Новогодишна „честитка“ од НП

12/29/2006

Да се пофалам, добив „новогодишна честитка“ од Народниот правобранител.

Во известувањето кое го добив на мојата електронска адреса, г-нот Иџет Мемети ме извести дека Народниот правобранител нема да покрене постапка во однос на мојата претставка во врска со противуставните прислушкувања (текстот од известувањето е во коментарите).

Прво, да се заблагодарам на правовремената реакција. Признавам, бев скептичен дека институтот електронски формулар ќе функционира, и ме радува фактот што добив одговор во законскиот рок. Искрени пофалби до Народниот правобранител како една од ретките државни институции која овозможува електронски сервис.

Второ, да го изразам моето разочарување во однос на образложението зошто не се поведува постапка:

1) Народниот правобранител тврди дека „...не се презентирани податоци за такви дејствија во текот на последната година, сметано од денот на подесувањето на претставката па наназад.“

Потсетувам само на изјавата на Силвана Бонева дадена на 2 ноември 2006 год.:

„...и до донеска не се чувствуваме дека сме ослободени од тој товар дека не се следи секоја наша комуникација, како кажавте дури и со блиските во семејството.“

2) Она што посебно разочарува, е образложението дека „Народниот правобранител ваквите јавни настапи не може да ги зема како веродостоен доказ за покренување на постапка за заштита на правата на граѓаните од неповредливост на писмената и другите облици на комуникација“.

Да потсетиме, согласно чл. 21 од Законот за НП, „Народниот правобранител ќе покрене постапка по поднесена претставка или по сопствена иницијатива ако од наводите, доказите и фактите приложени кон претставката или од сознанијата добиени на друг начин основано произлегува дека од страна на органите на членот 2 на овој закон се повредени уставните и законските права на граѓаните...“

Да потсетиме, исто така, и дека Народниот правобранител „ги штити уставните и законските права на граѓаните и на сите други лица“ и во случај на „пропуштање на дејствија од органите на државна управа и од други органи и организации што имаат јавни овластувања...“.

Во случај кога обвинителството и другите органи пропуштиле по службена должност да преземат мерки за заштита на правото на приватност на граѓаните, НП има надлежност да дејствува врз основа на „сознанијата добиени на друг начин“ - врз основа на изјавите на пратениците и поранешниот премиер!

Исто така, ништо не го ослободува од одговорност Народниот правобранител тоа што правовремено не повел постапка по сопствена иницијатива (на пр. веднаш по интервјуто со премиерот Костов).

Ако изјавите на премиерот и поранешниот претседател на Собранието не можат да послужат како основани сомненија дека се сторени кривични дела врз основа на кои се поведува истрага по службена должност, тогаш било каква изјава од кој било исто така не смее да послужи како основано сомнение дека се сторени кривични дела - што е невиден нонсенс!

Накусо, со вакви институции за заштита на човековите права, оние од „петтата управа“ можеа и сеуште можат противзаконски да не прислушкуваат кога и како ќе им ќефне!

И што уште не.

Повторно фалсификат на Уставот!

12/28/2006

Му благодарам на Комуникации за новата веб адреса на Владата, посветена на фамозниот „Охридски рамковен договор“. (Каде е сајтот за Охридскиот договор?).

Она што ме запрепасти, е повторното фалсификување на Уставот, за кое веќе зборував во колумната Македонија - „Рамковна етнократија“?.

И новата Влада со овој сајт продолжува со старата практика да не го почитува македонскиот текст на Уставот, претпочитајќи го англискиот оригинал од Рамковниот договор.

Погледнете го Уставот, во дел од Амандман V: „Друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, исто така, е службен јазик и неговото писмо, како што е определено со овој член.“

Споредете го англискиот превод - Constitution of Republic of Macedonia (AMENDMENT V): „Any other language spoken by at least 20 percent of the population is also an official language, written using its alphabet, as specified below.“

Јасно се гледа дека не е преведен Уставот („граѓаните“ не е исто што и „the population“), туку дека е повторно копиран англискиот текст од „Рамковниот“.

За разлика од претседателот, кој го коригираше фалсификатот (видете Пофалби за Претседателот!), на собраниската страница на англиски јазик уште стои фалсификуваниот превод на Уставот (во делот на Амандманите).

Една година по укажувањето, англиската интернет страница на Владата - „Факти за Република Македонија“ - е уште „under construction“! На официјалната страница на македонски јазик, „Рамковниот“ е самоволно прогласен за глава X на Уставот! (видете и Правото vs. самоволието).

До кога бе вака ќе се лажеме?

До кога ќе има повеќе верзии на Уставот за надворешна употреба?

До кога ќе газиме по Уставот како највисок правен акт, подметнувајќи го „Рамковниот“ кој воопшто не е правен акт?

Срамота.

Заеби CNN

12/26/2006

Главна тема на една од ударните статии на The New York Review of Books, What About the Iraqis? - е блогот на една Ирачанка.

Еве што таа пишува за „успешноста“ на проектот „демократизација на Ирак“ - или во наша верзија: „Слобода за Ирак“:

„I haven’t driven for the longest time. If you’re a female, you risk being attacked.
I look at my older clothes- the jeans and t-shirts and colorful skirts- and it’s like I’m studying a wardrobe from another country, another lifetime. There was a time, a couple of years ago, when you could more or less wear what you wanted if you weren’t going to a public place. If you were going to a friends or relatives house, you could wear trousers and a shirt, or jeans, something you wouldn’t ordinarily wear. We don’t do that anymore because there’s always that risk of getting stopped in the car and checked by one militia or another.“

Поднасловот на блогот е:

„Girl Blog from Iraq... let's talk war, politics and occupation.“

Што мислите, кој е поверодостоен медиум: CNN или Baghdad Burning?

Сексуалноста во македонската блогосфера

12/25/2006

Вечерва, во 19.00, ќе се одржи предавање на тема „Сексуалноста во кибер-просторот“, со посебен осврт на „Сексуалноста во македонската блогосфера“.
Предавањето ќе се одржи во просториите на Институтот „Евро-Балкан“ (Партизанска 63, спроти „Симпо“), во рамките на школата за род и политика.
Повелете, ако сте заинтересирани.

Асексуално образование

12/22/2006



Според извештајот на еден американски конгресмен, државата во 2005 год. издвоила околу 170 милиони $ за едукативни програми кои проповедаат само сексуална апстиненција (до стапување во брак).

Еве какви глупости учат младите асексуално ориентирани „американци“:

дека кондомите не успеваат да спречат инфекција на ХИВ во 31% случаи; дека ризикот од предвремено раѓање (како главна причина за ментална ретардација) се зголемува после абортирањето на првата бременост; дека изложеноста на пот и солзи е ризичен фактор за пренесување ХИВ; дека 24 хромозоми од обата родители учествуваат во создавањето на новата индивидуа.

Во Холандија, пак, постојат сосема понакви стандарди за сексуално образование. Погледнете го само следниов сајт на Холандското друштво за сексуална реформа, кое обучува едукатори за сексуално образование, и ќе ви стане многу појасно.

Фотографиите не се преземени од никакви „порно“ сајтови, туку од нивните лекции за „сексуални вештини“.

Кратко паметење?

12/21/2006

По извесно време, сите наши премиери почнуваат да патат од синдромот кратко паметење. Еве и Гревски (пардон Груевски), почна да пати од селективна меморија:

„Ваквото експозе е добра прилика да се потсети господинот Црвенковски дека изборите ги доби со употреба на сила, на насилство, оружје, фалсификат и полнење на кутиите. Ова е добра можност да го потсетиме за една таква работа и една добра порака за иднината, дека тоа не е добар начин да се добиваат избори и да се користат такви средства“ изјави Никола Груевски, претседател на владата на РМ. (Владеачката коалиција го бојкотираа Црвенковски)

Да се потсетиме на мапата на резултатите од Претседателските избори 2004, од која јасно се гледа дека само во два града од Источна Македонија (Виница и Свети Николе) имал мала предност кандидатот Сашо Кедев.

Да се потсетиме на првичните забелешки на ВМРО-ДПМНЕ за вториот круг од изборите кои беа главно насочени против „демократските“ активности на ДУИ во Западна Македонија - „...ДУИ вчера масовно ги полнеше гласачките кутии...“ (Мириса на фалсификат).

Јеби га, толку ли е моќна ДУИ и во Источна Македонија, па успеала да ги наполни кутиите во прилог на Црвенковски?

Да се потсетиме и на првичните оценки на набљудувачите: Заменик-шефот на набљудувачката мисија Даниел Фин изјави дека гласањето во 92 отсто од случаите е оценето како добро или многу добро. Тој исто така, наведе дека имало сериозни инциденти со полнење на гласачките кутии и тоа на четири отсто од избирачките места.“ (На изборите имаше сериозни нерегуларности)

Да се потсетиме и на оценката на Хелсиншкиот комитет:

Сумирајќи ги сите повреди, не може а да не се констатира дека изјавите за над 50-процентниот одзив на граѓаните во вториот круг - не се кредибилни, а со тоа и изјавените резултати за преброените гласови по кандидат - исто така не се кредибилни.“ (месечен извештај за април, 2004)

Разликата помеѓу освоените гласови на Црвенковски и Кедев (над 220.000 гласа) беше толку голема, што никој со здрава памет не можеше да му го оспори легитимитетот на Црвенковски како претседател на Република Македонија.

Крајната разлика помеѓу освоените гласови на Црвенковски и Кедев (над 220.000 гласа) е поголема од вкупниот број на освоени гласови на коалицијата „За Македонија заедно“ на последните избори (218.463 гласа)!

Може ли предноста на Црвенковски во однос на Кедев, постигната „со употреба на сила, на насилство, оружје, фалсификат и полнење на кутиите“ во 2004 година да е поголема од вкупниот број гласови што легално ги освои коалицијата на Бучковски во 2006 година?

Премиеру, свести се што изјавуваш, оти преку глава ни е од политичари што ги користат државните функции за партиски цели, заборавајќи притоа на државните интереси!

Преку глава ни е и од „државници“ што ја користат претседателската позиција како партиски мегафон!

Се посрамотивте и обајцата, ја посрамотивте и Република Македонија!

Дозволивте средношколци да ви држат лекции по елементарна политичка култура!

Државата генерира криза на идентитетот!

Еден од показателите дека сеуште сме полициска држава е фактот дека основните лични документи ги издава МВР.

Туку, друго ми беше поентата - да илустрирам како државните институции генерираат криза на идентитетот.

Еве неколку примери:

Во барањето за лична карта има графа за - „Припадноцт на народ односно народност или етничка група“. („народност“? - еееј, СФРЈ одамна ја нема, и зошто „народ“ исклучиво во смисла на „етнос“, а не во смисла на „демос“?)

Во барањето за прием во државјанство на Република Македонија се бара „националност“. (еееј - после, 2001 година го избришавме зборот „националност“ од Уставот).

Од друга страна пак, во барањето за издавање на патна исправа и во барањето за извод не се бара ништо од погоренаведеното, туку само државјанство.

За жал, уште за време на пописот пропуштивме да ги исправиме работите.

Иако во измените на Законот за попис зборот „националности“ беше заменет со зборот „заедници“, пописот продолжи да го регистрира изјаснувањето за „националната припадност“ (анг. превод. - „ethnic affiliation“), кое остана како темелна вредност на нашиот уставен поредок.

Да потсетам и дека во пасошот во графата државјанство/nationality ни стои „REPUBLIKA MAKEDONIJA“, а не „Македонец/Македонка“, „Македонско“ или „Macedonian - што е показ дека нашиот поим за националност воопшто нема врска со европскиот - кој означува врска граѓанин-држава независно од неговото етничко потекло.

Од неодамна, некои институции, како народниот правобранител, почнаа да вметнуваат графи - „припадник на заедница“ - ама без појаснување дека таа графа е опциона, односно, дека не мора да се пополни согласно индивидуалното човеково право да не мораш јавно да го изразуваш својот идентитет, доколку не сакаш.

Она што најмногу ме иритира е што никаде не можам да се изјаснам како „Македонец“, независно од моето етничко потекло, кое си го сметам за приватна работа која не сакам да ја споделувам со другите.

Остај друго, станува збор за елементарно човеково право - правото на националност/државјанство.

Што друго да се каже за државата која не создала елементарни услови за изразувањето на граѓанскиот национален идентитет - освен тоа дека преживува и генерира длабока криза на идентитетот?

(За слична тематика пишував и во постот Консеквенците на тиранијата.)

Право на порно - и тоа за џабе!

12/20/2006

Конечно да прочитам добар пост на нашето блогосферско небо, без оглед на тоа што делумно не се согласувам со тезите.

Во добрата девојка, кибер-котле протестира против цензурата на порно-канали кај нас, поентирајќи: „...пермисивноста кон содржини со насилство, и тоа документарно - реално - како смрт „во живо“ на телевизија, наспроти рестриктивноста на содржини со секс, покажува кои се квази критериумите на нашето современо општество.

Она што не се согласувам, е дека „И „Романса Икс“ е порно.

Јес да глуми Роко Зифреди, ама да не претеруваме - „Романса Икс“ и „Анатомија на пеколот“ од Кетрин Бреје се далеку од порно филмови.

Секое експлицитно прикажување на сексуални акти не е порнографија.

Дволичност, „драги мои“

12/19/2006

Еве што изјавува нашиот претставник во ECRI, Љубомир Д. Фрчкоски:

„Ме растажи до крај, драги мои, фактот, поточно увидот во третманот на нашиот сирот судија во Стразбург, мадамата: Tsatsa-Nikolovska. Неа, човече, се' уште ја депривираат од правото на националност, ословувајќи ја во сите пресуди на Судот како судија со националност „citizen of The Former Yugoslav Republic of Macedonia“!? Значи, граѓанин без националност, без етничко потекло.“ („Глас концила“)

Како прво, не ли е чудно што професорот стигнал до член на комисија на Советот на Европа, а уште не научил дека европскиот концепт за националност не се употребува во смисла на „етничко потекло“ - туку напротив, во смисла на „правна врска помеѓу лицето и државата која не го означува етничкото потекло на лицето.“

Остај друго, не ли е малку трагикомично што членот на комисијата која е надлежна да се бори и против сексизмот (како една од најраширените форми на нетолеранција) продолжува со своите сексистички испади - „Е, мадама-мадама, има многу што да се стори, ама тебе не ти се мрда га.. ..то...“?

Како трето, и најтрагично, ако одите на страницата на комисијата во која гордо членува Фрчкоски, ќе видите дека во извештајот за нас се употребува не само “The Former Yugoslav Republic of Macedonia”, туку и грчката измислица FYROM!

За срамота, „драги мои“.

Дај прво издејствувај бришење на бесправното FYROM од документите во твојата комисија, па после наоѓај им мани на другите!

Случај „визитка“

12/18/2006

Нешто е гнило на Философскиот факултет?
Таков впечаток се добива, по изјавата на Министерот за образование Рушити:

- Деновиве се сретнав со претставници на Филозофскиот факултет во Скопје. Во неврзан разговор ми рекоа дека им завршиле работа на луѓето што сум ги упатил кај нив. Останав вчудоневиден. Им реков дека такви луѓе не познавам ниту сум упатил некого на високообразовни институции за некој да им заврши работа. Бидејќи не беа убедени во ова, ми кажаа дека тие покажале моја визит-картичка на која го имало мојот телефонски број. Категорично демантирав дека сум испратил кого било и ги предупредив да ми се јават ако се најдат во иста ситуација. Нема да дозволам некој да ми го злоупотребува името и ќе преземам мерки ако продолжи таквата практика - вели Рушити.“ (Со визитка на министерот станале асистенти)

А зошто веднаш не преземе соодветни мерки министерот, туку само „ако продолжи таквата практика“?

Казните за ставање во нееднаква положба, според Законот за работни односи, се од 100.000 до 200.000 денари (член. 264). Исто така, оштетените кандидати имаат право на надомест за штета за дискриминација во висина од пет месечни просечни плати (член 10).

Еве, да претпоставиме дека правната држава ќе функционира, и дека надлежните ќе ги казнат одговорните лица. Кој најпосле ќе одговара за исплатените средства кои се добиваат или од буџетот (џебот на граѓаните) или од студентите?

Претставка

Само што ја пополнив следнава претставка до народниот правобранител, и тоа на електронски формулар.

Кој сака, слободно нека го преземе текстот од претставката, и нека го внесе во формуларот. Ако Народниот правобранител добие стотина електронски претставки, можда ќе сфати дека станува збор за прашање од општ интерес и ќе преземе поенергични дејства.

(прилозите можете да ги најдете во коментарите, јас ги копирав во графата за правни средства)

Апелирам до блогерската заедница да помогне во дисеминирањето на текстот од претставката и на линкот до електронскиот формулар.

Претставка

За повреда на правото на неповредливост на писмата и другите облици на комуникација

До стапувањето во сила на Законот за следење на комуникациите (осмиот ден по неговото објавување во Сл. Весник на Р.Македонија бр.121 од 21.11.2006 година) кај нас не беа исполнети уставните услови под кои може да се отстапи од правото на неповредливост на писмата и другите облици на комуникација:

„Само врз основа на одлука на суд, под услови и во постапка утврдена со закон, може да се отстапи од правото на неповредливост на писмата и другите облици на комуникација, ако тоа е неопходно заради спречување или откривање кривични дела, заради водење кривична постапка или кога тоа го бараат интересите на безбедноста и одбраната на Републиката.“ (Амандман XIX).

По следењето на Собраниските седници кога се расправаше за Законот за следење на комуникации, граѓаните имаа прилика да го зацврстат сомнежот дека голем дел од народните претставници имаат информации за систематско кршење на правото на неповредливост на писмата и другите облици на комуникација од страна на државните институции. (видете Прилог 1)

Со оглед на тоа што станува збор за прашање од општ интерес, бараме од Народниот правобранител да покрене постапка за заштита на правото на неповредливост на писмата и другите облици на комуникација и да ги испита исказите на пратениците кои укажуваат на систематско кршење на ова право од страна на државните институции.

Бараме, согласно чл. 24 од Законот за Народен правобранител, да се преземат следниве дејствија и мерки:

- Народниот правобранител да влезе во службените простории и да изврши непосреден увид во предметите и работите на МВР, особено во Петтата управа, каде што - според изјавата на поранешниот Министер за внатрешни работи и премиер Хари Костов - биле чувани материјалите од прислушувањата во период од 1991 год. наваму (прилог 2).

- Народниот правобранител да влезе во службените простории и да изврши непосреден увид во предметите и работите на Министерството за одбрана, каде што, според изјавата на поранешниот претседател на Собранието Никола Поповски, било вршено прислушкување заради политички цели (прилог 1).

- Народниот правобранител да ги повика на разговор лицата споменати во прилозите, како и службените и сите други лица кои можат да дадат определени податоци за наводите во претставката.

- Да обезбеди докази за повреда на правото на неповредливост на писмата и другите облици на комуникација, кои ќе можат да бидат користени во судските постапки за заштита на правото на приватност.

Смртната казна е тортура!

12/17/2006

„На осудениот ... морале да му стават уште една доза смртоносни хемикалии за да умре. (...) Според портпаролот на казнениот оддел, ... умирал толку долго време бидејќи страдал од болест на црниот дроб, која наводно го забавила дејствувањето на хемикалиите.“ (Погубен убиец во Америка, умирал 34 минути)

Малку им е тоа што го погубиле како крив за убиство.
Сега им е крив и што останал толку жив!
Не ти бил проблемот во инјекцијата со хемикалиите, проблемот да ти бил во болниот црн дроб.
Тие сакале хумано да ти го егзекутираат, ама црниот дроб ги осуетил во нивните благородни намери.

Удри по кодошите!

12/16/2006

Замислете си дека сум бивш „удбаш“ кој директно учествувал во масовните кршења на човековите права: мачење на уапсените, изнудување на признанија, апсење на невини луѓе, монтирање на судски процеси, незаконско прислушкување, регрутирање на информатори, „цедење“ на информатори, уништување на политички неподобните личности врз основа на цинкањето на нивните роднини, комшии, пријатели, непријатели.

И не само тоа - замислете си дека сеуште работам во УБК, дека повторно правам досиеја врз основа на „информативни разговори“ од лица кои не се осомничени дека сториле кривични дела. Се според законот.

Замислете си, исто така, дека Собранието го усвоило Законот за определување услов за вршење јавна функција (популарниот Закон за „лустрација“) - во кој има одредба со која од мене се бара да ја потпишам следнава изјава:

"Јас долупотпишаниот изјавувам под целосна материјална и кривична одговорност дека не сум соработувал со органите на државната безбедност во законски определениот период [од 2 август 1945], како таен информатор при оперативно прибирање информации што биле предмет на обработка, чување и користење од органите за државна безбедност, во облик на автоматизирани или рачни збирки на податоци и досиеја, оформени и водени за одредени лица со кои се кршени или ограничувани основните права и слободи на граѓаните од политички или идеолошки причини, ниту поради тоа сум стекнал имотна корист, привилегија при моето вработување, ниту сум напредувал во службата". (чл. 5 ст. 3).

Со задоволство ќе ја потпишам изјавата. Јас никогаш не сум бил „таен информатор“ и мене ме нема во списоците за тајни информатори.

Баш сум среќен. Конечно државата сфати кој е навистина виновен за „жртвите на комунизмот“.

Па стварно, што сум виновен јас, и моите другари комунисти, кои ги праќавме предавниците на „Голи оток“, што ги помодрувавме од ќотек непријателите, што ги уништувавме политичките изроди. Ние само си извршувавме наредби одозгора. Исто и сега. Што сум јас крив кога лицето присилно доведено на „информативен разговор“ подлегнува на атмосферскиот притисок и самото решава да го отцинка својот комшија, пријател, брат...?

Стварно бе - дај очистете тоа кодошите. Органски не можам да ги поднесам.

Радосен сум што некои од нив конечно ќе платат за своите злодела.

Да можеме да продолжиме да си работиме на раат.

И онака кодоши веќе не ни требаат, со ваква современа техника на прислушкување.

Љубов на прв клик

12/15/2006

Да ви признаам, се вљубив на прв клик, и на прво читање:
„I the usual, romantic, tender woman. I search in this life only for reliable, strong, gentle relations. To me it is necessary the man to which I can present the tenderness and all love. I love all beautiful in a life. I like to create in the house a cosiness and warmly, also I not away to sit in a cosy bar, to listen to quiet music. To me to like to spend Time with the friends. I hope that my unique the man somewhere is also I shall meet him to remain with him for ever.
To me it is necessary the man which appreciates family relations. Which having looked me in eyes will see in them that that so long searched.This the man should be fair, gentle, kind which loves children and wishes to construct strong love and gentle relations.“
Што да правам кога
Русинките – домаќинки ми се слабост.
Некој да ми даде на заем виза картичка?

Жртви

Живееме во држава која систематски произведува(ла) жртви:

Жртви на сиромаштијата.

Жртви на безработицата.

Жртви на транзицијата.

Жртви на приватизацијата.

Жртви на бившиот тоталитарен режим.

Жртви на распаѓањето на СФРЈ.

Жртви на конфликтот од 2001 (загинати, мачени, киднапирани, бегалци, внатрешно раселени лица...)

Жртви на тортура.

Жртви на трговија со луѓе.

Жртви на неефикасниот судски систем.

Жртви на денационализацијата.

Жртви на партиски чистки.

Жртви на религиозна нетолеранција.

Жртви на прислушкувањето.

Жртви на тајни служби.

Жртви на домашно насилство.

Жртви на полициски малтретирања.

Жртви на „системските реформи“.

Жртви на корумпираното образование.

Жртви на „правичната застапеност“.

Жртви на сексуално вознемирување.

Жртви на партизација.

Жртви на дискриминација.

Жртви на стигматизација.

Жртви на сексизми.

Жртви на социјално исклучување.

Жртви на синдромот на жртва.

Ужас

12/14/2006

Вкупно 192 деца од ромска националност од Скопје, на возраст од четири до 14 години за државата официјално не постојат бидејќи не се запишани во матичната книга на родените иако секој ден може да се видат како питачат на улица.“ (Двесте Ромчиња во Скопје невидливи за државата)

Зошто државата не го заштитува елементарното детско право на националност/државјанство (член 7 од Конвенцијата за правата на детето)?

- Нема пари во буџетот за ваква намена е образложението на државните институции. Државата дури ја укинала и еднократната помош што социјално загрозените семејства ја добивале токму за трошоци за добивање извод од книгата на родени.

Како тоа нема пари за социјална помош на најзагрозените деца, а има пари во буџетот за крстот на Водно?

И каде се вистинските христијани да организираат донаторска конференција за најзагрозените деца?

Иконофили

На конференцијата присуствуваше и премиерот Никола Груевски, кој најави дека Владата ќе и ги врати на фондацијата парите што биле уплатувани за ДДВ, додека се градел објектот. Од буџетот за оваа година ќе се одвојат 135.000 евра, и уште толку следната година.“ (Собрани 60.000 евра, крстот ќе се доградува )

Со кое право, и врз основа на кој закон Владата одлучила да даде толку буџетски пари за доградба на верски симбол кој предизвикува етничка и верска нетрпеливост?

Тоа е еден од најубавите и најголемите објекти што може да ги изгради оваа библиска земја. Нека крстот го осветли патот на нашиот прогрес и спасение - рече Груевски.

Кој му дал право на премиерот да прогласува што е убаво?

Кој го овластил во наше име да бара прогрес и спасение повикувајќи се на крстот?

Со кое право владата ќе троши буџетски пари на кампања за „запознавање со Бога, неговите добри дела и неговите жртви направени со цел да создаде подобро човештво и запознавање на својата религија“ (Хелсиншки против Отворениот повик на Владата).

Каде се вистинските христијани да се спротистават на партиско-политичката злоупотреба на христијанската вера?

Дали вистински христијанин е оној кој ќе даде 10.000 евра за икона или оној што со тие пари ќе спаси десетици сиромашни и болни луѓе?

Ќе ја преземе ли некој одговорноста?

12/13/2006

Во хорор-приказната Брутално претепано тригодишно дете, читаме дека осомничениот „невенчан сопруг“ (наведен е со име и презиме), „по бруталното претепување се соочува со кривични пријави за тешки телесни повреди, евентуално убиство и со пријава за живеење во заедница со малолетно лице“.
Требаше ли детето да заврши во болница за „невенчаниот сопруг“ да добие кривична пријава за „живеење во заедница со малолетно лице“ - пардон, за „Вонбрачен живот со малолетно лице“ (кое навршило 14 години, а не навршило 16 години)?
Да добиел кривична пријава на време, со која следува затворска казна, насилството веројатно немало да биде сторено.
Дали некое службено лице сега ќе понесе одговорност што дозволило во кампот вонбрачен живот со малолетно лице (кое навршило 14 години, а не навршило 16 години)?

Понижувачко себеколонизирање

12/12/2006

Денеска се соочив со два примера за понижувачко себеколонизирање:

Во текстот Европејците не се задоволни од борбата против корупцијата, терминот „Европејци“ се употребува исклучиво за граѓаните на ЕУ (+ Бугарија).

Како ние да не сме Европејци, како да не живееме во Европа, како да не сме членки на Советот на Европа. Остај друго - ќе испадне и дека сме задоволни од борбата против корупцијата.

Исто така, потпретседателката на Европското движење на Македонија, на денешната трибина за „демократскиот дефицит“ го употреби изразот „она што Европјаните го нарекуваат...“. Притоа, таа не се подразбираше себеси како Европјанка.

Ако ниту членовите на Европското движење на Македонија не се сметаат себеси за Европјани/Европејци, што станува тогаш со останатите?

Очигледно - имаме и европски дефицит во Македонија.

Геополитички прекројувања?

Што предвидува Ветон Сурои за ситуацијата на Косово:

„- Сега влегуваме во цајтнот. Мислам дека некаде веќе во февруари работата од рацете на Ахтисари ќе премине во рацете на Советот за безбедност. Се разбира дека тоа ќе биде еден тежок процес, кој подразбира геополитика, а не процес на преговори. Во него ќе биде сосема ирелевантно што ние сме разговарале и преговарале и работите ќе се регулираат меѓу големите сили.“ (И Македонија и Косово прават историски скок).

Интересно, Ветон Сурои одлучно негира постоење на концепт за Голема Албанија:

Во моментот кога ние Албанците на Балканот ја имаме Албанија, Косово и едно големо присуство во Македонија и Прешевската Долина, ние влегуваме во она што веќе го имавме, полицентричност на Албанците. Наш стратегиски интерес е ЕУ. Не заради парите, економијата и пазарот, туку заради внатреетничката комуникација.

Значи - адутот на кој што одлучно се игра е - Косово (заедно со Албанија и Македонија) во ЕУ - како трајно решавање на албанското прашање во регионот!

Учествува ли некој од нас во оваа геополитичка играрија?

И што ќе се случи ако не го фанеме возот, ако трамвајот наречен ЕУ остане за сите нас само пуста желба?

Се додека претпочитаме теории на конспирација наместо сериозни геополитички анализи, постои реална опасност да останеме обични кибицери во новите геополитички прекројувања на Балканот.

Сакам кажам, не знам речам?

12/11/2006

Кој му ги пишува говорите на нашиот премиер?
„Корупцијата е општествено зло кое бара систематски напор и висок степен на мобилизација на сите општествени сили во процесот на нејзино искоренување. Главните актери кои треба да бидат во улога на поттикнувачи се институциите на цивилното општество кои треба да ги препознаат потребите, институциите на власта и јавната управа, кој ги формулираат мерките и различните нивоа на државни институции кои ја превземаат одговорноста во овој процес.“ (
Груевски: Заедно да работиме за искоренување на корупцијата...)
Зошто секогаш на политичарите како да им се врзува јазикот на тема корупција?
И зошто во секоја можна прилика ја префрлаат топката на одговорноста врз „институциите на цивилното општество“?
Демек, институциите на власта нема да преземат мерки против корупцијата ако „институциите на цивилното општество“ претходно не ги „препознаат потребите“?
Кога станува збор за главните актери, сите трубевме дека под итно ни треба нов јавен обвинител.
Колку време купи владата со пробниот балон за јавен обвинител странец?
Уште колку нашата трагикомична фарса „борба против корупцијата“ ќе биде без главен актер - без јавен обвинител?
Навистина, уште колку ќе чекаме да почне систематската (а не кампањската) борба против корупцијата?

Раскрстување

Крстоносната блогерска војна ме потсети на старите блогерски „гревови“ - на „Ѓаволска“ работа?, на Крстоносците го возвраќаат ударот?, на МКЦ.

И сеуште се прашувам: зошто симболите (религиозни, етнички, партиски...) отсекогаш кај нас предизвикувале толку конфликти и поделби?

Од каде толку недоразбирања?

Чисто заради емпатија, ве поканувам на неколку мисловни експерименти:

1. Замислете си, наместо крст на Водно, огромна полумесечина.

Дали како христијанин ќе ви биде мило да гледате накај Водно?

2. Замислете си, наместо крст на Водно, огромна фашистичка свастика.

Дали како евреин ќе ви биде мило да гледате накај Водно?

3. Замислете си, наместо крст на Водно, огромна комунистичка петокрака.

Дали како анти-комунист ќе ви биде мило да гледате накај Водно?

4. Замислете си, наместо крст на Водно, огромен споменик на Тито.

Дали како внук на голо-оточки робијаш ќе ви биде мило да гледате накај Водно и вашето дете да учи во гимназија „Јосип Броз - Тито?“?

5. Замислете си, наместо крст на Водно, огромна жичарница која ќе ви овозможи за 15 минути да дишете свеж планински воздух и лете и зиме!

Уште сега слушам: зошто си толку против православието? Зошто си толку против МПЦ?

Не сум ниту против православието, ниту против МПЦ. Сакам само посвеж воздух.

Високо го почитувам мислењето на еден владика на МПЦ кој изјави дека „На Македонската православна црква и на нејзините верници не им се потребни мегаломански крстови, кои во последно време почнаа да се подигаат на секакви места.“

Наместо толку крстови и џамии, да изградевме фабрики, училишта, кина, театри, спортски сали, патишта - Македонија немаше да биде сиромашна земја со толку невработени и необразовани.

За оние, што веќе ме прогласија за жив „ѓавол“ - еве им една соодветна реплика: „Satan has been the best friend the Church has ever had, as He has kept it in business all these years!(The Nine Satanic Statements from The Satanic Bible, by Anton Szandor LaVey)

Не ли е крајно време да раскрстиме со крстовите и „ѓаволите“?

10 радикални тези за човековите права во Македонија

12/10/2006

10 тези по повод 10-ти декември:

1.Република Македонија не ги признава основните ЧОВЕКОВИ права.

(Во смешно насловената глава од Уставот - ОСНОВНИ СЛОБОДИ И ПРАВА НА ЧОВЕКОТ И ГРАЃАНИНОТ - „Граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата“, а не луѓето. Кога носители на правата се граѓаните, не може да стане збор за човекови права, туку за права на граѓаните.)

2. Република Македонија не ги заштитува ЧОВЕКОВИТЕ права.

(Според Уставот, „Секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност.“ Во услови кога само граѓаните можат да се повикаат на „заштита на слободите и правата утврдени со Уставот“ не може да стане збор за заштита на човековите права.“)

3. Република Македонија не им овозможува на сите луѓе да бидат запознаени со ЧОВЕКОВИТЕ права и основни слободи и да придонесуваат за нивно унапредување и заштита.

(Според Уставот, само „Граѓанинот има право да биде запознат со човековите права и основни слободи и активно да придонесува, поединечно или заедно со други за нивно унапредување и заштита.“ Државата не овозможува електронски пристап до сите ратификувани конвенции за заштита на човековите права.)

4. Република Македонија не овозможува заштита од ДИСКРИМИНАЦИЈА по било кој основ.

(Во Република Македонија, само граѓаните можат да побараат заштита од дискриминација пред Уставниот суд, и тоа само по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност. Во Република Македонија нема закон за анти-дискриминација. Државата не создава услови за заштита на правата на ранливите групи.)

5. Во Република Македонија не постои тело кое што ја оценува согласноста на законите и другите прописи со ратификуваните конвенции за човекови права.

(Нашиот Уставен суд се прогласува за ненадлежен во случај на такви иницијативи, па затоа кај нас е можно да се донесуваат закони и прописи кои се во директна колизија со ратификуваните конвенции за човекови права.)

6. Република Македонија нема институции за ефикасна заштита на човековите права.

(Институцијата „Народен правобранител“ е катастрофа - иако ретко кој ги почитува нејзините препораки, таа не ги користи сите законски можности за да собере докази, и да ги објави случаите на прекршување на човековите права. Судовите ниту се запознаени, ниту се тренирани да судат според основните конвенции за човекови права. Собраниската анкетна комисија е политички инструментализирана, и воопшто не се грижи за „остварувањето на ратифицираните меѓународни акти кои ја регулираат заштитата на слободите и правата на граѓанинот“ - практично, нема ни мандат да се занимава со човекови права.).

7. Државата систематски прекршува одредени човекови права - како што се правото на приватност, пресумцијата на невиност, слободата на вероисповедта...

(Државата прислушкуваше цели 15 години противуставно и противзаконски, полицијата многу често се јавува и во улога на тужител и во улога на судија, а државата, наместо да ги заштити лицата со поинаква православна и друга исповед, соучествуваше во нивниот прогон.)

8. Република Македонија нема институционални механизми за заштита на правото на слобода, за заштита од тортура, за заштита од полициско малтретирање.

(Парадоксално, во Република Македонија полицијата може присилно да те приведе на „информативен разговор“ (дури и кога не си осомничен) и притоа да те информира дека не си лишен од слобода!!! И никому ништо. Сите надлежни се „прават на Тошо“ кога во јавноста има тврдења за тортура или за произволно апсење. Наместо да поведува истраги во случај на било каков сомнеж за полициско малтретирање, полицијата ги малтретира и поднесува тужби против лицата кои приговараат за полициско пречекорување на надлежностите, а главна грижа на „внатрешната контрола“ е да утврди дека припадниците на МВР „работеле согласно законот“.)

9. Република Македонија не ги промовира и заштитува правата на жените како човекови права.

(Досега, ниту Уставниот суд, ниту Народниот правобранител не донел позитивна одлука со која се констатира дискриминација врз основа на пол. Уште посимптоматично е тоа што речиси и нема иницијативи за таков вид заштита, што е показател за потфрлањето на државата во промоцијата на човековите права на жените и постојните механизми за нивна заштита.)

10. Република Македонија нема ефикасна мрежа од НВО за промоција и заштита на човековите права.

(Расколот во невладиниот сектор е уште еден показател за нискиот степен на култура на човекови права во Република Македонија. Се додека никој организирано не ја притиска Владата да го промени Уставот и да изработи долгорочна стратегија и програма за промоција и развој на институциите за заштита на човековите права, човековите права нема да бидат политички приоритет.

За жал, ниту политичките партии (преку своите програми), ниту медиумите не го даваат потребниот придонес за развој на културата на човековите права.

Ете толку, и нека ни е честит 10 декември!

Мојот список со блогови

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Архива на блогот

Footer Widget 1

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Loading...

Footer Widget 2

Популарни објави

Популарни објави

Popular Posts this month

Popular Posts this week