„Си го чул/а вицот за...?“

4/30/2006

Прекрасен есеј за вицовите како форми на отпор и протест во поранешните социјалистички режими. Во есејот се споменува фрапантен податок дека во времето на Сталин 200.000 луѓе биле затворени поради кажување вицови.
Сепак, и оние што ги затворале имале смисла за хумор.
На пример, циничниот виц на Сталин:
По посетата на Грузиската делегација на Сталин му го снемува лулето, и тој му наредува на Берија да открие кој му го зел лулето. По пет минути, Сталин си го наоѓа лулето под некои листови хартија и вика по Берија: „Си го најдов лулето.“ „Доцна е“, му рапортира Берија, „пола од делегацијата призна дека ти го украла лулето, а другата половина не го издржа испрашувањето“.
Уште поциничниот виц на Хрушчов, во текот на неговиот прочуен таен говор на 20-тиот партиски конгрес:

„Сталин сакаше да ги депортира сите Украинци, ама не знаеше каде да ги стави.“ (Нормално, целата хала морала да се смее, па дури и дактилографката запишала „смеа“.)
Роналд Реган бил „фан“ на „комунистички“ вицови, па по негова наредба управникот на Балканската канцеларија собрал колекција од 15.000 вицови. Агентите на ЦИА мора да се скапале од работа. Којзнае колку од нив го загубиле животот од „преплет црева“ или засркнување?
Смејте се, ама кај нас „излагањето на подбив“ е сеуште составен елемент во повеќе кривични дела, за кои пишував во постот
Хуморот е веќе забранет!
На пример, можете да бидете осудени со затвор за повреда на угледот на Република Македонија, ако го кажете следниов виц:
„Зошто Република Македонија е најнеутрална земја во светот?
- Затоа што таа не се меша дури ни во своите внатрешни работи.“

Според чл. 178 од КЗ, „Тој којшто со намера за исмејување јавно ќе јаз изложи на подбив Република Македонија ... ќе се казни со затвор од три месеци до три години.“
Изгледа дека нашиот законодавец немал смисла за хумор. Или сепак имал?
Пошто законите ни се траги-комедија!

Племенски обичаи

4/29/2006

Еве еден малку поголем цитат од колумната на Ивица Боцевски:

„Во јавниот живот во Македонија очигледно има само неколку индивидуи кои не се срамат јавно да истапат и со име и презиме да си ги кажат своите ставови, додека, пак, другиот дел од јавноста се сведува на едно племе од крвожедни дивјаци кои се кријат зад политичките симболи, партии, лидери, како што дечињата се кријат зад сигурноста на семејниот дом. Отвореното општество, господа, бара рационални индивидуи во јавниот живот кои знаат и умеат да прифатат одговорност.
Наместо тоа, ние во Македонија имаме буквално неколку племиња каде што не е битно кој си и што си, туку единствено е битно да си дел од племенската заедница. Таму ќе бидат оправдани сите постапки, ќе се најде изговор и амнестија за сите грешки и промашувања и таму никогаш не се знае кој е виновен и за што е виновен. Таму, едноставно, му се нуди заштита на секој член од племето, бидејќи насекаде околу него е преполно со крвни непријатели кои коваат заговори и "магиски сили" кои дејствуваат врз членовите на племето кога тие прават
непромислени и погрешни нешта (но племето ќе им прости за се, бидејќи не се тие виновни, туку злобните волшебници).“

Не за џабе кај нас е сеуште популарна народната пцовка/клетва: „Да ти ибам племето, да ти ибам!“
Нашите пагани во политичката сфера (со менталитет "sword and sorcery") не престануваат да се служат со племенски методи, а после се чудат кога политичарите од ЕУ ги третираат како претставници на некој резерват.
Имаше ли право Милчо за тоа дека во Македонија треба да се снимаат „вестерн“ филмови? Не е ли време да се сними и еден „меч и магија“ филм? Погледнете само колку е популарна предизборната ТВ серија „Волшебнички“!

Ел-Масријада

4/28/2006

Македонската „Ел-Масријада“ продолжува. Според министерот Љубомир Михајловски, „Ел Масри, откако влегол во Македонија, бил сместен како турист во хотелот „Скопски мерак“ и по три недели подоцна излегол на граничниот премин Блаце“.
Е, сега, останува неодговорено прашањето „од каде доаѓа печатот од скопскиот аеродром кој датира од 23 јануари 2004-та“ (поставено од Волфганг Красл Дефлер, член на комисијата на европскиот Парламент) (
А1).
И како Ел-Масри се нашол во "Guantánamo Bay Express", како што популарно се нарекувал Боингот N4476S со кој Ел-Масри бил префрлен во Авганистан?
Што ќе испадне на крај - „Ако МВР лаже, печат не лаже?“
Еве што вели Макфакс:
“Нема индикации дека странски разузнувачки агенти, односно ЦИА, биле вклучени во овој случај“, изјави Михајловски, по средбата со делегацијата на Европскиот парламент (ЕП), што вчера пристигна во Македонија да го истражува случајот. (...)
„Шпекулација е тоа дека Ел-Масри ја напуштил Македонија со авион“, рече денеска Михајловски.

Ако навистина имаат докази дека спорниот Боинг бил на Скопскиот аеродром на 23 јануари, тогаш секако има индикации за вклученост на странски разузнувачки агенти.
Ако Ел-Масри има печат од Скопскиот аеродром, тогаш или не е шпекулација дека тој ја напуштил Македонија со авион, или Ел-Масри треба да го обвиниме за фалсификување на државен печат!
Дајте луѓе, отворете барем истрага за случајов, да не се брукаме сите комплет пред светот!
(Повеќе за случајов во постовите: Има ли истрага за случајот „Ел-Масри“?, Ел Масри нè срами!, Нов автогол во „Премиер“ лигата!, Кредибилитет.)

Кој сака да биде милионер?

Заеби квизови, бинга, кладилници - гром у коприва не удира!
Судот пресуди на Хари Костов да му бидат исплатени „950.000 денари за претрпена болка, 5000 денари за судски паушал како и да ги плати судските трошоци на тужителот.“ (
А1)
Остана нејасно: На кое прашање точно одговори Хари? За „Раштански лозја“, „Корупција во Владата“, или за „Швајцарски сметки“?
И како дојде до милионот? Со „брзи прсти“, со џокер - „пријатели“, или играше на „пола-пола“?

Полициска држава?

Што сакате: прво добрата вест, или лошата вест?
Добрата вест е дека веќе нема да има затворска казна за сите видови прекршоци (значи и за прекршоците „оддавање на уживање дроги“ и неовластено „поседување дроги“).
Лошата вест е дека полицијата ќе може да ве задржи најмногу 8 часа доколку под дејство на алкохол или други психоактивни материи сте затечени при сторување на прекршокот ако постои опасност дека и во иднина ќе вршите прекршоци, а не постојат услови за веднаш да бидете пренесени во здравствена установа.
Со оглед на тоа дека „оддавањето на уживање“ дроги е прекршок, тоа автоматски значи дека секое лице за кое „од неговиот изглед, однесување, психофизичка состојба и други околности произлегува дека не е способно да управува со своите постапки“ може да биде задржано како прекршител („уживател“ на дроги) најмногу 8 часа.
Останува нејасно:
1) Што ќе прави полицијата 8 часа со „лицата кои не се способни да управуваат со своите постапки“?
2) Какви мерки ќе бидат преземани врз „лицата кои не се способни да управуваат со своите постапки“, покрај медицинските мерки? (секое лице ќе добие примерок од Записник „во кој се внесуваат мерките што се преземени и ако се преземат медицински мерки и медицинските мерки“)
3) Кои тоа услови можат да оневозможат „лицата кои не се способни да управуваат со своите постапки“ да бидат веднаш пренесени во здравствена установа?
4) До кога државата ќе ги нарекува лицата што употребуваат дроги „уживатели“, односно, до кога државата ќе спроведува казнена политика против „уживањето“?
5) Зошто државата продолжува да го употребува стигматизирачкиот термин „наркомани“ (одамна исфрлен од употреба во СЗО) пропишувајќи санкција „задолжително лекување на алкохоличари и наркомани“?
6) Зошто државата продолжува да ја игнорира сопствената Програма (од 1996) во која јасно се нагласува дека е потребно „испитување на потребата од „присилното“ лекување... и пропишување на соработка и доброволност на лекувањето“?
Се додека овие прашања остануваат без одговор, ќе постои и сомнеж дека новиот Закон за прекршоци може да биде злоупотребен за прогонување, произволно лишување од слобода, стигматизирање, и дискриминирање на лицата што употребуваат дроги и алкохол.
Што ќе правиме сега: ќе се придружиме на симболичкиот протест за кој известува
Вуна, или ќе бараме одговори на гореспоменатите прашања?

Потемкиново село

Градоначалникот Костовски по се изгледа упорно се труди да ја докаже вистинитоста на слоганот „Личното е политичко!“
Скандалозниот случај „Кермес“ покажува како Градоначалникот ја остварува својата Програма
За обновата на духот на Скопје и неговиот лик, односно како бескрупулозно го гази програмското ветување - „ќе ја промовирам заштитата и одржувањето на спомениците на културата“.
Откако Антикорупциската комисија по шести пат повтори дека „Уривањето на „Кермес“ и сечењето на дрвјата во градскиот парк е незаконско“ (
А1), и побара покренување кривична пријава против двајцата градоначалници (Костовски и Аларова), осомничениот Трифун се обидува да го сврти вниманието на јавноста кон вториот стратешки проект - изградбата на спортска сала.
Овојпат како соработник во „здружените урбанистички потфати“ на благословениот „крстосветец“ Костовски се јавува никој друг туку Владата на Република Македонија чиј претседател свечено потпишува
Протокол за соработка и изградба на спортската сала.
Честитки до Претседателот на Владата кој продолжува достоинствено да ги игнорира барањата на Антикорупциската комисија давајќи им сесрдна Владина поддршка на осомничените за корупција на почетокот на предизборната кампања.
Да потсетиме само што друго вети Костовски во својата програма според која „Локалната власт мора да функционира во границите на Правото“: „ќе го информирам Советот на Градот за конфликтот на интереси доколку се работи за одлучување за прашање во кое јас или мојот брачен другар, деца или роднини до втор степен странична линија има финансиски или друг личен интерес“.
Дали Советот на Градот е информиран од страна на градоначалникот за конфликтот на интереси во случаите „Кермес“ и „Спортска сала“ за чија изградба е најзаинтересиран сопственикот на ракометниот клуб „Кометал“ - Ѓорче Петров?
И кој вели дека Власта не е над Уставот и Законот?
Градоначалникот на Скопје Салих Асим (автор на првата "Историја на Скопје и неговата околина") ќе остане запаметен по проектите: првата градска канализација, паркот „Ислахана“, кејот на Вардар, училиштето за сираци, аптеката за сиромашни...
Градоначалникот на Скопје Трифун Костовски ќе остане запаметен по уривање на споменици на културата, по сечењето на дрвјата што ги посадил Салих Асим, по игнорирањето на дупките по Скопските улици и по претворањето на Скопје во Потемкиново село.

Ах, да, ќе заборавев! Ќе остане познат и како уништувач на забави (обидот за затворањето на Градскиот парк ноќе и растерувањето на младите околу „Фонтана“) и како многу лош пејач на патетични шлагери!

Смокиолози против стоби-флипсисти!

4/26/2006


Како реакција на постот за новата религија смокиологија, Православната архиепископија на смокиолозите на Македонија објави протестна Декларација со која се осудува секоја употреба на терминот „смокиологија“ освен во смисла на консумирање на ортодоксните „Смоки“ (од „Соко Штарк“) како религиозен сакрамент.
Во Декларацијата се осудува секоја употреба на зборот „смоки“ во смисла на консумирање на еретичките „Стоби Флипс“ (од „Витаминка“) кои шират раскол меѓу консумерското „стадо“.
Домашните „смокиолози“ побараа од Владата и отворање на дневен центар за лечење на смокоманија, во кој ќе се применуваат најсовремени супституциони тераписки методи (прикажување порно филмови уз пуканки) за лицата што злоупотребуваат смоки во нерелигиозни цели.
Декларацијата завршува со зборовите:
„Татко наш кој си на небесата, да се свети името Твое, смоките наши насушни дај ни ги денес и прости ни ги долговите наши како што и ние им ги простуваме на нашите должници. И не нé воведувај во смокоманско искушение...“

Закон за заштита од религиите и верските учења

чл. 1: Со овој закон се уредува заштитата од штетните дејства на религиите и други верски учења врз граѓаните, зачувувањето на здрава животна средина и ментална хигиена, забрана на вршење религиозни и верски обреди на јавни места и забрана за рекламирање на религиите и верските учења.
чл. 2: Издавачот на религиозни книги и верски календарчиња е должен на насловната страница да отпечати порака на предупредување дека религијата е штетна по здравјето на луѓето(алтернативно: „Религијата е опиум за народот!“).
чл. 3: Се забранува продажба на религиозни книги и верски календарчиња во објекти кои што се оддалечени од претшколските и школските воспитно-образовни установи на растојание помало од 500 метри.
Се забранува присуство на лица во мантии или други религиозни одежди во претшколските и школските воспитно-образовни установи, како и поседување на било какви религиозни материјали или симболи.
Се забранува поставување на религиозни и верски симболи како културно-историски споменици.
чл. 4: Се забранува било какво нарушување на јавниот ред и мир од страна на религиозни лица во верски објекти (чукање на камбана, гласно пеење на попови и оџи итн.) и поставување на разгласни уреди во верските објекти.
чл. 5: Сите угостителски објекти треба да обезбедат соодветен простор оддалечен најмалку 4 метри од сите други гости, за лицата кои носат било какви религиозни материјали или симболи.
Има ли заинтересирани за покренување граѓанска иницијатива?

Кредибилитет

Што изјавува претседателот на парламентарното собрание на Советот на Европа во интервјуто за А1:
"Ве уверувам дека ако една земја-членка, не мора да биде Македонија, го информира Советот на Европа дека нема тајни затвори, дека немаат информации за тајни летови, и ако подоцна се покаже дека имало такви, тогаш имаме вистински проблем со веродостојноста (кредибилитетот). (...) Како последица ќе имате проблем со јавното мислење на Европа."
Кој збор го нема во речникот на нашите политичари?

- КРЕДИБИЛИТЕТ!
Од што ама ич не се плашат нашите државници?

- Од јавното мислење (особено ако е на Европа).
Што недостасува во нашата политичка култура?

- Елементарно чувство за политичка одговорност.

Капиталот и „човечките права“

4/25/2006

Откако Анти почна „револуционерно“ да се пресметува со „платениците на капитализмот“ во еден од своите постови, брзо уследи „буржоаската“ реакција.
Еве како професорот Фрчкоски (со својот лик и дело?) ни демонстрира зошто капитализмот и човековите права треба да одат рака под рака:
„Неверојатна е злобата и нелагодноста од високите профити на една голема компанија во Македонија бидејќи нејзиниот сопственик е во Владата. Нормално би било да му се честита...“


За што да му се честита? За огромните странски инвестиции? За тоа што стапката на економски развој драстично се зголеми? За тоа што се отворија огромен број работни места? За тоа што се намали сиромаштијата? Или за тоа што се зголеми само профитот на неговата компанија?
Понатаму:

„Да се води успешен приватен бизнис и да се прават пари, да се брани и оплодува приватната сопственост, денес во Македонија е РЕВОЛУЦИОНЕРНО НАЧЕЛО, господа!“

Знае професорот кој вокабулар е „ин“. Како надежен „револуционер“ воспитан во „комунизмот“ речениците ги завршуваше со „другари!“, а сега ги завршува со „господа!“. За големо чудо, неговиот револуционерен занес не стивнува со годините. Само што, во меѓувреме, капиталистите да ти се преобразиле во вистински револуционери, на местото на божемните кои демек се бореа против експлоатацијата на работниците.
И така, небаре Че Гевара во Антиподеа, професорот по меѓународно право за човекови права повикува на енергичен „револуционерен“ напад против актуелните закани по капиталот:


„Треба да им се нанесе сериозен удар на егалитаризмот, комуњарството и етнонационализмот, кои се хранат од оваа сенародна злоба кон капиталот и човечките индивидуални права.“

Фала за лекцијата професоре! Секој што ќе се осмели да ја критикува капиталистичката експлоатација ќе го прогласиме за противник на „човечките индивидуални права“?!?

Маестрално, нема што!

„Декриминализација“ на навредата и клеветата?

4/24/2006

Ако во среда Собранието го усвои ПРЕДЛОГОТ ЗА ДОНЕСУВАЊЕ НА ЗАКОН ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ НА КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК, со кој се бришат затворските казни за делата навреда и клевета, тогаш и блогерите (како граѓани-новинари) ќе бидат ослободени од заканата дека можат да добијат и затворска казна во случај на докажана клевета или навреда. Еве дел од образложението на предлагачот:

"Во многу земји заштитата на сопствениот углед се третира примарно како приватен интерес и искуството покажува дека криминализацијата со пропишување на казна затвор, на изјавите со кои се повредува угледот не е потребна за да се обезбеди адекватна заштита на угледот. Заканата со построги кривични санкции, особено затвор има негативен ефект врз слободата на изразувањето."

Анти (1, 2) и Геровски беа против ваквиот предлог за „декриминализација“.

Анти: „НОНСЕНС Не знам сеа дали е паметно да нема затвор за некое копиле што изиграва новинар, а работи во име на некој интерес (политички, економски).“

Геровски: „...таа измена во Кривичниот закон само ќе го засили погубниот процес на таблоидизација на македонското новинарство.“


Но, еве што вели Советот на Европа во документот, Examination of the alignment of the laws on defamation with the relevant case-law of the European Court of Human Rights, including the issue of decriminalisation of defamation (15.03.2006), во однос на пропишувањето на затворски казни:
„In fact, the Court has apparently never upheld or condoned a prison sentence indefamation cases not involving incitement to violence or hate speech. It has held that “the imposition of a prison sentence for a press offence will be compatible with journalists’ freedom of expression as guaranteed by Article 10 of the Convention only in exceptional circumstances, notably where other fundamental rights have been seriously impaired, as, for example, in the case of hate speech or incitement to violence”; in the particular case under consideration, it added that “the present case – a classic case of defamation of an individual in the context of a debate on a matter of legitimate public interest – present no justification whatsoever for the imposition of a prison sentence”.“ (стр. 16).

Накусо, според Судот во Стразбур, затворската казна може да биде оправдана и во согласност со слободата на изразување само во исклучителни случаи - говор на омраза или поттикнување на насилство.
Со усвојувањето на измените ќе добиеме необичен случај на „декриминализација“ - клеветата и навредата остануваат кривични дела, но за нив ќе може да се изрече само парична казна.

Милошевиќ против Македонија!

Македонското судство е повторно на тапет откако Европскиот суд за човекови права утврди дека има повреда на чл. 6.1 (правото на фер судење во разумен рок) од Европската конвенција за човекови права во случајот MILOŠEVIĆ v. THE FORMER YUGOSLAV REPUBLIC OF MACEDONIA:

"The Court notes that the proceedings have already lasted more than twelve years, including nearly eight years and ten months since ratification of the Convention by the former Yugoslav Republic of Macedonia."
"...the Court observes that it took about five years for the Skopje Court of First Instance to decide the applicant’s claim after the Supreme Court had referred it back for re-examination in September 2000. The Court therefore considers that responsibility for the protracted length of the proceedings falls on the domestic authorities."

Иако тужителот Милошевиќ доби како отштета бедни 2,000 Евра за 12-годишното малтретирање по македонските судови (дал поради неподнесување сметки за сторените трошоци, дал поради несреќното презиме) пресудата претставува вистински шамар за Република Македонија и за нејзините амбиции за отпочнување преговори за членство во ЕУ.
Со вакви и слични пресуди против Република Македонија, почетокот на преговорите со ЕУ останува пуста желба („wishful thinking“) за нашите непоправливи политички оптимисти.

Супер херои

„80-тите - цајкани! 90-тите - детективи! сега - форензичари! ..... - ?“ - проникливо забележа Макондо на инспиративниот цитат од Хаким Беј во постот на ASNЦајканска култура“.
Мојата прогноза е дека Холивуд ќе се ре-позиционира кон политичарите-херои.
Не беше ли функцијата на филмските цајкани, детективи, форензичари да му ја повратат на гледачот загубената доверба во системот? Загубената доверба поради лошите цајкани, детективи, форенсичари? Токму затоа „добрите“ политичари веќе трчаат на екраните за да ја воспостават загубената доверба во лошите политичари.
Недовербата во системот раѓа параноја. Холивудската култура ја лечи паранојата со креирање на „системски“ херои кои држејќи се до сопствените принципи успешно му одолеваат на искушението да го изневерат граѓанинот-гледачот.
Што имаат заедничко хероите на
CSI и West Wing со „dirty Harry“, Шерлок Холмс и Херкул Поаро? - Сите се успешни „клинери“ не само на заканите за поредокот туку и на параноичните стравови кои ги попречуваат безгрижните сништа. За да се одржи поредокот, мора на некој начин да овозможи мирен сон на „штрафчињата“.
Ќе ми каже ли некој, зошто кај нас не се снимаат херојски филмови/серии со цајкани, детективи, форенсичари или политичари?

Пушоманство?

4/23/2006

Ако сакаш да заштитиш некоја проблематична идеологија или практика - тогаш основај религија и формирај црква. Идејата за формирањето на МКЦ - како реакција на обидите за сеопшта осуда на „комунизмот“ - беше мотивирана токму од согледбата дека во името на религијата се може да се оправда: не само парадоксалните и ирационалните сфаќања, туку и некои незаконски дејанија.
Тоа им текнало и на некои зависници од никотин, кои основале нова религија -
смокиологија - која проповеда дека пушењето е религиозно искуство (имаше и напис во „Утрински“). Смокиолозите (пушоманите) се обидуваат да го повратат достоинството на пушачите кои дискриминаторски се третираат како „второкласни граѓани“ со аргументот дека спроведувањето на забраната за пушење би било акт на религиозна дискриминација кон смокиолозите за кои вовлекувањето на чадот од цигарата е религиозно искуство.
Комплетно се согласувам со пушоманите. Нека си основаат свои цркви, и во нив нека си изведуваат пушачки ритуали колку им душа сака.
Се прашувам само: Дали е можно канонско единство помеѓу пушоманите на тутун и пушоманите на канабис? Или вториве ќе ги третираме како „расколници“?
И не ли е конечно време да се донесе „Закон за намалување на штетните последици од религиите“?

Воскресение

4/22/2006

Рипли воскресе!
Ваистина воскресе.
Според евангелието на
Жан Пјер Жене, 200 години после нејзината смрт, Елен Рипли воскресна како моќен човечко-ејлиенски хибрид-клон, и ја продолжи светата војна против универзалната напаст - Ејлиените.
Според Евангелието на Марко
, и Ејлиен воскресе. Ваистина воскресе!
Откако на Земјата останаа само клоновите, во 2222 година почна светата војна по големиот раскол во однос на прашањето дали Ејлиен ќе воскресне пак, и дали треба да се анихилираат сите клонови кои не веруваат во спасение. Оти, според
евангелието на Дејвид Финчер: „We are waiting for God to return and raise his servants to redemption...“.
Во 2345 година, беше истребен последниот клон кој не веруваше во повторното воскресение, а кој се колнеше во еретичките зборови на расколникот Богз од „Ејлиен 3“: „It's okay to say shit. It's not against God.“
Оттогаш, клоновите веќе не се плашат од воскреснувањето на Ејлиенот, затоа што знаат дека нивното спасение е неминовно како и воскресувањето на Рипли.
Оти Рипли воскресе. Ваистина воскресе! No shit!

Депенализација на „проституцијата“?

Секој човек има достоинство, без оглед на тоа со што се занимава.
Мал извадок од мојот
текст во минатиот „Форум“ кој сакаше да појасни зошто треба да го претпочитаме изразот „сексуална работа“ наместо „проституција“:
„...државата треба да стави мораториум на јаловата политика на "борба против проституцијата" и да преземе енергични мерки за борба против стигматизацијата на сексуалните работнички како "проститутки", "курви, "ороспии"...“
П.С. „Опремата“ на текстот - насловот, поднасловите и фотографиите се на редакцијата.

Сите глави на „Октоподот“

Интересна игра со наслови на првата страница на денешен Дневник: Прво, Христос воскресна, па Пропаднаа сите ветени инвестиции, и на крај Повторно не' распнуваат, но ние воскреснуваме!
Еве зошто „Милијардата на Бучко“ стана исто што и „Милијардата на Циле“:
„Корупција, шверц, неодговорна власт, неорганизираност, ситна, но во локални рамки доволно моќна олигархија, инструментализирано судство, нефункционален катастар, неконзистентната даночна политика и регионалната нестабилност. Ова се причините што ги наведуваат странците како главни пречки за инвестирање во Македонија.“
И „октоподот“ празнува и воскликнува: „Повторно ме распнуваат, но јас воскреснувам! Колку повеќе ме навредуваат и негираат, толку поцврст станувам. А силата, за да истраам до крај, ја добивам само преку благодатта на воскресението. Бог ми помага.“

Е.. Влада?

4/21/2006

Целата Влада не само што учествува во предизборна кампања со т.н. „електронски седници на Владата (Е-Влада)“, туку и сака да не убеди дека изборната кампања сеуште не е започната:
"На прашањето дали со доделувањето на спортската сала во Гевгелија во владение на локалната самоуправа, за што се согласила и централната власт не се кршат препораките на Антикорупциската комисија пред изборите да нема нови инвестиции, ниту доделување имоти и државни земјишта, Чолаковски одговори дека кампањата се уште не е почната." (
Сител)
„Фабрикантите“ на Бучковски повторно претераа во потценувањето на интелектуалните капацитети на гласачите.
Откако бензинот поскапе никој од нас веќе не пие нафта.

Суеверие

И израелските кабалисти се приклучуваат во „војната против птичјиот грип“:
„Ширењето на птичјиот грип во Израел е божја казна поради барањето на левичарските партии пред изборите во земјата да се легализираат хомосексуалните бракови, тврди Дејвид Басри, рабин од Израел и истакнат проповедник на Кабалата“ (HELLO, 2, стр. 6)
Не можам да разберам: Бог ги љуби „грешните“ или Бог ги казнува „грешните“?
Не сум го читал „Кодот на да Винчи“, ама се чудам зошто овдешните христијани не излезат пред издавачките куќи да протестираат против објавувањето бласфемични книги во кои се сугерира дека Марија Магдалена била „
светата невеста на Христа“.
Најпосле, нека се расчисти веќе еднаш: била или не била Марија Магдалена сексуална работничка? Дали Марија Магдалена е исто толку божествена колку и Дева Марија? И колку ангели можат да застанат на врвот на една игла?
Се додека религијата дејствува како опиум за народот, опиумот нема да стане народна религија.

„Тешкото“


Според Библијата, „A woman must not wear men's clothing, nor a man wear women's clothing, for the LORD your God detests anyone who does this.“ (Deuteronomy 22:5)
А зошто тогаш Владиците упорно носат фустани?
За жените, носењето панталони не било само религиски, туку и законски забрането:
„Until 1970 it was not fashionable and sometimes against the law for women to wear pants in offices, classrooms, and restaurants in the U.S.“ (
повеќе)
Е, сега, жените можат насекаде да носат и панталони и мини сукњички и „сукњи-панталони“, а за мажите во некои места е сеуште забрането да се појават во „куси панталони“ или шорцеви (на пр., во Универзитетска библиотека).
Што ќе се случи ако во знак на протест против забраната за носење „куси панталони“ некои студенти влезат во библиотеката облечени во традиционални бели мини сукњички (но без панталони) и го заиграат „Тешкото“?

За кого ќе гласате?

4/19/2006

Ако парламентарните избори се одржат на 5-ти јули, тогаш на „денот на борецот“ 4-ти јули ќе владее предизборен молк. Воопшто не би се изненадил ако дел од нашиот невладин сектор, поддржан од секогаш агилните и жилави борци од НОБ, „спонтано“ одлучи да организира „општонародна“ прослава со невиден огномет „по повод денот на борецот“.
Секако, прославата ќе биде поддржана и од нашите најголеми сојузници кои токму на тој ден ќе го слават „Денот на независноста“. Има ли подобар повод за „колективна распаљотка“ од најголемиот државен празник на нашиот најмоќен сојузник? Во чест на денот на борецот и независноста, на Градскиот стадион во Скопје попладнето ќе се одигра пријателски фудбалски натпревар помеѓу тимот на амнестираните борци на УЧК и внатрешно раселените лица од Арачиново и Матејче. Како предигра на големото полуфинале за која бесплатни билети ќе добијат партиските војници од „армијата невработени и стечајци“ - оние што најбрзо ќе се приклучат кон спонтаната „парада“ по повод денот на борецот (уз ветената доза К-15).
Интернационални фудбалски судии ќе бидат Ел-Масри, Љубе Бошковски (пуштен за викенд од Хаг) и стариот „скопјанец“ Ратко Младиќ (кој после мечот свечено ќе се предаде џентлменски љубејќи ја раката на Карла дел Понте). Најдобриот играч ќе биде награден со 23-дневен пансион во луксузен македонски хотел со пет ѕвездички. Мечот ќе го пренесува CNN во функција на промоцијата на нашата богата туристичка понуда. Ќе го коментира Јанко - „јади бурек“. После мечот, членовите на навивачките групи „комити“ и „балисти“ ќе ги разменуваат дресовите.
По преносот на полуфиналето од СП во фудбал (на огромни платна на плоштадите во најголемите градови во Македонија), ќе се оддржат бесплатни концерти на кои ќе гостуваат познати имиња од светската естрадна сцена. Мадона и Бритни Спирс ќе одржат заеднички перформанс како поддршка на законите за антидискриминација и за регистрирани партнерства. Мобилните оператори цело време ќе испраќаат бесплатни пораки, пиварите ќе нудат за дегустација бесплатно пиво, а „државните коцкарници“ ќе се рекламираат делејќи бесплатни бинго-ливчиња. Кината ќе работат цела ноќ и бесплатно ќе прикажуваат партизански филмови.
Угостителските локали ќе работат нон-стоп, а градскиот парк ќе биде отворен и за ноќни посетители. Труфун ќе засади 88 садници пред новиот „Кермес“, за спомен на најголемиот борец - „Маршалот“ Тито. По тој свечен чин, заедно со претседателот ќе ја откријат новоизградената биста на универзалниот независен борец - другарот Тито. Пригоден говор за Тито ќе одржи независниот блогер Коља, а бистата заеднички ќе ја осветат Владиката Методиј и Владиката Јован со што симболички ќе му стават крај на црковниот раскол.
Полицијата нема да ги брка младите од тревниците и пред „Фонтана“ каде што членовите на „Антикорупциската комисија“ ќе штрајкуваат со стриптиз против температурата од 40 степени целзиусови. Мониторинг на стриптизот ќе вршат набљудувачите на ОБСЕ кои ќе бидат набљудувани од Хелсиншкиот комитет. Во чест на денот на не-зависноста, како најуспешен борец против организираниот криминал, Џанго заедно со „Алфите“ ќе ги промовира правата на рекреативните корисници на лесни дроги со слоганот „Соединението ја прави силата“! Сексуалните работнички ќе нудат бесплатни промотивни услуги, во знак на поддршка на предизборните ветувања за легализирање на сексуалната работа.
Така, среќни и весели ќе го дочекаме 5-ти јули. Денот на изборите! За кого ќе гласате тогаш?

„Анти-исламистички“ хумор

Што ти е пропаганда.
Имате проблеми со фајлови „самоубијци“?
Кликнете
тука за беспари да го претворите вашиот "Recycle Bin" во "Recycle Bin Laden"!
Кога е full има убава насмевка.
Нормално, пропагандата е за џабе.
И да не постоеше „ѓаволот“, „христијаните“ ќе го измислеа.

Откријте ги разликите!

4/18/2006




Погледнете ги внимателно: Грбот на страницата на Претседателот , грбот од страницата на Владата, грбот на Службен весник, на хрватска Wikipedia, на македонска Wikipedia:
„Овој амблем ги преставува пејсажните карактеристики на Македонија: планините, реките, полињата и сонцето. Венецот ги преставува културите кои се одгледуваат во Македонија: пченица, тутун, памук и афион. На дното се наоѓа лента со традиционален вез, а на врвот црвена петокрака ѕвезда, симболот на владеачката идеологија.“
Според
ЗАКОН ЗА УПОТРЕБАТА НА ГРБОТ, ЗНАМЕТО И ХИМНАТА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, грбот не може да се менува (чл. 4).
Според чл. 30 од истиот закон, „Co парична казна од 50.000 до 300.000 денари ќе се казни за прекршок правното лице ... ако ги употребува грбот и знамето на Република Македонија и ја изведува химната на Република Македонија во поинаква форма и содржина од онаа утврдена со овој закон (член 4)“
Кој треба да се казни за употреба на грб со поинаква форма: Владата, Претседателот или Службениот весник на Република Македонија?
Кој е автентичниот грб?

Тиранија на етничкиот идентитет?

На официјалната Владина страница „Факти за Република Македонија“, се објавени следниве податоци:
„Од вкупното попишано население во Република Македонија, од 2.022.547 жители, Македонци се 1.297.981 или 64,18 проценти, а Албанци има 509.083 или 25,17 проценти. Турци има 77.959 или 3,85 проценти, Роми 53.879 или 2,66, Власи 9.695 или 0,48 проценти, Срби се 35.939 или 1,78 проценти, Бошњаци има 17.018 или 0,84 проценти, додека 20.993 лица од вкупното население се изјасниле дека се припадници на другите заедници.“
Според овие податоци, во Република Македонија ниту еден жител не се изјаснил дека не е припадник на ниту една (етничка) заедница!

Има ли во Република Македонија жители кои се изјасниле како „Македонци“, но не како припадници на етничката, туку како припадници на политичката заедница?

„Фабричка грешка“?

Написот од Агенцијата за информации со наднаслов „Македонија-одбележување на границата кон Косово“ (18.04.2006), започнува „Македонскиот премиер Владо Бучковски смета дека клучот за решавање на границата во делот кон Косово...“
Меѓутоа, на официјалната Владина страница „
Факти за Република Македонија“ не се споменува никаков „дел кон Косово“. На страницата е наведено дека нашите Граници се вкупно 766 км, а дека соседни земји ни се Албанија (151 км), Бугарија (148 км), Грција (246 км), Србија и Црна Гора (221 км).
Владината агенција печати нови „факти“, или повторно станува збор за „фабричка грешка“?

Метафизика на трачот

“Today, gossip is philosophy.“ (Brian Eno)

Трачењето, како посебен облик на задоволување на епистемичката глад на човекот, е еден од основните феномени на човековото постоење.
Можна ли е „критика на чистиот трач“ која ќе се фокусира на идејата за „чист трач“ како засебен мем, жилав репликатор, продорен „ментален вирус“ кадарен да го пробие и најотпорниот морален имунолошки систем?
Прашањето дали постои „добар“ трач е во основа двосмислено, во зависност од тоа дали „доброто“ го противставуваме во однос на „злото“ или во однос на „лошото“. Oдносно, кажано ничеовски, дали застануваме од оваа или од онаа страна на доброто и злото - страната на доброто и лошото. „Чистиот трач“, сам по себе не е ниту добар ниту лош/злобен, туку трачот станува таков во зависност од просудувањето на начинот на кој трачиме и од интенциите на учесниците во „трач партијата“.
Лошиот морален углед на трачот во значителна мера се должи и на предубедувањето дека „не прилега да се зборува за личност која што не е присутна во моментот“. Меѓутоа, ако побараме разлози кои би го оправдале ваквото предубедување, ќе видиме дека прифаќањето на кој и да е од нив или значително ги ограничува можните теми на разговор (следствено, и слободата на изразувањето) или пак поаѓа од себични мотиви (на пример, од желбата да не се биде содржина на нечиј трач, да не се доведува во искушение сопствената безгранична љубопитност итн.).
За суштествени белези на трачот не можат да се сметаат ниту прекршувањето на ветувањето за тајност, ниту намерното погрешно наведување, ниту намерното залажување на слушателите, ниту протурањето нешта кои што можат да имаат морално погубни консеквенци за личноста/групата која е објект на трачот. Сите овие елементи се среќаваат и во други јазички игри а секој од нив може да отсуствуваа од трач партијата.
Проблематично и тесноградо е инсистирањето на тоа дека „ние не трачиме за другите заедно со нив“, затоа што прераскажувањето на извесен трач кој се однесува на личност што учествува во трач партијата, може да биде не само составен, туку и највозбудлив дел од играта.
„Трач партијата“ е незамислива ако не подразбира комуникација барем помеѓу две личности. Не можеш да се трачиш самиот себеси во отсуство на реципиент. Без оглед на тоа како се пренесува трач-информацијата, „во живо“, преку телефон, порака, преку компјутерска мрежа, кон неа учесниците во „трач партијата“ заземаат специфично интенционално стојалиште кое инволвира посебна емотивна и интелектуална ангажираност.
Трач-информацијата е моќ, а желбата истата да се поседува ја поттикнува интер-персонална трговија и создавањето на посебни трачерски стратегии во кои личното се третира безмалку како политичко.
(извадок од еден необјавен текст пишуван пред 7-8 години, кој ми се виде мошне актуелен деновиве)

„Диверзитетска“ библиотека?

4/17/2006

Честитки до Универзитетската библиотека заради градењето на помошните патеки што овозможуваат влез на лица со количка! Белким ќе им текне и на одговорните лица во другите државни институции, посебно тие што се занимаваат со заштита на човековите права (судовите, народниот правобранител, полицијата...) да го овозможат пристапот и до оние на кои заштитата на правата им е неопходна.
Апел до сите невладини организации за заштита на човековите права да ги променат своите локации доколку се непристапни за лица со количка!
Исто така, изразувам поддршка на петицијата од страна на корисниците на Универзитетската библиотека против затворањето на легендарното бифе - едно од ретките „friendly“ места каде што на иста маса може да разврзе нормален „мулти-култи“ муабет.
Апел до одговорните во библиотеката за преземање итни мерки за претворање на библиотеката во деноноќно сврталиште за библиофили, книгомани, студенти, ученици, и останати намерници.

Интерактивни спортови?

4/16/2006

Продажбата на спортски услуги кај нас е легална, а продажбата на сексуални услуги е илегална. Една од можните стратегии за „легализирање“ на сексуалните услуги и истите да се промовираат како спортски услуги. Не треба многу имагинација за да се измислат бројни сексуални спортови, од кои дел можат да бидат интерактивни - со учество на публиката.
Наместо „јавни куќи“ - спортски клубови. Наместо „макроа“ - спортски менаџери. Наместо „трговија со луѓе“ - трансфери на спортист(к)и. Наместо „клиенти“ - интерактивна публика. Наместо „отворена сцена“ - интерактивна сексуална лига со олимпиското мото: „Важно е да се учествува!“
Снимањето со камери се подразбира како дел од активностите. На кого ќе се обложите?

„Кабелска“ за џабе!

Постарите основношколци од „Лептокарија“ фино се досетиле како да се забавуваат навечер. Наместо „гребење“ за билијард, дремење по локалните видео/интернет клубови, и кибицирање во спортските обложувалници, на некој „паметњакович“ му проработел „кликерот“. Си зело детето универзално „даљинско“ од дома, и преку стакло успеало да вклучи еден од плазма-екраните зад излозите на затворените продавници за техничка стока. Канали колку сакаш!
Народ со ваква „хакерска“ младина не треба да се плаши за својата иднина.
(Ако син ми се мајтапи со мене, и ја се мајтапам со вас.)

Штрајк за избори?

4/14/2006

Читам, пратениците сакаат да штрајкуваат.
А што ако и ние гласачите прогласиме штрајк, и тоа за време на избори?

Фабрика за криминалци!

Во документот на МВР - АНАЛИЗА ЗА БЕЗБЕДНОСНАТА СОСТОЈБА ВО СКОПЈЕ ЗА ПРВИТЕ 3 МЕСЕЦИ ОД 2006 ГОДИНА, во делот „недозволена трговија“ се наведени следниве податоци:
„Од областа на НТ со наркотични дроги откриени се 26 кривични дела кои се однесуваат на Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори, за што се пријавени 63 лица. При реализацијата на овие кривични дела пронајдени се и одземени следните количини на наркотични дроги: 2129,45 грама хероин и 2,4 мл течен хероин, 1302,32 грама марихуана и 7 стебла, 167 таблети екстази.
Во ова тромесечие регистрирани се 80 новопројавени уживатели на наркотични дроги.“
Иако „оддавањето на уживање“ дроги не е кривично дело, туку прекршок против јавниот ред и мир, МВР не ги соопштува податоците за овој прекршок во одделот „Јавен ред и мир и поредок“. Не е ли ова уште еден обид на МВР да ги стигматизира „уживателите на наркотични дроги“ како криминалци, ставајќи ги во ист кош со производителите и „дилерите“? Врз основа на која законска одредба МВР регистрира „новопројавени уживатели на наркотични дроги“?
Полициските практики кои се раководат според логиката „ако ги уништиме наркоманите ќе ги снема и дилерите“ предизвикуваат несогледливи штети по здравјето на луѓето и нивните човекови права. Токму затоа, потребно е дефокусирање на активностите на МВР од лицата осомничени за прекршоци (за поседување и уживање дроги) и пренасочување на полициската акција кон најштетните ситуации на криминалот поврзан со дрога (согласно принципите на ЕУ).
Фабрикувањето „криминалци“ е против принципите на политиката за намалување на штети од употреба на дрога. Уште една причина Владата да донесе посебна програма и да преземе конкретни мерки за борба против стигматизацијата и социјалното исклучување на корисниците на дрога.

Нов автогол во „Премиер“ лигата!

4/13/2006

„Знаејќи го нашиот менталитет и табиет, јас тврдам дека на 31-ви во 16 часот сите цариници, како и сите други или се половината покрај малите екрани и ги гледаат предновогодишните емисии, или се подготвуваат за прослава на ноќта која следи, така што многу работи останаа нејасни“, изјави Владо Бучковски, премиер, според А1.
Еве, да претпоставиме дури и да е погрешна тезата дека Ел Масри може да и наштети на македонската евроинтеграција (како што наивно смета Премиерот). Но, изјавата со која Премиерот сака да ја депласира оваа теза (која се заканува да го уништи главниот предизборен адут на СДСМ - кандидатурата за ЕУ), не е само „во полза на сопствената штета“ за СДСМ, туку и за нашата условена кандидатура за ЕУ. Имено, можеме ли да се надеваме за влез во ЕУ со таков „менталитет и табиет“ на нашите цариници и „сите други“ државни службеници? Можеме ли да се надеваме за влез во ЕУ со премиер кој се однесува како залутан „турист“ во Стразбур кој тврдоглаво се оглушува на „предупредување од претседателот на Парламентот на Советот на Европа - Ел Масри како услови за влез во Унијата“ (
повеќе).
„Европа не трпи дамки околу човековите права“ - вели А1. До кога ние ќе трпиме вакви политичари?

Дисеминација!

Вчера бев во МСУ, каде што присуствував на перформансот на Александар Станковски „5 кила семки“ (5 kilos of pumpkin seed).
Логистика на перформансот: 5 кг. семки, печени на среден оган, кошница, маса, столче, „чанче“ за мерење, „тутурутки“ - од Уставот на ЕУ, „Рамковниот договор“, и од еден текст од авторот.
Како што пишува во текстот/тутурутка, уметникот во улога на семкар им дава на гледачите по една тутурутка семки - текст по избор. (Колку што приметив, најмногу одеа тутурутките со „Рамковниот“.)
„Муштериите“ можат слободно да ги „пљукаат“ семките по подот на музејот, и на тој начин да придонесат во крајниот „дизајн“ на уметничкото дело.
За разлика од Венко Андоновски, Станковски знае навистина како да си поигра со „Законот“, знае како да го „извитка“ во тутурутка, како да ја мотивира публиката да го „пљука“ по подот на МСУ, и сето тоа во улога на достоинствен семкар и инвентивен дисеминатор на идеолошки концепти и поенти:
„...any justice which is 100% executed generates violence, frustration or revenge.“
На крај, за неговата замисла за ХРАМ (Херметична Револуционерна Анти-колонијалистичка Мрежа) како институција на идеали, дијалектика, и меморија:
„H.R.A.M. is a coded system of constantly upgraded messages which interacts with compatible (in aesthetic-philosophical sense) contents. It has countless "portals" for communication with the "surface", while its "inside" is a microcosms of contents."
Зомбификација е мојот Х.Р.А.М., а можеби не е лошо да изградиме уште еден виртуелен ХРАМ, и тоа на МКЦ!

Соопштение!

Како „единствено одговорен“ за „сите информации“ (содржини) што јавно ги постирам (или на друг начин се пренесени преку сервисот на Blogspot.com - Terms of Service for Blogger.com - Terms of Service for Blogspot.com);
Од причини што сум изложен на содржини што се „offensive, indecent or objectionable“;
Со оглед на тоа што сервисот почна да се користи од трети лица за пренесување содржини што се „harmful, threatening, abusive, harassing, tortious, defamatory, vulgar, obscene, libelous, invasive of another's privacy, hateful, or racially, ethnically or otherwise objectionable“;
Поради тоа што е можно да е сторена штета и на малолетни лица;
Поради индиции за намерно вознемирување на трети лица и пренесување на лични податоци за други корисници;
Поради демонстрираните можности за злоупотреба на идентитети во коментарите на моите постови;
Авторот на овој блог го терминираше постот „Појаснување“ и привремено ги ограничи коментарите само на регистрираните корисници на Blogger.

Со надеж дека овие несакани мерки ќе придонесат за „смирување на страстите“, што е основен предуслов за критичка дискусија,
Жарко Трајаноски

Аномалии

4/12/2006

Има и отстапување од законите - најпосле успеав да дочитам една колумна од Венко Андоновски. И не само тоа, туку уште и ќе го цитирам неколку пати:
- "Не е исто да изедеш чинија "селско месо" и рецепт за "селско месо". Во вториот случај остануваш гладен. Како ние што остануваме нецивилизирани, затоа што ниеден закон за нас не важи."
Ми останаа дилемите: Зошто баш „селско месо“? Уште еден кафeански „проблесок“? Или чисто „популистички“, за да разбуди апетит кај читателот?
- "Заразно е тоа со непочитувањето на законите, полошо од вирус, полошо од доминоефект. Кога ќе тргне, не сопира, оти секој си вели: "Па и другите не плаќаат; штом тие не плаќаат смеам и јас да не платам"."
Ете, ја идентификува Венко болеста. Секоја чест. А камо терапија?
"Што има уште поостро од високи парични казни? Треба ли да ги вратиме оние закони од средниот век: сечење рака, на пример, ако украдеш; или нагрдување, или жигосување, или камшикување на плоштад, или јавно срамотење, што ли?! Тамам закони за во Европа!"
Можда треба да го вратиме пак цивилизираниот „комунизам“, оти нели, у времето на Тито се поштуеше закон, и немаше графити по ѕидовине: "Влае - ЗАКОН"; "Комити - ЗАКОН"; "Чкембари - ЗАКОН".

Се знаеше бе брат кој е ЗАКОН! Имаше „поштовање“. А не ко сеа!

Правична застапеност?

„Време“ објавува фрапантна вест - „За прв пат во Битола: Ром се вработи во администрацијата“: „Според последниот попис, во Битола има околу шест илјади Роми и со седум проценти тие се втора етничка групација во овој град по Македонците“.
Боли до коска како податок.
Кога навистина ќе почне да функционира „правичната застапеност“ во Република Македонија?

Параноја!

4/11/2006

„Не можете да прислушкувате една нација без никакви последици и потоа да очекувате дека таа нација ќе ви биде нормална. (...) Во досието на татко ми има документ дека е ставена направа за прислушкување кај нас дома, но нема документ дека некогаш е извадена. (...) таква е логиката на системот. Тој мора да те држи во параноја. Тој нема да ти каже кога почнал да те прислушкува и нема да ти каже кога престанал. Намерно нема да ти каже кога престанал, за да не се опуштиш (...) Тие одлучуваат. Тоа е позиција на семоќ.“ Јасна Котевска, „Јован Котески: Досие 5622“, Маргина, 71, стр. 142.
Прислушкувањето во Република Македонија е сеуште незаконито: „Дали некој се запрашал зашто се уште (пет години откако е подготвен) не се носи законот за следење на комуникациите, иако промената на членот 17 на Уставот на Република Македонија беше и се уште е во непосредна корелација со потребата од донесување на овој закон.“ (
повеќе)
Медиумите известуваат и дека државата го има загубено монополот на тајното и незаконито прислушкување: „А1 дојде до фотографии на опрема за прислушкување во партиска сопственост. Ги снимиле странски служби кои следеле како се пренесува партиската технологија за прислушкување од едно на друго место со цел да не бидат откриени.“ (...) Експертите велат: МВР нема потенцијал да ги покрива и странците и партиите. Активностите се насочени исклучиво на првите.“ (
повеќе)
Значи, според експертите консултирани од А1, МВР свесно го крши Уставот кој налага отстапувањето од правото на неповредливост на писмата и другите облици на комуникација да се врши „Само врз основа на одлука на суд, под услови и во постапка утврдена со закон“. Практично, без закон за следење на комуникациите, неуставно би било не само прислушкувањето, туку и повредувањето на блоговите како друг облик на комуникација (на пример, откривање на лозинката на некој блог од страна на блог-мастерот по барање на МВР).
Да потсетиме, медиумите непосредно пред конфликтот во 2001 год. објавија
транскрипти од прислушкувани разговори помеѓу сегашниот и претходниот претседател на Република Македонија, и други високи политичари и новинари.
Случајот „прислушкување новинари“ не исходуваше со судска разрешница и сега се разгледува од судот во Стразбур.
Пазете, и блоговите имаат уши! Ако сте параноични, не значи и дека не ве следат!

Крстоносците го возвраќаат ударот?

4/10/2006

„Само злобен и празен човек може да изјави дека сега градот личи на гроб.“ - Јанко Илковски, Јади бурек.
Не сум сигурен, ама православната психоанализа на „бурекчијата“ ми заличе како на обид за реплика: „Откако ќе го поминеш Аксиос, градот станува почист, поуреден, поосветлен, попоплочен, пожив. Или, тоа е некој друг град, град со „огнен“ крст над планината која на залез морбидно заличува на огромна гробница, скраја да е!“ -
Жарко Трајаноски.
Да се потсетиме и на некои проблесоци од „иконокластичкиот спор“ за „ѓаволската“ грдосија на Водно:
„...откаде право некому на врв планина да ми го краде хоризонтот со таков еден крајно неадекватен зафат?!!!“ - Искра Гешоска
„Мене лично ми е најинтересна симболиката - имаш burning cross (симбол на една од најпознатите „невладини“ организации од САД) секоја вечер над Скопје. Одлично „добредојде“ за сите припадници на различните раси во „градот на светската солидарност“ -
Ивица Боцевски
„Вистина е дека како православна христијанка не се сложувам дека треба да се ставаат такви крстови и претходно спомнав дека доблеста на православието е токму ненаметливоста и правото на избор. (...) За да ви покажам колку не ми значи ај да се собереме еден ден и да го одштрафиме. Задоволство ќе ми биде.“ - Bi
„...ако нема државна религија, или некоја привилегирана црква, зош би имало ондак крст а не фалус на врвот на водно? ја сакам фалус, верувам во него, му се молам секој ден и слично.“ - Shepard
„Крстот на Водно е една беда на нација која пропаѓа во секој ебен поглед, па си го бара решавањето на проблемите во своите историско-напоиви црковни возвишувања.“ - Калина
За крај на овој јубилеен 100-ти „пост“, наместо арчење думи за дострелите на православно-бурекчиската-психоанализа, еден цитат од „питомиот“ и „мил“ Коља:
„Грубоста, пак, на главните јавни личности, како во политиката така и во културата, дополнително ја зајакнува грдата слика за Македонија како држава на заостанати патријархалци. (...) Но, не се само политичарите оние кои придонесуваат за упорното триумфирање на деспотскиот општествен модел кај нас. (...) Погледнете го суперпопуларниот и често навистина духовит „алтернативен” спортски коментатор Јанко Илковски: тони сексизам, шовинизам, расизам дури, коишто толку благопријатно ги драшкаат ушите на потонатите Македонци. Токму неразбирањето на Јанко Илковски за тоа каков е посакуваниот модел за европски маж („педерчиња”, вели тој за фудбалерите што се држат за раце), најдобро зборува за тој глупав, надминат и, пред сè, во општествена смисла, деструктивен мачоизам што (под православен превез, замислете!) го фура армијата љубители на Јанко национале.“ -
Никола Гелевски (2000)

Трпај, трпај

4/09/2006

Вчера го преслушав новиот албум на Едо Маајка, „Стиго Ќумур“.
Многу е подобар од „No Sikiriki“, ама не е ко „Слушај матер“.
Има неколку ептен добри песни, ама и неколку тешки его-трип утки.
Засега, најмногу ме бендисува текстот од песната „Трпај“, кој е мошне актуелен имајќи ги предвид последните блиски средби од трет вид помеѓу некои блогери и нашата Police:
„Ај'мо сви у марицу
Вози нас у станицу
Таму знају да нас туукууу
Прошли су обуукууу...“
(...)
„Трпај, трпај, у марицу све нас стрпај...
Трпај, трпај, у марицу све нас стрпај...
(...)
Не фурам gun... па зашто ме туку?
Не крадем лову... па зашто ме туку?
Не узимам мито... па зашто ме туку?
Нека ме за киту повуку...“

Колку сме, (не)токму сме?

Честитки до Јани Макрадули кој се вклучи во блогосферата со својот пост „Д@ го деинсталираме дефетизмот!“, со поентата: „...најпрвин да го демистифицираме бројот на Интернет корисници“.
Во еден од коментарите на постот се осврнав на следниов цитат:
ЈМ: „Бидејќи не се вреднува едно истражување на Државниот завод за статистика од 2005 кое како резултат дава двоцифрена бројка...“
ЖТ: А наместо сите тие „аргументи и факти“ да ставеше еден линк до резултатите од истражувањето на Државниот завод за статистика од 2005, па со свои очи да се уверевме колку државните институции се транспарентни и електронски достапни? Има или нема линк? Ако има, дајте го. Ако нема, тогаш тоа е многу симптоматично. Сите „аргументи и факти“ во прилог на електронската достапност на податоците од јавен интерес и транспарентноста на државните институции паѓаат во вода.
ЈМ: http://www.internetworldstats.com/europa2.htm MACEDONIA (FYR) MK - 2,048,624 population - Country Area: 25,433 sq km Capital City: Skopje - GNI p.c.US$ 2,350 ('04), per World Bank 392,671 users as of Dec/04, 19.2% penetration, per MSSO. ова се информациите. Фала на честитките за блогирањето, предизвик за мене да бидам редовен и ажурен.
ЖТ: Фала многу за линкот, штета што не е од Државен завод за статистика, или од некоја друга државна институција. Ќе беше многу поефектно ако линкот беше од некој државен документ достапен на http://www.kit.gov.mk, на пример, Националната стратегија за развој на ИО: „Нивото на Интернет-корисници во Република Македонија, имајќи ги предвид податоците на ITU7 е 49 од 1000 жители, што само по себе е незадоволителен податок.“ (стр. 48).
(Националната стратегија е донесена точно пред една година.)
Но, еве и некои поомптимистички бројки од еден друг
блогер: „...во Македонија интернет пенетрацијата е скоро 30% (истражување на УСАИД проектот за децентрализација). Понатаму Метаморфозис има направено истражување во кое вели дека пенетрацијата е помеѓу 15-20%. Понатаму според Завод за статистика во декември 2004 година е 19.4%. Според Internet World Statistics Македонија од 2000 до 2005 има пораст од 1.208,9% во Интернет пенетрацијата.“
Во македонска
Wikipedia пишува „Интернет корисници: околу 150.000“ (над 7%).
Истата информација - „Интернет корисници: околу 150.000“ се наоѓа и на официјалната владина страница
Факти за Република Македонија!!!
Само едно прашање колега-блогер Макрадули:
Ако официјалната бројка на интернет корисници е 19.2%, зошто тогаш на Владината страница не стои како факт за Република Македонија дека има околу 400,000 интернет корисници туку „околу 150.000“?

Тажен јубилеј: Во името на...?

4/08/2006

На денешен ден, пред точно тринаесет години, нашата држава беше примена во ОН, со следниов документ на Генералното собрание. Во документот се наведува дека за сите цели во ОН на нашата држава провизорно ќе се реферира како на "the former Yugoslav Republic of Macedonia" - „во очекување на решавање на разликата [спорот] што произлезе во однос на името на државата“.
Во коментарите на еден од претходните постови, беше посочен предлогот на д-р Игор Јанев
за решавањето на меѓународниот „спор“ со името, и беше побарано мое мислење. Еве неколку првични забелешки:
1) Насловот на текстот „Стратегија за враќање на уставното име на Македонија во ОН“, погрешно сугерира дека уставното име на нашата држава е „Македонија“ (а не „Република Македонија“).
2) Насловот на текстот погрешно сугерира дека нашето уставно име некогаш било во ОН (инаку, не би имало смисла да се прави „стратегија за враќање“).
3) Авторот сугерира дека акронимот FYROM по правило се употребува во комуникацијата во ОН иако ниту во погоренаведениот документ, ниту во главните документи на ОН не се употребува FYROM туку провизорната референца "the former Yugoslav Republic of Macedonia".
4) Авторот предлага во „разговорите со Грција за името во ОН“ да го користиме правниот аргумент дека со гласањето за прием во ОН (во Советот за безбедност и Генералното собрание) е прекршена повелбата на ОН, затоа што се поставиле нови услови за прием во ОН. Исто така, авторот смета дека е нужно да се работи на корекциите на илегалноста на тој акт (наместо решавање на консеквенците, треба да се избрише причината). Дали, истовремено, д-р Игор Јанев сугерира аргументи кои би требало да се користат во решавањето на „спорот“ со Грција, и прекинување на наше учество во „спорот“ (затоа што е консеквенца на илегален акт)?
5) Според Јанев, клучно за разрешувањето на проблемот на нашето име во ОН е да се донесе нова резолуција на Генералното собрание, која што ќе ги исклучи дополнителните услови кои и се наметнати на Република Македонија со резолуциите усвоени при нејзиниот прием во ОН. Само во случај ако во догледно време не успее нашето лобирање за вакво политичко решение, Јанев смета дека Македонија би требало да ја стави под прашање легалноста на дополнителните услови пред
Меѓународниот суд на правдата (МСП).
Еве ги моите прашања до оние кои веруваат дека овој суд може да го разреши „спорот“ со аргументите на д-р Јанев:
а) На кој начин ќе ги оспориме „илегалните резолуции“ пред МСП, кога „ниту ОН ниту било која од нејзините специјализирани агенции не можат да бидат страна во спорните постапки пред МСП“?
б) На кој начин ќе ја убедиме другата страна во „спорот“ - ако е тоа Грција - дека овој случај треба да се најде пред МСП, имајќи предвиде дека согласноста на двете страни е исто така еден од условите за прифаќање на случај од страна на судот?
в) На кој начин ќе го убедиме Генералното собрание да донесе нова резолуција (со која ќе ги прогласи за нелегални претходните резолуции) или со посебна резолуција да побара од МСП „советодавно мислење“ за именувањето на нашата држава во ОН?

Читателот

Кој вика дека „Македонците слабо читаат книги“?
Наградно прашање: Која книга ја чита Али Ахмети?

Час по анатомија

4/07/2006


„All my joys to this are folly,
Naught so sweet as melancholy.“
Мистеријата започна пред девет години со читање на еден егзактен пасус од поговорот на преводот на Џорџ Беркли, „Расправата за принципите на човечкото познание“ (Зумпрес, 1997, стр. 157):
„Еден мислител од рангот на Роберт Бартон (Robert Burton), авторот на првиот бестселер во историјата на списите со научни претензии (пет изданија за помалку од пет години), своето прочуено дело Анатомијата на меланхолијата (The Anatomy of Melancholy / Melancholiae Anatomen, Лондон 1721) без двоумење му го посветува на истиот тој Џорџ Беркли, пречесниот господин чии доблести не се помали од неговата благородна возвишеност. („Ad Georgio Berkeleio, honoratissimo domine, non minus virtuta sua, quam generis splendore“).“
Уште пред девет години ме опседнуваа следниве прашања: Како е можно
Роберт Бартон (1577-1640) да го познавал славниот философ Џорџ Беркли (1685-1753)? Како е можно Анатомијата на меланхолијата да е објавена во 1721 год., кога сите енциклопедии упатуваат на 1621 год., цел век порано? Да не станува случајно збор за дел од масивната конспирација на интелектуалци за која пишува Jorge Luis Borges во Tlön, Uqbar, Orbis tertius? Можно ли е латинската посвета да е намерно и комплетно измислена од авторот на поговорот, инаку експерт и вљубеник во ликот и делото на славниот философ Џорџ Беркли? Најпосле, можно ли е посветата да не е од Роберт Бартон, туку од некој подоцнежен издавач на јубилејното издание еден век подоцна, кога философот Беркли имал 36 години? Или од некој друг Роберт Бартон, кој издал исто така книга со наслов Анатомијата на меланхолијата (The Anatomy of Melancholy / Melancholiae Anatomen), но во Лондон 1721 год.?
Мистеријата стара девет години се разреши неодамна, откако преку интернет најпосле дојдов до скенирана копија од THE ANATOMY OF MELANCHOLY (The Sixth Edition, corrected and augmented by the Author. Omne tulit punctum, qui miscit utile dulce. London Printed & to be sold by Hen. Crips & Lodo Lloyd at their shop in Popes-head Alley. 1652").

На третата страница навистина има посвета:
„HONORATISSIMO DOMINO NON MINVS VIRTUTE SUA, QUAM GENERIS SPLENDORE, ILLVSTRISSIMO, GEORGIO BEKKLEIO, MILITI DE BALNEO, BARONI DE BERKLEY, MOUBREY, SEGRAVE, D. DE BRUSE, DOMINO SUO MULTIS NOMINIBUS OBSERVANDO, HANC SUAM MELANCHOLIAE ANATOMEN, JAM SEXTO REVISAM, D.D. DEMOCRITUS JUNIOR.“
За жал, „All my griefs to this are jolly, Naught so damn'd as melancholy.“
Превезот од „библиска“ мистерија се распорува откако семоќниот интернет за неколку секунди ќе ве убеди дека
Џорџ, лордот Беркли нема никаква врска со философот Џорџ Беркли.
Или можеби има, во анахроничните лавиринти на „Вавилонската Библиотека“ на Борхес, каде што посветените библиотечни стаорци можат да ги пронајдат сите четириест томови од првото англиско издание на Енциклопедијата на Tlön?
След ноќното талкање низ градината со блогови што се делат, со симптоми - жртва на „синдромот на Вавилонската Библиотека“, најпосле се отштекувам од Вавилонската кула, кликнувам „turn off“
и го земам Борхес в рака.

Диогеновско решение?

4/06/2006





И покрај неверодостојноста, приказната за средбата помеѓу философот-циник Диоген од Синопа и Александар Велики е мошне инспиративна:
„Љубопитен да го види оној кој пројавува толку арогантна независност на духот, Александар отишол во потрага по него и го нашол како седи во неговото буре на сонцето. „Јас сум Александар Велики“, рекол монархот. „А јас сум Диоген Циникот“, одвратил философот. Александар тогаш побарал од него да го информира каква услуга може да му учини. „Тргни се помеѓу мене и сонцето“, рекол Циникот. Александар, погоден од одговорот, им рекол на неговите пријатели, кои ја исмевале каприциозната уникатност на философот: „Ако не бев Александар, ќе сакав да бидам Диоген.““ (
ИЕФ)
Навистина, не стои ли токму сеништето на Александар Велики, со неговото фамозно сонце од Вергина, помеѓу нас и реалното сонце? Помеѓу нас и Грција? Помеѓу нас и ЕУ?
Можно ли е „Диогеновско решение“ на „Македонскиот гордиев јазол“, на таканаречениот „Македонски спор“ помеѓу Република Македонија и Hellenic Republic (Ελλάδα)?

Дали сме секуларна држава?

Што известува „Дневник“ за средбата Коштуница-Црвенковски:
"Црвенковски (...) му кажал на Коштуница дека во Македонија српското финансирање на Вранишковски се доживува како директно мешање во внатрешните работи на земјата."
„Аргументите“ на нашиот Претседател ги разобличува еден прота од Белград:
„Никада се нисте противили када владе других држава, на пример, америчка, британска, француска, немачка, у милионским износима финансирају неке друге установе у Макадонији: образовне, здраствене, научне, културне, полицијске, војне и др. У тим случајевима не изјављујете да је то мешање у унатрашње ствари Македоније. Ништа не кажете ни каде се из иностранства финансирају невладине организације у Македонији. Немате ништа против ни када се из исламских држава финансира изградња џамија у Македонији. Једино Вам смета што је Влада Србије дала заиста мали прилог од 500.000 динара (а то је око 6.000 евра) за основне животне потребе монаха и монахиња Охридске Архиепископије да би спасли голи живот.“ (прота Драган Терзиќ, преземено од
ПОА)
Не сфаќа ли нашиот драг претседател дека со неодржливи аргументи, лошо образложени пресуди, и бесмислени собраниски резолуции нашата држава всушност му прави кампања на Вранишковски со пари од државниот буџет?
Дали Претседателот има мандат јавно да не брука во странство вмешувајќи се со крајно неодржливи аргументи во црковниот спор во кој што нашата секуларна држава треба и мора да остане неутрална?

Политичка зомбификација?

4/05/2006



Партиите ќе имаат навистина тешка задача. Почетокот на пролетта е најнезгодно време за започнување на предизборна кампања. Партиските машинерии за „меко“ перење мозок треба да се борат и против црцорењето на птиците на покривите, и против мирисот на расцутените дрва, и против разгалените сончеви зраци.
А и птиците на покривите знаат дека Македонија преживува длабока политичка криза. Пролетта ги буди сетилата. Партиските кампањи ќе ги затапуваат. Пролетта ја промовира разноликоста. Партискиот brainwashing ќе настојува да имплантира униформност. Со доаѓањето на пролетта пополека добиваме „чувство за осет“. Со напредувањето на кампањата, како жртви на медиумското предизборно „перење на мозок“, драматично ќе го губиме чувството за осет.
Некни случајно вклучив Радио Скопје. Во Крива Паланка нови 1.400 вработени. Економијата цути - насекаде тренинзи, семинари, преквалификации, инвестиции. Проблемите се идентификувани и ефективно се решаваат. Ни збор за корупцијата, непотизмот, сиромаштијата... Го избришав Радио Скопје од меморијата.
Не случајно ефективната медиумска кампања треба да трае минимум 80 дена. Секој ден е потребно да се промени барем 1% од содржините на свеста за после 80 дена да се почувствува сеопшта квалитативна промена. Не би се изненадил ако после три месеци поверувам дека економското тонење кон дното било всушност земање залет; дека курупцијата била неопходна за „подмачкување“ на системот; дека непотизмот е наша традиционална културна придобивка; дека големината на месечните сметки кои се закануваат да ја надминат просечната плата е всушност граѓанска инвестиција во државниот развој и нашата светла ЕУ иднина. Најпосле, дека треба да бидеме среќни што сме ја избегнале крвавата војна, која е суште најголема политичка закана ако на власт дојдат - ДРУГИТЕ!
Уживајте во пролетта, и погледнете околу себе. Презрете го предизборното пополнување на физичките и менталните дупки. Ѓубрето не се собира само пред избори. Проблемите не се идентификуваат и решаваат само во изборна година. Можен ли е граѓански отпор, во форма на граѓанска непослушност, против обидите за партиска зомбификација?
Имате ли идеја како да не станеме бесчувствителни зомби, автомати, слуги, робови, и „идеални гласачи“ во едно „демократско“ општество како Македонија?

Употреба на децата?

Ловот на „педофили“ започна. Избегнувајте било каков контакт со деца. Ако некое дете ви се приближи, слободно удрете му клоца - тоа е најефикасен начин да се заштитите. Удирањето клоци на деца е традиционален македонски обичај, и никој нема да ве обвини за почитување на традицијата.
Цело време ми бодеше во очи кога „експертите по педофилија“ на Чуму (стварно чуму?) зборуваа за „злоупотреба на децата“. Еве им една полезна дефиниција:
„злоупотреба на деца, сексуална. Несреќен израз што навидум имплицира дека би можело да има „добра“ сексуална „употреба“ на некое дете. Меѓутоа, ниту децата, ниту возрасните никогаш не треба да бидат сексуално користени. Она што најчесто се потразбира е нешто друго: илегален сексуален контакт помеѓу возрасни и деца.“
(
Речник на несоодветни научни и професионални изрази, Архив за сексологија).
Фалеше само уште некој да го цитира нашиот народен гениј:
Со деца краставици не се садат!

Десетте заповеди на психоаналитичарот

4/04/2006


Јас сум психоаналитичар твој, да немаш други психоаналитичари освен мене!
Не прави идоли и слики, и не им се поклонувај на другите симболи освен на оние што ќе ги дешифрирам во твоите соништа!
Не го изговарај напразно името на Фројд, Богот на психоанализата!
Шест дена работи и сврши ги сите работи, а седмиот ден посети го психоаналитичарот твој!
Кастрирај го таткото и спиј со мајка ти за да ти биде добро и да поживееш долго на земјата!
Не ја убивај желбата своја!
Прави прељуба!
Не кради му време на психоаналитичарот твој!
Не сведочи лажно за случките од детството твое!
Не пожелувај ништо што е туѓо, освен мене!

Cogito, ergen sum?

4/03/2006

Неколку прашања до големиот хуманист Кант:
"Не е ли токму Coito, ergo non sum! слоганот кој верно ги изразува вашите сфаќања за сексуалноста, а Cogito, ergen sum! максимата според која - како што логично може да се претпостави - сте се раководеле во текот на целиот ваш живот? (...)
Почитуван господине Кант, како би реагирале кога би се прошетале низ скопските улици, и би ги здогледале билбордите за правата на сексуалните малцинства со пораката „соочи се со разликите“? За жал, најмалку што би можеле да очекуваме од Вас е благонаклона реакција, впечаток што се потврдува по читањето на презривите и осудителни пресуди за crimina carnis. Дури и поголемиот дел од припадниците на хетеросексуалното мнозинство веројатно би останале запрепастени од неподносливата леснотија со која ги осудувате хетеросексуалниот промискуитет, проституцијата, конкубинатот и прељубништвото - впрочем, секое вонбрачно сексуално поведение кое не е против природата, туку единствено против здравиот разум. (...)
Потоа, како ќе го толкувате фактот дека сексуалната фантазија, заедно со „подрачјето избори на лично задоволство“, не само што не се сфаќа денес како нешто противприродно, туку спаѓа во доменот на заштита на правото на приватност?
Веројатно не би биле толку ужаснати од презривата забелешка дека при онанијата и хомосексуалните акти човекот се сведува на ствар (деградирајќи се себеси под нивото на животно), кога истата не би била проследена со имплицитната закана дека секој има слобода да го/ја третира како животно, или како ствар, оној/онаа кој/а веќе не е човечко суштество, затоа што - со своето сексуално поведение - не покажал/а респект кон човековата природа.
...може ли некој/а да ги загуби сите свои права како човек - следствено, да биде третиран/а како предмет, или како животно - само поради задоволувањето на своите сексуални потреби?"
(Извадоци од мојот текст: "И будноста на разумот креира монструми", објавен во „Идентитети“)

З'ш да не?


Охрид има три работи што на Скопје му фалат како на риба вода:
1. Место-смирение како Канео.
2. Чист воздух што лоши мисли ветрее.
3. Бурек во 3 по полноќ
Има да гласам за онаа партија која ќе гарантира тазе бурек во Скопје во 3 по полноќ!

Криминалци и „криминалци“?


„Цената на марихуаната на наркопазарот изнесува околу 1.000 евра за килограм.“ - известува Макфакс, во „Веста на денот“ - „Запленети повеќе од 100 килограми марихуана“. Притоа, уапсени се двајца странски државјани.
Една вест и од
МВР: „СВР Охрид поднесе кривична пријава против Н.П.(19) од Охрид за сторено кривично дело “овозможување на употреба наркотични дроги и психотропни супстанци”. Пријавениот, во текот на јануари оваа година, во Охрид, во своето возило им овозможил на три лица од Охрид да уживаат наркотична дрога марихуана.“
Ако се докаже на суд дека делото е сторено спрема повеќе лица, сторителот може да добие од една до десет години затвор, исто колку и за првото дело - неовластено пуштање во промет, од кое заработката би била над 10 милиони евра!
Што мислите, дали кривичниот законик е фер?

Ксенофобија, расизам, или индиректна дискриминација?

4/02/2006

Еве што пишува во „Вечер“, во написот Меѓу Искра и Боки - цветаат рози за новото скопско кафуле: „Внатре ќе се муваат само фаци, односно попрецизно кажано сите без оглед на сексуална, политичка, економска, верска определба, освен припадниците на една националност, категорични се новите сопственици, и не даваат детали на кого и на што конкретно се однесува забраната.“
Даут Даути мошне духовито реагира на овој текст (разоткривајќи ги нашите негативни етнички стереотипи) во својата колумна
Патологија на духот, каде што ги објаснува и мотивите за својата реакција:
„Немаше да се занимавам со оваа приказна, да не стануваше збор за познати фаци од медиумите и од естрадата, кој на одреден начин и можат да влијаат некогаш врз создавање некакво мнение, ако не пошироко, во одредени кругови. Но, им се одушевувам за едно нешто: за храброста својата да ја искажат ксенофобичност јавно. И тоа е некоја искреност, макар без перде и срам.“
Дали, во случајов, станува збор за ксенофобија, расизам, или пак за индиректна дискриминација врз основа на етничко потекло, раса, или „националност“ (во зависност како се сфаќа овој збор), која во други земји се казнува според донесените закони за анти-дискриминација?
Ќе донесе ли Република Македонија конечно закон за анти-дискриминација?

Кому му треба „електрошок“?



Едно другарче што редовно ме засмејува, поентира: „Порано велеа дека ништо не смее да не изненади. Сега не можат да најдат нешто што може да не изненади.“
Море, понекогаш и успеваат да најдат. Не само што бев изненаден, туку се шокирав од
интервјуто на невропсихијатарот проф. д-р Георги Чадловски во саботен „Дневник“ - „На здравството му треба „електрошок“:
„Велите дека блиску до идеалниот лек е електрошокот. Зар пред неколку години Хелсиншкиот комитет не ги прозва токму за тој метод психијатриските болници?- Да, почнаа да се шират афери, но тоа е заблуда на Хелсиншкиот комитет, од каде што не можат да оценуваат без да дојдат да прашаат. Од 1969 година сум во психијатријата и ниеден пациент не умрел од електрошок, што сега се дава со анестезија и тоа во најсовремените установи. Ефикасноста двапати ги надминува лековите. Методот е подраматичен за лекарот, а се применува ако депресијата или психичката состојба е исклучително самоубиствена и ако е загрозена виталната состојба на болниот. Електрошокот многу побрзо го крева нивото на серотонинот и норадреналинот, што се ниски кај таквите болни. Докажано е: колку нивното ниво паѓа, толку депресијата е подлабока. Сега еден пациент самиот моли за тој метод, бидејќи го знае дејството. Тој е агресивен, но нема последици. Модерната психијатрија ги стеснува индикациите за електрошокот, а порано сме го употребувале многу повеќе.“
Иако Чадловски тврди дека електрошокот сега се дава „со анестезија и тоа во најсовремените установи“, делегацијата од Хелсиншки комитети во
извештајот за Затворените институции наведува: „Во Невро-психијатриската болница во Негорци, делегацијата утврди примена на немодифицирана електро-конвулзивна терапија (електро шокови - ЕЦТ) т.е. терапија без анестезија и мускулни релаксатори.“
Какво е тоа „лечење“ со електро-шок, кога индуцираните напади се посилни од епилептичните напади кои на долги патеки трајно го оштетуваат мозокот? Уште малку, и ќе испадне дека мачителите не ги користат електрошоковите како средство за изнудување информации (тортура), туку за да ги излечат „пациентите“ од депресија покачувајќи им го нивото на серотонин и норадреналин!!! Очекувам наслови по весници: „Самиот молев да ме тортурираат“ (Ел-Масри); „Кога ги мачев, мене потешко ми беше“ (анонимен агент на ЦИА).
Очекувам и реклама од Психијатрија: „Електрошок за блогери - идеален лек за блогодепресија и блогохолизам.“
Ама гледајте го прво „Лет над кукавичкото гнездо“.

Блогетер и блогохоличар!

4/01/2006


Се повеќе постови започнуваат со „Моето име е ... и јас сум блогохоличар(ка)“.
Си призна и
Ендрју Саливен:
„It's time to come clean. I tried to cut down on blogging, and I have indeed changed my hours and patterns. But my name is Andrew and I am a blogoholic.“
Лека полека, кибер-медицината се збогатува со нови дијагнози и концепти: блогохолизам, блогоманија, блогопараноја, блогошок, блогодеменција, блого(неура)растенија, блогопсихоза, блоготраума, блогозакрепнување, блоготерапија...
Блогохолизмот се шири со виртуелна брзина, и претставува главна закана за здравјето на кибер-човештвото. Се препознава по најразлични
симптоми.
Вуна, кога во Скотје ќе отвориме дневен центар за „3-D активности“ исклучиво за блогохоличари и блогомани?
Проверете ги симптомите браќа и сестри блогер(к)и и бидете искрени!
Да почнам од себе:
Моите имиња се Жарко, Ерос, Симул Акрум, Црнолизец Храбар, Зомбизар, Жар-ко-мраз, Јаснесумјас, Пропа-Ганди... - и не се срамам да признаам:
Јас сум блогохоличар!

Фланеуристички трансформации, во ритамот на загубеното време


"For the flaneur, a transformation takes place with respect to the street: it leads him through a vanished time. He strolls down the street; every street is precipitous... Boredom is a warm gray fabric lined on the inside with the most lustrous of silks. In this fabric we wrap ourselves when we dream... Flanerie is the rhythmics of this slumber." - Walter Benjamin

Денов беше преубав за шпартање низ Скопје - или Ушкуп ќе да беше? Предизвик за опсесивни фланеуристи и луцидни дневни сонувачи.
Без сомнение, вистинската авантура започнува дури отако ќе го поминеш Камениот мост. „Галерија 7“ - „оаза на мирот“ - турското чајче ти праи флешови и фатаморгани, па патуваш низ времето во друга држава, кога Скопиеполис беше неподелен град со жива чаршија и надежна SF-клуб сцена.
По носталгичниот муабет за скопскиот underground, и приказните како се родила групата „Зеро“, како Љупчо Г. не освоил награда на отвореното поетското читање, и како на простор од неколку маси се тискале и уметници, и философи, писатели, локални легенди (Не-џо, Еко, Иљас...), SF-фанови, шричинмоисти, саибабисти, тајчичуанци, идни премиери, министри, владици, „расколници“, разноразни религиозни и уметнички „гуруа“ - следната станица е Чифте-Амам: на муабет со сопственото ехо.
На поминување, ќебапчилницата „Сараево“ не инфицира со „Сараевски приказни“ - Сарајевске приче, јефтино ба!. По сараевските реминисценции, тргнуваме накај Гази Бејб без надеж дека ќе го лоцираме местото каде што божем е закопана последната босанска кралица. Центрифугалните сили не вовлекуваат кон Султан Муратовата џамија - најстарата зачувана во Скопје. Една осамена бандера штрчи сред скалилата што водат кон џамијата и отвореното небо. Пред влезот на џамијата мал, но просветлувачки муабет - дијалог меѓу цивилизации - со локален верник: Едно сонце не грее!
Погледни кон врвот на саат кулата и добиваш беспрекорен увид во сопствената малечкост. Пред влезот во џамијата поздрав: Gazuar Bajrami! Покрај чешмичката знак за забрането пушење кој завршува со потсетување на величината на Алах.
Покрај заслепувачките бои на залезот и успокојувачката тишина, ми пролетуваат неколку подзаборавени мисли: Дали Скопје го загуби чувството за време откако мистериозно исчезна фамозниот саат на кулата?
Некои велат, саатот бил однесен на поправка по земјотресот и оттогаш никој не знае каде е. Не се сеќавам кај сум ја чул оваа приказна, ама други веруваат дека турскиот плен од градот Сигет (Унгарија) си бил повратен од страна на неговите поранешни сопственици. Кој ќе да го знае?
Одзади џамијата е едно од најтесните патчиња кое покрај древните ќерамиди надолно води кон оградата од четирите факултети. Тука е крајот на Гази Баба, тука е границата на цивилизациите. Границата/оградата, споена со био-хибридните остатоци од старата турска бања, ја прекачуваат само некои маалски мангупчиња за да се радуваат на расцутената пролет во дворот на „Универзитетот“. Граѓаните од безимената улица бр. ??? со години водат судски спор заради отсекување на патот со кој за стотина метри се стигнува до семафорите пред Универзитетската библиотека. Солидарни со мештаните, не ја прескокнуваме оградата, и повторно лунѕаме низ лавиринтите од Гази Бејб за да го пронајдеме подолгиот пат кон центарот на „градот на солидарноста“.
Откако ќе го поминеш Аксиос, градот станува почист, поуреден, поосветлен, попоплочен, пожив. Или, тоа е некој друг град, град со „огнен“ крст над планината која на залез морбидно заличува на огромна гробница, скраја да е!

Мојот список со блогови

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Архива на блогот

Footer Widget 1

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Footer Widget 2

Популарни објави

Популарни објави

Popular Posts this month

Popular Posts this week