1.Република Македонија не ги признава основните ЧОВЕКОВИ права.
(Во смешно насловената глава од Уставот - ОСНОВНИ СЛОБОДИ И ПРАВА НА ЧОВЕКОТ И ГРАЃАНИНОТ - „Граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата“, а не луѓето. Кога носители на правата се граѓаните, не може да стане збор за човекови права, туку за права на граѓаните.)
2. Република Македонија не ги заштитува ЧОВЕКОВИТЕ права.
(Според Уставот, „Секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност.“ Во услови кога само граѓаните можат да се повикаат на „заштита на слободите и правата утврдени со Уставот“ не може да стане збор за заштита на човековите права.“)
3. Република Македонија не им овозможува на сите луѓе да бидат запознаени со ЧОВЕКОВИТЕ права и основни слободи и да придонесуваат за нивно унапредување и заштита.
(Според Уставот, само „Граѓанинот има право да биде запознат со човековите права и основни слободи и активно да придонесува, поединечно или заедно со други за нивно унапредување и заштита.“ Државата не овозможува електронски пристап до сите ратификувани конвенции за заштита на човековите права.)
4. Република Македонија не овозможува заштита од ДИСКРИМИНАЦИЈА по било кој основ.
(Во Република Македонија, само граѓаните можат да побараат заштита од дискриминација пред Уставниот суд, и тоа само по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност. Во Република Македонија нема закон за анти-дискриминација. Државата не создава услови за заштита на правата на ранливите групи.)
5. Во Република Македонија не постои тело кое што ја оценува согласноста на законите и другите прописи со ратификуваните конвенции за човекови права.
(Нашиот Уставен суд се прогласува за ненадлежен во случај на такви иницијативи, па затоа кај нас е можно да се донесуваат закони и прописи кои се во директна колизија со ратификуваните конвенции за човекови права.)
6. Република Македонија нема институции за ефикасна заштита на човековите права.
(Институцијата „Народен правобранител“ е катастрофа - иако ретко кој ги почитува нејзините препораки, таа не ги користи сите законски можности за да собере докази, и да ги објави случаите на прекршување на човековите права. Судовите ниту се запознаени, ниту се тренирани да судат според основните конвенции за човекови права. Собраниската анкетна комисија е политички инструментализирана, и воопшто не се грижи за „остварувањето на ратифицираните меѓународни акти кои ја регулираат заштитата на слободите и правата на граѓанинот“ - практично, нема ни мандат да се занимава со човекови права.).
7. Државата систематски прекршува одредени човекови права - како што се правото на приватност, пресумцијата на невиност, слободата на вероисповедта...
(Државата прислушкуваше цели 15 години противуставно и противзаконски, полицијата многу често се јавува и во улога на тужител и во улога на судија, а државата, наместо да ги заштити лицата со поинаква православна и друга исповед, соучествуваше во нивниот прогон.)
8. Република Македонија нема институционални механизми за заштита на правото на слобода, за заштита од тортура, за заштита од полициско малтретирање.
(Парадоксално, во Република Македонија полицијата може присилно да те приведе на „информативен разговор“ (дури и кога не си осомничен) и притоа да те информира дека не си лишен од слобода!!! И никому ништо. Сите надлежни се „прават на Тошо“ кога во јавноста има тврдења за тортура или за произволно апсење. Наместо да поведува истраги во случај на било каков сомнеж за полициско малтретирање, полицијата ги малтретира и поднесува тужби против лицата кои приговараат за полициско пречекорување на надлежностите, а главна грижа на „внатрешната контрола“ е да утврди дека припадниците на МВР „работеле согласно законот“.)
9. Република Македонија не ги промовира и заштитува правата на жените како човекови права.
(Досега, ниту Уставниот суд, ниту Народниот правобранител не донел позитивна одлука со која се констатира дискриминација врз основа на пол. Уште посимптоматично е тоа што речиси и нема иницијативи за таков вид заштита, што е показател за потфрлањето на државата во промоцијата на човековите права на жените и постојните механизми за нивна заштита.)
10. Република Македонија нема ефикасна мрежа од НВО за промоција и заштита на човековите права.
(Расколот во невладиниот сектор е уште еден показател за нискиот степен на култура на човекови права во Република Македонија. Се додека никој организирано не ја притиска Владата да го промени Уставот и да изработи долгорочна стратегија и програма за промоција и развој на институциите за заштита на човековите права, човековите права нема да бидат политички приоритет.
За жал, ниту политичките партии (преку своите програми), ниту медиумите не го даваат потребниот придонес за развој на културата на човековите права.
Ете толку, и нека ни е честит 10 декември!
0 коментари:
Објави коментар