Скандал: Каде исчезна Македонија?

12/06/2010

Како што знаете, деновиве Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ е гостин на подмладоците на Европските народни партии (YEPP).

Еве линк до деталната програма објавена на сајтот на YEPP. Во програмата воопшто не се спомнува зборот Македонија. Не се спомнува ни зборот „Macedonian“, иако на англиски партијата е „Internal Macedonian...“.

На страницата каде што се објавени членовите на YEPP нашата држава е заведена како FYROM, а Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ е заведена како „UMS of VMRO-DPMNE“. И на страницата на EPP сме сеуште FYROM, а Груевски е „the Prime Minister of FYROM“.

Вчера Груевски ги обвини своите политички противници дека се за брза промена на името, брза промена на идентитетот и јазикот.

Вака ли се чува името, идентитетот, јазикот? Среде Скопје исчезнува Македонија, а се гостат тие што не нарекуваат исклучиво FYROM - „сонародњаците“ на Груевски.

Главни соучесници во „фиромизацијата“ на Македонија се Груевски и неговите послушни омладинци - дури и во главниот град на Македонија.

И на видеово можете да видите дека под името на Груевски не стои ништо.

Претставен е како „претседателот на Владата“, а не како „претседателот на владата на Република Македонија“.

Ова е предавство на македонските национални интереси!

Полициска рација на критички настроени медиуми

11/28/2010

Од бројните извештаи на англиски јазик издвоив неколку кои ми се чинеа најпристојни.

Извештајот на Радио Слободна Европа поентира со изјавата на Зоран Ќука „јасен случај на притисок врз новинари“, вклучително и од страна на специјални полициски сили, поради тоа што А1 „ја критикуваше владината политика во Македонија“.

Ројтерс уште во насловот заклучува дека „Полициската рација ја нарушува независноста на македонските медиуми“. Фокусот не е само врз А1 ТВ: „Полицијата ги запечати вратите на два весника, спречувајќи ги вработените да влезат“.

Статијата на порталот на ВАЦ поентира со изјавата на европарламентарецот Зоран Талер, известувач за Македонија: „полицискиот инцидент може да биде негативно перципиран како владин притисок врз медиумите во Македонија, особено затоа што емитувачот А1 ТВ е познат по неговата критика кон владата“ (Полициската рација на македонска ТВ станица предизвика протест“).

Статијата на BalkanInsight ја истакнува реакцијата на претседателот на ЗНМ кој апелира полицијата да се повлече и да ги остави новинарите да си ја вршат работата. („Полициска драма кај македонската А1 ТВ“)

Хомофобија си е хомофобија!

11/26/2010

Продолжуваат хомофобичните напади врз политичарите.

Медиумите ги објавуваа „досиејата“ во кои лидерот на ДУИ се претставува како „личност со хомосексуални и педофилски склоности“.

Политичарите и медиумите манипулираат со хомофобични алузии: „Првата работа што не сме ја чуле е дека сум педер, а втората дека не сум основач на ВМРО.“ (Георгиевски: Уште да речат дека сум педер)

Љубе Бошковски го повика премиерот на ТВ-дуел на кој двајцата лидери би се соочиле за многу прашања па и за "хомосексуалните склоности во Владата на Груевски" (Бидете мажи, признајте дека сте педери!) Бошковски се закани дека ќе објавува список со хомосексуалци: „Јас имам список на министри хомосексуалци во Владата, кој сум подготвен да го објавам во друга пригода“. Владејачката партија возврати со хомофобични алузии: "Единствено што забележуваме е дека темата за хомосексуалците на Љубе му станува интересна по враќањето од Хаг" (ВМРО-ДПМНЕ: Љубе се интересира за хомосексуалците по враќањето од затвор).

И покрај тоа што политичарите се постојани жртви на хомофобични напади (независно од политичката ориентација), тие не се обединети во борбата против хомофобијата.

Дебатата за законот за антидискриминација беше повторно искористена за хомофобична кампања, иако бришењето на „сексуалната ориентација“ го осудија пратеници од различни партии. Кампањата против правата на ЛГБТ-лицата продолжи и на собраниската седница. Пратеникот Ѓорчев пророчки расветли дека „главен камен на сопнување е сексуалната ориентација, односно желбата на СДСМ и на дел, повторувам дел од невладините организации во Македонија, да влеземе во редефинирање на бракот“. Неговиот коалиционен партнер јавно демантираше дека „каменот на сопнување“ не е само меѓу ДПМНЕ и СДСМ туку и меѓу ДПМНЕ и ДОМ, и сите други европски партии што имаат гласано за антидискриминациски закони.

Обидот на ДПМНЕ да го искористи предлог-законот за водење хомофобична кампања кон најголемиот партиски ривал пропадна. Токму Лилјана Поповска со жалење констатираше дека нејзините колеги употребуваат делови од Законот „за маркетиншко-политички цели“. За жал, апелот на Поповска да не се злоупотребува Законот за партиска пропаганда и во функција на дневно-политички цели беше малку задоцнет. ДПМНЕ веќе почна хомофобична кампања со која сее страв и паника дека заштитата од дискриминација на ЛГБТ-лицата води кон легализација на инцест, на полигамија, на дрога...

Дури и кога законот беше експлицитно критикуван како неевропски во последниот извештај, одговорот на властите беше хомофобичен (Не ја прифаќаме хомосексуалноста како нормална појава). Прво пратеникот Гинев ја прогласи хомосексуалноста за болест. Залудно вицепремиерот Наумовски констатираше „хомосексуалноста не е болест“, кога заменик министерот за труд и социјала дијагностицираше дека „кај нас е евидентно“ дека хомосексуалноста „не може да се прифати како нормална појава“.

Кај нас стана нормално хомофобичните автори на учебници да ги тужат борците против хомофобијата за навреда и клевета.

Во овој хомофобичен политички контекст, особено загрижувачки се и хомофобичните алузии на претседателката на Националниот совет за евроинтеграции: „најголемата омраза кон хомосексуалците се гледа кај оние што се скриени, латентни хомосексуалци“... „Латентните хомосексуалци од регионов брзо се обединуваат...“ (323 километри). Обвинувањето дека политичките противници се „латентни хомосексуалци“ е исто така хомофобичен атак врз политичките противници.

Најдобро е сите политичари под итно да престанат со хомофобични напади, независно дали се во позиција или опозиција. Најдобро е сите политичари да престанат со хомофобични кампањи, и да се обединат во заедничка кампања против хомофобијата.

Хомофобија си е хомофобија, независно од која страна доаѓа.

Кој ја злоупотреби полицијата за да изврши упад во најгледаната телевизија?

Вечерва бев во ГЕМ, имавме дебата со Фуере.

Таму дознав дека има полициска опсада на А1.
После дебатата, заедно со неколку познати отидовме да видиме што навистина се случува.
На свои очи најубаво верувам.
Еве што видов.
- Десетици полициски возила околу А1
- Кордон од полицајци на влезот
- Десетици новинари на А1 пред влезот кои бараат да влезат покажувајќи легитимации
- Полицајците не им дозволуваат да влезат
- Еден од новинарите ме препознава и ме кани да бидам гостин на отворената програма
- Прифаќам, и заедно со него се обидуваме да влеземе
- Им соопштувам на полицајците дека сум поканет како гостин и сакам да влезам во телевизијата
- Полицајците ме спречуваат
- Во моментот кога полицајците се вмешуваат во моето право да гостувам на ТВ, барам од нив да ми образложат зошто не ме пуштаат
- Никој ништо не кажува
- Тогаш се повикувам на етичкиот кодекс на полицијата и барам да ми кажат која е основата на нивната полициска интервенција, зошто ме спречуваат да гостувам на А1
- Никој ништо не одговара
- Барам од полицајците да кажат дали имаат сомнение дека е ивршено некакво кривично дело (никој ништо не кажува)
- Барам да кажат дали имаат судска наредба за блокадата на А1 и да покажат судската наредба, но никој од нив ништо не кажува
- Барам од полицајците да се легитимираат (имам законско право да побарам такви нешто, кога полицајците вршат полициска интервенција во која сум засегнат)
- Полицајците не се легитимираат
- Залудни се сите повикувања на уставот, законите и човековите права
- Го препознавам покрај мене Коле Чашуле, главниот уредник на „Време“, кој е исто така спречен да влезе во својата редакција, како и неколку други новинари
- По 10-15 минути убедување и натегање една новинарка со микрофон и камера доаѓа од внатрешноста на телевизијата и почнува да ме влече за рака, викајќи дека сум поканет како гостин во отворената емисија
- Дури тогаш ме пропуштаат, откако некој издаде наредба да ме пропуштат

Ете така влегов. Во телевизијата имаше политичари од речиси сите опозициони партии, новинари од разни редакции, пратеници, активисти од повеќе здруженија. Сите беа дојдени да изразат солидарност затоа што беа загрозени основните човекови права.
Сите прво ги малтретираа на влезот, а дури после многу натегања само некои ги пропуштаа.

Кој го направи „театарот“? Тој што издал наредба со полициски кордон да се блокираат новинарите и нивните гости.
Тој што издал наредба специјални полициски сили да постават блокада кај железничкиот премин во Маџари.

Вакви прекршувања на човекови права се карактеристични за диктаторски режими.

Поддршка за Душко

11/04/2010


Влатко Ѓорчев е подобар штедач од Никола Груевски

10/14/2010

Пред да се приклучите на групата, не би било лошо да ги споредите пријавените имотни листови на двајцата државни функционери, кои се јавно достапни.

Груевски пријавил дека не поседува ниту стан, ниту автомобил, а од личен имот поседува само 25 уметнички слики во вредност од околу 7.000 евра. Пријавил повеќе банкарски депозити, но нивната вкупна вредност не надминува 70.000 евра (колку што можев да пресметам од око).

Но, Ѓорчев, кој се „прослави“ со колумната за „Спомениците“ на црвената буржоазија, пријавил многу повеќе имот. Ѓорчев од 2008 година поседува стан со подрум и гаража во вредност од 108.000 евра, а една година претходно си купил Фиат Пунто Гранде во вредност од над 13.000 евра. Исто така, успеал да заштеди во банкарски депозити над 20.000 евра.

Ако претпоставиме дека Ѓорчев почнал да заработува на 23 години како портпарол на ВМРО-ДПМНЕ (2001-2004), испаѓа дека за нецели 10 години успеал да заштеди по околу 15.000 евра годишно. Се разбира, во оваа пресметка не ги вклучуваме ниту имотот на неговиот брачен другар (111.093 долари на девизна штедна книшка), ниту имотите на неговите родители во Макарска и Славонски Брод.

Мора да се признае, Ѓорчев се покажал како многу поголем талент за штедење отколку Груевски. Премиерот има многу повеќе политички стаж од Ѓорчев, а не успеал да заштеди ниту половина од него, иако има работено ем како брокер и банкарски директор, ем како советник на српскиот министер за финансии.

Токму затоа, и јас размислувам да се приклучам на фан групата „Доста беше од Груевски, време е за Влатко Ѓорчев“. Ѓорчев е симбол за успешен млад политичар и генијален штедач.

Или, можеби, подобро ќе биде да основаме нова фан група: „Да му купиме стан на Никола Груевски“?

Антикоманија филм

На 4 февруари годинава почна окупацијата на градскиот плоштад заради изградба на фонтаната со споменикот на Александар Македонски. На штотуку поставените тараби, на кои немаше никаква информативна табла, почнавме да пишуваме графити со неколку активисти од „Плоштад Слобода“. Додека го пишував графитот „Антикоманија филм ви прикажува“ ме прекинаа двајца полицајци. Побараа да се легитимирам и ме обвинија дека сум направил прекршок против јавната чистота, затоа што сум цртал графит на јавен објект.

Џабе укажував дека тарабата не е јавен објект, дека е незаконски поставена, дека го попречува нашето право на слободно користење на јавниот простор. Џабе пријавив дека јавната чистота ја загрозија градежните работници, кои уништија дел од зеленилото и оставија клинци и разни видови отпадоци покрај тарабата. Полицајците останаа глуви и слепи. Нивната цел беше да го прекинат нашиот протест. Но, неколку дена подоцна, илјада граѓани организирано протестираа против окупацијата на плоштадот и проектот „Скопје 2014“. Пишуваа графити на истите тараби под будното око на полицијата, која воопшто не реагираше на „загрозувањето на јавната чистота“.

Искрена благодарност до СВР Скопје што ме третира како „обвинет“ - „бил затекнат како испишува графити на јавен објект со што ја загрозил јавната чистота“. Некои од активистите со кои заедно пишувавме графити имаат чувство дека се дискриминирани зашто не добивме сите прекршочни пријави. И благодарам и на Комисијата за одлучување по прекршоци што ми овозможи писмено да се изјаснам за „фактите и доказите“ на МВР. Но, воопшто немам намера да се бранам, туку да обвинувам.

Како е можно во пешачката зона пред зградата на Министерството за транспорт и врски, каде што се сместени бранителите на јавната чистота, со денови да има голем куп ѓубре, градежен шут и отпад? Замислете, комисијата води постапки против граѓаните зашто си ја поправале расипаната кола на улица, зашто цепеле дрва пред зграда, или зашто им се искакало кутрето во паркот, а обвинетите мора да поминат покрај депонија од ѓубре, шут и отпад, за да стигнат до „бранителите“ на јавната чистота! Како ли само се чувствуваат сиромашните земјоделци обвинети за загрозување на јавната чистота („поради тоа што излагале и продавале земјоделски производи“ покрај некое пазарче) кога ќе го видат купот ѓубре поминувајќи покрај организираните измамници со кибритчиња, кои со месеци слободно ги ограбуваат лековерните граѓани?

По посетата на бранителите на јавната чистота покрај депонијата се вратив на „местото на злосторот“ - тарабите на централниот плоштад. Еве што фотографирав: уништена метална корпа од која се истура ѓубре веднаш покрај тарабите; стотици излепени плакати; фекалии што се слеваат одзади тарабите на пешачкиот дел (по фекалиите газат стотици пешаци дневно, а „миомирис“ од гомна и мочка се шири од „фонтаната на Александар“). Ѕирнете само малку низ пукнатините од тарабите и ќе видите дека градилиштето е преполно со отпадоци, пластични кеси, лименки... Центарот на Скопје го претворија во депонија која шири зарази, а ме обвинија како загрозувач на јавната чистота затоа што пишував графит протестирајќи против антикоманијата на груевистите. „Апсурдност до имбецилност“ - забележа еден пријател.

Но, да продолжам со мојот обвинителен акт против „бранителите на јавната чистота“. Знаете ли колку буџет има Општина Центар за јавна чистота? За 2009 година буџетот изнесувал 9.434.000 денари, а реализирани биле само 4.176.724 денари. Истата година, општината потрошила 10.210.566 денари за изградба на две фонтани во Вардар (или „Гомнар“, како што ја нарекуваше бранителот на „Скопје 2014“ - Александар Станковски). Ете зошто центарот на Скопје изгледа како полско веце. Општината потрошила двапати повеќе пари за две фонтани во Вардар, отколку за одржување на јавната чистота. А скапо платените фонтани -„гомноскоци“ никако да почнат да прскаат со „чистата“ вардарска вода преполна опасни бактерии.

Верувале или не, Општина Центар во 2009 потрошила 115 пати помалку пари за јавна чистота, отколку за изработка на споменици! За споменици потрошиле над 7.5 милиони евра во 2009 (461.783.287 ден.), неколкукратно повеќе од севкупните трошоци: за реконструкција на улици и патишта (28.230.256); за јавно осветлување (15.564.968); за изградба и реконструкција на паркови и зелени површини (7.737.248); за изградба на простор за паркирање (8.314.084); за одржување и заштита на локални патишта (15.977.328); за изградба на објекти за спорт и рекреација и нивно опремување (1.987.010); за потребите на училиштата (17.031.923); за реконструкција на училиштата (20,825.705); за реконструкција на градинки (22.984.354)... Дури и ако на сите овие трошоци им ги додадеме годишните блок дотации во училиштата и градинките (за плати и тековни трошоци, превоз, греење...), пак вкупната сума е помала од таа потрошена за фонтаната со споменикот на Александар (над 8 милиони евра).

Улиците и патиштата се преполни со дупки. Паркови и зелени површини ни за лек. Скопје се дави во смет и нечистотија. Учениците мрзнат, а родителите сами си купуваат средства за лична хигиена во училиштата. Владата секој месец зајмува десетици милиони евра со високи камати. За сите неисполнети преродбенички ветувања виновна е светската економска криза. Во најголемата криза и немаштија, Општина Центар продолжува со снимањето на „антикоманија филм“. Ќе потрошат нови 5 милиони за изградба на скулптура на воин спроти црквата Св. Димитрија. Градоначалникот вели: „Е, сега, дали потоа ќе личи на Филип, не знам, ќе видиме.“

Не се работи ниту за името, најмалку за идентитетот (антички). Се работи за корупција и злосторство против 326154 невработени лица (31.08.2010) и 31.1% сиромашни граѓани. Авторката на Триумфална порта и споменикот на Александар (за кој веќе зеде 650.000 евра) ќе заработи повеќе од 100.000 евра за изработка на дури седум скулптури за мостот „Око“. Затоа, штом нашиве „конзервативци“ ги постават тарабите за споменикот на скромниот Филип Втори (имал само 7 сопруги), повторно ќе излезам да пишувам графит: „Филип е грчко име, коњољупци“.
(колумна во „Дневник)

Антикоманијата продолжува

10/12/2010

Денес дадов изјава за „Алфа ТВ“, пред депонијата покрај Министерството за транспорт и врски, во врска со најавата дека Општина Центар ќе гради нов споменик на Филип II за 5 милиони евра:
„Буџетот на Општина Центар за одржување на јавна чистота е 115 пати помал од потрошените пари за споменици во 2009.
Тоа е страшно. Скандалозно.
Ова е чин на корупција и злосторство против над 326.000 невработени и над 31% сиромашни луѓе во Ма
кедонија“.

Клеветници и лажговци

10/11/2010

ДПМНЕ се претвора во клеветничка партија за македонско национално разединување.

Не е прв пат да ме клеветат и да лажат.

Јавно ме клеветеа заради учество на претседателските „Дијалози за Македонија“ како „...гласен поддржувач на сите политики на опозицијата...“, иако таму ги критикував тезите на СДСМ, докажувајќи дека „изолацијата беше нешто што ни се случуваше и ни се случува од почетокот на осамостојувањето на Македонија.“

Јавно ме клеветеа дека сум партиско-независен новинар“, иако ниту сум новинар, ниту сум член на која и да е партија.

Сега почнаа да ме клеветат и на Facebook. Илија Димовски, пратеник и директор на Центарот за комуникации на ВМРО – ДПМНЕ, клевети дека „пола македонска нација, а можеби повеќе, од страна на дотичниот Трајановски е квалификувана како фашистичка“. Клевети дека „Жарко е СДСМ и користи, дури можеби и смислува речник кој го користи СДСМ
како на пример:
прото-фашисти

лигуши
забегани...лудаци
сељаци
националсоцијалисти и слично...

Побарав од Димовски да посочи каде сум тврдел дека „пола македонска нација, а можеби повеќе“ е фашистичка. Не ми одговори, ниту пак посочи каде сум ги користел термините што ги смета за навредливи.

Jавно го повикувам да даде цитати и аргументи или да се извини за клеветите и лагите.

Еве неколку фотки за партиските интернет-војници, кои се потпишуваат како Грци, а ме клеветат дека сум грчки платеник и предавник на името и идентитетот.

Точно, имам еднаш службено соработувано со Грците, како претставник на Хелсиншки комитет на Република Македонија пред неколку години.

Излезе и книга по соработката.

Главен спонзор на книгата беше Министерството за надворешни работи на Грција.

Како и обично, Грците се обидоа да не фиромизираат, ама по битката, резултатот е евидентен.

Да, зедов некој мал хонорар како автор на извештајот за „Република Македонија“, објавен во Грција.

Ги молам борците за некрофилската референца и за некронимот FYROM да ми ги посочат резултатите од нивната „борба“.

Успеал ли некој од „борците“, во проект спонзориран од Министерството за надворешни работи на Грција, да се избори за употреба на уставното име Republic of Macedonia и на придавката Macedonian?

Бранителите на јавната чистота

10/09/2010

Како обвинет за загрозување на јавната чистота, отидов до зградата каде што се наоѓаат „бранителите на јавната чистота“ - Комисијата за прекршоци во Министерството за транспорт и врски.

Еве како бранителите ја бранат јавната чистота пред нивната зграда:


Потоа „обвинетиот“ за загрозување на јавната чистота го посети „местото на злосторот“ - тарабите на кои што го напишав графитот „Антикоманија филм ви прикажува“ се излепени со стотици плакати, а корпата за ѓубре е уништена.




Ова што го гледате се фекалии што се слеваат одзади тарабата. По фекалиите газат стотици пешаци дневно, а „миомирис“ од гомна и мочка се шири од „фонтаната на Александар“.


Погледнете само каква е состојбата со јавната чистота во градилиштето каде се гради фонтаната со Александар.


Центарот на Скопје го претворија во депонија која шири зарази, а мене ме обвинија како загрозувач на јавната чистота заради пишување на графит на незаконски поставена тараба.

Законот предвидува глоба од две до три илјади евра за ЈП за комунални услуги доколку не обезбедат редовно и квалитетно одржување на јавната чистота. Зошто никој нив не ги казнува?

За петицијата

Благодарам за поддршката што ја иницираше Вуна, како и за петицијата.

Сакам уште еднаш да појаснам дека се работи за приватна кривична тужба за клевета и навреда, поднесена од страна на Миленко Неделковски, и дека процесот во Основен суд Скопје I треба да започне на 19.10 во 13.15 часот.

Инаку, забележав дека на петицијата има потписи и на Borat Sagdiyev, Evangelos Kofos, alexandros mallias, Master Yoda, Dora Bakojani...

Мило ми е што сеуште не сме ја изгубиле смислата за хумор.

Сепак, тој/таа што се потпишал/а како Dora Bakojani, требало барем да провери дека правилно се пишува Dora Bakoyannis (Greek: Ντόρα Μπακογιάννη).

Dora Bakoyannis никогаш не би се потпишала како Dora Bakojani, ама некој од квази-патриотите се потпишал, докажувајќи дека и грчко име ќе преземе, само за да ме оцрни како „прогрчки пропагандист“.

Ете, такви се нашите „борци за името и идентитетот“. Досега анонимно се закануваа и плукаа, а сега почнаа да се потпишуваат и со грчки имиња.

Писмено изјаснување

10/08/2010

Еве како „обвинетиот“ за загрозување на јавната чистота писмено се изјасни пред „комисијата“.

Државата против Жарко

10/07/2010

Еве уште едно поглавје од пародичниот роман „Државата против Жарко“.

Првиот документ е од МВР.




Вториот документ е од Министерството за транспорт и врски.



Еве што вика законот за јавна чистота: „На јавни објекти е забрането испишување графити, цртање и лепење на плакати.“

Ако поминете во моментов покрај истата тараба, ќе забележите дека е комплетно покриена со плакати.

Со години стојат графитите „Ќе го направам Скопје како Благоевград“.

Неколку дена откако го сторив „делото“, стотици луѓе цртаа графити на истите тараби, под заштита на полицајците.

Имам и аудио снимка како им пријавувам на полицајците дека тие ја загрозуваат јавната чистота, а има изјава и на А1:

„Побарав од полицајците да им побара градежна дозвола, дека имаат некое уверение, или дозвола да го окупираат овој простор. Меѓутоа полицијата не сакаше ништо да преземе, иако тука се оставени клинци, има прљавштина, зеленило е уништено, меѓутоа полицијата реагираше против нас, бидејќи ние протестираме против окупирањето на јавниот простор“.

Заклучоците во врска со овој „процес“ ви ги препуштам вам.

Обвинет

10/06/2010




Бидејќи секој обвинет има право на јавност во постапката, ја постирам приватната кривична тужба што ја добив денеска.


ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ: Во тужбата има погрешни податоци, почнувајќи од моето презиме, адресата, да не зборуваме за погрешните цитати.

Ја постирам тужбава бидејќи ја сметам како уште еден обид за заплашување и закана. Претпоставувам на многумина ќе им биде смешно кога ќе ја читаат, особено барањето за „надомест на нематеријална и материјална штета“ во износ од 3.100.000.00 денари (околу 50.000 евра). Но, да потсетам дека еден колега колумнист беше осуден да плати над 30.000 евра за клевета врз премиерот.

Изјавата за која сум обвинет е реакција на следнава изјава на Неделковски:

„Кон предавник, неможе да има друг говор, освен омраза.

А кој одредува кој е предавник? Миленко Неделковски и пет луѓе?

- Не, не Миленко, ни пет луѓе. Кои се тие пет луѓе? Предавник заслужува говор на омраза.

А зошто не формирате здружение за ликвидација на непријатели?

- Тоа е следно“, рече Миленко Неделковски во емисијата Зебра.“ (Неделковски: Следен чекор е ликвидација на предавниците)

Потсетување: На повикот на насилство на Неделковски реагираше ЗНМ и Европската федерација на новинари:

"If this was satire, or comedy it would hardly be laughable, but this is a deadly serious call on people to commit violence against journalists," said Aidan White, EFJ General Secretary. "The authorities have a duty of care and must act against such hate speech. Journalists must never incite acts of violence. Those responsible should be made accountable to the law." (EFJ Condemns Macedonia Television Call for Violence Against Journalists)

Борецот за името и идентитетот

6/18/2010

Кој не верува, или се сомнева дека е монтажа, нека кликне на сајтот на EPP, за лично да се увери под кое име Груевски, Протоѓер и Ѓорчев се согласиле да седат на иста маса со нивните колеги „народњаци“.

Таму убаво си пишува: „The President of VMRO-DPMNE Nikola Gruevski is the
Prime Minister of FYROM.

Ете, со такви „патриоти“ си имаме работа. Такви безрбетници обвинуваат за „виткање на кичмата“.

Некронимот не го даваме!

5/12/2010


Еве го гордиот борец за уставното име и „фиромскиот“ идентитет.

Мистеријата разрешена?

4/18/2010

Се што ќе кажеш може да употребено против тебе. Затоа секој има право да се брани со молчење. МВР не се бранеше со молчење во случајот „Хабло“. Но, секој ден полициската приказна станува се понеуверлива. Еве ја последната епизода од сапунската серија „Недопирливи“ со нашиот Eliot Mess.

Во интервјуто „Полицијата и доушниците во борбата со нарко мафијата“, свесно или не, новинарката на А1 нуди тазе материјал од кој се навестува разрешување на мистеријата со часовникот на директорот на бирото за јавна безбедност (видео, 4.44).

„Катерина Гетева:

- Кога го тестиравте хероинот од акцијата „Пирин“ носевте швајцарски „Хабло“. Каков часовник носите сега на раката?

Љупчо Тодоровски:

- Сега повторно носам швајцарски часовник. Тоа е полициски часовник којшто може да го купите од француската полиција. Тоа го сторив кога бев пред две-три години таму.

Катерина Гетева:

- Ќе ни ја откриете цената?

Љупчо Тодоровски:

Околу 120 евра. Одличен часовник.“

Како прво, Тодоровски не негираше дека носел швајцарски „Хабло“. Напротив, тој потврди дека носел швајцарски часовник. Изјавата „Сега повторно носам швајцарски часовник“ има смисла само доколку и претходно, при тестирањето на хероинот, Тодоровски носел швајцарски часовник.

Со други зборови, изјавата на Тодоровски не се совпаѓа со приказната на МВР дека „часовникот на Тодоровски не е швајцарски „хабло биг бенг“ од дваесетина илјади долари, туку кинеска реплика од педесетина долари“ (Расте цената на часовникот на Љупчо Тодоровски).

Дали директорот за јавна безбедност се „себеинкриминираше“, „лизгајќи“ се на евтина новинарска, да не речам полициска финта?

Јанко лажи бурек

2/25/2010

Јанко во „Вечер“ тврди дека „Распеани Скопјани“ на крајот на најновата изведба „Мерцедес бенз“ му порачале на Бога „Еби се“.

Ги прочистив ушите, ја слушнав песната и последната порака е - „Amen to that“.
Што е финтата: Јанко не разбира англиски, не слушнал никогаш госпел, му се слушаат гласови, или намерно сведочи лажно?
Еве му неколку цитати, нека медитира, можеби ќе сфати дека ако е вистински христијанин треба да се покае и да побара прошка:
„Не судете, за да не бидете судени. Оти, со каков суд судите, со таков ќе бидете судени“ (Мат. 7, 1).
„Лажниот сведок нема да остане неказнет“ (Изрек. 19, 5).
Сатаната е лажго и татко на лагата (Јован 8, 44).
Отфрлете ја лагата, кажувајте вистина... Не кажувајте лаги еден на друг (Ефес. 4, 24; Кол. 3, 9).
Во идниот град Ерусалим нема да влезе оној кој лаже (Откр. 21, 27). (за повеќе види тука)

S.O.S. Скопје

2/16/2010






Антикоманија филм

2/04/2010

Ви го претставувам заедничкото уметничко дело (Жарко, Ирена, Ивана) - ќе ни стегнат веројатно прекршочни пријави полицајците кои се нацртаа за две минути, ама едноставно не можев да одолеам... Боите се различни затоа што не прекинаа токму на п...



Значи, почна окупацијата на плоштадот


Скопскиот „антички“ ѕид го поставија

Дузина причини против хомофобијата

Има дузина причини зошто ВМРО-ДПМНЕ треба да ја врати сексуалната ориентација во Законот за спречување и заштита од дискриминација? Затоа што со тоа

  1. ќе пројави елементарна култура на почитување на човековите права.
  2. ќе манифестира дека не ја разбира демократијата како тиранија на хетеросексуалното мнозинство врз сексуалните малцинства
  3. ќе испадне полиберална партија од СДСМ, која не донесе закон за антидискриминација кога беше на власт.
  4. ќе докаже дека нема ништо заедничко со Титовите хомофобни сили кои јавно контра-протестираа против маршот на толеранција „љубов си е љубов“.
  5. ќе демонстрира дека не е дискриминаторска партија која го негира постоењето на дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација во Македонија.
  6. ќе покаже дека го познава и прифаќа Лисабонскиот договор кој наложува борба против дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација, како една од приоритетните основи.
  7. ќе ја потврди својата про-европска ориентација, како и другите земји од регионот кои воведоа забрана за дискриминација врз основа на сексуална ориентација (Хрватска, Србија, Бугарија, Косово, Босна и Херцеговина...).
  8. ќе ја исправи недоследноста, затоа што партијата веќе гласаше за законски одредби кои забрануваат дискриминација врз основа на сексуална ориентација (Закон за заштита на правата на пациенти).
  9. ќе стави крај на практиката на популистичко мобилизирање на негативните стереотипи и предрасуди кон нехетеросексуалците, заради „еректирање“ на партискиот рејтинг.
  10. ќе се дистанцира од обвинувањата дека поттикнува насилство преку ширење на хомофобија (какво што беше насилството врз протестантите на плоштадот кои беа „спонтано“ дислоцирани како „збирштина од геј и атеисти“)
  11. ќе покаже дека не е политички инструмент на МПЦ, и дека религијата е одвоена од државата
  12. ќе покаже политичка волја за борба против хомофобијата и говорот на омраза (етикетирањето на политичките противници како „педери“ е појава присутна во секоја изборна кампања).

Во Македонија постои хомофобија, говор на омраза и дискриминација врз основа на сексуална ориентација. Жртви на хомофобија и дискриминација не се само хомосексуалците и бисексуалците (кои сега се жигосуваат како „лица со нарушена сексуална определба“). Жртви на хомофобија и дискриминација досега биле многумина политичари. Не бил поштеден ниту претседателот на ВМРО-ДПМНЕ. Токму затоа, политичарите од ВМРО-ДПМНЕ, заедно со другите политичари, треба да престанат со меѓусебните пресметки кои се на штета не само на основните човекови права (правото на забрана на дискриминација врз основа на сексуална ориентација), туку и на државните интереси на Република Македонија како земја кандидат за член на ЕУ.

Лошо вино

2/03/2010

Се сеќавате на спотот „Македонско вино вечно“ - „6500 години под сонцето“? Нашиот Индијана Џонс си ги отвора вратите на перцепцијата со помош на алкохолните испарувања на штотуку ископаниот сад со античко-македонско вино, запечатено со ѕвездата од Вергина. Потоа наздравува со „аскетот“ Гоце Делчев, кој претходно се кадросува покрај едно буре со вино со крената чаша во раката. На крајот, нашиот трагач по закопани богатства необично се преобразува во заводник ала Џемс Бонд (или - ала Гоце Делчев?). Поента: македонско вино и ништо не е невозможно?

Понекогаш, уметничките пораки стигнуваат со задоцнување. Дури откако повторно го гледав спотот сфатив дека загатнува интересно прашање: Каква врска има Гоце со античка Македонија? Еве една одгатка: има врска само во имагинацијата на Индијана Џонс, и тоа под дејство на алкохол.

За да ја одржиме имагинацијата во форма предлагам алтернативно сценарио на спотот „Денот кога мајка и' плачеше“ (копродукција на „Хазард филм“ и „Република во пламен“). Прва сцена - обична кафеана, млад човек пие бело вино. Доаѓа другар му, седнува: „Извини, се убив, се скршив, се уништив од работа денес“. „Земи бело брат, ќе те среди“ - му возвраќа другарчето. По неколку испиени чаши, мрачен глас најавува: „Македонско вино филм ви прикажува“. Втора сцена: Едниот винопиец, тетеравејќи се по улица се удира во една жена. Куса размена на погледи. Се затрчува по жената и и' ја краде чантата. Со украдените пари повторно пијат бело вино. Трета сцена: Едниот винопиец насилно отвора кола. Со голема брзина го напуштаат подземниот паркинг. Си подаваат шише со вино додека возат разулавено по скопските улици. Кога возачот се врти за да отпие, гласот на спикерот предупредува: „Филмот којшто морате да го пропуштите“. Звук на кочење. Беспомошен поглед на девојче на пешачки. Тап удар. Очајниот возач го држи мртвото девојче во раката. Спикерот поентира: „Денот кога мајка и' плачеше“...

Зошто нашата Влада не произведе спот „Македонско вино филм ви прикажува“, туку „Македонско вино вечно“? Затоа што пропагандните спотови на Владата, како и преродбеничките политики, имаат малку допирни точки со реалноста. „Марихуана филм ви прикажува“ ги портретира корисниците на марихуана не само како зависници туку и како криминалци што крадат женски чанти, крадат коли, убиваат девојчиња. Но, што велат последните достапни статистики на МВР? Статистиката за безбедноста на сообраќајот (прва половина од 2008) регистрира „управување со возило под дејство на алкохол - 63 незгоди“, а под дејство на дрога - нема податоци. За 2007 регистрирани се 140 незгоди под дејство на алкохол, 8 загинати и 203 повредени лица. Статистиката за јавниот ред и мир (првите девет месеци од 2008) регистрира „1.609 прекршоци извршени од сторители што биле под дејство на алкохол“, 4 пати повеќе од претходната година. Нема податоци за сторители под дејство на дрога. Статистиката за семејното насилство (2008) вели дека од 378 сторители, „102 лица биле под дејство на алкохол и само двајца сторители биле под дејство на дрога“. Која продукција е поверодостојна за спотот „Кога мајка и' плачеше“ - „Марихуана филм прикажува“ или „Македонско вино (ем ракија) филм прикажува?“

Долга е листата со жртви од преродбеничките политики за „отстранување“ на „пороците“ и „гревовите“ од име на здравјето и на моралот. Јавно ги апсеа и жигосуваа питачите и сексуалните работнички. Удрија и по „чедоморките“ и лекарите. Ги малтретираа младите по парковите. Јавно ги жигосуваа ХИВ-позитивните. „Кодошите“ им се криви за се'. Удрија и по пушачите, наметнувајќи драконски казни. Наместо лекување и социјална заштита, стигма за „наркоманите“. Како ли само се чувствуваше „бездетната“ министерка за внатрешни работи по кампањата „Секој треба да има трето дете“? Како ли се чувствуваат децата со еден родител кога ќе ја прочитаат дефиницијата на ВМРО-ДПМНЕ за „семејството како заедница на еден маж и една жена“? Ќе има ли место барем за бабите и за дедовците во вмроовското „природно“ семејство?

До кога ќе се билдаат рејтинзи со хомофобични кампањи? Милошоски уште во 2006 јавно изјави дека неговата партија најмногу ќе се противи на идејата да се дозволат бракови на хомосексуалците. Истото го повтори неодамна и Косана „девојка“, иако никој во Македонија не предложил закон за регистрирање бракови. Во најголем број од земјите од ЕУ може да се регистрираат партнерства, а во претседавачот Шпанија хомосексуалците можат да регистрираат бракови и да посвојуваат деца. Дали магистерот по европски интеграции, Милошоски, ќе им порача и на своите шпански колеги: „Не смее едно здраво општество, со сила, да се прави болно“?

Перманентната хомофобична кампања доживува ново издание токму со промоцијата на предлог-законот за недискриминација. Останува сомнението: Зошто се промовира тајна верзија на закон? За да се испрати пораката дека „основата за заштита од сексуална ориентација не е влезена, бидејќи тоа не е во согласност со Уставот?“ Што бара тогаш „половата насоченост“ во Законот за волонтерството, и сексуалната ориентација во Законот за заштитата на права на пациенти - закони што ги предложи истава влада? Дали и Лисабонскиот договор е неприфатлив затоа што наложува: „При дефинирањето и имплементирањето на нејзините политики и активности, Унијата ќе цели кон борба против дискриминацијата врз основа на пол, расно или етничко потекло, религија или уверување, попреченост, возраст или сексуална ориентација“. Ете, тоа се приоритетните основи во борбата против дискриминацијата на ЕУ. Но, каде чекориме ние?

Ние шириме хомофобија, демек глумиме непорочност и безгрешност, а ги величаме Филип и Александар. Колку за информација - разузданиот Филип загинал од рацете на својот некогашен љубовник Павзанија. Според некои теории, причина за смртта на Александар е општата исцрпеност по долгогодишното пијанчење (во комбинација со губењето волја за живот по смртта на неговиот љубовник Хефајстон). „Све је то од лошег вина“ - пееше Чола на плоштадот. Ама никој да ја сфати пораката - нашата колективна дијагноза.


Заложничка криза

1/27/2010

Дали ни се заканува нова криза, подлабока и пожестока од 2001? Некои стравуваат дека Македонија е на работ на „најсериозната политичка и институционална криза од нејзината независност“. Тешки зборови паднаа. „Етнобарометар“ предупреди дека кризата може да го загрози не само нашиот територијален интегритет туку и стабилноста на регионот. Колку се сериозни ваквите мрачни предупредувања?

Како клучен поттикнувач е идентификуван проблемот со името. Аргументирано се критикува како многу ризична „стратегијата на ЕУ да го направи решавањето на проблемот со името предуслов за почеток на пристапни преговори“. Експертите заклучуваат дека „проблемот со името не треба да биде заложник на билатерални преговори“. Отворено и' сугерираат на ЕУ да одигра директна улога на предлагач на решенија и да ги притисне обете страни користејќи економски „моркови“. Но, дали ЕУ може да се јави во улога на посредник, ако е несомнено дека и самата стана дел од спорот по наметнувањето на непринципиелниот услов?

На адреса на Грција нема никакви препораки, освен предочување на симптомите на грчката хипокризија. Грција сака да се претставува како лидер на ЕУ-интеграцијата на Балканот (агендата - 100 години од 1914), но експертите забележуваат дека се зајакнува базичното гледиште на грчкиот политички естаблишмент: „Чуму брзање? Македонија и онака ќе се распадне, без оглед на тоа дали ќе добијат или нема да добијат име какво што посакуваат“. Не му се брза на Папандреу. Ниту на Груевски. Колку повеќе одолжува, толку повеќе си го јакне имиџот на бескомпромисен борец за името и идентитетот - „имунитет“ за критиките дека преродбеничката галија е одамна проголтана од сцилата на непотизмот и харибдата на корупцијата.

Најголем дел од забелешките се на наша адреса. Македонската позиција им се видела на експертите како „нејасна и контрадикторна“: „Нема јасен национален консензус околу прашањето, а македонските преговарачи ниту еднаш немаат излезено со конкретен предлог“. Дополнителен хендикеп за македонската позиција е „вмровската политика на ‘антиквизација’“ - перципирана како отворена провокација не само во Грција туку и меѓународно.

Но, иднината на Македонија не ја става под прашање само „ирационалниот“ спор. Според анализата, растечката перцепција дека пристапувањето кон ЕУ нема да се случи во блиска иднина, заедно со економската рецесија, „можат да го забрзаат процесот на разнебитување на сегашниот политички и институционален систем на Македонија“. Значи, веќе имало разнебитување, независно од економската рецесија и неуспешната ЕУ-интеграција. Тие се само катализатори.

Одговорот на прашањето дали сме на вистински пат да станеме стабилно, отворено и демократско општество, според „Етнобареметар“, не треба да се бара во последниот извештај на ЕК. Извештајот е оценет како политичка одлука, како ЕУ-морков (кој го изгрицкавме непромислено како гладни зајаци). Анализата дава многубројни аргументи дека сме застраниле од патот, не само на планот на меѓуетничката стабилност, туку и на планот на демократизацијата. За тоа сведочат многубројните неуспеси во спроведувањето на рамковниот, не само на планот на правичната застапеност туку и на децентрализацијата и употребата на јазиците. Како очевиден пример за неуспешна институција е наведен Комитетот за односи меѓу заедниците, кој не ја одигра уставната улога на решавач на меѓуетнички проблеми (случаи - „етнички смени“, „црква и џамија на плоштад“, Македонската енциклопедија).

Адресирани се и други проблеми што упорно се ставаат под тепих: гломазната и партизирана јавна администрација (имаме администрација колку и четирипати побројната Бугарија!), нерешениот статус на поранешните борци на ОНА, недефинираните и неинклузивни државни симболи, хашките случаи од 2001, дискриминацијата (со посебен осврт на Ромите), сегрегацијата... Сепак, најсимптоматични се укажувањата дека Македонија не е во состојба да изгради функционална демократија што ќе почива на институционален дијалог и соработка без менторство на „меѓународната заедница“. Имено, постои екстремно висок степен на политизирање на проблемите, а екстремно слаби институции што треба да ги решаваат. Оттаму и сомневањето дека македонските институции повторно нема да бидат во состојба соодветно да одговорат на голема политичка криза.

Дури и неодамнешната јавна дебата за демитологизирање на 2001 г. предизвика повеќе стравувања отколку охрабрувања за иднината и стабилноста на Македонија. Охрабрувачки е да се гледа како поранешните непријатели заеднички дебатираат околу контроверзната 2001. Но, поразителни се одговорите околу кои успеаја делумно да се согласат дебатерите: конфликтот не е завршен, вистинско помирување не се случило, а рамковниот успешно адресирал само мал дел од причините.

Сомневањата во однос на успешноста на рамковниот допрва ќе се продлабочуваат. Основните принципи на договорот не се почитуваат. Непочитувањето на Уставот и на Уставниот суд стана политичко секојдневие. Локалната самоуправа може повеќе само заедно со премиерот. Внатрешно раселените лица никој не ги споменува. Актерите што заговараа територијални решенија за етнички проблеми се вратија на политичката сцена. Партиите што се борат за интеграција поддржуваат сегрегација, а партиите за национално единство промовираат етничко и граѓанско разединување. Постојано лебди заканата за употреба на насилство во политички цели.

Дури и „меѓународната заедница“ може да се обвини за непочитување на рамковниот, зашто НАТО и ЕУ дозволија Грција да го попречи „развојот на поблиски и поинтегрирани односи меѓу Република Македонија и Евро-атланската заедница“. Може ли ЕУ да бара од нас да го почитуваме рамковниот, а таа самата да не го почитува? Ставајќи потпис на оригиналната англиска верзија, претставникот на ЕУ ја призна не само Republic of Macedonia туку и кратенката Macedonia, како и изразите Macedonians, и Macedonian (за јазикот, граѓаните, црквата). Да потсетиме, рамковниот промовира почитување на етничкиот идентитет и на интересите на сите македонски граѓани. Ете, врз тие принципи, поддржани од страна на ЕУ, треба активно да настојуваме да се постигне заедничко прифатливо решение во спорот со Грција.


Права паланка

1/19/2010

Кој тоа таму лаже дека службите затајуваат? Веднаш штом излезе насловот „Латас бил соработник на српската тајна служба“, уредникот уредно си поднел барање за информации до МВР. Верувале или не, истиот ден си добил и официјален одговор. Кој рано рани, две среќни информации граби.

Според презентираниот документ од МВР, барањето „се однесува за Вашата соработка со странска служба како и информации дека сте биле учесник во организација на нередите пред Амбасадата на САД и палењето на американското знаме, кои датираат од март 1999 година“. Значи - ве обвинат ли дека сте соработник на странска служба, без гајле. МВР веднаш ќе ви излезе во пресрет и ќе ги провери „фактите“ во неприкосновените евиденции. Во случајов, уредникот си доби два крунски доказа. Прво, си доби пусулче дека „во евиденциите со кои располага МВР, вашето име не е поврзано со организаторите и нарушителите на јавниот ред и мир за кои во тоа време биле поднесени кривични пријави“. Второ, си доби и „ослободителна“ потврда дека не постојат информации за негова соработка со странска служба. Како капак, му стигна и „дополнителна потврда“ од поранешниот министер: „ниту Драган Павловиќ Латас ниту кој било новинар директно или индиректно биле вклучени во нападот на Амбасадата“.

Ете, така се брани новинарската чест и углед и слободата на новинарството! Кој ни е крив нам кои бевме клеветени како домашни предавници и јавно линчувани како странски платеници? Кој ни е крив што сме толку некадарни да си ги одбраниме нашето достоинство и што немаме доверба во институциите на нашиот ефикасен систем? А да си поднесевме барање до службите, истиот ден ќе имавме непобитен доказ дали сме странски платеници. Патем, можевме да си извадиме и уверение дека сме во слободна брачна состојба со МВР.

Но, од кога тоа МВР почна да издава ургентни потврди за граѓаните дали за нив има или нема податоци дека соработувале со странски служби? Знам, некои неупатени ќе помислат дека ова има врска со законот за лустрација. Но, законот за лустрација ги засега соработниците на домашните служби, корисниците на информации и наредбодателите. Накусо, лустрацијата важи за домашните, а не за странските соработници. „Службите“ имаат обврска да постапуваат по барањата на Комисијата „во рок од три работни дена, а кога барањата се однесуваат за кандидати за носители на јавни функции во рок од 24 часа“. Да не ги измешал некој лончињата од службите? Да не помислиле случајно дека почитуваниот уредник (експерт за темата „КОС и УДБА“) е член на Комисијата за верификација на факти или можеби кандидат за носител за јавна функција, па му обезбедиле итни „факти“ за помалку од 24 часа?

Се разбира, пред „фактите“ од службите и боговите молчат, па редно е да замолчиме и ние. Особено кога „фактите“ ќе бидат верификувани од надлежната комисија, со такви експерти за човекови права. Неодамна, Комисијата верификува дека над 60 највисоки јавни функционери го исполнуваат фамозниот дополнителен услов. Недоверливите новинари укажаа: „На разговор и дополнителни проверки бил подложен еден функционер со над 500 страни досие, но од Комисијата не го откриваат неговото име.“ Многумина злобници останаа несреќни откако лустрацијата го одмина и Министерот за правда, во чија биографија стои: „Во Јавното обвинителство на Република Македонија работи повеќе од 28 години“. Што мислеа тие - дека нашите социјалистички обвинители ги повредувале човековите права од политички или идеолошки причини? За инает на злобниците, Комисијата го верификува непобитниот „факт“ - ниту еден од нашите сегашни јавни функционери не соработувал свесно во кршењето или ограничувањето на основните права и слободи на граѓаните од политички или идеолошки причини! Ако продолжи комисијата да верификува „факти“ со вакво темпо, ќе испадне дека сме живееле во најправедниот од сите можни политички системи.

Но, да се вратиме во нашата трагична транзициска реалност. Законот за лустрација опфаќа период од август 1944 се до февруари 2008, оти масовните кршења на човековите права од идеолошки и политички причини продолжија и по осамостојувањето. На пример, прислушувањето, кое беше незаконско се' до ноември 2006. Може ли комисијата да го верификува „фактот“ дека меѓу сегашните државни службеници немало наредбодатели и корисници на информации од незаконско прислушување вршено од идеолошки и политички причини? Кој може да гарантира дека државните службеници кои незаконски вршеа прислушување пред ноември 2006 не се истите службеници што сега произведуваат „факти“ на кои комисијата беспоговорно им верува?

Бездруго, лустрацијата станува политичка фарса кога органите за лустрација се сведени на пасивни верификувачи на „факти“, конструирани од страна на нереформираните и неконтролирани служби за безбедност, истите што произведувале досиеја од 500 страни. Наместо инструмент на транзициска правда, лустрацијата се претвора во инструмент за политичка пресметка, особено ако непознат дел од сомнителните досиеја се во приватни архиви и се злоупотребуваат за лични или партиски цели. Лустрацијата се претвора во инструмент за политичко жртвување ако лицата што се лустрираат немаат еднаков пристап до класификуваните информации и услови за фер постапка.

Иако навидум нема суштински допирни точки со лустрацијата, новата „шпионска афера“ е показател дека и довчерашните соучесници во „новинарски монтирани процеси“ лесно може да станат жртви на слични политички „монтировки“, базирани на „неприкосновените факти“ на службите.

Во услови кога „Запад не' отпишува, а Исток не сака да не' запише“, паланечкиот менталитет почнува мазохистички да ужива во територијалните пресметки на локалните медиумски „црноберзијанци“, кои оперираат според максимата „За говнари - говнарска цевка“. Се' додека не проникнеме во мудроста дека „говнарска цевка е говнарска цевка“, и дека „и говнарската цевка има два краја“, ќе си останеме (југо)носталгично заглибени во канализацијата на „Среќна нова 1949“.

А кој ќе ни биде главниот виновник за жртвите од „говнарската цевка“? Се разбира, Пиги. Е, па Пиги, извини што те лустриравме - морално беше!


Грчкиот вирус

1/13/2010

Претпоставувам, сте го слушнале следниов „патриотски“ виц: „Што прави грчки вирус во компјутер? - Менува имиња на фајлови и фолдери“. Зборот „патриотски“ е намерно во наводници, затоа што одеднаш почнав да се прашувам дали вицот е навистина патриотски. Почна да ме јаде јанѕа - да не е случајно предавнички виц? Имено, ако менувањето на имиња е последица на „грчки вирус“, дали и преродбеничкото менување на имињата на аеродромот Петровец и автопатот „Братство-единство“ е последица на грчки вирус? Кога малку ќе се подразмислам, вицот мора да е предавнички зашто сугерира дека и нашата патриотска влада дејствувала под влијание на „грчки вирус“ преименувајќи ги аеродромот и автопатот во „Александар Велики“.

Може ли поинаку да се објасни драматичниот пресврт на планот на изградбата на македонската нација, освен како резултат на епидемиска вирусна реакција? Познато е дека вирусите можат да предизвикаат мутација во човековиот геном. Во нашиот случај, епидемијата од грчкиот вирус на присвојување на античко-македонското минато предизвика мутација на македонскиот „геном“. Реплицирајќи ги грчките етногенетски стратегии на митологизирање на потеклото и континуитетот, на преименување и политичко злоупотребување на археолошкото културно наследство, нашите „преродбеници“ успеаја да го изменат нашиот етногенетски код. Со невидена пропаганда за само неколку години успеаја делумно да го променат нашиот меѓународен имиџ од Македонци - јужни Словени во хистерични наследници на Александар Велики.

Како да се заштитиме од вирусот antico-Macedonicus? кој безмилосно го разјадува кревкото демократско ткиво на нашата држава, го уништува природниот имунитет на нашето мултикултурно општество и предизвикува поделби и конфликти меѓу мнозинството граѓани кои се идентификуваат како етнички Македонци? За жал, Министерот за здравство досега не излезе со информации за симптомите од вирусот, ниту со конкретни препораки за превенција и лекување. Затоа, во интерес на нашето физичко и ментално здравје, даваме скромен придонес кон темата „Што можам да направам за да спречам да заболам од етнонационалистички грип предизвикан од вирусот antico-Macedonicus?“

Нема потреба да се одбегнуваат блиски контакти со лица кои настојуваат да ве убедат дека сте потомци на античките Македонци. Вирусот не се пренесува преку допир. Сепак, пожелно е да се избегнуваат јавни собири каде што се веат грандиозни знамиња со симболот од Вергина и каде што се пеат патриотски песни за „клетите Грци“ и „клетите Шиптари“. Ако некој почне да ве убедува дека симболот од Вергина е сонце, а не ѕвезда, потсетете го дека и сонцето е ѕвезда.

Бидете внимателни при изборот на телевизиски канали. Античко-македонските пропагандни спотови тешко се избегнуваат. Проветрувајте ги почесто просториите после гледањето на вести на националната телевизија, репризи од интервјуата на премиерот и контактни емисии во кои пречесто се користат зборовите „патриоти“ и „предавници“.

Негувајте го своето здравје и својот разум со добар сон, одмор, квалитетна духовна исхрана (на пр. читање на научни дела за политичкото конструирање на националните митови и идентитети), како и со спортски активности. Под „спортски активности“ не се подразбира и препорачува учество во активности организирани од Агенцијата за млади и античко-македонска пропаганда.

Како ќе знам дека сум болен од новиот грип предизвикан од вирусот антицо-Мацедоницус? Во најголем број случаи, тешко ќе можете да направите разлика помеѓу сезонскиот етнонационалистички грип и новиот грип. Единствено етнопсихијатар може да Ви ја потврди дијагнозата. Сепак, не е лошо да поразговарате со некој пријател кој го зачувал здравиот разум доколку забележите некој од следниве симптоми: историско помрачување на умот предизвикано од книги и филмови за славните дела на Александар и Филип, теснограда свест ориентирана кон барање разлики помеѓу древните Македонци и Елините, ирационални стравови дека целиот свет работи против нас само затоа што сме Македонци, негативни емоции кон секој што аргументирано го критикува самоволието на нашата „патриотско-преродбеничка“ влада, неконтролирани напади на говор на омраза и насилнички импулси кон надворешните непријатели и внатрешните „предавници“ кои се множат после секој преродбенички чекор...

Како да се излекуваме од вирусот? Не постои ниту вакцина за превенција на вирусот ниту серум против етнонационалистичкото беснило. Сепак, од нас зависи дали ќе дозволиме етнонационалистичкиот вирус antico-Macedonicus? да го уништи нашиот демократски имунитет. После Букурешт 2008, македонското општество покажува мошне слаб имунитет на етнонационалистички вируси кои последниве две децении однесоа стотици илјади жртви само на балканските простори, многу повеќе отколку било која вирусна епидемија.

Како да го зајакнеме нашиот имунитет? Треба да се научиме да го сочуваме разумот и да не подлегнуваме на националистички провокации и манипулации со негирањето на македонскиот идентитет. Негирањето е генератор на национализам. Грчкото негирање на македонското малцинство во Грција, како и негирањето на македонскиот јазик и идентитет создадоа вистинска националистичка хистерија во Република Македонија. Во што се состои парадоксот на македонските етнонационалисти? Без негирање, не би имало плодна почва за етнонационалистичка „преродба“. Токму затоа, свесно или несвесно, политичките експлоататори на македонскиот етнонационализам најмногу посакуваат негирање на македонскиот идентитет и јазик. Негирањето е нивната духовна храна. Се додека не негираат како Македонци, има причина нивното постоење.

Има ли нешто потрагикомично од нашите македонски „патриоти“ со „осумте максималистички барања на Грција“ во џебот, спремни во секој момент да ви ги изрецитираат со најпатриотски патос? Има. Нивното разочарување кога ќе им предочите аргументи дека македонското малцинство во Грција се признава во извештаите на Советот на Европа и ОН, дека на интернет-страниците на ЕУ македонскиот јазик се зборува и во Грција и дека во стотици меѓународни документи се афирмира човековото право на изразување на етничкиот идентитет „Македонци“.

Жими аќим

1/07/2010

Почитувани граѓани, Помина 2009 година. Многу и' се израдувавме на светската економска криза. Милина беше да се гледа како пропаѓаатамериканските банки. Како Исланд банкротира. Како Дубаи го спасуваат соседите. А најмногу од се' - како повторно станува актуелна поговорката - „должен си ко Грчка“.

Забрефтаниот раст на македонската економија беше пресечен како со нож. Ама пак успеавме најдобро да се снајдеме за време на кризата. Додека другите отпуштаа од јавната администрација, ние вработувавме. Нашата партиска економија се покажа многу витална. Како „Сведмилк“.

Борбата против невработеноста ќе остане и во 2010 врвен приоритет. Ќе продолжиме со партиските вработувања. Ќе продолжиме да бришеме невработени многу поажурно отколку претходната власт.

Во 2009 бевме изложени и на многу стресови од Грција. Сепак, ниту неправдата што пак ни ја нанесоа ниту светската економска криза не не' обесхрабри. Продолживме со археолошки ископувања, со градење споменици и со античкопропагандни кампањи на CNN. Ниту Ричард Квест нема да не' обесхрабри да ја продолжиме последната битка - со транзиционите политичари кои зад себе оставија пустош и беда и со домашните предавници кои сакаат да ги смениме името и идентитетот.

Продолживме и со зацртаните реформи на секое поле. Не само на Скопско Поле, туку и на Овче Поле. Не само што ги исполнивме бенџмарковите туку продолживме и со модернизацијата. Обезбедивме безжичен и бесплатен интернет во секое село. Кај и да е, тендерите ќе успеат, и хидроцентралите ќе ги изградиме.

Со гасификацијата и со Коридорот 8 ќе продолжиме со исто темпо како и досега. Прашање на време е кога супербрзиот воз со жолто лавче ќе јури кон Софија.

Ќе продолжиме да го модернизираме и главниот град. Скопје ќе го направиме модерна некропола. Ќе го рестартираме часовникот од старата автобуска, а ќе ги воскреснеме и симболите на старо Скопје - Стариот театар и Официрскиот дом. Порано или подоцна, тендерот за двокатни автобуси ќе успее. И коцката ќе ја вратиме, независно дали е фрлена или не.

Визната либерализација беше една од најубавите вести што ја добивме минатата година. Нема веќе понижување пред амбасадите и конзулатите. Отсега, има да се понижуваме само пред нашите шалтери во МВР. Чувството за слобода на движење низ цела Европа е пријатно дури и за оние кои имаат закажано вадење биометриски пасош во 2012.

Може да не' блокираат колку што сакаат. Но, нашите активности потребни за влез во ЕУ и во НАТО, како и напорите за изнаоѓање решение за спорот со Грција и' остануваат и во 2010 врвен приоритет на Владата. Ако треба, ќе останат врвен приоритет и во 2049!

Во 2009 имавме голем напредок во делот на образованието. Прв пат се воведоа бесплатни учебници што родителите ќе си ги платат на крајот на годината. И градоначалникот Елвис Бајрам успеавме да го мотивираме да вети дека ќе се запише во средно училиште. Минатата година дури 96,5 отсто од матурантите се запишаа на некој од факултетите во Македонија. Оваа година ќе настојуваме да се запишат 99,102 посто.

Почитувани граѓани,

Борбата против криминалот и корупцијата продолжи со несмалено темпо, а така ќе биде и во 2010. Никаква снимка на „Јутјуб“ нема да не' запре или поколеба. Ќе продолжиме да ги разрешуваме од функција сите директори, независно од нивните значителни позитивни резултати во доменот на вршење притисок и рекет. Жими аќим, ако ве лажам!

Обврските од Охридскиот договор ќе продолжиме да ги исполнуваме. Ќе го почитуваме принципот на правична застапеност во партизираната администрација.

И сегрегацијата во образованието ќе продолжи. Ќе продолжиме еднакво да ги третираме сите што разгоруваат национален раздор и нетрпеливост. Нема да ги казнуваме ниту тие што пеат „Шиптари во гасни комори“ ниту тие што скандираат „Карпалак“. Ќе ги ставиме под тепих и вандалите во Нерези и оние што со шипки и секири сакаа да истеруваат улична правда.

Како мултиетничка и мултиконфесионална држава, меѓусебниот респект, уважување и толеранција, останува есенцијален за наша заедничка посреќна иднина. Кој не верува, нека ја прочита Македонска енциклопедија. Таа е еднакво важна и за македонците, и за албанците, и за турците, србите, ромите, бошњаците, власите и сите останати етнички заедници во Македонија.

Почитувани граѓани,

Македонија мора да успее,

Само гордо и смело. Оние што гледаат само црнила подобро е да си ги протријат очите. Во нашето село се' е бело. Освен црвената линија.

Да сте живи и здрави, да имате повеќе чуство на љубов и спокојство, да ја давате и примате љубовта за која се потребни двајца (освен ако едниот од партнерите не е настран во сексот).

Во 2010 посакувам да сме посреќни, повесели, и поуспешни од 2009 и да одиме напред во зацртаните цели од преродбата во 100 расчекори.

П.С. Употребата на „македонци“ со мала буква не е печатна грешка. Следени се правописните норми на „чуварите“ на името и на идентитетот и образованите и моќни уредници на веб-страницата на ВМРО-ДПМНЕ.


Мојот список со блогови

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Архива на блогот

Footer Widget 1

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Loading...

Footer Widget 2

Популарни објави

Популарни објави

Popular Posts this month

Popular Posts this week