Живееме во еден парадоксален систем - прочитајте го само написот ПЕИ бара промена на Уставот, во кој Фиат Цаноски тврди дека Торбешите се „трет по бројност етникум во земјава“, а дека се третираат под категоријата „други“.
Од гледна точка на правото човек да си го изрази својот етнички идентитет - нема никаков проблем - ако некој се чувствува како Торбеш, може да си се изјаснува како Торбеш и слободно да го изразува својот торбешки идентитет.
Нашиот проблем е во тоа што создадовме политички систем во кој првенствено се мобилизираат исклучиви етнички идентитети. После Торбешите, не би ме зачудило ако се јават и Египќаните со барање да бидат и тие сместени во Уставот. А зошто не и Бугарите, кога веќе толку граѓани имаат пасоши од нашата соседна земја? Што ако утре, како резултат на се позасилените пропаганди, повторно се појават Бугарашите, Србоманите и Гркофилите?
Очигледно, политиката на исклучиви етнички идентитети не води во ќорсокак - во нови делби и нови конфликти. Претходно, веќе зборував за проблемот во врска со правото да се имаат два етнички идентитети (Али Ахмети – „европски Македонец“?).
Нели е малку апсурдно да се признава правото на двојно државјанство, а да не се признава правото на двоен или троен етнички идентитет?
Зошто да не можам во исто време да се чувствувам, на пример, како етнички Албанец и како етнички Македонец, ако татко ми е Албанец а мајка ми Македонка? Со какво право ме перципираат како „пола Албанец“ и „пола Македонец“, а не како цел Албанец и цел Македонец - кога ги зборувам и двата јазика и подеднакво ми се блиски и двете култури?
Наместо да не интегрира сите во една вклучителна политичка заедница, нашиот Устав не дезинтегрира во повеќе заемно исклучиви политички заедници. Наместо да промовира единствен граѓански национален идентитет - независен ед етничкото потекло - нашиот Устав промовира ексклузивни етнички идентитети.
Да бидеш и Македонец и Албанец во исто време е „баг“ во системот. Како политички да се поднесе помислата дека твојот глас ќе се брои и како глас на припадник на мнозинската заедница и како глас на припадник на најголемата „не-мнозинска заедница“? А зошто да не, ако се чувствувам како Македонец и како Албанец - кој може да ми го одземе правото да изразувам двојна етничка припадност?
Ако голем број луѓе ја прифатат теоријата за повеќекратна етничка припадност, тогаш системот мора да падне, затоа што не ќе може да се справи со „вишокот“ на идентитети. И треба да падне, затоа што се темели на погрешна претпоставка - дека ако припаѓаш на една (етничка) заедница, тогаш не припаѓаш и на друга.
15 коментари:
Реакција!
Јас сакам да се чувствувам како Еским роден на Артикот...зошто не можам?
(Гледам си ме линкал, ама си го промашил линкот. Коприви не садам јас :))
Извини за линкот, некоја збунка е, ќе ја поправиме.
Инаку, баш пред извесно време разговарав со еден познаник од Вевчани кој рече дека се изјаснил на пописот како Индијанец (за инат на неговите соседи кои се изјаснувале како Вевчанци) - ама попишувачот не сакал да го заведе како Индијанец.
Инаку, мојот познаник е голем љубител на стрипови и вестерн-филмови, и уште од мало дете се идентификувал како Индијанец.
Зошто да не биде прифатен како Индијанец, ако така се чувствува?
Мислам дека треба да се направи разлика помеѓу лицата со едно само македонско државјанство и лицата со две или повеќе државјанства. Оние што имаат само македонско државјанство треба да имаат поголеми права од оние со тве или повеќе. На пример при вработување во јавните институции да имаат предност. Исто така би можеле да плаќаат помали даноци, или нивните деца да бидат ослободени од секакви партиципации. Лицата со две или повеќе државјанства треба да имаат можност да се откажат од немакедонското државјанство и така да влезат во групата на оние со една државјанство.
Ваквата дискриминација не треба да е непријателска, но сепак да нуди привилегии за оние кои ја избрале Македонија за своја единствена татковина, без разлика на нивната етничка припадност.
www.psiholog1.blogspot.com
Хм, секој смее, може и мора да се изјасни onaka како што се чувствува, за тоа нема потреба да се разговара.
Друга е топката овде кај нас.
Државјанство е...?
Нација е...?
Народ е...?
Чувство е...?
Психолог, тоа што ти го сугерираш е облик на дискриминација врз основа на националност, нешто што е забрането со меѓународните конвенции.
Бунка, се согласувам дек поимите државјанство, нација, народ... се тотално изместени како резултат на долготрајните политички манипулации.
Мора да почнеме да ги спасуваме од нашите политичари :)
Ау, претходниот коментар од психологот ме потсети на она дека сите сме еднакви, ама некои се поеднакви од другите. Што се однесува до можноста за “двојна националност“, мислам дека тоа не проаѓа затоа што кај нас постои поларизација на добри и лоши токму врз основа на националноста, со тоа што зависи од која перспектива гледаш, т.е. каде припаѓаш. При тоа важи она “ако не си со нас, против нас си“. За жал врз таа бинарна опозиција ни е структурирано општеството и ми се чини дека МНОООГУ работи треба да се променат пред тоа да се промени. Далеку сме ние од разбирање на “возможноста на невозможноста“ и од “политиките на пријателството“, бидејќи за таквата хетерогеност ни фали да бидеме најадени и да ни бидат платени сметките за струја и, особено, да можеме да го работиме она за коешто сме најдобри, а не она за коешто имаме врски.За жал, по којзнае кој пат за жал, социјалните парадокси и нивната цврста логика на функционирање ни го детерминираат општеството како парадоксално, па дури и животот како парадоксален... Па дури и да не те зафати дефетизам и апатија, ке ти ја исклуцат струјата и се ќе оди regresus ad uterum :-)
Поздрав од пропаднат “филозоф по диплома“.
Фала за поздравот колега :)
Баш пишувам книга за парадоксите на Македонија - не само етничките.
Нешто како терапија :)
Жарко
Очекував дека ова размислување ќе предизвика негативни реакции.Меѓутоа не и се согласил дека дискриминацијата е по основ на националност.Пишувам за дискриминација по однос на број на државјанства.
Се ивнинувам за претходниот коментар што не го потпишав бидејки по гршка го испратив коментарот.
Муабетот ми беше дека ова со двојниве тројниве и не знам какви државјанства не ја засилува граѓанската држава.
За мене е прифатлива е и опцијата за законски регулирано право на само едно државјанство, како во Австрија.
За Анонимниот филозоф
На прв поглед се чини дека зборувам дека од еднаквите има поеднакви.Но дали според тебе се еднакви лицето кое има само Македонско државјанство и лицето кое има Македонско и Австралиско државјанство? Јас мислам дека одговорот е НЕ. Овој со двојното државјанство е во поповолна состојба.Ако не му чини во Македонија ќе оди во Австралија. Ако сака да патува во светот не му требаат визи.
www.psiholog1.wordpress.com
Психолог, има нешто во тоа што го велиш, но принципот на еднаквост согласно концептот на човекови права не подразбира привилегии по ниту една основа. Па ниту по основа на поседување повеќе од едно државјанство.
Тоа со визите е наша болка, ама се нешто ни се криви другите, а испаѓа дека најголемиот проблем за тоа што ни воведуваат визи сепак лежи во нас.
Жарко
Случајот со визите е само пример. Еве уште еден подобар пример зошто треба да се укине или дестимулира двојното државјанство.
Љубчо Герогиевски и` нанесе невидена штета на Р.Македонија, си зеде бугарско државјанство и никому ништо.
Ако законски имаше право на само едно државјанство и тој го одбереше бугарското тогаш немаше да биде пратеник и потешко ќе го контролираше имотот во земјава кој во негово име го раководат други лица.
Или земи го за пример гласањето во дијаспората. На оние лица кои имаат само работни дозволи или дозволи за престој, но не и државјанства на земјите во кои живеат, мора да им се даде право на гласање во амбасадите. Тука пред се мислам на студенти и печалбари.Но дали треба да гласаат во амбасадите и оние лица кои одлучиле трајно да живеат надвор од Македонија? Се разбира дека и овие наши сограѓани кои се државјани на туѓи земји треба да имаат право на глас, но како и останатите жители-граѓани во Македонија. Кога ќе се избори ако сакаат можат да дојдат во Македонија и да гласаат.
Затоа мислам дека дискриминацијата по основ на број на државјанства е донекаде поблага варијанта од австрискиот модел на едно државјанство.
www.psiholog1.wordpress.com
Психолог, почитувам дел од твоите аргументи.
Фактот дека многумина аплицираа за бугарско државјанство е прилично симптоматичен.
Не знам колкава е бројката на оние што имаат и македонско и албанско државјанство.
Ако и Србија ни воведе визи (по нашето признавање на Косово) и почне да го применува истиот бугарски модел за доделување српски државјанства, тогаш и „србоманите“ ќе си извадат уште еден пасош.
Можеби и Грците да применат таква стратегија.
Во таква ситуација, може да испаднат малцинство оние што имаат само македонско државјанство.
Но, ваквата состојба е првенствено поради тоа што граѓаните имаат малку верба во сопствената држава, и поради тоа што кај нас е етнички и партиски „киднапиран“ патриотизмот.
Ова е сериозен проблем - меѓутоа, за него треба да се изнајде сериозно решение.
Авто-трекбек: Безвезните дропки за идентитети
дропки за деци-мали :)
еве што би рекол латас:
http://vecer.com.mk/?ItemID=26360CBFEE04654BAEAFEDC2C40D7E19
Објави коментар