Бев со ниет да пишувам за правата на животните, да ги соочам идеите на Питер Сингер со идеите на
Даниел Денет, во однос на стојалишето на Декарт кон животните како машини, и да се надоврзам на нив. Баш у тоа време си думав дали Сингер преувеличува кога го претставува Декартовиот бескрупулозен однос кон животните.
Сабајлето имав нагазено на чачкалица и кривев на едната нога. Одеднаш, без какво и да е предупредување, ме нападнаа дури 6 кучиња од сите страни.
Кога две од нив ми се фрлија, изгубив рамнотежа нагазувајќи на ногата што ме болеше и паднав на земја.
Во истиот миг, пред кучињата да почнат да ме касаат, мене ми се случи „Animal liberation“. Се разбуди животното у мене и почна на сет глас да р'жи и да ги клоца кучињата. Дури откако почна да фрчи адреналин и бес од мене, и откако попија неколку клоци, кучињата почнаа да ме респектираат, отстапија и ме оставија да ја напуштам нивната територија.
Не им се лутев на кучињата кои најверојатно беа избезумени од воената атмосфера и реагираа инстинктивно на моето неправилно одење.
Жал ми е само што текстот за правата на животните остана ненапишан.

Килава Е-Влада

6/23/2006

Еве како практично функционира фамозната Е-Влада:
Владината страница не се ажурира редовно. Англиската верзија на основните факти за Република Македонија (каде што како глава Х од Уставот е сместен Рамковниот Договор???) со години е under construction.
Ако кликнете на линкот „Агенција за информации“, тој ќе ве одведе на страницата на
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, каде што последната информација е „СТРАНИЦАТА Е ВО ИЗРАБОТКА“.
Толку фалената страница
http://www.uslugi.gov.mk/ не се ажурира (На пр., иако служењето воен рок не е задолжително, сеуште стојат документите Барање за одлагање на служење воен рок по друг основ, Барање за одложување на служењето на воен рок за студенти).
Отидов на
линкови, ама линковите на МНР и Министерството за земјоделство не функционираат. Страницата на Министерството за правда е речиси празна и неажурирана. Жива срамота е податокот дека е спонзорирана од ФИОМ - Метаморфозис.
Последните вести на страницата на МТСП се од 28.04.2006 а на страницата на Министерството за економија од март 2006.
Само на страниците на
Министерство за транспорт и врски и Министерството за економија забележав опција за албански јазик.
Само на страниците на
Министерството за локална самоуправа, на Министерството за внатрешни работи и на Министерството за здравство забележав некаква веб-статистика. Министерството за економија има ставено сајтмитер, кој покажува просек од 125 посети дневно, а сајтмитерот на Министерството за финансии покажува просек од 171 посета дневно. Јадно и бедно. Многу блогови се попосетени од официјалните страници на владините министерства.
Министерството за образование и наука и Министерството за внатрешни работи под итно треба да го сменат дизајнот за да не се брукаат со своите веб-страници.
Убедливо најсупериорна е страницата на
Министерството за одбрана, која има и богата фото галерија и видео продукција.
Општо земено, од тоа како е исполнето ветувањето за едното Е (Е-Влада) можеме да насетиме како ќе бидат исполнети и ветувањата за трите Е (Економија, Едукација, Европа) - доколку СДСМ остане на власт.

Министер за напад?

Како дел од нивните Предизборни манипулации, нашите директни учесници во Светската брука, нашите Соучесници во злосторот, продолжуваат со Окупација на разумот да го оправдуваат нашето учество во окупацијата на Ирак:
„- Со успешните мисии придонесуваме за етаблирање на нашиот пат кон НАТО. Се разбира поканата за НАТО е политичка одлука, меѓутоа Вие на боиштето во Ирак докажавте дека тој статус го заслужуваме, истакна Манасијевски.“ (МИА)
Нашиот „Министер за напад“ повторно се обидува да ја манипулира јавноста дека нашите сили во Ирак се дел од НАТО, иако мисијата на НАТО во Ирак е само тренинг мисија, а нашите беа во „американската база во ирачкиот град Таџи“ каде што извршуваа задачи со „висок ризик“ на боиштето!
Почитуван министре, ако во Ирак не се води војна, тогаш што бараат нашите војници на боиштето во Ирак?

Корупциски скандал

Ова веќе станува неподносливо безобразно:
„Пари за невладините организации:
За синдикатот два, за борците 1,2 милиони денари“ - „Тоа што распределбата годинава се поклопува со изборната кампања е сосема случајно, објаснуваат од Владата.“
Ова смрди на купување гласови пред избори со буџетски пари:
„ССМ до крајот на месецов треба да одлучи дали и која програма од политичките партии ќе ја поддржи за овие парламентарни избори.“
Ова базди на корупција:
„- Освен оваа директна помош од буџетот, Владата му плаќа и кирија на Муратовски, а добива тешки милиони и преку јавните претпријатија. Од 15 ката во зградата на ССМ, Синдикатот држи само 4, а за останатите 11 ката Владата му плаќа кирија, бидејќи наместо државните институции како Уставен суд, Обвинителството, Фондот за пензиско да ги стави во свои простории, тие се кај Муратовски и му помагаат со кирии - вели Дојчин Цветановски од КСС.“
Иронијата да е поголема, еве што пишува во
Програмата на ССМ:
„Сојузот на синдикатите мора да биде во првите редови во борба против корупцијата во рамките на своето место што го има во општеството.“ (РЕЗОЛУЦИЈА против корупцијата и борбата за нејзино сузбивање).
Иронијата да е уште поголема, ССМ воопшто не е регистриран како здружение на граѓани.
Потсетувам на
реакцијата на Хелсиншкиот комитет кога Владата во 2003 год. му додели на ССМ четвртина од буџетските средства наменети за здруженијата на граѓани:
„Ваквата одлука на Владата е без преседан затоа што ССМ не е организација регистрирана според Законот за здруженијата на граѓани и фондации - синдикатите кај нас се регистрираат врз основа на Законот за работни односи и се запишуваат во посебен регистар кој го води органот на државната управа надлежен за работите на трудот, додека здруженијата на граѓани се запишуваат во регистар што го води основниот суд на чие подрачје се наоѓа нивното седиште.“
Која Влада не би посакала ваков „независен, рамноправен и признат партнер во социјалниот дијалог“?

Феминистките и порнографијата

6/22/2006

Само два цитата се доволни за да ги отсликаат феминистичките разидувања:
1) „Порнографијата е суштинска тема бидејќи порнографијата вели дека жените сакаат да бидат повредувани, присилувани, злоупотребувани; порнографијата вели дека жените сакаат да бидат силувани, тепани, киднапирани (...) понижувани, засрамувани (...); порнографијата вели дека жените велат Не ама мислат Да - Да на насилството, Да на болката.“
„Порнографијата вели дека жените се нешта; порнографијата вели дека да се биде користена како нешто е исполнување на еротската природа на жените; порнографијата вели дека жените се нешта што се користат од мажите.“
„Порнографијата вели дека жените се курви, пички; порнографијата вели дека порнограферите ги дефинираат жените; порнографијата вели дека жените се она што мажите сакаат жените да бидат.“
„Порнографијата е индустрија што купува и продава жени.“
(Андреа Дворкин, „Зошто порнографијата им значи на феминистките“)
2) „Кога ќе ги погледнам сите мои претходни изведби не гледам дека сум придонела за каква и да е негативна слика или приказ на жените; а „фидбекот“ што го добивам од мажите и од жените од сите возрасти го поддржува моето тврдење. Добивам големо задоволство од мојата работа - за мене тоа е работа што самата сум ја одбрала. Како феминистки, мораме сите да се бориме да го промениме нашето општество така што жените кои не сакаат да работат родово-стереотипни работи да можат да бидат слободни да работат, чесно да ги издржуваат нивните семејства, и да го исполнуваат нивниот потенцијал во било која работа што ќе ја изберат.“
(
Нина Хартли, „Исповеди на една феминистичка порно ѕвезда“)

Кој кого понижува?

Венко се надминува себеси како „геокултурен семиотички набљудувач“ во колумната „Клоаката на светот“:
„...станува збор за
монтажа во која врз еден гол задник (веројатно машки) е проектирана класична географска карта на светот, при што левата половина од задникот ја претставува - западната, а десната половина - источната хемисфера.“
Не треба човек да има големи познавања од географија за да утврди дека „геокултурната семиотичка опсервација“ на Венко е погрешна (линијата на географско „раздвојување“ исток-запад не е Гринич).
И зарем Венко е толкав познавач на феноменологијата на машкиот г'з (пардон, „задник“), што од оваа перспектива може да заклучи дека полот на „задникот“ е „веројатно машки“?
Верувале или не, етноцентристот Венко, промоторот на метафората за Македонија како „папок на светот“ (и „како лулка на писменоста, како мистично место на светци и чудотворци од типот на Климент и Наум, како источник на мистериите“) го оценува ваквото претставување како колонизаторско и понижувачко:
„И не знам зошто, ама во тој задник на балканското понижување, сепак, откривам – колонизаторски модел на претставување на нештата. Убеден сум дека тоа е еден вид империјалистичка семиотика на понижување на другиот...“
На Венко сигурно му е познато дека империјализмот се темели токму на етноцентризмот (евроцентризмот беше претпоставка за културното колонизирање на „Другите“). Меѓутоа, „семиотичката опсервација“ на Венко страда од сериозен недостаток на авторефлексија. Нашиот „геокултурен семиотички набљудувач“ нема способност да увиди дека неговиот начин на величање на нашите културни дострели - „уште од 11 и 12 век (кога светот уште не бил откриен во целина)“ - е исто така „еден вид империјалистичка семиотика на понижување на другиот“.
Имено, што сака да каже „мажот“ Венко со тоа дека светот „уште не бил откриен во целина“ во 11 и 12 век? Како тоа одеднаш ги избриша од „светот“ древните култури на Инките, Маите, Индусите, Јапонците, Абориџините, „500-те нации“ од Северна Америка...?
До кога ваквите културни империјалисти ќе ги трујат децата со колонизаторски претстави дека „Колумбо ја открил Америка“?
До кога ќе се правиме наудрени дека немало други цивилизации таму?

Ги боли ДИК за жените

Еве што предупредува ХАСАН ЈАШАРИ, професор на Универзитетот на ЈИЕ во Тетово, во колумната Механизмот на желбите:
"Чувството дека во минатото нерегуларноста претставувала шанса да се извлече корист, виси над нашата политичка филозофија. Нерегуларноста на изборниот процес, за жал, има своја традиција кај нас и не може тукатака да се елиминира.“
Навистина, можеме ли да очекуваме дека изборните нерегуларности сами ќе си исчезнат ако не сме направиле ништо за да ги превенираме?
Понатаму, Јашари се фокусира на една од најранливите теми во врска со можните изборни нерегуларности:
„...кај албанската популација, посебно во руралните средини, каде што околу 80 отсто од женската популација има само основно образование, чинот на гласање на список кој содржи 15-20 листи претставува речиси нерешливо испитно прашање. И добронамерната помош на член на семејството, пак, според европските стандарди на либералната политичка демократија претставува повреда на тајноста на изборниот процес и повреда на повеќе индивидуални права на човекот."
Не може да има слободни и фер избори ако во некои средини жените не се во состојба слободно да го остварат своето право на глас.
На Владата и е познато дека не може да добие преодна оценка за фер и демократски избори ако не ја победи традицијата на „групно“ и „семејно“ гласање, и гласање со партиски „помошници“.
Но, дали досега ДИК има преземено некакви мерки за превенција на ваквиот тип изборни нерегуларности, како и за подигање на свеста кај жените во оние изборни единици каде што имало најмногу „групно“ и „семејно“ гласање?
По се изгледа, ги боли ДИК за правото на глас на жените. Кутрите партизирани членови на ДИК се преокупирани со тоа колку сантиметри да биде гласачкото ливче. Мора некаде да чуле дека големината е сепак битна.

Откријте ги насилниците!

6/21/2006

Понекогаш имам чувство дека главна пречка за промоција на човековите права и слободи е тоталитарниот менталитет на новинарите. Погледнете само за што се залага уредничката на „Утрински“, во текстот Алармот ѕвони, има ли некој да го слушне?:
„Германската полиција (...) пред секој фудбалски натпревар ги полни затворите со збеснати навивачи за кои има процена дека ќе направат тепачка на стадионот за да го заштити угледот на земјата-домаќин на Мундијалот. Угледот, иднината и капацитетите на нашата земја се можеби на најголемиот тест досега. Затоа, треба да се има храброст да се повлечат и некои непопуларни чекори, само за да се заштити државата и нејзините граѓани во остварувањето на нивното право за слободно гласање.“
Просто не ми се верува - правото на слободно гласање ќе го заштитуваме со прекршување на правото на слобода и сигурност на личноста?

Кога најпосле ќе научат новинарите дека одлука за лишување од слобода донесува судот, а не полицијата (која без одлука на суд може да апси само во случај на вршење кривично дело).
Во нашиов случај („тепачки, пукотници, повредени, демолирани штабови...“) контроверзниот предлог за „
превентивно апсење“ е тотално промашен. А сугестијата за „превентивна“ полициска акција (a la "Minority Report") е смешна кога кривичните дела се веќе извршени.
Сега е на испит нашиот систем за пронаоѓање на сторителите на кривичните дела. Ако полицијата и обвинителството итно не ги пронајдат осомничените и не ги изнесат пред надлежен суд, тогаш странските набљудувачи ќе изведат заклучок дека Македонија нема капацитет да се справи со предизборно насилство.

Фудбалот и сексуалната експлоатација

Неколку контроверзни изјави:
- „Го сакам фудбалот, но не толку колку што ја презирам сексуалната експлоатација!“ (Јенс Орбак,
министер за родова еднаквост на Шведска)
- „Жените стануваат стока на пазарот, чија цена е помала дури и од цената на еден билет за фудбалски натпревар“ - (Агостино Марчето,
ватиканки бискуп).
- „Купувањето на секс не е спорт: Кажи не на проституцијата на жените за време на Светскиот куп во фудбал во 2006“ (
петиција на „Коалицијата против трговијата со жени“).
Можна ли е ефективна борба против трговијата со жени заради сексуална експлоатација во услови кога купувањето и продавањето фудбалери се смета за „нормална“ работа?

„Миротворци“

6/20/2006

До кога ќе пееме пред избори - „Денес над Македонија се гаѓа...“?
Еве што известува „Шпиц“ за предизборните активности на ДПА во Арачиново:
„Потпретседателот Мендух Тачи вети дека ДПА за еден месец откако ќе дојде на власт ќе обезбеди мир и стабилност за Албанците, за разлика од ДУИ која, како што рече, не умее да се заштити себеси, бидејќи, според него, македонската полиција ги тепа дури и нивните високи функционери.“
Очигледно, и „миротворците“ од ДПА сакаат да се офајдат од предизборните „активности“ на нашите спроведувачи на редот и мирот. Но, од каде тоа ДПА тврди дека допрва ќе обезбедува мир и стабилност, и тоа само за Албанците, и само под услов ДПА да дојде на Власт?
Мора да станува збор за предизборни „шпекулации“, затоа што Владо Бучковски на својот изборен плакат убаво не потсетува: „Во Македонија ги вративме мирот и стабилноста.“
Зарем коалицијата „Guns & Roses“, поранешните „Учки“ и поранешниот министер за одбрана, го вратија мирот и стабилноста во Македонија?
Не ли ви е доста од глумењето „миротворци“! Ако навистина бевте за мирна и стабилна Македонија, воопшто немаше да се коцкате со мирот како адут во предизборната кампања.
Оти, не случајно, откако почнавте да играте на картата „го вративме мирот“ - „
Калашникови станаа изборни адути“.

Секој со секого?

Доколку најмногу гласови на изборите од партиите на етничките Албанци освои ДУИ, а победи ВМРО-ДПМНЕ, можна ли е Владина коалиција помеѓу овие две партии?
Рафиз Алити од ДУИ смета дека е можна: „Во сите земји каде што живеат етнички заедници, како што се Албанците во Македонија, треба да се почитува тој принцип кој ќе земе еден глас повеќе да ги претставува интересите на својот народ.“ (
„Градиме иднина во Македонија“)
Дали ќе се воведе уште едно непишано правило мандаторот на новата влада да ја кани во Владината коалиција партијата која освоила најмногу гласови кај етничките Албанци?
Рафиз Алити дава аргументи во прилог на такво решение:
„Мислим дека не е интерес ниту на таа владина коалиција за свој коалициски партнер да земе партија со помалку гласови и пратеници, зашто така се губи легитимитетот од избирачите. Не би било добро ни кај партиите од албанскиот блок да не го почитуваат гласот на народот кај Македонците. Таа партија која ќе освои едно пратеничко место повеќе, нормално ќе добие мандат да формира влада и ние тоа треба да го почитуваме.“

Ракавицата е фрлена. Останува да видиме како ќе реагираат другите партии. Дали наместо коалиции засновани на заеднички политички платформи кај нас ќе победи спортската идеја за формирање на коалиција на „етнички победници“? Како што не потсетува Рафиз Алити, партиите се мошне промискуитетни кога станува збор за коалицирање: „...изминативе 15 години покажаа дека секој со секого може да коалицира."
Секој со секого - Македонија за никаде?

„Доста е“ од негативци!

6/19/2006

Се сеќавате ли на негативната кампања на СДСМ на претходните парламентарни избори кога политичките противници беа претставувани на билборди како „ѓаволи“? СДСМ продолжува со негативна кампања и за овие избори.
Вака почнува „позитивната“ програма на СДСМ за клучните приоритети од трите Е (Економија, Едукација и Европа): „За време на мандатот на ВМРО-ДПМНЕ економијата беше во состојба на тотален колапс“; „Владата на ВМРО-ДПМНЕ, која раководеше со Република Македонија во периодот од 1998 до 2002 година, на вистински начин покажа колку едно раководство може да се однесува незрело и недостоинствено кон образовниот и научниот развој во својата држава“; „...четиригодишното владеење на Владата на ВМРО-ДПМНЕ не само што ја врати нашата европска интеграција на почеток, туку безмалку ја втурна земјата во непознат правец на движење.“
Во целиот текст ВМРО-ДПМНЕ се спомнува дури 43 пати!
„Програмата“ на СДСМ всушност и не е никаква програма затоа што во неа многу малку се кажува што СДСМ планира да направи доколку го освои мандатот. Многу повеќе се кажува што претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ не направила (или направила лошо) и што сегашната влада на СДСМ направила за овие 4 години.
Не е само „програмата“ негативна, туку и кампањата. Во сите три клучни ударни слогани среќаваме понекое „не“ кое асоцира на ВМРО-ДПМНЕ:
„Да не дозволиме уште една авантура, која сигурно ќе не врати назад. Да не почнуваме од почеток. За Македонија Напред, Не Назад.“
Еве што укажува и претседателот Црвенковски: „Сакам да ги потсетам партиите дека искуството на парламентарните демократии говори дека никој и никогаш не победил само со негативна кампања.“ (
Одговорен сум и за доброто и за лошото во овие 15 години)
Дали Црвенковски го насетува поразот на Бучковски, па си подготвува терен за враќање на чело на СДСМ за на следните парламентарни избори?

Полициска држава?

Извадок од месечниот извештај за месец мај, на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, од делот во кој се критикува текстот на последниот Предлог на закон за полиција (од март 2006 година) :
„Можната тортура се спомнува во став 4 од чл. 79 од законот во една реченица: забранета е употреба на средства за присилба заради изнудување на признание или изјава. Нема механизам за жалба, нема контрола, нема процедура, посебна истрага, или било која друга активност која би соодветствувала на стандардите на Советот на Европа според кои: полицијата има обврска да направи најмногу што може за да запре вакво однесување.
Наспроти стандардите, не е предвидена обврска за пружање помош на повредено лице спрема кое е применета присила. Според законот самиот полицаец утврдува дали е тоа неопходно и дали тоа го дозволуваат околностите. Дали во практика тоа значи дека доколку е студено полицијата нема да му помогне на повредениот кој паднал во река и се дави?“
Покрај отсуството на механизми за заштита од тортура, меѓу другото, Хелсиншкиот комитет укажува и на отсуството на ефикасни механизми за контрола на полицијата, на нееднаквоста на граѓаните и полицајците во случај на прекршување на законот, на нетранспарентноста на полицијата („граѓаните не можат да добијат информација за тоа: како, со кој акт и со кои овластувања и под чија надлежност делува специјалната единица Алфи“), како и на практиката на безразложно легитимирање и евидентирање „...ако се однесуваш на начин кој кај некој полицаец ќе предизвика сомневање дека би можел да сториш прекршок“.
Ќе вети ли пред избори некоја од партиите дека ваков небулозен закон нема да биде донесен?

Насловите сами зборуваат

6/18/2006

Еве што вели нашиот премиер:
Бучковски: Го направивме Чаир безбеден за живеење
Еве што велат другите наслови:
Тројца убиени и шестмина повредени во Чаирчанка
Ден на жалост во општина Чаир
Мирен протестен марш во Чаир
Убиените и ранетите кај Чаирчанка се случајни жртви
Еден убиен и еден тешко повреден на „Џон Кенеди“ во Чаир
За кој Чаир зборува нашиот премиер?

Светска брука!

Мултинационалните сили (MNF) во Ирак (вклучително и нашите) се обвинети за голем број сериозни кршења на меѓународното право од страна на повеќе меѓународни невладини организации:
1. Приведувања и затвори: MNF и ирачката влада држат околу 30,000 ирачки затвореници по долги временски интервали без било какво обвинение или судење.
2. Злоупотреба и тортура врз затворениците: Мултинационалните сили ги подложуваат затворениците на суров, нечовечки и понижувачки третман, којшто е идентификуван од страна на активистите за човекови права како злоупотреба и тортура.
3. Употреба на нелегално, недискриминирачко и изразито штетно оружје: MNF користат недискриминирачко и изразито штетно оружје кое е забрането со меѓународни конвенции или за кое постои широко распространето мислење дека е нехумано.
4. Напади врз густо населени населби и користење тактика на опсада: MNF постојано напаѓаа густо населени цивилни населби со бомби и тешко вооружување. Ваквиот вид на дејствување, кое се одвива и ден денес, резултираше со голем број цивилни жртви и масовно уништување на физичката инфраструктура, создавајќи голем број бегалци (200,000 бегалци само во Фалуџа).
5. Неправилности во трошењето средства и недостиг на надзор над работата на Развојниот фонд за Ирак.
6. Неуспех да се заштити културното наследство: Коалицијата не успеа да го заштити бесценетото културно наследство на Ирак.
7. Неказнивост: Советот за безбедност на ОН ја афирмираше важноста на владеењето на правото и ставањето крај на неказнивоста. Меѓутоа, MNF побараа широка неказнивост за нивните сили, за вработените во приватните агенции за обезбедување, за странските воени и цивилни претприемачи, па дури и за нафтените компании кои работат со Ирак.
Организациите потписници на ова писмо бараат од Советот на Безбедност „повторно да го разгледа, да го измени, или да го прекине“ мандатот на MNF.
А кутриот наш „зелен“ министер за одбрана („и последњи дани“?) сеуште не убедува дека нашите војници се испратени во „мировна мисија“.

„Да се биде, или да не се биде човек“?

Многу ми боде в очи слоганот на ДОМ „Да се остане човек“.
Слоганот сугерира идеи што не се во согласност со концептот на човекови права, иако ДОМ вели дека се бори за човековите права на маргиналните групи.
Не можеш да престанеш да бидеш човек, според принципите на човековите права, се додека си жив. Слоганот „Да се остане човек“ може да биде компатибилен со концептот на човековите права само во смисла „Да се остане жив“! Но, со слоганот на ДОМ се сугерира сосем поинаква порака.
Ако постои можност да не се остане човек, тоа значи дека човек може да ја загуби човечноста, дека може да престане да биде човек. Тоа значи дека оној што не останал човек можеме и да не го третираме како човек. Според концептот на човековите права, станува збор за неотуѓиви права кои не можат да му се одземат никому, без разлика што сторил/а, и без разлика дали ние го/ја сметаме за човек или не.
Независно од тоа дали ваквата идеја црпи инспирација од приказната за Диоген Циникот (кој сред бел ден со запалена лампа барал „човек“ по улиците на Атина), таа е неспоива со современите поимања на тоа што значи да се биде, и да се остане човек. И крволочниот сериски убиец е човек, без оглед на тоа колку поборниците на смртната казна сакаат да го претворат во не-човек.
Што би рекол еден наш поранешен пријател, „Ништо човечко не ми е туѓо“!
Ниту настојувањето некои луѓе да ги третираат другите како не-луѓе, врз основа на некои сомнителни хуманистички идеи кои мирисаат на свирепост.

Соочи се со различноста! (3)

6/17/2006


За неки аспекти на сексуалната различност сеуште немаме име во нашиот јазик.
"Wetlook" е насоченост кон носење влажна облека и кон добивање сексуално задоволство од гледањето на други луѓе кои носат влажна облека.
Многу жени уживаат да носат влажна облека, а помалку од нив уживаат да гледаат мажи во влажна облека. "Wetlook" мажите подеднакво уживаат во обете нешта.
Луѓето со ваква сексуална насоченост можат да се поделат во две групи: едни кои настојуваат да останат со влажна облека колку што е можно подолго, и други за кои моментот на навлажнувањето и начинот на навлажнувањето на облеката е најбитен. Некои од мажите воајери од втората група можат да доживеат оргазам само преку гледање жени во влажна облека. Исто така, разлики постојат и во однос на тоа дали навлажнувањето е ненадејно и брзо или очекувано и со колебање.
Кои се омилени нешта на луѓето кои се Wetlook насочени?
Омилено место од станот: туш кабината.
Омилен филм: „10“ со Бо Дерек.
Омилено годишно време и место: лето, покрај плажа.

Омилени места за излегување: кафеа и дискотеки со базени.
Омилена играчка: пиштол на вода.
Омилено место во паркот: тревниците со прскалки за вода.
Омилен поздрав: „Влажни соништа!“
Дали некогаш сте добиле желба неочекувано да му истурите вода или да го испрскате вашиот сексуален партнер?

Дали сте го сториле тоа?

Anatema

6/16/2006

Eve eden mal pozdrav od Solun, duri sega najdov internet-klub.
I zatvora za 10 min.
Edna rabota mi ostavi neverojaten vpechatok.
Likot na Aleksandar go ima nasekade vo mojot hotel: ogromna slika vo hodnikot, na elektronskata kartichka, na sapunchinjata, na shamponite; duri i na toaletnata hartija ima nalepnica so likot na Aleksandar.
"Shit" ili ("Anatema")!
Se zgaziv od smea koga go vidov prevodov kako subtitle na film.

STOP за Гвантанамо!

6/13/2006

Следејќи го Amnesty International, и ЕУ конечно побара затворање на озлогласениот камп Гвантанамо кој стана синоним за тортура.
Австриското претседателство на ЕУ го опиша кампот како „
Аномалија што треба да биде запрена што побргу“.
Amnesty International побара и независна истрага за смртта на тројцата притвореници од страна на експерти на ОН кои ќе можат да разговараат приватно со притворените лица.
Да се потсетиме на една од најступидните изјави на годината (од командантот на базата, контраадмиралот Хари Харис):
„- Тие се итри. Тие се креативни, тие се фанатици. Тие не ценат животи, ни нашите, ни своите. Убеден сум дека ова не е акт од очај, туку смислена асиметрична војна против нас.“ (
Затвореници се обесија во Гвантанамо).
Еве ја и реакцијата на
Amnesty International:
„The dismissal of the deaths of the three detainees by the US Deputy Assistant Secretary of State for Public Diplomacy, Colleen Graffy as “a good PR move to draw attention” shows a chilling disregard for human life.Amnesty International is also deeply concerned by the statement from the Commander of Joint Task Force Guantánamo, Navy Rear Admiral Harry B. Harris that the three detainees had not killed themselves out of desperation, but as “an act of asymmetric warfare”. “The Commander’s statement is entirely inappropriate, and is part of a pattern of official commentary on the presumed guilt of detainees who have never had an opportunity to challenge their detentions in a court of law,” said Rob Freer.“

До кога непријателите на човековите права ќе бидат наши најголеми „демократски“ пријатели?

Анти-корупциски илузии

Еве што признава за корупцијата во својата најнова колумна поранешниот министер на МВР и МНР (познатиот љубител на уметнички слики и расни коњи):
„Секоја и малку посилна партија ја зголемуваше, а не се бореше против.“

Погледнете како си го замислува намалувањето на корупцијата поранешниот министер на силната партија која досега ја зголемуваше корупцијата, а не се бореше против:
„Корупцијата ќе се намалува со отворање на општеството и процедурите во него кон меѓународен мек мониторинг.“
Против корупцијата мора да се избориме самите. „Меѓународниот мониторинг“ нема да се бори против корупцијата туку ќе набљудува колку сме самите способни да се бориме против неа.
Бугарија нема да биде примена во ЕУ ако не докаже дека има капацитет да се бори против корупцијата. При потпишувањето на договорот со ЕУ, на Албанија и беше јасно порачано дека прво што од неа се очекува се резултати во борбата против корупцијата.
Каде се нашите резултати од борбата против корупцијата?
Каде се откинатите глави од „октоподот“?

Без нив нема отпочнување преговори со ЕУ.

Што и сторија на историјата?

Еве што напишав во еден од коментарите на постот „Дневен билтен“:
„Денот на победата против фашизмот, први мај, Велигден, Нова година, итн. ги славиме заедно со многу земји, па никому ништо. Зошто не би го славеле заедно со Грците, на пример, денот кога македонските и другите армии го освоиле Вавилон на чело со Александар? Зошто не би го славеле Крали-Марковден заедно со Србите? Зошто не би го славеле денот на раѓањето на мајка Тереза (или Скендербег) заедно со Албанците?

Или, историјата е наша и само наша? Многу себично размислување.“
Ивица Боцевски ја следи истата линија на размислување во својата колумна
„За етничкиот и за граѓанскиот идентитет“ - 10 јуни 2006 година:
"Не ми е јасно што има лошо во заедничката прослава на Илинден помеѓу Македонија и Бугарија, или, пак, заедничката прослава на конгресот каде што е кодифицирана албанската азбука измеѓу Македонија и Албанија, или, пак, заедничка прослава за Крали Марко помеѓу Македонија, Бугарија и Србија."
Ја поздравувам поентата на Боцевски дека „историјата на Македонија не е само историја на Македонците“. Исто како што историјата на Бугарија не е само историја на Бугарите. Исто како што историите на Србија и Грција не се само истории на Србите и Грците.
Многу е смешно кога човек ќе чуе небулозни коментари од типот дека не треба да го славиме Илинден заедно со Бугарите оти тие биле „окупатори“. А притоа, никој од коментаторите не се буни зошто денот на победата против фашизмот го славиме заедно со Германците и Италијаните!

До кога ќе трпиме вакви глупости?
На крај, да се потсетиме само на дефиниците на Емброус Бирс, од неговиот „Ѓаволов речник“ за „историчар“ и „историја“:
„HISTORIAN, n. : A broad-gauge gossip.
HISTORY, n. : An account mostly false, of events mostly unimportant, which are brought about by rulers mostly knaves, and soldiers mostly fools.“

Колку сме - државјани? Колку сме - луѓе?

6/12/2006

Прочитајте ја прекрасната сторија на Сенад Расимов: ЛИЦА БЕЗ ДРЖАВЈАНСТВО - Илјадници луѓе се невидливи за државата: „Околу 1.500 Роми во Македонија не постојат за државата. Не само што не добиле македонско државјанство туку немаат никакви документи па за надлежните се - невидливи. Ги има во сите градови, но најмногу во Скопје.“
Треба ли да потсетуваме дека лицата без документи не се во состојба да ги остварат ниту основните човекови права? Посебно, кога ќе се земе предвид тенденцијата кај нас човековите права да се редуцираат на „човекови права на граѓаните“.
Теоретски гледано, бројот на лицата без државјанство кои биле населени во Република Македонија во 2002 год. би можел да се добие кога од бројот на вкупно попишани лица би се извадил бројот на лица кои се државјани на Република Македонија (евиденција за ова води МВР).
Меѓутоа, мене не ми е познато оваа евиденција на МВР да била досега јавно достапна. Во што е поентата?
Демек, правевме попис за да можат да отпочнат процесите на децентрализација и воведување правична застапеност. Меѓутоа, воопшто не ни требаше никаков попис за да отпочнат овие процеси, потребни ни беа само резултатите од евиденциите на МВР за тоа колку граѓани во која општина живеат, и како се изјасниле во обрасците за државјанство.
Оти, носители на уставните права (по Амандманите од 2001 год.) се граѓаните на Република Македонија, а не „населението“ (како што пишува во „Рамковниот договор“)!

Зошто имам чувство дека податоците од МВР за вкупниот број граѓаните/државјани и за нивната „национална припадност“ намерно се кријат и дека со нив политички се манипулира?

За непоправливите оптимисти

Интересно совпаѓање. И Ѕвездан Георгиевски ја користи метафората за „оптимистот во лепешки“ од „политичкиот“ виц што го раскажав во еден од коментарите на постот „Ситни лаги за „крупни резултати“:
„За жал, живеејќи и копајќи во лепешкиве сите овие години, и покрај оптимизмот, морав да сфатам дека во Македонија не виреат толку многу понија, ами повеќе успеваат говеда. Имено, копаш, копаш по лепешките и - опа - ете еден вол. Копаш уште, па пак уште еден вол. Копаш уште, и уште еден вол. Сега ми е јасно зошто сме сточарска земја.“ (
Приказна за лепешките)
Ѕвездан Георгиевски дава мошне луциден и „волунтаристички“ профил на политичар што дошол на врвот во македонската транзиција:
„Велат дека ако го фрлиш човека во вода, ќе му пораснат жабри. Нема никакви причини да не веруваме дека ако човека го оставиш во лепешки, дека нема да стане вол. Овие 15 македонски транзициски години апсолутно го докажуваат тоа.“
И кај Ѕвездан Георгиевски е забележливо културно-политичкото влијание на каубојските филмови. За мене е спорно само тоа дали тука станува збор за лепешки од волови или поскоро за брбушки од овци?
Или, пак, за „непоправливите оптимисти“ тоа е сосем небитно прашање?

Кој тука пие нафта?

6/11/2006

Еве што вели Антонио Милошоски, во текстот „Америка, Европа, Иран и ние“:
"Америка можеби може да биде набедена за изигрување светски полицаец или суперсила која пречесто ги покажува мускулите, но не може да биде обвинета за недемократија."
Може ли некоја држава да се нарече „демократска“ ако систематски ги прекршува човековите права? (види
САД и човековите права)
Што има заедничко „извезувањето“ на демократија со „ослободувањето“ на нафтените полиња во Ирак?

Дали и „крстоносната“ војна против „џихадистичките терористи“ и „оските на злото“ е дел од новиот бран на „демократизација“?

Вестерн или мафијашки филм?

Некои мислат дека нашиот транзициски филм наликува на политичко-полициски трилер во мафијашки стил, а некои мислат дека сеуште не сме ја надминале матрицата на вестернот. Еве што констатира Мухамед Халили во текстот „ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА ПОД КИЛИМ - „Каубоите“ на 21 век!“:"Имајќи ги предвид последните настани со кршењето на човековите права во нашата земја, (...) се добива впечаток дека тука владеат законите на каубојите од веќе заборавените филмови на Џон Вејн."
Халили како да е убеден дека филмот
Internal Affairs (1990) уште не сме го гледале:
"Во ресорот за внатрешни работи секогаш тече мед и млеко без оглед кој е на чело на таа институција." (...)
Толку години од осамостојувањето поминаа а никако да почнеме да го гледаме ниту
L.A. Confidential (1997):
"Некој мора да одговара за убиството на недолжни луѓе, кое доаѓа како резултат на лошо планирана акција. Во такви случаи сосема е неоспорна и оставката на луѓето што се на чело на такви институции."
Стварно, после толку ограбени „поштенски кочии“, после толку пукотници по маалските „корали“, со толку неприкосновени локални шерифи и разгневени луѓе кои се обидуваат да ја земат правдата во сопствени раце, мошне тешко е да се излезе од впечатокот дека го преживуваме „вестернот“ како политички жанр.
Со таа разлика што „каубоите“ неочекувано почнаа да ја губат популарноста откако овчарите мрсно се офајдија!

Соочи се со различноста (2)

Аквафилијата се смета како форма на сексуален фетишизам, или воајеризам - изведување сексуални активности под вода, или сексуална возбуда од гледање на луѓе во вода.
Што има лошо во тоа да си аквафил ако не повредуваш ничии права?
Најомилена глумица на аквафилите е Естер Вилијамс.
Најомилени филмови - „The Big Blue“, „Sweeming Pool“,
итн.
Сирените се омилена аквафилска фантазма.
Најомилени спортови - scuba diving, синхронизирано пливање, скокови во вода.
Најомилена книга - 20.000 милји под морето.
Најомилено место во станот - кадата.
Обожаваат куќи со базени и „џакузи“.
Аквафилите имаат и свое
списание.
Сакате да станете член на Yahoo групата „
Girls Underwater“?
Дали и аквафилите се „ненормални“ и треба да се „лечат“?
Би прифатиле ли некој/а аквафил/ка, ако посака јавно да го изрази својот сексуален идентитет?

„Не за педераси“?

6/10/2006

Вториот меѓународен фестивал на „бајкерите“ се оддржува деновиве во хотелот „Белви“. Фестивалот е организиран од „Night Wolfs“ кои имаат симптоматичен слоган: „Brother Once, Brothers Forewer“!
На еден од плакатите на фестивалот стојат следниве пораки:
„Не за дрога, Не за оружје, Не за насилство, Не за педераси“?!?
Што е финтата? - „Педерасите“ се исто толку „опасни“ и „непожелни“ како и дрогата, оружјето, насилството?
Ако наместо „педераси“ пишуваше „Каури“, „Цигани“, „Шиптари“, „Евреи“, „Црнци“ итн., фестивалот сигурно ќе беше или забранет како расистички или организаторите ќе добиеја високи казни. Во секој случај, ќе се дигнеше голема фрка
Ама кога некој отворено застапува сегрегација и дискриминација кон „педераси“ у Скопје, хетеросексуалното мнозинство си гледа сеир и фудбал.
А хомофобите само што поминаа со громогласна бучава низ „Партизанска“.

Ситни лаги за „крупни резултати“

6/09/2006

„- Не гледам крупни грешки, туку крупни резултати, вели Митрева запрашана за тоа зошто не се остварија првичните најави на Владата за полноправно членство во НАТО во 2006 година.“ (Митрева: Во изминатите четири години Македонија постигна извонредни резултати на надворешен план)
Да видиме во што се состојат „крупните резултати“ на Владата:
„Со почетокот на преговорите за членство во ЕУ, како што посочи во 2007 година, се очекува да почнат и разговорите за целосна либерализација на визниот режим, што според неа би требало да профункционира најдоцна до почетокот на 2008 година.“
Почитувана министерке!
Какви се тие „постигнати извонредни резултати“ во некое идно време?
Кога зборувате за постигнати „резултати“ очекуваме да упатувате на сегашноста или минатото, а не на иднината.
За какви „крупни резултати“ зборувате кога не ги отпочнавте ниту преговорите за членство во ЕУ, кога не овозможивте ниту целосна либерализација на визниот режим, ниту полноправно членство во НАТО?
„Крупни резултати“ со ситни лаги не се постигнуваат.
Под итно да си го смените диоптерот на „розевите очила“.
Ако нашата тотално партизирана и непрофесионална дипломатија не правела „крупни грешки“, барем една од крупните цели за кои зборувате ќе беше остварена.

Хистерично слепило?

Во написот „Наместо мевосек, фатиле швалер“, новинарот укажува дека „Стравот на тетовци кои се плашат од нов напад на психопатот со нож во некои случаи се граничи со хистерија“.
„Манијакот“ одеднаш доби и медицинска дијагноза - „психопат“!
Ако се наоѓате во Тетово, немојте случајно да носите „торбиче или чанта на грбот“! Постои голема шанса да бидете осомничени како „манијак“! Потенцијални жртви на „манијакалната хистерија“ се и оние што имаат тајни љубовни врски: "А бе јас не сум мевосекот туку само обичен швалер!" - изјавува невината жртва на полициската операција извршена по „оперативното јавување“ на граѓаните.
Откако успешно ја доловува „хистеричната атмосфера“, новинарот почнува и да се подбива за начинот на соработката на граѓаните со полицијата:
„По една епизода кога Касандра требало да се брани и да докажува дека е невина, во тетовската полиција имало повеќе јавувања на средовечни дами кои пријавувале и сакале да сведочат дека "Касандра не е крива".“
Како бе „Касандра“ не е крива? Да ја убедеа да се кандидира за пратеничка, сигурно ќе ја гледавме во парламентот. И така собраниските седници ни личат на сапунски опери.
После толку „сапуници“ - на ТВ, во Собранието, во Владата, во партиите - и секојдневниот живот почнува да ни се претвора во „сапуница“.
Уште сапуница со „сериски убиец“ ни фалеше!
Остај друго, сега тетовчани ќе се фалат дека нивниот град е поголема метропола од Скопје.

Соочи се со различноста! (1)

Дендрофилија значи љубов кон дрвјата.
Дендрофил е оној што ги сака дрвјата.
Според
некои објаснувања, станува збор за невообичаена љубовна состојба во која „некоја личност е сексуално привлечена или заинтересирана за дрвја (веројатно поради нивниот фалички симболизам)“.
Може да значи и обожување на дрвјата како симболи на плодност.
На интернет можат да се најдат
групи на луѓе кои сакаат дрвја и кои споделуваат фотографии на нивните омилени дрвја.
Типична дендрофилска
фотографија.
Типичен дендрофилски
филм.
Дали и дендрофилите се „ненормални“ и треба да се „лечат“? Дали треба да ги оставиме на раат затоа што не прават штета никому?
Познавате некој/а дендрофил/ка?
Дали би го/ја прифатиле ако посака јавно да го изрази својот сексуален идентитет?

Губење политички кредибилитет

6/08/2006

Мала споредба како известуваат печатените медиуми откако извештајот на Советот на Европа ја обвини Република Македонија за кршење на човековите права во случајот „Ел-МАсри“:
„Дневник“ - КОНЕЧЕН ИЗВЕШТАЈ за тајните затвори на ЦИА -
Владини функционери го криеле Ел Масри: „Околу 20 лица од македонска страна учествувале во случајот помеѓу кои четири или пет лица со политичка одговорност во Владата.“
„Утрински“ -
Стразбур ја посочи Македонија како дел од „пајаковата мрежа“ на ЦИА - Документите потврдуваат дека авион на ЦИА слетал во Скопје на 23 јануари 2004 година: „Швајцарскиот сенатор изнесува серија контрадикции во изјавите на македонските официјални лица. Според него, „македонскиот министер за надворешни работи извршил детаљна реконструкција на случајот, но за жал резултатот е некоректен“.“
„Време“ -
Македонија го киднапирала Масри по барање на ЦИА - „Државава е ставена во првата (најлоша) категорија на земји, кои киднапирале осомничени за тероризам“.
„Шпиц“ - „ЦИА со 14 европски јатаци“ - „Четиринаесет земји од Европа, меѓу кои е и Македонија, соработувале со ЦИА при тајните транспортирања на осомничени за тероризам или, пак, ги толерирале“.
Како што забележувате, известувањето на „Шпиц“ е најмеко! Во непотпишаниот напис воопшто не се наведуваат никакви детали од случајот „Ел-Масри“, иако нему му е посветен обемен простор во извештајот на Советот на Европа. Тоа е на иста линија со денешната изјава на Шеќеринска (за Радио Скопје) која се обидува да го „заташка“ случајот со укажувањето дека половина земји членки на ЕУ се спомнати во извештајот на Советот на Европа.
Првичните негирачки реакции на портпаролот на МВР, на поптпретседателката на Владата, и на претседателот на собраниската комисија за одбрана и безбедност само ја влошуваат сликата за властите на Македонија како некооперативни, „ригидни“ и „стереотипни“.
Генералниот секретар на
Советот на Европа денеска даде изјава со предупредувачки тонови до Владите што веднаш ги негираа обвинувањата - „..мислам дека треба да појаснат дали ги испитале тие обвинувања пред да ги отфрлат“.
Ќе се надоврзам на поентата на
.аНТИблог: Апсачите на Масри: „Главното прашање не е тоа дали ќе имал случајот влијание врз Евроинтеграциите, туку како да ги најдеме тие „луѓе“ меѓу нас и да ги осудиме? Утре истото ќе ни го направат и нас.“
Извештајот на Советот на Европа обвинува за „здружен политички потфат“ за прикривање на фактичката состојба во врска со случајот „Ел-Масри“.
Ако не се вмешани во случајот, зошто нашиот Претседател, нашата Влада, Собранието, Министерот за внатрешни работи итн, не поднесат тужба за клевета против Марти за наводите во неговиот извештај? Зошто не излезат со против-аргументи и докази кои ќе ги оспорат доказите што се наведени во извештајот?
Приказната на нашите власти е оценета како „неверодостојна“, небаре станува збор за приказна со Црвенкапа и волкот.
Ако нашето обвинителство е навистина независно, по извештајот на Советот на Европа, треба да покрене истрага поради основани сомненија дека „четири или пет“ одговорни лица во Владата биле инволвирани во случај на „помагање на сторител во извршено кривично дело“ или „однапред ветено прикривање на кривично дело“. Исто така, дефинитивно треба да покрене истрага поради основани сомненија за противправно лишување од слобода и поради основани сомненија за нечовечки третман врз Ел-Масри.

Ако Собранието е навистина контролор на власта, под итно треба да свика собраниска седница на која ќе донесе одлука за поведување посебна собраниска истрага за евентуално прекршување на човековите права на Ел-Масри, и за евентуалната вмешаност на владини претставници.
Само тоа би ми дало извесна надеж за враќање на изгубената верба во институциите на мојата корумпирана држава.

Предизборни ЕУ-логии

Во предизборното интервју во Време Шеќеринска оптимистички изјавува:
„Доколку Македонија годинава настапи со затворен фајл на извршени обврски, како што тоа го стори во 2005, ние наесен ќе добиеме датум за преговори, без оглед што на маса нема да биде новиот предлог за уставниот договор во ЕУ. “
Веќе не ја читам Шеќеринска, ниту во интервјуа, ниту во колумни.
Како протест против аутистичките ЕУ-логии на Шеќеринска, отсега почнувам да пијам чај и кафе без шеќер!

Кој ќе ја плати „сметката“?

6/07/2006

Република Македонија е повторно на столбот на срамот.
На
мапата на глобалната „пајакова мрежа“ на тајни затвори и меѓународни трансфери, Скопје е обележано како „pick up point“!
Во
соопштението за јавноста, Република Македонија (односно “the former Yugoslav Republic of Macedonia”) е ставена на листата од седумте земји кои се прогласени за одговорни за кршење на правата на одделни индивидуи.
Во заклучокот од
Меморандумот на известувачот Марти, експлицитно е наведено дека “The former Yugoslav Republic of Macedonia“ е одговорна за случајот „Khaled El-Masri“ (види претходни постови)
Во образложението, посебно е претставена „официјалната верзија“ на нашите власти, опишана како „комплетно негирање, повторувано на ригиден и стереотипен начин“. Поради недостатокот од транспарентност и неподготвеноста за искрена потрага по вистината, македонските власти се сметаат за одговорни и за негативната перцепција на случајот во нашата јавност (како обид да се „дискредитираат изгледите на Македонија за Европското интегрирање“). Според Марти, властите вложиле напор за хармонизирање на „официјалната верзија“, а не за утврдување на вистината.
Верзијата на Марти за случајот „Ел-Масри“ е следнава:
Откако го симнале од автобусот на граница на 31.12.2003, агентите на УБК испратиле опис на Ел-Масри до ЦИА како осомничен за контакти со терористи. ЦИА испратила потврден одговор и побарала „асистенција“ од УБК (како локална партнерска организација позната по својот професионализам!). Операцијата на чување во притвор на Ел-Масри, додека не биде трансфериран, била раководена од агенти на ЦИА кои ги пренесувале прашањата до УБК, без да учествуваат во испитувањето на осомничениот.
Од доверливи инсајдери во разузнувачките служби, биле добиени информации дека 20-тина службени лица од македонска страна биле инволвирани во случајот, вклучително „четири или пет“ политички одговорни лица во Владата!
Споменати се и наодите на македонскиот Хелсиншки комитет за практиката на постоење на специјални „апартмани“ каде што осомничените се испрашуваат и понекогаш држат во притвор, вон нормалниот систем за лишување од слобода.
По „
туристичката“ Ел-Масријада, останува нејасно и кој ја платил, односно кој ќе ја плати сметката за притворот на Ел-Масри во „Скопски Мерак“?
Министерот за внатрешни работи изјавил дека сопственикот на хотелот требало да ја има сметката на Ел-Масри, а сопственикот на хотелот изјавил (и телефонски и лично) дека сметката му била предадена на Министерството за внатрешни работи.
Дали „сметката“ ќе ја платат и останатите „четири или пет“ политички одговорни лица во Владата и нашите парламентарци кои не покренале никаква истрага (и кои три години не вршат никаква контрола врз УБК)?
Или како и секогаш, „сметката“ уште веднаш почнавме да ја плаќаме сите ние, добивајќи убави вести дека „еден убав ден“ можеби и ќе отпочнеме преговори за членство во ЕУ!

Мојот список со блогови

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Архива на блогот

Footer Widget 1

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Footer Widget 2

Популарни објави

Популарни објави

Popular Posts this month

Popular Posts this week