Кој сака, слободно нека го преземе текстот од претставката, и нека го внесе во формуларот. Ако Народниот правобранител добие стотина електронски претставки, можда ќе сфати дека станува збор за прашање од општ интерес и ќе преземе поенергични дејства.
(прилозите можете да ги најдете во коментарите, јас ги копирав во графата за правни средства)
Апелирам до блогерската заедница да помогне во дисеминирањето на текстот од претставката и на линкот до електронскиот формулар.
Претставка
За повреда на правото на неповредливост на писмата и другите облици на комуникација
До стапувањето во сила на Законот за следење на комуникациите (осмиот ден по неговото објавување во Сл. Весник на Р.Македонија бр.121 од 21.11.2006 година) кај нас не беа исполнети уставните услови под кои може да се отстапи од правото на неповредливост на писмата и другите облици на комуникација:
„Само врз основа на одлука на суд, под услови и во постапка утврдена со закон, може да се отстапи од правото на неповредливост на писмата и другите облици на комуникација, ако тоа е неопходно заради спречување или откривање кривични дела, заради водење кривична постапка или кога тоа го бараат интересите на безбедноста и одбраната на Републиката.“ (Амандман XIX).
По следењето на Собраниските седници кога се расправаше за Законот за следење на комуникации, граѓаните имаа прилика да го зацврстат сомнежот дека голем дел од народните претставници имаат информации за систематско кршење на правото на неповредливост на писмата и другите облици на комуникација од страна на државните институции. (видете Прилог 1)
Со оглед на тоа што станува збор за прашање од општ интерес, бараме од Народниот правобранител да покрене постапка за заштита на правото на неповредливост на писмата и другите облици на комуникација и да ги испита исказите на пратениците кои укажуваат на систематско кршење на ова право од страна на државните институции.
Бараме, согласно чл. 24 од Законот за Народен правобранител, да се преземат следниве дејствија и мерки:
- Народниот правобранител да влезе во службените простории и да изврши непосреден увид во предметите и работите на МВР, особено во Петтата управа, каде што - според изјавата на поранешниот Министер за внатрешни работи и премиер Хари Костов - биле чувани материјалите од прислушувањата во период од 1991 год. наваму (прилог 2).
- Народниот правобранител да влезе во службените простории и да изврши непосреден увид во предметите и работите на Министерството за одбрана, каде што, според изјавата на поранешниот претседател на Собранието Никола Поповски, било вршено прислушкување заради политички цели (прилог 1).
- Народниот правобранител да ги повика на разговор лицата споменати во прилозите, како и службените и сите други лица кои можат да дадат определени податоци за наводите во претставката.
- Да обезбеди докази за повреда на правото на неповредливост на писмата и другите облици на комуникација, кои ќе можат да бидат користени во судските постапки за заштита на правото на приватност.
2 коментари:
Прилог 1
Цитати од стенограми на собраниски седници во врска со Законот за следење на комуникациите
„...посебен интерес на ВМРО ДПМНЕ и посебен интерес на сите граѓани во Република Македонија е конечно да се стави ред во сферата на прислушкувањето и да знаеме кој и како и зошто не прислушкува, па токму од тие причини и тогаш и сега нашиот став е дека треба да се донесе законот за следење на комуникациите.“ (Силвана Бонева)
„Дали треба да спомнам дека во Македонија прислушкување на граѓаните
постоеше. Значи, злоупотреба на опремата на инструментите за следењето на комуникациите постоеше во Република Македонија. Меѓутоа, завршница за таа работа не постои.“
(Тито Петковски)
„...ценам дека следењето на комуникациите на граѓани, што се следени против правно во Република Македонија, беше присутна и во минатото, но е добро на крајот, оваа дејност и оваа операција на Министерство за внатрешни работи да се внесува во законски рамки и преку законските одредби се дефинира доста јасно во кои случаи и со каква методологија ќе може да се следи комуникацијата и да се присклушкуваат граѓаните, што е во однос на кршење на законите и Уставот на Република Македонија.“ (Хани Тахир)
„Имам впечаток дека ние сакаме да донесеме закон, самиот се ставам во
таа категорија, да донесеме закон не да се казнат тие што прават злоупотреба, напротив, со ваков закон да ги амнестираме или да им отвориме законски пат на законски начин да не прислушкуваат. “ (Рафиз Алити)
„Токму поради злоупотребите што беа правени во долг период наназад, не сакам да се потсетувам колку години наназад, посебно ние како политичка партија бевме континуирано прислушувани и до донеска не се чувствуваме дека сме ослободени од тој товар дека не се следи секоја наша комуникација, како кажавте дури и со блиските во семејството.“ (Силвана Бонева)
„...ако денес скоро 20-тина, или 16 години од првите слободни избори, а 17 години одкако се инаугурура повеќе партискиот систем, ако прашате било кој политичар, новинар, директор на поголема фирма, професор, човек кој учествува во јавниот живот, па и граѓанин, најверојатно и најчесто ќе ви потврди дека се сомнева дека има прислушување врз него, или врз луѓе што тој ги знае.“
„Процесот на прислушување во Македонија во изминативе 16 години е едно од најцрните петна во нашата политичка активност.“
„Во 2000-та година донесовме Закон со кој имавме пристап до евентуалните досиеа кои постојат од 1945 година до денес. Секој граѓанин имаше право да побара да му се каже дали постои досие. Јас го искористив тоа мое граѓанско право и добив писмо од Министерството за внатрешни работи, се разбира кое сеуште го чувам, во кое пишува дека: „За вашето име со тој ваш матичен број во Министерството за внатрешни работи нема досие“, за после 4 месеци да добијам стенограми од Министерството за внатрешни работи во кои видов дека сум прислушуван. Во тој момент за мене лично а верувам и за многу граѓани во Република Македонија од сопствени искуства, стана јасно дека Министерството за внатрешни работи дури и кога ви тврди дека немате досие, немојте да му верувате. Затоа што во моментот кога го добив досието, после тоа добив стенограми од прислушување кои датираат од пред датумот на кој го добив досието, односно дека немам досие и тоа стенограми од мои прислушувани разговори со пратеници, партиски пријатели. Претпоставувам за да тоа се случи морало да ме прислушуваат тотално кога разговарав и со фамилијата и со пријателите, па да ги извлечат само оние разговори кои нив им се корисни.“
„Министерството за одбрана во минатото наместо за потребите на одбраната ги вршеше овие процеси во политички цели. Беше користено Министерството за одбрана, односно Армијата и нејзините служби за да се прислушува и врз таа база да се следат највисоки државни функционери, вклучувајќи претседатели на Собрание, министри.
Одбраната од луѓе кои раководеа со неа беше употребувана за политички дискредитации по пат на прислушувања за стекнување на сопствени позиции во општеството и во сопствената политичка партија и користено во партиските институции. Тоа беше користено од Министерството за внатрешни работи, се разбира. Никој за тоа не сноси последици. И затоа што помалку институции, толку подобро за граѓаните и за луѓето кои се евентуален предмет на прислушување.“
(Никола Поповски)
Прилог 2
Изјава на премиерот Хари Костов од интервју за „Дневник“, бр. 2131
„За што станува збор? На 29 ноември лани во МВР направивме вонреден попис. Постојат изјави од вработени во Петтата управа, во кои кажуваат дека целокупниот материјал што се однесува на прислушувањето во периодот од 1994 до 1999 година го префрлиле во соодветна просторија, по налог на поранешниот началник и на заменик-началникот на секторот. При пописот во таа просторија, што го направивме на 29 ноември 2002 година, не биле најдени никакви документи. Значи, некој ги изнел тие документи од МВР. Имаме и изјави дека деловодните книги кај началникот на таа управа, односно кај архиварот, кои се однесуваат на 2000, 2001 и делумно на 2002 година, исто така биле префрлени во таа просторија, а сега веќе ги нема.
l Сакате да кажете дека во моментов не постои никаков доказ за прислушувањата од 1994 до 1999 година?!
- Некој ги изнел тие материјали од МВР. Ние сега ќе ги разгледаме сите правни можности да покренеме кривични пријави против одговорните лица или против непознати сторители. И во компјутерскиот центар, во кој се чувале репродукциите на тонските разговори, пред нашето доаѓање материјалот бил комплетно избришан.
Црвенковски, во 2001 година, како лидер на опозицијата, на собраниската говорница кажа дека има доказ дека Димовска потпишала налог за прислушување во операцијата "Железничар". Што станува со тој доказ?
- Сите докази што ги имало МВР и материјалите кои беа презентирани во јавноста беа предадени кај јавниот обвинител и кај истражниот судија. Беше отворена постапка. Меѓу другите, ако се сеќавате, и на Трајковски му беше дадена касета. Повеќе од 200 луѓе, сите до еден, пред истражниот судија ја потврдија веродостојноста на тие документи. Според тоа, докази има. Дали има писмен налог? Да, има, токму за таа операција "Железничар". Тој налог е од времето на Павле Трајанов, а потоа е продолжен и од Доста Димовска.
l Опозицијата бара на собраниската седница за аболицијата на Димовска да се расправа за сите прислушувања од 1992 година наваму. Како сега ќе се дебатира ако нема никаков документ за еден голем период?
- Тие веројатно ги имаат документите, зашто ги зеле од МВР. Јас очекувам во наредниот период луѓето од ВМРО-ДПМНЕ да излегуваат со такви хартии во јавноста, да покажуваат документи, да држат прес-конференции.
l Да, но и Вие добивте транскрипти од прислушувања изнесени од МВР?
- Така е, но таа документација со која ние располагавме беше во МВР. Сега ја нема и неа и таа од 1994 до 1999 година.
l Дали и сега, во овој момент, се вршат прислушувања?
- Јас гарантирам дека нема прислушувања што се во спротивност со Уставот. Нема прислушувања на бизнисмени, новинари, политичари...“
Објави коментар