ГЕМ: Реакција на соопштението на МВР за инцидентот во Струга

2/27/2009


Граѓани за Европска Македонија

Соопштение до медиумите

по повод информацијата на МВР – „По нарушувањето на јавниот ред и мир во Домот на културата во Струга: Прекршочни пријави против 10 лица“

Утрото по немилиот инцидент во Струга од 19.02.2009, тројца претставници од граѓанската иницијатива „Граѓани за Европска Македонија“ (Жарко Трајаноски, Бранко Героски, Владимир Милчин) го пријавија настанот во СВР Охрид. На приемот кај љубезниот охридски Комесар за јавен ред и мир го опишавме инцидентот и побаравме МВР да преземе соодветни мерки против насилниците. Укажавме дека неколку лица го спречија јавниот собир (седмиот дијалог со граѓаните што требаше да се одржи во Струга) упатувајќи сериозни закани за употреба на сила, како и клевети и навреди кон организаторите. На прашањето зошто не сме го пријавиле настанот во Струга, одговоривме дека не сме се чувствувале безбедно.
Неколку дена подоцна на сајтот на МВР беше објавена информација „По нарушувањето на јавниот ред и мир во Домот на културата во Струга: Прекршочни пријави против 10 лица“. Според датумот на информацијата - „25.02.2005“ – се добива впечаток дека МВР е назад со времето цели четири години!

Ја свикавме оваа прес конференција, меѓу другото, и за да укажеме дека објавената информација на сајтот на МВР е полна со невистинити и тенденциозни тврдења.
Првата невистина е дека трибината била „организирана од здружението на граѓани “За Европска македонија““ (при што зборот „македонија“ – намерно или не – е напишан со мала буква). Дали МВР има толку слаби капацитети за истрага што не е во состојба да открие дека трибината не беше организирана од здружение на граѓани, туку од граѓанската иницијатива „Граѓани за Европска Македонија“, со логистичка подршка на Фондацијата Институт за Отворено Општество Македонија (ФИООМ)?
Втората невистина е имплицитно содржана во тврдењето „Нарушениот јавен ред и мир, организаторот, наместо истиот, го пријави наредниот ден во Полициската станица во Охрид“. Тројцата претставници на „Граѓани за Европска Македонија“ не пријавија нарушување на јавен ред и мир, туку сериозни закани по нивниот живот и организирано „Спречување или смеќавање јавен собир“. Уште еднаш потенцираме - не пријавивме сторен прекршок, туку пријавивме сторени кривични дела!
Третата невистина која МВР ја пласираше е дека „трибината не била јавно закажана“. Ви доставуваме на увид копија од јавното соопштение за трибината во Струга (на македонски и на албански јазик) кое беше испратено до повеќе медиуми, како и фактури за емитување на телоп со соопштението за трибината. Од фактурите јасно се гледа дека соопштението било објавувано од 16.02.2009 до 18.02.2009 год. на ТВ Калтрина од Струга и на ТВМ од Охрид!
Укажуваме и на три тенденциозности во информирањето од страна на МВР.
Првата тенденциозност е очигледна во напомената дека организаторите на трибината „...до Полициската станица во Струга не доставиле писмено или усмено известување.“
Користиме прилика да го потсетиме МВР на чл. 21 од Уставот, според кој „Граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без посебна дозвола.“ Логично се поставува прашањето: Според кој Устав работи МВР, кога ни го наоѓа како маана тоа што сме го искористиле уставното право мирно да се собереме „без претходно пријавување и без посебна дозвола“?
Имајќи предвид дека согласно нашиот Устав, „Користењето на ова право може да биде ограничено само во услови на воена и вонредна состојба“, го прашуваме МВР дали (и кога) во Струга е прогласена воена или вонредна состојба?
Втората тенденциозност се состои во нејасниот опис дека „Настанала меѓусебна вербална расправија во која спротивставените страни си упатиле пцовки и непристојни навреди“. Од ваквиот нејасен опис може да се извлече погрешен заклучок дека организаторите на трибината биле „спротиставената страна“ која упатувала „пцовки и непристојни навреди“. За жал, некои медиуми му подлегнаа на ваквото класично полициско подметнување невистини и објавија таква дезинформација. До кога МВР ќе се служи со подметнување дезинформации во обид жртвите на кривични дела да ги претстави како соучесници-прекршители?
Третата тенденциозност се состои во обидот на МВР да го оправда насилничкото прекинување на трибината во Струга како резултат на оправдано „негодување кај дел од граѓаните“ поради тоа што демек „трибината не била јавно закажана“. Необјасниво е како е можно во една демократска земја полицијата да го игнорира насилството. Голем срам за нашата држава е тоа што поради очигледното игнорирање на насилството, сме доведени во ситуација да го потсетуваме МВР дека сериозните закани по нашиот живот претставуваат составен елемент на кривичното дело „Спречување или смеќавање јавен собир“: „Тој што со сила, сериозна закана, измама или на друг начин ќе спречи или ќе смеќава свикување или одржување мирен јавен собир, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.“

Токму затоа, го повикуваме МВР,
1) да престане со невистинитото и тенденциозно информирање во врска со насилното прекинување на трибината во Струга;
2) да престане да го игнорира насилството што се случи во Струга, особено упатувањето сериозни закани по животот на оние кои сакаа да го остварат уставно загарантираното право на слобода на говор;
3) да ги открие сторителите на кривичното дело „Спречување или смеќавање јавен собир“ кои покрај упатувањето на сериозни закани, навреди и клевети кон организаторите, физички го попречуваа не само остварувањето на нашето право на мирен собир, туку и правото на слобода на говорот.

Граѓани за Европска Македонија во Дебар и Кочани

2/26/2009

Присуствував на уште две многу интересни трибини во Дебар и Кочани.

Како што може да се види од фотографиите, граѓаните не се плашат да дојдат за да ги споделат со нас нивните проблеми.

Она што ми остави посебен впечаток е согледбата на Дебрани: - Како може учениците во Дебар да учат заедно и да немаат никакви проблеми, а учениците во Струга да се толку разединети?

Проблемот беше лоциран во властите, кои наместо интеграција промовираат сегрегација кон граѓаните на сопствената држава. Дебрани го критикуваа и законот за трето дете, притисок на власта врз цивилниот сектор, молкот на интелектуалците, манипулациите и пропагандата од страна на власта.

„За да го избегне назадувањето и да се врати на патот кон ЕУ, Македонија, заклучија присутните на синоќешната трибина, мора да ги почитува човековите права, да го практикува владеењето на правото и да развива добрососедски односи. Власта треба да владее со одговорност, а не со пропаганда. Историјата треба да им се остави на историчарите, а политичарите треба да се занимаваат со иднината на државата.“ (види повеќе)

И во Кочани поминавме прекрасно. Се восхитив од храброста и од гостољубивоста на Кочанчани, местото каде што е роден независниот печат во Македонија. Многу граѓани не охрабрија, истакнувајќи дека се чувствуваат како дел од нашата иницијатива. Мерсељ собра најмногу аплаузи со неговото укажување дека очекува да се изгради споменик за кризата, на која најмногу и се израдуваа министрите од нашата влада.

Најмногу интерес имаше околу прашањето за името и идентитетот, со оглед на кодошењето дека сме „предавници“ кои застапуваат странски интереси.

На трибината истакнав дека правото на изразување на етничката припадност и правото на националност (во смисла однос граѓанин-држава) е загарантирано во земјите на ЕУ и Советот на Европа, каде што заедно живеат мноштво етноси и националности.

Потсетив на нашите залагања веднаш по Букурешт за постигнување натпартиски консензус за спорот со името и ЕУ агендата. Героски истакна дека сме за достоинствен компромис, и дека суштината на политиката е во постигнување компромис.

И Груевски сега е за достоинствен компромис. Зошто тогаш не обвинуваат само нас за предавници, а не го обвинуваат премиерот?

Колку што ми е познато, никој од иницијаторите на ГЕМ не се појавил како грчки сведок против Република Македонија, ниту пак гордо примал награди како претставник на FYR Macedonia.

Крајно време е да престанеме да се делиме на предавници и патриоти, и по сите други основи. Омразата и екстремниот национализам се неспоиви со европската перспектива. Нашите властодршци треба да ја напуштат погубната политика „Раздели, па владеј!“

Аквариум

2/25/2009

Проштевајте што не успеав да му одолеам на искушението да ја почнам колумнава со следниов виц: „Зошто рипките во аквариумот изгледаат среќно и весело кога се заточени од раѓање до смрт? - Затоа што имаат меморија која трае пет секунди.“

А колку трае нашата меморија, рипчиња мои македонски? Некои тврдат дека имаат слоновско паметење, дури до библиска Македонија. Други, пак, тврдат дека имаат букефалско паметење, дури до античка Македонија. Има и такви што се уверени дека имаат препотопско паметење - дури до неолитска Македонија. Нешто слабо им верувам. Ако имаат толку долготрајно паметење, што ќе им се толку многу нови паметници по градските плоштади и паркови?

Моето паметење е навистина краткотрајно, во споредба со некои библиски Македонци. Има и такви што веруваат дека „Македонците се потомци на Китим, внукот на дедо Ное“ (како што прочитав во коментарите на „Премин“). Ќе да имам ич-паметење, во споредба со членовите на здружението „Античките Македонци“ од Богданци. Откако ја постигнаа својата цел - „Осознавање за постоењето на континентот на македонскиот народ од античко време до денес“ - конечно ја осознаа и вечната вистина, преточувајќи ја во слоган: „Само сонцето е постаро од Македонија!“ Изгледа сум во апсолутен заборав, во споредба со моите сограѓани што го паметат „македонскиот неолит“ - седум илјадигодишното владеење во мир, колонизацијата на Европа од „Македонскиот Полуостров“...

И покрај краткото паметење, на некои работи мошне добро се сеќавам. На пример, откако го слушнав „претседателскиот“ слоган „Еден за сите“, прва ми падна на памет славната изрека на мускетарите „Еден за сите - сите за еден!“. На прв поглед, политичкиот слоган изгледа беспрекорно: експлицитната порака е - „Јас еден, ќе бидам претседател за сите (вас)!“; имплицитната порака е - „Затоа гласајте сите за еден (за мене)!“ Ама, мускетарскиот слоган е само на прв поглед беспрекорен. Само за оние што имаат паметење како аквариумски рипки.

Оние што паметат малку подолго, ќе се сетат на колумната на Љубиша Георгиевски, објавена на истово место, во среда, 12 јули 2006. Мојот поранешен колега тогаш неуспешно прорекол: „На 6 јули 2006 се паѓа почетокот на крајот на квазидемократијата, односно изгревот на демократијата.“ Но, за нас (изгорени од зраците на преродбеничкото сонце) позначајна е следнава антиципација, кога колумнистот ги анализира причините за изборниот пораз на СДСМ (тогашните партиски лидери): „Сиве овие другари, ќе си ја поделеле вината солидарно како мускетарите: сите за еден, еден за сите - или, како што гласеше логото на некогашниот „Остен“ - Еден за сите, сите за никаде!“

Значи, во 2006 мускетари беа од СДСМ, а сега мускетари се од ВМРО-ДПМНЕ. Ете уште еден доказ дека среќните политички рипки од владејачката партија имаат меморија од пет секунди. Да го читале подобро својот колумнист (или „Остен“), навреме ќе сфателе дека првата асоцијација на слоганот „Еден за сите“ веќе не е „сите за еден“, туку „сите за никаде“. Истата поента ја има и во визионерските стихови на еден наш современ поет: „...претскажувам смени на влади / градба на пирамидални клади / на кои душите ги положуваме / сиромаштијата ја вложуваме / за високи камати / се тики во круг / еден-по-друг, еден-до-друг / еден за сите - сите за никаде...“.

Имаме кратко паметење, за наша среќа или несреќа. За час изумивме дека кециштето по демократија го добивме поради изборната „касапана“, на која и претходеше „црната дупка“ од политички дијалог. Како сега нашите паметници - „понављачи“ промовираат демократски дијалог? Едниот паметник тврди дека му го криеле противкандидатот „како ленунка“ и дека го држеле „во инкубатор“. Другиот паметник во „позитивен дух“ промовира европски вредности: „Како ќе прифатите дуел со лажго со кафеански речник...“, поентира професорот, заборавајќи дека „кафеанскиот лажго“ му е академски колега со кој има објавено заедничка книга.

Кампањата уште не почнала, а меѓународните набљудувачи се восхитени од изблиците на демократска култура и меѓусебно почитување на нашите академски кандидати. Дали во ист стил ќе продолжат и ако ги избереме? Дали нашиот иден претседател ќе побара јавно извинување од грчкиот претседател, пред да седне со него на иста преговарачка маса? Или, можеби, иронично ќе им побара на Грците список со желби, кои треба да им ги исполниме, за да излезат на преговори?

Не можам да разберам зошто толку запнале новинарите за „ТВ дуел“ (дуел подразбира двајца) кога има дури седум претседателски кандидати. Одеднаш, се создава илузија дека ако нема телевизиско соочување, ќе немало ни демократски избори. Ете, толку ни е паметењето. Веднаш заборавивме дека и без ТВ дуел лани си имавме „98 или 99 проценти“ слободни и фер избори.

Можам да разберам зошто „демохристијанските“ студенти го знаат само значењето на зборот „копиљаци“, а не знаат што значат зборовите „дркаџии’, „г-точка“, „село гори, баба ја боли“. Очигледно, немаат ниту домашно ниту, пак, сеопфатно улично сексуално образование. Крајно време е да им се воведе сексуална едукација, пред утре да почнат да прашуваат како се прави „трето дете“.

Нејсе, за малку ќе изумев, друго ми беше поентата. Ако продолжи предизборната партиска „дебата“ на тема „Кој бил поголем душман на Македонија?“, тогаш и на овие избори ќе се оствари слоганот на холивудскиот блокбастер „Ејлиен против предатор“ - Кој и да победи, ние губиме! Со ваква кафеанска демократска култура, кој и да победи, Македонија пак ќе загуби. Очигледно, некому му одговара да продолжиме да си пливаме како среќни рипки во македонскиот аквариум. Среќни рипки со паметење од пет секунди.

Еден за сите, сите за никаде?

2/23/2009

Го чувме новиот „мускетарски слоган“: „Еден за сите“ - слоган на кампањата на Иванов
Еве како несакајќи го „спинува“ Љубиша Георгиевски, токму на сајтот на ВМРО-ДПМНЕ:
„Сиве овие другари, ќе си ја поделеле вината солидарно како мускетарите: сите за еден, еден за сите - или, како што гласеше логото на некогашниот Остен - Еден за сите, сите за никаде!“
Ќе заборавев – „демократот“ Иванов одбива да се појави на ТВ дуел.
Се знае зошто. Идеална демократија била античката, а тогаш немало телевизија.

Грандиозните знамиња

Изјава за А1, Гигантски знамиња за подигање на националната свест:
„Знамињата се да обединуваат, а не да делат. Доколку под подигање на национална, Владата не подразбира само етничка свест, тогаш проектот е легитимен, вели колумнистот Трајановски.
„Овој потег на Владата, грандиозноста на знамињата, укажува на тоа дека за некого сепак големината е битна. За жал, ова знаме се повеќе почнува да се употребува како тотемски и племенски симбол, наместо како национален и граѓански симбол“, изјави Жарко Трајановски, колумнист.“
Еве и едно потсетување од лани:
„Како и претходната влада, и владата на Груевски не успеа да организира избори на кои ќе се вее државното знаме на целокупната територија на Република Македонија. Џабе е грандиозното државно знаме во скопската сала, кога истото знаме го немаше на скопските улици во населбата Чаир на денот на изборите.“ (Македонското знаме).
Што мислите, дали за овие избори државното знаме конечно ќе почне да се вее на целата територија на Република Македонија?

За инцидентот во Струга


Еве неколку интересни цитати и линкови за инцидентот во Струга:

„- Завчера во Струга зајде сонцето на слободата на говорот. На стружани им ги понудивме микрофоните за да ги поделиме проблемите, но, за жал, група насилници го спречи одржувањето на трибината.“ (Насилници удрија врз слободата на говорот)

„Морници ме полазуваат кога ќе помислам дека партијата посилна од законот им дала одобрение на овие дваесетина локални падари да го држат градот под опсада божем Струга се наоѓа негде на Дивиот Запад.“ (Владимир Милчин: Струга забранет град)

„Да се спречуваат трибини сметам дека не е в ред, без оглед кои се организатори и таквите постапки не не' водат во демократски афирмирано општество“ (Осман Кадриу - „Наша Струга“ ги разбрка „граѓаните за европска Македонија“)

„...на крај го поделија народот на Македоноиди и Соросоиди“ (Горан Михајловски - Македоноиди и Соросоиди)

„Преку к*р со таа слобода на говорот. Нека бидат среќни што не го јадеа како што заслужуваат.“ (Форум Кајгана)

„Како бре не ти е срам да се фалиш со насилство, со тепање,во тоа ли си јак бре земјак. Што не застана со микрофонот врака и да кажеш што ти лежи на срцето. Или не беше таму.“ (Форум Кајгана)

„- Струга не е нешто што се случува од вчера. Проблемот тече извесен период“ (Ерван Фуере)

“Според, она што можевме да го видиме на youtube, многу е јасно дека ова е една од многуте операции на ВМРО-ДПМНЕ“ – Ѓунер Исмаил

„Ги повикувам властите во најскоро време да се откријат деструктивните сили. Во најскоро време ќе се покаже дека сето ова не било случајно“ (Љубе Бошкоски)

“Апелирам да нема притисок, луѓето слободно да да се изјаснуваат и да гласаат“ – Нано Ружин

“Немаме информации што точно се случило. Затоа ги повикуваме институциите што поскоро да го расчистат случајот, затоа што не би сакале да се сомневаме, дека е било каква конструкција. Се надеваме дека и колегите од СДСМ ќе го поддржат случајот“ - Илија Димовски (Меѓународната заедница го осуди струшкиот инцидент)

„Мора да се дознае кој почнува во Македонија со ФАШИСТИЧКИ МЕТОДИ да им забранува на било која организација СЛОБОДНО да се ИЗРАЗУВА.“ (коментар - Поради закани откажана трибина)

„Врз основа на првичните разговори со пријавителите, обезбедени се одреден број на информации врз основа на кој полицијата ќе има добра основа да постапи со пријавата, и веруваме конечно да ги открие прекршителите на јавниот ред и мир“ (Гордана Јанкуловска - Кој се закануваше вчера во Струга?)

За на крај, еве и еден фашистички коментар под снимката објавена на youtube, колку за потврда дека фашизмот цути во Македонија:

Golemo bravo za deckive koj gi blokiraa izoliranive mozoci, inaku koga se raboti za Makedonija ne mi e sram da bidam i fasista i nacista i slicno kako sakate kazete ic kur ne me boli, pozdrav do site Makedonci a ovie izolranive ako ne im se dopaga mozat da umrat.“

Едно големо фала и до „Еднооки“, затоа што бесплатно ни го промовираат Граѓанскиот Манифест за Европска Македонија.

ГЕМ во Кичево: (с)илеџиите ја напуштија трибината!

2/21/2009

По силеџискиот инцидент во Струга, Граѓани на Европска Македонија (ГЕМ) продолжија со одржување на трибина во Кичево. Еве како поминавме вчера, од моја гледна точка.


Пред трибината, имав чувство дека ќе се појават малкумина граѓани, од страв да не бидат жртва на силеџиски изживувања. Се излажав – салата се исполни до последно место. Им благодарам на храбрите Кичевчани.


Но, и оваа трибина не беше лишена од инциденти. Кога му дојде редот на Мерсел Биљали, една мала група граѓани почна да го прекинува, барајќи говорниците да бидат пократки, за да можат што побргу да поставуваат прашања. Мерсел џентлменски прекина, иако си ја немаше довршено мислата. Откако набргу заврши и последниот говорник, модераторот Героски го отвори дијалогот со граѓаните од Кичево.
Првиот Кичевчанец што се јави го постави следново прашање: „Ај прво да ми кажете, кој е постар – Исус или Александар Македонски?“ Геро му направи ќеф и му кажа дека е постар Александар. Веднаш потоа беше изведен „логичниот“ заклучок дека Македонија е пред-библиска земја (наспроти постојаните
укажувања на нашиот премиер дека Македонија е библиска земја). Говорникот продолжи со куп лични навреди и клевети кон секој од говорниците. Таков говор на омраза одамна немав почуствувано во живо (освен на блоговите од анонимните „борци за идентитетот“). Модераторот љубезно кажа дека ќе одговараме само на аргументи и конкретни прашања, и продолживме.
И следните неколку прашања беа преполни со навреди и клевети од страна на група од петнаесетина граѓани сосредоточени во средината на салата. По секое навредливо прашање следеше аплауз од групата, со залудна надеж дека ќе биде прифатен и од остатокот од салата. Клеветата дека сме предавници на името и идентитетот решително ја одбивме, укажувајќи дека и ние, како и нашиот премиер Груевски, сме за достоинствен компромис кој нема да ги загрози нашите национални интереси и идентитетот.
Откако ја отфрливме инсинуацијата дека доаѓаме на трибини зар
ади високи хонорари, ни беше забележано дека сега ни дошло до поставување прашања, иако на времето „Сорос“ имал кампања дека „Некои прашања не заслужуваат одговор“. Милчин демантираше дека фондацијата стоела зад кампањата пред референдумот од 2004. На прашањето каде сме биле кога се донесе Законот за територијална поделба, одговорив дека во 2004 работев во Хелсиншкиот комитет, кој побара да се повлече законот, затоа што се прекршува Европската повелба за локална самоуправа.


Не ни беше тешко да ги отфрлиме и клеветите дека јавно сме критикувале само кога е ВМРО-ДПМНЕ на власт. Коља укажа како на времето јавно пишувал дека културната политика спроведувана од СДСМ е дно, но дека сегашнава културна политика отишла уште подолу. (На трибината немаше многу простор за изразување, па еве на блогов да си се доискажам: Поскоро можете да ме обвините дека по 2002 сум работел за ВМРО-ДПМНЕ, отколку за кој и да е друг! Зошто? Па, тогаш ја пишував првата верзија од месечните извештаи на Хелсиншкиот комитет. Токму делови од тие извештаи, опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги преобјавуваше како дел од партиската кампања против СДСМ!?!).
Нејсе, малата препознатлив група не успеа да ја минира трибината со лични навреди, клевети и подмолни инсинуации. Најсмешно беше кога Роберто Беличанец беше лажно наклеветен дека бил син на комунистички арамија (парафразирам). Тогаш Роберто го праша провокаторот: „Дали знаеш како се вика татко ми?“ Овој му одговори дека знае, и го спомна името на еден поранешен функционер. Тогаш Роберто му одговори дека тоа е клевета, и дека татко му е обичен работник од Прилеп.
Откако неколку граѓани и граѓанки на Кичево се дистанцираа од групата, давајќи подршка и критички забелешки кон Манифестот за Европска Македонија, групата гласни провокатори го направи последниот очајнички обид: Уште еднаш не прекинаа додека одговаравме на прашањата и, со гласни извици, навреди и негодувања излегоа од салата. Очекуваа дека другите граѓани ќе ги подржат. Се надеваа дека трибината ќе биде прекината откако мнозинството на граѓани ќе ја напуштат трибината. Но, тоа не се случи. Убедливо мнозинство од присутните остана, и прашањата и коментарите продолжија во смирена атмосфера откако групата провокатори ја напушти салата (Нивните гласови уште неколку минути се слушаа во ходникот, каде што неуспешно се обиделе да се пресметаат со еден нивни сограѓанин, навредувајќи го „Со тебе ли во Европа?“). Ем илеџии, ем силеџии!
По трибината добивме искрени честитки од повеќемина љубезни граѓани на Кичево, кои не охрабруваа да продолжиме со нашиот „февруарски поход“ за Европска Македонија, без оглед на насилството и провокациите.
И ќе продолжиме, следната недела. Искрено се надевам, дека дури и Груевски можеби еден ден ќе го потпише нашиот Манифест за Европска Македонија. Има надеж и за такво нешто, особено по неговата последна изјава: „Спремни сме на компромис, но таков што нема да го загрози идентитетот на македонската нација и нашето достоинство.“
Добредојде во нашето „предавничко“ друштво, почитуван премиеру!

Тажен ден за демократијата во Струга

2/19/2009



Група организирани насилници го попречија правото на слобода на изразување на Граѓаните за Европска Македонија во Струга.
Бевме изложени на закани, навреди, загрозување на сигурноста, превртување на столици, туркање на микрофонот, закани кон граѓаните кои присуствуваа на трибината. На крајот имаше и закани за превртување на еден од автомобилите.

Мојот личен впечаток е дека стануваше збор за организирана група силеџии која имаше за цел по секоја цена да го спречи организирањето на трибината. Кога започнаа провокациите, им предложив на провокаторите да го кажат своето мислење на микрофон, веднаш по почетокот на трибината. Но, очигледно тие си имаа друга цел. Друга директива.


Еден индикатор дека стануваше збор за организиран инцидент, е тоа што имаше луѓе кои очигледно беа задолжени настанот да не се снима и фотографира.

На крајот од видеото може да се забележи реакција на еден од насилниците, во моментот кога забележува дека се снима. За жал, не е снимен моментот кога му го туркаат микрофонот на Героски, откако објавува дека не постојат услови за одржување на трибината.

Еве го и заедничкото официјално соопштение:

Почитувани,

Вчера, во 17 часот, во Домот на културата во Струга, беше закажана трибина на нашата инцијатива Граѓани за европска Македонија. Дојдовме во Струга со добра волја и со искрена намера со стружани да поразговараме за европските перспективи на Македонија. Не пречекаа стотина граѓани од овој град, но и граѓани на Дебар и Охрид, кои дојдоа да учествуваат на трибината.
За жал, група од дваеесеттина присутни, дојдени со очигледна намера да го спречат нашиот дијалог со стружани и да предизвикаат инцидент, почнаа да се однесуваат насилно, брутално навредувајќи не и заканувајќи ни се дека од Струга жива глава нема да извлечеме. Да биде уште пострашно, инцидентот се закануваше да премине во вербална, а бездруго и физичка пресметка меѓу присутните. За атмосферата во која требаше да почне оваа трибина живо сведочат и видео-снимките што нашиот снимател успеа да ги сними, соочен со остри закани и притисоци.
Увидувајќи дека настанот може да прерасне во сериозен инцидент, каков што не му е потребен на градот каде што меѓуетничките тензии еруптираа во изминатите недели, решивме да ја откажеме трибината и да им се извиниме на добронамерните учесници. Во однесувањето на хулиганите лесно препознавме сценарио подготвено во партиско-полициски штабови нашата трибина да се престори во уште една кавга и крвав пир меѓу Стружани.
За инцидентот веднаш го известивме градоначалникот на Струга, господинот Размиз Мерко. Во разговорот со него, изразивме длабоко разочарување што вакво нешто воопшто може да се случи во Струга, градот кој со децении беше домаќин на поети и на добронамерни луѓе. Господинот Мерко не извести дека градските власти добро ги знаат луѓето кои смислено се обидуваат да внесат немир. Ако навистина е така, очекуваме локалната власт и централната власт заеднички да ги пронајдат налогодавците и организаторите на овој инцидент, кој ја срамоти Струга.
Исто така, сакаме да нагласиме дека со вакви монтировки и нецивилизрано однесување, организирани од недобронамерни луѓе и мотивирани од политикантски причини, не се создава демократски амбиент пред претстојните избори, кои за Македонија се клучен тест за демократијата и за нејзиниот напредок кон Европа.

Жарко Трајаноски
Никола Гелевски
Мерсел Биљали
Бранко Героски
Роберто Беличанец
Владимир Милчин

Лифт за губилиште?

2/18/2009

„Лифт за губилиште“ (1958) е незаборавен филм-првенец на францускиот режисер Луј Мал, со прекрасната Жана Моро (Флоренс) во главната улога. Има мошне интересна приказна. Согласно со заедничкиот план, љубовникот на Флоренс го убива нејзиниот сопруг во канцеларијата, токму пред почеток на викендот. Ко за беља, веднаш по убиството се заглавува во службениот лифт (снемува струја) и останува безнадежно заробен во него. Убавата Флоренс залудно го чека, талкајќи низ улиците на Париз. Во меѓувреме, еден тинејџерски пар му го краде спортскиот автомобил на љубовникот и, по кратката авантура, убива еден германски турист. По успешното бегство, сите докази посочуваат дека убиството го извршил љубовникот на Флоренс. Бездруго, тој има совршено алиби дека не бил на местото на второто злосторство. Бил заглавен во лифтот. Ама што му вреди - ако успее да го избегне обвинението за злосторството што не го сторил, ќе биде обвинет за другото, уште пострашно злосторство.


На овој филмски класик се потсетив откако ја прочитав изјавата на еден наш претседателски кандидат, дадена за едно радио од дијаспората: „Сега сме ние во еден заглавен лифт, блокирани сме и имаме некој статус на блокирана земја, тука е сега големата опасност, бидејќи сами знаете кога ќе заглавите во лифт во даден момент почнува ксенофобија, почнува страв и почнува меѓусебно пресметување“.

Несомнено, стравот и опасноста одамна ни се вгнездија во срцата и во главите. Манипулациите со стравовите и опасностите станаа омилена политичка стратегија, како на властодршците, така и на нивните политички опоненти. Народот вели „стравот лозје чува“, ама додека ние се плашиме од се' и сешто, ни го обраа лозјето.

И ксенофобијата ни стана модус вивенди. Можна ли е кај нас љубов кон татковината без изразување отворена омраза против Грците, Бугарите, Србите и сите други клети загрозувачи на нашиот идентитет? А почна и меѓусебното пресметување. Почна да се пресметува секој со секого - па, и претседателските кандидати далеку пред официјалниот почеток на изборната кампања.

На прв поглед, нема ништо неумесно во филмската споредба „од сите страни Ѓорѓи сардисан“. Блокирани сме во еден заглавен лифт, особено по „матот“ во Букурешт. Проблемите почнуваат кога истиот претседателски кандидат ќе изјави: „Која изолација? Изолација има во нивните глави, ментална изолација“. Ем тврди дека сме блокирани во заглавен лифт ем не' убедува дека изолацијата е само „во умот на некои“. Ем тврди дека стоиме во место (блокирани во задушливиот лифт) ем не' убедува дека „Сега работите се движат. Полека, но се движат“. А кој го чувствувал движењето и промените кон подобро? Се разбира, „сите ние што и' мислиме добро на Македонија“. Ако не чувствувате дека блокираниот лифт ни се движи, не и' мислите добро на Македонија?

Ако имате чувство дека сето ова е апсурдно - не берете гајле. Нашите претседателски кандидати се соочуваат со апсурдни проблеми, па затоа нудат и апсурдни решенија. Се чини, професорите прво измислија универзален лек за сите наши политички болки - трагање и обновување на корените. Едниот кандидат не' убедува дека „трагањето по корените секојпат е право на секој народ“, а другиот предупредува дека е опасно едни корени да се промовираат на сметка на другите.

Но, и тој нема ништо против корените, како што видовме на Св. Трифун, кога потенцираше дека е убаво „корените на народот да се обновуваат на ваков начин“. Ако малку ги доближат ставовите, нашите коавтори на учебник се на добар пат да станат и коавтори и на единствена внатрешна стратегија по однос на потрагата по корените. Заедничката стратегија за корените, како народен лек за сите наши болки, не е лошо да ја подарат на најблискиот манастир на МПЦ, за да можат бесплатно да се излекуваат и сите други наши граѓани што страдаат од идентитетска криза.

А кои се симптомите на кризата на идентитетот кај нашите кандидати? Едниот кандидат не знае дали сме Европејци или, пак, допрва ќе стануваме Европејци. На Св. Трифун бевме Европејци кога предложи: „Да им понудиме европско вино, за да разберат дека тие што го прават се Европејци“. Некни, пак, прочитавме дека се' уште не сме Европејци: „едноставно треба да станеме Европејци да ги почитуваме европските вредности... и кога ќе имаме Европејци во Македонија, лесно и Македонија ќе биде европска“.

Вториот европски кандидат до некни не' убедуваше дека со еден член може да ни се избрише идентитетот и дека предлозите на Нимиц содржат „опасна црна дупка, која се заканува да не' проголта нас Македонците како нација“. Сега, пак, не' убедува дека „македонскиот идентитет во преговорите за името на ниеден начин не е загрозен“ и дека „темата околу националниот идентитет е комплетно измислена од изолационистите“. Работава испадна - „тази црна дупка не е дупка“?

Секако, има и трет и четврт македонско-европски кандидат кои немаат никакви проблеми со идентитетот. Третиот бил Лав во хороскоп, со заштитен знак македонско сонце. Да се надеваме дека нема да предложи лекување на идентитетската криза со помош на астролошки третмани. За четвртиот веќе видовме колку успешно го бранеше својот македонски идентитет како „слободен граѓанин во Хрватска“.

Додека нашите претседателски кандидати се расправаат за корените и за идентитетот, ние си остануваме заглавени во македонскиот лифт што ги побива законите на физиката. Ем стои во место ем се движи полека во потрага по корените.

Во заглавениот лифт, надежта последна умира дека македонскиот транзициски филм не е ноар-филм. Што друго ни преостанува освен да се надеваме дека нашиот заглавен лифт не е „лифт за губилиште“?

Којзнае, можеби новиот „лифтбој“ ќе има поголема умешност од претходните. Можеби ќе знае да го притисне вистинското копче што ќе не одглави од стравот, ксенофобијата, сегрегацијата, поделбите. Копчето што ќе го придвижи нашиот лифт кон „Европска Македонија“.

Конфузија

2/17/2009

Според една дефиниција, реченица е низа на зборови што ги задоволуваат граматичките правила на еден јазик. Дали разбирате што сака да каже претседателскиот кандидат во оваа реченица:
„Меѓутоа нашиот сосед не прифаќа дебата за аргументи, тој настапува од позиција на сила,и става вето, тука е сега ставот на владата кој имајќи увид во тоа сакајќи да ги заштити интересите на сите што живеат во Македонија пројавува став дека ние единствено можеме да разговараме за првен на бившата, онаа референцата што ни ја дадоја ОН, меѓутоа никој нема право нашето име кое е резултат на самоидентификација тоа едноставно не сме ние надлежни него да го менуваме бидејќи тоа ни е некој начин нешто што нашите претци-умрените го оставиле на нас живите да го сочуваме за најродените, не е тоа само име,фирма или назив па да го промениме тоа за нас е многу многу повеличенствено нешто што не одржало во живот и сега ако нашиот идентитет е прашање на живот, каков е тој компромис кога треба вие да бидете полужив, нелогичен е , апсурден е спрема нас ако на тој начин го согледуваме и затоа Владата имајќи ја во предвид сета апсурдност вели Ние ги водиме преговорите, ние сме кооперативни, сакаме да најдеме решение на основа на она што станало со таа Резолуција 817 во ОН да не именуват нешто што нема да биде навредливо како сегашната референца БЈРМ, а со самото прифаќање на таа референца од Грција, таа ни создава нас усвоено право значи во таа референца е содржан зборот Република Македонија а бидејќи бивша југословенска е состојба а не е назив останува единствено за нас дека сме Република Македонија и дека ние на тоа треба да истраеме.“ (Интервју за Радио Илинден)
Еве уште една „јасно срочена мисла“ од истото интервју:
„Вие кога на некој народ ќе му ја пресечете историската линија вие правите злостор, затоа што нема во историјата на еден народ точен почеток, има точен крај, кога згаснувале одредени нации меѓута трагањето по корените секојпат е право на секој народ и тоа го правел секој народ на балканот, единствено нам ни ускратувале да знаеме кои сме, бидејќи ако знаеме кои сме, знаеме и што сме бидејќи тогаш во одредени периоди сме морале да читаме туѓи истории, да учиме од туѓи книги, сега на некого не му годи кога се откриваат работи кои се фасцинантни, тука е болката кај тие што сеуште се обидуваат да ни наметнат ментален монизам, дека само една вистина постои и дека мора таа вистина да е апсолутна и тоа доведува до многу конфузни ситуации денес кога се обидуваат политичарите да им ја земат историјата од историчарите да креираат нивна претставаза тоа што е историја.“
Во моментов не сакам да навлегувам во содржината, имам забелешки само за формата.
Ваквите неписмени реченици создаваат општа конфузија. Транскриптот од интервјуто требало претходно да биде авторизиран, или барем лекториран.
Вака, се добива впечаток дека претседателскиот кандидат е граматички неписмен човек кој не знае литературно да се изрази со јасна реченица, особено кога му се поставуваат судбоносни прашања за иднината на нашата земја.

Граѓани за Европска Македонија

2/16/2009

Движењето граѓани за Европска Македонија, од утре (вторник), 17 февруари 2009 година, ќе ја продолжи серијата средби и разговори со граѓаните за состојбите и перспективите на Република Македонија. Трибините ќе започнуваат во 17 часот, и ќе се одржат во следниве градови:

17.02.2009 (вторник), Битола, Младински културен центар
18.02.2009 (среда), Куманово, сала на Совет на Општина Куманово
19.02.2009 (четврток), Струга, Дом на културата
20.02.2009 (петок), Кичево, Дом на културата

Иницијаторите на ова граѓанско движење и авторите на Манифестот за европска Македонија: Мерсел Биљали, Никола Гелевски, Бранко Героски, Жарко Трајаноски, Владимир Милчин и Роберто Беличанец, досега се сретнаа и дебатираа со граѓаните на Скопје, Велес, Штип и Струмица.

Граѓаните масовно присуствуваа на трибините и нагласија дека се загрижени за иднината на својата држава. Наместо експлозија на националистички страсти, поделба на патриоти и предавници, глорификација на античката историја и букефализација, тие бараат нормален живот и европска иднина за себе и за идните генерации.

Според нив, Македонија е држава која се повикува на Европската унија, но се движи во спротивна насока односно во самоизолација. Државата тоне во тоталитаризам, корупција, сиромаштија и ги губи сите позиции за скорешно вклучување во европското семејство. Преговорите со Грција за името се исполнети со манипулацијата дека борбата за името е всушност борба за нашиот идентитет. Промената на уставното име, според нив, не значи и промена на идентитетот. Затоа, компромисот со Грција и борбата за ЕУ всушност претставуваат влог во иднината.

За многумина граѓани одлуката на надлежните институции за посебни „етнички“ смени на струшките средношколци и молкот на политичарите (и од власта и од опозицијата) претставува пораз за демократијата во Македонија. Но едновремено и и показател за тоа дека политичарите во оваа држава повторно сакаат да ги поделат граѓаните по етничка линија и со тоа полесно да владеат.

Движењето за европска Македонија е граѓанска иницијатива која сака да го поттикне и охрабри граѓанскиот индивидуализам наместо се поприсутниот колективизам. Оттаму, Манифестот за европска Македонија досега го поддржаа над 500 индивидуалци.

Сите граѓани кои сакаат да го стават својот потпис на овој граѓански манифест тоа можат да го направат на e-mail: gem@sonet.com.mk или на интернет страната:www.gem.org.mk.

Движењето за европска Македонија ќе организира трибини и настани до 1 март. За време на изборната кампања активностите ќе запрат и ќе продолжат по завршувањето на изборите.


In vino evritas!

2/15/2009


Според историчарот Тацит, Германите секогаш пиеле вино кога донесувале политички одлуки, бидејќи верувале дека никој не може успешно да лаже кога е опијанет. Ете лек за нашите политичари. Пред секоја собраниска седница треба да има пијанка. А и нашите претседателски кандидати прво треба убаво да се налеат, па дури после да даваат изјави за медиумите. Еве каде ти лежела вистината за европска Македонија:
„Претседателскиот кандидат на ВМРО - ДПМНЕ вели дека токму во виното е вистината за европска Македонија.
„Токму во тоа е нашето интегрирање во Европа. Да им понудиме европско вино, за да разберат дека тие што го прават се европејци. Пиете вино – да, зима црно, лето, бело.“ – вели Ѓорѓи Иванов.“ (Претседателските кандидати фреквентно се среќаваат со граѓаните)
Потсетување од Зомбификација: Во виното е вистината – за Македонија!
Сега одвај чекам да ме прогласите за Ивановид(ец)!

Февруарски поход: Штип

2/13/2009

Штипјани порачуваат: Нема оправдување за лошото владеење на оваа власт


Движењето Граѓани за Европска Македонија промовира единствена политичка идеја: Македонија во ЕУ! Идејата за Македонија во Европа значи интеграција, наспроти сегашната политичка, етничка и верска сегрегација. Затоа, македонските граѓани без страв треба да бараат одговорност од политичарите.

Ова се дел од заклучоците на синоќешната трибина во Штип. Иницијаторите на движењето, Мерсел Биљали, Никола Гелевски, Бранко Героски, Жарко Трајаноски, Владимир Милчин и Роберто Беличанец, пред преполната сала на општината во Штип, ја одржаа третата од серијата средби и разговори со граѓаните за состојбите и перспективите на Македонија.

За учесниците на трибината членството во Европската Унија и НАТО не е само членство во организирани друштва на привилегираните нации. Членството е нешто многу повеќе од тоа: прифаќање на систем од цивилизациски вредности и филозофија на живеење. Оттаму, Македонија не само што се стреми, туку и заслужува да биде дел од тој свет.

Штипјани истакнаа дека не се уплашени и апатични иако се свесни дека сиромаштијата е преголем товар за поголемиот дел од македонските граѓани и дека таа ги принудува да бидат понизни и тогаш кога не треба. Сепак, граѓаните на синоќешната трибина не се плашеа отворено да прашаат, зошто и покрај големите пари што се трошат на медиумски кампањи, никој отворено не објаснува кои се придобивките од системот „бруто-плата“. Според нив, ваквиот систем ќе ги уништи занаетчиите. „Како воопшто пратениците можат да изгласаат вакви закони? Што мислеа политичарите кога го изгласаа законот за пензионирање?“, се само мал дел од бројните прашања шти ги мачат Штипјани.

Голем дел од учесниците го коментираа огромниот притисок што се врши врз граѓаните преку медиумите. За нив, кампањите за „библиска“ и „античка“ Македонија, а не европска Македонија, се дел од пропагандата која упорно не убедува дека се движиме во „вистинската“ насока. Граѓаните знаат дека на медиумскот „пазар“ се слеваат милионски суми од страна на власта, кои не се трошат за информирање, туку, исклучиво за пропаганда. Едновремено, граѓаните сметаат дека проблемот со Грција не е веќе алиби за сите погрешни одлуки на актуелната власт.

Синоќа во Штип, 111 ѓраѓани се потпишаа и го поддржаа Манифестот за Европска Македонија.

Движењето Граѓани за Европска Македонија го продолжува својот поход низ Македонија. Вечерва, во Домот на АРМ, во Струмица, со почеток во 18 часот, ќе се одржи четвртата трибина за перспективите и состојбите во Македонија. Акцијата ќе трае до 1 март, ќе прекине за време на изборната кампања, а ќе продолжи после изборите.


Февруарски поход: Велес

2/12/2009

Велешани порачуваат: Власта нема право да ни ја одземе иднината!


Македонија ги изгуби основните демократски вредности. Слободата не постои, таа е заменета со цензура и самоцензура. Наместо култ кон Уставот и уставните принципи, во Македонија се гради култ на личноста. Мегаломанијата на актуелната власт го гази македонскиот дух и ги затвара сите врати кон Европа и кон иднината.

Со овие констатации, иницијаторите на движењето Граѓани за европска Македонија (Мерсел Биљали, Никола Гелевски,. Бранко Героски, Жарко Трајановски и Владимир Милчин) ја започнаа синоќешната трибина во Велес, втора од серијата средби и разговори со граѓаните за состојбите и перспективите на Македонија.

Салата на општина Велес беше исполнета речиси до последното место со граѓани од различна возраст кои сакаа да ги споделат своите ставови, мислења и грижи за Македонија и нејзината иднина.

Поголемиот дел од присутните сметаат дека Македонија на внатрешен план тоне во тоталитаризам, корупција и сиромаштија додека на надворешен план ги губи сите позиции и надежи за скорешно вклучување во семејството на Европската унија. Преговорите со Грција за името се исполнети со манипулацијата дека борбата за името е всушност борба за нашиот идентитет. Промената на уставното име, според нив, не значи и промена на идентитетот. Компромисот со Грција и борбата за ЕУ се всушност нашиот влог во иднината.

Граѓаните се загрижени од случувањата во Струга и од се поприсутната манипулација со средношколците во оваа општина. Тие сметаат дека власта не смее да го поддржува сценариото според кое Македонците и Албанците не сакаат и не можат да живеат заедно. Според нив, за секој проблем постои решение и партиите наместо да се борат за „гола“ власт и постојано да генерираат кризи, треба конечно да почнат да ги решаваат проблемите на граѓаните.

На синоќешната трибина беше истакната и потребата од национално помирување кое мора во себе да ја вгради и прифати историјата без каква било селекција односно со сите нејзини светли и темни настани и личности.

Средбата заврши со констатацијата дека власта нема право да ни ја одземе иднината и дека ова е вистинското време да се разбуди индивидуализмот. Oсумдесетина граѓани на Велес се потпишаа и го поддржаа Манифестот за Европска Македонија.

Иницијаторите на движењето Граѓани за Европска Македонија, вечерва, ќе се сретнат и со граѓаните на Штип. Трибината ќе започне во 18 часот, во салата на општина Штип.

(Полемика за иницијативата „Граѓани за Европска Македонија“ се води кај Геро -
Кој ако не ние, кога ако не сега? и кај Волан)

Февруарски поход: Скопје

Граѓаните сакаат да живеат во демократија, а не во тоталитаризам


Денес Македонија е држава која се повикува на Европската унија, но се движи во спротивна насока односно во самоизолација. Ткивото на македонската демократија е разјадено. Наместо почитување и практикување на основните демократски принципи кои се загарантирани и со Уставот на Република Македонија, македонските граѓани живеат во полудиктатура исполнета со страв и постојана пропаганда.

Ова се само дел од констатациите на првата трибина на движењето Граѓани за Eвропска Македонија, која се одржа синоќа, во Скопје, во просториите на Детскиот театарски центар. Иницијаторите на ова граѓанско движење: Мерсел Биљали, Бранко Героски, Никола Гелевски, Роберто Беличанец, Владимир Милчин и Жарко Трајаноски, со 118 граѓани присутни на трибината, повеќе од два часа разговараа за состојбите и перспективите на Македонија.

Македонските граѓани се загрижени за иднината на својата држава. Наместо експлозија на националистички страсти, поделба на патриоти и предавници, глорификација на античката историја и букефализација, граѓаните бараат нормален живот и европска иднина за себе и за идните генерации.

Поголемиот дел од учесниците истакнаа дека демократското ткиво на Македонија го разјадува се поголемата корупција на интелектуалците од страна на власта, како и, се поприсутната самоцензура односно стравот на граѓаните јавно да го искажат својот став. Затоа, движењето Граѓани за Европска Македонија, според нив, е еден од можните начини за будење и охрабрување на граѓанската свест и индивидуализам, наспроти се поагресивниот тоталитаризам.

За учесниците на вчерашната трибина одлуката на надлежните институции за посебни „етнички“ смени на струшките средношколци и молкот на политичарите (и од власта и од опозицијата) претставува пораз за мултиетничноста во Македонија и показател за намерата на политичарите во оваа држава повторно да ги поделат граѓаните по етничка линија за полесно да владеат со нив.

Движењето Граѓани за Европска Македонија го продолжува својот поход низ Македонија. Вечерва, во салата на општина Велес, со почеток во 18 часот, ќе се одржи втората трибина за перспективите и состојбите во Македонија. Акцијата ќе трае до 1 март, ќе прекине за време на изборната кампања, а кога ќе завршат изборите ќе продолжи.

Македонците и пандите

2/11/2009

Недостигот од сексуален ентузијазам кај кинеските панди се смета за една од главните причини за постојана опасност од изумирање на овој егзотичен животински вид. Повеќе од 60 отсто од заточените панди во зоолошките градини не пројавувале никаква сексуална желба. Сите обиди на зоолозите да побудат сексуален интерес кај пандите биле неуспешни. Дури ни употребата на вијагра не помогнала, па конзервативните зоолози почнале да прибегнуваат кон методите на вештачкото оплодување.

Сепак, некои проникливи научници од Тајланд најпосле смислиле мошне оригинален начин за сексуално стимулирање на незаинтересираните панди. Согледувајќи дека проблемот е во недостигот од елементарно сексуално образование, тие почнале да им прикажуваат експлицитни видеоснимки со „панда секс“! Дури тогаш осамените панди, лишени од „улично“ сексуално образование, сфатиле од своите колеги и колешки како се прави „онаа работа“. Воведувањето нов предмет по сексуално образование, со користење современи нагледни средства, се покажало како мошне успешна стратегија во битката со „белата чума“ кај пандите. Само по десет месеци, бројот на новородени панди се зголемил неколкукратно. Сексуалната преродба на пандите и сега продолжува, благодарение на примената на современи научни методи за сексуално образование. Сексуалните зоолози од Тајланд научно докажаа не само дека сексуалното образование е моќ туку и вистинска преродба!

Е каква врска имаат сега Македонците со пандите? Прашањето е сосем на место. Па и ние како и пандите сме заточени во егзотичната зоолошка градина „Западен Балкан“ опколена со високи шенгенски ѕидишта. И македонските заробеници се' помалку пројавуваат сексуална желба, особено откако асексуалните религиозни проповедници ги окупираа училиштата и ТВ-екраните, вгнездувајќи се и во „совеста“ на нашите политички проповедници. Сите досегашни обиди на нашите политички зоолози да побудат сексуален интерес во име на „преродбата“ и борбата против „белата чума“ останаа безуспешни. Не помага ниту финансиската поддршка за „живородени деца“ во општините со низок природен прираст, ниту пак кампањите за „многудетно семејство“ што почнаа да ги водат нашите малкудетни (или бездетни) министри и министерки. Во ветер одат и празничните посланија од религиозните пастири кон послушното „стадо“ верници, во кои абортусот се осудува како убиство и главна причина за „белата чума“. Како што асексуалната веронаука не може да биде достојна замена за сексуално образование, така и кампањата за бесплатно вештачко оплодување не може да биде супститут за посакуваниот секс и посакуваната бременост.

Признавам, се израдував како кинеска панда кога ја чув добрата вест дека една од партиите што учествуваат во нашата конзервативна влада понудила проект за задолжително сексуално образование. Но, почна да ме фаќа страв кога прочитав дека „со овој проект ќе се обезбеди здрава младина“ и дека се планира да се воведе кај петтоодделенците што веќе „доброволно“ посетуваат веронаука.

Зошто ме фаќа страв? Па, христијанските вероучители што читаат „Премин“ веќе се освестени дека децата не треба да се едуцираат за сексот затоа што тој ја уништува човечката личност, ја ослабнува човековата волја и го прави роб на страстите. Една од пораките на Архимандрит Рафаил (Карелин), кога ја толкува седмата Божја заповед „Не прељубодејствувај!“ е дека „Во сексот нема ништо благородно и радосно, туку напротив, има толку многу понижувачко и вулгарно!“. Еве уште неколку христијански пораки со кои се задоени нашите вероучители: „сексот и развратот се сила што го демонизира светот“; „крајниот резултат од блудочинството е т.н. несакана бременост, чија крвава завршница претставува абортусот, односно чедоубиството“; „оној што гледа со желба, веќе прави прељуба“; „сексот е зависност, исто како алкохолизмот и наркоманијата“.

Дали е можна толеранција и „соживот“ помеѓу асексуалната веронаука и сексуалното образование? Според препораките на Светската здравствена организација, правото на образование за сексуалноста е дел од сексуалните права како човекови: „Сексуалното здравје налага позитивен и почитувачки пристап кон сексуалноста и кон сексуалните врски, како и кон можноста за угодни и безбедни сексуални доживувања, ослободени од присила, дискриминација и од насилство.“

Ако сакаме да воведеме сексуално образование што успешно ќе превенира несакана бременост и сексуално преносливи инфекции, тогаш треба да си одговориме на следново прашање: Ќе ги учиме децата дека изразувањето на сексуалноста е смртен грев, блуд, разврат или зависност или ќе ги учиме на нивните сексуални права и одговорности (вклучително и на вештини како да го зачуваат сексуалното и репродуктивното здравје)?

Ако се одлучиме на првото, тогаш залудни се сите политички декларации дека „Унапредување на адолесцентното, сексуалното и репродуктивното здравје се дел од главните здравствени приоритети на Министерството за здравство и Владата.“ Оти, сексуалното и репродуктивното здравје не се унапредува со веронаука која проповеда „безгрешно зачнување“ и апстиненција пред брак, со полициско одземање кондоми на сексуалните работнички и присилно тестирање, ниту, пак, со демохристијанска кампања за „објаснување на последиците од абортусот“.

Ако сакаме да го унапредиме сексуалното и репродуктивното здравје, тогаш мора да воведеме родово-чувствително сексуално образование што ќе промовира сексуална слобода, сексуална автономија, сексуална еднаквост, сексуална различност.

Се разбира, доколку не сакаме да си останеме затворени како кинески панди, во егзотична античкомакедонска зоолошка градина.

Манифест против стравот!

2/09/2009

Граѓански манифест за Европска Македонија изгледа ги заболе т.н. „Македоноиди“ штом почнаа да фрлаат дрвја и камења жигосувајќи не како „Соросоиди“. (Парадоксот да е поголем, најголемите етнички „Македоноиди“ се потпишуваат како Павловиќ и Томиќ!)
Сите потписници на манифестот сме прогласени за носители на опасен вирус, заушки, и за грчки платеници. Се најавуваат и заканувачки акции за наше ставање во „карантин“.
Сме добиле дури и цели 100 црни бумбари на Грујовизија (има ли подобар комплимент од тоа)?
Зошто нашата граѓанска иницијатива – критичко дебатирање на тема „Европска Македонија“ – е дочекана на нож? Кому му пречи „Европска Македонија“? Кому му пречиме како граѓански Македонци и Европејци?
Некои велат, не било сега време за граѓански иницијативи и критички дебати. Не им е проблем тоа што „над-партиските“ кандидати предвреме ја започнаа изборната кампања со лични дисквалификации. Проблем сме им ние, група граѓани што навреме си почнавме граѓанска иницијатива за промоција на европски вредности и политики. Иницијатива која ќе мирува за време на предизборната кампања.
Да не должам, би ги прашал нешто Латас и сите квази-патриотски анонимуси кои се гадат од идејата за Европска Македонија:
Дали и претседателскиот кандидат номиниран од ВМРО-ДПМНЕ е носител на „заушки“ затоа што неколку години бил член на извршен одбор на фондацијата „Отворено општество“? Дали и тој треба да се стави во „карантин“ затоа што се залага(л) за граѓански, демократски и европски вредности?

Себеодрекување

2/04/2009

Еден пијан свештеник бил запрен од полицаец поради пребрзо возење. Откако помирисал алкохол во џипот и здогледал едно отворено шише вино, полицаецот прашал: „Оче, знам дека е слава, ама да не сте се напиле малку повеќе вино?“ Отецот смирено му одговорил: “Не чедо, само вода пиев“. „Е, зошто тогаш оче, целиот џип ти мириса на вино?“ - продолжил полицаецот, погледнувајќи кон отвореното шише. Отецот погледнал изненадено кон шишето, па восхитено извикал: „Слава ти Боже што пак направи чудо, претворајќи ја водата во македонско вино!“

Ваистина, едно чудо политички чуда се случија во Македонија летото Господово 2008. Првото чудо беше претворањето на Букурешкиот пораз (голата вода) во славна победа (македонско вино). Ем се вративме како победници од Букурешт, ем целото јато на НАТО застана зад Грција! Негираа дека заминале со компромисно име. Негираа дека отишле со лажна надеж дека измамникот Буш ќе не' прошверцува.

Второто чудо беше претворањето на изборниот дебакл во победа за Македонија! Нашите политички чудотворци не' убедуваа дека изборите не се предвремени, туку навремени. Не' убедуваа дека изборите нема да ги забават, туку ќе ги забрзаат евроинтегративните процеси. Потоа се обидоа и да не' убедат дека изборите не биле партиска „касапана“, туку цели „98 или 99 проценти“ фер и слободни.Третото ланско чудо беше претворањето на негативниот извештај на ЕУ во извештај за „остварување“ и „прогрес“. Нашиот политички месија обнароди дека „ги исполнивме осумте одредници онака како што се бараше од нас“, посочувајќи ја Грција како дежурен виновник за сите наши проблеми. Неговите конзервативни апостоли негираа дека катастрофалните избори биле причина за уште едно повторување на годината поради единицата по демократија.

Но, одбранбените механизми може само да ја одложат болката, непријатноста и неизбежното соочување со проблемите. Кога-тогаш со политичките проблеми ќе мора да се соочиме, оти тие нема да снебидат со никакво чудо! Нема туку-така да исчезне условената покана зад која застанаа сите земји-членки на НАТО, па и нашите сојузници САД. Останува проблемот што имаме мал демократски капацитет да организираме слободни и фер избори, што нашите партии немаат елементарна демократска култура на дијалог и комуникација. И оние „репери“ што не ги исполнивме ќе си останат неисполнети, а ќе си добиваме и нови за да ги надоместиме демократските штети што секојдневно ги прават нашите политички чудотворци.

Сепак, најголемото современо чудо не е претворањето на водата во македонско вино. (Според Евангелието на кибернаутите, чудотворецот Чак Норис истото вино го претворил во македонско пиво, по што се' станува возможно, па и решавањето на спорот со Грција). Најголемото македонско чудо е што наместо да се обединиме како европски и граѓански Македонци, почнавме да се делиме како библиски Македонци, антички Македоноиди, како Дарданци или, пак, потомци на „Славе Македонски“ од раниот неолит. Ако Владата успее да го убеди мнозинството дека се потомци на библиските и/или античките Македонци, со тоа само ќе ја докаже тезата на најголемите негирачи на нашата посебност - кои не' негираат како парче глина што секој може да го обликува како ќе посака.

Опијанети од библиското античко-македонско вино, нашите политички чудотворци одамна ја преминаа дозволената брзина, прво на аеродромот, а сега и на автопатот Александар Македонски. Фали уште Аце наш, голем маж, да го зајава Букефал среде Скопје, за Грците да си го докомплетираат хашкото досие за македонското прекршување на Привремената спогодба. Залудно потоа нашите политички „попови“ ќе им објаснуваат на сообраќајците од ЕУ дека не пиеле античко вино, туку само изворска вода, кога веднаш ги издава ем здивот ем мегарската чаша со шеснаесткракото сонце од спотот „Македонија вечна“. Ете уште едно чудо. Досега беше само глупоста вечна. Спотот ја направи и „Македонија вечна“, промовирајќи не како домаќини што ги дочекуваме туристите со замавнат боздоган наместо со лепче и солца.

Џабе изгледа народот вели: „Секое чудо за три дни“. Три дни по три дни, се сторија безмалку три години политичко чудотворење. Ете, и во 2009 најчитана политичка сликовница е „Македонија во земјата на чудата“. По критиките дека агресивните кампањи на Владата негативно влијаат врз слободата на медиумите, Владата ќе го решава проблемот со нова кампања за слободата на медиумите?! „Не станува збор за кампања, туку за презентирање јавна политика“, одрече вицепремиерот, и веднаш се повика на десетици светски кампањи. Баш ме интересира дали ќе се презентира и јавната политика на жигосување на аналитичарите на неповолниот извештај од Брисел, кога премиерот одрече: „во заклучоците нема ниту збор за изборните инциденти“.

Одрекувањето е сила. Себеодрекувањето е моќ. И во претстојнава кампања ќе се изнагледаме многу (себе)одрекувања и многу „преображенија“. Чудата се повторно на цена и на сцена, зашто само чудо може да ја спаси Македонија од сопствените чудотворци. Ако не' убедат дека поранешни министри, актуелни партиски советници, па дури и поранешни претседатели на партии се „натпартиски кандидати“, тогаш може да не' убедат и дека античката „гола вода“ може да се преобрази во „европско“ вино на 99,102 отсто фер и слободни избори.Но, како завршува македонската верзија на почетниот виц? Оптимистите тврдат дека полицаецот не верувал во чуда, па му ја одзел возачката на пијаниот поп. Евроскептиците се убедени дека не се работи за виц, туку за вистинска приказна: пијаниот отец спокојно продолжил да јури со џипот, а полицаецот се просветил откако пивнал од македонското пиво, дал оставка и решил да се замонаши.

Мојот список со блогови

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Архива на блогот

Footer Widget 1

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Loading...

Footer Widget 2

Популарни објави

Популарни објави

Popular Posts this month

Popular Posts this week