Проштевајте што не успеав да му одолеам на искушението да ја почнам колумнава со следниов виц: „Зошто рипките во аквариумот изгледаат среќно и весело кога се заточени од раѓање до смрт? - Затоа што имаат меморија која трае пет секунди.“
А колку трае нашата меморија, рипчиња мои македонски? Некои тврдат дека имаат слоновско паметење, дури до библиска Македонија. Други, пак, тврдат дека имаат букефалско паметење, дури до античка Македонија. Има и такви што се уверени дека имаат препотопско паметење - дури до неолитска Македонија. Нешто слабо им верувам. Ако имаат толку долготрајно паметење, што ќе им се толку многу нови паметници по градските плоштади и паркови?
Моето паметење е навистина краткотрајно, во споредба со некои библиски Македонци. Има и такви што веруваат дека „Македонците се потомци на Китим, внукот на дедо Ное“ (како што прочитав во коментарите на „Премин“). Ќе да имам ич-паметење, во споредба со членовите на здружението „Античките Македонци“ од Богданци. Откако ја постигнаа својата цел - „Осознавање за постоењето на континентот на македонскиот народ од античко време до денес“ - конечно ја осознаа и вечната вистина, преточувајќи ја во слоган: „Само сонцето е постаро од Македонија!“ Изгледа сум во апсолутен заборав, во споредба со моите сограѓани што го паметат „македонскиот неолит“ - седум илјадигодишното владеење во мир, колонизацијата на Европа од „Македонскиот Полуостров“...
И покрај краткото паметење, на некои работи мошне добро се сеќавам. На пример, откако го слушнав „претседателскиот“ слоган „Еден за сите“, прва ми падна на памет славната изрека на мускетарите „Еден за сите - сите за еден!“. На прв поглед, политичкиот слоган изгледа беспрекорно: експлицитната порака е - „Јас еден, ќе бидам претседател за сите (вас)!“; имплицитната порака е - „Затоа гласајте сите за еден (за мене)!“ Ама, мускетарскиот слоган е само на прв поглед беспрекорен. Само за оние што имаат паметење како аквариумски рипки.
Оние што паметат малку подолго, ќе се сетат на колумната на Љубиша Георгиевски, објавена на истово место, во среда, 12 јули 2006. Мојот поранешен колега тогаш неуспешно прорекол: „На 6 јули 2006 се паѓа почетокот на крајот на квазидемократијата, односно изгревот на демократијата.“ Но, за нас (изгорени од зраците на преродбеничкото сонце) позначајна е следнава антиципација, кога колумнистот ги анализира причините за изборниот пораз на СДСМ (тогашните партиски лидери): „Сиве овие другари, ќе си ја поделеле вината солидарно како мускетарите: сите за еден, еден за сите - или, како што гласеше логото на некогашниот „Остен“ - Еден за сите, сите за никаде!“
Значи, во 2006 мускетари беа од СДСМ, а сега мускетари се од ВМРО-ДПМНЕ. Ете уште еден доказ дека среќните политички рипки од владејачката партија имаат меморија од пет секунди. Да го читале подобро својот колумнист (или „Остен“), навреме ќе сфателе дека првата асоцијација на слоганот „Еден за сите“ веќе не е „сите за еден“, туку „сите за никаде“. Истата поента ја има и во визионерските стихови на еден наш современ поет: „...претскажувам смени на влади / градба на пирамидални клади / на кои душите ги положуваме / сиромаштијата ја вложуваме / за високи камати / се тики во круг / еден-по-друг, еден-до-друг / еден за сите - сите за никаде...“.
Имаме кратко паметење, за наша среќа или несреќа. За час изумивме дека кециштето по демократија го добивме поради изборната „касапана“, на која и претходеше „црната дупка“ од политички дијалог. Како сега нашите паметници - „понављачи“ промовираат демократски дијалог? Едниот паметник тврди дека му го криеле противкандидатот „како ленунка“ и дека го држеле „во инкубатор“. Другиот паметник во „позитивен дух“ промовира европски вредности: „Како ќе прифатите дуел со лажго со кафеански речник...“, поентира професорот, заборавајќи дека „кафеанскиот лажго“ му е академски колега со кој има објавено заедничка книга.
Кампањата уште не почнала, а меѓународните набљудувачи се восхитени од изблиците на демократска култура и меѓусебно почитување на нашите академски кандидати. Дали во ист стил ќе продолжат и ако ги избереме? Дали нашиот иден претседател ќе побара јавно извинување од грчкиот претседател, пред да седне со него на иста преговарачка маса? Или, можеби, иронично ќе им побара на Грците список со желби, кои треба да им ги исполниме, за да излезат на преговори?
Не можам да разберам зошто толку запнале новинарите за „ТВ дуел“ (дуел подразбира двајца) кога има дури седум претседателски кандидати. Одеднаш, се создава илузија дека ако нема телевизиско соочување, ќе немало ни демократски избори. Ете, толку ни е паметењето. Веднаш заборавивме дека и без ТВ дуел лани си имавме „98 или 99 проценти“ слободни и фер избори.
Можам да разберам зошто „демохристијанските“ студенти го знаат само значењето на зборот „копиљаци“, а не знаат што значат зборовите „дркаџии’, „г-точка“, „село гори, баба ја боли“. Очигледно, немаат ниту домашно ниту, пак, сеопфатно улично сексуално образование. Крајно време е да им се воведе сексуална едукација, пред утре да почнат да прашуваат како се прави „трето дете“.
Нејсе, за малку ќе изумев, друго ми беше поентата. Ако продолжи предизборната партиска „дебата“ на тема „Кој бил поголем душман на Македонија?“, тогаш и на овие избори ќе се оствари слоганот на холивудскиот блокбастер „Ејлиен против предатор“ - Кој и да победи, ние губиме! Со ваква кафеанска демократска култура, кој и да победи, Македонија пак ќе загуби. Очигледно, некому му одговара да продолжиме да си пливаме како среќни рипки во македонскиот аквариум. Среќни рипки со паметење од пет секунди.