Повторно нападнати од Косово?

5/31/2007

„Сега се наоѓаме во една голема игра. Сите можности се отворени.“
(Бодријар, преземено од постот
Бодријар - привидот на еден симулакрум)

На "Александар Велики": Волците и Тигрите разбија терористичка група.

А неколку километри потака, и неколку дена претходно:

Во Танушевци специјалците влетале во заседа на командант Хоџа.

Што е реалност, а што симулакрум?

Ако е вистина дека „Полицајците успеале да се повлечат непосредно пред да стигне засилувањето на криминалната група од соседното село Дебалде во Косово“, тогаш ние сме повторно во војна со Косово.

Само што овојпат, симулираме борба против „терористи“, а реално се пушкараме со „криминални групи“.

Државата пасивно го „попуши“ од тутунската мафија?

Пред некој ден, купував нешто во една трафика во центарот на Скопје. Бев сведок како една млада и симпатична девојка го убедуваше недоверливиот сопственик дека ич не е забрането да се ставаат светлечки реклами на цигари. Упаднав во разговорот, и го предупредив сопственикот дека според законот е забрането не само рекламирањето со паноа, табли, и светлечки реклами, туку и индиректното рекламирање на цигари.

Тогаш добив неочекуван одговор, од кој сфатив дека најверојатно доаѓа од рекламна агентка за цигари – „Дури и ако ние ја платиме казната?“

Според законот, казните воопшто не се ниски, и се движат од 100.000 до 250.000 денари за претпријатија, или од 20.000 до 45.000 за правни лица.

Е, сега, прашање е колку се спроведува законот, затоа што видливо е дека налепници за рекламирање на цигари и рекламни паноа има насекаде низ градот.

Ако им проаѓа таа финта на рекламните агенти, и ако тие стварно се подготвени да рекламираат и по цена да ги плаќаат високите казни, тогаш станува збор или за софистицирано изигрување на законот или пак за пасивно „попушување“ на државата. Корупцијата не ја исклучувам како можност.

Предлог акции по повод Светски ден на непушење:

- Пријави ги до државната пазаришна инспекција сите трафики на кои има налепници за цигари и реклами. (телефон 3220547) ;

- Пријавување на сите таксисти кои пушат во своите возила.

- Рушење со динамит на огромните реклами закачени на Тутунскиот комбинат – Скопје, со оглед на тоа што се видливи од јавно место.

Нудистичка или порно плажа?

Неверојатна злоупотреба на идејата за Нудистички плажи во Македонија:

„Плажата веќе ја крстивме 'Валијант бич'. На отворањето музика ќе пушта унгарската порно актерка Ники Белучи која од пред неколку години стана и позната диџејка, а гостите ќе ги загрева и атрактивната Вилма Вилок од Скопје", вели Горан Милиќ.
Тој најавува и богата летна програма со познати порно глумици кои секоја недела ќе доаѓаат со туристички тури во Охрид.“ (Нудистичка плажа на Градиште)

Каква врска има нудизмот со порно индустријата?

„Нудизмот не е порнографија“, е едно од основните начела на натуризмот.

Бил ли Македонецот – словен Ченто, марксист и атеист?

5/30/2007


Во својата автобиографија, Ченто раскажува како дошол во судир со црквата во однос на правото да живееш во невенчан брак:

„Летото 1929 година, кога бев во посета кај мојата свршеница Василка, кај поп Атанас дојде еден помлад поп Јован Грдановиќ, кој во разговорот ми префрли дека се занимавам со политика и тоа со погрешна марксистичка политика, која ја негира црквата...“
„Извесно време пред тоа читав дека во Војводина се склучува и граѓански брак пред општински матичар, а не во црква. Затоа на попот му реков дека луѓето можат да живеат во брак и без да бидат венчани во црква од попови, кои што проповедаат еднаквост, а најмалку прават неа да ја има, проповедаат да не се греши, а први грешат... Кога ми се закани дека ќе размислат дали да ме венчаат, му одговорив да не размислуваат, оти решив да склучам граѓански брак, а не да се венчавам во црква.“ (Ченто, Зборник на документи, стр. 498-499)

И така, Ченто склучил граѓански брак (со внука од поп!) во Нови Сад на 25 март 1930 год., ама веднаш бил казнет (заедно со жена му) од страна на полицијата со 20 дена затвор поради вонбрачен живот.

Ченто повел судски спор, и откако го добил (поради ненадлежност на полицијата), црквата продолжила да го прогонува и анатемисува. Цели 6 години му биле потребни на Ченто за да им докаже на судовите и на црквата дека неговиот брак бил полноважен.

Покрај неговиот отпор кон црквата, Ченто е познат и по својот отпор кон бугаризирањето и де-словенизирањето на Македонците. Еве што пишува за неговата посета на Софија во 1935 со соколското друштво:

„Бевме многу срдечно пречекани и уверувани дека ние сме Бугари. За тоа кусо време се уверив дека како што се разликуваме од Србите, така се разликуваме и од Бугарите и дека сме нешто посебно – Македонци, и тоа Македонци – Славјани. Пред тоа, честопати некој не поврзуваше како потомци на Александар Македонски, што е разбирливо, затоа што немаше историја напишана објективно, а вистината повеќе се прераскажуваше и притоа се правеа грешки. Верувајќи и неверувајќи на такви прераскажувања, во 1934 година, отидов во Грција – Солун и Атина и наполно се уверив дека нашите прадедовци немаат никаква врска со Александар Македонски.“

Еден ден пред да стапи во црковен брак, побожниот Груевски отиде да положи цвеќе на споменикот на Ченто и истиот ден ја величаше Македонија како библиска земја. За време на неговото „владеење“, скопскиот аеродром беше прво преименуван во „Александар Македонски“, па во „Александар Велики“, а се најавува и изградба на огромен споменик на Ацета среде плоштадот во Скопје.

Зошто имам впечаток дека Ченто се превртува во гроб?

Бил ли Ченто некогаш комунист?

Во коментарот на мојот пост „Водици во Скопје“, во кој поентирав со прашањето „Кој тоа не лажеше дека комунистите биле неверници?“, еден анонимен коментатор ми укажа „Ченто не бил комунист“.

Тогаш малку гуглав, па наидов на еден текст од Илија А. Ченто, во кој реагира на поднасловот „Без разлика колку го сакал или мразел комунистичкиот режим, секој Македонец треба да знае дека македонската држава ја создале комунисти“. Синот на Ченто смета дека „Насловот на тој напис е голема навреда за личноста и делото на Методија Андонов-Ченто“ и укажува: „Догмата дека македонската држава ја создадоа само комунистите е и причина и повод некои отстрана и некои сожители да тврдат дека македонски народ не постои и дека е вештачка творба на југословенските комунисти.“

Ваквиот пристап тогаш ми го зацврсти впечатокот дека Ченто не бил комунист.

И во зборникот „Ченто“ на Архивот на Македонија се тврди истото:

„Методија Андонов – Ченто никогаш не припаѓал на комунистичката опција, иако секогаш ги симпатизирал и ги помагал напредните и револуционерни идеи во борбата за самостојна и независна Македонија. Но, токму од новата државна власт и од органите на партијата, тој ќе доживее најголем удар и ќе се најде во немилост само заради тоа што ги штитеше македонските национални интереси.“ (стр. 9).

Меѓутоа, пред некое време наидов на книгата од Крсте Црвенковски и Славко Милосавлески „Нашиот поглед за времето на Колишевски“ во која се тврди дека Ченто како член на Главниот штаб на НОВ и ПОМ сепак бил примен во КПМ!

Оценката на овие комунисти е дека „неговиот приод кон низа практични прашања се покажува повеќе како либерално-граѓански отколку како ортодоксно-комунистички...“ (стр. 76).

Кому да веруваме сега?

Не сме окупатори во Ирак под команда на НАТО!

И Груевски манипулира на тема Ирак – НАТО. И оваа Влада продолжува со окупаторската политика одговорна за стотици илјади животи во Ирак:

„Денес македонските војници заедно со војниците од другите земји учествуваат во мисиите во Авганистан и Ирак во заедничката борба на Алијансата против глобалните безбедносни закани и во зачувување на светскиот мир и безбедност.“ (Обраќање на претседателот на Владата на Република Македонија, м-р Никола Груевски, на пролетната сесија на Парламентарното собрание на НАТО во Португалија ...)

Ужас невиден. Против кои „ глобалните безбедносни закани“, и за каков „светски мир и безбедност“, кога политиката на САД е “We dont do body counts (освен на нивните „херои“, разбира се).

Да се знае - македонските војници во Ирак не се дел од никакви трупи по барање на НАТО, туку „ по барање на Владата на Соединетите Американски Држави и врз основа на ратификуваните СОФА договори на Република Македонија со Кувајт и Катар“ (Предлог-одлука за испраќање на единици на АРМ за учество во мировната мисија во Ирак)

Уште еднаш повторувам, македонските војници не се во состав на НАТО, туку „во состав на американскиот контингент во мисијата “Слобода за Ирак” “, и тоа како „полу-платеници“: „Трошоците за транспорт, сместување, исхрана и итна медицинска помош за учесниците во мировната операција ги обезбедува САД, а останатиот дел од трошоците ги обезбедува Република Македонија. “

На овие манипулации укажав и во постовите Министер за напад?, Соучесници во злосторот и во Светската брука.

Бранко „коцкица“?

5/29/2007

Демек, еве што ги интересирало децата за институциите на државата:

“Која ви беше првата училишна љубов, како се викаше вашиот најдобар другар во основно, кои детски игри најмногу ги игравте, како и беше името на вашата учителка…”- ова беа дел од прашањата што љубопитните првооделенци од О.У.”11 октомври” од Скопје денеска му ги поставија на Претседателот на Република Македонија, Бранко Црвенковски. (Во рамките на наставната програма каде што децата учат за институциите на државата, учениците од ОУ “11 Октомври” од Скопје го посетија и Претседателот Бранко Црвенковски)

Убаво си знаат децата кои теми се најрелевантни за „државникот“.

А каде се одговорите г-не Претседателе? Или, и за децата важи дека некои прашања не заслужуваат одговор?

И од самите прашања, а и од режираната фотографија, очигледно е дека првооделенците се искористени за подигање на лошиот имиџ на претседателот.

Но, ако толку добро му оди на Бане со децата, зошто тогаш не даде оставка од државната функција и не ја воскресне емисијата „Бранко коцкица“?

И така во царството на Бранко (додека тој беше премиер), царуваше само другарство, куќите беа од чоколадо, прозорите од мармалад, и секој си го работеше она што го сакаше.

Владата не (дез)информира

„Владата на Република Македонија на минатата седница ги утврди измените и дополнувањата на Законот за кривична постапка и на Кривичниот законик.“ (Утврдени измените на Законот за кривична постапка и на Кривичниот законик ...)

Драга наша владичке,

Во нашиот устав пишува дека Собраниетодонесува закони и дава автентично толкување на законите“, а дека Владата има „право да предлага донесување на закон“. Предлагач може да биде и секој пратеник, како и најмалку 10.000 избирачи.

Исто така, во нашиот устав убаво си пишува дека поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Затоа убаво ве молиме, друг пат да не ги дезинформирате граѓаните дека се Утврдени измените на Законот за кривична постапка и на Кривичниот законик ..., затоа што донесувањето на законите не е во ваша надлежност, туку во надлежност на Собранието.

Од вашата информација се добива впечаток дека Владата не е обичен предлагач, туку фактор што ги „утврдува“ измените на законите. Од вашата информација се добива впечаток дека не функционира поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

„Тешкото“ на Македонија – со вакви политичари

5/28/2007

Уште лани на 12 јули, веднаш по изборите, предупредив за Криза на легитимитетот, а еве што укажав на 18 август во постот Многу сум скептичен: „Ако составот на новата влада биде изгласан од Собранието наредната седмица, во владата ќе седат министри/министерки кои не добиле доверба од мнозинството излезени гласачи! Имено, новите министри/министерки ќе имаат доверба само од 47,19% од граѓан(к)ите кои излегоа да гласаат (31,24% - ВМРО-ДПМНЕ итн., 7,21% - ДПА, 5,81% - НСДП, 1,78% -ДОМ, 1,15% - ПЕИ).“ Затоа порачав неколку месеци подоцна, Инвестирајте во стабилност, уште пред да се случи Оли Рен-де не направи!

Но, Груевски си беше тврдоглав, и затоа сеуште важат овие согледби (од 11 февруари!), во постот „Монолог ил рецитацију“, танго или „тешкото“?:

„Наместо широк политички консензус, и мобилизација на целокупниот кадровски потенцијал (ЕУ-интеграцијата претпоставува знаење, а не ароганција), Груевски прво не ги послуша добронамерните совети за широка владина коалиција (со ДПА+ДУИ/ПДП) како претпоставка за политичка стабилност во пресрет на разрешувањето на косовското прашање.

Потоа го прекина дијалогот со институцијата Претседател на Републиката (со бојкотот на неговиот говор во Собранието, непризнавањето на резултатите од претседателските избори, и дубиозните иницијативи за уставни измени). Една од колатералните штети се непотполнетите амбасадорски места, клучни за неопходната дипломатска офанзива.

Со упадот во институцијата „Комитет за односи меѓу заедниците“ и со дерогирањето на „Бадентеровото мнозинство“, Владата предизвика бојкот на Собранието од страна на политичката партија која освои многу повеќе гласови од владиниот партнер на ВМРО-ДПМНЕ.

Владата честопати наметнуваше теми кои немаат никаква врска со ЕУ-интеграцијата, а кои предизвикуваа раскол во парламентот и јавноста - законот за празниците, воведувањето веронаука, Милениумскиот крст... Така ли се гради консензус? (...)

Не велам дека немаше и добри потези, за кои пишував и на овој блог.

Но, ако „за танго се потребни двајца“, за играње оро се потребни многу повеќе од двајца.“

Е дури сега Груевски почнува да игра оро, според пораката до македонската влада од Оли Рен, за отпочнување дијалог со сите политички партии.

Ако добро сум разбрал, Ахмети веќе порача дека не се враќал „дома“, ако пак го натераат да го напушти парламентот, што беше проследено со бурни аплаузи од „ОНА-нистите“.

Можда навистина Ахмети си има проблем со поимот „дома“ (како што проникливо забележа една блогерка), ама неговиот проблем може да ни ги уништи шансите за преселба во нашето посакувано „дома“ – НАТО и ЕУ.

Токму затоа, сега кога сме во „цајтнот“, проблемот на Али е и наш проблем, заедно со имплицитните закани за нов „конфликт“, на кои (за жал) се навикнавме како на дел од нашата политичка култура. Колку побргу Груевски ќе сфати дека е и негов проблем, толку побргу и самиот ќе престане да биде дел од клучниот политички проблем – недостатокот од консензус околу приоритетните прашања, без кој е практично невозможно продолжување на неопходните реформски процеси во Македонија.

Е сега, орото да ти било „тешкото“, а тоа на „новокомпонирани“ свадби не се свири.

Но, што е поарно - „зурли диво да писнат“ или пак „зољи“ да грмнат „со подземен екот...“?

Образование за сексуалност

Еве дел од резултатите од истражувачкиот проект „Средношколци, видеоклипови, медиуми“, кој опфаќа резултати од анкетата на 315 ученици од трета и четврта година од неколку градови во Македонија:

„За воведување сексуална едукација во училиштата се изјасниле 253 ученици, сметајќи дека на тој начин сексот ќе излезе од категоријата табу-тема, а 61 ученик имале негативен одговор на прашањето.“ (16,82% за експлицитни видеоклипови)

„Поддржувачи на добри идеи“, каде сте?

Бива ли нација без енциклопедија?

5/27/2007

Некои викаат не бива.

Сте ја виделе ли МИ-АНовата енциклопедија – општа и македонска, со околу 8.000 одредници што „се однесуваат на Македонија во нејзините историски, географски и етнички граници“?

Денеска прв пат ми падна во рака, и еве ги првите разочарувачки впечатоци:

1) Еден од најголемите гафови на редакцијата е пропуштањето на АСНОМ, одредница која е додадена дури во дополнувањата на четвртиот том. Бруки невидени!

2) Има дури две одредници „МАКЕДОНЕЦ“ – едната е за некојси што напишал анонимно писмо во 1923 година со псевдонимот „Македонец“, а другата е за весникот „МАКЕДОНЕЦ“ издаден во Русе, Бугарија 1880 год.?!? Сепак, најсмешна е фотографијата под која пишува „Македонец“ со која се илустрира единствената одредница за „Македонија, Република Македонија (РМ)“!

Што е поентата? Има само една Македонија?

Затоа одредницата МАКЕДОНЦИ има „дури“ три значења: 1) „име на античко племе“; 2) „древномакедонски народ“; 3) „словенски народ (денешните Македонци...)“, кој е „формиран во втората половина на X век“!

3) Дизајнот на државниот ни грб во одредницата „ГРБОВИ“ се разликува од дизајнот во одредницата „МАКЕДОНСКИ ГРБОВИ“! Зошто не ме чуди?

Што ќе прават сега учениците, кој грб ќе го прецртуваат за домашно?

4) Нормално, нема одредница за „сексуалност“ и „хетеросексуалност“, ама има одредница за „хомосексуалност“ во која пишува: „...сигурно е дека хомосексуалноста не може секогаш да се сфати како психичка дегенерација, бидејќи голем број уметници, научници и државници биле хомосексуалци.“ Исто така, на крајот се укажува и дека „во голем број земји, хомосексуалното однесување е забрането и се казнува како кривично дело“.

5) Има многу дилеми околу тоа кого има, а кого нема.

Немам листано многу, ама од прва се гледа дека:

Од музичарите: го нема Феруз Мустафов, кралот на ромскиот џез, а ја има Ратка Димитрова.

Од философите: го нема „непознатиот“ философ Ферид Мухиќ, ама затоа го има „прочуениот“ Коле Јовановски, кој е и еден од авторите на одредниците.

Од политичарите: го нема Амди Бајрам, а ја има Весна Јаневска.

Од глумците: го има Владимир Ангеловски, а го нема Димче Мешковски.

Најпосле, го нема великанот од Македонските народни приказни - Ѓорѓи Колозов, а го има Петар Мирчевски.

Бива ли нација со ваква енциклопедија?

Морбидна економија

5/26/2007

Еден од најдраматичните показатели дека Македонија тоне, е официјалната статистичка информација дека „Бројот на умрени лица во периодот јануари-март 2007 година изнесува 5554 лица што претставува зголемување за 10.2% во однос на истиот период од минатата година...“.

Зголемувањето на бројот на новородени деца (2,7%) е речиси четири пати помало во однос зголемувањето од 10.2% на починатите лани .

Е, сега, проста математика:

Ако претпоставиме дека во Македонија умираат околу 20.000 лица годишно, и ако за смртта на секое лице најблиските издвојуваат околу 3.000 евра (за гробно место, ковчег, споменик, разно-разни такси, за попови, за помени...), тогаш испаѓа дека околу 60 милиони евра бесповратно се „инвестираат“ како резултат на косењето на смртта и на нашите свети традиции.

Тоа е застрашувачка цифра, повеќе од половина од директните странски вложувања во 2005 година! Испаѓа дека во Македонија не е најсилна ниту сивата, ниту црната, туку морбидната економија!

Имајќи предвид дека Владата е ем заинтересирана за економија, ем сака да поддржува добри идеи, еве една интересна идеја:

Владата да спроведе медиумска кампања за подигнување на свеста и популаризација на поевтиното кремирање, наместо ужасно скапото закопување.

Еве и неколку предлози за рекламни слогани на кампањата: From ashes to ashes, dust to dust!“, „Не вложувајте во ковчези и споменици, вложувајте на берза!“, „Не инвестирајте во „нов живот“ на оној, туку во нов живот на овој свет!“
Успешната кампања би довела до заштеда на огромни средства, кои граѓаните би можеле да ги вложат или во купување на акции, или во ново потомство, што би придонело за подзапирање на епидемијата на „белата чума“ во Македонија.

Мистериите на химната на Македонија

Многу интересно. Токму во моментот кога пишувам истражувачки текст за химната на Република Македонија, „Дневник“ излегува со ударен текст По Републиката, Карев ја загуби и химната.

Фино е што „Дневник“ се занимава со такви „историски контроверзии“, ама гафовите во текстот се вистински „бисери“:

Првиот бисер е многу помпезната најава:, „Редакцијата на „Дневник“ располага со тонски запис на песната која во 1942 година ја создал револуционерот Владо Малески, а заеднички ја пеат легендарните пејачи Никола Бадев, Александар Сариевски и Васка Илиева.“

Голема работа. Да беа новинарите од „Дневник“ малку поинформирани, ќе знаеја дека химната испеана од Никола Бадев, Александар Сариевски и Васка Илиева секој може слободно да си ја симне во mp3 формат од овде, или да ја чуе како Постара верзија на химната на Република Македонија, објавена во Енциклопедија на културното наследство на Струга.

Да беа новинарите од „Дневник“ малку поинформирани, ќе знаеја дека Владо Малески ја создал химната не во 1942, туку во 1941 година. Впрочем, во 2001 година Собранието на Република Македонија славеше јубилеј во Струга - „60 години од првото исполнување на химната на Република Македонија „Денес над Македонија““.

Вториот бисер е погрешната информација: „Младеновски објаснува дека Малевски не го запишал текстот на песната кога таа е изведена на пречекот на Новата 1943 година во Струга организиран од струшките антифашисти.“

И според публикацијата на Собранието, и според Енциклопедија на културното наследство на Струга, „Првото исполнување било на дочекот на новата 1942 година во центарот на Струга во куќата на Сотир Шута, каде што Владо Малески свирејќи гитара ја испеал свечената песна...“.

Значи, и македонската Википедија лаже, кога тврди дека „...Автор на текстот е Владо Малески, а автор на музиката Тодор Скаловски. Напишана е во 1943 година.“ (Денес над Македонија - Википедија)

Но, Владо Малевски е автор и на музиката, а Тодор Скаловски е заслужен за нејзината „мелографија, хармонизација и оркестрација“, иако самиот тој тврди дека химната се заснова на мелодија од една лирска народна песна, „Надежда болна легнала“. Според други извори, мелодијата на химната претставува комбинација од повеќе песни. За оваа мистерија, во друг пост.

Третиот бисер е изјавата на Радован Павловски: „Не ни беа познати сите верзии на песната“: „Не знаевме, на пример, дека во едниот текст се спомнуваат Карев и Влахов, или дека во другиот го нема Даме Груев.“

Оваа изјава е спротивна на сведоштвото на Петре М. Андреевски, од кое јасно се гледа дека барем нему му било познато:

„Еднаш се споменуваат Делчев, Груев, Питу Гули, Сандански и Димитри Влахов, другпат: Делчев, Груев и Питу Гули, Карев, Влахов, Сандански. Па, сепак, во конечната верзија, претседателот на Крушевската Ре­публика, го нема. Така оваа строфа ќе гласи: “Од гроб станаа славните ѕидари / На Крушевската Република: Гоце Делчев, Питу Гули / Дамјан Груев, Сандански”. (НАЈКУСАТА ПРИКАЗНА ЗА НАШАТА ХИМНА)

Но, во постојната верзија оваа строфа не започнува со стихот “Од гроб станаа славните ѕидари..“, туку „Одново сега знамето се вее...“!

И јас еднаш веќе пишев за една друга мистерија во Химната, а за останатите, во некоја друга прилика.

За крај, уште една историска контроверза!

На отворањето на првото заседание на АСНОМ, како химна не била изведена песната „Денес над Македонија“, туку „заборавената“ песна „Изгреј зора на слободата“, на која се сетивме дури откако стана официјална химна на Здружението “РАДКО“.

Признавам: на дрога од прво одделение!

5/25/2007


Дури денеска ја видов насловната на „Шпиц“ и написот На дрога од четврто одделение. Интересна коинциденција. Мора да се признае, што се однесува до фотографиите, новинарите од „Шпиц“ биле далеку порадикални во пристапот од мене.

Поразителна е информацијата: „Најмладите зависници во Македонија имаат само 10 години, а нови 8.600 малолетни зависници од дрога и алкохол се регистрирани во Македонија од почетокот на учебната година до денес...“

Зависници од дрога и алкохол?

Со ваквата формулација се имплицира дека зависниците од алкохол не се зависници од дрога, односно, дека алкохолот не е дрога.

Да потсетиме, алкохолот се наоѓа на петто место на новата листа на дроги, според нивната штетност, веднаш зад кокаинот и хероинот, а пред тутунот, канабисот, екстазито... (Тутунот и алкохолот поштетни од „тревата“!)

До кога љубителите на алкохолот ќе се себезалажуваат дека не употребуваат дрога?

До кога произведувачите на алкохол ќе можат слободно да произведуваат и тргуваат со оваа штетна дрога, затскривајќи се зад „традиционалните вредности“ кои немаат никаква поткрепа во медицината и другите науки?

Признавам, прв пат дрога пробав во прво одделение кога баба ми и дедо ми ме иницираа со зборовите: „Штом одиш во школо, голем си, можеш да почнеш да пиеш ракија.“

Признавам, скоро цела моја фамилија беа не само „наркомани“, туку и производители и трговци со дрога – „препеченица“ од 54 степени.

Признавам, исто така, дека во средно ги сметав за „џанкери“ луѓето што рекреативно пушеа трева, а не ги сметав за „џанкери“ луѓето што знаеја да испијат пола флаша вотка, десет пива на екс, или што „швајсуваа“ цигари во секоја можна прилика.

Крајно време е да престане општествената хипокризија, и нееднаквиот третман помеѓу тие што употребуваат алкохол и цигари и тие што употребуваат канабис, кокаин, хероин... Како и нееднаквиот третман помеѓу тие што се зависни од алкохол и цигари и тие што се зависни од канабис, кокаин, хероин...

Дување лепак

5/24/2007


Пред некој ден, седиме со Етна во „Галерија 7“, дрмаме чајчиња и праиме нешто муабет за сексуална работа и трговија со жени, кога одеднаш забрзано поминува едно дете со бела најлон кеса во раката.

„Гледај го, дува лепак на сред бел ден“ – ми објаснува Етна.

Апаратот ми беше во рака, и ми требаа само неколку чекори за да ја направам фотографијава.

Долго се думав дали да ја објавам или не.

Не затоа што е малку матна.

Станува збор за дете кое прашање е дали има 10 години.

Но, ете ја објавив.

На фотографијата не се гледа ликот на детето, и тешко некој да го препознае.

Но, се гледа целата хипокризија на нашето општество, во кое никому не му е гајле што децата слободно си дуваат лепак на сред бел, по улиците во центарот на градот. Очигледно, не му било гајле ниту на фотографот, кој заради фотографијата, не успеа да го стигне детето, за да му „помогне“.

А што ќе направев ако не фатеше гитла за секунда откако ме здогледа како го фотографирам? – сеуште се прашувам.

Уште не ми е јасно што требаше да направам: да го пријавам на родителите, да го однесам на лекар, или во „социјално“?

Што би направиле вие?

Гафовите на Amnesty International

Не ми се верува, како може толку позната организација да произведе извештај за Македонија со толку крупни гафови:

1) „Following elections on 5 July, government passed to a coalition of the Internal Macedonian Revolutionary Organization-Democratic Party for Macedonian National Unity and the Democratic Union for Integration (DUI).“

Коалиција ВМРО-ДПМНЕ-ДУИ? Не заебавај, како сум го пропуштил тоа.

2) „The DPA, which won more seats than the DUI, protested atits exclusion from government by blocking roads and holding mass demonstrations. Party leaders alleged that the Ohrid Agreement, which concluded the 2001 internal conflict, had broken down.“

ДПА освоила повеќе места од ДУИ? Мора и тие избори да сум ги пропуштил.

3) „On 3 March, Zoran Vranishkovski, bishop of the Serbian Orthodox Church in Macedonia in Ohrid and prisoner of conscience since July 2005, was released from the charge of allegedly inciting religious and ethnic hatred, but remained in detention pending trial on further charges.

Каков бе Зоран“ Вранишковски, кога и во небулозните пресуди убаво си пишува дека човекот се вика Јован? И неговата црква не се вика ниту „Српска православна црква“, ниту пак е во Охрид. И колку што се сеќавам, не беше ослободен од обвинението за „религиозна и етничка омраза“, туку му беше само редуцирана казната затвор.

Инаку, нашата држава е заведена под М како „Macedonia“, а на почетокот на извештајот е именувана како “THE FORMER YUGOSLAV REPUBLIC OF MACEDONIA”.

Бруки невидени.

Умре „Старо купујем, старо железо...“?

5/23/2007

Се обидувам со сите сили, ама не можам да разберам:

Владата на вчерашната седница донесе забрана за откуп, внатрешен промет и извоз на отпадоци и остатоци од метали, железо и челик, алуминиум, бакар, олово, цинк и калај, а казната за непочитување на забраната ќе биде 6.000 евра.

Како што соопшти денеска владиниот портпарол Ивица Боцевски, целта на забраната е да се запази јавниот интерес во управувањето со отпадот и заштитата на животната средина.“ (Владата забрани откуп, промет и извоз на железни отпадоци ...)

Ако го оставиме настрана прашањето дали Владата е надлежна за донесување ваков тип одлуки, што ли ќе стане сега со луѓето кои живееле од трговија, промет, и извоз на отпадоци и остатоци од метали? Колку што ми е познато, голем дел од засегнатите се сиромашни луѓе, некои од нив со продажбата на железо си ја обезбедуваа голата егзистенција.

На ваков начин ли ќе се бориме против невработеноста и сиромаштијата, во името на „јавниот интерес во управувањето со отпадот и заштитата на животната средина“?

Со оваа одлука, сите што продавале и купувале отпадоци и остатоци од метали, Владата практично ги прогласи за виновни за украдените шахти и вентили и ги остави без работа и без леб.

Не можејќи да се справи со крадците, Владата удри по трговијата.

Дали следниот чекор ќе биде забраната на трговија со стара хартија, ако се зголемат кражбите на весници по трафиките?

Во обид да реши еден проблем, Владата создаде неколку нови.

Да не беше трагично, ќе се насмеев.

Џулија Робертс во „Фарго“?


Читам и си викам: „Невидена мистерија, луѓе помагајте“:

Во изминатите две децении Стив Бушеми беше дежурниот кретен, невротик, губитник и чудак, но тој сепак е познат и како актер што ретко греши и што многу добро глуми. Бидејќи е препознатлив по несекојдневните ликови, никој не очекуваше дека ќе се појави покрај Џулија Робертс во „Фарго“.“ (Споредни ликови што ги „крадат“ сцените)

Џулија Робертс во „Фарго“? Ај, и тоа да го видиме.

Трк на „Фарго“, аш Џулија Робертс. Трк на Џулија Робертс, аш „Фарго“!

Збунки невидени, во право сум си бил.

Но, што мајка бара Џулија Робертс покрај Стив Бушеми во реченицава?

Одам со „крупни чекори“ на страниците на Stylus, и најпосле го наоѓам фамозниот оригинал:

For the past two decades nobody has played creeps, neurotics, losers, geeks, and weirdoes better than Steve Buscemi. With his scrawny frame, milk-white skin, and narrow eyes, it was always unlikely that he’d star opposite Julia Roberts—in Fargo, a Midwestern prostitute famously describes him as “funny looking.”

Ете ти го решението на енигмата – преведувачот бил гладен додека преведувал, па го изел последниот дел од оригиналниот пасус.

На крај, наградното прашање: во кој филм Стив Бушеми „се појави покрај Џулија Робертс“?

Не мачете се залудно, тој филм не сте го гледале.

Стив Бушеми и Џулија Робертс се ѕвезди во филмот Charlotte's Web (2006), но таму воопшто не се појавуваат, туку само ги позајмуваат своите гласови.

Ех, „Утрински“, „Утрински“...

Остај што „позајмувате“ од страна, туку и нешто сте ми изгубени во преводот.

Али Ахмети – „европски Македонец“?

5/22/2007

Во печатот се појавија неколку контроверзни изјави, кои дополнително ја комплицираат работата во врска со „непроблематичните“ и „чистите“ идентитети во Македонија.

Мошне интересна е реакцијата на Димо Димчев во однос на јавно презентираните документи во кои „бадентеровата“ пратеничка г-ѓа Кипаризовска се има изјаснето како Македонка:

Како да е тоа некој невиден грев а не нормална работа имајќи предвид дека таа е од Македонија а и по мајка е Македонка, па има потполно право да се чувствува и Влаинка и Македонка, што има тука толку лошо?“ (Власите не треба да бидат жртви)

Но, ако е нормално еден човек да има право на два етнички идентитета, тогаш вкупниот број на Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и други ќе биде многу поголем од вкупниот број на регистрирани жители. Не станува тука збор за „шифтање“ на идентитети, туку за „полно право“ да се чувствуваш истовремено и како Македонка, и како Влаинка, за право да се чувствуваш како припадник или припадничка на две етнички заедници. Но, што ако едниот дедо ти е Албанец, едната баба Македонка, другиот дедо ти е Србин, а другата баба Влаинка? Дали тогаш ќе стекнеш „полно право“ да се чувствуваш како припадник или припадничка на четири етнички заедници?

Втората, не помалку контроверзна изјава ја дава Владо Перев, претставен во денешниот број на „Глобус“ како „Бугарин по чувство“:

„Види, јас сум етнички Бугарин, како што Али Ахмети, на пример, е етнички Албанец, ама двајцата сме Македонци според европското значење на тој збор.“ („Јас и Ахмети сме европски Македонци“)

Владо Перев не се идентификува како „македонски Бугарин“, туку истовремено како етнички Бугарин и како Македонец, каде што идентитетот „Македонец“ не е употребен во етничка смисла, туку според „европското значење на тој збор“.

Останува отворено прашањето дали со оваа формулација ќе се согласи и Али Ахмети: Дали првиот човек на ДУИ ќе се согласи дека е етнички Албанец и „европски“ Македонец?

Како станав неморален атеист и нихилист


Еве што кажа во својот говор во Охрид м-р Никола Груевски, на Меѓународната конференција на тема „Македонија во ЕУ – придонес за европскиот идентитет“, организирана од Меѓународната Паневропска унија:

„Главната цел на оваа организација е постигнување на единство во Европа, и Европа која ќе биде слободна од нихилизам, атеизам и неморал...

А на кој начин ќе се ослободите од мене како „неморален“ атеист и нихилист, г-не Груевски?

Баш ме интересира. Навистина ли нема место за мене во вашата ЕУ?

Ако ставањето на било која религија во ист кош со неморалот е скандалозно, не е ли барем исто толку скандалозно и ставањето на атеизмот и нихилимот во ист кош со неморалот?

Потенцирате, исто така: „Наша цел не е единствено членството во Европската унија. Наша првенствена цел е достигнување на европските стандарди.“

Уште да знаевте дека еден од основните стандарди на ЕУ е слободата на мислата, совеста и религијата, право кое, меѓу другото, ја вклучува и слободата да се промени религијата или верувањето. Тоа значи и слобода од Христијанин или Муслиман, да станам атеист и нихилист. Ете, тоа се стандардите на кои се темели ЕУ, г-не Груевски.

Ако го познававте овој стандард, и знаевте дека атеизмот и нихилизмот се философски гледишта, и ако имавте способности за елементарно логичко заклучување, ќе увидевте дека ЕУ „слободна од нихилизам, атеизам“ би била тоталитарна ЕУ која флагрантно би го загрозувала правото на слобода на мислата.

Вашите радикални „христијански“ изјави не се чекор кон Европа од 21-от век, туку кон средновековието, почитуван г-не Груевски.

Тие не се показател за “промена и отворање на границите на умот“, туку показател за помраченоста и заспаноста на вашиот разум.

А заспаноста на разумот креира монструми - не предупредуваше Гоја, а неодамна и Милош Форман, разоткривајќи ни ги модерните техники на произведување еретици.

Нови пасоши, нова националност?

5/21/2007

Повторно новите пасоши ме поттикнаа да пишувам, овојпат на стара тема -„националност“, за која полемизиравме и во постот "GoodBytes vs. Jasnesumjas: за името и Македонија".

Како што ми укажа и darko156 во коментар на постот "„Македонско“ државјанство?", грешката во новите пасоши е исправена, и во графата за државјанство/националност повеќе не стои „Republika Maledonija“ туку „Македонско/Macedonian“. Сепак, ќе остане уште некое време конфузијата - ќерка ми со нов пасош да има македонско државјанство/nationality, а јас со стар пасош – „Република Македонија“.

Туку, што ми беше зборот: Ако сега сите што сме државјани на Република Македонија имаме Македонска националност, дали тоа значи и дека сите сме Македонци – по националност?

Ако е така, тогаш употребата на терминот „националност“ во етничка смисла понатаму не треба да се толерира, и под итно треба да се смени Уставот кој „слободното изразување на националната припадност“ го промовира како темелна вредност на уставниот поредок (чл. 8).

Сега за сега, по новите пасоши, националната припадност на сите граѓани е „Македонци“, а нивната „припадност на заедницата“ – етничката припадност – е „Македонци“, „Албанци“, „Турци“, „Срби“, „Власи“, „Бошњаци“, други.

Не велам дека ваквите формулации не содржат во себе парадокси. Меѓу другото, зошто терминот „заедница“ да се употребува исклучиво во смисла на „етничка заедница“, а не и во смисла на „политичка заедница“?

Меѓутоа, веќе не можеме да се изразуваме дека нашите граѓани „По националност и вероисповед можат да се декларираат како сакаат, но по државјанство се МАКЕДОНЦИ.“ (во коментарот на постот Тиранија на етничкиот идентитет?, Оксиморон). Не можеме да се изразуваме вака, затоа што „националност“ и „државјанство“, според пасошот, се едно и исто.

После новите пасоши, станува многу поитна потребата од разликување помеѓу „Македонец“ – како национален идентитет, и „Македонец“ - како етнички идентитет.

Еве што вели GoodBytes во еден коментар: „За идентитетот - јас сум Македонец и етнички и национално. Воопшто не ми се допаѓа кога некој друг се обидува да ме (ре)дефинира, бидејќи и јас избегнувам да дефинирам други луѓе.“

Пеки, ама повеќето граѓани на Република Македонија кои не се етнички Македонци, избегнуваат да се нарекуваат „Македонци“ во смисла на национален идентитет, затоа што со истиот назив се означува и етничкиот идентитет „Македонци“.

Овој сериозен проблем може да се разреши на повеќе начини. Еден од начините е да се употребува придавката „етнички“, секогаш кога термините „Македонци“, „Албанци“, „Турци“, „Срби“, „Власи“, „Бошњаци“ ќе се користат за означување на етничкиот идентитет, односно за означување на припадноста на „етничката заедница“.

Така, ќе се создаде простор терминот „Македонец“ - без придавката „етнички“ – да го означува националниот идентитет, на сите граѓани на Република Македонија.

Но, дали ваквото решение е прифатливо за сите граѓани на Република Македонија?

Ако не е, тогаш зошто не е прифатливо, и какви други решенија на проблемот со националниот идентитет ни стојат на располагање?

Менување на полот/родот

5/20/2007

Еве како започнува неодамнешната статија на спортскиот новинар Мајк Пенер:

„За време на моето 23-работење во спортскиот оддел на „Тајмс“, имав широк дијапазон на улоги и називи...

Денеска заминувам неколку недели на одмор, и кога ќе се вратам, ќе дојдам во уште една инкарнација.

Како Кристина.“

(Old Mike, new Christine - Los Angeles Times)

А еве како реагирал шефот кога Мајк му соопштил дека е новинар-транссексуалец кој сака да стане Кристина:

„Па никој повеќе не ќе може да каже дека немаме разноликост кај вработените.“

И крајот на колумната е легендарен:

„"Mike Penner" is out, "Christine Daniels" soon will be taking its place.
From here, it feels like a big improvement. I hope with time you will agree.
This could be the beginning of a beautiful relationship.“

Оние што се љубопитни и сакаат да видат како сега изгледа Кристина можат да го посетат нејзиниот блог womaninprogress.

Мошне интересно е и интервјуто во Newsweek во кое детално се опишани настаните пред, на денот на објавувањето, и реакциите на колумната.

Еве еден интересен исечок:

„ From my experience, we talk about it being a binary culture—male, females and nothing in the middle. In actuality, there are a lot of sub-levels. I wish people recognized that. But in our culture, you're male or you're female. It's so black and white. I felt extremely restrained in the male role, and maybe it was only my interpretation of the male role.“

Ех, да, понекогаш е навистина тешко и да си маж.

Значи, ако имате потреба да го смените полот/родот не мора веќе да трчате по виножита. Медицината може да ви помогне.

(пеперутката прв пат ја видов тука)


Реакцијата на МАССО и поздравот од Тинки Винки

Стигна и соодветна реакција на МАССО од нивната чајанка за контроверзната песна: „Истиот ден го искористивме за реакција на песната “Притвор за педери“ на прилепската група “Македонски синови“ како ригиден, фашизоиден и нацистички модел на ширење на говор на омраза и повикување на насилство преку евтина и манипулативна реторика. Се надеваме дека македонските политичари, власти и соодветни правни институции во името на демократијата и почитта кон секој човечки живот ќе ги преземат соодветните мерки за правилно и навремено реагирање на вакви недозволиви акти. Се надеваме дека ова ќе претставува навистина парадигматичен индикатор за македонските власти дека законската регулатива на говорот на омраза е неопходна како надополнување на веќе постоечката македонска законска рамка и кривичниот законик.“ (Одбележан денот против хомофобијата под мотото "Хомофобијата е геј")

Имаше и поинакви реакции, дека песната на прилепските рапери не е контроверзна тема. Според Ania, разоткривањето „на хомосексуалноста“ на Тинки Винки од Џери Фалвел во 1999, сега после неговата смрт и интервјуто со Тинки Винки, е тема „многу поконтроверзна отколку тоа што пееле некои прилепски рапери, и кој рекол дека песната им е закон...“ (поздрав од Тинки Винки).

Можда темата е поконтроверзна во САД и Европа, ама не и во Прилеп или Скопје, Ania. Не можам ни да си претставам како е да си геј во Прилеп, изложен на „уметноста“ на „Македонските синови“ во тамошните кафичи.

Сепак, и за денешно „Неделно Време“ поинтересен е Фалвел, отколку хомофобијата на Македонските синови и чајанката на МАССО, со загадочното мото. Покрај аферата „Џери Фалвел против Тинки Винки“, весникот пренесува уште пар хомофобични изјави на евангелистичкиот свештеник, познат по својата „кариера на демонизирање на другите“:

„Пагани, извршители на абортуси, феминистки, хомосексуалци и лезбејки, кои активно се обидувате да направите алтернативен начин на живот... го вперувам прстот кон вас и во лице ви велам „вие помогнавте да дојде до ова.“ – Фалвеловата интерпретација на божјата казна за неморалот во САД, по 11 септември.

„Фалвел морал да се извинува и за изјавите дека сидата е божја казна за хомосексуалците.“ („Човекот што направи политичка сила од христијаните“).

Да се надеваме дека следната година ќе се направи и позабележителен настан за денот против хомофобијата (можеби дури и јавни протести), дека конечно ќе имаме Закон за заштита од дискриминација, и дека најпосле ќе ги дочекаме и првите казни за хомофобични испади и говор на омраза. Колку за пример, казната за „harassment“ („вознемирување“ е преблаг збор) и поттикнување на дискриминација според бугарскиот Закон за заштита од дискриминација е до 2000 лева.

Новиот пасош и грбот на Македонија

5/19/2007


Една работа ептен ме изиритира кај новите пасоши.

Грбот во боја на главната внатрешна страница на пасошот се разликува не само во боите, туку и во дизајнот, од грбот на Собранието - кој се разликува од - грбот на страницата на Претседателот - кој се разликува од - грбот од страницата на Владата - кој се разликува од - грбот на Службен весник.

И не само тоа, грбот во боја на главната внатрешна страница се разликува по дизајн од грбот на корицата (најмногу во формата на петокраката и кај чушките мак)!

Фураме единство на различности, нема што!

Најинтересно, грбот ептен се разликува и од грбот објавен на македонска Википедија, а дизајнот изгледа како да е преземен од англиската Википедија!

Не е лошо да се потсетиме дека според нашиот Закон за употреба на грбот, знамето и химната на Република Македонија,

1) „Во грбот и знамето на Република Македонија не може ништо да се впишува, односно испишува, ниту тие можат да се менуваат.“ (чл. 4)

2) „Изворникот на грбот на Република Македонија се чува во Собранието на Република Македонија и спрема него се врши обликување на грбовите.

За чувањето и употребата на изворникот на грбот на Република Македонија одговорен е секретарот на Собранието на Република Македонија.“ (чл. 11)

3) Истиот закон предвидува парична казна за прекршок од 50.000 до 300.000 денари на правното лице кое го употребува грбот во поинаква форма и содржина од онаа утврдена со законот.

Дополнителна информација: според собраниските служби, Собранието не поседува изворник на грбот на Република Македонија според кој би требало да се врши обликување на грбовите!

Во постот Откријте ги разликите! го поставив прашањето: кој е автентичниот грб на Република Македонија? Ако нема оригинал, дали тоа значи дека сите грбови се фалсификати, или пак сите грбови се автентични? Дали тоа значи дека секој може неказнето да го менува грбот?

Пак прашувам, кој треба да биде казнет за менување на грбот - Собранието (претседателот или секретарот), Претседателот, Владата, Службен Весник, Министерството за внатрешни работи кое го издава пасошот, сите, или никој?

За крај, малку иронија: ебате лустрацијата и рехабилитацијата на „жртвите на комунизмот“ со петокрака на чело!

Ден против или за хомофобијата?

5/17/2007

Како што сосем прилега за денешниов меѓународен ден против хомофобијата, еден наш блогер ја промовираше песната Македонски синови - Притвор за педери: „Песнава мора да ја слушнете. Нема што закон е.“

Уште кога прв па ја слушнав песнава, во едно интернет кафуле во Охрид, најдов линк и го препратив до МАССО и до активисти на Хелсиншкиот комитет, со надеж дека веднаш ќе реагираат. Се воздржав од било каква блог-реакција, меѓу другото, и за да не соучествувам во ширење на хомофобија.

За жал, иако поминаа неколу месеци, немаше никаква реакција. Прилепските рапери, кои отворено повикуваа на насилство, не беа спомнати ниту во мониторингот на МАССО, ниту во најновиот месечен извештај на Хелсиншкиот комитет. Хелсиншкиот комитет соодветно реагираше на „радикалниот говор на омраза“ на ДПА – кога лицата од мешани етнички бракови беа наречени „биолошки хибриди или копилиња“. Но, изостана реакција во овој случај на радикално пеење на омраза и предизвикување на насилство и нетрпеливост: „одвратен педер“, „земам ЦЗ-99 и во него го вперувам“, „зедов газија и направив коктел, му го удрив во глава и се запали цел“, „сите вие педери, слушнете што велам, ... од градов ќе ве селам“, „за сите вас притвор – смрдливи гнаси“...

Што мислите да се викаше песната „Притвор за Македонци (или Албанци, Турци, Роми, Власи, Бошњаци, Евреи...)“, и сите погорни зборови да се однесуваа на некоја етничка група, дали тогаш ќе имаше јавни реакции?

Дали некои блогери ќе ја промовираа песната со зборовите, „Песнава мора да ја слушнете. Нема што закон е“. Дали ќе имаше јавен молк или веднаш ќе беа покренати кривични пријави за разгорување на национална нетрпеливост?

Секоја чест на femgerila за нејзиниот обид да ја исмее хомофобијата, преку таргетирање на песната, но мислам дека случајов заслужува бајаги посериозна реакција.

Ако Вранишковски лежеше затвор за разгорување на верска, расна и национална омраза поради едно календарче, зошто и против „Македонски синови“ да не биде покрената соодветна полициска и судска постапка?

Аман, престанете со мавање заушки и влечење за уши!

Толку многу апсурдности и небулози во одговор на едно новинарско прашање одамна не сум прочитал. Во четвртиот број на „Глобус“, во интервјуто со пратеникот Есад Рахиќ, тој просто заблеснува со својата „бунтовност“ и „оригиналност“:

„Јас лично сметам дека дигнитетот на парламентот е детерминиран од лидерите на политичките партии кои го подредуваат парламентот во функција на своите влади.“

- Бре,бре. Од кога тоа секој лидер на политичка партија си има своја влада?

Понатаму: „Иако во секој парламент има и луѓе кои се бунтуваат, еве јас од 2002 год. до 2006 год. малку повеќе се бунтував, ама на крајот гласав според партискиот став. Некогаш гласав и против, па условно речено, бев влечен за уши.“

- Кутрите уши на „бунтовникот“ што на крајот гласал според партискиот став?

Понатаму: „Ама, кога гледаш во очи луѓе како гласаат, иако знаат дека грешат, зашто лидерот така им наредил, тогаш нема дигнитет.“

- Чекај малку, ништо не разбирам. Пратеникот што се бунтувал, ама на крајот гласал според партискиот став, сега се апстрахира себеси од луѓето без дигнитет -кои гласаат по наредба на лидерот?

На крај: „Лидерите треба да престанат да ги влечат за уши и да им удираат заушки на пратениците од нивните партии, затоа што во секој парламент има умни луѓе кои си ја знаат работата.“

- Кои си ја знаат работата – и кои „гласаат, иако знаат дека грешат, зашто лидерот така им наредил“?

Очигледно, влечењето за уши и заушките лошо влијаат на логичките способности на „умните луѓе кои си ја знаат работата“.

Затоа, аман, лидери, престанете со мавање заушки и влечење за уши, оти и штрафчињата во партиските гласачки машини си имаат дигнитет!

Медиумски сеир со деца

5/16/2007

Не знам што е поужасно, дали настанот или пак самата вест:

14-годишно момче силувало седумгодишно дете во Браилово“.

Новинарот, демек, го прикрива идентитетот на момчето, објавувајќи само иницијали.

Но, колку ли 14-годишни момчиња, со иницијали X.X., живеат сами со својата баба во Браилово?

Што ако утре се испостави дека осомниченото момче е невино?

Или, „пресумпцијата на невиност“ е одамна мртва во Македонија?

Криви сме, со самото тоа што сме живи.

Блогерски манифест

Блогерки и блогери!

Мили браќа, уште помили сестри, и најмили комшики!

Немојте толку лесно да подлегнувате на смислени провокации.

Не дозволувајте правта што се крена околу блогерската конференција да ви ги нараси очите и да ви го замати видот.

До вчера гз и гаќи, а сега Букарски против Шепард, чиниш Ејлиен против Терминатор (или Предатор ќе да беше)?

Мижи асан да ти баајам!

Се е тоа смислено сценарио.

Се е тоа разработена стратегија.

Се е тоа дел од конспиративната реклама за т.н. „блогерска конференција“.

Прво го подмитуваш Букаро со 10-тина пивца у некоја скопска кафана (шанкерката мора да е русокоса), па му потшепнуваш нешто, демек тајно – „Невладините сакаат да го стават блогерај под капа“. И - свршена работа!

Откако елегантно пополнетиот Алекс, ко што го родила мајка, и ко што го израснала Битола, ќе дрмне на екс десетина пивца, и откако ќе ќари насмевка и e-mail адреса од русокосата шанкерка, тогаш тој необично се преобразува во Суперблогерот Букарски. Со суперсонична брзина се уштекува на својот блог и дига невидена (а секому веќе позната) ЏЕЕЕВАААА, разоткривајќи ја најновата конспирација. Во стилот на Груевски, со лево кроше мава по невладините, со аперкат по блогерите што се дрзнале некаква си таму конференција да прават, а со десно кроше по коментаторите што се осмелиле по блогот да му какаат!

Дури и проникливата Би подлегна на провокацијата. Дури ни експертката по пропагандни техники не сфати дека кога Букарски е во прашање, доколку рекламата е понегативна, дотолку е истата поефективна!

Трачевите бргу се шират во усмрденото Скопје, за ескпресните понуди што ги доби Букарски после разбивањето на блогерскиот џган.

Првата понуда, велат, пристигнала од „букарашкото“ лоби во ВМРО-ДПМНЕ. Користејќи ги тајните масонски канали, „букарашите“ го ангажирале да распука со сите сили по Груевски и Владата. Оти, кога Букарски мава – лево кроше, метафора, десно кроше, цитат – тука нема промашај! Политичкиот рејтинг на „жртвата“ на Букарски експоненцијално расте. Кој не верува, нека се присети само како заврши „жртвата“ Боцевски после „Чуму“!

Втората понуда пристигна од штабот на Шеќеринска. Врската беше преку една невладина организација (ама блиска на „Владе“), која што лани упорно го билдаше писателскиот рејтинг на Букарски, спонзорирајќи ја неговата книга првенец со пари од влашкото банкарско лоби. Абер од штабот пристигна: „Аман, Букаро, плукај по Шеќеринска, маани наоѓај колку ти душа сака – сакаш за новата фризура, сакаш за новиот имиџ, сакаш за нејзините метросексуални склоности – ма, плукај за што ќе ти текне, чоече, за „влашкото лоби“, за „тутунската мафија“ - оти крајно време е скромниот рејтинг на милата ни Шеќеринска да почне да рипа.“

Третата понуда пристигна од „гробарите на македонската колумна“, преку еден бивш конзул, несуден масон, од неодамна инфилтриран како анти-блогер: „Аман бе Букар, дај почни пак да не пердашиш и „закопуваш“, оти откако престана да маваш со дрвја и камења по нас, читателите загубија секаков интерес, а уредниците сакаат буквално да не закопаат за век и вјеков. Некои од нас толку ниско паднаа, што дури и блогови почнаа да си отвораат. Аман, удри по нас со тоа сленгот Битолски, ако треба по педесет примероци од „Падобранот“ ќе ти откупиме, и по еден примерок со твој потпис лично на секоја од љубовниците ќе поделиме! Толку можеме, оти горчлив е лебот колумнистички, како што и самиот вкуси.“

Ете така, блогерки и блогери!

Ете така, мили браќа, уште помили сестри, и најмили комшики!

Не дозволувајте да ве залажат.

Конфликтот е фингиран. Играта Букаро vs. Вуна е разоткриена.

Се е тоа смислено сценарио зад кое се кријат политички интереси на влашкото лоби, на тутунската мафија, и на масонските ложи од нашите соседни земји.

Немојте да дозволите очите да ви ги мачкаат со поликолор, божемски земен на компензација од Колумбија!

И повеќе од јасно е дека сите овие „душегрижници“, сите овие „блогери“-волонтери, преку своите „невладини конференции“, сакаат да го стават под контрола нашиот блогерај! Сакаат да наметнат нов јарем во нашата слободна територија, во нашата Крушевска Република, во нашата бавча за културно сопкање на блогерите и тајно бришење на коментаторите.

Зарем ќе им дозволите да го направат тоа, вие славни потомци на Александар Македонски, внуци на Самуиловите ослепени војници, вие синови и ќерки на славните „Илинденци“, на бескомпромисните „анти-фашисти“ и на сите непрежалени борци кои ги дадоа своите животи за слободна и самостојна „Поранешна Југословенска Република Македонија“?

Мојот список со блогови

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Архива на блогот

Footer Widget 1

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Loading...

Footer Widget 2

Популарни објави

Популарни објави

Popular Posts this month

Popular Posts this week