Во традиционална и патријархална средина како Македонија, каде што „Ќотекот е излезен од рајот“ е сеуште омилена поговорка во многу средини, тешко е да се промовира идејата дека покрај физичкото, постои и друг вид насилство кое никако не смее да се занемари – психолошкото насилство.
Иако сеуште постојат многу дилеми што може да се означува со терминот психолошкото насилство, сепак, може да побарате помош како потенцијална жртва доколку имате впечаток дека сте постојано изложени на навреди или закани, заплашувања, понижувачки однос, подметнувања, игнорирање, исмевање, викање, екстремна и невтемелена љубомора, постојани критики и обвинувања, употреба на сексуализиран јазик, или доколку некој го повреди вашето галениче или ја уништува вашата сопственост, или доколку сте изложени на кое и да е друго поведение кое негативно влијае на вашата емоционалната или психолошка благосостојба или го повредува вашето лично достоинство.
За жал, во борбата против насилството кај нас, фокусот е ставен врз семејното насилство како физичко насилство. Според информациите на некои женски невладини организации (психолошкото насилство е родово-чувствителен проблем), кај нас сеуште нема податоци за процесирани случаи на психолошко насилство, или на употреба на привремени заштитни мерки во функција на превенција на психолошко насилство.
Што се однесува до законската регулатива, покрај одредбите од КЗ за семејно насилство (сфатено не само како „телесно повредување“ и физичко насилство, туку и како малтретирање, грубо навредување, загрозување на сигурноста, полово или друго психичко насилство со кое се предизвикува чувство на несигурност, загрозување или страв) во чл. 4 од Законот за еднакви можности на жените и мажите се први разлика помеѓу "Вознемирување" и "Сексуално вознемирување". "Вознемирување" е секое несоодветно, неморално или непристојно однесување, повреда на личното достоинство и предизвикува заплашување, одбивност, деградирање, понижување или навредливо однесување а "Сексуално вознемирување" е секое вербално, невербално или физичко однесување од полов карактер, што претставува повреда на личното достоинство особено кога предизвикува заплашување, одбивност, деградирање, понижување или навредливо однесување.
Исто така, според чл. 9 ст. 4 од Законот за работните односи, полово вознемирување е „секое вербално, невербално, или физичко однесување од полов карактер кое има за цел или претставува повреда на достоинството на кандидатот за вработување или на работникот, а кое предизвикува страв или создава непријателско, понижувачко или навредливо однесување.“
0 коментари:
Објави коментар