Ин & Аут

8/30/2007

Пред неколку дена го чув следниов виц: „Кога мажите се најинтелигентни - пред секс, за време на секс, или после секс?“ - За време на секс, оти тогаш ми ти биле приклучени за извор на интелигенција! И вториот виц беше подеднакво хетеро-сексистички или, „народски“ кажано, женско-шовинистички: „Која е разликата помеѓу мажите и комарците?“ - Демек, комарците ги нервирале жените само во лето.
Во тој миг ми се запали „сијалицата“. Најпосле укапирав зошто Трифун толку чека прво да заврши летото, па да почне да го прска Скопје против комарци. Ако скопските комарци ми ти беа навремено истребени, ќе беше ли вицот за разликата помеѓу мажите и комарците немаше толку ефектен?
Сепак, вицовите се ефектни само „на прва топка“. Ако малку се подзамислите за првиот виц, тогаш можете да го изведете непријатниот, но логичен заклучок дека жените се најглупи за време на секс. Ако малку го проанализирате вториот виц, можете да дојдете до поверодостојниот заклучок дека комарките-крвопијки многу повеќе нервираат во лето отколку мажјаците-комарци.
Меѓутоа, овие машко-шовинистички „досетки“ воопшто не се ниту ефектни, ниту смешни. Тотално се „аут“. Навистина, зошто женско-шовинистичките вицови сега се „ин“, а машко-шовинистичките вицови се „аут“? И дали вицовите имаат навистина толкава моќ да одредуваат што е „ин“ а што „аут“?

„Ин“ е да си „Аут“?
Прашањата на тема „Ин“ & „Аут“ ме потсетија на истоимениот филм со Кевин Клајн. Во филмот популарниот комичар игра улога на „латентен“ геј, кој одеднаш, на чуден начин станува свесен за сопствената хомосексуалност - откако неговиот поранешен ученик јавно ќе му го посвети штотуку добиениот Оскар со зборовите: „На мојот учител, кој што е геј“. Бидејќи живеее во мало, хомофобично, идилично градче, во кое доделувањето на Оскарите е главна атракција, после ненадејниот „каминг оут“ неговиот живот станува вистински пекол. Но, лека полека, како во „политички коректните“ американски филмови со среќен крај, главниот лик станува општоприфатен од средината како „геј“.
Едно нешто никако да ми се разјасни. Има толку многу американски филмови во кои е „ин“ да си „аут“ како геј, но зошто не можам да се сетам на ниту еден холивудски филм во кој „ин“ да си „аут“ како лезбејка?
Ете дури и кај нас, „јавното излегување“ на првиот геј активист беше медиумска атракција. Но, зошто истото не се случи и со јавното излегување на првата лезбејска активистка? Дали филмовите имаат навистина толку голема моќ да одредуваат што е „ин“, а што „аут“ во врска со сексуалноста?

„Аут“ е да си „Аут“?
Очигледно, во нашата сексуално идилична средина, сеуште е „аут“ да си „аут“, барем кога станува збор за поинаквите сексуални ориентации. Традиционалниот македонски хетеросексуален ген пружа жилав отпор на евроатланските „педерски“ влијанија. Кај нас сеуште не е „ин“ да се прават „љубовни паради“ - како горди „западно-балканци“ претпочитаме паради на насилство. Затоа пак е „ин“ да се снимаат македонски порно филмови, или да се оди на „нудистички“, пардон - порно плажи.
Но, каква ли е таа чудна сексуална дијалектика? Она што пред некое време беше „ин“, сега е веќе тотално „аут“. Пред само неколку месеци, снимањето „порно-клипови“ кај нашите сексуално „напредни“ младинци и младинки беше прилично „ин“. Но, откако сеирџиската глад беше задоволена со нивното јавно прикажување на „малите“ екрани, тие престанаа да бидат „ин“. Дали телевизијата навистина има толкава моќ да одредува што е „ин“, а што „аут“?

„Сајбер ин“ & „Сајбер аут“
Дури и на сексуално заостанатиот „Западен Балкан“, телевизијата полека почнува да ја губи битката со кибер-просторот. Она што е „ин & оут“ на интернет, станува „ин & оут“ во секојдневниот живот на се повеќе примероци од загрозениот вид „хомо балканикус“.
Сексуалната понуда и побарувачка на интернет е толку многу разновидна и лесно достапна, што тешко може да му се оспори приматот на промотер на „ин & оут“ содржини. Сексуалната индустрија како да го пронајде својот виртуелен рај.
Но, и на интернет сексуалната дијалектика „ин & оут“ е крајно непредвидлива. На пример, Северина умешно ја искористи моќта на медиумот за да се лансира како естрадна ѕвезда вон границите на Хрватска. Но, дали ако повторно бидат повредени нејзините „авторските права“ со пуштање на нов „порно“ клип на интернет тоа ќе биде пак главна вест во медиумите? Просто се сомневам - освен доколку нејзин партнер овој пат не е Бред Пит или Дејвид Бекам.
„Македонскиот дел од интернетот“, на кој сеуште царува девизата „фантазирај глобално, сурфај локално“, сеуште не ја преживеа својата „Северина“. Но, прашање е само на време кога тоа ќе се случи, имајќи ја предвид сеирџиската глад за локална виртуелна „порно“ икона.
Порното е сега повторно „ин“ токму благодарение на интернетот, за разлика од ерата на 90-тите кога еротиката беше „ин“ благодарение на филмот и телевизијата. Ако не верувате, трк на една виртуелна прошетка. На интернет можете да пронајдете дури и феминистички порно филмови. Такво нешто беше незамисливо во времето на радикалниот феминизам, кога „порното“ беше „аут“ како форма на насилство врз жената.
Во „нашиот“ кибер-простор, малку ќе попричекаме за феминистички порно филмови. Затоа пак, „феминистичката“ порно-литература цути на македонските блогови.

До кога „инвалиди“?

8/29/2007

Баш ме интересира, како новиот Закон за социјална заштита ќе се бори против социјалното исклучување на „инвалидните лица“?

Според предложената законска дефиниција, „"Инвалидно лице" е лице кое не е во состојба само да си ги задоволи и оствари, целосно или делумно, потребите за нормален индивидуален и општествен живот поради инвалидноста, било да е вродена или стекната, во поглед на своите телесни или интелектуални способности;“ (ПРЕДЛОГ за донесување на Закон за социјалната заштита и социјална сигурност)

Кај го има ова - „дестигматизација на социјално исклучените лица“ со употреба на стигматизирачки термини?

А таман се понадевав дека нешто сепак се менува...

(На проблемов беше укажано и во постовите Конвенција за „лицата со инвалидност“?, Крик против непристапноста!)

Македонија - „генератор на стабилност на Балканот“?

8/28/2007

Еден „бисер“ од Бледскиот говор на Груевски:

„Македонија, со сета своја разноликост, е во некој начин Европа во оревова лушпа.“

Претпоставувам дека поентата на Груевски се изгубила во лошиот превод на изразот „in a nutshell“.

Сепак, најмногу ме шокира тоа што Груевски упорно се обидува да ја шитне претставата за Македонија како „генератор на стабилност на Балканот“.

Да потсетиме - пред некое време беше гранатирана Владата на Република Македонија, а во моментов не се знае дали македонската полиција има контрола врз Танушевци кое сака да се отцепува.

Дали жените се луѓе?

8/27/2007

Прашањево ми се наметна по читањето на фото-рубриката „Луѓето и градот“, од последниот број на „Форум плус“.
На 8 фотографии се претставени 14 „луѓе“ во градски амбиент - и ниту една жена!

Злоупотреба на полицијата!!!

8/26/2007

„- Зависноста од дрога не е само здравствен, социјален или проблем на полицијата, туку државен проблем...“ - вели претседателот на Државната комисија за дроги, Илчо Захариев. (Промовирана Националната стратегија за дроги)

Врз основа на што зависноста од дрога е проблем на полицијата, а не медицински проблем?

Според предлог-законот за контрола на дроги „“Зависност“ е состојба на неодолива потреба, психичка или физичка, за употреба на опојната дрога.“

Според Светската здравствена организација (СЗО), „A central descriptive characteristic of the dependence syndrome is the desire (often strong, sometimes overpowering) to take the psychoactive drugs (which may or not have been medically prescribed), alcohol, or tobacco.“

Понатаму, „The term can be used generally with reference to the whole range of psychoactive drugs (drug dependence, chemical dependence, substance use dependence), or with specific reference to a particular drug or class of drugs (e.g. alcohol dependence, opioid dependence).“

Заклучок - според СЗО, зависноста е првенствено медицински проблем, а и зависноста од алкохол е зависност од дрога!!!

Е, сега, како што фино се изрази претседателот на Државната комисија за дроги, проблем и во надлежност на полицијата не ти било само производството и прометот на дроги, туку и зависноста од дрога!

Баш ме интересира, со кои полициски методи „Алфите“ и „дечките“ од НТШ ќе лекуваат зависност од дроги? Дали ќе ги применуваат истите методи за „лекување“ како и до сега или ќе ги применуваат методите за намалување на штети?

Исто така, дали полицајците исто ќе ги третираат зависниците од канабис и зависниците од алкохол?

Без разлика што првата супстанца е забранета, а втората не, од аспект на зависност од дрога, според наведените дефиниции на СЗО, во обата случаи имаме синдром на зависност од дрога.

Убаво би било кога сите полицајци би поминале курсеви за намалување на штети, и кога сите зависници од дрога (вклучувајќи ги тука и зависниците од алкохол и тутун) би ги третирале подеднакво - како лица на кои им е потребна медицинска и психо-социјална нега.

Но, новиот предлог-закон за контрола на дроги поинаку ги дефинира работите. Целта на законот е да ја „сузбие“ злоупотребата на опојните дроги и психотропни супстанции, а под „злоупотреба“ не се подразбира само недозволеното производство и прометот, туку и „употреба на опојни дроги надвор од терапевтските индикации, во прекумерни дози или во тек на време кое не е опфатено со терапијата.“

Практично, законот ги претвора во криминалци лицата кои употребуваат дрога ставајќи ги во ист кош со „дилерите“, затоа што настојува да ги „сузбие“ не само производителите и трговците, туку и лицата кои недозволено употребуваат дрога (од кои голем дел се зависници).

Дали претворањето на лицата што употребуваат дрога во криминалци е дел од „превенцијата“, согласно идиотската логика - „ако луѓето се свесни дека земањето на дрога е криминал, тогаш нема да се осмелат да земаат дрога“?

Поделбата на Косово: уште една „приватна журка“?

8/25/2007

Дали најавата за референдум за присоединување на Танушевци кон Косово нема никаков ефект по безбедноста на Република Македонија?

Според Министерката за внатрешни работи, ова е едно од оние прашања што не заслужуваат одговор:

„Министерството за внатрешни работи не може да дава став за такви прашања, ние може да дадеме оценка само за безбедноста, изјави за Радио Слободна Европа министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, по најавата на поранешниот пратеник Џезаир Шаќири дека жителите на Танушевци наскоро ќе организираат референдум за присоединување кон Косово.“ (Јанкулоска: МВР не коментира граѓански иницијативи ...)

Демек, МВР не се занимава со „граѓански иницијативи“, а во случај на „приватни журки“, реагира само кога некој ќе се побуни на прегласна музика?

Јанкуловска „кулира“ потврдувајќи дека „Во моментов не постојат индикатори кои сериозно би ја нарушиле безбедносната состојба на Република Македонија“.

Во моментов не постојат индикатори? Ужас невиден!

Да спомнеме само неколку индикатори што бодат очи: најавата за „референдум“ за отцепување на местото каде што почна војната од 2001, бегството на осудените терористи од затвор, најавата на Фазли Велиу дека ќе собира нови трупи за подршка на независноста на Косово, зачестените најави за можно менување на границите на Балканот, зачестената употреба на оружје во пограничниот регион, најпосле, предупредувањата на ICG дека „Европа ризикува нов крвав и дестабилизирачки конфликт“:

„Before the end of the year, Kosovo Albanian leaders will be under what is likely to be irresistible internal pressure to declare independence, with or without external support. If they act and are not supported, Kosovo would fracture: Serbia reclaiming the land pocket north of the Ibar River, Serbs elsewhere in Kosovo fleeing, and eight years of internationally guided institution-building lost. The implosion would destabilise neighbouring countries, increasing pressure for further fractures along ethnic lines.“

Поконкретно, експлицитно се тврди дека поделбата на Косово е „ноќна мора“ за Македонија:

„Faced with partition, Kosovo’s majority could find renewed attraction in a pan-Albanianism that would appeal to ethnic kin in south Serbia and Macedonia. The Albanians of south Serbia’s Presevo Valley have demanded unification with Kosovo should Serbia regain the land north of the Ibar. Macedonia’s Albanians, who conducted an insurgency in 2000-2001, could again question their present state arrangement and envisage Tetovo as Kosovo’s southern capital.“

И покрај овие мошне јасни индикатори, за Советот за безбедност „не постојат информации за нарушување на стабилноста и безбедноста на Република Македонија поврзани со одвивањето на процесот за дефинирање на идниот статус на Косово.“

Што чека Советот за безбедност - „приватната журка“ во Танушевци да успее, Фазли Велиу да ги собере трупите за независно Косово, осудените терористи да почнат со акции и издавање на комуникеа, Косово еднострано да прогласи независност, Србите во Косово да се отцепат, Албанците во Јужна Србија да прогласат присоединување, па дури после нашите „државници“ да укапираат дека има доволно информации и индикатори дека тоа има влијание на нашата стабилност и безбедност?

Македонија: Порече - Вир

8/24/2007

На патот Локвица-Вир, идеален за пешачење, со незаборавен поглед на Даутица, имав несекојдневна блиска средба „од трет вид“ со едно штурче кое безуспешно се обидуваше да стапи во комуникација со мене.

Чекорејќи по патот наидував на јата плашливи пеперутки.

По околу 40 мин. пријатно пешачење се покажа селото Вир како на дланка.

Во селото има неколку обновени куќи на „повратници“ во лето, ама се живее и во олку стари куќи.

По кратката прошетка по речиси пустото село, и кусиот муабет со гостопримливите мештани кои ми ја покажаа локалната стара живописна црква, се упатив накај селото Модришта.

Некои чудни бубалки ме демнеа покрај патот.

Сепак, повеќе сакав да гледам пеперутки што се гостеа од мирисните цвеќиња.

На секој чекор, некоја нова убавица.

Кој е поголем душман на Македонија - ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ?

8/23/2007

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ продолжуваат со заеднички сили да ја уништуваат Република Македонија.

Иако многу добро знаеја дека последнава година е најбитна за иднината на Македонија, тие продолжија со бесмислениот партиски конфликт, наместо да ги насочат сите сили на клучните реформски процеси.

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се најголемата несреќа за Република Македонија, затоа што обете партии се во секој миг спремни да го жртвуваат општото добро - иднината и сегашноста на Република Македонија - само за „да му цркне козата на комшијата“.

И ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се виновни за случајот ОКТА, за грабежот наречен приватизација, за блокирањето на Собранието и за застојот на реформите (НАТО очекува владеење на правото). Што е бре поважно за иднината на Македонија - дали Бучковски бил оправдано задржан на граница 15 минути или дали функционира Републичкиот судски совет, дали имаме управен суд, и дали сме постигнале политички консензус во однос на разврската на косовското прашање? Погледнете само на што Собранието го троши времето и ќе сфатите што е за нив важно.

Да не се лажеме - ниту ВМРО-ДПМНЕ ниту СДСМ не сакаат да ја видат Република Македонија во ЕУ. А зошто? Зошто ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ не сакаат независно обвинителство и ефикасно судство? Одговорот е многу едноставен. Ефикасното и независно правосудство би однело многу од оние што се менуваа на власт изминативе 16 години зад решетки.

Од сите страни Ѓорѓи сардисан

8/22/2007

Предупредување за љубителите на политички метафори и аналогии: фотографијава нема никаква врска со случајот „Бучковски“.

Македонски „биг бенг“

8/20/2007


Ваква небулоза одамна не сум прочитал:

„Жената Паонка ни помага околу откривањето на нашиот културен идентитет, вели магистер Трајче Нацев.

„Ова е веќе втор пронајдок од железното време којшто мислам дека ќе ни ја збогати историјата и културното минато на македонскиот народ“, рече Трајче Нацев, археолог, Завод музеј – Штип“ (Ново епохално откритие на делчевската Могила)

Кому сега да верувам?

На Паско Кузман кој верува во „Македонска историја стара 7.000 години“, на Вангел Божиновски кој верува во „Македонски неолит“ и „Македонски полуостров“, на Писарев кој верува во праисториска македонска држава, или на Трајче Нацев кој верува во „македонско железно време“?

Поентата на Маре Стоилова е легендарна:

„Новите археолошки артефакти ќе ни помогнат околу идентификацијата на нашиот културен идентитет, велат македонските експерти кои деновиве се обидуваат да стапат во контакт со нивните бугарски колеги за размена на новите информации што уште еднаш ќе ја потврдат оргиналноста на македонскиот народ.“

Мошне „оргинално“, нели?

Бугарските информации треба да ја потврдат оригиналноста на македонскиот народ?

Луѓе, крајно време е да престанете да се брукате.

Крајно време е да престанете со кастрењето на македонската историја.

Македонската историја започнува со македонскиот „биг бенг“ – ни порано, ни подоцна!

Доста не лажеа со тоа дека симболот на првото знаме на Република Македонија означува „сонце“ или „ѕвезда“.

Толку ли се луѓето слепи што не можат да согледаат дека симболот на знамето на Големиот Александар - Македонски го означува всушност македонскиот „биг бенг“?

Сексуални триаголници

8/18/2007

И сексуалните триаголници се геометриски фигури, но во една поинаква геометрија - сексуалната геометрија.

Основни поими во класичната геометрија се точка, права и рамнина.

Основни поими во сексуалната геометрија се Г-точка, „прав“, и ерогена зона - колку и да е тешко да ги пронајдете понекогаш.

Митот за сексуалната индивидуа

Има ли понеуверлив мит од општо раширеното сфаќање дека се раѓаме како индивидуи или дека созреваме во самостојни сексуални индивидуи?

Според некои психоаналитичари, со самото раѓање го формираме првиот сексуален триаголник - заедно со мајката и таткото. Спорно е прашањето дали воопшто можеме да излеземе од него. Во рамките на овој „забранет“ триаголник се образуваат нашите сексуални очекувања, нашите несвесни сексуални ставови, нашите сексуално-етички принципи за тоа што е добро и што е лошо.

Според ваквите психоаналитички приказни, повеќето луѓе не можат да го направат клучниот сексуален исчекор - да излезат од триаголната сексуална врска. За нив триаголната врска станува судбинска. Не само поради нејзината реална невозможност (забраната на инцестот), туку и поради постојаните, но неуспешни обиди за пронаоѓање на некаков „идеален“ љубовник, како достојна замена на мајката или таткото.

Митот за сексуалната двојка

Приказната за среќниот (хетеро)сексуален пар е конститутивен мит на патријархалната сексуална идеологија. Навистина, има ли поневеродостојна „народна“ поговорка од српската „Где се двоје воле, сувишан је треќи“?

Најчесто, и тоа не само во сексуалната геометрија, третиот не е излишен, туку е неопходен. Нема поголем ужас од тоа да завршите на пуст остров со идеалниот љубовник од вашата омилена сексуална фантазма. Сетете се само на вицот за „среќниот“ Македонец кој откако завршил на пуст остров со Ким Бесинџер, ја моли да се преправа за момент дека е машко, за да може да и ги раскаже сопствените сексуални доживувања. Вредат ли нашите сексуални доживувања нешто, ако не можеме да ги споделиме со некој трет?

Футуролошки гледано, третиот е неопходен, и тоа не само како слушател. Не за џабе станува се попопуларна поговорката - „За среќа се потребни тројца!“ Помислата на двајца, се почесто ја вклучува помислата на исклучителен трет, отколу помислата на исклучен трет.

Обидете се само да ги замислите Сојер и Кејт среќни на некој пуст остров во „Изгубени“, остров на кој го нема Џек. Не ви успева, нели?

Митот за брачната двојка

Бракот, според хетеро-патријархалната дефиниција, е сексуален триаголник помеѓу сопругот, сопругата и државата (институција која проповеда за тројната поделба на власта). Религиозниот брак е сексуален триаголник помеѓу сопругот, сопругата и црквата (институција која проповеда за светото „тројство“).

Секуларната дефиниција е дополнета од некои незадоволни бивши сопрузи, должни да исплаќаат алиментација: Бракот е сексуален триаголник помеѓу сопругот, сопругата и државата, после чие раскинување сопругата и државата најчесто не испаѓаат „ебана странка“.

Пред да почнете да размислувате за влез во брачниот триаголник, потсетете се и на прочуената досетка: „Зошто нехетеросексуалците се борат за правото на брак?“ - „И тие сакаат да го имаат правото да бидат исто толку мизерни колку и хетеросексуалците.“

Државата како „исклучителен“ трет

Поентата дека државата може да биде дел од сексуалниот триаголник е видлива и во славниот перформанс на Сања Ивековиќ насловен „триаголник“. Во, 1979 година, кога пред нејзината зграда во Загреб свечено се дочекувало поминувањето на најголемата југословенска секс-икона - Маршалот Тито, храбрата Сања излегла на својата тераса, почнала да чита книга и да се допира по телото симулирајќи самозадоволување. После извесно време, полицаец заѕвонил на нејзината врата издавајќи наредба „личностите и предметите да се отстранат од балконот“.

Сексуалниот триаголник на кој алудира Сања е составен од неа (на балконот), од полицаецот со токи-воки пред нејзината зграда (кој заѕвонил на нејзината врата), и од агентот со токи-воки и двоглед кој стоел на врвот на соседната висока зграда и кој единствено можел да види дека Сања „мастурбира“ на нејзиниот ограден балкон.

Има ли некакви драстични промени од далечната 1979-та до денес? Па, ако ги земеме предвид нашите досегашни „независни“ претседатели и премиери, тешко дека било кој од нив може да мотивира некоја уметница да го изведе перформансот „триаголник“. Ако за сексуалната харизма на Тито (која може да се споредува со сексуалната харизма на Кенеди или Клинтон) може да се напише цела книга, за сексуалната харизма на сите наши претседатели и премиери заедно - тешко дека би можело да се склопи и една единствена страничка.

Но, некои работи сепак суштински не се промениле. Иако „Маршалот“ и неговата „диктатура на пролетеријатот“ одамна ги нема, и сега, во „демократски“ услови, можете успешно да го изведете перформансот „триаголник“ на вашата тераса. Се разбира, под услов да ве види љубоморната сосетка, совесно да ве пријави во полиција, а дежурниот полицаец да ви заѕвони на вратата со кривична пријава за вршење „полово дејство“ пред друг на јавно место.

И нашата современа хиромантија - психоанализата - нашиот здраворазумски „опиум за народ“, не проповеда дека се можни суштински промени, барем што се однесува до природата на сексуалните триаголници. Прашање е само колку сме самите свесни за нашата всидреност во „светото тројство“ на психоаналитичкиот сексуален триаголник составен од: идот (сексуалниот нагон на непослушните синови и ќерки, водени од принципот на задоволство), егото (послушниот „разум“ и одбранбени механизми на „посредникот“), и супер егото (агресивната држава во улога на „таткото“).

Македонија: Убавините на Порече - Локвица

8/16/2007

Пештерата „Пешна“ се наоѓа во атарот на селото Локвица кое некогаш било едно од најголемите села во регионот. Меѓутоа, иако Локвица географски припаѓа во Порече, селаните не се нарекуваат себеси „Поречани“.

Една од можните причини е тоа што Поречаните биле сметани за „србомани“ (не за џабе Порече било нарекувано „Мала Шумадија“), додека Локвица како „бугарашко“ село била перципирана како „Мала Софија“. Денеска, „србоманските“ и „бугарашките“ традиции главно се третираат како добар повод за шегување.

Најинтересно нешто во Локвица ми беа старите куќи.

Локвичани се познати како ѕидари кои работеле како печалбари во Бугарија, Србија, Влашко...

Природата околу Локвица е попитома отколку во другите краишта на Порече, но и оттука има прекрасен видик на планинскиот масив Даутица - Јакупица - Караџица.

Впечатливите лица на жилавите бабички кријат во себе многу приказни.

Локвица најпосле има водовод и прекрасни градини со разновидно овошје, зеленчук, и убави цветови на кои слетуваат живописни пеперутки.

Во селото повторно се разбуди надеж по најавата дека селското училиште ќе се претвори во нов Факултет за екологија и еко-туризам.

Македонија: Пешна

8/15/2007

Неколку километри од Македонски Брод, покрај патот за Самоков, може да се види од автомобил влезот на пештерата Пешна. Пештерата е прогласена за споменик на природата: „Од крајниот северен дел на пештерата, по силни дождови и топење на снегот избива силен вруток кој во сушните периоди од годината наполно пресушува. На влезниот дел на пештерата постои средновековна тврдина.“
Мистеријата на реката
- За локалните мештани „врутокот“ е реката Пешна, понорница, која според извесни теории е Крапската река која формира неколку езерца и водопади во „најголемиот пештерски систем кај нас, за кој се претпоставува дека е долг неверојатни десет километри“.

Мистеријата на тврдината - Остатоците од тврдината во пештерата се доведуваат во врска со месноста „Девини кули“ која се гледа од внатрешноста на пештерата. Според локалните легенди, на двете тврдини живееле сестрите на Крале Марко. Како што потврдуваат и промотерите на брендот на Крале Марко, „легендите велат дека на нејзиниот влез и навнатре била изградена тврдината на втората сестра на Крали Марко.“

Енигмата за отворот - Според спелеолозите, Пешна е со најголем отвор на Балканот - таваницата на отворот е 30 метри висина. Според проектот „природно наследство“, „нејзиниот влез е со значителни димензии: 16,8х52,4 м.“

Неколку стотини метри од пештерата тече реката Треска, идеално место за рибарење и пикник. Среќна околност за рибарите кои немаат среќа е блискиот мотел Пешна кој има сопствен рибник.

Лицата од ист пол не ќе можат да имаат „блиски лични односи“?

8/14/2007

Во новиот Предлог на Закон за изменување и дополнување на Законот за семејството се додава следниот став:

„Под блиски лични односи во смисла на овој закон се подразбираат лични односи помеѓу лица од различен пол кои се или биле во партнерски односи, а не живеат во вонбрачна заедница.“

Значи, со новите законски измени, на нехетеросексуалците им се негира не само правото да основаат брачна или вонбрачна заедница, туку и правото да имаат „блиски лични односи“ како и хетеросексуалците.

Последица на ваквите законски одредби е тоа што нехетеросексуалците кои живеат во „диви“ заедници или имаат партнерски односи не можат да уживаат заштита од „семејно насилство“, за разлика од хетеросексуалците.

Ако ова не е дискриминација, тогаш не знам што е!

Во Македонија ништо ново

Секретаријатот за европски прашања објавува на 30.07.2007 информација за Меѓународен конкурс за новинари... во која новинарите се информираат дека крајниот рок за пријавување на конкурсот е 31 јули 2007 година!!!

Невидена срамота. Каде се чуло и видело да се објавува информација за конкурс еден ден пред завршувањето на конкурсот? Можно ли е за еден ден да се преведе текст до 25 страни на англиски и да се пополни апликацијата?

Џабе сите реклами и напори за подобрување на „европскиот“ имиџ на Република Македонија, кога оние што треба да не водат накај „Европа“ прават вакви елементарни гафови.

Рамковниот договор - увод во уставна криза

8/13/2007

Денеска се навршуваат 6 години од потпишувањето на „Рамковниот договор“ - а на државните веб-страници тотален молк. Се обидов нешто да прочитам за „Рамковниот“ на официјалната страница на Владата, ама линкот води до Invalid Hostname.

Наместо на овој „свечен ден“ (прославуван само од ДУИ), да дадат изјава претседателот и премиерот, изјави дава „калифот наместо калифот“ Фрчковски: „Тоа е политички договор од внатрешен карактер, не е меѓународен и не е мировен договор.“ (Шест години од Охридскиот договор).

Работава ми личи на „Ово се тешко може назвати миром, а знам сигурно није ни рат“ (ѕирни „Ни лук јал, ни лук мирисал“?). Можеби министрите за „историја“ ќе не убедат дека тогаш немало ниту војна, ниту вооружен конфликт, туку приватни турбо-фолк журки и свадбени веселби. Еве како би изгледал ревидираниот опис на 2001-ва, во духот на Бајага:

- „Дал' се код вас пуца?“

Ја му кажем „Понекад кад мора, иначе је ствар фолклора.“

Шегата настрана, ама прашањето „Дали „Рамковниот“ е успешен проект?“ остана неодговорено.

Фрчко е убеден дека „Успешно до крај се реализирани уставните промени...“ (Со сменет устав и поредок до мир) иако „уставните промени“, во неколку амандмани, се разликуваат од текстот на „Рамковниот“. Неколку пати аргументирав дека „Рамковниот договор“ не е составен дел од Уставот (наспроти фалсификатот на Владината страница и тврдењето на Бичиклиски).

Фрчкоски не убедува и дека „Рамковниот“ е неколу пати „пробиен“:

„Првиот пробив го направи Бранко Црвенковски како претседател на Влада, вториот го направи Владо Бучковски, исто така како претседател на Влада. Според него, трет пробив е признавањето на Тетовскиот како државен универзитет иако според Рамковниот, тоа требало да биде Штуловиот универзитет. Четвртото пробивање на договоорт е употребата на албанскиот јазик во новите патни исправи. - Граѓаните на Македонија се државјани на Македонија и не е битно нивното етничко потекло кај пасошите.“ (Шест години Рамковен договор)

Не е ли малку смешно прво да учествуваш во воспоставување „тиранија на етничкиот идентитет“ со редефиниција на граѓаните во „припадници на заедници“, а потоа да приговараш дека не е битно етничкото потекло на „граѓаните на Македонија“?

Според мене, најинтересен одговор во поглед на успешноста на „Рамковниот“ даде Гордана Силјановска: „Што добивме? Веројатно мир. Меѓутоа, со демократијата имаме сериозни проблеми“ (Шест години од Рамковниот договор)

Би додал - немаме проблеми само со демократијата, туку и со човековите права.

Покрај тоа, сеуште не можеме да закрепнеме од флагрантната повреда на принципот на владеењето на правото, сеуште не сме свесни дека сме заглавени во сериозна уставна криза.

Гаф на денот: „Охридскиот договор“ е потпишан во Охрид (вести на Сител, 21 часот), иако во статијата ШЕСТ ГОДИНИ РАМКОВЕН ДОГОВОР точно стои дека е потпишан во Скопје.

(Други релевантни постови: Повторно фалсификат на Уставот!, Рамковни несогласувања, Правото vs. самоволието, Пофалби за Претседателот!, Го чита ли некој Уставот на Република Македонија? - „Кој устав?“)

Аферата „Бучковски“

8/04/2007

Аферата „Бучковски“ може да биде погубна за политичкиот имиџ на Република Македонија како кандидат за НАТО и ЕУ. Се зависи од тоа каков ќе биде нејзиниот исход. На удар се:

1) Независноста на судството („Постои раширено мислење за судијката дека е позната како марионета...“; Маневски „...диригира со марионетите во правосудството“; „во вторникот вечерта успеав да ја добијам судијката Катица Јовановска и да пријавам дека сум надвор од државата, но и дека сум подготвен да дадам исказ доколку има потреба. Таа рече дека ќе се договориме, ако тоа биде неопходно. Во средата, кога и' се јавив, судијката веќе донела пресуда за мене.“ (Ќе докажам дека сум невин во наместената афера)

2) Законитоста на полициското постапување („По петнаесет минути задржување, ми пукна филмот, и бидејќи повеќе години наназад контактирам со директорот на Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, со кого имав релации од времето уште кога беше и прв воен разузнавач, а потоа бизнисмен, му се јавив по телефон и луто побарав објаснување. Тој ми рече: „Веднаш ќе бидеш ослободен“ и навистина за една минута дојде службеникот што ме задржа, го прашав дали се појавил нивниот командир на полицијата, но тој ми рече: „Не, по нова наредба морам веднаш да ве пуштам“; „...одговорно тврдам дека мојот телефон се прислушува“.)

3) Демократичноста и уставноста на собраниските процедури за одземање имунитет („...беше испланирано во 19,30 часот седницата веќе да заврши на истиот начин како што заврши со поставување на предлогот и да бидам приведен на границата кога ќе влезам во државата“)

4) Работата на јавното правобранителство („Јавното правобранителство има дадено сигнал дека се губи спорот и дека не треба да се оди на второстепен суд за да се спори одлуката и случајот да оди на Апелација.“)

5) Политичката непристрасност во борбата против корупцијата

Ако судот законито пресуди дека Бучковски сторил кривично дело, тоа ќе бидат големи меѓународни поени за политиката на Груевски, но, само во случај доколку докаже дека борбата против корупцијата не е партиски селективна. Затоа, воопшто не би ме изненадило ако деновиве се покрене и обвинение против некој висок поранешен функционер на ВМРО-ДПМНЕ.

Ако „аферата Бучковски“ не исходува брзо со правосилна судска одлука, и ако притоа се покаже дека биле загрозени демократските принципи, работата на државните институции, и човековите права, тоа би можело да доведе до продлабочување на политичката криза во Македонија.

Во секој случај, неизвесноста продолжува.

Наместо Собранието да расправа за донесување на реформските закони, пак ќе се потроши залудно огромна енергија и време на „аферата Бучковски“.

Груев и Груевски

Неколку „светулки“ и „мракови“ од Илинденското обраќање на Груевски на Мечкин камен:

„Нашите прадедовци и дедовци ја применија прочуената девиза на француските студенти „Да бидеме реалисти, да го бараме невозможното“, и тоа шеесет и пет години пред да биде формулирана.“

Ете, дури и „реалистот“ Груевски признава дека Илинденската „мисија“ била „mission impossible“.

Потоа Груевски се повикува на Груев:

„Заклетвата „Слобода или смрт“ е судбински избор, дефиниран во зборовите на Даме Груев: „Подобро ужасен крај, отколку ужас без крај“. Зборови што жестоко ја содржат енергијата и свеста, што прават држава.“

Останува да се надеваме дека политиката на Груевски ќе понуди поголеми можности за избор отколку „ужасен крај“ или „ужас без крај“.

Во обраќањето, Груевски ги дефинира и нашите современи предизвици - „зачувување на идентитетот и достоинството на нацијата и создавање на стабилна, функционална, економски развиена и просперитетна Македонија.“

Ако добро ме служи паметењето, прв предизвик за Груевски пред изборите беше економската преродба, а не зачувувањето на идентитетот.

Груевски го доби мандатот за економска преродба.

Дали де-фокусирањето врз „идентитетот и достоинството на нацијата“ е обид да се покрие евентуалниот неуспех на економски план и на планот на евро-атланските интеграции?

Има уште еден симболички момент. После 2-ри август илинденците градеа „Десет дена Крушевска Република“. После 2-ри август нашите министри одат на одмор. Крајно време беше и ние малку да се одмориме од нив.

Бане за историјата на Македонија

8/03/2007

Продолжувајќи ја традицијата на Тито и Колишевски, и Бане почна да дели лекции по историја во своето обраќање на Пелинце:
„Историјата не познава чуда и ништо не е случајно. За се и зад се постои одредена причина, претходен процес, логичен редослед. Ако Илинден 1903та е Македонскиот национален мит и духовно извориште; ако АСНОМ 1944та е моментот на реализирана државотворност и македонската историска победа; ако 8ми Септември 1991та е раѓање на македонската независност и целосната меѓународна еманципација, тогаш сите треба да бидеме свесни дека немаше да има независност без АСНОМ-ската победа. Немаше да се случи победа без Илинденскиот мит.
Демек, што е поентата? ВМРО-вците се љубители на „митови“ и на „лузерите“ од Мечкин камен, а „државотворните“ СДСМ-овци се љубители на реалноста и на „историските победници“ од АСНОМ?
Со библиски патос, Бане ја продолжува својата лекција:
„Тоа сме што сме, како резултат на се што било и на сите што биле пред нас. И затоа секој обид, а денес за жал повторно ги има за фалсификување и ново пишување на историјата е штетен, антинационален и каков таков однапред осуден на неуспех.“
Секој обид за ново пишување на историјата е штетен и антинационален?
Не да смрди на тоталитаризам, туку базди. Бане радо би ги забранил историчарите, оти според него, секое ново пишување на историјата е „штетно и антинационално“.
Ова не е гаф – ова е невиден скандал! Ова е и отворена закана против секој кој сака да даде нов придонес за македонската национална историја. Претседателот на државата ме прогласува за „штетник“ и противник на нацијата затоа што сакам да дадам поинаква историска приказна?
„Историчарот“ Бане сака да ја претвори македонската национална историја во постојана „музејска“ поставка која никогаш веќе нема да се менува:
„Македонската национална историја не е продавница во која можеш да влезеш и да го купиш само она што ти се допаѓа, уште помалку да ја менуваш цената и вредноста на артиклите по сопствена волја.“
Ех, Бане, Бане. Како што си тргнал, може да си отвориш и една историска пиљара, па таму да ги шиткаш своите историски гачки.
Уште сум шокиран од тоа што и го сторија на македонската историја...

Два Илиндена – „две Македонии“

8/02/2007

„Има само една Македонија“?

„Нема и не смее да има две Македонии, една наша другата ваша, едната во Крушево, другата во Пелинце“ (Председателот од Пелинце предупреди апсењата да не бидат со политичка нарачка за маркетинг)

Не знам како било на Пелинце, ама на Мечкин камен, „џган пипл“ беше; а богами и „џган џандари“.

Еве што забележал новинарот на А1:

„Освен на бината, кадешто стоеше заедно со знамето на ЕУ, официјалното државно македонско знаме не можеше да се забележи меѓу посетителите.

Гостите на најбројната веселба на Илинден во последниве неколку години на Мечкин Камен сепак, не го послушаа повикот на премиерот Груевски, кој од Илинден порача дека Македонија мора да биде единствена.

Овации за него и свирежи за делегацијата на претседателот Црвенковски и на партијата СДСМ.“ (Груевски: Илинден е празник на македонскиот стремеж)

Новинарот на А1 малку преувеличува: имаше и државни знамиња, иако беа во убедливо малцинство; наместо „овации“, јас би напишал „аплаузи“; а и зборот „свирежи“ е премногу силен, ако се земе предвид дека многу малку луѓе реагираа на таков начин.

Еве неколку мои забелешки:

- Еколошка катастрофа – толпа народ, ниту една канта за ѓубре не видов.

- Народот немаше пристап ниту до платото пред бината, ниту до споменикот на Питу Гули. Бината воопшто не се гледаше. Полицијата обезбедуваше коридор до бината, кој го делеше народот на два дела кои немаа меѓусебен контакт. Така, испаѓаше дека „недопирливите“ политичари симболично го делат народот на два дела, со помош на полицијата.

- Политичарите се движеа со автомобили по асфалт во полициски обезбедуван коридор; контролирани од полицијата, обичните граѓани мораа да голтаат прашина одејќи пешки по поредни земјени патчиња; уште еден симбол за оддалеченоста на власта од граѓаните.

Уште еден мал куриозитет во врска со химната. Наместо „Горите Македонски шумно пеат / нови песни, нови весници“, беше испеано „бојни песни“. Пригодно, со оглед на мотото: „Секоја генерација има своја битка“.

Сепак, многу поинтересно си поминав вчера, на свеченоста на Гумења.

Ај погодете која група имаше чест да ја исполни својата патриотска нумера откако беше одиграно „комитското“?

Верувале или не, пред свитата на Груевски и великодостојниците на МПЦ, излегоа тројцата хомофобични дечки – фамозните „Македонски синови“ од „градот под кулите“. Да можевте само да им ги видите фаците на поповите и на Груевски кога почнаа со патриотскиот рап за Ченто и Македонија.

Бурлеска.

Илинденски гафови и проблесоци на Љубиша Георгиевски

8/01/2007

Ваков македоноцентризам не се пропушта:

„Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите! Така зборуваше Георги Делчев. Ова е најчесто цитираната негова мисла, но за жал, најмалку реално прифатена. Оваа визија за светот, барем кога се работи за Делчев најнапред е визија за Македонија, зашто за него Македонија беше светот, а светот беше Македонија.“

За Делчев светот ти бил Македонија? Дал да плачам, ил се смеам...?

А само неколку реченици подоцна:

„Денес најхрабрите македонски мажи војуваат на страната на слободата во Ирак и Авганистан, војуваат на страната на 21-от век против средниот век таму!“

А што стана со „светот како поле за културен натпревар меѓу народите“, г-не Георгиевски? Кутрите ние, што војуваме „на страната на слободата во Ирак“. Зошто почнува да ми се блуе?

Сепак, не е се толку црно – има и некои светли моменти:

„...големиот Британски државник Гледстон ќе рече: "Македонија на Македонците"! И веднаш да сме начисто - под поимот Македонци тој, имено исто како Илинденците од Крушево како и Илинденците од Прохор Пчински, ги подразбира сите жители на Македонија, во која рамноправно и слободно живеат.“

Пеки, денеска и еден семкар на Гумења прекрасно се изрази: „Јас сум прво Македонец, а дури потоа Ром. Тука сум се родил, тука и моите се родени. Немам друга татковина освен Македонија. Немам друга грутка земја...“
Но, зошто толку упорно продолжуваме да ги изневеруваме Илинденците и АСНОМ-ците г-не Георгиевски? Зошто сеуште граѓаните на Македонија и во Уставот се делат на Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Бошњаци, Срби и „други“?

Веќе ни свечените говори не се можни без цитати од Фуере:

"Беа потребни речиси сто години да се оствари визијата на творците на Крушевскиот манифест, што преставува очигледен потсетник за тоа колку историјата на балканскиот регион оставила неизбришива трага во историјата на Европа како целина."

Кутрата „Европа“ (читај ЕУ) – да се надеваме дека ќе трае многу, многу подолго од „Крушевската Република“.

За крај, оригиналниот поздрав до сите „...граѓани на Македонија и наскоро граѓани на Европа“ (очигледно, Љубиша мисли дека сега сме граѓани на Азија или Африка):

„Ако Крушевскиот манифест завршува со поздравот "Ура за Автономна Македонија" денеска благодарејки на сите илинденци на сите борци и сонувачи за слободна и самостојна Македонија ние имаме можност со гордост да речеме "Ура за Европска Македонија"“

Е, најпосле да се согласиме.

Ура за Република Европска Македонија.

Поарно Евромакедонци отколку Славомакедонци.

И, нека ни е честит празникот. И првиот, и вториот Илинден. А за 8-ми септември ќе почекаме уште еден месец.

Грешка во 100 чекори?

Дали Груевски договорил со Ахмети промена и на Уставот, излегувајќи од рамките на „Рамковниот договор“?

Еве одличен материјал за „сеир“ (Собрание, стенографски белешки, 23 јули 2007):

„Андреј Жерновски: Тие 45-46 закони воопшто не се наивни, бидејќи во тие го имате законот за грбот, химната и знамето на Македонија со што се наметнува прашањето дали вие всушност интервенирате во Уставот на Република Македонија, бидејќи сакам да ви кажам дека еден премиер не смее да си дозволи тоа да го прави, бидејќи актуелните уставни решенија не предвидуваат двојно мнозинство при утврдување на грбот, знамето и химната. Во член 5 е наведено дека симболите се утврдуваат со закон кој се носи со двотретинско мнозинство во Паралментот, а не со Бадентерово мнозинство. Тоа го имате договорено работејќи спротивно на Уставот на Република Македонија.

(...)

Никола Груевски: Би сакал неколку работи, имае многу неточни работи, но во три минути не можам да искоментирам, затоа набрзина дека во списокот на закони, на 45-те закони го имало Законот за грб, химна и знаме, тоа е тотално неточно, измислена работа од пратеникот Жерновски комплетно. Не станало збор за такво нешто.

(...)

Андреј Жерновски: Господине премиер јас сум веќе сериозно загрижен. Вие очигледно не ги пратите материјалите кои што ги добиваат пратениците. Ако го погледнете Деловникот што ни е даден овде ќе видите дека се содржани оние три закони кои што ги споменавте, дека не се тука. Сега консултациите со Силвана Бонева се бесполезни, бидејќи отиде во етер, или како што вели нашиот народ во ветер, тоа што го кажавте. Број 37 Закон за грбот на Република Македонија. Број 38 Закон за знамето на Република Македонија. Број 39 Закон за химната на Република Македонија. Вие не само што не го слушате тоа што ви кажувам, шилото на вистината леве-десно, напред-назад излезе.

(...)

Никола Груевски: Благодарам. Само да кажам дека се работи за грешка, тука погрешив, го повлекувам тоа што го спомнав. Извршив консултации со госпоѓа Бонева и со другите од пратеничката група, така што се извинувам за грешката што ја направив. Ви благодарам.

(...)

Силвана Бонева: Благодарам почитуван потпретеседателе.

Почитувани колеги од опозицијата секој може да згреши и премиерот го кажа тоа дека е грешка и мислам дека нема потреба повеќе да се зборува. Значи овие закони за грб, знаме и химна, се дел од согласноста што е постигната за законите.“

Што укажува грешката на Груевски?

Од една страна, од изјавата на Груевски („Не станало збор за такво нешто“) може да се заклучи дека Груевски немал појма за што воопшто се договорил – за тоа дека и законите за симболите ќе бидат носени според „бадентеровиот“ принцип.

Ако Груевски не бил свесен за што се договара, тогаш може и да го повлече тој дел од договорот, затоа што бил во заблуда (или незнаење) дека договореното не е во согласност со Уставот (а ниту со „Рамковниот“).

Ако пак свесно договорил симболите да се носат со закон според „бадентеровиот принцип“, тогаш Груевски може да се обвини и за свесно кршење на Уставот. На некој начин, „грешката“ му оди и во прилог дека свесно не работел на прекршување на Уставот.

Груевски се извини за „грешката“. Дали со едно извинување Груевски сепак ќе издејствува донесување закони кои се во очигледна несогласност со Уставот?

Мојот список со блогови

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Архива на блогот

Footer Widget 1

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Loading...

Footer Widget 2

Популарни објави

Популарни објави

Popular Posts this month

Popular Posts this week