Македонија: некаде четврта, некаде прва!

9/28/2007

Владата е скромна, или пак не дезинформира:

Светска Банка: Македонија четврта во Источна Европа во спроведување економски реформи ...

Според информацијата на Светската банка, „FYR Macedonia“ е четврта на листата од топ 10 реформатори во светот.

Едно е да си четврт во Источна Европа, сосема друго е да се четврт во светот!

Иако сум крајно скептичен во однос на се што доаѓа од Светската банка, еве му честитам на Груевски и му посакувам да ги продолжи економските реформи.

Но, што станува со политичките реформи? Бива ли економија без судство?

Уште едно незгодно прашање: Дали сме сеуште на прво место на топ-листата од земји со највисока стапка на невработеност?

Сексуална хемија

„Имам читано за тоа во магазините.
Кога си заљубен... тоа е само лачење на хормони... кои ги менуваат сетилните мириси.“ - Чарли Партана (Џек Николсон), во „Честа на Прициеви“


„Љубовта е хемија, сексот чиста физика“ - ми го цитираше Марфи една колешка-блогерка. Но, можна ли е сексуална физика без сексуална хемија?

За да ја победи пенисот силата на гравитацијата, треба да живне либидото. А може ли да се разбуди либидото ако нема размена на хемиски сигнали?


„Очи ширум отворени“

Лас Вегас не е само место каде што луѓето си го прокоцкуваат животот и стапуваат во брак. Лас Вегас е и местото каде што Британскиот физиолог д-р Бриндли му демонстрираше на светот дека либиднината на човештвото е во сексуалната хемија. Сеуште се памети презентацијата на д-р Бриндли на научната конференција во далечната 1983. Бриндли, познат инаку по првите визуелни протези и имплантации на електронски очи, успева ширум да им ги отвори очите на колегите со оригиналната презентација на своето научно откритие.

Во клучниот момент од презентацијата „Вазо-активна терапија за еректилна дисфункција“ д-р Бриндли им објаснил на слушателите дека претходно инјектирал во својот пенис феноксибензамин. Веднаш потоа ги соблекол панталоните пред вџашената публика покажувајќи им го својот еректиран пенис.

Реакциите на неговите колеги се дел од историјата на сексуалната хемија. „Ерекцијата беше навистина за почит“ - изјавил професорот Алварез од Онтарио. „Тоа беше голем пенис, а тој само шеташе околу бината покажувајќи го“ - посведочил д-р Арнолд Мелман. Според д-р Ирвин Голдстајн, д-р Бриндли се симнал кај публиката и им дозволил да го допираат: „Луѓето не можеа да поверуваат дека тоа не е имплант.“

Две години подоцна се случува уште едно интересно откритие. Експериментирајќи со хемиски состојки со намера да ги прошират срцевите артерии, двајца научници ненадејно стануваат сексуални пионери. Нивната дрога успева да го зголеми крвотокот - но, не во срцето, туку во пенисот.

Нова сексуална револуција?

Некои, пак, ги сметаат како пионери на сексуалната хемија алхемичарите, со нивните верувања во сексуални еликсири, талисмани и афродизијаци. Интересно е дека верувањата во афродизијаци опстојуваат и денес, и покрај тоа што наоѓаат малку поткрепа во науката. На пример, иако алкохолот и канабисот нашироко се користат поради нивните афродизијачки моќи, поскоро станува збор за социјални и психолошки „лубриканти“ отколку за супстанци кои го будат либидото. Исто така, и вијаграта не е само плод на научните настојувања за лекување на импотенцијата кај мажите, туку и средство што масовно се користи како афродизијак. И покрај недостатокот на клинички докази дека вијаграта има моќ да ја зголемува сексуалната желба, верувањето во нејзините афродизијачки моќи - слично како и ирационалната вера во господ - може да направи чуда и да покрене цели планини.

Некои пак предвидуваат дека за неколку години вијаграта ќе му дојде нешто како аспирин, во споредба со она што ни го „куваат“ сексуалните (ал)хемичари во нивните „реторти“. Иако вијаграта предизвика своевидна сексуална револуција (во голема мерка благодарение на „пласибо ефектот“), сексуалните хемичари продолжија со потрагата по „светиот грал“. Но, сексуалната револуција не ги засегаше обата пола подеднакво. Вијаграта само ја продлабочи родовата нееднаквост. Затоа потрагата продолжи по хемиска супстанца која ќе ја зголемува сексуалната желба не само кај мажите, туку и кај жените.

На сексуалните хемичари им беше мошне добро познато дека најчестиот сексуален проблем на кој се жалат жените е губењето на сексуалната желба, проблем кој не се решава со вијагра.

Интересно е дека фармацевтската потрага по „женски еквивалент за вијаграта“ не е насочена кон некоја супстанца која ќе го зголемува крвотокот во женските гениталии, туку кон дрога која ќе дејствува врз централниот нервен систем, врз мозочните центри за задоволство. Дали тоа значи дека сексуалните хемичари го сметаат пенисот за сексуален орган кај мажите, а мозокот за сексуален орган кај жените? Секако, не. Современата сексуалната хемија е мотивирана да создаде синтетички афродизијаци кои директно ќе ја зголемуваат сексуалната желба и кај жените и кај мажите. Кога станува збор за либидото, мозокот е побитен од гениталиите.

Сексот е дрога?

Како што видовме, модерните сексуални хемичари настојуваат да пронајдат дрога за зголемување на сексуалната желба - либидото. Но, има ли поголема „дрога“ од сексот?

Навистина, зошто луѓето постојано зборуваат за „секс, дрога и алкохол“, претпоставувајќи дека сексот и алкохолот не можат да бидат видови дрога?

Дека сексот може да биде исто толку опасен колку и хероинот сведочат „сексоманите“ - луѓе навлечени на телесната хемија предизвикана од постојан секс. За тоа сведочат и се поголемиот број здруженија на „анонимни сексахоличари“ кои настојуваат да ја возобноват „сексуалната трезвеност“, според слични принципи како одвикнувањето од алкохол.

Ако по неколу поминати дена без секс добивате тешки „апстиненцијални кризи“, и по секоја цена ви е итно потребна „доза“ секс, тогаш ги имате основните симптоми за сексуален „дрогераш“.

Која е најефикасната терапија против сексуална зависност? Сексуална „детоксификација“ или „супституциона терапија“? Кои хемиски супстанци се најефикасни за лекување на сексуалната зависност?

За жал, од гледна точка на сексуалната хемија, тоа се сеуште прашања кои не заслужуваат одговор што толку ќе одекне во јавноста, како откритието на некој нов сексуален афродизијак.

Macedonia - in a nutshell

9/27/2007

„Кога нема црнила, дува!
- Марко Петрушевски

ДУИ - заложник во Собранието?

Партиската рашомонијада околу собранискиот скандал продолжува.

ДУИ сега го вперува прстот кон полицијата:

„...полицијата ги претресуваше возилата на функционерите на ДУИ, го претресе возилото и го приведе личното обезбедување на претседателот на партијата, кој истовремено е и пратеник, а подоцна претепа граѓани-Aлбанци кои спонтано се собраа пред законодавниот дом во обид да дознаат што се случува внатре.“ (ДУИ во заложништво во Собранието)

Зошто ми е тешко да поверувам во „спонтаниот“ собир на граѓани-Aлбанци?

Што, зарем причината за собирот било тоа што ДУИ биле држени во заложништво во Собранието?

„Додека граѓаните спонтано се собираа за да дознаат што се случува со раководството на ДУИ, кое беше во заложништво во зградата на Собранието, специјалците на МВР интервенираа и брутално ја нападнаа толпата која спонтано се обиде да протестира таму. Како последица, невини граѓани завршија во Ургентниот центар, со здобиени повреди од специјалците.“

Според ДУИ, сите други се виновни, само не тие.

Главен виновник ти бил Вејсели: „ситуацијата ја предизвика Абдулади Вејсели“

Во „невиноста“ на Тачи не се сомневаме: „нападот врз жена е најкукавичкиот чин што може да го стори еден маж“

Виновен е и претседателот на Собранието: „На јавноста и' е јасно колкава радост доживеа спикерот поради инцидентот, па не можеше да се воздржи од еуфоричната реакција пред камерите!“

Виновна е и полицијата што ги малтретирала само членовите на обезбедувањето на ДУИ и нивните „невини“ и „спонтани“ симпатизери, а не и „кондовската банда“.

Сите други се виновни и одговорни - само не ние!

Познато ви звучи, нели?

Истата одбранбена стратегија ја применуваат и другите учесници во скандалот.

А сите се виновни и сите учествуваа во скандалот - помалку или повеќе.

Крајно време е да започне процесот на расчистување со политичките силеџии - не само во ДУИ и ДПА, туку и во сите останати партии.

Крајно време е да започне процесот на расчистување со полициските силеџии.

Ако ја парафразираме патријархалната поента на Ермира, нападот врз новинар е најкукавичкиот чин што може да го стори еден полицаец.

Крајно време е да се расчисти со силеџиското однесување на „Алфите“. („Алфи“ претепаа камерман на Алсат)

Крајно време е да се утврди одговорноста - кривичната и политичката.
И полициската.

Вооружен напад на Собранието?

9/26/2007

Што се случувало вчера вечер пред Собранието?

Дали постоел обид за блокада на собранието (Активисти на ДУИ се обидоа да го блокираат Собранието) или пак станувало збор за остварување на правото на мирен протест (според изјавата на пратеник на ДУИ)?

Кој кого нападнал? Дали „Алфите“ биле први нападнати или пак тие први нападнале?

Според МВР: „...неколку службени лица биле нападнати при обидот да ги спречат да се упатат кон зградата. По преземените мерки, толпата била разбиена...“

Дали за „20-30 лица“ може да се каже дека претставуваат „толпа“?

Дали ви е веродостојно објаснувањето: „...четворица поради повредите кои здобиле при нападот на службените лица се префрлени во клиничкиот центар.“?

МВР тврди дека „кај неколкумина било забележано автоматско и друго оружје“, меѓутоа не е дадена никаква информација какво оружје било пронајдено кај приведените лица. Како да веруваме дека лицата што „избегале во правец на паркот „Жена борец“, ГТЦ и ТЦ „Мавровка““ се вооружени, ако не се пронајдени ниту лицата ниту нивното оружје?

Според МВР, Собранието - кое било чувано од „Алфите“ облечени во цивил - било нападнато од „толпа“ вооружени лица, што било причина за легитимната употреба на сила.

Но, кој воопшто издал наредба Собранието да биде заштитувано од службени лица во цивил (без соодветна заштита) во случај кога група граѓани се собрала да протестира пред него?

Ако случајно се наоѓате пред Собранието, како ќе знаете дека овие лица се припадници на „Алфите“ а не дел од „толпата“ вооружени лица што се обидува да влезе во Собранието?

Зарем вака се брани Собранието од напад на вооружена „толпа“?

Какво е нивото на државната безбедност и ефикасноста на нашата полиција ако „толпа“ вооружени лица се обидела да го нападне Собранието и притоа не е фатено ниту едно вооружено лице?

Што било денес приоритет на полициската акција - фаќање на вооружените лица кои наводно го нападнале Собранието или пак потрага по новинарски снимки и брутално претепување на снимателите?

Латас - најголем борец за геј права?

Предлагам, МАССО да не го прогласува веќе Латас за „најхомофобична личност на годината“, туку за „најголем борец за геј права“!

Зошто?

1) Со своите „ненадминати“ колумни Педерологија и Шупаци и Шупци Латас покажа не само дека не се плаши од „поинаквите“, туку и јавно изјави дека ќе им ги почитува правата на „хомосексуалците од новинарската фела“ ако излезат први од „подрум“ и речат: „јас сум педер, тоа е мое право, и барам разбирање“!

Зарем со тоа не ги охрабри „поинаквите“ колеги да почнат јавно да си ги бараат своите права?

2) Латас изјави дека се согласува со „овдешните големи култури и религии: христијанската, муслиманската и еврејската“ кои „педерастијата ја сметаат за девијантна општествена појава“ и ја осудуваат „како неморална и неприродна“.

Што е крив Латас што е толку културен и религиозен? Како после ова да се занемари неговата улога во идентификувањето на главните извори на хомофобија во Македонија?

3) Со своите јавни „заебанции на рачун на педерите“ („...сум ги заебавал. Па што! А кој не се заебава со нив?!“) и сугестијата дека неговото право да пишува и да се потсмева е над „правата на педерите“, Латас само покажа каква е општата клима во однос на хомосексуалците и нивните права.

Со само две колумни Латас успеа да ја убеди македонската јавност дека хомофобијата и дискриминацијата се прилично сериозен општествен проблем.

Да не постоеше Латас, МАССО требаше да го измисли. Може ли да се замисли подобра промоција на правата на хомосексуалците од симптоматично изведената хомофобична кампања - „иш муво од мојата капа“?

Поради сите овие заслуги не е лошо да се размисли за идејата да се прогласи „недопирливиот легалист“ Латас и за почесен член на МАССО.

Медиумски манипулации: Кој е жртва, а кој насилник?

„Утрински весник“ ја претставува Теута Арифи како најголема жртва: „...најдебелиот крај го извлече пратеничката на ДУИ Теута Арифи“.

Насловната страница на „Вечер“ ја претставува Теута Арифи како најголемиот насилник, импутирајќи и ги зборовите на Латас - „I have a gun“, наместо „I have a dream“.

Војната започнува во медиумите кои настојуваат да создадат конфузија во нашите глави.

Медиумските војници никако да се демобилизираат.

Не настрадаа само новинарите како „колатерална штета“ - туку и слободата на информирањето.

Шеќеринска и Латас - Дупло дно?

9/25/2007

Прашањето е чисто реторичко.
Има ли нешто подосадно од претставата „Маме му ебам, кој прв почна!“?

Во Македонија немало војна?

Зошто упорно го викаат „Охридски договор“, кога е потпишан во Скопје, и се вика Framework Agreement:

„Охридскиот договор е политички акт од внатрешен карактер, со правни консидерации - одредби во деловите за кои е потребно прецизно да се дефинираат. Тој не е меѓународен договор и не е мировен договор.“

(Охридски договор, по стоти пат)

Иако ги прекинал „воените дејства“, договорот не бил мировен бидејќи „...во Македонија немало војна...“:

„Не е мировен, иако има одредби што се однесуваат за прекин на воените дејства и регулирање на последиците од нив, бидејќи во Македонија немало војна ниту воена или вонредна состојба за време на конфликтот.“

Како може да немало војна ако имало „воени дејства“? Ако договорот бил постигнат за да се прекинат „воените дејства“, и успешно ги прекинал, зошто да не се нарекува мировен договор? Дури и да имало само „внатрешен конфликт“, тоа сепак значи дека немало мир - и дека договорот успеал да го постигне.

Најпосле, да потсетам - Како е можно сите овие луѓе да биле во илузија кога зборувале за „Рамковниот договор“ како за мировен договор?

„До крајот на оваа година треба да го спроведеме охридскиот мировен договор...“ (Бранко Црвенковски, како претседателски кандидат, за „Време“)
„Вашите гласачи очекуваат и да ги консолидирате достигнувањата од Охридскиот мировен договор и да донесете траен мир и стабилност во Македонија“ (Хавиер Солана во писмо до Црвенковски, А1)
„Со Дејтонскиот мировен договор, со кумановскиот мировен договор и со охридскиот мировен договор ние немаме трајно решение на балканските проблеми.“ (ЉУБЧО ГЕОРГИЕВСКИ, за „Време“)
„Со Рамковниот Договор пред две години во Охрид му беше дадена навистина голема шанса на мирот и на заедничкото живеење, но и на заедничката одговорност за иднината на нашата заедничка држава, оценува претседателот Трајковски во пресрет на утешните две години од потпишување на Охридскиот мировен договор.“ (А1)
„Точно е дека умерената македонска влада, предводена од Премиерот Бранко Црвенковски и поранешниот лидер на бунтовниците, Али Ахмети, имаше успеси. И двајцата остануваат посветени на Охридскиот мировен договор и единството на државата. Откако тие победија на изборите во 2002 година, политичката реторика беше смирена.“ (Меѓународна кризна група)
„Оваа програма ќе и помогне на ПЈР Македонија во имплементирање на Договорот за Стабилизација и Асоцијација и на Охридскиот рамковен (мировен) договор.“ (Европска агенција за реконструкција)
„Никаде на светот парламентот на државата не преговара за мировен договор од овој тип.“ (ЏЕЈМС ПЕРДЈУ, за „Вест“)
Видете и „Ни лук јал, ни лук мирисал“?, Рамковниот договор - увод во уставна криза.

Кој ја упропасти Матка?

9/24/2007

Има ли нешто потрагично од упропастена природна убавина?

Глупаци ја упропастија Треска - поентира Геровски.

Вчера се симнав откај манастирот Св. Никола, ама кајче не можеше да дојде да ме префрли преку езерцето, кое веќе не личи ни на езерце.

Разочаран - морав да се враќам назад.

А кога ќе се уништи реката - заедно со животните во неа - тешко е враќањето назад.

Во име на Македонија: „национални и државни интереси“

Претседателот на Република Македонија Бранко Црвенковски оствари средба со Генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун и даде изјави од кои боли глава:

„Претседателот Црвенковски истакна дека станува збор за една контрадикторна ситуација во која што ОН како организација водат де факто спротивна политика од онаа што ја водат мнозинството членки во организацијата затоа што Република Македонија веќе е признаена од 117 членки на ОН со своето уставното име.“

И покрај тоа што ОН водат „контрадикторна“ политика, Република Македонија ќе ги продолжи разговорите, како дел од „спротивната политика од онаа што ја водат мнозинството членки во организацијата“:

„За името е направен преседан што не е направен со ниту една земја членка меѓутоа и покрај тоа Република Македонија ќе ги продолжи разговорите согласно Резолуцијата на ОН водејќи сметка за своите национални и државни интереси истакна Претседателот Црвенковски.“

Како може некој да обвинува за контрадикторност, а истовремено да продуцира контрадикторни ставови и постапки? Ако е контрадикторно продолжувањето на разговорите во услови кога не имаат признаено мнозинството членки на ОН, тогаш зошто едноставно не ги прекинете?

Врз основа на што е изведен заклучокот дека продолжувањето на разговорите е согласно нашите „национални и државни интереси“?

И што се подразбира под „национални и државни интереси“? Дали тоа значи дека нашите „национални интереси“ се разликуваат од нашите „државни интереси“?

Ако не, зашто не се употребува само зборот „национални“ или зборот „државни“?

Хиподром

9/23/2007

Некогаш беше - „Давам кралство за коњ!“

Сега „коњските сили“ се само апстрактна единица мерка.

А како тоа во „земјата на Букефал“ да нема барем еден пристоен хиподром?

Блогерски кодекс?

9/22/2007

Интересен е одговорот на барањето на Реакција по однос колумната Педерологија на Драган П. Латас, од МАССО и ХОПС- Опции за здрав живот, до Советот на честа на Здружението на новинарите на Македонија:

„Колумната на Драган Павловиќ – Латас објавена на 10. 09. 2007 година, во весникот „Вечер“ под наслов „Педерологија“ не е во согласност со неколку одредби на новинарскиот кодекс како и со основиот постулат за етичко однесување на новинарите кој од нив бара „да ги бранат човековите права, достоинството и слободата, и да го почитуваат плурализмот на идеите и ставовите“.

Колумната во која маргинилизираните групи како што се хомосексуалците се третираат со подбивност е во спротивност со членот 10 од етичкиот кодекс кој бара од новинарот: „да не поттикнува дискриминација по било која основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка..).

Советот на честа при ЗНМ се оградува од овој текст потсетувајќи дека основните стандарди на професијата како и клучните етички постулати какви што се застапување на човековите права и слободи, негување на духот на толеранцијата и борба против дискриминацијата од каков и да е вид, се темелите на секое професионално и одговорно новинарство.“

Што мислите, дали ни е потребен Кодекс на блогерите?

Маченце за усвојување

9/21/2007

На едно мало маченце потребен му е нов дом.
Лично ќе ви биде доставено ако го посакате.

Македонско училиште: „Направи сам“

Бесплатен интернет за македонските училишта, кои немаат пари ни за стакла и врати?

„Во училиштето веќе години никој не вложува ништо, самите ги саниравме стаклата, сами си ставивме и железна ограда, а јас си донесов врата од дома за мојата училница - вели одделенскиот наставник Авзи Зендели.“ (Немаме ни клупи ни столчиња)

(фотографијата е преземена од „Вест“)

Како ли се греат во зима без огрев?

„Исто така, имаме проблем и со греењето, бидејќи немаме огрев за зима, а печките се стари и треба да се запалат во 3 часот наутро за да горат - вели Ајдини Демир, одговорен наставник во училиштето.“

Што е финтава - ако се послушни, ќе им пуштат пари и за дрва?

Додека Децата учат во мизерни школи, а Владата се луксузира со скапи кампањи за подигање на сопствениот рејтинг, едно прашање заслужува одговор:

Колку пари изминатава година се потрошени за кампањи, колку за обнова на Владините згради и канцеларии, а колку за обнова на училиштата?

Во име на Македонија - Македонска Република Македонија?

9/20/2007

Не треба јавно да се радуваме што и Канада ја призна Македонија под уставното име, за да не ги налутиме нашите чувствителни соседи. Оти, предрасудите на нашите соседи се многу поважни од сувереното право на нашата држава да си го одбере сопственото име.

Дали ни е потребна мала промена на името? Или пак Нешто сосема ново!:

„На сите им е јасно дека терминот Македонија ќе биде централен елемент од името. Но, потребно е некаква навистина мала промена. Можеби Македонија напишана според транскрипцијата на јазик во земјата, или Македонска република.“ - вели експерот Кофос.

Секако, Потребен е гест на добра волја, но и од страна на Грците.

Ако ние инсистираме на „Република Македонија“, а Грците ни предложат „Македонска Република“, дали тогаш можеме да постигнеме компромис - „Македонска Република Македонија“?

Грција ќе не поддржи ако го смениме името. Бездруго, и ние ќе ја поддржиме Грција ако си го смени името. Ама и ние да кумуваме при промената.

Дали би се согласиле на кириличната меѓународна употреба на „Република Македонија“ - но, само под услов и единственото меѓународно име на нашиот јужен сосед да биде Ελληνική Δημοκρατία?

И „Ние нема да бидеме среќни со таквото решение, ама може да живееме со него“ - но, само ако знаеме дека и Грците ќе бидат исто толку несреќни како и нас.

Ако и ние и Грците не можеме да бидеме подеднакво среќни, да бидеме барем подеднакво несреќни.

Македонска пост-модерна уметност: де-инсталации


Македонија го откри Колумбо

9/19/2007

Вчера бев на отворањето на една изложба за Кристофер Колумбо, во библиотеката „Браќа Миладоновци“. Веднаш да предупредам, немам намера тука да се занимавам со понижувачките империјалистички глупости од типот дека Колумбо „ја открил Америка“ (антиблог за филип петровски). Дури и да поверуваме во евроцентричните историски бајки дека навистина ја „открил“, зошто тогаш континентот не се вика „Колумбија“?

Она што ми го привлече вниманието беше текстот на еден од плакатите: „Од Новиот свет дојдоа доматот, пченката, компирот, тутунот, какаото, гравот...“.

Но, на закуската по отворањето на изложбата немаше ни трага од „откритијата“ на Колумбо, туку беа послужувани разно-разни сендвичиња со моцарела, пршутчиња, кашкавалчиња, морски плодови...

Нормално, логично си го поставив прашањето - што јаделе „Македонските словени“ (или „Античките Македонци“ - кој како претпочита), ако на времето немало ниту домати за кечап, ниту пченка за качамак, ниту компири за печење и варење, ниту тутун за џвакање и пушење, ниту грав за прдење, ниту чоколада за десерт?

Не е ли малку смешно што ги сметаме за локални брендови „струмичкиот“ домат, „тетовскиот“ грав и „прилепскиот“ тутун - истовремено инсистирајќи дека „Македонија е основоположник на Европската цивилизација“ (Верувале или не: Македонски неолит)?

Ако на Груевски му текне да започне нова кампања - „Купувајте древно-македонски производи!“ (скраја да е!) - како ли тогаш ќе преживеат неговите следбеници, со што ли ќе се хранат?

Штета што не е вистинит слоганот - „Си - тоа што го јадеш!“. Ако беше вистинит, ние секако ќе бевме Американци - барем проблемите со нашиот национален идентитет ќе беа минато.

Македонија: „Компјутер за секое дете“

9/18/2007

Компјутер за секое дете“ – па и за Грујо.

Macedonia to give every student a PC - ни го призна уставното име популарниот блог Endgadget, по што беше нападнат од грчки спамери.

Се пофали и македонската Влада - Македонија прва земја што ќе обезбеди компјутер за секој ученик, оценуваат светските портали и медиуми ...

Страв ми е само, да не испадне како со кампањата - Macedonia Becomes World’s First ‘Wireless’ Country. Тогаш се тврдеше следново: „Now a vast majority—95 percent—of the country’s population has access to wireless, broadband Internet service.“

Испадна голема лага – а никој не се извини.

Македонија - трета албанска држава?

Некои луѓе како да не живеат во Република Македонија или како да живеат во некое друго време.

Како да ја преспале 2001.

Како да не слушнале за „Рамковниот договор“ и за промените во Уставот.

Како никогаш да не прочитале дека Република Македонија, по 2001, е и држава на граѓаните „кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“.

Може ли да биде обвинет за повик за насилно уривање на уставниот поредок на државата некој што изнесува личен став дека Македонија е „трета албанска држава“, кога - според Уставот - граѓаните „кои се дел од албанскиот народ“ се носители на државниот суверенитет?

Според Уставот, Република Македонија не е држава само на македонскиот народ. Таа е и албанска, и турска, и влашка, и српска, и ромска, и бошњачка, и држава на „другите“.

И, дајте, ве молам, објаснете ми! Како тоа „Ставот дека Албанците треба да се стремат кон обединети албански држави на Балканот“ е интересен за Обвинителството и медиумите, а ставовите на Љубчо за подарување на државни територии не се? И, спомна ли некој од нив дека тоа ќе го остварува по насилен пат?

За несреќа на граѓаните, Република Македонија стана исклучива етничка држава, во која „народот“ се перципира исклучиво како „етнос“, а не како „демос“. Збир на етнички трла подложни на политички манипулации од страна на фејзиовци, љубчовци, и неписмените медиуми.

Затоа Република Македонија не е ниту демократска, ниту граѓанска држава.

Не може да има демократија ако нема „демос“.

Не може да има граѓанско општество ако нема граѓани и граѓански ориентирани медиуми.

Мимикрија

9/17/2007


Животните знаат прекрасно да се вклопат во средината.

Пеперутките и цветовите играат танго.


Штурците се љубат со тревките...

Но, и со лисјата...


А уште подобро си прилегаат со камењата...

Само човекот, и неговите творби, штрчат...

Неприлагодени.

Говор на омраза и полициско насилство

Во последниот извештај, Хелсиншкиот комитет - укажува дека Јазикот на омразата е повторно на јавна сцена:

„Последен фрапантен пример за употреба на јазикот на омразата е делот од излагањето на претседателот на Светскиот македонски конгрес Тодор Петров на 36-тата светска македонска иселеничка средба во Трново по повод Илинден (2 август 2007). Тој во таа прилика го изговори и овој повик (цитирано според ТВ Канал 5): „Бараме и трајна забрана на ѓаволската секта на Вранишковски во Македонија поради поттикнување и разгорување на национална омраза, раздор и нетрпеливост и повреда на угледот и достоинството на Република Македонија. Битолчани имаат историска одговорност да го откорнат нивното дувло под Пелистер“. Речникот на претседателот на Светскиот македонски конгрес воопшто не се разликува од воинствените повици против Евреите во триесеттите години на минатиот век кога Германците на овој начин беа повикувани од нацистите да „се справат“ со Евреите.“ (Месечен извештај за јули/август 2007)

Кој невиден парадокс! Човекот кој очебијно поттикнува и разгорува национална и верска нетрпеливост никој не го чепка - а Вранишковски си одлежа за „календарчето“.

Интересно, Хелсиншкиот комитет ја поздравува и охрабрува ажурноста и професионалноста во работењето на Секторотза внатрешна контрола при МВР, кој во два драстични случаи констатирал пречекорување на службените овластувања.

случај 1: „По барање на лицето вработено во МВР, странката застанала со возилото, а осомничениот кој се легитимирал како припадник на специјалните единици при МВР-Алфи вперил пиштол во него и почнал да му нанесува повреди мавајќи го по главата со кундакот од пиштолот, а потоа и со тупаници и клоци по целото тело. Подоцна, лицето вработено во МВР било идентификувано како граничен полицаец. Службеното лице имало и дополнителна помош од други цивили, наводно негови пријатели кои му се приклучиле во тепањето. Странката била однесена со Итна помош во Клинички центар и задржана три дена.“

случај 2: „На ден 13.05.2007 година г. Стојчевик бил физички нападнат од страна на припадници на АЛФА – полицијата во присуство на својата сопруга и неговото две годишно малолетно дете. При извршениот напад кој се случил на јавно место се здобил со тешки телесни повреди.“

Иако во мојот последен контакт со „Алфите“ воопшто не бев жртва на физичко насилство (Лишување од слобода заради утврдување идентитет?), сеуште немам добиено никаков одговор од Секторот за внатрешна контрола на мојата усна претставка поднесена во полициската станица.

Како што гледам, биле прилично зафатени.

Плурализмот во Македонија - во сенка на едноумието на Тито

9/15/2007

Фотографијата е од 5 јануари 1991, илустрација на текстот од Нова Македонија „ВМРО-ДПМНЕ обвинува без аргументи“. Наспроти легендата на фотографијата, секретарот Јован Трпеновски дава политички изјави под сликата на Тито и југословенското знаме, непосредно пред конституирањето на првото повеќепартиско собрание.
Дали нешто се променило во меѓувреме? Сликата на Тито ја нема, ама полицијата сеуште се третира како партиско трло.

Фотографија од првата седница на повеќепартиското Собрание, конституирано на 8-ми јануари 1991. „Ние сме титови - Тито е наш“ - како да велат Гоце и Карев длабоко во сенката на доминантниот лик на Маршалот.

Дури и Димитар Црномаров, кој се прославува по симнувањето на сликата на Тито во градското собрание на Скопје, изјавува: „Немам ништо против тоа сликата на Тито да стои во салите, во канцелариите и на други места и Тито да го почитува кој сака“. (текстот е од 10 јануари 1991)

„Нова Македонија“ објавува куп осуди за симнувањето на сликата на Тито.

Боде очи насловот „Суверена Македонија е дело на Тито“, како и реакцијата „по акциите што се преземаат против името и ликот на Тито“ откако е премачкан со боја „Титов“ пред Велес. Во написот се пренесува и осудата на борците на „некултурното однесување“ на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Зоран Китев „кој единствен од сите пратеници седеше при интонирањето на југословенската химна за време на конституирањето на новиот македонски парламент“.

Срам да му е.

Пред нецели 17 години.

Охрид: Убавина vs. Технологија

9/14/2007

Што е попривлечно - езерото или вртлогот?

Што ви е во фокусот - црквата или хеликоптерот?

На каде ве влече окцето - накај спасувањето или накај подигнатата сукњичка?

Сексуално брендирање на Македонија


Бев пријатно изненаден кога прогуглав „секс“ - статијата „Македонски секс“ излезе на првата страница во конкуренција на комерцијални руски порно и еротски сајтови.

Тоа значи дека брендот „македонски секс“ бесплатно ќе се рекламира во Русија и сите други земји каде што се користи кирилица.

Уште не ни е јасно колку пари потроши Владата на „брендирање“ на Македонија. Меѓутоа, ако прогуглате „македонски“, или „Македонци“, ќе видите дека на првата страница нема ниту еден владин сајт.

А да стават една реклама на мојот блог?

Сексуална футурологија

9/13/2007

„Иднината на човештвото е бисексуалноста“ - бомбастично најавија некои наши медиуми, цитирајќи го италијанскиот сексолог Умберто Варонези. Наспроти чичко Фројд, кој тврдеше дека луѓето се раѓаат како бисексуалци, овој смел сексуален футуролог му соопшти на човештвото дека сите припадници на видот homo sapiens културно ќе еволуираат во бисексуалци.

Мистеријата на „бисексуалноста“

Што точно значи предвидувањето дека сите ќе еволуираме во бисексуалци? Дали тоа значи дека моносексуалноста - независно од тоа дали станува збор за хетеросексуалност (сексуалното мнозинство) или за хомосексуалност (главното сексуално малцинство) - ќе биде надмината како доминантен културен модел од страна на бисексуалноста? Ваквиот одговор логично се наметнува ако го прифатиме научното објаснување на Варонези дека „повеќе нема да биде важно дали практикуваме секс со партнер од спротивниот или истиот пол“.

Со ваквото објаснување, Варонези не претпоставува дека спротивните полови биолошки ќе исчезнат, туку само дека на луѓето од иднината нема повеќе да им биде толку важен полот при изборот на сексуалниот партнер, колку што им е важен на луѓето од сегашноста.

Бисексуалност (двополовост) или асексуалност (бесполовост)?

Но, приказната на Варонези, како што ја цитираа нашите медиуми, сугерира и нешто сосем друго: „„Мажите и жените еволуираат кон ист модел ... Мажите веќе не треба да се борат за преживување и произведуваат помалку тестостерон, а жените имаат нови должности и произведуваат помалку естроген и органите за репродукција им атрофираат“.

Ваквото објаснување сугерира дека поскоро станува збор за некаква биолошка, отколку за културна еволуција. Ако мажите и жените навистина еволуираат кон ист модел тогаш предвидувањето дека „Иднината на човештвото е бисексуалноста“ добива сосем поинакво значење. Имено, тука зборот бисексуалност не се употребува како „сексуална ориентација“, туку како поистоветување на машките и женските карактеристики и губење на биолошката разлика „машко“ и „женско“. Во една таква ситуација, бесмислено би било да се каже дека „нема да биде важно дали практикуваме секс со партнер од спротивниот или истиот пол“ - затоа што, ако се остават прогнозите на Варонези, половите едноставно би исчезнале. И тоа не само во биолошка, туку и во културна смисла.

Ако пак исчезнат половите, тогаш е бесмислено да се тврди дека „Иднината на човештвото е бисексуалноста“, затоа што зборот бисексуалност подразбира „постоење на два биолошки пола“. Можеби пре(д)видувањето на Варонези би требало да гласи поинаку: „Иднината на човештвото е во асексуалноста (бесполовоста)“.

Сексуалноста отаде полот и репродукцијата

Сепак, се чини дека Варонези е во право кога сугерира дека сексуалноста се повеќе се измолкнува од стегите на полот и репродукцијата.

Благодарение на технологијата, зачнување на човечко суштество е можно и без сексуален контакт. „Сексот повеќе не е чин за репродукција“, потенцира сексуалниот профет. Но, дали од тоа логично следува дека „Сексот ќе биде само чин на љубов“? Несомнено, растежот на сексуалната индустрија и сексуалниот туризам воопшто не оди во прилог на сексуалната утопија на Варонези.

Благодарение на технологијата, и биолошкиот пол не е веќе константа, туку менлива. Според некои футуролози, прашање на време е кога промената на полот/родот ќе стане универзално човеково право. Навистина, што ќе се случи ако мнозинството од човештвото го напушти „дво-партискиот полов систем“ и ако ги замени половите очила кои гледаат црно-бело со родови очила кои ги разликуваат сите бои од спектарот на виножитото? И, ако исчезне полот како битна константа, дали притоа ќе исчезне и постојната класификација на три „сексуални ориентации“ според принципот - „ист пол“, „различен пол“, „обата пола“?

Кибер-сексуална либиднина?

На прашањето „Која е твојата сексуална ориентација“ - хетеросексуална, хомосексуална, или бисексуална - некои испитаници го даваат следниов одговор: - Едноставно „сексуална“!

Надминување на традиционалната идентификациска шема се случува и во кибер-просторот, каде што се повеќе луѓе ги инвестираат своите сексуални очекувања. А кибер-сексуалноста не се истргнува само од стегите на полот и репродукцијата, туку и од стегите на телесниот контакт како доминантен начин на сексуална комуникација. Многу кибер-сексуалци се надеваат дека технологијата на „виртуелна реалност“ ќе овозможи нови начини на сексуална комуникација, непоимливи за приврзаниците на „обичната“ реалност.

Дали иднината на либидото („либиднината“) е во кибер-просторот и во „виртуелната реалност“? Којзнае. Како што предупредуваше чичко Аристотел, треба да бидеме многу претпазливи кога си имаме работа со искази кои посочуваат на некое идно време.

Синоќа сонував дека во интергалактичката електронска енциклопедија се појавила следнава статија за Земјаните:

„Човекот конечно оствари контакт со други поразвиени планетарни цивилизации. Првите вонземјани слетаа на Земјата и понудија вакцина против сите можни сексуални инфекции во замена за Антарктикот. За кусо време, Антарктикот стана меѓупланетарен туристички рај, специјализиран за ептен блиски контакти од четврт вид.“

Статијата беше спонзорирана од интергалактичката секс-туристичка агенција „(Кибер)Секс со Земјани“, која нудеше реални и виртуелни прошетки на Земјата со неодоливата туристичка реклама - „Бонус - бесплатно набљудување на секс помеѓу суштества кои сеуште разликуваат само два „пола“ и само три „сексуални ориентации“!

Верувале или не: Македонски неолит

9/12/2007

Дали сте знаеле дека...?

- „Македонскиот неолит“ зафаќа период од 10.000 години до 3.000 години пред нашата ера;

- „Македонија е основоположник на Европската цивилизација“;

- „Седум илјади години во Македонија владее мир“;

- „Именката Македонија, атрибутот Македонски е во секојдневна употреба во младото камено време...“;

- Колонизацијата на Европа започнува од „Македонскиот полуостров“ (преименуван во „Балкански полуостров“ во 1804 год.);

- „Жената на Македонскиот неолит е софистициран естета...“;

- „Архитектурата на Македонскиот неолит не познава тајни во конструкцијата“;

- „Грешките и незнаењето се дел од човечката природа но задачата да се корегираат пред образот на вистината, се чини дека е доделена на Македонија“.

Верувале или не, сите наведени цитати се од битолската изложба „Македонски неолит“ на „Светскиот центар за истражување на македонскиот неолит“, поддржана од „Министерство за Културта на Р. Макединија“ (токму така пишува на флаерчето).

Првата моја помисла: „Ете на какви глупости се трошат нашите пари“.

Втората помисла: „Ете со какви лаги им ги полнат главите на учениците кои организирано одат во музеј“.

Третата помисла: „Можно ли е да сме толкави идиоти и игноранти?“

Погледнете само каква била модата во „Македонскиот неолит“.

Не би ме изненадило ако откријат и неолитска сателитска антена.

Нема што - мора ние да сме ja измислиле Fashion TV.
Ни фали уште сапунска серија за „Каменковци“ во Македонија.
Yabba-Dabba-Doo!

Љубчо

9/11/2007

Откако замина од „блискиот исток“ на „блискиот исток“, Љубчо ја прогласи Македонија за федерација и предложи поделба (Георгиевски: Македонија треба да биде поделена).

Интересна е еволуцијата на нашиот политичар со „българско самосъзнание“.

Влезе во политиката мобилизирајќи ги стравовите кај народот од идеите за федерација и за Голема Албанија. Со своите говори подгреваше албанофобија и надежи за Голема Македонија.

Сега е најголем подржувач на идејата за Голема Албанија.

Иако Република Македонија му стана мала, се залага да е уште помала.

Или да ја снема - во Голема Бугарија.

Ќе го паметам како поет и како политичар.

Поетот што сакаше пички да лиже.

Политичарот - „пичкин дим“!

Криминализирање на сексуалните работнички: „Прај - трај“?

9/10/2007

Во написот Затворен бордел во Скопје за неиздавање фискални сметки, новинарката на А1 „информира“:

„Петнаесетте преноќувалци полицијата ги викнала на информативен разговор. Сите кривично ќе ги товарат за оддавање на проституција, а странските државјанки ќе одговараат за непријавен престој.“

Ај, ве молам, објаснете ми, како може некој кривично да се товари за оддавање на проституција, кога оддавањето на проституција воопшто не е кривично дело?

Еве што вели Законот за прекршоци против јавниот ред и мир:

„Кој се оддава на проституција, како и издава, односно става на располагање простории за вршење на проституција ќе му се изрече глоба во износ од 600 до 800 евра во денарска противвредност.“ (чл. 19)

И покрај тоа што станува збор за прекршители, очигледно е дека полицијата и медиумите сеуште ги третираат сексуалните работнички како „криминалци“, како што претходно укажав во еден објавен текст :

„Наместо да презема мерки против оние што ја експлоатираат проституцијата, нашата држава презема драстични полициски мерки против жртвите на експлоатацијата, ставајќи се во ситуација на активен прекршител на човековите права на сексуалните работнички и работници. (...)

Како резултат на таквата "борба против проституцијата", како резултат на селективната примена на законот и постојните негативни стереотипи, достоинството и човековите права на сексуалните работнички и работници се под постојана закана.“

Работејќи на едно истражување за перцепцијата на трговијата со луѓе, дојдов до сознанието дека мнозинство од граѓаните се убедени дека проституцијата е кривично дело - заблуда што упорно ја промовираат полицијата и медиумите за да се оправда т.н. борба против проституцијата како „општествено зло“ и „социолошко-патолошка појава“.

„Успешна“ држава, „заебан“ народ?

9/08/2007

16 години не се долг период само во животот на Б.Ц., туку и во кратката историја на самостојна Република Македонија. Набргу откако им се закани на историчарите да не ја „прекројуваат“ историјата, Б.Ц. (бившиот црвен) дава „историско“ интервју во кое самиот се обидува да ја скрои нашата историја.

Проблеми со меморијата
Ете, според Б.Ц., спречувањето на конфликтот од 2001 год. - „кој не внесе во една виорна војна“ - „не е само резултат на среќа туку на една разумна и рационална политика која се водеше во тој период“. („Загубивме клучна година“)
Може ли да се оцени една политика како „разумна и рационална“ ако резултирала со „виорна војна“? Пак изгледа Б.Ц. си има проблеми со меморијата. Многу бргу заборавил дека сите потписници беа построени како мали ученичиња од „меѓународната заедница“ за да го потпишат „Рамковниот договор“.
Ако тогаш било „разумна и рационална политика“ да се послуша „меѓународната заедница“, зошто тогаш истото не се прави и сега - кога ептен е познато што треба да се направи - за да се интегрираме во НАТО и ЕУ?

Социјалната цена за „демократизацијата“
Што се постигна? - „Граѓаните платија висока социјална цена, се зголемија сиромаштијата и невработеноста во периодот на градење на пазарната економија и демократизацијата на општеството. Наспроти сето тоа се постигнаа големи резултати и успеси.“
Кои успеси и резултати, „државнику“?
Може ли да се зборува за било какви „резултати и успеси“ кога сме на прво место на топ-листата од земји со највисока стапка на невработеност од 37.3%? Кога сме убедливо пред Намибија (33.8), Јужна Африка (27.1), Западниот брег и Газа (26.7), Гваделупа (24.7), Етиопија (22.9), Мартиник (22.4), Боцвана (19.6), Полска (19.0) и Доминиканска Република (18.4)? (извор: The Economist Pocket World in Figures, 2006).
Граѓаните ја платија таа цена, а не ти „државнику“. Каква цена плати ти за „ролексот“?

Кочничарот за реформите
Што вели еден од главните кочничари, за реформите:
„Клучни беа судските реформи, тука моравме да демонстрираме прогрес и тоа таксативно беа наброени работите: од докомлетирање на Судскиот совет, донесување на законите за Јавното обвинителство, профункционирањето на Академијата за судии и слично. Токму на тој план кој ни беше посочен како клучен критериум не направивме буквално ништо, изгубивме месеци и месеци во јалови политички преговарања и договарања, но резултат нема.“
И ти не направи ништо. Што се однесува до комплетирањето на Судскиот совет, ти си еден од најодговорните зошто судскиот систем е речиси блокиран.

Кочничарот за „Рамковниот“
Според Б.Ц., „Рамковниот“ се заобиколува „...кога некои пратеници ја менуваат етничката припадност за два месеца за да се измени бројниот однос во Комитетот за односи со заедниците, или на пример, кога се прават некакви дневни-политички пазари за измена на изборното законодавство, повторно за да се постигне некаква дневна цел: да се измени вистинската суштина на Бадинтеровиот принцип.“
Едно прашање претседателе? Колку вработени советници Албанци има во твојот кабинет?

Меѓуетничките односи
Нешто сепак се подобрило: „...факт е дека меѓуетничките односи се на многу повисоко ниво, дека имаме доволна меѓусебна и заемна доверба евентуалните проблеми патем да ги решаваме без да предизвикуваме некакви поголеми дестабилизации во државата.“
Според кои показатели се подобриле? Според препукувањата во Танушевци? Според тоа што сите внатрешно-раселени лица се вратија во своите домови? Според тоа што отселените жители од конфликтните региони во Западна Македонија (независно од етничката припадност) решија да се вратат во своите некогашни села и градови?
За каква „меѓусебна и заемна доверба“ зборуваш „државнику“?
Според што ја измери?
Според искрениот дијалог меѓу Тачи и Ахмети, Груевски и Шеќеринска кој произведе „европска“ иднина на Македонија?

***

Со Груевски, можеби загубивме клучна година. Со Црвенковски загубивме клучна деценија.
За Б.Ц. е прерано да размислува за повлекување од политиката.
За Македонија е можеби предоцна.

Ај, нека ни е честит денот на независноста!

Етничките парадокси во Македонија

9/07/2007

Живееме во еден парадоксален систем - прочитајте го само написот ПЕИ бара промена на Уставот, во кој Фиат Цаноски тврди дека Торбешите се „трет по бројност етникум во земјава“, а дека се третираат под категоријата „други“.

Од гледна точка на правото човек да си го изрази својот етнички идентитет - нема никаков проблем - ако некој се чувствува како Торбеш, може да си се изјаснува како Торбеш и слободно да го изразува својот торбешки идентитет.

Нашиот проблем е во тоа што создадовме политички систем во кој првенствено се мобилизираат исклучиви етнички идентитети. После Торбешите, не би ме зачудило ако се јават и Египќаните со барање да бидат и тие сместени во Уставот. А зошто не и Бугарите, кога веќе толку граѓани имаат пасоши од нашата соседна земја? Што ако утре, како резултат на се позасилените пропаганди, повторно се појават Бугарашите, Србоманите и Гркофилите?

Очигледно, политиката на исклучиви етнички идентитети не води во ќорсокак - во нови делби и нови конфликти. Претходно, веќе зборував за проблемот во врска со правото да се имаат два етнички идентитети (Али Ахмети – „европски Македонец“?).

Нели е малку апсурдно да се признава правото на двојно државјанство, а да не се признава правото на двоен или троен етнички идентитет?

Зошто да не можам во исто време да се чувствувам, на пример, како етнички Албанец и како етнички Македонец, ако татко ми е Албанец а мајка ми Македонка? Со какво право ме перципираат како „пола Албанец“ и „пола Македонец“, а не како цел Албанец и цел Македонец - кога ги зборувам и двата јазика и подеднакво ми се блиски и двете култури?

Наместо да не интегрира сите во една вклучителна политичка заедница, нашиот Устав не дезинтегрира во повеќе заемно исклучиви политички заедници. Наместо да промовира единствен граѓански национален идентитет - независен ед етничкото потекло - нашиот Устав промовира ексклузивни етнички идентитети.

Да бидеш и Македонец и Албанец во исто време е „баг“ во системот. Како политички да се поднесе помислата дека твојот глас ќе се брои и како глас на припадник на мнозинската заедница и како глас на припадник на најголемата „не-мнозинска заедница“? А зошто да не, ако се чувствувам како Македонец и како Албанец - кој може да ми го одземе правото да изразувам двојна етничка припадност?

Ако голем број луѓе ја прифатат теоријата за повеќекратна етничка припадност, тогаш системот мора да падне, затоа што не ќе може да се справи со „вишокот“ на идентитети. И треба да падне, затоа што се темели на погрешна претпоставка - дека ако припаѓаш на една (етничка) заедница, тогаш не припаѓаш и на друга.

Сексизми во медиумите

9/06/2007

А дали ќе исчезнат и вицевите за „плавуши“?



Што, зарем Барби и Кен не играат никаква улога?

Демек, жените се по „кавијар“, а мажите по „шампањ“?

Следствено, шовинизмот е добар за здравјето?



А што ли пишува тек у рубриката „само за жените“ - „влакномантија“? Колку влакна на градите, толку „пичка у душа“?

Македонија: соочување со сегашноста

9/05/2007

Соочувањето со реалноста и сегашноста е најголемиот проблем на нашите политичари. Тие си живеат во некој виртуелен свет, и претпочитаат или минато или некое идно време.

Еве еден симптоматичен пример за губењето политички контакт со реалноста и сегашноста. И според Владата, и според Претседателот на Република Македонија, ние сеуште граничиме со „Србија и Црна Гора“, иако оваа федерација престана да постои уште пред година и кусур.

Некои ќе речат - тоа се само стари, неажурирани податоци. Но, официјалните државни страници промовираат факти за Република Македонија, и мора постојано да се ажурираат.

Неажурираноста на основните податоци е симптом дека времето запрело за некого. Ако ја погледнете владината страница, на пример, ќе видите дека последното соопштение од Владина седница датира од 28.03.2007 година, а последниот прес од јануари 2007.

Очигледно, некои службеници од Владата не си ја вршат својата работа. И покрај тоа што повеќето медиуми имаат впечаток дека Владата има одлични односи со јавноста, јасно е дека не е во добри односи со сегашноста и реалноста.

СФР Југославија одамна престана да постои, а ние за голем дел од светот сме сеуште „Бивша Југословенска Република“. Кога најпосле ќе пораснеме и ќе станеме сегашна држава?

Грција - Македонија: Ти кажувам ќерко, сети се снао!

9/04/2007

Интересно укажување за етничката дискриминација во Грција од страна на професорот Кристијан Фос во интервјуто во последниот број на „Глобус“:

„Оваа регулатива, која на грчки се вика „Еленас стојенос“, што значи дека може да се вратат само етничките Грци, се применува се до денес, така што на формуларите се бара, освен националноста, да се пријави и етничката припадност, што во една модерна држава не би требало да постои. Етничката припадност не би требало да игра улога. Оние што пишуваат дека се Македонци, односно Словени, тие не можат да влезат во Грција.“ („Грција мора да се соочи со своето минато“, Глобус, 4.09.2007, стр. 30)

Едната порака на Фос, за оние што читаат меѓу редови, е дека и Македонија не е модерна држава, затоа што етничката припадност кај нас игра голема улога и целокупниот наш политички систем за базира на нејзино пријавување.

Втората порака е дека етничките Македонци се перципираат како Словени - нешто со што не се согласуваат оние кои веруваат дека се потомци на Големиот Александар - Македонски.

Ако „Грција мора да се соочи со своето минато“, тогаш и Македонија мора да се соочи со својата сегашност.

Мојот список со блогови

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Архива на блогот

Footer Widget 1

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Loading...

Footer Widget 2

Популарни објави

Популарни објави

Popular Posts this month

Popular Posts this week